Ламех со своите две жени, Ада и Цила, во населба пред Потопот.

Зошто Ламех зеде две жени и стана првиот многуженец?

Сподели го ова:

Слава на Бога за благословената можност да се задлабочуваме во Неговото Слово. Го продолжуваме проучувањето на четвртата глава од книгата Создавање, каде што се разгледува лозата на човечкиот род што произлегува од Каин. Минатиот пат застанавме кај раѓањето на Ламех, а сега продолжуваме оттаму:

„Ламех зеде две жени: на едната и беше името Ада, а на другата Цила.
Ада го роди Јавал, тој е татко на оние што живеат во шатори со стада.
А на братот негов името му беше Јувал; тој беше татко на сите што свиреа на гусли и шупелки. Цила, пак, го роди Тувал-Каин, кој беше ковач на секакви работи од бакар и железо; а сестра на Тувал-Каин му беше Ноема“
(Создавање 4:19-22).

Како што може да се забележи, денес ни претстојат интересни истражувања. Во претходната тема веќе забележавме дека лозата на човештвото по Каин тргна по пат на силна деградација. Веќе до седмото поколение, односно до Ламех, се појави бунт не само против Бога, туку и против институцијата на семејството, воспоставена од самиот Бог. Тоа е логично, бидејќи избраа поинаков пат на развој од оној што го одреди Господ.

Многуженството не е само обично застранување на луѓето, поттикнато од сатаната; тоа е дел од неговата подлабока замисла. Како што Бог, создавајќи ја земјата, сакаше да даде јасни одговори на прашањата покренати со бунтот на сатаната, така и сатаната настојуваше да ги изнесе своите „аргументи“ против Бога и Неговиот Син.

Претходно зборувавме дека мажот и жената беа создадени според образот на Отецот и Синот:

• Адам настапуваше како праслика на Бог Отецот.
• Ева беше праслика што укажува на одредени духовни вистини поврзани со Христос.
• Заедно тие требаше да управуваат со земјата и да создаваат нов живот.

Бог одреди дека видливиот поредок на земјата треба да одговара на небесната реалност:

• Бог Отецот е еден и Тој е Изворот на сè што постои.
• Адам е еден и тој го дава семето како почеток на новиот живот.
• Синот Божји е еден и Тој од материјата дадена од Бога го уредува животот на светот.
• Ева е една и таа од семето на Адам го обликува идното дете.

Сатаната, пак, сакаше да биде рамен на Христос и да заземе висока положба покрај Бога. Затоа ги туркаше каинитите кон многуженството, за преку тоа да ги изнесе своите „аргументи“ во големата борба против Бога. Тие аргументи се сведуваа на прашањето: „Па, што има лошо ако еден маж има две жени?“

Преку таа праслика тој алудираше дека нема ништо страшно ако Бог има не еден, туку двајца рамноправни помошници: него и Христос. Со тоа сакаше да покаже дека во таквиот поредок нема никакви проблеми, па прашуваше: „За што тогаш се потребни тие војни на небото?“

Така, многуженството кај Ламех во себе крие застрашувачка замисла на сатаната. Тоа е илустрација на неговото гледиште за управувањето со Вселената:

„Ламех зеде две жени: на едната и беше името Ада, а на другата Цила“.

Но огнот во пазувите не може да се сокрие. Кај потомците на Каин, кои тргнаа по овој пат, се откри вистинската смисла на намерите на сатаната, неговата желба да стои покрај Бога како наводно рамен помошник на Христос. За подобро да ги разбереме овие цели, ќе ни помогне значењето на одредени зборови од хебрејскиот јазик.

• Ада (хебр. עָדָה – Ада) – името на првата жена значи „украс“ (од коренот ада – „да се украсува, да се дотерува“).
• Цила (хебр. צִלָּה – Цила) – името на втората жена потекнува од зборот „цил“ (צל), што значи „сенка“ или „закрила“.

Ламех зеде две жени со сосема различни, па дури и спротивни значења на нивните имиња. Ако едната е претставена како украс, другата е како безлична сенка. Разбирливо е дека имињата им биле дадени од нивните родители, а не од самиот Ламех. Затоа не би било точно да кажеме дека тој самиот одредил едната да биде украс, а другата – сенка.

