Адам и Ева покриени со смоквини лисја се кријат меѓу дрвјата во Едем по падот во грев.

Тогаш им се отворија очите на обајцата, и разбраа дека се голи

Сподели го ова:

Денес нашите истражувања се посветени на последиците од вкусувањето на плодовите од забранетото дрво.

„Тогаш им се отворија очите на обајцата, и разбраа дека се голи; па исплетоа лисја од смокви и си направија опашала. Тогаш го чуја гласот на Господ Бог, кога Тој одеше низ рајот во времето на дневниот ветрец; и се сокрија Адам и неговата жена меѓу рајските дрвја“ (Создавање 3:7,8).

За жал, многу луѓе, кога ги читаат овие стихови, гледаат во нив само физички, односно видливи настани: дека луѓето јаделе од забранетиот плод, потоа увиделе дека се голи и, за да ја прикријат својата голотија, си направиле опашала од лисја. Секако, тие надворешни случувања навистина се одиграле, но мора да запомниме дека физичкиот свет е само видлив одраз на нешто што веќе се случило во невидливиот, духовен свет, за што веќе сме зборувале. Затоа, нашата вистинска цел е да ја разбереме длабочината на тие духовни процеси што подоцна довеле до овие видливи последици:

„Тогаш им се отворија очите на обајцата, и разбраа дека се голи…“

Ако на овие зборови гледаме само од физичка перспектива, тогаш би произлегло дека луѓето, сè до моментот кога вкусиле од забранетиот плод, биле како слепи, како новородени мачиња што се раѓаат со затворени очи. Затоа, велат некои, тие не знаеле дека се голи. Но тоа едноставно не може да биде вистина. Зашто ако Адам бил физички слеп, немало да може да ја забележи посебноста на секое животно и да му даде соодветно име. Немало да може да ја види Ева и да каже дека таа е ‘коска од неговите коски’. И двајцата немаше да знаат кое дрво во градината е дозволено, а кое забрането, ниту пак ќе можеа да ги видат убавите плодови што Бог ги создал. Ева, исто така, не би можела да забележи дека плодот од забранетото дрво е пријатен и привлечен, што значи дека таа не била физички слепа. Затоа, идејата дека првите луѓе биле слепи пред да згрешат е апсурдна. Ова ни покажува дека зборовите ‘тогаш им се отворија очите’ мора да се сфатат духовно. Но тогаш се појавува ново прашање: ако навистина им се отворија духовните очи, зошто првото нешто што го согледаа беше нивната физичка голотија? Зарем духовниот вид не е даден за да се гледаат духовни нешта? А освен тоа, не ти требаат очи за да знаеш дека си гол, и со затворени очи ќе знаеш, ако си соблечен.
Ова е уште еден показател дека овде не се зборува за физичка, туку за духовна реалност. А ако внимателно погледнеме во самиот текст, ќе најдеме потврда за тоа:

„Тогаш им се отворија очите на обајцата, и разбраа дека се голи…“

Во текстот стои дека ‘тогаш им се отворија очите на обајцата, и разбраа дека се голи’, а не ‘и видоа дека се голи’. Оваа разлика е многу значајна, бидејќи знаењето не доаѓа како резултат на физичко гледање, туку како плод на умствено разбирање, на духовно осознавање. Таа способност за разум и внатрешно поимање им беше дадена на луѓето уште при создавањето, кога Бог им вдахна здив на животот. Всушност, уште од самиот почеток гледаме дека човекот поседувал духовен разум: благодарение на него, Адам им ги даде имињата на сите животни и сфати дека жената е дел од него и му е дадена како сопатник.

Оттука, јасно е дека забранетото дрво не му ја даруваше на човекот способноста да познава – таа способност веќе постоеше. Затоа се појавува едно важно прашање: ако Адам и Ева веќе имале знаење и разбирање, зарем не биле свесни за својата голотија и пред да вкусат од забранетиот плод? Тогаш што точно се случи по тој чин, што предизвика срам? Што ново дознаа што ги смути и ги натера да посакаат да се покријат? Каква е врската меѓу тоа ново сознание и нивната физичка голотија? Токму вакви прашања се појавуваат кога внимателно ќе го прочитаме овој текст, кој на прв поглед ни изгледа толку познат и едноставен.

Ајде да разбереме што всушност се случило. Во третата глава од Создавање (Битие), каде што се опишува искушението на жената од страна на змијата, Писмото ја нарекува змијата ‘лукава’, користејќи го хебрејскиот збор עָרוּם (arum). Овој збор значи ‘итра’, но истовремено носи и значење ‘гола’. Слично, зборот נָּחָשׁ (nahash), кој означува ‘змија’, во себе содржи и симболика поврзана со измама.

