Каин како осамен скитник тревожно погледнува зад себе, плашејќи се за сопствениот живот.

Од што најмногу се плаши убиецот?

Сподели го ова:

Продолжуваме со проучувањето на четвртата глава од книгата Создавање. Денес ќе ги завршиме текстовите поврзани со Божјата пресуда врз Каин поради убиството на неговиот брат Авел:

„А Каин му рече на Господ: ’Казната моја е толку голема, што не може да се носи. Ете, денес ме истеруваш од плодната земја, и од лицето Твое ќе се кријам и ќе бидам прогонет и скитник по земјата: значи, секој што ќе ме сретне, може да ме убие.’ А Господ му рече: ’Тоа нема да се случи; зашто, кој ќе го убие Каина, седумпати ќе се казни!’ И му стави Господ знак на Каин, за да не го убие никој, кој ќе го сретне. И си отиде Каин од пред лицето на Господ, и се насели како прогонет во земјата Нод, источно од Едем“ (Создавање 4:13-16).

Како што може да се забележи, во македонскиот превод овој стих може да се прочита и како прашање и како изјава, бидејќи во старите библиски ракописи не се користеле прашалници и извичници како денес. Интонацијата најчесто се препознава од контекстот и од смислата на текстот.

По Божјата пресуда, Каин му одговара:

„Казната моја е толку голема, што не може да се носи.“

Во македонскиот превод овие зборови звучат повеќе како жалба отколку како вистинско покајание. Каин не се задржува на својот грев, туку на тежината на последиците што ги доживува. Наместо да жали за стореното зло, тој се жали дека казната е премногу тешка за него.

Но човекот што искрено се кае смирено го прифаќа сето она што Бог го допушта или го одредува, а не смета дека е неправедно казнет. Како пример за такво смирено прифаќање можат да се наведат зборовите на Давид:

„Добро ми е дека се мачев за да ги научам Твоите повелби“ (Псалм 119:71).

Од зборовите на Каин гледаме дека кај него нема каење. Тоа се вклопува со сведоштвото на Писмото дека неговите дела биле зли:

„Но не како Каин, кој беше од лукавиот и го уби брата си. А зошто го уби? Затоа што неговите дела беа лоши, а на неговиот брат — праведни“ (1 Јованово 3:12).

Понатаму Каин продолжува да Му зборува на Бога:

„Ете, денес ме истеруваш од плодната земја…“

Со овие зборови тој изразува дека ќе биде протеран од местото каде што живеел и работел, од својата средина и од просторот што за него значел дом. Тоа е тежок удар, да се биде истеран од татковината и од заедницата, и да се живее како прогонет.

Најпосебното место на земјата во тоа време бил Едем, каде што се наоѓала Едемската градина. Тоа било место што Писмото го издвојува уште од самиот почеток, пред падот во грев:

„И Господ Бог насади рајска градина на исток; и таму го насели човекот што го создаде“ (Создавање 2:8).

Таму било живеалиштето на првите луѓе; таму Бог им се откривал со Своето присуство. Кога луѓето беа истерани од рајската градина, тие не отидоа далеку, туку се населија веднаш до тоа место, бидејќи Божјото присуство и понатаму било поврзано со таа област. Таму стоеја ангели што го чуваа патот кон дрвото на животот. Тоа беше и праслика на Светињата над Светињите во светилиштето, каде што се откриваше славата на Бога и каде што стоеја двата херувими над поклопецот на ковчегот.

За ова веќе сме зборувале во една од темите кога ги разгледувавме предметите од светилиштето; кој сака, може да се запознае со тие теми на нашата веб страна.

Значи, Адам и Ева се населиле покрај градината Едем. Таму живееле, таму ја обработувале земјата и таму им се родиле деца, меѓу нив и Каин. За него тоа било неговата татковина, неговото „најсакано место“ на земјата. Впрочем, веројатно за секого е така: татковината е местото што човек најмногу го сака и со кое е најсилно поврзан. А според местото каде што е роден и средината во која пораснал, луѓето често го создаваат првиот впечаток за него.

„Ете, денес ме истеруваш од плодната земја…“

Со овие зборови Каин кажува дека ќе биде изгонет од местото каде што живеел и работел, од својот дом, од својата татковина и од средината во која бил опкружен со блиски луѓе. Ако Адам бил истеран од самата Едемска градина, Каин сега се протерува уште подалеку: од пошироката област околу градината, односно од местото каде што тогаш живееле луѓето.

Во ова прогонство има и духовна поука: грешникот се оддалечува од Бога и бега подалеку од Него. Адам и Ева згрешија и беа истерани од Едемската градина, од местото на непосредното Божјо присуство, но тие останаа близу до градината. Каин, пак, отиде понатаму во гревот: го уби својот брат и сега се истерува сè подалеку од местото на непосредното присуство на Бога.