Сепак, во тоа време родителите не им давале имиња на децата случајно, туку со одредена цел, поврзана со нивните очекувања и со начинот на кој ги воспитувале.

Во Светото писмо имињата на жените се спомнуваат многу ретко, особено во периодот пред Потопот. Интересно е што во лозата на праведниците, потомците на Сит, женските имиња воопшто не се наведуваат. На пример, дури и за толку значаен настан како спасувањето во ковчегот, е запишано следново:

„Но со тебе Јас ќе направам Свој завет, а во ковчегот ќе влезеш ти, и со тебе и синовите твои, и жената твоја, и жените на синовите твои“ (Создавање 6:18).

„И влезе Ное во ковчегот, и синовите негови, и жената негова, и жените на синовите негови со него, заради водениот потоп“ (Создавање 7:7).

„И излегоа Ное, синовите негови, жената негова, и жените на синовите негови“ (Создавање 8:18).

Но во лозата на Каин, иако не кај сите, сепак се спомнуваат имињата на три жени, и сите тие се поврзани со Ламех: две се негови жени, а третата е неговата ќерка Ноема, родена од Цила:

„Цила, пак, го роди Тувал-Каин, кој беше ковач на секакви работи од бакар и железо; а сестра на Тувал-Каин му беше Ноема“ (Создавање 4:22).

Ништо во Божјото Слово не е напишано случајно. Бидејќи имињата на жените во Писмото, по правило, не се спомнуваат или се спомнуваат многу ретко, а овде имаме своевиден исклучок, три имиња по ред од едно исто семејство, тоа значи дека за разбирањето на вистината имињата на овие жени се многу важни. Односно, во самите тие имиња е скриено нешто значајно.

И така, првата жена на Ламех е Ада, чие име значи „украс“. Кога зборуваме за украс, подразбираме нешто што човекот го истакнува пред другите, бидејќи со тоа се украсува себеси. Во Писмото е речено за жените:

„… а жената е слава (блесок, сјај, светлина) на мажот“ (1 Коринтјаните 11:7).

Значи, првата жена Ламех ја зеде како онаа што треба да биде негов украс, таа што ќе го украсува. А со што? Со тоа што ќе му раѓа деца, продолжувачи на неговиот род:

„Стрела во раката на воинот – тоа се синовите на младоста.
Блажен е човекот кој со нив ќе ја наполни својата торба…“
(Псалм 127:4,5).

„Твојата жена ќе биде како плодна лоза во внатрешноста на твојот дом. Твоите синови како млади маслинови гранчиња, околу твојот стол“ (Псалм 128:3).

И Ада ја исполни оваа цел, раѓајќи му на Ламех двајца синови:

„Ада го роди Јавал… А на братот негов името му беше Јувал“ (Создавање 4:20,21).

Но тогаш се поставува прашањето: зошто му беше потребна втора жена, ако со првата имаше и интимни односи и деца? Името на втората жена ќе ни помогне да ја разбереме улогата што ѝ ја доделил Ламех.

Цила доаѓа од зборот „цил“ / „צל“ (сенка). Сенката е тесно поврзана со телото што ја фрла и не постои одвоено, туку секогаш го следи. Затоа намената на втората жена на Ламех била да биде трајна придружничка на неговото тело, секогаш присутна покрај него.

Зошто еден маж би сакал жената постојано да биде покрај неговото тело, ако тоа не е поврзано со раѓањето деца, бидејќи таа улога ѝ била доделена на првата жена? Одговорот е еден: за негово задоволство.

Веќе спомнавме дека Ламех бил воден од своите страсти. Тој не можел да се оттргне од телесните задоволства дури ни во времето кога неговата жена е бремена, кога раѓа или тукушто родила, па поради тоа не може да има интимни односи со него.

Како заклучок, тогашното општество доживеало длабок морален пад, при што човечкото достоинство било целосно обезвреднето. Бракот се претворил во систем на искористување, а жените биле третирани исклучиво како објекти, едната служела за физичко задоволство, додека другата била сведена на средство за репродукција. Ова јасно покажува општество водено од крајна себичност, без вистински морални вредности.

Овој проблем со двете жени, од кои едната е сакана, а другата не, се појавува на страниците на Писмото повеќепати. На пример, за односот на Јаков кон неговите жени е речено:

„Тогаш Јаков и пристапи на Рахила. Ја љубеше Рахила повеќе отколку Лија… Господ виде дека Лија не е љубена…“ (Создавање 29:30,31).

