Нашето истражување на петтата глава од Создавање, во која е дадено родословието на Адам преку Сит, продолжува.
Во продолжение ќе бидат наведени два преводи на текстот од Создавање 5:18-27: преводот на Стандардната Библија од 2006 година и преводот на Константинов.
Во ова истражување ќе го користиме преводот од 2006 година, затоа што во него се користат имињата на кои веќе сме навикнати во претходните теми, како што е името Метушелах. Во преводот на Константинов истото име е предадено како Матусал, а можно е и други имиња да се разликуваат.
Сепак, во преводот од 2006 година, во Создавање 5:25, се забележува грешка во годините. Затоа на тоа место годината ќе ја усогласиме со преводот на Константинов, каде што тие се согласуваат со внатрешната хронологија на библискиот текст.
Во Создавање 5:25, наместо „сто осумдесет и осум години“, ќе стои „сто осумдесет и седум години“, бидејќи 187 + 782 = 969.
„Јаред, пак, поживеа сто шеесет и две години и го роди Енох; а откако го роди Енох, Јаред живееше уште осумстотини години, раѓајќи синови и ќерки. Сите денови, пак, од животот на Јаред изнесуваа деветстотини шеесет и две години; и умре. Енох, откако поживеа шеесет и пет години, го роди Метушелах; а по раѓањето на Метушелах, Енох живееше според волјата Божја триста години, раѓајќи синови и ќерки. А сите денови на Енох изнесуваа триста шеесет и пет години. И Енох, живеејќи според волјата Божја, исчезна, бидејќи Бог го зеде. Матусал, пак, поживеа сто осумдесет и осум години, и го роди Ламех; па, откако го роди Ламех, Метушелах живееше уште седумстотини осумдесет и две години, раѓајќи синови и ќерки; а сите денови од животот на Метушелах беа деветстотини шеесет и девет години; потоа умре“ (Создавање 5:18-27; Стандардна Библија 2006).
„Кога Јаред имаше сто и шеесет и две години, му се роди Енох. По Еноховото раѓање Јаред живееше осум стотини години, па му се родија уште синови и ќерки. Јаред живееше вкупно девет стотини шеесет и две години. Потоа умре.
Кога на Енох му беа шеесет и пет години, му се роди Матусал. Енох одеше со Бога. По Матусаловото раѓање Енох живееше триста години, и му се родија уште синови и ќерки. Енох поживеа вкупно триста шеесет и пет години. Енох одеше со Бога, потоа исчезна; Бог го зеде. Кога Матусал имаше сто осумдесет и седум години, му се роди Ламех. По Ламеховото раѓање Матусал живееше седум стотини осумдесет и две години, па му се раѓаа уште синови и ќерки. Матусал поживеа вкупно девет стотини шеесет и девет години. И умре“ (Создавање 5:18-27; превод Константинов 1999).
Јаред. Во претходната тема споменав дека името Јаред, кое Махалалеил му го дал на својот син, потсетува на името Ирад од лозата на Каин и може да се поврзе со значењето „слегување“, „спуштање надолу“. Веќе самото тоа што кај праведната лоза се појавува име што потсетува на каинитската лоза може да укажува на духовно ослабување. Ова не е безначаен детал, туку можен показател за внатрешна промена.
Забележете: безбожниците не ги принудуваат праведниците така да постапуваат; напротив, самите праведници, малку по малку, почнуваат да се приближуваат кон нивниот начин на размислување. Оттука се поставува важното прашање: што била причината за духовното опаѓање на лозата на Сит во тоа време?
Значи, името на овој потомок на Сит може да укажува на некакво „спуштање надолу“. Ако се сеќавате, повеќепати сме зборувале дека духовниот свет е тесно поврзан со физичкиот и дека духовното е примарно, а физичкото секундарно. Тоа значи дека, ако дојде до пад во духот на човекот или на едно поколение, тоа неизбежно ќе се покаже и во физичкиот свет, односно во нивните постапки.
Поколението на Јаред, петто по Адам преку Сит, живеело во исто време со поколението на Ламех од каинитската лоза. Од Писмото знаеме дека Каин и неговите потомци се населиле во земјата Нод и почнале да градат градови на места погодни за таков начин на живот. Потомците на Адам преку Сит, пак, воделе поинаков начин на живот, не се врзувале за овој свет, туку живееле како гости и дојденци на земјата, како што подоцна е кажано за Авраам, Исак и Јаков:
„Сите тие… признаваа дека се гости и придојдени. Бидејќи оние што така зборуваат покажуваат дека бараат татковина… тие сакаа подобра, односно небесна татковина…“ (Евреите 11:13-16).
Очекувајќи ја небесната татковина, сититите живееле одвоено од потомците на Каин и престојувале на височини, како симбол на стремежот кон Бога и кон духовните височини. И Мојсеј и Христос често се искачувале на планина за да разговараат со Бога:
„Мојсеј се искачи кон Господа. Господ го повика од планината…“ (Излез 19:3).