Јарецот за отпуштање, кој го симболизира сатаната, на Јом Кипур исто така се одведуваше настрана, во пусто место, далеку од светилиштето, од местото на непосредното присуство на Бога:

„А козелот на кој паднала ждрепката за отпуштање, да го постави жив пред Господ, за да изврши над него обред за очистување и да го пушти во пустината за отпуштање… и козелот ќе ги понесе врз себе сите нивни беззаконија во непроодна земја; и да го пушти козелот во пустината“ (Левитска 16:10,22).

Бидејќи Каин во Писмото е наречен „од лукавиот“, може симболично да се каже дека со него се случило нешто слично на она што се случило со ѓаволот: како што ѓаволот бил исфрлен од небото, така и Каин бил протеран од Божјото присуство:

„И настана војна на небото: Михаил и неговите ангели војуваа против змевот, а змевот и неговите ангели војуваа против нив; но беа поразени, и за нив веќе не се најде место на небото. И беше исфрлен големиот змев старата змија, наречена ѓавол и сатана, која ја мами целата вселена, беше соборена на земјата, и заедно со неа и ангелите нејзини беа исфрлени“ (Откровение 12:7-9).

Паднатите ангели ја поделија судбината на оној по кого тргнаа, судбината на сатаната. Во илјадагодишното царство, кога Бог ќе ги земе спасените од земјата, сатаната, неговите ангели и сите луѓе што тргнале по него (иако мртви) ќе останат на пустата земја како прогонети. Така ќе се исполни симболиката на јарецот за отпуштање, протеран во пуста земја.

И така, Каин беше истеран „од лицето на земјата“, односно од земјата Едем, од својата татковина, од територијата што во тоа време беше населена, од своите роднини и блиски. Со други зборови, тој беше изолиран од општеството (кое сè уште не беше толку грешно како него), за доброто на тоа општество.

Потоа Каин продолжува да Му зборува на Бога:

„…и од лицето Твое ќе се кријам…“

Секако, од Бога човек не може вистински да се сокрие никаде – за тоа веќе зборувавме и во минатата тема и во други теми. Но во Писмото нееднаш се употребува ваков израз:

„А Јона стана за да избега во Тарсис од лицето Господово; слезе во Јафа, каде што најде брод што плови за Тарсис, па откако ја плати возарината, влезе во него за да избега во Тарсис од лицето Господово“ (Јона 1:3).

Јона беше испратен од Бога во Ниневија, бидејќи Бог го насочи Своето посебно внимание кон делата на жителите на тој град. Но Јона реши да тргне во спротивна насока од Ниневија, односно кон место на кое Бог во тој момент не обрнуваше посебно внимание, место каде што Бог нема да дејствува на ист начин.

Исто така, под поимот „лицето на Бога“ се подразбира местото каде што Бог непосредно го открива Своето присуство:

„Свештеникот му даде од осветениот леб, бидејќи немаше друг леб освен лебовите принесени на жртвеникот што беа земени пред лицето на Господ, та по симнувањето нивно да се стават топли лебови“ (1 Самоилова 21:6).

„И ги изнесе Мојсеј сите жезла од лицето Господово пред сите синови на Израел; и тие го видоа тоа и секој си го зеде својот жезол“ (Броеви 17:9).

Писмото ги повикува верниците да бидат близу до Бога и да живеат во Неговото присуство:

„Блажени се луѓето што го познаваат трубниот глас. Тие одат во светлината на Твоето лице, Господи“ (Псалм 89:15).

Ако човек грешел, ја губел Божјата посебна благонаклонетост и се оддалечувал од Божјото присуство:

„Не отфрлај ме од лицето Свое и Светиот Дух Твој не одземај Го од мене“ (Псалм 51:11).

Од сè што видовме произлегува следново: кога Каин вели дека ќе се скрие од лицето на Бога, тој мисли дека ќе биде оддалечен од Божјото посебно присуство и дека ќе остане без Божјата заштита и помош. Затоа се разбирливи и неговите следни зборови:

„…ќе бидам прогонет и скитник по земјата: значи, секој што ќе ме сретне, може да ме убие“

Веќе зборувавме дека под изразот „ќе бидам прогонет и скитник по земјата“ се подразбира дека Каин никаде нема да најде место каде што срцето ќе му се исполни со мир. Но него тоа најмалку го загрижуваше; многу повеќе го плашеше фактот дека, губејќи ја Божјата благонаклонетост и заштита, може да биде убиен од секого, како праведна одмазда за убиениот Авел. А бидејќи на земјата тогаш живееја само негови роднини, токму тие, како род, би можеле да се одмаздат за оној кого тој го уби.