„Имаше еден човек од Раматаим-Цофим, од Ефремовата Гора, името му беше Елкана, син на Јерохам, син на Елијуј, син на Тоху, син на Цуф, ефратец. Тој имаше две жени: едната се викаше Ана, а другата Пенина. Пенина имаше деца, Ана, пак, немаше деца… А во денот, кога Елкана принесуваше жртва, и даваше на жената своја Пенина и на сите нејзини синови и ќерки, делови од жртвата, а на Ана, пак, и даваше двоен дел, (зашто таа немаше деца,) а и ја сакаше Ана (повеќе од Пенина)…“ (1 Самоилова 1:1-5).

Овој последен пример од Второзаконие е особено значаен, бидејќи покажува дека самиот Бог воспоставил закон со цел да ги заштити правата на „несаканата“ жена и на нејзините деца од неправедното постапување на мажот:

„Ако некој има две жени – едната сакана, а втората несакана, па тие и двете му родат синови и ако првородениот син му е од несаканата жена, тогаш, при поделбата на имотот меѓу синовите, тој не може да даде првенство на синот од саканата жена, место на првородениот од несаканата“ (Второзаконие 21:15,16).

Зошто кај многуженството проблемот со „саканата“ и „несаканата“ жена секогаш ќе биде толку остар? Одговорот е едноставен. Севишниот кажал дека „двајцата ќе бидат едно тело“, и според Него тоа е доволно за среќата на мажот и жената. Ако на мажот една жена не му е доволна и му е потребна втора, тогаш природно е таа втора жена да му стане поомилена од првата, која повеќе не го исполнува.

Колку и да планирал Ламех неговите жени да имаат поделени улоги, природата не може да се измами. Самиот текст ја нагласува таа „непланираност“ кај Цила преку разликата во цитатите:

„Ада го роди Јавал…“ (Создавање 4:20).

Но кај Цила, која требало да служи само за задоволство, се забележува посебно нагласување:

„Цила, пак, го роди Тувал-Каин…“ (Создавање 4:22).

Зборот „пак“ овде укажува дека од неа не се очекувало нешто такво, како што се очекувало од Ада.

Да продолжиме понатаму со текстот:

„Ада го роди Јавал…“ (Создавање 4:20).

Името Јавал (од истото стебло како и „Јувал“, хебр. יובל) буквално означува поток или поточе. Самото име може да упатува на сила и динамика, бидејќи потокот во своето течење носи енергија и моќ.

Слична слика користи и Јаков кога зборува за својот првороден син Рувим. Опишувајќи ги неговите негативни дела, тој ја користи токму силата на водата како метафора:

„Рувиме, сине мој првороден, ти си тврдина моја и почеток на мојата сила; прв по достоинство и прв по моќ. Ти бликаш како вода…“ (Создавање 49:3,4).

Со што се занимавал првородениот син на првиот многуженец на земјата?

Децата на Ламех се осмото поколение од Адам по линијата на Каин, човекот кој го избрал патот на развој на човештвото во градовите. Но што читаме тука во Писмото? Синот на Ламех од Ада, Јавал, е наречен „татко на оние што живеат во шатори со стада“.

„… тој е татко на оние што живеат во шатори со стада…“ (Создавање 4:20).

Што значи тоа? Дали потомците на Каин ги преиспитале своите ставови и решиле да се вратат на живот поврзан со земјата и со стадата? Уште повеќе што името Јавал звучи многу слично на името Авел, братот кого Каин го уби, а кој беше пастир.

Но Писмото не ни дава таква слика. Потомците на Каин не го напуштиле својот пат; тие и понатаму живееле потпирајќи се на човечкиот разум и организација. Токму затоа текстот не вели дека Јавал бил пастир, како Авел, туку дека бил „татко на оние што живеат во шатори и имаат стада“.

Во овој контекст зборот „татко“ не се користи во неговата биолошка смисла, туку означува основач, предводник и творец на одреден начин на живот. Јавал не бил само човек кој лично ги пасел своите овци, туку првиот што воспоставил систем во кој други луѓе се грижеле за стадата.

