Ден, вечер, ноќ и утро над првобитните води — Создавање 1:4–5

Првиот ден од создавањето: светлината, темнината, вечерта и утрото

Сподели го ова:

Денес нашите духовни размислувања се поврзани со стиховите 4 и 5 од првото поглавје на книгата Создавање. Но, пред да ги прочитаме овие стихови и да започнеме со нивното проучување, накратко да се потсетиме на она за што зборувавме минатиот пат, бидејќи претходните размислувања се тесно поврзани со денешната тема.

Откако Бог ги создаде небото и земјата од ништо, земјата сè уште беше празна, неуредена и покриена со темнина. Тогаш Бог рече:

„И Бог рече: ’Нека биде светлина!’ И настана светлина“ (Создавање 1:3).

Во претходното проучување видовме дека светлината од Создавање 1:3 не е објаснета како нешто создадено од претходна материја, ниту пак текстот директно вели дека е создадена од ништо. Затоа ја разгледавме и нејзината подлабока духовна смисла. Во духовното значење на библискиот извештај, оваа светлина е Христос, Божјиот Син, преку Кого Бог ја открива Својата слава, ја растерува темнината на незнаењето и го започнува делото на уредување на Земјата.

Библијата вели:

„Тој е слика на невидливиот Бог, првороден пред секое создание“ (Колосјаните 1:15).

„Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син…“ (Јован 3:16).

Значи, светлината што Бог ја спомнува во третиот стих од првото поглавје на Создавање го означува откривањето на Божјиот Син, Исус Христос. Преку Него Бог ги извршува понатамошните дела на уредување на Земјата. За тоа јасно сведочи и Новиот завет:

„Бог, Кој во старо време, откако многупати и на многу начини им зборуваше на нашите предци преку пророците, во последниве денови ни зборува преку Синот, Кого Го постави за наследник над сè, преку Кого ги создаде и вековите“ (Евреите 1:1,2).

„Бидејќи преку Него е создадено сè што е на небесата и што е на земјата, видливо и невидливо; било престоли, било господства, било началства, било власти – сè е преку Него и за Него создадено“ (Колосјаните 1:16).

„Сепак, ние имаме само еден Бог Отец, од Кого е сè… и еден Господ Исус Христос, преку Кого е сè…“ (1 Коринтјаните 8:6).

Затоа, кога велиме дека светлината е Христос, мислиме на духовната смисла на текстот: Христос е Оној преку Кого Бог ја открива вистината за Себе, го растерува незнаењето и го води созданието кон светлината на познавањето на Бога.

Зошто била откриена светлината?

Зошто било потребно ова откривање на светлината? Тука гледаме две тесно поврзани вистини.

Прво, темнината може да го претставува неразбирањето на Бога и на Неговите постапки. По бунтот на Луцифер, кај дел од созданијата се појавиле сомнежи во Божјиот карактер и во Божјата правда. Тие не ја разбирале возвишената положба на Христос и Неговото посебно место во Божјиот план.

Духот на пророштвото пишува дека Христос учествувал во Божјите советувања, додека на Луцифер не му било дозволено да биде упатен во сите Божји намери. Токму тоа предизвикало завист и незадоволство кај него. Тој не можел да разбере зошто Христос има највисока власт и зошто Нему Му се укажува поголема чест отколку на Луцифер.

Ова покажува дека во вселената се појавиле прашања поврзани со Христовата положба, Божјата правда и Божјите намери. Затоа откривањето на Христос како Светлина има длабоко значење: преку Него Бог дава одговор на сомнежите, ја открива вистината за Себе и ја растерува темнината на неразбирањето.

Христовата мисија била преку Своите дела да даде одговор на тие сомнежи. Преку Божјиот Син се открива вистината за Бога, за Неговиот карактер, за Неговата правда и за Неговата љубов.

Апостол Павле ја користи токму сликата од Создавање 1 кога зборува за Христовото откривање на Бога:

„Зашто, Бог, Кој рече светлина да засвети од темнината, Тој засвети во нашите срца, за да ги осветли со познавањето на Божјата слава во лицето на Исуса Христа“ (2 Коринтјаните 4:6).