„Тие денови се искачи на една гора за да се помоли, и ја помина целата ноќ во молитва кон Бога“ (Лука 6:12).
„На осум дена по овие зборови, ги зеде со Себе Петар, Јован и Јаков, и се искачи на гората да се помоли “ (Лука 9:28).
За разлика од сититите, каинитите, како што рековме претходно, живееле во ниските долини. Оваа физичка положба, сититите горе, а каинитите долу, јасно ја одразувала нивната духовна состојба: кај сититите таа била возвишена, додека кај каинитите недостасувал стремеж кон духовното. Но таквата поделба, и по дух и по начин на живот, не траела долго.
Слично нешто гледаме и кај Дина, ќерката на Јаков, за која е кажано:
„Дина, ќерката на Лија, која му ја роди на Јаков, излезе за да ги види девојките во тој крај“ (Создавање 34:1).
Знаеме како завршила нејзината желба да го види животот на луѓето од тој крај. Слично како што Ева влегла во опасен разговор со змијата, така и љубопитното приближување кон злото често завршува со пад. Апостол Павле ги предупредува сите верници за опасноста од таквото зближување:
„Не лажете се: ‘Лошите зборови ги расипуваат добрите обичаи’“ (1 Коринтјаните 15:33).
Затоа, иако треба да им проповедаме на луѓето што гинат во грев и не треба да избегнуваме секое општење со грешниците, важно е да разбереме дека во тоа мора да има претпазливост и јасна свест за целта на таквото општење, да се помогне грешникот да се одвои од гревот. Ако таа цел се изгуби, лесно може да дојде до духовно заразување и пад.
За жал, сититите силно посакале, слично на Дина, ќерката на Јаков, да го видат животот на каинитите, а за тоа требало да се спуштат кај нив. Тие го направиле тоа, и тоа довело до духовна катастрофа за сититите:
„тогаш синовите Божји видоа дека ќерките човечки се убави и ги земаа, кои ги сакаа, за жени“ (Создавање 6:2).
Ова е многу значаен момент. Повторно обрнете внимание дека падот на Божјите деца не се случува затоа што безбожниците ги принудиле на тоа. Оној што не сака да згреши не може лесно да биде вовлечен во грев. А оној што во себе веќе го посакува гревот, не треба ни да биде принудуван, бидејќи неговата желба ќе биде посилна од секое надворешно присилување.
Затоа, сеќавајќи се дека Христос ги спореди последните денови од земната историја со времето пред Потопот, кога се случило отстапување на праведниците од вистината и нивно мешање со безбожниците, не треба да мислимe дека безбожниците најпрво ќе нè мачат и ќе нè принудуваат да се одречеме од вистината. Тоа ќе биде последното средство што ќе го применат. Многумина самите ќе ја напуштат вистината и, заедно со безбожниците, ќе почнат да ги мачат своите поранешни браќа.
Значи, што се случило? Сакајќи да го видат животот на каинитите, сититите се спуштиле од планините во долините. Како што разбирате, нивната желба да го видат животот на безбожниците станала причина за нивниот пад, духовно опаѓање, кое се покажало и во физичкиот свет преку нивното спуштање од планините надолу. Се спуштиле, но во најголем дел не можеле да се вратат назад, зашто од планина е многу полесно да се слезе отколку повторно да се искачи.
Но забележете: во сите времиња, кога темнината станува сè поголема и се чини дека ѓаволот победил, Бог пали светла ѕвезда преку која им ја дава светлината на вистината на оние што се во темнина. Така било порано, така ќе биде и во последните денови од земната историја.
„Разумните ќе сјаат како светила на небото, и оние што мнозина повратиле кон правда – како ѕвездите, во веки, засекогаш“ (Даниел 12:3).
И ете, таква ѕвезда за тоа време станал првородениот син на Јаред. Тој му го дал истото име што безбожниот Каин му го дал на својот првенец, Енох. Тоа е уште еден можен показател за духовната деградација на потомците на Сит:
„Јаред, пак, поживеа сто шеесет и две години и го роди Енох“.
Да се потсетиме на етимологијата на името Енох. Тоа може да се поврзе со зборови како „хинух“, „ханах“ и „механех“, кои носат значења поврзани со воспитување, поучување, посветување, обучување, развивање и насочување. Како што разбирате, ова значење може да се разбере и во позитивна и во негативна смисла – сè зависи од тоа кој го применува и во каков дух: Божјо дете или дете на ѓаволот.
Нарекувајќи го така својот првенец, Каин во ова име ја изразил насоката на развој, и на самиот себе и на целиот свој род. Тој посакал да оди по патот на самоусовршување. А што е лошо во тоа? Ништо, ако тоа самоусовршување е поврзано со познавање на Бога. Кога човек Го познава Бога и Неговата бесконечна мудрост, тогаш преку тоа правилно се развива. Таквиот пат е нормален и е потврден од Писмото:
„Надевај се на Господ од сè срце и не се потпирај врз твојот разум. По сите свои патишта размислувај за Него, и Тој ќе ти ги покаже твоите патеки“ (Изреки 3:5,6).
