Во претходното проучување ги разгледавме првите два стиха од шестата глава на Создавање. Видовме дека непосредно пред Потопот „синовите Божји“, односно потомците од лозата на Сит, поради гордоста почнале да се оддалечуваат од Бога, а тоа станало причина за нивниот пад:
„Пред погибел гордоста врви, и пред паѓање – надменоста“ (Изреки 16:18).
Во својата гордост тие духовно се израмниле со каинитите. Тоа довело до нивно зближување преку бракови што не биле по Божја волја. Таквите бракови биле опасни затоа што, заради брачниот другар, верниот човек постепено ја принесувал „на жртва“ својата вера во Бога и почитувањето на Неговите начела. А кога Бог се заменува со нешто или со некого, тоа, во најмала рака, претставува облик на идолопоклонство.
Токму ова зближување на потомците од лозата на Сит со каинитите, преку бракови што не биле по Божја волја, го продолжило нивниот духовен пад и го отворило патот кон сè подлабока морална расипаност. Од овој момент, кој го опишува расипувањето на претпотопниот свет, ќе го продолжиме нашето истражување.
Денес предмет на нашето проучување ќе биде еден стих:
„И рече Господ: ’Духот Мој нема вечно да ги одржува во живот луѓето, зашто тие се плот; деновите нивни нека им бидат сто и дваесет години’“ (Создавање 6:3).
Пред да преминеме на разгледување на овој стих, важно е да се забележи дека различни библиски преводи ја пренесуваат неговата смисла со различни нијанси. Во некои преводи стои дека Божјиот Дух „нема вечно да ги одржува во живот луѓето“, додека во други дека Божјиот Дух „нема вечно да се бори со човекот“ или „нема вечно да дејствува врз човекот“. Овие значења не си противречат. Тие ја истакнуваат истата вистина: Божјото трпение, Неговото дејствување врз човекот и времето на милост што му е дадено нема да траат бескрајно.
Уште еднаш ќе го насочам вашето внимание на тоа дека во шестата глава на Создавање станува збор за луѓе, а не за ангели. Тоа го потврдува и стихот што го истражуваме. Откако „синовите Божји“ се поврзале со „ќерките човечки“, Бог изговара зборови што се однесуваат на луѓето, а не на ангелите:
„И рече Господ: ’Духот Мој нема вечно да ги одржува во живот луѓето, зашто тие се плот…“
Ова се многу интересни зборови од Писмото. Мислам дека секој од нас може да има свое разбирање за нив, но кога внимателно ќе го разгледаме самиот библиски текст, ни се открива подлабокото значење на напишаното. А тоа значење има повеќе различни аспекти.
Првиот аспект е следниов: човекот е создаден како суштество со телесна и духовна страна. Тој е создаден од земен прав, што ја покажува неговата телесна природа; но Бог го обдарил и со способност да го спознава божественото преку совест, морал и разум. Тоа е неговата духовна страна.
Целата суштина на човековата слобода на избор се гледа во тоа која природа ќе стане доминантна кај него. Ако доминира духовната природа, човекот живее според Божјите барања, во послушност кон Бога. Но ако доминира телесната природа, тогаш човекот живее по своја волја, воден од своите желби.
Разбирливо е дека луѓето кои склучувале бракови што не биле по Божја волја не живееле според Божјите начела, туку според желбите на своето грешно „јас“. Таквиот начин на живот довел до сè поголема морална расипаност, која достигнала такво ниво што се појавиле и хомосексуализам и полови односи со животни. Бог јасно открил каков треба да биде животот на човекот во сите области, вклучувајќи ги и брачните и половите односи.
Со овие постапки, кои биле спротивни на Божјата волја, претпотопните луѓе покажувале дека во животот не се водат од божествените начела, туку од своите грешни желби, односно од својата телесна природа. Гледајќи го тоа, Бог ја донесува Својата одлука. Имено, Божјиот Дух влијае врз духовната страна на човекот и е поврзан со неа, како што е кажано во Писмото:
„Самиот Дух му сведочи на нашиот дух дека ние сме чеда Божји“ (Римјаните 8:16).
Овој Дух, односно влијанието на Божјиот Дух врз човекот, повеќе нема да продолжи да влијае врз него. Тоа значи дека Бог го остава човекот да оди по своите лични желби и повеќе не го спречува на патот што самиот го избрал:
„Затоа и Бог, според желбите на срцата нивни, ги предаде на нечистота, па сами да си ги обесчестуваат своите тела. Тие ја заменија вистината Божја со лага и му се поклонија и му служеа на создаденото повеќе отколку на Создателот, Кој е благословен во вечни векови. Амин! Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: жените нивни природните потреби ги заменија со противприродни. И мажите исто така, напуштајќи го природното општење со женскиот пол, се распалија со желби еден кон друг, и вршеа срамни работи мажи со мажи, добивајќи ја заслужената отплата за својата изопаченост. И бидејќи не се обидоа да Го задржат Бога во разумот свој, затоа Бог ги предаде на нивниот изопачен ум – да го прават она што не прилега“ (Римјаните 1:24-28).