Во Каин зборуваше она чувство на страв за сопствениот живот што се крие речиси кај сите убијци. На пример, убијците кои со леснотија убиваат невини и беззаштитени луѓе подоцна со солзи молат за помилување од властите, плашејќи се од смртта. Нема ништо ново под сонцето. Оние што стрелаа и што стрелаат стотици невини луѓе, самите многу се плашат за својот живот и се трудат внимателно да се чуваат.

Зошто? Затоа што инстинктивно разбираат дека се виновни и дека, според праведната Божја определба, треба да добијат возврат, „мера за мера“. Притоа знаат дека Бог, поради нивните дела, нема да ги штити; па затоа се тресат за својот ништожен живот.

Каин сфаќа дека, губејќи ја Божјата благонаклонетост и заштита, неговиот живот не вреди ништо и дека постојано е во опасност да го загуби. Затоа и Му вели на Бога дека казната му е неподнослива и, во суштина, бара милост: животот да му биде заштитен од можниот убиец.

И Бог, како одговор на зборовите на Каин, го вели следново:

„И му рече Господ: затоа на секого, кој ќе го убие Каина, ќе му се одмазди седумкратно…“ (Создавање 4:15).

Со ова Бог јасно покажува дека нема да дозволи Каин да биде убиен, бидејќи секој што би го сторил тоа ќе биде казнет „седумкратно“. Така се истакнува дека Бог не сака да го толерира насилството во иднина: случајот со Каин е исклучок (тој не е казнет веднаш со смрт), но оттука натаму се навестува построг однос кон убијците. Оваа заштита била дадена лично на Каин, како прв убиец и поучен пример, а не како правило за сите идни убијци.

Со други зборови, Бог навестува дека следните казни за убијците ќе бидат построги, дури и ако убиството би било извршено под изговор на воспоставување „правда“, како во овој случај: ако некој би го убил Каин за убиството на неговиот брат.

Во Писмото го наоѓаме овој принцип, каде што Бог повеќепати ја зголемува казната за непокорните седумкратно:

„Но ако не Ме послушате, и ако не ги исполните сите овие Мои заповеди; ако ги отфрлите Моите закони, ако ги изгазите Моите наредби и ако го нарушите Мојот Завет, не исполнувајќи ги сите Мои заповеди… Па ако не Ме послушате и покрај тоа, Јас ќе ве казнувам седумкратно за вашите гревови… Ако се противите уште и натаму, ако не сакате да Ме послушате седумкратно ќе ги зголемам врз вас раните за вашите гревови… Ако и тоа не ве поправи, па ако продолжите со живеењето што Ми се противи, тогаш и Јас ќе ви се спротивам вам и Самиот ќе ве удрам седумкратно за вашите гревови. Ќе доведам меч на вас, нека се искали со одмазда за Заветот. А кога ќе се соберете во вашите градови, ќе испратам помор на вас, и ќе бидете предадени во рацете на непријателот… Ако и после тоа не Ме послушате, туку Ми се спротивставувате и натаму, и Јас ќе ви се спротивставувам – ќе ве казнам седумкратно за вашите гревови. Ќе јадете месо од вашите синови, ќе јадете месо од вашите ќерки… Јас ќе ја претворам земјата во пепелиште, така што вашите непријатели кои ќе се населат во неа, ќе се вчудоневидат над неа. Вас ќе ве распрснам по народите; ќе извлечам меч од зад вас, така што вашата земја ќе биде претворена во пустина, а градовите во урнатини… ќе изгинете меѓу народите – ќе ве голтне земјата на вашите непријатели“ (Левитска 26:14-38).

Каин, како прв убиец, не беше убиен од Бога, за преку примерот на неговото помилување да се покаже како помилуваниот погрешно го користи простувањето од Бога и, наместо да се покае, сè повеќе деградира. Овој јасен пример со простувањето на првиот убиец беше важен за правилно разбирање на Потопот што ќе се случи подоцна, кога Бог ги истреби грешниците. Исто така, овој увид во последиците од простувањето на убиецот подоцна помогна да се разбере суровоста на Божјата казна за оние што извршиле убиство:

„А за вашата крв, во која е вашиот живот, ќе барам сметка; од секој ѕвер ќе ја барам; ќе ја барам, исто така, душата човечка од раката на човек, од раката на братот негов; кој ќе пролее човечка крв, и неговата крв ќе се пролее од човечка рака; зашто човекот е создаден според образот Божји“ (Создавање 9:5,6).

„Кој ќе убие човек, да биде умртвен“ (Левитска 24:17).

Овие казни се однесуваат на земната, историска правда, а не на конечната Божја пресуда, која ќе се изврши дури по истекот на времето на милоста.

Затоа не можеме да сметаме дека Бог ќе ги помилува сите убијци по Каин исто како него – не. Ќе повторам, и ова е многу важно да се разбере: Каин беше помилуван како прв убиец, како пример до што води помилувањето на убиецот.