Кај Каин имало самоусовршување без Бога, со целосно исклучување на Бога и Неговите начела од животот. Затоа и името на неговиот првенец укажувало на безбожен пат на самоусовршување и самопрославување.
Но Енох од лозата на Сит бил сосема поинаков човек. Тој избрал пат на одење пред Бога, иако, треба да се признае, не веднаш. Можно е врз него да се одразило општото духовно опаѓање на сититите во тоа време, за што штотуку зборувавме:
„… Енох, откако поживеа шеесет и пет години, го роди Метушелах; а по раѓањето на Метушелах, Енох живееше според волјата Божја триста години…“
Тоа значи дека името Енох, поврзано со воспитување, поучување, посветување, обучување и духовно развивање, во животот на праведниот човек добива возвишена смисла: воспитување во вистината, поучување во вистината, посветеност на вистината, растење во вистината и сведочење за вистината.
Токму таков бил Енох за луѓето од тоа време. Тој ја носел светлината на Божјата вистина на сите, и на безбожните каинити, и на отпаднатите ситити, и на оние ситити што останале верни на Бога, бидејќи бил Божји пророк:
„А за овие пророкуваше и Енох, седмиот од Адам, зборувајќи: ‘Ете, доаѓа Господ со илјадници Свои свети ангели, за да изврши суд над сите и за да ги разобличи сите безбожници за сите нивни нечисти дела, што ги беа направиле со своето беззаконие, и за сите лоши зборови, што ги изрекле за Него безбожните грешници’“ (Јуда 1:14,15).
„Објавувајќи му го на народот она што му го открил Бог, Енох станал проповедник на правдата. Оние што се боеле од Бога, го барале овој свет човек да ги поучи и заедно со него да се помолат на Бога. Тој и јавно работел така што Божјите упатства им ги пренесувал на сите што биле готови да ги слушаат неговите опомени. Неговите напори не се ограничувале само на потомците на Сит. Во земјата во која побегнал Каин, сакајќи да се скрие од божественото присуство, пророкот ги објавувал чудесните сцени што му биле покажани во визија: ‘Ете’, велел тој, „’доаѓа Господ со илјадници Свои свети ангели за да изврши суд над сите и за да ги разобличи сите безбожници за сите нивни нечисти дела’ (Јуда, стихови 14,15).
Тој бестрашно го укорувал гревот. Додека на луѓето на своето време им проповедал за Божјата љубов откриена во Христа, ги повикувал да се вратат од своите лоши патишта, го подигал својот глас против беззаконието што се ширело како плима и ги предупредувал луѓето на своето поколение дека грешниците сигурно ќе ги стигне казна“
(Патријарси и пророци, 86).
Енох бил праведник кој се удостоил со висока чест да биде првиот претставник на паднатото човештво што бил земен на небото без да вкуси смрт. За ова подоцна ќе зборуваме повеќе. Но сакам да го свртам вашето внимание на неколку важни моменти од неговиот живот.
Прво, Енох не се родил како свет човек кој оди пред Бога. Тој станал таков по раѓањето на својот првенец:
„… Енох, откако поживеа шеесет и пет години, го роди Метушелах; а по раѓањето на Метушелах, Енох живееше според волјата Божја триста години…“
Тоа значи дека светите не се раѓаат како свети, туку стануваат свети.
Второ, важно е да се забележи дека Писмото посебно нагласува: Енох почнал да оди пред Бога по раѓањето на Метушелах, кога имал шеесет и пет години. Тоа не мора да значи дека пред тоа бил безбожен човек, туку дека од тој момент неговиот однос со Бога станал многу подлабок, посвесен и постојан. Иако луѓето тогаш живееле многу подолго отколку денес, шеесет и пет години сепак се шеесет и пет години, доволно долг период од животот на човекот. Затоа примерот на Енох ни покажува дека никогаш не е доцна човек да влезе во поблизок однос со Бога и посветено да оди по Неговиот пат.
Трето, за жал, многумина, поради својата грешност и поради погрешно разбирање на зборовите на апостол Павле, сметаат дека служењето на Бога и светоста се неспоиви со животот во брак и со раѓањето деца. Од таквото погрешно разбирање произлегла претставата дека одвојувањето од бракот и семејството само по себе води кон поголема светост. Некои отишле уште подалеку и, на ниво на црковен закон во рамките на своите конфесии, го утврдиле целибатот, односно заветот на безбрачност, бидејќи, според нивното мислење, бракот, семејството и децата пречат на блискоста со Бога и на стекнувањето светост.
Слично било и во времето на апостол Павле: некои не го разбирале правилно и му припишувале нешто што тој не го мислел, искривувајќи ги неговите зборови, на пример, за благодатта. Тој рекол:
„…Каде што, пак, се намножи гревот, таму благодатта се јавува во голема изобилност“ (Римјаните 5:20).