Бог сакал да го води човекот по духовниот пат, но за тоа било потребно човекот да го слуша Бога и да го прифати Неговото водство. Тоа значи дека човекот, под Божјо влијание, требало да расудува што е добро, а што зло, и да се држи за доброто.
Бог, како праведен Судија кој дејствува врз духот на човекот, сакал да му помогне да донесува правилни одлуки што ќе станат упатство за неговиот живот. Ако луѓето го слушале Божјиот глас, немало да склучуваат бракови со отпадниците, а уште помалку би паднале во хомосексуализам и полови односи со животни.
Но, со таквите постапки тие со својата волја го потиснувале Божјото влијание во себе. А оние што упорно не сакаат да живеат според Божјите начела, Бог ги препушта самите на себе, на животот што самите го избрале, според нагонот на телесната природа. Така, тие самите со своите дела се водат кон пропаст:
„Но, поради твојата тврдокорност и непокајаното срце си собираш гнев за денот на гневот, кога ќе се открие праведниот суд од Бога, Кој секому ќе му даде според неговите дела: живот вечен на оние кои со трпение во добрите дела се стремат кон слава, чест и нераспадливост; јарост, пак, и гнев на оние што и се непокорни на вистината, а и се покоруваат на неправдата“ (Римјаните 2:5-8).
Важно е да се забележи дека човекот, кога Бог ќе го остави, најчесто и не знае дека е оставен од Него. Причината е во тоа што не станува збор за видливи, туку за духовни работи, кои стануваат видливи дури подоцна.
Таков пример гледаме во животот на Самсон. Тој долго си играл со гревот и постапувал спротивно на Божјата волја. Барал блискост и интимни односи со жени од непријателскиот народ, односи што не биле по Божја волја. На крајот, тој ѝ ја открил тајната на својата сила на Далила, а неговите непријатели го искористиле тоа.
Но забележете: Самсон дури и не помислувал дека Бог може да отстапи од него. Тоа го сфатил дури тогаш кога Филистејците го совладале, односно кога духовното и невидливото станало видливо:
„И тој и го откри целото свое срце, велејќи и: ’Бербер не се допрел до главата моја, зашто јас сум назир Божји од мајчината си утроба: ако ме истриже некој, ќе ме напушти силата моја; јас ќе ослабам и ќе бидам како другите луѓе.’ Далила, откако виде дека тој и го откри целото срце свое, испрати и ги повика филистејските кнезови, велејќи им: ’Дојдете сега; тој ми го откри целото срце свое.’ И тие дојдоа кај неа и донесоа сребро во рацете свои. И Далила го успа на колената свои, па повика еден човек, та му заповеда да ги истриже седумте плетенки на главата негова. И тој почна да ослабува, и силата негова го напушти. Таа тогаш рече: ’Филистејците доаѓаат против тебе, Самсоне!’ Тој се разбуди од сонот свој и рече: ’Ќе одам, како и порано, и ќе се ослободам.’ Но не знаеше дека Господ отстапил од него. Филистејците го фатија и му ги извадија очите, го доведоа во Газа, го оковаа со две бакарни вериги и го тераа да меле жито во затворот“ (Судии 16:17-21).
Така се случува кога човекот свесно греши против вистината. Тогаш Бог го остава со изборот што самиот го направил, а човекот не сфаќа дека неговите мисли и чувства веќе се обликувани од гревот.
Таквиот човек погрешно мисли дека неговите мисли и неговиот внатрешен глас доаѓаат од Бога. Но во реалноста тоа не е така, како што е кажано во Писмото:
„Има патишта, кои на човек му изгледаат прави, но крајот нивни води во смрт“ (Изреки 14:12).
Суштината е ова: кога Бог влијае врз човекот, врз неговиот дух и совест, тогаш неговите мисли и неговиот внатрешен глас се под влијание на Божјиот Дух, и тоа станува упатство за неговите постапки. Но кога Бог ќе го остави човекот без влијанието на Својот Дух, човекот и понатаму има совест и внатрешен глас, но тие веќе не се водени од Божјиот Дух.
За човекот тоа се случува незабележливо, затоа што нема надворешни знаци дека Бог престанал да влијае врз него. Тој ќе биде воден од гревот, а притоа ќе мисли дека е воден од Бога. Христос, говорејќи за отпадниците, особено за отпадниците од последното време, кои ќе го прифатат законот за неделата, односно обележјето на ѕверот, а потоа ќе донесат и смртен декрет против верните на Бога, рекол:
„… ќе настапи време кога секој што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба“ (Јован 16:2).
Забележете: тие биле водени од сатаната, а притоа мислеле дека ги води Бог. Токму во тоа се состои фаталната измама.