Овој стих јасно ја поврзува светлината со познавањето на Божјата слава во лицето на Исус Христос. Затоа светлината од првиот ден, во духовна смисла, нè упатува на Христос како Оној преку Кого Бог се открива.

Второ, темнината може да го претставува и делото на ѓаволот, гревот, лагата, бунтот и незнаењето што се рашириле поради неговото отпадништво. Во тој контекст, Христос е Светлината што доаѓа според Божјата волја за да ја победи темнината.

Библијата вели:

„Во Него беше Животот и Животот им беше светлина на луѓето. Светлината свети во темнината и темнината не ја опфати“ (Јован 1:4,5).

„Беше Вистинска Светлина, Која го осветлува секој човек, што доаѓаше во светов“ (Јован 1:9).

„Јас сум Светлина на светот“ (Јован 9:5).

„Народот, што седеше во мрак, виде голема светлина и на оние, што седеа во пределот на смртна сенка, им изгреа светлина“ (Матеј 4:16).

Затоа, кога зборуваме за светлината во првиот ден, зборуваме за Христос како Божјо откровение, како Победник над темнината и како Посредник преку Кого созданието може да Го познае Бога.

„И Бог виде дека светлината е добра“

Да го прочитаме стихот што денес го проучуваме:

„И Бог виде дека светлината е нешто добро; и ја оддели Бог светлината од темнината“ (Создавање 1:4).

Кога во Библијата се вели дека Бог „виде“, тоа не треба да го разбереме како човечко гледање. Човекот гледа за да дознае нешто што претходно не го знаел, но Бог знае сè. Затоа, кога текстот вели дека Бог виде дека светлината е добра, тоа значи дека Бог ја истакнува нејзината вредност, улога и место во Својот план.

На ист начин, кога Библијата на други места вели дека Бог „си спомна“ на некого, тоа не значи дека Бог претходно заборавил. Тоа значи дека Бог во одреден момент почнува да дејствува според Својата намера. Така и овде: Бог не дознава дека светлината е добра, туку ја објавува како добра и значајна за созданијата.

Ако светлината духовно нè упатува на Христос, тогаш Божјата оценка „добро“ ни покажува дека откривањето на Бога преку Неговиот Син е благослов за созданијата. Созданието не може само по себе целосно да Го разбере Бога. Без Христос, Божјите намери, Неговиот карактер и Неговите постапки би останале покриени со темнина на неразбирање.

Важно е да забележиме дека Божјата оценка „добро“ првпат се појавува токму кога се појавува светлината. Во првиот стих се вели дека Бог ги создаде небото и земјата, а во вториот стих земјата е опишана како неоформена, пуста и покриена со темнина. Но таму сè уште не стои: „И виде Бог дека е добро.“

Ова не значи дека првобитната материја била лоша. Бог не создава зло. Но тоа покажува дека со појавата на светлината започнува јасно откривање на Божјиот ред, Божјата намера и Божјото делување преку Христос. Затоа Бог ја оценува светлината како добра: преку неа започнува откривањето, разбирањето и уредувањето.

Бог е самопостоечки, сеприсутен и не зависи од никого и од ништо. Тој е Изворот на животот, додека созданието целосно зависи од Него. Ако созданието се оддалечи од Бога, тоа не Го загрозува Бога, туку самото себе, бидејќи Бог е Изворот на животот.

Псалмистот пишува:

„Го одвратиш ли лицето Свое – се збунуваат, им го одземеш ли духот нивен – умираат и во земјата своја се враќаат. Го праќаш ли духот Свој – се создаваат…“ (Псалм 104:29,30).

Затоа Христовото посредништво е добро за созданијата. Тој е Оној преку Кого Бог се открива, преку Кого се разбира Божјата волја и преку Кого созданието може да се врати во правилен однос со Бога.

Апостол Павле пишува:

„Откако ни ја откри тајната на Својата волја според Своето благоволение што го беше положил во Себе од порано во уредувањето и исполнувањето на времињата, за да соедини сè небесно и земно под една глава – во Христос“ (Ефесјаните 1:9,10).

И уште:

„Кога, пак, ќе Му биде потчинето сè, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Оној, Кој Му потчини сè, за да биде Бог сè во сè“ (1 Коринтјаните 15:28).