Со овие зборови Павле покажува дека колку повеќе гревот се умножува, толку појасно се открива изобилството на Божјата благодат и простување. Но на неговите зборови им била припишана сосема поинаква смисла:
„Зарем тогаш не би требало да правиме зло, за да излезе добро? Впрочем така и хулат некои луѓе на нас и велат дека така учиме. Тие се справедливо осудени“ (Римјаните 3:8).
Иако Павле јасно нагласувал дека благодатта не е дозвола за грев:
„Што, пак, да речеме? Ќе останеме ли во гревот, за да се наголеми благодатта? Никако! Ние, кои сме умреле за гревот, како да живееме во него уште?“ (Римјаните 6:1,2).
Слично на тоа, и неговите зборови за безбрачниот живот можат погрешно да се разберат ако се извадат од контекст. Во седмата глава од Првото послание до Коринтјаните, Павле не учи дека бракот е грев, ниту дека верникот мора да остане безбрачeн за да Му служи на Бога. Тој зборува за тоа дека безбрачниот човек, ако има таков дар и таква можност, може полесно да се посвети на службата за Господа, бидејќи нема семејни обврски што бараат внимание. Но Павле тоа не го претставува како заповед за сите, туку како совет и како лична предност во одредени околности.
Затоа Павле во истата глава јасно покажува дека бракот не е грев. Тој не вели дека сите мора да останат безбрачни, туку дека, ако постои потреба или причина за брак, човек може слободно да стапи во брак и „нема да погреши“:
„Ако некој мисли дека е срамно девицата негова да му остане таква во напредната возраст, тој нека прави како сака; нема да погреши; таквите нека се мажат“ (1 Коринтјаните 7:36).
На други места тој ги споредува брачните врски со возвишениот однос меѓу Христос и Неговата Црква:
„Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господ, зашто мажот е глава на жената, како што е и Христос глава на Црквата, и Тој е Спасител на телото. Па, како што Црквата Му се покорува на Христос, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во сè. Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што Христос ја засака Црквата и се предаде Себе за неа, за да ја освети, очистувајќи ја со водна бања преку словото; та да ја претстави пред Себе како славна Црква, која нема осквернување, или порок, или нешто слично, туку да биде света и непорочна. И така, мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела; зашто, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси. Зашто никој никогаш не го намразил телото свое, туку го храни и го стоплува, како и Господ Црквата“ (Ефесјаните 5:22-29).
И бидејќи Павле бил не само Божји апостол, туку и Божји пророк, зборувајќи за последното време, тој ги предупредил верниците за сатанските сплетки што ќе се покажат преку забрана на брачните врски, а сето тоа ќе биде прифатено од отпадниците:
„А Духот јасно зборува дека во последните времиња некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамнички духови и злодуховски учења, преку лицемерството на оние што зборуваат лага и имаат догорена совест; кои забрануваат да се стапува во брак…“ (1 Тимотеј 4:1-3).
Затоа, враќајќи се на Енох, гледаме дека семејството и раѓањето деца не само што не му пречеле да се зближи со Бога, туку, напротив, придонеле по раѓањето на својот првенец да почне да оди пред Бога. А раѓањето на следните деца не го одвратило од овој праведен пат:
„…Енох живееше според волјата Божја триста години, раѓајќи синови и ќерки. А сите денови на Енох изнесуваа триста шеесет и пет години. И Енох, живеејќи според волјата Божја…“
„Од устата на Адама дознал за мрачната историја на падот во грев и за радосната вест дадена во Божјото милосливо ветување, па се потпрел врз Искупителот кој требало да дојде. Меѓутоа, по раѓањето на неговиот прв син, Енох стекнал едно повисоко искуство, стапил во едно поинтимно сродство со Бога. Поцелосно ги сфатил своите обврски и должности што ги имал кон Бога како негово дете. Кога видел колкава е љубовта на детето кон таткото, како тоа едноставно се доверува на неговата грижа и заштита, кога ја почувствувал длабоката и искрена нежност на сопственото срце кон својот првороден син дури тогаш стекнал драгоцено и вистинско сознание за чудесната Божја љубов покажана во тоа што го дал својот Син за спасение на луѓето, и за довербата што треба да ја имаат Божјите деца во својот небесен Татко. Бесконечната и необјаснива Божја љубов станала предмет на негово деноноќно проучување и со сиот жар на својата душа настојувал таа љубов да им ја открие на луѓето меѓу кои живеел“
(Патријарси и пророци, 84).
Така, во светлината на Писмото, ниту семејството ниту децата, колку и да ги има, не можат сами по себе да станат пречка на патот на човекот кон Бога, ниту пречка за градење најцврст однос со Него, однос преку кој човекот се подготвува за вечноста.
Што значи да се оди пред Бога? Бог многупати во Писмото ни зборува за важноста на таквиот однос со Него за сите што сакаат да се спасат:
„Еве го животот на Ное: Ное беше човек праведен и непорочен во својот род; Ное живееше според Божјата волја“ (Создавање 6:9).