Кај претпотопните луѓе, во овој случај зборуваме за потомците од лозата на Сит, а не за каинитите, бидејќи тие одамна свесно го отфрлиле Бога. Потомците од лозата на Сит, соединувајќи се со каинитите преку бракови, а потоа стигнувајќи до хомосексуализам и полови односи со животни, исто така не знаеле дека Божјото влијание ги напушта. Напротив, сметале дека, како и во деновите на нивната верност кон Бога, сè уште се под влијание на Божјиот Дух.
Токму затоа ја отфрлиле веста на Ное за Потопот: сметале дека се доволно духовни и способни да разберат што е од Бога, а што не. Затоа Христос и рекол за претпотопните луѓе:
„Зашто, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден кога Ное влезе во ковчегот, и не сфатија додека не дојде потопот и истреби сè – така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки“ (Матеј 24:38,39).
Еден од аспектите на разбирањето на стихот што го истражуваме е следниов: луѓето сè повеќе грешеле, односно живееле според својата телесна природа, отфрлајќи ја духовната страна и Божјото влијание. Гледајќи го тоа, Бог донел одлука: бидејќи човекот свесно се противи на влијанието на Божјиот Дух, Бог го препушта самиот на себе, на неговиот избор, и престанува да влијае врз неговата совест:
„И рече Господ: ’Духот Мој нема вечно да ги одржува во живот луѓето, зашто тие се плот…“
А без влијанието на Божјиот Дух, кога човекот останува само под власта на својата телесна природа, како што веќе зборувавме повеќе пати, тој се спушта на ниво на животно, кое не живее според морални начела, туку според телесниот нагон. Човекот паднал сам, но со себе ги повлекол и животните што му биле доверени.
Затоа претпотопниот свет паднал толку ниско што Бог рекол:
„А земјата се израсипа пред лицето на Бога, и се исполни со неправда. И погледна Бог на земјата, и ете – таа беше расипана: бидејќи секое суштество беше се отклонило од својот пат на земјата“ (Создавање 6:11,12).
Гледајќи го ова расипување на човештвото, Бог му одредил време на благодат, сто и дваесет години:
„И рече Господ: ’Духот Мој нема вечно да ги одржува во живот луѓето, зашто тие се плот; деновите нивни нека им бидат сто и дваесет години.’“
Од овој пример гледаме дека, иако Бог во Писмото е наречен долготрпелив и многумилостив, тоа не значи дека Неговата милост и долготрпеливост немаат граница. Таа граница постои, само ние, луѓето, не знаеме каде е.
На претпотопниот свет таа граница му била одредена во период од сто и дваесет години. А колку време Бог им оставил на луѓето пред Второто доаѓање, со оглед на нивното морално распаѓање, не знаеме. Но јасно е дека времето нема да трае бесконечно, зашто Христос рекол:
„Но, како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки“ (Матеј 24:37).
Сакам да забележам дека пред Потопот последниот рок почнал да се одбројува од моментот кога верните луѓе почнале да се соединуваат со грешниците и да се изедначуваат со нив.
Ако фрлиме краток поглед на историјата, можеме да го видиме следново: според пророштвата на Писмото, требало да настапи мрачниот среден век и власта на папството, која траела 1260 пророчки денови, односно 1260 буквални години. Овој период во Писмото е означен како „време, времиња и половина време“, како три и пол пророчки години, или како 42 месеци. Во тој период папството ги прогонувало оние што му останале верни на Бога и се обидело да го измени Божјиот закон, особено заменувајќи ја саботата со недела:
„Нему му се даде уста што зборуваше големи зборови и богохулства; и му се даде власт така да прави четириесет и два месеци. Тогаш ја отвори устата за хулење против Бога за да го навредува името Негово, живеалиштето Негово и оние што живеат на небото. И му се даде да војува против светиите и да ги победи; му се даде власт над секое колено, јазик и народ“ (Откровение 13:5-7).
„Тој ќе хули на Сèвишниот, ќе ги сотрува Светите на Сèвишниот; ќе помислува да ги измени времињата и Законот, и Светите ќе бидат предадени во негови раце за едно време и за две времиња и за половина време“ (Даниел 7:25).
Но потоа, според пророштвата на Писмото, настапила зората на Реформацијата. На луѓето постепено им била вратена Божјата реч и вистините што папството долго време ги сокривало од нив. Вистината се откривала постепено, затоа што човек кој долго време бил во темнина не може веднаш да прими силна светлина. Ако таа светлина му се даде одеднаш, таа нема да му донесе корист, туку може да го заслепи.
Затоа Бог постепено ја откривал светлината. Прво преку Мартин Лутер и лутеранците, потоа преку Жан Калвин и презвитеријанците, потоа преку Џон Смит и баптистите, а потоа преку Џон Весли и методистите. Секој од основачите на овие движења во Писмото откривал по една вистина што папството ја сокрило од луѓето, а која претходно Христос им ја открил на Своите апостоли и на апостолската црква.