Ако е така, тогаш следните убијци мора да бидат казнувани построго од Каин; затоа и е речено дека секој што ќе го убие Каин ќе биде казнет седумкратно.

Но и покрај строгоста на таа казна, тоа само по себе не би било гаранција за Каин дека некој, од одмазда за Авел, веднаш нема да го убие. Од самиот контекст се гледа дека Бог на стравот на Каин за сопствениот живот не му одговара со нешто од типот: „Не грижи се; и ако те убие некој, тој ќе биде казнет седум пати посилно од тебе.“

Не мислам дека таквите зборови би можеле да бидат утеха или гаранција за безбедност за Каин. Дотолку повеќе што, ако стравот од Божјата казна ги запираше луѓето на нивниот пат, тогаш немаше ни да дојде до падот во грев, бидејќи Бог рече:

„освен од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш“ (Создавање 2:17).

Сепак, стравот од Божјата казна не ги спречи луѓето. Тие згрешија и не ја послушаа Неговата заповед. Кога го читаме Писмото, гледаме дека колку и да им зборуваше Бог дека за нивните дела ќе следува казна, тие не се одвраќаа од своите патишта:

„Но тоа дојде, затоа што Израеловите синови почнаа да грешат пред Господ, својот Бог… и почнаа да почитуваат други богови, и да постапуваат според обичаите на народите, кои Господ ги беше избркал пред лицето на Израеловите синови… А почнаа Израеловите синови да прават лоши работи пред Господ, својот Бог, си подигнаа идолски светилишта по сите свои населби… и си поставија идоли и светилишта на секој повисок рид и под секое зелено дрво, и кадеа таму по сите идолски светилишта, како народите што ги беше избркал од нив Господ, и правеа лоши работи што Го разгневуваа Господа,и им служеа на идолите, за кои им беше говорел Господ: ’Не правете го тоа!’ Тогаш Господ преку сите Свои пророци, преку секој гледач го опоменуваше Израел и Јуда, велејќи: ’Вратете се од лошите патишта и пазете ги заповедите Мои, наредбите Мои, целиот закон што сум им го наложил на татковците ваши, и што сум ви го предал преку слугите Мои, пророците.’ Но тие не послушаа и останаа тврдоглави, какви што беа и нивните татковци, кои не веруваа во Господ, својот Бог“ (2 Царевите 17:7-14).

Во предупредувањето до Израел Бог јасно кажуваше дека за отстапувањето ќе следуваат казни, и тоа не еднаш, туку „седумкратно“. Ние за тоа веќе читавме, и од самиот текст се гледа дека „седум“ се повторува и се умножува: седум, па уште еднаш седум, па пак седум… Но и покрај тоа, тие не престанаа да отстапуваат.

И денес Бог ги предупредува луѓето дека ќе бидат истребени за своите гревови во денот на Второто доаѓање. И што: дали тоа ги запира луѓето да грешат? Не. Такво нешто не се гледа; напротив, злото сè повеќе цвета.

Затоа, да му се даваат на Каин „гаранции“ дека никој нема да го убие само затоа што ќе се плаши од седумкратна Божја казна – тоа би биле бесмислени гаранции. Во таков случај, сè би зависело не од Господовата власт, туку од човековиот избор: дали некој ќе посака да го убие Каин или не, и дали ќе се исплаши од Божјата казна или не. Впрочем, ни самиот Каин, кога го уби Авел, не се исплаши доволно од Божјата казна.

Наместо тоа, начинот на кој е преведен овој стих ни пренесува поинаква нијанса за она што Бог му го ветил на Каин, друга страна на истата вистина. Имено: какви гаранции Бог му дал на Каин, по милост, во однос на зачувувањето на неговиот живот и неговата безбедност, а истовремено што рекол Бог во однос на триумфот на правдата. Зашто убиството на братот не можеше да остане сосема неказнето, бидејќи неказнивоста е најсилниот катализатор за развој и ширење на злото.

Покрај тоа, зборовите што Бог му ги кажал на Каин, според начинот на кој е преведен стихот, ни даваат и поширока, речиси „глобална“ илустрација за судбината на потомците на Каин и на оние што се водени од неговиот дух, како чеда на ѓаволот.

Ајде уште еднаш да прочитаме што му рекол Бог на Каин како одговор на неговиот страв за сопствениот живот:

„А Господ му рече: ’Тоа нема да се случи; зашто, кој ќе го убие Каина, седумпати ќе се казни!’“

Оваа реченица е кратка и едноставна, но во неа е содржана важна мисла. Бог му дава заштита на Каин и не дозволува луѓето да ја земат „правдата“ во свои раце. Истовремено, Бог предупредува дека секој што би се осмелил да го убие Каин ќе сноси тешка одговорност.