„О, човеку, речено ти е што е добро, и што бара од тебе Господ; да работиш праведно, да сакаш милосрдни дела и понизно да врвиш пред твојот Бог“ (Михеј 6:8).
Да се оди пред Бога значи човек да живее со постојана свест дека Бог е присутен во неговиот живот, иако не Го гледа со физичките очи. Тоа значи во сè да се обраќа кон Него, да бара Негово водство и да живее како човек што знае дека секогаш стои пред Божјото лице. Таквиот човек ја има пред себе Божјата светост и Божјата моќ, и затоа е свесен за својата состојба пред Него. Тој знае дека ништо не е скриено од Бога, ниту мислите, ниту зборовите, ниту делата.
Убеден сум дека тоа е единствениот начин човекот да постигне вистинска светост, дури и додека живее во грешен свет и во тело ослабено од гревот. Ние грешиме затоа што не живееме пред Бога, односно затоа што со срцето не го прифаќаме фактот дека Тој постојано е покрај нас. Во Писмото тоа е изразено вака:
„Ќе го благословувам Господа, Кој ме вразумува; па дури и ноќе ме учи мојот внатрешен глас. Секогаш пред очи ми е Господ, зашто Тој е од мојата десна страна, за да не се поколебам. Заради тоа се радува срцето мое, и воскликнува јазикот мој; па дури и телото мое спокојно почива, зашто Ти нема да ми ја оставиш душата моја во пеколот, ниту, пак, светецот Твој да види распаѓање. Ти ми го покажа патот на животот; полнота од радост има пред Твоето присуство; вечно блаженство е во Твојата десница“ (Псалм 16:7-11).
Мислам дека се сеќавате од Делата на апостолите дека апостолите ги применуваат овие зборови на Христос. За Него е кажано дека е свет, дека никогаш не згрешил и дека секогаш Му бил послушен на Бога, иако бил човек сличен на нас, во тело ослабено од гревот:
„затоа Тој мораше во сè да личи на браќата…“ (Евреите 2:17).
„Тој не направи грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама“ (1 Петрово 2:22).
„…туку таков Кој искусил сè како и ние, освен грев“ (Евреите 4:15).
„Оној што Ме прати е со Мене; Отецот не Ме остави Сам, зашто секогаш го вршам она што Му е угодно“ (Јован 8:29).
„…Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во љубовта Негова“ (Јован 15:10).
„Она, што законот не можеше да го направи, бидејќи беше ослабен поради телото, го изврши Бог, испраќајќи Го Синот Свој во тело, подобно на телото на гревот, и како жртва за гревот, Тој го осуди гревот во телото“ (Римјаните 8:3).
Значи, возможно е да се живее свет, па дури и целосно свет живот во грешен свет, во тело ослабено од гревот, а животот на Христос е најсветлиот доказ за тоа. Искушението само по себе не е грев; Христос беше искушуван во сè, но не згреши. А зошто не згреши? Затоа што постојано бараше заедница со Бога, се молеше и ноќе и живееше со постојана свест за Божјата близина:
„…Исус ги подигна очите угоре и рече: ‘Оче, Ти благодарам што Ме услиши. Јас знаев дека Ти секогаш Ме услишуваш; но ова го реков заради народов што стои наоколу, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил’“ (Јован 11:41,42).
И токму оваа свест за постојаното Божјо присуство во Неговиот живот Му помогна да ги помине сите искушенија и да победи. Кога во Гетсиманија силно посака да живее и да не умре, Тој не постапи според Својата волја, туку според волјата на Отецот:
„велејќи: ‘Оче, кога би сакал да ја тргнеш оваа чаша од Мене! Но нека не биде мојата волја, туку Твојата’“ (Лука 22:42).
И ете, оној што ќе ја прифати таквата положба пред Бога, ќе биде зајакнат од Него во најтешките моменти од својот живот:
„И му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше“ (Лука 22:43).
За таквиот човек нема да биде невозможно да остане верен на Бога до последниот здив:
„А Исус извика гласно и рече: ‘Оче, во Твои раце Го предавам Својот дух!’ И штом го рече тоа, издивна“ (Лука 23:46).
Енох изградил таков однос со Бога што му било овозможено, како прв меѓу луѓето, без да вкуси смрт, да влезе во вечноста:
„… И Енох, живеејќи според волјата Божја, исчезна, бидејќи Бог го зеде…“
За жал, многумина толкувачи на Писмото прават сериозна грешка кога зборовите „исчезна, бидејќи Бог го зеде“ ги толкуваат како да се однесуваат на предвремена смрт на Енох. Ете до каква заблуда може да доведе погрешното учење за бесмртноста на душата, дури и кај умни луѓе.
Без оглед на аргументите што ги наведуваат овие толкувачи, нивните толкувања се во спротивност со јасните и едноставни текстови на Писмото и со самиот контекст. Кога ја читаме петтата глава од Создавање, за сите патријарси, дури и за праведните, како Сит и Ное, за кого исто така е кажано дека одел пред Бога, се вели дека умреле:
„така поживеа Сит вкупно деветстотини и дванаесет години и потоа умре“ (Создавање 5:8).