Последното движење во протестантството бил адвентизмот, кој ја разбрал книгата на Даниел, книгата што, според пророштвото, била запечатена до времето на свршетокот:
„А ти, Даниеле, пази ги во тајност овие зборови и запечати го овој книжен свиток до времето на свршетокот“ (Даниел 12:4).
„Тој рече: ’Оди Даниеле, овие зборови се тајна и запечатени се до времето на свршетокот…’“ (Даниел 12:9).
„И видов друг силен ангел како слегува од небото, обвиен со облак, над главата виножито, а лицето негово беше како сонце, додека нозете како огнени столбови; во раката своја тој држеше отворена книшка; и ја постави својата десна нога над морето, а левата – над земјата“ (Откровение 10:1,2).
„И ангелот, кого го видов како стои над морето и над земјата, крена рака кон небото и се заколна во Оној Кој живее во вечни векови и Кој го создал небото и сè што е на него, земјата и сè што е на неа, и морето и сè што е во него – дека не ќе има веќе време“ (Откровение 10:5,6).
Во книгата на пророкот Даниел е кажано дека пророштвата на оваа книга се запечатени, односно дека нема да бидат разбрани до времето на свршетокот. Во книгата Откровение читаме за ангел, односно Божји весник, кој доаѓа на земјата со мала отворена книшка, каква што е книгата на Даниел, и објавува дека „не ќе има веќе време“. Со тоа се покажува дека настапило времето за кое зборувал Даниел и дека дошол моментот кога пророштвата од неговата книга треба да бидат разбрани.
Верните проучувачи на Писмото во деветнаесеттиот век, проучувајќи ги овие пророштва, дошле до разбирање на книгата на Даниел и на нејзините временски пророштва. Тие увиделе дека во 1844 година завршил последниот и најдолг пророчки период спомнат во книгата на Даниел и дека на небото започнал истражниот суд, опишан со следните зборови:
„Видов најпосле дека се поставија престоли и седна Старец; облеклото му беше бело како снег, а косата на главата Негова како чиста волна; престолот Негов личеше на огнен пламен, со тркала како оган што пламти. Река огнена излегуваше и минуваше пред Него; илјада илјади му служеа, и десетина илјади по десет илјади стоеја пред Него; седнаа судиите и книгите се отворија“ (Даниел 7:9,10).
Благодарение на вистината за истражниот суд на небото, кој се одвива во Небесното светилиште, каде што Христос стои пред Бога како наш Застапник и Првосвештеник, адвентистите дошле до разбирање и на други вистини што со векови биле сокриени од луѓето. Меѓу нив се вистината за Божјиот закон и потребата од негово почитување, вклучувајќи ја и заповедта за саботата, како и вистината за едниот Бог Отец и Неговиот Син Исус Христос.
За учењето за Тројството, Катехизмот на Католичката црква вели:
„Тајната на Пресветото Тројство е централната тајна на христијанската вера и живот. Затоа таа е извор на сите други тајни на верата и светлина што ги осветлува. Тоа е најосновното и најсуштинското учење во хиерархијата на вистините на верата.“ — Катехизам на Католичката црква, член 234.
Според ова гледиште, низ вековите во христијанството биле внесени учења што не потекнуваат од Писмото, меѓу кои се наведуваат Тројството, светоста на неделата и обожувањето на слики и многу други учења. Бог постепено ја обновувал Својата вистина преку протестантските движења: лутеранците, презвитеријанците, баптистите, методистите и адвентистите. Преку секое од овие движења Бог откривал дел од вистината. Секоја наредна заедница ја прифаќала светлината што веќе била откриена и, продолжувајќи понатаму во проучувањето на Писмото, откривала уште поголема светлина.
Така, во деветнаесеттиот век, преку адвентното движење повторно биле откриени сите оние вистини што Христос им ги открил на Своите апостоли и на апостолската црква. Тоа се случило на почетокот на времето што Бог во Својата Реч го нарекува „крајот на времето“ или „последно време“, кога, преку проучувањето и разбирањето на книгите Даниел и Откровение, биле разјаснети пророштвата што дотогаш не биле целосно разбрани.
Во деновите на Ное, Бог им одредил на луѓето последен период на милост од 120 години. Во тоа време постоела Божја вест за покајание и спасение во ковчегот. Тоа била спасоносната вистина за нивното поколение. Христос рекол дека деновите на Ное и последните денови на човечката историја ќе бидат слични. Оттука следува дека и во последните денови Бог ќе има последна вест за спасение упатена до целиот свет.