Со тоа, Писмото ни открива нешто подлабоко: сатаната, кој згрешил против Бог, е опишан како ‘гол’, во иста состојба во која се најдоа и Адам и Ева по нивниот пад. Во Светото писмо, праведноста, односно верноста и послушноста кон Бог, често се споредува со облека што го покрива човекот. Таа облека го прави духовно ‘облечен’, односно заштитен и оправдан пред Бога.

Но кога човек ќе ја изгуби таа облека преку непослушност, тој останува ‘гол’. Тоа не е обична физичка голотија, туку симбол на духовна оголеност, вина и оддалечување од Божјата волја.

„Те советувам да си купиш од Мене… бела облека, за да се облечеш, и да не се гледа срамот на голотијата твоја…“ (Откровение 3:18).

„Многу ќе се радувам во Господ, душата моја ќе се развесели во мојот Бог: зашто Тој ме облече во спасителна облека, ми облече облека на правда…“ (Исаија 61:10).

„Да се радуваме и да се веселиме и да Му оддадеме слава, бидејќи дојде свадбата на Јагнето, и невеста Му се приготви! И и се даде да се облече во чист и светол висон. А висонот е праведноста на светиите“ (Откровение 19:7,8).

Од ова можеме јасно да разбереме дека по гревот, луѓето во својот дух сфатиле дека се голи пред Бог – односно, дека се грешни и виновни пред Него. Тие не ја исполниле ниту единствената забрана што Бог им ја дал, покажувајќи со тоа неблагодарност и неверност кон Него. Токму таа духовна голотија, која претходно не можеле да ја видат, сега им станала јасно видлива. Пред да го земат забранетиот плод, тие биле верни на Бог и не знаеле што значи чувство на вина. Може да кажеме дека нивните духовни очи за оваа состојба биле „затворени“, и би било прекрасно тие очи засекогаш да останеа затворени – и кај нив, и кај сите нас. Но реалноста е таква каква што е. Духовната голотија секогаш создава чувство на срам, и токму затоа Адам и Ева почнале да се кријат од Бог. Ако направиме споредба со физичкиот свет – кога сме облечени, не чувствуваме срам и можеме слободно да бидеме меѓу луѓе, но ако сме голи, се криеме од нив. Слично е и во духовниот живот – верноста и послушноста кон Бог ни носат мир, радост и сигурност да бидеме во Негово присуство – со радост Му се обраќаме, Му благодариме и се молиме. Но кога ќе згрешиме, а уште повеќе кога продолжуваме да живееме во грев, тогаш веќе немаме ниту сила, ниту желба за молитва – чувството на срам и вина нè оддалечува, терајќи нè да се „сокриеме“ од Бог. Но ако човекот греши, а не чувствува никаква вина или срам поради тоа, тогаш тоа е знак за негова сериозна духовна деградација. Животните одат голи и не се срамат од тоа. Ако човекот престане да се срами од својата духовна, па дури и од својата физичка голотија, тој веќе не наликува на Бог – туку станува сличен на животните, паѓајќи ниско во својата природа.

И така, разбравме што се случило со луѓето по падот во грев. Тие во својот дух се почувствувале голи пред Бог, односно ја почувствувале својата вина и грешност. Токму таа состојба тие ја сознале, или, како што вели Писмото, ја „виделе“, секако во духовна смисла на зборот.

Но, јас веќе многупати реков и не престанувам да го повторувам тоа, бидејќи е исклучително важно и претставува непоколеблива вистина: духовното е прво, а физичкото е второ, и духовното секогаш се покажува преку физичкото. Нашиот свет, како и самиот човек, е создаден со двојна природа, духовно-физичка.

Сетете се на искушението на Ева од страна на змијата: таа најпрво духовно ја изгубила битката со сатаната и во срцето посакала забранет плод, а потоа овој духовен пораз се покажал во физичка постапка, берејќи и јадејќи го забранетиот плод. Човекот е создаден од прав, што припаѓа на физичкиот свет, а разумот му е даден од Бог, и припаѓа на духовниот свет.

Затоа, забраната што Бог им ја дал на луѓето за да Му бидат послушни има духовна природа: одлуката дали ќе бидат послушни или не се донесува внатре, во нивниот дух, и зависи од тоа дали Го љубат Бог. Но таа внатрешна одлука секогаш се покажува и во физичкиот свет, преку конкретното дело, да се земе или да не се земе плодот од забранетото дрво.

Значи, духовното сознание дека станале голи пред Бог морало некако да се покаже и во физичкиот свет. Потврда за ова наоѓаме во тоа што Адам и Ева веднаш брзаат да ја прикријат својата физичка голотија со смоквини лисја, правејќи си опашала, нешто што претходно не го правеле, иако, како што веќе видовме, и пред тоа биле способни да сфатат дека се голи.