„А сè на сè поживеа Ное деветстотини и педесет години; потоа умре“ (Создавање 9:29).
Ако станувало збор за смрт, тогаш и за Енох би бил употребен зборот „умре“, како што е употребен за другите. Или, пак, ако изразот „Бог го зеде“ требало да означува смрт, тогаш би очекувале истиот или сличен израз да се употреби и за другите праведници. Но Писмото користи различни изрази. Ако умирањето значи да се биде земен кај Бога, тогаш зошто за ниту еден друг потомок на Сит не е кажано дека Бог го зел, туку само за Енох? Ако тоа значи смрт, тогаш зошто Писмото не го користи истиот израз и за останатите?
Еве што зачудува во ваквите толкувања: понекогаш се навлегува длабоко во текстот и се извлекуваат значења од секоја буква и нијанса, а во други случаи цели зборови се превидуваат или намерно се игнорираат, за да се заштити погрешното учење за бесмртноста на душата, учење што не произлегува од Писмото, бидејќи Писмото не го учи тоа.
Кога толкувањето е такво, на едно место се анализира секоја буква, а на друго се игнорираат цели зборови, станува јасно зошто Спасителот за некои верници рекол вака:
„…комарецот го цедите, а камилата ја проголтувате!“ (Матеј 23:24).
Уште еднаш сакам да нагласам: треба да читаме, да учиме и да ги разгледуваме различните толкувања, но никогаш не смееме да заборавиме дека вистината на Писмото стои над секоја човечка приврзаност и над секој земен авторитет. Ниту еден толкувач, учител или предание не смее да ни биде поважно од она што јасно го кажува Божјото Слово. Зашто спасението не се темели на човечки толкувања, туку на вистината откриена во Писмото:
„Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за казнување, поправање и поучување во праведност, за да биде Божјиот човек усовршен и совршено подготвен за секое добро дело“ (2 Тимотеј 3:16,17).
„Пази на себе и на учењето; биди истраен во тоа, зашто, ако постапуваш така, ќе се спасиш и себе самиот и оние што те слушаат“ (1 Тимотеј 4:16).
Апостол Павле, кој ни го дава овој совет, иако бил фарисеј и одлично ги познавал татковските преданија, сепак дозволил неговиот ум да биде очистен со Писмото од непотребните наслаги на човечки преданија и заблуди. Затоа одговорот на прашањето што се случило со Енох е јасно изнесен во Посланието до Евреите:
„Преку вера Енох беше преселен за да не види смрт; и не се најде, бидејќи Бог го пресели. Зашто пред преселувањето тој доби сведоштво дека Му угодил на Бога“ (Евреите 11:5).
За апостол Павле било очигледно дека Енох не умрел, туку бил преселен жив кај Бога, на небото, како што подоцна бил преселен и пророкот Илија:
„Додека тие одеа и си разговараа по патот, наеднаш се појави огнена кола и огнени коњи, и ги раздвоија еден од друг, и Илија се вознесе во виорот кон небото. А Елисеј гледаше и извика: ‘Татко мој, татко мој, коло Израелова и негова коњица!’ И веќе не го виде…“ (2 Царевите 2:11,12).
„И го видоа оддалеку синовите пророкови што беа во Ерихон и рекоа: ‘Илиевиот дух слезе врз Елисеј.’ Му излегоа во пресрет и му се поклонија до земја. И му рекоа: ‘Ете, во нас, твоите слуги, има педесет души силни мажи; нека одат тие да го побараат господарот твој; можеби, Духот Господов го однел и го фрлил на некоја гора, или во некој дол.’ А тој рече: ‘Немојте да испраќате!’ Но тие настојуваа пред него многу, та му здодеаја, па им рече: ‘Испратете!’ И испратија педесет души, кои бараа три дена, но не го најдоа“ (2 Царевите 2:15-17).
„… И Енох, живеејќи според волјата Божја, исчезна, бидејќи Бог го зеде…“
Мислам дека ова прашање веќе е разјаснето; да продолжиме со текстот:
„…Метушелах, пак, поживеа сто осумдесет и осум години, и го роди Ламех…“
Синот на Енох, Метушелах, познат во синодалниот превод како Матусал, е човек со многу интересно име. Тоа име му го дал неговиот татко Енох, човекот што не вкусил смрт.
Името Метушелах според едно толкување може да се разбере во смисла: „кога ќе умре, ќе биде испратен судот“. Тој живеел најдолг живот, 969 години, и, според хронологијата на библискиот текст, умрел во годината на Потопот. Тоа покажува дека неговото име може да има пророчко значење: по неговата смрт ќе дојде Божјиот суд.
Тешко е со сигурност да се каже што го водело Енох кога му го дал ова име на својот првенец. Токму по раѓањето на Метушелах за Енох е кажано дека почнал да оди пред Бога, односно дека стекнал најблизок однос со Него. Можеби ова име било копнеж на неговата душа, израз на желбата да ја победи смртта. А можеби било и пророштво чие значење самиот Енох не го разбирал целосно, но Бог влијаел врз него.