Овие стихови покажуваат дека Христовата улога е да ги доведе созданијата назад кон Бога. Преку Христос Бог ја открива Својата волја, Својот карактер и Својот план на спасение. Христос не доаѓа за да Го замени Бога или да го заземе Неговото место, туку за да Го открие Отецот и да ги помири созданијата со Него.

Исус рече:

„Јас сум патот… никој не доаѓа кај Отецот освен преку Мене“ (Јован 14:6).

Апостол Павле додава:

„Зашто еден е Бог и еден е Посредник меѓу Бога и луѓето – Човекот Христос Исус“ (1 Тимотеј 2:5).

И уште:

„А сè е од Бога, Кој нè измири со Себе преку Христос и ни го даде служењето на тоа измирување. Зашто Бог го измири светот со Себе преку Христос…“ (2 Коринтјаните 5:18,19).

Затоа, според Божјата проценка, светлината е добра. Христос како Светлина и Посредник е благослов за созданијата, бидејќи преку Него Бог ја открива вистината, го растерува незнаењето и го враќа созданието кон Себе.

Бог ја оддели светлината од темнината

Стихот продолжува:

„И Бог виде дека светлината е добра; и Бог ја оддели светлината од темнината“ (Создавање 1:4).

Библијата не ни е дадена само за да опише физички појави, туку за преку нив да ни открие духовни вистини. Човекот, за разлика од животните, е создаден како разумно и морално суштество, способно да го слуша Божјото слово, да ја разбира Божјата волја и да одлучи дали ќе оди во светлината или во темнината.

Затоа и одделувањето на светлината од темнината не е запишано само за да знаеме што се случило во физичкиот свет. Тоа е запишано и за да разбереме духовна вистина: Бог јасно ги разделува светлината и темнината, вистината и лагата, послушноста и бунтот.

Ова одделување има длабока духовна поука. Светлината и темнината се спротивни реалности. Светлината укажува на Христос, вистината, животот, послушноста и Божјото откровение. Темнината укажува на незнаење, грев, лага, бунт и оддалечување од Бога.

Апостол Павле прашува:

„Не впрегнувајте се заедно со безверниците; зашто какво заедништво постои меѓу правдата и беззаконието? Што заедничко има меѓу светлината и темнината?“ (2 Коринтјаните 6:14).

Одговорот е јасен: светлината и темнината немаат заедништво. Христос и ѓаволот немаат заедничка цел. Христос е Спасител, а ѓаволот е човекоубиец. Христос ја открива вистината, а ѓаволот ја шири лагата. Христос води кон Бога, а ѓаволот оддалечува од Бога.

Библијата вели:

„…лебот што ќе го дадам Јас, е Моето тело, што ќе го предадам за животот на светот“ (Јован 6:51).

„Зашто Синот Човечки дојде да го побара и да го спаси она што е загубено“ (Лука 19:10).

За ѓаволот, пак, Христос рече:

„… ѓаволот… е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината, зашто во него нема вистина. Кога зборува лага, говори од себе, зашто е лажливец и татко на лагата“ (Јован 8:44).

И уште:

„Крадецот доаѓа само да украде, да убие и да погуби. Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие“ (Јован 10:10).

Затоа Божјото одделување на светлината од темнината ни покажува дека Бог не ги меша вистината и лагата, послушноста и бунтот, животот и смртта. Тој јасно ги одделува.

Одделувањето како повик на одлука

Кога одделуваме едно нешто од друго, обично мислиме на две работи што претходно биле измешани. На пример, ако во житото има плевел или нечистотии, тие треба да се одвојат од доброто зрно. Но со светлината и темнината не е така во физичка смисла. Тие не се мешаат како две материи. Кога светлината се појавува, темнината исчезнува.

Токму затоа Божјото одделување на светлината од темнината има силна духовна поука. Во човечкото срце извесно време може да постои поделба: човек може да има желба за Бога, а сепак да не сака целосно да се откаже од гревот; може да ја знае вистината, а сепак да биде приврзан за нешто што припаѓа на темнината.

Но Бог не ја остава светлината помешана со темнината. Тој го повикува човекот на одлука: да избере кому ќе му припаѓа, кому ќе му служи и по кој пат ќе оди.