Од кого, всушност, се обидуваат да ја скријат својата физичка голотија? Јасно е дека не од животните, бидејќи тие немаат разум за да сфатат дека луѓето се голи, а и пред падот луѓето не се грижеле за својата облека пред животните. Не би имало логика ни да се покриваат еден од друг, бидејќи се маж и жена, а други луѓе на земјата немало. Единствената можност е дека си направиле опашала од смоквини лисја за да ја прикријат својата физичка голотија од Бог, бидејќи духовната голотија не може да се прикрие со никакви лисја или облека, особено не пред Бог.

Но зошто заедно со духовната голотија кај нив се јавува и свеста за физичката голотија, нешто што не се случувало пред гревот, иако и тогаш можеле слободно да сфатат дека се голи? Забележете дека со своите постапки тие се обидуваат да ја сокријат и духовната и физичката голотија: духовната така што се кријат од Него, а физичката така што си прават опашала од лисја.

Зошто, пак, Адам и Ева пред гревот, иако биле свесни за својата голотија, не се срамеле од својот Творец? Зарем гревот им донел некое прекрасно чувство, како срамот, на кое Бог нè повикува и нè укорува кога го немаме?

„Заради тоа беа запрени дождовите и немаше пролетен дожд; но ти имаше чело на блудница, – не сакаше да се засрамиш“ (Еремија 3:3).

„Срам ли им е, кога вршат гадотии? Не, воопшто не им е срам и не црвенеат. Затоа ќе паднат меѓу паднатите; кога ќе ги посетам, тие ќе бидат соборени, вели Господ“ (Еремија 8:12).

„… црвенејте и срамувајте се од вашите патишта, доме Израелов“ (Езекиел 36:32).

Ако падот во грев им донел на луѓето нешто добро, како чувството на срам, кон кое и самиот Бог повикува, тогаш би излегло дека падот во грев не е нешто лошо. Но во тој случај би произлегло дека сатаната бил во право и дека Бог навистина скрил нешто добро од луѓето. Секако, јасно ни е дека таквото мислење е погрешно.

Тоа значи дека луѓето веќе го имале чувството на срам и пред падот во грев, а не дека го стекнале дури откако згрешиле. Како што веќе неколкупати нагласивме, Бог, заедно со разумот, им дал на луѓето и морално чувство. Тогаш, одговорот на прашањето зошто луѓето не се срамеле од Бог пред падот во грев, иако, како што претпоставуваме, биле физички голи, не лежи во тоа дека пред падот немале чувство за срам, туку во нешто друго.

За да го најдеме одговорот, треба да поставиме уште неколку прашања. Зошто, по нивниот пад во грев, тие почнале да ја прикриваат од Бог не само духовната голотија, криејќи се од Него меѓу дрвјата, туку и физичката голотија, покривајќи ги телата со смоквини лисја, нешто што пред тоа не го правеле? Во ред, пред падот во грев тие не се криеле од Бог затоа што му биле верни и не биле духовно голи. Но, ако размислиме логично, физички тие биле голи, имале способност да го разберат тоа, а и чувството на срам веќе постоело во нив. Сепак, пред падот не чувствувале срам од својата телесна голотија пред Бог. Зошто било така?

Одговорот не е тежок, ако направиме едно кратко истражување. По човековиот пад во грев, Бог постапил на следниов начин:

„А Господ Бог им направи на Адам и на неговата жена облеки од кожа, и ги облече во нив“ (Создавање 3:21).

Знаеме дека луѓето користат облека за три главни цели: за топлина, за покривање на голотијата и за убавина. Но зошто Бог им даде на Адам и Ева облека? И тоа не било каква облека, туку кожна, како што стои во оригиналниот текст, долги едноделни облеки.

Дали им ги дал за топлина? Тешко, бидејќи климата во тоа време била топла, умерена и блага. Можеби за убавина? Денес луѓето се разубавуваат со кожни предмети, но тогаш немало пред кого да се покажуваат, освен еден пред друг. Тешко е да се поверува дека токму во моментот на нивното изгонување од рајот, веднаш по падот во грев, тие би имале желба да се разубавуваат со кожна облека.

Но најважното не е тоа. Треба да запомниме дека до тој момент смртта не постоела. А за да се направи кожна облека, морало да биде убиено животно. Бидејќи тогаш сè уште не било дозволено да се јаде месо, тоа Бог го дозволил дури по Потопот, ова животно било убиено со една единствена цел: да ги облече Адам и Ева. Ако го земеме предвид фактот дека тоа било првото убиство на Земјата, тогаш станува јасно дека не станувало збор за разубавување на оние што згрешиле. Инаку би изгледало како Бог да ги наградува за нивната непослушност, како родител кој, наместо да го укори непослушното дете, му дава подарок. А тоа би било однесување на неразумен родител, а не на свет и праведен Бог.