Во книгата Откровение оваа последна вест е претставена како вечното евангелие што треба да им се објави на сите жители на земјата. Тоа е троангелската вест. Таа го опишува Божјиот народ и неговите обележја, зборува за почетокот на истражниот суд на небото, ги разобличува лажните учења и предупредува на наметнувањето на белегот (жигот) на ѕверот. По објавувањето на оваа вест следува Христовото второ доаѓање:
„И видов друг ангел како лета среде небото, кој имаше вечно Евангелие, за да им благовести на жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ. Тој зборуваше со висок глас: ’Имајте страхопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној Кој ги создал небото и земјата, морето и водните извори!’ И друг ангел се појави по него, велејќи: ’Падна, падна Вавилон, големиот град, зашто сите народи ги напои со жестокото вино на своето блудство’ И трет ангел по него наиде, зборувајќи со висок глас: ’Кој ќе му се поклони на ѕверот и на бистата негова, и прими белег на челото свое или на раката своја, тој ќе пие од виното на јароста Божја, вино неразводнето, излеано во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде мачен со оган и сулфур пред светите ангели и пред Јагнето. Димот од мачењето нивно ќе се издига во сите векови; нема да имаат мир ни дење, ни ноќе оние што ќе му се поклонат на ѕверот и на неговата биста, и што ќе го примат белегот на неговото име!’ Тука е трпението на светиите; тука се оние што ги пазат заповедите Божји и верата во Исус. Чув глас од небото како да ми вели: ’Напиши – блажени се мртвите кои отсега умираат во Господ! Да – вели Духот – нека се одморат од трудот свој, зашто делата нивни ги следат!’ И видов: ете, светол облак, и на облакот седеше сличен на Синот Човечки; на главата Своја Тој имаше златен венец, а во раката – остар срп“ (Откровение 14:6-14).
И еве до каков заклучок доаѓаме: ако во деветнаесеттиот век била откриена целосната вистина, тогаш оние што ја примиле таа вистина и ја примаат до денес, со вера го следат својот Застапник Исус Христос во Небесното светилиште. Тоа е светилиштето што Тој им го отворил на верните кои ги истражуваат пророштвата од книгата на Даниел.
Оние што ја примаат оваа вистина стануваат Божји чеда, Негов народ. А оние што ја отфрлаат, покажуваат дека не му припаѓаат на Неговиот народ. За тоа читаме во Откровение:
„И ми се даде мерна трска слична на жезол, и ми се рече: ’Стани и измери го Божјиот храм и жртвеникот и оние што се поклонуваат во него. А дворот пред храмот остави го и не мери го, бидејќи им е даден на незнабошците…’“ (Откровение 11:1,2).
„И на ангелот на Филаделфиската црква напиши му: вака вели Светиот, Вистинитиот, Оној, Кој го има клучот Давидов, Кој отвора, и никој не може да затвори, – и Кој затвора, никој не може да отвори: ги знам делата твои. Ете, ти дадов отворена врата, што никој не може да ја затвори; ти имаш мала сила и сепак го запази словото Мое, и не одречувај се од името Мое. Ете, ќе направам некои од сатанската синагога – оние што велат дека се Јудејци, а не се, туку лажат, – да дојдат и да се поклонат пред нозете твои и да познаат дека Јас те засакав“ (Откровение 3:7-9).
Во деветнаесеттиот век Бог ја открива полнотата на вистината, и настапува последното време, слично на последното време во деновите пред Потопот. Оние што ја примаат полнотата на вистината стануваат Божји синови, односно Негов народ, а оние што ја отфрлаат остануваат луѓе што не ја прифаќаат вистината и не живеат според Божјите начела, туку според своите желби, човечки преданија, учења и доктрини.
Сè се повторува како во деновите пред Потопот. Но сличноста со деновите пред Потопот не завршува тука. Во деновите пред Потопот, Божјите чеда се измешале со човечките чеда, и тоа довело до духовна и морална деградација, која завршила со уништување на човештвото преку водите на Потопот. Спасен бил само верниот Божји остаток, Ное и неговото семејство.
Во последните денови, односно во нашето време, се одвива сличен процес на деградација. Тоа се случува преку соединување на Божјите чеда, односно оние што ја спознале вистината, со човечките чеда, односно со оние што живеат според човечки преданија, традиции, суеверија и лажно толкување на Писмото.
Ова соединување не се гледа само во склучувањето бракови што не се по Божја волја, туку и во прифаќањето и оправдувањето на хомосексуализмот, идолопоклонството и светоста на паганскиот ден на обожување на сонцето, односно неделата, наместо библиската сабота.
Постои уште една паралела меѓу нашето време и времето на Ное. Во деновите на Ное, Божјите синови стапувале во брак со ќерките човечки, односно со оние што не живееле според Божјите заповеди, туку според човечките преданија. Само Ное и неговото семејство останале верни на Бога, и Бог ги спасил.
Во книгата Откровение, кога се зборува за верниот Божји остаток, е кажано:
„Тука е трпението на светиите; тука се оние што ги пазат заповедите Божји и верата во Исус“ (Откровение 14:12).