Таквата поделена состојба не може да трае вечно. На крајот човекот мора да заземе страна: или ќе оди кон светлината, или ќе се враќа кон темнината.

Затоа Божјото одделување на светлината од темнината е повик и до нас: на чија страна сме? Кому му служиме? Дали сакаме да бидеме деца на светлината, или ќе останеме во темнината?

Апостол Павле пишува:

„Какво согласие може да има меѓу Христос и Велијар? Или, што има заедничко меѓу верник и безверник? Каква спогодба има храмот Божји со идолите? Вие сте храм на живиот Бог… Затоа излезете од нивната средина и одделете се! – вели Господ“ (2 Коринтјаните 6:15-17).

И пророкот Илија му го поставил истото прашање на отпадничкиот Израел:

„Уште ли ќе куцате на двете колена? Ако Господ е Бог, врвете по Него; ако пак е Ваал – одете по него…“ (1 Цареви 18:21).

Ова прашање останува важно и за нас. Ако Христос е Светлината, тогаш не можеме истовремено да одиме по Него и да ја сакаме темнината.

Оваа поделена состојба добро се гледа кај царот Амасија. За него Библијата вели:

„Тој го правеше она што беше угодно пред очите на Господ, но не со полно срце“ (2 Летописи 25:2).

Овие зборови се многу сериозни. Амасија правел нешто што надворешно изгледало исправно, но неговото срце не било целосно предадено на Бога. Тој не бил целосно во светлината. Во него постоела поделба, а таквата состојба не може да остане без последици.

Подоцна, по победата над Едомците, Амасија ги донел нивните богови и почнал да им се поклонува. Тогаш Бог му испратил пророк за да го предупреди:

„Зошто прибегнуваш кон боговите на тој народ, кои не го избавија својот народ од раката твоја?“ (2 Летописи 25:15).

Но Амасија не го прифатил предупредувањето. Тоа покажува дека човек може надворешно да прави нешто што изгледа исправно, а сепак срцето да не му биде целосно предадено на Бога. Ако таквата поделена состојба не се препознае и не се покае, човек постепено се оддалечува од светлината и оди кон темнината.

Децата на светлината

Христос им рече на Своите следбеници дека и тие треба да бидат носители на светлината:

„Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина. Ниту, пак, светило се пали и става под поклопец, туку на свеќник, и им свети на сите в куќи. Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен“ (Матеј 5:14-16).

Верниците не се изворот на светлината. Христос е Светлината. Но тие можат да ја одразуваат Неговата светлина преку својот живот, карактер и дела.

Апостол Павле пишува:

„… да ги отфрлиме, пак, сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на светлината“ (Римјаните 13:12).

„Вие некогаш бевте темнина, а сега сте светлина во Господ: живејте како деца на светлината“ (Ефесјаните 5:8).

„Бидејќи сите вие сте синови на светлината и синови на денот; ние не сме синови на ноќта, ниту на темнината“ (1 Солунјаните 5:5).

Затоа Божјото одделување на светлината од темнината не е само опис на првиот ден. Тоа е духовна порака: Бог ги повикува Своите деца да живеат во светлината, а не во темнината.

Јуда како пример на пат од светлина кон темнина

Оваа духовна вистина многу јасно се гледа во животот на Јуда Искариот. Тој бил близу до Христос, ја слушал вистината и бил сведок на Неговите дела. Но постепено почнал да му дава место на гревот во срцето.

Библијата вели:

„… тој… беше крадец. Тој го чуваше ковчежето и крадеше од она што пуштаа во него“ (Јован 12:6).

Гревот што човекот го оправдува во себе постепено ја затемнува душата. Јуда не паднал одеднаш. Тој чекор по чекор се оддалечувал од Христос, додека конечно целосно не се предал на темнината.

Библијата вели:

„И влезе сатаната во Јуда, наречен Искариот, кој беше вброен меѓу Дванаесетте. И кога отиде, се договори со првосвештениците и началниците, како да им Го предаде“ (Лука 22:3,4).