Значи, кожната облека била дадена со сосема друга цел: да ја прикрие нивната голотија, не само телесната, туку и духовната. Нивните појаси од смоквини лисја беа недоволни: тие можеа да ја покријат само физичката голотија, но не и духовната. Но тука се појавува едно важно прашање: зошто духовната голотија не можеше да се прикрие со лисја, како што можеше физичката? Дали навистина беше неопходно за тоа да се жртвува едно невино животно?

Да размислиме. Кожата е природната обвивка на сите живи суштества, дадена од Бог, вклучително и на човекот. Секое суштество има своја кожа, тоа е своевидна биолошка облека што му е подарена од Творецот, за да може да живее во средината што му е определена. Заедно со тоа, секое суштество има и свој начин на однесување, поврзан со неговиот живот како биолошка единка.

По надворешниот изглед можеме да кажеме: „Ова е мачка“, и веднаш знаеме дека мачката ќе се однесува на одреден начин. Истото важи и за секое друго суштество. Човекот, исто така, добил од Творецот природна обвивка, биолошка облека, односно кожа. Таа сведочи дека и на човекот, уште од создавањето, му е дадена определена средина за живеење, која е тесно поврзана со неговото однесување, однесување што произлегува од неговите вродени инстинкти и рефлекси.

Во тој поглед, сите живи суштества, и луѓето и животните, сме еднакви. За ова зборува и Писмото:

„Си реков во срцето свое и за синовите човечки – дека Бог ќе ги испита, и ќе им покаже дека тие сами по себе се животни“ (Проповедник 3:18).

Значи, при создавањето сите живи суштества добиле од Бог „природна облека“, кожата. Таа е биолошка обвивка што укажува на животинската страна на нивното постоење. Овој дел од нивната природа е тесно поврзан со инстинктите и рефлексите, со животинскиот нагон. Животните немаат друг покрив освен оваа една, биолошка облека, кожата. Тоа покажува дека нивното однесување е управувано исклучиво од нивните природни нагони.

Но човекот не е само биолошко суштество, како што веќе неколкупати нагласивме. Тој, исто како животните, е создаден од земен прав и поседува инстинкти и рефлекси. Но Бог му дал и нешто повеќе, повисока, духовна страна на битието: совест, морал, слободна волја и разум. Тоа е токму она што ја сочинува духовноста и што го прави човекот сличен на својот Творец.

Ако Бог му дал облека на неговата телесна, животинска природа, кожата, исто како што им дал и на животните, зарем е можно, откако му ја дарувал и духовната страна, да не ѝ дал и на неа соодветна „облека“?

Како што веќе нагласивме, сè што постои или се случува во духовниот свет, наоѓа свој одраз и во физичкиот. Иако Бог нема телесна форма, кога им се открива на Своите созданија преку виденија, Писмото често дава опис на Неговата облека, за да се покаже и препознае Неговата духовна природа како нешто свето и возвишено. На тој начин, облеката станува видлив израз на Неговиот невидлив духовен свет:

„Видов најпосле дека се поставија престоли и седна Старец; облеклото му беше бело како снег…“ (Даниел 7:9).

Белата боја на облеката е симбол на чистота и светост. Бидејќи човекот ја примил својата духовна страна од Бог, а Неговата духовност во Писмото е претставена преку бела облека, тогаш и на човекот, сè додека бил духовно чист и непаднат, Бог морал да му даде духовна „облека“ како знак на таа чистота. Таа облека била симбол дека човекот во себе го носи одразот на својот Создател, бидејќи е создаден според Божјиот образ и подобие:

„И Бог го создаде човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде“ (Создавање 1:27).

Значи, освен кожата, природната облека што укажува на животинската страна на човекот, кај човекот морало да постои и друга облека, која покажува дека тој не е само биолошко, туку и духовно суштество. Токму таа облека, различна од кожата, му овозможувала на човекот да стои пред Бог пред падот во грев, без да чувствува срам.

Во прилог на тоа дека човекот имал облека поврзана со неговата духовна состојба говори фактот што бил разумен и морален. Тој знаел што значи да се биде гол и чувството на срам не му било туѓо, дури и пред падот во грев. Но во Писмото стои дека не се срамеле, не затоа што не знаеле што е срам, ниту пак затоа што гревот им го донел тоа чувство како некакво добро. Не, тие не се срамеле затоа што биле облечени во нешто што не било само кожа: облека што ја изразувала нивната духовност.

Со други зборови, таа видлива облека над кожата била одраз на нивната внатрешна духовна состојба, сведоштво за нивната чистота и за тоа дека се создадени според Божјиот образ и подобие. А фактот што по падот во грев се виделе себеси голи, покажува дека со загубата на духовната чистота ја изгубиле и таа облека.