И на тоа не треба да се чудиме, зашто Бог може да влијае дури и врз безбожници, така што и тие понекогаш изрекуваат пророштва, не разбирајќи целосно што изрекле:
„А еден, пак, од нив, Кајафа, кој таа година беше првосвештеник, им рече: ‘Вие ништо не знаете, ниту помислувате дека е поарно за нас да умре еден човек за народот, отколку сиот народ да пропадне.’ А ова не го рече тој сам од себе, туку, бидејќи беше првосвештеник таа година, прорече дека Исус ќе умре за народот; и не само за народот, туку и за да ги собере заедно растурените Божји чеда“ (Јован 11:49-52).
Како и да е, Енох му го дал името на својот првенец под влијание на Божјиот Дух. И забележете: ова име не само што може да има пророчко значење, туку на одреден начин се поврзува и со животот на самиот Метушелах.
Иако животниот век на луѓето по Адам постепено се скратувал, Метушелах, спротивно на таа општа насока, живеел најдолго од сите луѓе спомнати во Писмото чиј земен живот завршил со смрт. Метушелах живеел 969 години, триесет и девет години подолго од Адам, првиот човек што излегол од рајот.
Во некои легенди и преданија, поради неговата долговечност, името на Метушелах се поврзува со идејата за исклучително долг живот. Но вистинската вредност на Метушелах не е само во должината на неговиот живот, туку и во неговата врска со праведната лоза.
Метушелах примил прекрасно духовно наследство од својот татко Енох, а преку животот на Енох добил и сведоштво дека смртта не е конечната судбина на праведните. Таа е привремена состојба, по која следи Божјото ветување за вечност.
И на крај, останува едно тешко прашање: зошто праведниот Метушелах, син на праведниот Енох, му го дал на својот првенец името Ламех, име што веќе се појавува во каинитската лоза и е обременето со лоша смисла поради својот прв носител, поврзан со многуженство и убиство, за што веќе зборувавме во претходните теми?
Значењето на името Ламех не е сосема сигурно, но во некои толкувања се поврзува со смисла на ранување, пораз или слабеење. Можно е Метушелах да му го дал ова име на својот син како знак на веќе започнато приближување кон каинитите. Можеби неговата намера не била лоша, туку дури и добра, да воспостави контакт, да влијае, да придобие. Но самиот избор на такво име може да укажува дека границата меѓу двете линии веќе почнала да слабее.
Зашто духовното опаѓање не започнува секогаш со отворен пад, туку често со мали отстапки: со интерес кон туѓиот начин на живот, со прифаќање туѓи обичаи, па дури и со преземање имиња. И она што на почетокот изгледа безначајно, подоцна може да стане причина за подлабоко отстапување.
Но тука се поставува важно прашање: дали секое приближување кон другите е погрешно? Дали секој обид за воспоставување контакт значи духовен пад? Не. Сè зависи од целта и од внатрешната состојба на човекот.
Токму за таков пристап зборува апостол Павле, кога вели:
„Зашто, иако сум слободен од сите, станав роб на сите, та повеќето од нив да ги придобијам: за Јудејците станав Јудеец, за да придобијам Јудејци; за оние што се под Закон, станав како да сум под Закон, за да ги придобијам и тие под Закон; за оние што се без закон, станав како да сум без закон, иако пред Бога не сум без Закон, туку сум под Законот на Христос, за да ги придобијам и оние што се без закон. За слабите станав слаб, за да ги придобијам слабите. За сите станав сè, та на каков и да било начин да спасам некои од нив“ (1 Коринтјаните 9:19-22).
Оваа верзија изгледа привлечна, зашто не го негира фактот дека Метушелах бил праведник и дека го продолжил делото на својот татко Енох во повикувањето на грешниците кон спасение.
Но можеби има основа и друга можност. Имињата на децата често се давале според околностите, како одраз на она што се случувало или на она што се очекувало. На пример:
„и легнав со пророчицата, и таа зачна и роди син. И ми рече Господ: дај му име: Махер–Шалал–Хаш–Баз“ (Исаија 8:3).
Махер–Шалал–Хаш–Баз е име што значи: „брзо кон пленот, брзо кон грабежот“. Тоа содржи пророштво за брзото доаѓање на судот, односно за разорувањето што ќе ги снајде Дамаск и Самарија.
„Таа пак зачна и роди ќерка, и Тој му рече: ‘Именувај ја Ло–Рухама, зашто Јас веќе нема да го помилувам домот Израелов, и да им проштевам’“ (Осија 1:6).
Ло-Рухама, односно „непомилувана“, е симболично име дадено по Божја заповед на ќерката на пророкот Осија, родена од жена-блудница. Со тоа име Бог му покажал на Израел дека повеќе нема да го милува и штеди, бидејќи народот отстапил од Него.