Најсилниот опис го наоѓаме во Евангелието според Јован:

„Исус одговори: ’Оној е, на кого Јас ќе му натопам залак и ќе му го подадам.’ И кога натопи залак, му го подаде на Јуда Симонов Искариот. И тогаш, по залакот, сатаната влезе во него… А тој, штом го зеде залакот, веднаш излезе. А беше ноќ“ (Јован 13:26,27,30).

Овие зборови се многу значајни: „А беше ноќ.“ Јован не ни кажува само во кое време од денот Јуда излегол, туку ни открива и духовна слика. Јуда ја напуштил близината на Христос, Светлината, и излегол во темнината на предавството. Неговиот пат бил духовна вечер: постепено оддалечување од светлината, кое завршило во целосна темнина.

Овој пример нè предупредува дека не смееме да го оправдуваме гревот во себе. Ако човек не се покае, темнината постепено го зазема срцето. Но ако се сврти кон Христос, Светлината повторно може да го осветли неговиот живот.

„Бог светлината ја нарече ден, а темнината ја нарече ноќ“

Да продолжиме со петтиот стих:

„Бог светлината ја нарече ден, а темнината ја нарече ноќ. И настапи вечер, и настапи утро – прв ден“ (Создавање 1:5).

Овде гледаме дека Бог не само што ја одделува светлината од темнината, туку и им дава имиња. Тој светлината ја нарекува „ден“, а темнината ја нарекува „ноќ“. Во Библијата, името често ја открива природата, улогата или својството на нешто. Кога Бог именува, Тој не го прави тоа случајно.

Со тоа што ја нарекува светлината „ден“, а темнината „ноќ“, Бог поставува јасна разлика меѓу нив. Името ни помага да ги препознаеме како различни реалности. Светлината открива, осветлува и води; темнината сокрива, збунува и го отежнува движењето. Така, уште преку самото именување, Бог нè учи дека светлината и темнината не се исто и не можат да се мешаат.

Сепак, треба да забележиме дека зборовите „ден“ и „ноќ“ во Библијата можат да имаат и физичко и духовно значење, зависно од контекстот. Физички, денот и ноќта се дел од временскиот циклус. Но духовно, денот може да укажува на време на светлина, откровение и Божјо дело, додека ноќта може да укажува на темнина, опасност и духовно оддалечување.

Исус рече:

„Јас треба да ги вршам делата на Оној што Ме прати додека е уште ден; зашто настапува ноќ кога не ќе може никој да работи“ (Јован 9:4).

Затоа, кога Библијата зборува за ден и ноќ, секогаш треба да го гледаме контекстот. Во Создавање 1 имаме вистински денови, но тие вистински денови носат и духовни поуки.

„И настапи вечер, и настапи утро“

Петтиот стих завршува со зборовите:

„И настапи вечер, и настапи утро – прв ден“ (Создавање 1:5).

Земјата и нејзиното уредување не се само физички настани. Преку видливиот свет Бог ни открива и духовни вистини. Она што го гледаме во создавањето не служи само за да разбереме како Бог ја уредил Земјата, туку и за да разбереме каков е Бог, Неговиот карактер, Неговата правда, Неговата мудрост и Неговиот одговор на бунтот на сатаната.

Затоа светлината, темнината, денот, ноќта, вечерта и утрото не се само природни појави. Тие носат и духовна порака. Преку нив Бог ни покажува што значи да се оди кон Него и што значи да се оддалечува од Него; што значи да се живее во светлина и што значи да се влегува во темнина.

Вечерта и утрото се две граници меѓу светлината и темнината, но тие не означуваат исто движење. Вечерта е премин од светлина кон темнина, а утрото е премин од темнина кон светлина. Токму тука се крие важна духовна поука.

И во духовниот живот човекот може да се движи во една од овие две насоки. Може да оди по патот на „вечерта“, постепено да се оддалечува од Божјата светлина и да се приближува кон темнината. Но може да оди и по патот на „утрото“, постепено да излегува од темнината и сè повеќе да се приближува кон Божјата светлина.

Патот на праведниот е пат на утрото, пат од темнина кон светлина. Библијата вели:

„Патеката на праведните е како болскава светлина, која свети сè повеќе и повеќе, дури не настане ден“ (Изреки 4:18).