Сега, кога веќе ја разбирале својата голотија – и духовна и телесна – се обиделе да се скријат: духовната голотија ја криеле со тоа што се криеле од Бог, а физичката – со тоа што се покривале со смоквини лисја. Сето ова станува јасно кога внимателно се чита Писмото и кога се применува здрав разум.  

Уште еден аргумент што укажува дека Адам и Ева морале да имаат од Бог дополнителна облека, облека што била надворешна од нивната кожа и која ја изразувала нивната духовна природа, како созданија создадени според Божјиот образ и подобие, е следниот: Според Светото писмо, човекот бил создаден малку понизок од ангелите и требало да служи како жив пример преку кој Бог и Неговиот Син можат да бидат разбрани.

Зарем Бог, кој ја открива Својата духовна природа преку физички, видливи примери, во овој случај преку мажот и жената, би ги оставил луѓето голи, кога во духовна смисла голотијата претставува неверност кон Бог, а Адам и Ева при нивното создавање биле верни? Каква духовна порака би примил универзумот ако ги гледаше нив голи?

Затоа станува јасно дека Адам и Ева, покрај својата кожа која ја покажувала нивната телесна природа, имале и друга облека, која ја носеле над кожата и која ја претставувала нивната духовна природа. Таа облека, која била ставена над нивната кожа, покажувала дека нивната духовна природа преовладувала над нивната телесна, животинска страна.

Но кога згрешиле, ја изгубиле таа облека. Тоа било знак дека се однесувале како животни, дека се препуштиле на телесните желби наместо да бидат водени од морал и послушност кон Бог. Токму затоа се виделе себеси како голи. Кога сфатиле дека ја изгубиле облеката што ја покажувала нивната духовна состојба, се обиделе да ја прикријат својата голотија, односно својата кожа, со смоквини лисја, за да не изгледаат како животни пред Бог, бидејќи никогаш дотогаш не биле во таква состојба пред Него.

Но кога разбрале дека Бог не може да биде измамен и дека треба да го признаат својот грев, сфатиле дека смоквините лисја не можат да се споредат со таа духовна облека што претходно ја имале од Бог. Затоа ја признале својата голотија пред Него.

Па што, всушност, била таа облека што Адам и Ева ја носеле пред да згрешат? Одговорот не е тежок ако внимателно ги поврземе сите овие делови во една целина:

  1. Човекот е создаден според образот и подобието на Творецот.
  2. Човекот е малку понизок од ангелите.
  3. Човекот е морално суштество и неговото однесување треба да биде во согласност со Божјите барања, со Божјата вистина, која треба да стои над неговите инстинкти.
  4. Облеката е симбол на карактерот, а човекот бил создаден според Божјиот образ.

Затоа, мислам дека сега не е тешко да разбереме каква била таа облека што Бог им ја дал на Адам и Ева, облека која ја носеле над кожата пред да паднат во грев. Со оглед на тоа што човекот бил создаден без грев, следните библиски текстови ќе ни помогнат подобро да сфатиме каква била таа облека и како зборувала за нивната чистота:

„Ти, Кој се облекуваш со светлина како со облека…“ (Псалм 104:2).

„Твоето слово е светилник на нозете мои и светлина за патеката моја“ (Псалм 119:105).

„…заповедта е светило, добриот совет – светлина, а поуката – пат кон животот“ (Изреки 6:23).

„Тогаш украси се со величие и слава, облечи се во болскот и великолепие“ (Јов 40:10).

„И кога влегоа, не го најдоа телото на Господ Исус. И додека се чудеа на тоа, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во светли облеки“ (Лука 24:3,4).

„А по шест дни, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и ги одведе сами на висока гора, насамо, и се преобрази пред нив. Алиштата Му станаа светли, многу бели, како снег, какви што белило на земјата не може да избели“ (Марко 9:2,3).

„Дигни се, заблескај Ерусалиме, зашто дојде твојата светлина, и славата Господова изгреа над тебе. Зашто, ете, темнина ќе ја покрие земјата, и мрак – народите; а над тебе ќе засветли Господ, и славата Негова ќе се јави над тебе“ (Исаија 60:1,2).

Ако го разгледаме падот на човекот, ќе забележиме дека пред падот во грев Адам и Ева биле „облечени“ со светлина. Тоа не била материјална облека, туку духовна состојба, сведоштво за нивната чистота и близина со Творецот. Кога биле во таа состојба, не чувствувале никаква срамежливост, иако биле физички голи, бидејќи нивниот духовен „покрив“ ги правел целосни и совршени пред Бог.

Но по гревот, таа облека од светлина исчезнала. Луѓето останале само со својата телесна природа, со кожа и тело, и тогаш ја почувствувале својата духовна голотија. Се појавил срам, бидејќи разбирале дека повеќе не се покриени со Божјата светост. Затоа се обиделе да ја прикријат својата голотија со смоквини лисја, нешто што можело да скрие само дел од нивната телесност, но не и нивната вистинска состојба пред Бог.