„Тие се оние што не се осквернија со жена, бидејќи се девствени; тие се оние што го следеа Јагнето каде и да оди, Тие се откупени меѓу луѓето, првенци на Бога и на Јагнето“ (Откровение 14:4).
Книгата Откровение е пророчка книга, и затоа зборот „жена“ во неа има симболично значење. Тој ја претставува црквата, односно верните луѓе на Бога. Тие нема да се осквернат со лажните човечки учења со кои денес се исполнети црквите што отпаднале од Бога и од Писмото. Но, за жал, таквите ќе бидат малку.
На пример, лутеранците се соединиле со папството и го отфрлиле она што Лутер во свое време го открил и за што се борел. Истото се случило и со презвитеријанците, баптистите и методистите. Би сакал да кажам дека само адвентистите останале верни на Бога, но не можам да го кажам тоа, затоа што, за жал, и тие го прифатиле папското учење за Тројството, против кое биле пионерите на адвентизмот. Покрај тоа, на римскиот папа му подариле златен медал.
Но тоа не е сè што направила адвентистичката организација. Слично на лутеранците, презвитеријанците, баптистите и методистите, и адвентистите отворено се зближуваат со папството и без срам пишуваат за тоа во своите изданија:
„Ние треба повторно да размислиме за зближувањето со нашите пријатели — римокатолиците. Како можеме ние, како христијани, да ја отфрлиме подадената рака? Како можеме да кажеме дека тие се антихристи, кога тие покажуваат такво вистинско христијанско однесување? Дали тоа многу ве впечатува? Се надевам дека така ќе биде! Се надевам дека ќе бидете потресени токму затоа што ние треба да тежнееме кон ново, пољубезно и попријателско однесување кон овој возљубен народ“ (Present Truth, бр. 3, 1968, стр. 13, цитирано во Патот на адвентистите, стр. 144).
„Точно е дека во историјата на Црквата на адвентистите од седмиот ден имаше период кога таа имаше изразито антикатоличка гледна точка… Сепак, таквиот однос на Црквата беше само широко пројавување на антипапски расположенија меѓу конзервативните протестантски конфесии на крајот од минатиот и почетокот на овој век. Што се однесува до Црквата на адвентистите од седмиот ден, таквиот однос беше испратен на ѓубрето на историјата“ (Нил К. Вилсон, Reply Brief for Defendants, стр. 4; Мерикеј Маклауд, Docket entry бр. 84, Equal Employment Opportunity Commission vs. Pacific Press Publishing Association and General Conference, Civil Case 74-2025-CBR, 6 февруари 1976 година).
Црквата на АСД учествувала во екуменска средба во Лима, Перу, чија цел била да се постигне теолошко приближување во врска со крштевањето, евхаристијата и службата. На задната страна од насловниот лист на текстот објавен по оваа средба може да се прочита:
„Оваа изјава претставува голем чекор напред во екуменската работа. Текстот за крштевањето, евхаристијата и службата е резултат на процес на проучување и консултации што траел пет години и претставува теолошко приближување постигнато преку дијалог под водство на Светиот Дух. Околу сто теолози се собраа во јануари 1982 година во Лима, Перу, и едногласно ги препорачаа одредбите на оваа декларација — текстот од Лима — за општо проучување и официјален одговор од црквите. Беа застапени речиси сите главни цркви: источната православна, римокатоличката, старокатоличката, лутеранската, англиканската, реформатската, методистичката, унијатската, конгрегационалната, баптистичката, адвентистичката и пентекосталната. Одговорите на црквите на оваа декларација претставуваат важен чекор во екуменскиот процес на ‘прифаќање’“ (Baptism, Eucharist and Ministry, World Council of Churches Publications).
Во 1988 година било објавено:
„Во првата недела од секој месец католичката црква ќе служи миса во адвентистичката црква во Силвер Спрингс напладне. Ова ќе се одржува во првата недела од секој месец, почнувајќи од 1 мај“ (Mason Valley News, 29.05.1988, стр. 3).
Во јули 1990 година, група адвентисти испратиле по пошта голем број брошури под наслов Соединетите Американски Држави во пророштвото. Оваа брошура е дел од книгата Големата борба од Елена Г. Вајт. Сепак, Ширли Бартон, раководител на оддел при Генералната конференција и официјален претставник на организацијата АСД, ја нарекла оваа брошура „ѓубре“ и изјавила дека „оние што ја објавиле“ не се официјална организација на нивната конфесија (Mason Valley News, 1990, стр. 16).
Покрај тоа, Бартон се извинила пред градот Индијанаполис за овој случај, велејќи:
„Сакам нашите браќа од Индијанаполис да знаат дека ова не е официјален став и дека не е поддржано од Црквата на АСД. Мора да му се извиниме на градот. Има многу групи на адвентисти од седмиот ден, и некои од нив поддржуваат екстремистички идеи… Ваквите работи нè сведуваат на ниво на култ, а тоа не сме“ (Mason Valley News, 1990, стр. 16).