И во друг превод:

„А праведничката патека е како светлината на разденувањето, што е сè појасна до полниот ден“ (Изреки 4:18; Константинов 1999).

Ова значи дека човекот што оди со Бога не мора одеднаш да разбере сè и веднаш да ја види целата полнота на светлината. Но ако остане со Бога, неговиот пат станува сè посветол. Тој расте во познавање, вера, послушност и светост.

Истата мисла ја наоѓаме и кај апостол Петар:

„А освен тоа, ние имаме нешто уште поверно, а тоа е пророчкото слово; и добро правите што нему му обрнувате внимание, како на светило што свети на темно место, додека денот осамне и Деницата засвети во вашите срца“ (2 Петрово 1:19).

Христос Себеси се нарекува Деница:

„Јас, Исус… сум… сјајната ѕвезда Деница“ (Откровение 22:16).

Значи, Божјото слово е како светило што нè води низ темнината, а Христос е Деницата што го најавува вистинскиот ден во срцето на човекот. Кога човекот го слуша Божјото слово и оди по Христос, тој оди по патот на утрото, од темнина кон светлина.

Но постои и спротивен пат, пат од светлина кон темнина. Библијата вели:

„А патот на беззакониците е како темнина; тие не знаат, од што ќе се сопнат“ (Изреки 4:19).

Кога човекот ја напушта светлината што ја примил, неговиот духовен вид постепено се замрачува. Тој сè потешко ја разликува вистината од лагата, доброто од злото и Божјата волја од сопствените желби. Тоа е духовна вечер, пат на постепено оддалечување од светлината, кој води кон темнина.

Затоа вечерта и утрото нè учат на важна духовна вистина: човекот секогаш се движи во некоја насока. Или оди кон светлината, или се оддалечува од неа. Или оди кон Христос, или се враќа кон темнината. Никој не стои духовно неподвижен.

Првиот ден како буквален ден

Последните зборови од стихот се:

„… И настапи вечер, и настапи утро – прв ден“ (Создавање 1:5).

Околу овие зборови постојат различни толкувања. Некои сметаат дека деновите на создавањето не биле буквални денови, туку долги симболични периоди, можеби години или илјадници години. Но кога внимателно ќе го разгледаме непосредниот контекст, најприродно е овие денови да ги разбереме како вистински, буквални денови.

Библијата понекогаш го користи зборот „ден“ во симболична смисла. На пример:

„Зашто пред Твоите очи илјада години се како вчерашен ден…“ (Псалм 90:4).

„Но внимавајте, возљубени, да не го изумите само тоа дека за Господ еден ден е како илјада години, а илјада години – како еден ден“ (2 Петрово 3:8).

Исто така, во пророчки контекст постои начелото „ден за година“:

„…ден за година, ден за година ти определив“ (Езекиел 4:6).

Овие стихови покажуваат дека зборот „ден“ во одредени контексти може да има симболично значење. Но тоа не значи дека секој библиски ден треба автоматски да се претвора во година или во илјада години. Секој текст мора да се разбере според својот контекст.

Ако секој библиски ден произволно го претвориме во година или во илјада години, тогаш многу библиски извештаи би станале неразбирливи. На пример, при Потопот се вели дека дождот паѓал четириесет дена и дека водата била над земјата сто и педесет дена. Ако тие денови ги претвориме во години или во илјадници години, извештајот повеќе не се согласува со самиот текст и со редоследот на настаните.

Затоа зборот „ден“ не треба да се толкува според произволно правило, туку според контекстот. Во Создавање 1 секој ден е обележан со изразот: „и настапи вечер, и настапи утро“. Овој израз го поставува денот во рамка на целосен временски циклус.

Покрај тоа, Божјата заповед за саботата директно ги поврзува шесте дена на создавањето со шесте работни денови на човекот:

„Помни го саботниот ден, за да го празнуваш; шест дена работи, и врши ги во нив сите свои работи; а седмиот ден е сабота Господова, ден на твојот Бог… Зашто за шест дена ги создаде Господ небото и земјата, морето и сè што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети“ (Излез 20:8-11).

Ако деновите на создавањето не биле вистински денови, тогаш паралелата со работната седмица би ја изгубила својата јасност. Бог му заповеда на човекот да работи шест дена и да почива седмиот, затоа што и Тој го уредил светот за шест дена и отпочинал седмиот ден.