Писмото вели:

„Кога жената, виде дека родот на дрвото е добар за јадење, и убав на изглед, и дека дрвото е пожелно поради тоа што дава знаење, набра род од него и го изеде, па му даде и на мажот свој, та и тој јадеше. Тогаш им се отворија очите на обајцата, и разбраа дека се голи; па исплетоа лисја од смокви и си направија опашала“ (Создавање 3:6,7).

Оваа промена ни открива длабока вистина: човекот, кога ја заменува Божјата светлина со својата телесност, паѓа на нивото на животно. Наместо да биде управуван од Божјиот дух и вистината, почнува да се раководи од желбите, страстите и инстинктите.

Истата духовна порака ја гледаме и во описот на човештвото пред Потопот: „синовите Божји“ се оние што го ставале духовното над телесното и живееле според Божјата волја, додека „ќерките човечки“ се оние што го претпочитале телесното пред духовното, дозволувајќи страстите и желбите да управуваат со нивниот живот. А кога овие две линии се споиле, и самите „синови Божји“ се расипале – повеќе не живееле според духот, туку според телото.

Сега е време да се вратиме на кожните облеки што Бог им ги дал на луѓето откако згрешиле. Тие кожни облеки, со кои Бог ја покрил голотијата на Адам и Ева по нивниот пад, исто така биле ставени над нивната кожа, исто како што претходно носеле облеки од светлина. Ова укажува дека кожните облеки не биле само за покривање на телесната голотија, туку имале и длабоко духовно значење, симболично укажувале на Христовата жртва, на покривањето на човекот со Неговата праведност и Неговиот карактер. По падот во грев, човекот мора, ако навистина сака спасение, да се „облече“ во Христовата праведност, во Синот Божји:  

„сите, што сте крстени во Христос, во Христос се облековте“ (Галатјаните 3:27).

„туку облечете се во Господ Исус Христос…“ (Римјаните 13:14).

Тоа значи дека верните луѓе сега треба да ги имаат истите чувства, мисли и дела како Исус, да го имаат Неговиот карактер:

„Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос“ (Филипјаните 2:5).

„… А ние имаме ум Христов“ (1 Коринтјаните 2:16).

„Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши…“ (Јован 14:12).

„Кој вели дека во Него пребива, должен е да постапува така, како што постапи и Тој“ (1 Јованово 2:6).

Ова духовно покритие, поставено над кожата на човекот, односно над она што укажува на неговата телесна природа и животинските нагони, укажува дека духовното во човекот треба да надвладее над телесното и дека токму тоа треба да доминира во неговиот живот:

„Туку облечете се во Господ Исус Христос, и грижата за телото не претворајте ја во страсти (желби, пориви, копнежи, хирови)“ (Римјаните 13:14).

Сите природни желби на човекот, како што се јадењето, пиењето, спиењето и размножувањето, мора да бидат под целосна контрола на Божјата реч. Тоа значи дека можеш да јадеш само она што Бог го дозволил во Своето Слово, и притоа да не се прејадуваш, бидејќи, според Писмото, тоа е грев на прејадување. Да пиеш само она што Бог го дозволил, бидејќи според Писмото, алкохолот е забранет:

„… ни пијаниците… нема да го наследат царството Божјо. А такви беа и некои од вас; но се измивте, се осветивте, се оправдавте во името на нашиот Господ Исус Христос преку Духот на нашиот Бог“ (1 Коринтјаните 6:10,11).

А размножувањето треба да се одвива единствено во рамките на бракот, преку односи само со сопствениот брачен партнер, сопруг или сопруга:

„… неправедните нема да го наследат царството Божјо?… Не лажете се: ни блудниците… ни ракоблудците (пасивна хомосексуалност), ни мажеложниците (активна хомосексуалност)… нема да го наследат царството Божјо“ (1 Коринтјаните 6:9,10).

„Но, за да се избегне блудството, секој нека си има своја жена, и секоја жена свој маж“ (1 Коринтјаните 7:2).

„Бракот да се почитува од сите, и брачното легло да се пази неосквернето; а блудниците и прељубниците ќе ги суди Бог“ (Евреите 13:4).