Понатаму, во продолжението од главата се појавува уште еден значаен текст, поврзан со „седум“, кој ни помага да ја согледаме тежината на ова предупредување. Подоцна ќе ги разгледаме тие стихови подетално, а засега ќе кажам накратко: во седмото поколение по Адам се појавува Ламех, потомок од линијата на Каин, и тој изговара зборови што директно го спомнуваат Каин:

„И им рече Ламех на жените свои, Ада и Цила: ’Чујте го гласот мој, жени Ламехови; послушајте ги зборовите мои: убив човек поради рана… Ако за Каин треба да се одмазди седумпати, за Ламех ќе се одмазди седумдесет и седумпати!’“ (Создавање 4:23,24).

Тука Ламех признава дека убил човек и притоа го спомнува Каин и „седумкратната“ одмазда, односно казна. Тоа не е случајно: мотивот „седум“ повторно се појавува во контекст на насилството и на неговите последици. Затоа Ламех и вели дека ако за Каин се спомнува „седум“, тогаш за него, Ламех, ќе биде „седумдесет и седумпати“.

Со овие зборови Ламех покажува дека Божјата милост кон Каин не ја сфатил како повик на покајание, туку како оправдување за уште поголемо насилство. Наместо страв од Бога и признавање на вината, кај него гледаме самоувереност и гордост поради убиството. Така, во потомството на Каин гревот не се намалува, туку се умножува.

Но ова засега е само вовед во темата. Подоцна, кога ќе дојдеме до овие стихови во нашите истражувања, ќе ги разгледаме подетално. Засега ни е важно да разбереме дека Божјата милост не значи одобрување на злото: Бог го запира човечкото одмаздување, но истовремено покажува дека злото нема да остане без последици.

И во тоа на сите им е дадена универзална лекција што се однесува на целото човештво: Божјата благодат кон грешниците не е бесконечна; таа има свои рамки, по што ќе настапи праведната отплата. Затоа бројот „седум“ во Писмото често има поучно значење, како навестување дека Божјата трпеливост има граница и дека на крајот ќе има суд.

Зашто по завршувањето на шесте илјади години од постоењето на Земјата и човештвото, во седмото илјадалетие, поточно, на крајот на седмото илјадалетие, кое во Писмото е наречено „Илјадагодишно царство“, ќе се случи праведниот Божји суд. На него ќе им биде изречена пресуда на сите непокајани грешници, вклучително и на сатаната и неговите ангели, и тие, според Божјата правда, ќе бидат засекогаш уништени:

„И видов голем бел престол и Седнатиот на него, од Чие лице побегнаа земјата и небото, и за нив место не се најде. Потоа ги видов мртвите, мали и големи, како стојат пред Бога; се отворија книги, и друга книга се отвори – книгата на животот; и судени беа мртвите според запишаното во книгите, според делата нивни. Морето ги поврати мртвите свои, кои беа во него; смртта и пеколот ги повратија мртвите свои, што беа во нив; и секој прими суд според делата свои. А смртта и пеколот беа фрлени во Огненото Езеро. Тоа е втората смрт. И кој не беше запишан во книгата на животот, беше фрлен во Огненото Езеро“ (Откровение 20:11-15).

„Тие излегоа по ширината земна и го заобиколија живеалиштето на светиите и возљубениот град; падна од Бога оган небесен и ги проголта. А ѓаволот, што ги лажеше,  бидат мачени дење и ноќе во векови“ (Откровение 20:9,10).

Затоа, во начинот на кој Бог постапи со Каин, првиот убиец, оној кого Писмото го нарекува чедо на ѓаволот, се крие парабола и лекција за она што ги очекува сите чеда на ѓаволот. Нив ги очекува Божјата милост во текот на седум илјади години, вклучувајќи го тука и Илјадагодишното царство; односно тие, сите чеда на ѓаволот, вклучително и самиот ѓавол и неговите ангели, нема да бидат уништени од Бога, туку ќе продолжат да ги вршат своите дела.

Но по завршувањето на тие седум илјади години ќе истече времето на милоста и благодатта за нив и тие, според Божјата правда, ќе бидат уништени.

Интересно е што стихот што го проучуваме на ова укажува двапати, имајќи го предвид не само Каин, туку и оној што би го убил. Погледнете го уште еднаш внимателно текстот:

„А Господ му рече: ’Тоа нема да се случи; зашто, кој ќе го убие Каина, седумпати ќе се казни!’“

И на оној што ќе го убие Каин, во седмото илјадалетие ќе му се одмазди, односно ќе го стигне праведната отплата.

Секогаш сум се восхитувал на Божјата умешност да каже толку многу со толку малку зборови. Ние, луѓето, понекогаш зборуваме без престан, а сепак, за празни работи. Дури и кога зборуваме многу, кажуваме малку важно; а Бог, кога зборува, сè е суштинско. Затоа и со малку зборови Тој кажува толку многу.