Ова го потврдува и четвртиот ден од создавањето. Тогаш Бог ги поставува светилата на небесниот свод за да управуваат со денот и ноќта и за да ја одделуваат светлината од темнината:

„Бог создаде две големи светила: поголемо светило да управува со денот, и помало светило да управува со ноќта… и ги постави Бог на небескиот свод да ја осветлуваат земјата, и да управуваат со денот и ноќта, и да ја одделуваат светлината од темнината. И Бог виде дека тоа е добро. И настапи вечер, и настапи утро – четврти ден“ (Создавање 1:16-19).

Овој текст покажува дека Библијата зборува за ден и ноќ како реални временски делови. Светилата се поставени да управуваат со нив, а истиот образец, вечер и утро, продолжува и понатаму. Затоа четвртиот ден дополнително ја потврдува мислата дека деновите на создавањето се вистински денови, а не неопределени симболични периоди.

И самиот природен ред ни помага подобро да го разбереме изразот „вечер и утро“. Вечерта и утрото не се целиот ден сами по себе, туку граници меѓу денот и ноќта. Вечерта го означува преминот од ден кон ноќ, а утрото го означува преминот од ноќ кон ден.

Затоа, кога Библијата вели: „И настапи вечер, и настапи утро“, таа не зборува само за два кратки момента одвоени од денот и ноќта, туку за цел ден означен преку неговите граници. Во тој контекст, најприродно е деновите во создавачката седмица да ги разбереме како буквални денови.

„Еден ден“ како темел за сите наредни денови

Интересно е што во хебрејскиот текст за првиот ден не стои „прв ден“, туку „еден ден“. Наредните денови, пак, се означени како втор, трет, четврти, петти и шести ден.

Ова е значајно затоа што првиот ден ја поставува основата за разбирање на сите наредни денови. Ако првиот ден е опишан како еден цел ден, со вечер и утро, тогаш и следните денови, кои се опишани според истиот образец, треба да се разберат како вистински денови.

Библискиот извештај постојано го повторува истиот израз:

„И настапи вечер и настапи утро – втор ден“ (Создавање 1:8).

„И настапи вечер, и настапи утро – трет ден“ (Создавање 1:13).

„И настапи вечер, и настапи утро – четврти ден“ (Создавање 1:19).

„И настапи вечер, и настапи утро – петти ден“ (Создавање 1:23).

„…И настапи вечер, и настапи утро – шести ден“ (Создавање 1:31).

Затоа првиот ден ја поставува мерата. Тој е „еден ден“, а сите наредни денови се бројат по истиот ред. Ова е во склад и со Божјиот закон и со целата структура на создавачката седмица.

Што научивме денес?

  1. Во духовната смисла на библискиот извештај, светлината од првиот ден е Христос, Божјиот Син, преку Кого Бог ја открива Својата слава и ја растерува темнината на незнаењето, гревот и бунтот.
  2. Божјата оценка дека светлината е „добра“ покажува дека откривањето на Бога преку Христос има добро и спасоносно место во Божјиот план.
  3. Христос е Посредникот преку Кого созданијата можат да Го познаат Бога, да ја разберат Неговата волја и да се вратат кон Него.
  4. Бог ја оддели светлината од темнината, покажувајќи дека вистината и лагата, послушноста и бунтот, Христос и ѓаволот немаат ништо заедничко.
  5. Ова одделување нè повикува на лична одлука: дали ќе живееме како деца на светлината или ќе останеме во темнината.
  6. Амасија и Јуда нè предупредуваат дека поделено срце и оправдување на гревот можат постепено да го одведат човекот од светлина кон темнина.
  7. Утрото е слика на патот на праведните, движење од темнина кон светлина; вечерта е слика на спротивниот пат, постепено оддалечување од светлината.
  8. Изразот „и настапи вечер, и настапи утро“, заедно со „еден ден“, Божјиот закон и четвртиот ден, покажува дека деновите во создавачката седмица треба да се разберат како буквални денови.
Сподели го ова:

Поврзани статии

Пребарување

Внесете најмалку 3 букви.