Значи, духовната поука е јасна: иако човекот веќе има кожа – својата природна, телесна обвивка што го симболизира неговото животинско потекло – Бог, преку облекување со друга, посебна облека што укажува на Христовата совршена жртва, нè учи дека човекот мора да се разликува од животните. Животните имаат само една облека – природната, телесната. Ниедно животно, кое живее според инстинктите, не е облечено од Бог во втора облека над онаа што му е дадена при создавањето. Само човекот е облечен во уште една, втора облека. Тој е единствениот што ја има природната кожа – како симбол дека е биолошко суштество (бидејќи мора да јаде, да пие и да спие) – но и друга облека, дадена одозгора, која не му е природна, туку е дар од Бог. Таа духовна облека треба да ја покрие телесната природа на човекот и да владее над неговите инстинкти. Тоа значи дека човекот, во своите постапки, не треба да се води од телесните нагони, туку од Божјата волја и од Неговите заповеди. Оваа духовна облека не произлегува од самиот човек – таа не е резултат на негови напори – туку е дадена од небото. Бог го испрати Христос на земјата за да нè спаси и, преку Него, ја облече духовно разголената човечка природа во облеката на праведноста на Својот Син. Како што Адам и Ева, откако згрешија, се обидоа со своја сила и разум да ја покријат својата голотија со опашала од смоквини лисја, но тоа не беше прифатено од Бог, така и нивните потомци – до денес – се обидуваат да станат праведни без Христос и без послушност кон Божјиот закон. Но, пред Божјите очи, тоа не е доволно и нема да биде прифатено:

„Сите ние станавме како нечист човек, и секоја наша правда – како извалкана облека; сите попаѓавме како лист; а беззаконијата наши како ветар нè однесуваат“ (Исаија 64:6).

„Да се радуваме и да се веселиме и да Му оддадеме слава, бидејќи дојде свадбата на Јагнето, и невеста Му се приготви! И и се даде да се облече во чист и светол висон. А висонот е праведноста на светиите“ (Откровение 19:7,8).

„Блажени се оние што ги исполнуваат заповедите Негови, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите“ (Откровение 22:14).

Овде постои само еден излез: ако навистина сакаме да бидеме спасени, мораме да ги замениме смоквините лисја на човечката самоправедност со облеката на вистинската Божја праведност, откриена во карактерот на Исус. Исто така, потребно е да ги држиме десетте заповеди од вечниот Божји закон:

„… Соблечете ја од него извалканата облека; и нему лично: ‘Ете, ја отфрлив од тебе вината твоја и те облекувам во свечена облека.’ Потоа рече: ‘Ставете Му на главата чист повој’, и Му ставија на главата чист повој и го облекоа во свечена облека. А ангелот Господов стоеше… ‘Вака вели Господ Саваот: Ако одиш по патиштата Мои… И Јас ќе ти дозволам да одиш меѓу тие луѓе што стојат овде’“ (Захарија 3:4-7).

„бидејќи пред Бога не се праведни оние што го слушаат Законот, туку ќе се сметаат за праведни само оние што постапуваат според Законот“ (Римјаните 2:13).

Спасени се оние што се облечени во Христовата праведност, оние кои живеат според духовните начела, ставајќи ја Божјата волја над своите телесни желби. Тие ги контролираат природните човечки потреби и ги држат во рамките што Бог ги одредил, и токму тоа им носи вистинска радост во Господа, радост што произлегува од спасението:

„И затоа, браќа, ние не сме му должници на телото за да живееме по телото; бидејќи, ако живеете по телото, ќе умрете; но, ако преку Духот ги умртвувате делата на телото, ќе бидете живи. Сите оние што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји“ (Римјаните 8:12-14).

„Многу ќе се радувам во Господ, душата моја ќе се развесели во мојот Бог: зашто Тој ме облече во спасителна облека, ми облече облека на правда…“ (Исаија 61:10).

Ако подлабоко го разгледаме прашањето за облеката, ќе видиме дека секоја физичка облека што човекот ја носи над својата кожа е видлив одраз на неговата духовна состојба – и оваа вистина останува непроменета. Денес живееме во време на масовно разголување, и тоа не е случајно. Тоа открива дека луѓето, во своите постапки, се водат од животинското начело: колку помалку облека и колку повеќе се покажува голото тело – толку „подобро“. Сето ова сведочи за отсуство на совест и морал – токму она што Бог го вгради во човекот при создавањето, а што Писмото го нарекува духовна природа. Но човештвото ја изгуби таа природа и не сака да ја обнови преку Господа – затоа стои голо пред Него. Најстрашното е што, додека Адам и Ева – кога згрешија и останаа голи – барем се засрамија и се сокрија, денешниот човек не само што не се срами, туку дури и се гордее со тоа. Ја изложува својата голотија јавно и ја рекламира пред целиот свет. Зарем ова не е јасен знак дека човештвото созреало за своето уништување?

Да продолжиме понатаму:

„Тогаш го чуја гласот на Господ Бог, кога Тој одеше низ рајот во времето на дневниот ветрец; и се сокрија Адам и неговата жена меѓу рајските дрвја“ (Создавање 3:8).

Преводот на хебрејски гласи:

„И го слушнаа гласот на Господ Бог како се движеше низ градината во свежината на денот. Адам и неговата жена се сокрија од Господ Бог меѓу дрвјата во градината“ (Создавање 3:8).