Не залудно во Писмото е речено:

„Еднаш Бог рече, а двапати јас го чув…“ (Псалм 62:11).

Стихот што го проучуваме е јасна потврда за кажаното: во една реченица, двапати, од различни страни, се открива една иста вистина. Колку е голем Бог! Ние секогаш имаме што да научиме од Него, а особено ова: да не множиме зборови и да не зборуваме напразно, зашто во Писмото е речено:

„При многу зборување не се избегнува гревот, а разумен ќе бидеш ако ја воздржуваш устата своја“ (Изреки 10:19).

„Не брзај со јазикот свој, и срцето твое да не брза да изговара зборови пред Господ; зашто Бог е на небото, а ти на земјата; затоа зборовите твои да не бидат многу“ (Проповедник 5:2).

Ако зборуваме, нека нашите зборови бидат суштински и полезни:

„Никаков гнасен збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за надградување каде што треба, за да им даде благодат на оние што слушаат“ (Ефесјаните 4:29).

Продолжуваме понатаму со проучување на текстот:

„И му стави Господ знак на Каин, за да не го убие никој, кој ќе го сретне…“

Кога само би знаеле колку мислења постојат за знакот што Бог му го ставил на Каин! Еве неколку толкувања што го разбираат тој знак како нешто физичко или духовно:

     

      1. Тоа биле рогови, односно рог на неговата глава.

      1. Бог ја променил бојата на неговата кожа во црна.

      1. Тоа била лузна на лицето или некаков знак сличен на тетоважа.

      1. Тоа бил посебен израз на лицето, својствен за човекоубиец.

      1. Бог на челото на Каин запишал една од буквите на Своето име, и тоа му било заштита.

      1. Тоа било некое обележје што го уверило Каин дека нема да биде убиен.

      1. Бог му дал на Каин внатрешна сигурност дека нема да биде убиен.

      1. Знак била заканата на Бог дека ќе се одмазди седумкратно на секој што ќе го убие Каин.

      1. Знак било ветувањето на Бог дека Каин нема да биде убиен.

    Што е вистината? Најнапред да забележиме што вели самиот библиски текст: Бог му ставил „знак“ на Каин, за да не го убие никој што ќе го сретне. Самиот израз „знак“ може да означува обележје или укажување, нешто што служи како потврда и предупредување, и затоа не мора да се сфати само како нешто видливо на телото.

    Важно е да се забележи дека Писмото никаде не кажува дека тоа бил знак на телото на Каин. Дотолку повеќе што, кога во Писмото се зборува за „знаци“ што Бог или темната сила ги „ставаат“ на луѓето, на пример, Божјиот печат и белегот (жигот) на ѕверот, тогаш станува збор за духовни реалности: за припадност, верност и послушност, или кон Бог или кон ѓаволот, а не нужно за буквални, физички ознаки на челото или на раката.

    Христос рекол за Себе:

    „Работете не за храна што се расипува, туку за храна што останува за вечен живот и која ќе ви ја даде Синот Човечки, зашто врз Него ставил печат Бог Отецот“ (Јован 6:27).

    Истовремено, никој не спомнува ниту опишува некаков видлив, надворешен печат што Бог го ставил врз Христос. Напротив, пророштвата за Него велат дека Тој по ништо надворешно не се издвојувал меѓу луѓето. Затоа и барале од Него знак, бидејќи во Него не го препознале Месијата:

    „…нема во Него ни убавина, ниту величие; ние Го видовме, и во Него немаше изглед, што ќе нè привлекува кон Него“ (Исаија 53:2).

    „Тогаш некои од книжниците и фарисеите одговорија и рекоа: „Учителе, сакаме да видиме знак од Тебе“ (Матеј 12:38).

    „Всушност жителите ерусалимски и нивните началници, бидејќи не Го препознаа, ги потврдија пророчките зборови, што се читаат секоја сабота, со тоа што Го осудија. И така, иако не најдоа никаква вина за осуда на смрт, побараа од Пилат да Го убие“ (Дела 13:27,28).

    За Христовите следбеници е речено дека се запечатени, односно дека носат печат врз себе; но тој печат е духовен, а не физички:

    „Во Него и вие, откако го слушнавте словото на вистината – Евангелието за вашето спасение, и откако поверувавте во Него, станавте запечатени преку ветениот Свети Дух“ (Ефесјаните 1:13).

    „И не оскрбувајте Го Светиот Дух Божји со Кој сте запечатени за денот на откупувањето“ (Ефесјаните 4:30).

