КРАВЈО МЛЕКО „ДА“ ИЛИ „НЕ“

Сподели го ова:

Многумина сметаат дека здравјето доаѓа со чаша испиено млеко наутро. Дали е тоа така? Секојдневно се зголемува бројот на луѓе кои се нетолерантни на лактоза.

Мнозина професори сметаат дека проблемот со денешното кравјо млеко е тоа што кравите се чуваат во „неприродни“ услови, дека млекото неколку пати се преработува додека стигне во нашата чаша. Кога пиеме кравјо млеко, една работа треба да ни е на ум: тоа млеко е прецизно формулирано за животно кое што ќе тежи 900кг и ќе има мозок голем колку половина лубеница.

Бог прецизно ја создал природата, па затоа пропорциите на калциумот кои се потребни за развојот на едно теле се вклучени во млекото на неговата мајка. Тоа го прави кравјото млеко премногу тешко за човековиот организам. И не само тоа: телето го пие млекото директно од својата мајка, онака како што е природно создадено. Млекото што го пиеме ние е преработено: се загрева до точка на вриење, се пакува и стои во магацините и продавниците којзнае колку долго, со што тоа има многу мала сличност со она млеко што оригинално потекнува од кравите.

Модерната медицина не го смета животинското млеко за човечка храна бидејќи организмот на возрасен човек не лачи ензими кои можат да ги разложат белковините од млекото, па во желудникот се создаваат казеинати – топчиња кои ја спречуваат апсорпцијата на минерали од храната. На возрасните луѓе им се препорачува дневен внес на 900 до 1600 милиграми калциум, во зависност од животното доба и тежината на работата која ја извршуваат, но тоа не значи дека нивниот организам ќе успее да го искористи, па затоа лекарите мошне често препорачуваат да се земаат таблети од калциум кои не се така добри како калциумот од храната.
Млекото од животинско потекло содржи пурински киселини, кои не само што го оневозможуваат вградувањето на калциумот и магнезиумот во коските, туку го извлекуваат постоечкиот калциум од коските, што оди во прилог на млекото од растително потекло. Инаку, апсорпцијата на калциумот не зависи само од неговата застапеност во храната, туку и од интеракцијата со другите супстанции од намирниците што се консумираат. На апсорпцијата на калциум особено влијаат фосфорот, магнезиумот, липидите, масните киселини, белковините, јаглените хидрати и витаминот Д.

Ако не треба да консумираме млеко и млечни производи, се поставува прашањето: како ќе внесуваме калциум во нашиот организам?

Многумина сè уште веруваат дека е неопходно да се користат млечните производи во исхраната за да се внесе доволно количество на калциум. Сепак многубројните студии покажале дека калциумот од млечните производи е всушност штетен за нашите тела. Тој не се апсорбира добро, и може да формира наслаги во телото, а особено околу зглобовите, предизвикувајќи низа заболувања.

Ако е тоа навистина така, се поставува другото прашање: зошто на секој чекор гледаме и слушаме дека млекото и млечните производи треба да се составен дел од нашата секојдневна исхрана? Одговорот е едноставен: млечната индустрија е една од најголемите индустрии во светот, која врти многу пари, и без неа би пропаднале многу општества.

Освен од калциумот, човековите коски се состојат и од над 12 други минерали. Па според тоа, остеопорозата е дефинирана како „губење на минерали во коските“, а не како „недостаток на калциум“.

Научниците од универзитетот Упсал во Шведска, направиле студија со која докажале дека консумирањето на кравјо млеко ја зголемува смртноста и придонесува коските да бидат подложни на фрактури (лесно да се преломуваат и кршат).

Студијата објавена во списанието “British medical journal”, спроведена е во три круга, при што се користени податоци од две големи групи. Првата група ја сочинувале 61. 433 жени на возраст од 39 до 74 години, а другата група ја сочинувале 45. 399 мажи на возраст од 45 до 79 години.

Се установило дека кај жените кои пиеле три чаши млеко на ден ризикот на смртноста бил два пати поголем од оние кои пиеле помалку од една чаша дневно. Исто така консумирањето на повеќе млеко го зголемило ризикот од кршење на коските.

Исто така педијатарот Дејвид Лудвиг за списанието “Journal of the American medical Association Pediatrics”, пишува дека ризикот за фрактури на коските е помал во земјите кои не консумираат млеко и истакнува дека постојат други извори на калциум.

Растенијата содржат доволни количини на калциум, протеини, минерали и други хранливи материи што ќе ги задоволат нашите потреби. Она што им е потребно на нашите тела е калциум од растително потекло, а најмногу го има во следните растенија: 

  • семки: сусам и сончоглед.
  • јатки: бадеми, бразилски ореви, лешници и обични ореви.
  • зеленчук: зелка и брокула.
  • овошје: смокви, кајсии и маслинки.

За да не се грижите за процентот на афлатоксини од кравјото млеко и на организмот сепак да му обезбедите доволно калциум, пијте растително млеко за кое нутриционистите тврдат дека е многу здраво и вкусно.

Растителни млека кои можете сами да ги подготвите:

МЛЕКО ОД СУСАМ – Во блендер ставете чаша сусам, додадете чаша вода и добро сомелете/измешајте. Постепено додадете уште три чаши вода. Ако сакате, во процеденото млеко можете да додадете малку екстракт од ванила, малтекс, суво овошје или банана. Ќе внесете 783 мг. калциум.
МЛЕКО ОД БАДЕМ – Ставете чаша бадеми во зовриена вода, па извадете ги после 10 секунди. Оставете да отстојат 2-3 минути на чиста крпа, излупете ги и ставете ги во блендер. Додајте четири чаши студена вода и лажица малтекс или шеќер, па добро измешајте. Процедите и пијте. Ќе внесете 412,5 мг. калциум.
МЛЕКО ОД ПЧЕНИЦА – Пола чаша суво грозје потопете во четири чаши вода и оставете го добро да набабри. Една чаша пченични ‘ркулци мелете ги со малку вода 2 минути во блендер, процедите низ густа цедилка, па вратете ги повторно во блендер. Додадете суво грозје и водата во која набабрувало, измешајте, процедите и пијте. Ќе внесете 77 мг. калциум.
МЛЕКО ОД ОРЕВИ – Во блендер измешајте чаша ореви и чаша вода, па постепено долевајте три чаши вода. Матите уште 2 минути, процедите и засладете по желба. Ќе внесете 70,95 мг. калциум.
ОРИЗОВО МЛЕКО – Овој лесно сварлив напиток, со исклучителна нутритивна вредност, се препорачува во исхраната на оние кои имаат зголемен холестерол или не поднесуваат лактоза од кравјо млеко или протеини од соино млеко, а лесно се подготвува. Во лонец сипете 10 чаши вода и чаша интегрален ориз, поклопете и оставете да зоврие. Намалете ја температурата и на тивок оган варете уште половина час. Готовата смеса оставете да се олади и процедите ја низ газа. Млекото може да го засладите со малтекс или шеќер. Ќе внесете 32,4 мг. калциум.
КОКОСОВО МЛЕКО – Во пола литар вода сипете 200 грама кокосово брашно, оставете да отстои еден час, па измешајте во блендер. Процедите низ газа, засладете го по желба и пијте. Ќе внесете 26 мг. калциум.

Сподели го ова:

Слични објави