Гледаме дека гревот веќе го прекинал блиското заедништво меѓу човекот и Бог. Луѓето го слушнале Неговиот глас, но веќе не можеле да Го видат. Наместо да им ги „отвори очите“, како што лажно ветуваше ѓаволот, гревот всушност им ги затворил – и сега Бог станал невидлив за нив. Така ќе остане сè додека спасените повторно не се вратат во рајот, каде што заедништвото со Бог, лице в лице, ќе биде обновено:

„И ќе го гледаат лицето Негово, а името Негово ќе им биде на челата нивни“ (Откровение 22:4).

Во Писмото е кажано дека Бог, поточно, Неговиот глас, се движел додека минувал низ градината „во времето на дневниот ветрец“ или „во свежината на денот“. Како да го разбереме тоа? Не е тешко. Ова движење на Божјиот глас е директно поврзано со престапот на човекот. Бог одел во пресрет на луѓето кои згрешиле, а подоцнежните стихови, каде што Тој разговара со нив и изрекува пресуда, го потврдуваат тоа.

Но зошто во Писмото е наведено дека гласот на Бог се слушал „во времето на дневниот ветрец“ или „во свежината на денот“? Овој опис не е случаен. Се однесува на дел од денот кога воздухот се смирува, топлината попушта, а сонцето почнува да се движи кон зајдисонце, односно, кон запад. Според некои толкувања, човекот згрешил околу 16 часот, попладне, по ручек. Тоа е време на тишина и преиспитување. Токму тогаш Адам и Ева стануваат свесни за својата вина, а Божјиот глас се слуша во градината, не за да ги уништи, туку за да им пристапи. Бог доаѓа во пресрет на човекот што згрешил, не за да го отфрли, туку за да го соочи со последиците. Дури и во падот, Бог го бара човекот, и тоа сведочи за Неговата милост и желба за обнова на нарушената врска.

„и се сокрија Адам и неговата жена меѓу рајските дрвја“

Каква страшна деградација за толку кратко време! Од состојба во која Го љубеле Бог и се радувале на Неговото присуство, паднале во состојба каде што се кријат од Него. Во нивната личност се појавуваат ужасни последици од мешањето на доброто и злото. Добро е што сфатиле дека се голи и дека не можат така да застанат пред Бог – тоа покажува дека гревот не го уништил целото добро во нив. Но тоа што се криеле од Оној што никогаш не им направил зло, туку секогаш им дарувал благослови од љубов, е длабоко жално. Таквиот однос кон Бог не е само погрешен, туку и неблагодарен.

И денес многу луѓе размислуваат исправно за Бог, за гревот и за светоста, и тоа е добро. Но често не одат подалеку од зборовите; не го применуваат тоа во својот секојдневен живот со Бог, и тоа е лошо. Ете, тоа „добро“ и „лошо“, доброто и злото, се толку тесно испреплетени во човекот, во неговата внатрешност, што не можат веднаш да се разделат. За да се изврши таа долга и болна „операција“ на одвојување на злото од доброто, Бог го користи времето, околностите и Своето Слово. Оној што не му се спротивставува на Бог ќе ја издржи оваа преобразба и ќе биде спасен. Но оној што не сака да излезе пред Господа, како Адам и Ева, ќе продолжи да се крие од Него, зад „дрвјата“ на своите грижи, затвореноста на срцето и делата што произлегуваат од непослушност. А знаете ли кој се крие во шумата, меѓу дрвјата? Животните. И луѓето што се кријат од Бог се однесуваат исто така. Зар Писмото не ја објаснува духовната вистина на едноставен и разбирлив начин, преку видливи, физички слики? Изборот е едноставен: или си со Бог и живееш според Неговите духовни принципи, и тогаш си човек, создаден по Неговиот образ и подобие; или се одделуваш од Него и живееш според телесните пориви, а тогаш, според Писмото, личиш на неразумно животно. Ете, толку е јасно.

Значи, да го повториме накратко она што го научивме денес:

  1. Со падот во грев, Адам и Ева сфатиле дека се голи, односно разбрале дека згрешиле и станале виновни пред Бог.
  2. Срамот не е „подарок“ од гревот – тој постоел и пред тоа! Ова укажува дека пред падот луѓето биле облечени во светлина, што сведочела за нивната светост и верност кон Бог.
  3. По гревот, тие ја изгубиле облеката од светлина и останале само со својата кожа, во состојба слична на неразумните животни. Ова покажува дека грешниот човек, без Бог, не е ништо повеќе од едно биолошко суштество.
  4. Секој човек има избор: да се приближи кон Бог и да живее според Неговите заповеди, враќајќи го своето вистинско достоинство, да биде образ и подобие на Бог; или да се оддалечи од Него и да живее според своите телесни нагони, што значи да падне на нивото на животно.
Сподели го ова:

Поврзани статии