    Многу е жално што многу верници сè уште не ја разбрале духовната суштина на Писмото и на сè гледаат низ физичкото. Тие полесно ќе поверуваат дека ќе им биде ставена видлива ознака на челото или на раката, како што ветеринарите им ставаат маркици на ушите на животните, отколку да разберат дека станува збор за разумот и за делата, односно за припадноста на човекот кон Бог или кон ѓаволот.

    Ние не сме добиток што Бог или ѓаволот ќе го обележуваат со видливи маркици; ние сме луѓе и од животните се разликуваме токму по разумот и по духовноста. Затоа и борбата меѓу Бог и ѓаволот се води токму за тоа: за разумот и за духовната насоченост на човекот; а тоа се духовни, а не телесни работи.

    И оној што не го разбира тоа, туку чека некакви физички знаци врз себе, било од Бог, било од ѓаволот, тој, за жал, веќе е измамен и се наоѓа на патот да го прими белегот (жигот) на ѕверот.

    Целата суштина е во верноста и во послушноста; со тоа е обележан Божјиот народ. И тој Божји печат јасно се открива во следните зборови на Писмото, со кои е опишан Божјиот народ непосредно пред Христовото доаѓање, народот кој не го примил белегот (жигот) на ѕверот:

    „Тука е трпението на светиите; тука се оние што ги пазат заповедите Божји и верата во Исус… И видов: ете, светол облак, и на облакот седеше сличен на Синот Човечки; на главата Своја Тој имаше златен венец, а во раката — остар срп“ (Откровение 14:12,14).

    Токму така: запечатени со верност и послушност кон Бог, овие луѓе ќе се спасат и ќе влезат во Небесниот Ерусалим:

    „Блажени се оние што ги исполнуваат заповедите Негови, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите“ (Откровение 22:14).

    Оние што го примиле белегот (жигот) на ѕверот нема да бидат запечатени со Божјиот печат на верност и послушност кон Неговиот закон; затоа ќе се најдат надвор од Ерусалим:

    „А надвор се кучињата, вражачите, блудниците, убијците, идолопоклониците и секој што сака да лаже и лаже“ (Откровение 22:15).

    Затоа, додека не е доцна, треба да собираме „масло“ во светилниците, односно да ја стекнуваме Божјата вистина, да имаме заедница со Бога преку Христос и да бидеме водени од Духот на светоста. Тогаш ќе бидеме запечатени од Бога како Негови деца; во спротивно, покажувајќи неверност, ќе бидеме запечатени од сатаната, бидејќи сатаната е противник на Бога, оној што оди против Бога и против Неговите барања.

    И така, најверојатно е дека Бог му дал на Каин некакво обележје што го уверувало, односно му покажувало, дека до седмото поколение никој нема да го убие. А самиот Бог, Кој му го дал на Каин тоа обележје, ја презел врз Себе одговорноста за исполнување на тие зборови.

    И последниот од стиховите што ги проучуваме денес:

    „…И си отиде Каин од пред лицето на Господ, и се насели како прогонет во земјата Нод, источно од Едем.“

    Местото каде што отиде Каин, бегајќи од лицето на Бога, од Неговото посебно присуство, од своите роднини и од својата татковина, почнало да се нарекува erec-nod, односно „земја на прогонство“.

    Природно, тоа се крајни мерки, слични на оние кога Адам и Ева, поради својот грев, беа протерани од градината и истерани источно од неа:

    „Откако, пак, го изгони Адам, постави на исток пред градината Едем херувим и огнен меч, кој се вртеше и натаму и наваму, за да го пазат патот кон дрвото на животот“ (Создавање 3:24).

    Таму каде што луѓето беа протерани, каде што се најдоа по прогонството и од каде што, во принцип, можеа да се вратат, беа поставени херувими како чувари. Односно, по гревот Бог ги протера луѓето од Своето лице, од местото на Своето непосредно присуство, кон исток, за да ја сфатат својата вина и да се поправат.

    Каин потона уште подлабоко во гревот, па затоа беше протеран и од тоа место каде што живееја луѓето протерани од рајот, уште подалеку од лицето на Бога, и повторно кон исток.

    Што е ова: случајност или замисла? Кај Бог нема случајности.

    Човекот што згрешил ги раскинал своите односи со светиот Бог и веќе не може непосредно да општи со Него. Според Божјата замисла, заедницата може повторно да се воспостави само преку Божјото Јагне, односно преку Месијата, Божјиот Син, Исус:

    „…во книгата на животот на Јагнето заклано, од создавањето на светот“ (Откровение 13:8).

    „Знаејќи дека со пропадливо сребро или злато не сте искупени од суетниот живот, кој ви се предаде од татковците ваши, туку со скапоцената крв на непорочното и чисто Јагне – Христос, Кој беше предназначен уште пред создавањето на светот…“ (1 Петрово 1:18-20).

    „И ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни“ (Јован 8:36).