Што го предизвикало ваквото однесување? Од 6 до 14 јули 1990 година, Црквата на АСД го одржала својот 55-ти Генерален конгрес, на кој Генералната конференција поканила и официјален претставник на Ватикан, Томас Џ. Марфи. На ова заседание биле потврдени односите на соработка меѓу двете цркви. За тоа, две недели по конгресот, известил и католичкиот весник од Арканзас:
„Сепак, мнозинството во адвентистичката црква се оддалечи од својата поранешна антикатоличка позиција. Новата позиција на соработка со Католичката црква беше потврдена со поканата што Адвентистите на седмиот ден му ја упатија на Ватикан да испрати официјален набљудувач на конгресот“ (Arkansas Catholic, 29.06.1990, стр. 8).
Овие податоци се доволни за да се разбере во каква насока се движи оваа црква. Затоа Елена Вајт, зборувајќи за последните настани, напишала дека на крајот од времето ќе се појави движење составено од луѓе што ќе му останат верни на Бога во објавувањето на последната вест до човештвото, троангелската вест. Ова движење симболично е претставено со ангелот од осумнаесеттата глава на Откровението:
„Затоа овде станува збор за движење кое симболично е претставено со ангел кој слегува од небото, ја осветлува земјата со својата слава и со силен глас ги објавува гревовите на Вавилон. Сообразно со неговата вест, се слуша повикот: ’Излезете од неа, народе Мој!’ Овој повик, заедно со третата ангелска вест, го сочинува последното предупредување кое треба да им се упати на жителите на Земјата.“
(Големата борба, 604).
Иако ова е тешка тема, фактите што беа наведени не можат лесно да се занемарат. Тие покажуваат дека раководството на АСД зачекорило по пат на отстапување од вистината, а уште потажно е што по тој пат повлекува и многумина од верниците. Наместо да го следат Христос преку она што е напишано во Божјото Слово, многумина почнуваат да се потпираат на човечки авторитет, човечки преданија и одлуки на црковни раководства.
Последното Божјо движење ќе ја објави оваа вест со сила и слава по целата земја:
„А по ова видов како слегува од небото друг ангел кој имаше голема власт: и земјата светна од неговиот болскот. И извика силно, зборувајќи со висок глас: ’Падна, падна великиот Вавилон, и стана ѓаволско живеалиште и засолниште на секаков нечист дух, врталиште на сите нечисти и гадни птици; зашто со отровното вино на своето блудство ги напои сите народи. И царевите земни блудствуваа со неа, а трговците земни се збогатија од нејзината голема раскош!’ И чув друг глас од небото како вели: ’Излезете од неа, луѓе Мои, за да не соучествувате во гревовите нејзини, и да не добиете од казните нејзини’“ (Откровение 18:1-4).
Ова движење ќе го оформи Самиот Бог, а не човек. Само Бог го избира Својот остаток, како што и Ное бил избран од Бога. Секој може да тврди дека му припаѓа на остатокот, но вистински Божји остаток може да биде само оној што е целосно послушен на Бога.
Секој верник треба да тежнее кон светост и кон целосна послушност на Бога. Но дали некој ќе биде дел од ова последно движење на верните Божји луѓе, тоа го решава Бог, и само Бог, а не човек, колку и да се смета себеси за праведен.
Како што гледаме, постојат јасни паралели меѓу нашето време и деновите на Ное, вклучувајќи го и отпаѓањето на оние што некогаш му биле верни на Бога и нивното мешање со отпадниците. Овој процес трае веќе со децении, а на претпотопниот свет му биле дадени сто и дваесет години. Тоа ни покажува дека останало многу малку време.
Во никој случај не треба да се одредуваат датуми за Христовото доаѓање. Според Писмото, тој датум не му е откриен на ниту еден човек. Измислувањето датуми е грев против Бога и против луѓето.
Проучувањето на Писмото и споредувањето на библиските паралели покажуваат дека човештвото се наоѓа во завршните настани на историјата на овој свет. Наскоро, многу скоро, Христос ќе дојде и ќе му стави крај на гревот и на отстапништвото од вистината.
А најтажно е тоа што отпадниците од вистината остануваат без влијанието на Божјиот Дух, но притоа се длабоко убедени дека ги води Бог. Тоа е фатална измама, која измамените може да ги чини вечноста!
Да го разгледаме и вториот аспект на вистината од пасусот што го истражуваме.
Првиот аспект се однесува на влијанието на Бога, преку Неговиот Дух, врз духот на човекот, а вториот зборува за Самиот Бог и за Неговата одлука во врска со судбината на човештвото.
Гледајќи го моралното распаѓање и деградацијата на човештвото, Бог вели дека не може бескрајно долго да ја одложува казната што луѓето веќе ја заслужиле со своите дела.