Тоа значи дека, гледајќи ја состојбата околу себе, а можеби и знаејќи од својот татко Енох до каде ќе стигне светот, Метушелах можел да го нарече својот син Ламех, име што во некои толкувања се поврзува со значења како „оној што нанесува рани“ или „оној што носи пораз“. Во тој случај, името би можело да биде одраз на она што гревот веќе почнал да им го прави на потомците на Сит, бидејќи тие почнале да се мешаат со каинитите.
Како и да е, едно е јасно: Метушелах бил праведник кој живеел најдолг живот, бил воспитан од праведниот Енох и умрел во годината на Потопот. На тој начин Бог го поштедил да не го види уништувањето на оние што му биле драги и кои, најверојатно, се обидувал да ги повика кон спасение во текот на својот долг живот:
„… А сите денови од животот на Метушелах беа деветстотини шеесет и девет години; потоа умре.“
Интересно е да се забележи дека Ламех, синот што му се родил на Метушелах, се родил подоцна од првородениот син на кој било друг патријарх во ова родословие:
„… Метушелах, пак, поживеа сто осумдесет и седум години, и го роди Ламех…“
Можна причина зошто Метушелах толку долго не се оженил и немал деца може да биде поврзана со тоа што неговиот татко Енох бил земен жив на небото, како и со пророштвата на Енох за доаѓањето на Месијата и за судот над безбожниците:
„А за овие пророкуваше и Енох, седмиот од Адам, зборувајќи: ‘Ете, доаѓа Господ со илјадници Свои свети ангели, за да изврши суд над сите и за да ги разобличи сите безбожници за сите нивни нечисти дела, што ги беа направиле со своето беззаконие, и за сите лоши зборови, што ги изрекле за Него безбожните грешници’“ (Јуда 1:14,15).
Метушелах, врз основа на пророштвата на својот татко и на неговото вознесение на небото, можеби сметал дека судот над жителите на земјата е многу близу и дека, поради тоа, нема смисла да се ожени и да има деца. Ваков начин на размислување се среќава и кај други праведници. Апостол Павле им пишува на верниците:
„Ова ви го велам, браќа, зашто времето натаму е кратко, та оние, што имаат жена, да бидат како да ја немаат… Јас, пак, сакам вие да бидете без грижи. Неженетиот се грижи за Господови работи, – како да Му угоди на Господ; а женетиот се грижи за световни работи – како да и угоди на жената“ (1 Коринтјаните 7:29-33).
И самиот Христос, говорејќи за настаните поврзани со крајот на светот, рекол:
„Но тешко на бремените и на доилките во тие дни!“ (Матеј 24:19).
Затоа не е чудно што праведниците, верувајќи дека крајот на овој свет е близу, понекогаш се воздржувале од создавање семејство и од раѓање деца. Но подоцна, кога сфаќале дека погрешиле во своите очекувања за времето, се враќале на текот на животот што Бог го одредил.
Многу често луѓето, водени од сопствени убедувања, а не од јасно Божјо откровение, донесуваат избрзани одлуки. На пример, ако сите верници буквално ги применеа зборовите на апостол Павле, тогаш на земјата веќе не би постоеле верни семејства, а кој тогаш би бил солта на овој свет?
Затоа, таква важна одлука, дали човек да основа семејство или не, особено во врска со последното време, може да се донесе само врз основа на јасно, повторувам, јасно пророчко откровение од Бога, како што било во случајот со Еремија:
„И беше упатено слово Господово до мене: Немој да се жениш, ниту да имаш синови и ќерки на ова место. Зашто вака вели Господ за синовите и ќерките, што ќе се родат во ова место, и за мајките нивни, што ќе ги родат и за татковците нивни, што ќе ги добијат во оваа земја: од тешка смрт ќе умрат тие и нема да бидат оплакани, ниту погребани; ќе бидат како ѓубре земно; со меч и со глад ќе бидат истребени, и труповите нивни ќе им бидат храна на птиците небески и на ѕверовите земни“ (Еремија 16:1-4).
Ако, пак, нема такво јасно пророчко откровение, потврдено со сигурни знаци на Божјо водство, туку има само сопствени мисли што човекот ги претставува како зборови: „Така вели Господ“, тогаш тоа не е ништо повеќе од човечка фантазија, а не Божја волја.
Заклучок:
- Потомците на Сит доживувале духовни осцилации, а тоа се одразувало и во имињата што им ги давале на своите деца, особено на првенците. Иницијатори на сопствените духовни падови биле самите тие.
- Енох е единствениот човек од предпотопниот свет кој достигнал толку близок однос со Бога што Бог го зел кај Себе, и тој не вкусил смрт. Голема грешка е да се тврди дека Енох умрел и дека на тој начин бил земен кај Бога, бидејќи тоа е во спротивност со текстот, контекстот и учењето на Писмото за состојбата на мртвите.
- Стравот може да биде поттик за покајание и промена на животот, но не треба да стане темел врз кој верникот ги гради своите односи со Бога. Само љубовта е вистинската и цврста основа за градење нераскинлив однос што води кон спасение.