    „Исус му рече: ’Јас сум Патот, Вистината и Животот; никој не доаѓа кај Отецот, освен преку Мене’“ (Јован 14:6).

    „Сè ми е предадено од Мојот Отец… ниту Отецот Го познава некој освен Синот, и кому што сака Синот да Го открие“ (Матеј 11:27).

    Единствениот пат кон Бог, помирувањето на грешникот со Бога и обновувањето на раскинатите односи, води преку Христос.

    „А сè е од Бога, Кој нè измири со Себе преку Христос и ни го даде служењето на тоа измирување. Зашто Бог го измири светот со Себе преку Христос, не земајќи ги предвид престапите на луѓето, и го положи во нас словото на измирување“ (2 Коринтјаните 5:18,19).

    А во Писмото, ако може така да се изразиме, „местото“ од каде што доаѓа Христос е истокот. За тоа се зборува и кога Тој се роди како Спасител и кога ќе дојде по вторпат за да ги земе спасените:

    „Каде е новородениот Јудејски Цар? Ја видовме Неговата ѕвезда на исток, па дојдовме да Му се поклониме“ (Матеј 2:2).

    „Зашто, како што молњата излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде доаѓањето на Синот Човечки“ (Матеј 24:27).

    Затоа истокот духовно го означува „местото“ од кое доаѓа Месијата. Односно, Бог, протерувајќи ги луѓето кон исток, ги водел кон сознанието дека не можат да се вратат кај Него директно, туку само преку „истокот“, односно преку спасението што доаѓа преку Месијата. Друг пат нема. И колку човекот е погрешен, толку повеќе има потреба од Спасител; затоа, условно кажано, тој мора да оди „понатаму на исток“.

    Оние што не сакаат да одат на исток, односно не го признаваат патот на спасението преку Христос и сакаат веднаш да одат „на запад“ кај Бог, никогаш нема да стигнат до Бога. Таму стојат ангели-чувари и нема да пуштат ниту еден човек.

    До Бога може да се дојде само преку „истокот“, односно само преку заслугите на Месијата и преку врската со Него – таква е Божјата волја:

    „Исус му рече: ’Јас сум Патот, Вистината и Животот; никој не доаѓа кај Отецот, освен преку Мене’“ (Јован 14:6).

    „А сведоштвото е тоа дека Бог ни дарувал живот вечен; и тој живот е во Неговиот Син. Кој Го има Синот Божји, тој го има и тој живот; кој го нема Синот Божји, го нема тој живот“ (1 Јованово 5:11,12).

    „Зашто, платата, што ја дава гревот, е смрт, а подарокот од Бога е живот вечен во Христос Исус, нашиот Господ“ (Римјаните 6:23).

    „Кој верува во Синот, има вечен живот; а кој не верува во Синот, нема да види живот, но гневот Божји ќе биде врз него“ (Јован 3:36).

    Затоа да не бараме други патишта за спасение, колку и да изгледаат привлечни, туку да го следиме единствениот пат што ни е даден од Бога, скалата кон небото, Неговиот Син:

    „Зашто вие умревте, и вашиот живот е сокриен со Христос во Бога. А кога ќе се јави Христос, вашиот живот, тогаш и вие ќе се јавите со Него во слава“ (Колосјаните 3:3,4).

    Каин не сакаше да го прифати тоа. Наместо да го бара Спасителот и да се покае, тој изгради град на местото на своето прогонство. Со тоа покажа дека не се стреми ниту кон Бог ниту кон вечноста, туку дека е подготвен засекогаш, до самата смрт, да живее во гревовите на оваа грешна земја. Таков беше неговиот избор, и таков беше изборот и на неговите потомци, Каинитите.

    И така, што научивме денес?

       

        1. Откако го изврши убиството на својот брат, Каин не покажал вистинско покајание пред Бога; не залудно е речено дека тој е од лукавиот, бидејќи и ѓаволот исто така не се покаја.

        1. Во прогонството на Каин е прикажан симбол на судбината на сите грешници – дека гревот и светоста се неспоиви.

        1. Убиецот најмногу стравува за својот живот, и тоа е парадокс: тој кај себе го цени она што со леснотија им го одзема на другите.

        1. Во казната на Каин Бог преку навестување ја покажал судбината на сите непокајани грешници.

        1. Знакот на Каин бил обележје што го уверувало убиецот дека Бог му дава гаранција за Својата милост и заштита, но до седмото поколение; потоа следува праведна казна.

        1. Спасените ќе имаат духовен знак на припадност кон Бога, и тој знак ќе биде нивната верност кон Бога во следењето на Христос и во послушноста кон Божјиот закон.

        1. Со протерувањето на грешникот кон исток Бог укажувал на единствениот пат за враќање кон Него, патот преку Месијата; друг едноставно нема!

      Сподели го ова:

      Поврзани статии