Односно, овој текст ни го открива односот меѓу Божјата милост и Божјата правда. Оваа мисла не ни е туѓа, бидејќи луѓето се создадени според Божјиот образ и подобие, со разум и слобода на избор. Добро знаеме што значи борбата меѓу милоста и правдата, особено кога станува збор за луѓе што ни се блиски и драги. Се трудиме да покажуваме милост колку што е можно подолго, надевајќи се дека виновниот ќе се промени. Но доаѓа момент кога станува јасно дека милоста повеќе не му помага на човекот, туку му овозможува да продолжи по истиот пат. Тогаш станува очигледно дека правдата мора да го заземе своето место.
Во суштина, Бог вели дека не може бескрајно долго човекот да греши и да паѓа сè подлабоко, а Тој постојано да го поштедува од последиците на неговите дела. Човекот е плот, односно слабо и зависно суштество, а сепак често се однесува како да е самодоволен и независен од Бога.
Тука се крие една длабока мисла. Ако човекот, и покрај својата слабост и ограниченост, успеал да предизвика толку зло, што би се случило кога би имал уште поголема моќ? Што би правел човекот во својата морална деградација ако беше бесмртен и посилен отколку што е сега? Страшно е дури и да се замисли, кога ќе се погледне што веќе направил на земјата.
Затоа Бог во стихот што го истражуваме вели дека Неговата милост кон грешниците нема да трае бескрајно и дека ќе дојде денот на праведниот суд. Но пред тој ден да настапи, иако човештвото веќе заслужило казна со своите дела, Бог му дава последна можност за покајание. Времето на благодат го ограничува на сто и дваесет години:
„И рече Господ: ’Духот Мој нема вечно да ги одржува во живот луѓето, зашто тие се плот; деновите нивни нека им бидат сто и дваесет години’“ (Создавање 6:3).
Односно, Бог го одложил праведното казнување на човештвото за сто и дваесет години. Многу е важно да се разбере дека дури и кај многумилостивиот Бог доаѓа момент кога времето на милост завршува и настапува праведниот суд над виновните:
„Ти Ме остави, вели Господ, отстапи; затоа, ќе ја протегнам Својата рака врз тебе и ќе те погубам; се уморив, простувајќи ти“ (Еремија 15:6).
Некои сметаат дека во стихот што го истражуваме Бог го скратил животниот век на сите луѓе на сто и дваесет години, бидејќи пред тоа тие живееле речиси илјада години. Но ова гледиште е спротивно на она што го читаме понатаму, по Потопот, за долговечноста на луѓето:
„Ова е родословието на Сим: Сим имаше сто години кога го роди Арфаксад, две години по потопот. И откако го роди Арфаксад, поживеа Сим петстотини години, раѓајќи синови и ќерки. Арфаксад поживеа сто триесет и шест години и го роди Каинан. По раѓањето на Сала, Арфаксад живееше уште триста и триесет години, раѓајќи синови и ќерки. Сала поживеа сто и триесет години и го роди Евер. А, откако го роди Евер, Сала поживеа триста и триесет години, раѓајќи синови и ќерки“ (Создавање 11:10-15).
Според тоа, стихот што го истражуваме зборува за два аспекта на вистината. Првиот се однесува на Божјото влијание врз духот на човекот, односно врз неговата духовна природа, со цел да го спаси. Вториот аспект зборува за Божјата одлука да го ограничи времето на милост за човештвото на сто и дваесет години.
Накратко да го сумираме она што беше разгледано во ова проучување:
- На падот на праведникот често му претходи гордоста, која се изразува во желбата човекот да постапува по своја волја, а не според Божјата волја.
- Човекот има телесна и духовна страна. Тој е создаден од тело, но според Божјата намера духовната страна, преку која Бог му зборува на човекот, треба да владее над телесната природа, односно над неговите лични желби.
- Кога човекот преку телесната природа ја потиснува духовната, по извесно време Бог го препушта на изборот што самиот го направил. Човекот често не е свесен за тоа и може да продолжи да мисли дека неговиот внатрешен глас и неговата совест се Божјиот глас во него, иако тоа веќе не мора да биде така.
- Кога се повлекуваат паралели меѓу времето пред Второто доаѓање и времето пред Потопот, се гледа дека на човештвото му останува многу малку време за покајание. Притоа, датуми за Христовото доаѓање не треба да се одредуваат, бидејќи Писмото не открива таков датум. Да се тврди нешто што Бог не го открил значи да се изнесува лага и да се наведуваат луѓето во заблуда.
- Стихот што беше предмет на ова проучување зборува за два аспекта на вистината. Првиот се однесува на Божјото влијание врз духот на човекот, односно врз неговата духовна природа, со цел да го спаси. Вториот зборува за Божјата одлука да го ограничи времето на милост за човештвото на сто и дваесет години.