Тие ги паселе, ги молзеле и ги стрижеле животните, извршувајќи ја целата тешка работа. Јавал, пак, бил нивен раководител, човекот кој го организирал и го водел тој начин на стопанисување.

Секако, раководители се потребни во секое општество. Но практиката покажува дека луѓето често се стремат кон тие позиции за да имаат повеќе почит и поголеми приходи, а притоа да работат помалку, или барем да ја избегнат тешката физичка работа.

Во времето на Југославија постоела една поучна приказна. Дошол човек во одделот за кадри да бара работа, а таму го прашале што знае да работи. Тој искрено одговорил: „Ништо.“ На тоа му рекле: „Извинете, но сите такви места веќе се пополнети со раководители.“

Можеби звучи смешно, но во тоа има горчлива вистина. Луѓето работат, на пример, на голем студ и во опасни услови: бараат наоѓалишта на гас, бушат, заваруваат цевки, пренесуваат земја и управуваат со булдожери, честопати ризикувајќи го сопствениот живот.

Во исто време, нивните претпоставени седат во топли канцеларии, преместувајќи хартии од едно на друго место, а понекогаш ни тоа. За тие „лесни движења со рацете“ тие добиваат десет, а понекогаш и сто пати поголеми плати од работниците на чиј грб, всушност, се одржува целиот систем.

Така, Јавал решил да го искористи својот генијален ум. Тој наредил да се организираат фарми, да се припитомуваат и негуваат животните. За овој „неизмерен организаторски труд“ добивал голем профит, дејствувајќи како еден вид „министер“ за сточарство.

Ова било нешто сосема ново, поинакво од она што Библијата го кажува за работата на Авел. Токму затоа Писмото посебно го нагласува овој детал, бидејќи станува збор за нов пристап кон животните, различен од оној на Авел.

На ист начин, Писмото претходно го нагласува трудот на Авел како пастир, бидејќи тој се разликувал од трудот на Каин на земјата и во тоа време претставувал новина.

Гледаме дека животот во градовите ги туркал потомците на Каин кон развој на економијата не во мали размери за сопствени потреби, туку во големи, индустриски размери, бидејќи тоа го бара градскиот начин на живот. Тоа значи дека градскиот живот во многу нешта ја породил нееднаквоста меѓу луѓето, луѓе кои станале раководители над други луѓе, односно над работниците.

Доколку луѓето живееле и работеле на земјата според Божјата волја, сите би биле еднакви работници, бидејќи секој би зависел од својот личен труд. Јавал, пак, вовел нова форма на стопанисување, заснована на хиерархија и на искористување на туѓиот труд.

Разликата меѓу Авел и Јавал не е само во професијата, туку и во мотивот. Зборот „стада“ во текстот што го разгледуваме е превод на старохебрејскиот збор „микне“ (добиток). Интересно е што зборовите „имот“, „купено“ и „стекнување“ потекнуваат од истиот глагол „кана“. Од овој глагол потекнува и името Каин, кое значи „стекнување“.

Оттука стихот укажува: за разлика од пастирот Авел, кој се грижел за стоката гледајќи во тоа свој повик пред Бога, Јавал во основата на својата дејност го поставил принципот на лична корист. За него таа дејност била насочена исклучиво кон трупање богатство, и токму тоа станало главниот мотив на неговото делување.

Погледнете го и современиот свет и до што води таа трка за профит. Фармерот одгледува жито на нивите, но неговата главна цел е збогатување. Поради таа цел, лишена од совест и благородност, тој беспоштедно ги труе нивите со прекумерна употреба на хемикалии. Поради тоа житото повеќе не им носи корист на луѓето, туку штета, во вид на тешки болести, неплодност или предвремена смрт. Тоа е резултатот кога главен поттик за трудот се само парите.

За да ги постигнат овие цели што водат кон нивно збогатување, мелничарите, пак, од своја страна, во брашното додаваат многу хемикалии, средства против згрутчување и белила. На тој начин, на злото што веќе го направил фармерот, тие го додаваат и своето. Така беззаконието се множи, а со него и страдањата, болестите и смртта.

Потоа доаѓаат пекарите кои, исто така, сакајќи да заработат што повеќе, го земаат тоа брашно и го полнат со штетно палмино масло и со разни квасци, само за лебот да изгледа голем и воздушест. Додаваат и конзерванси за да остане мек подолго време. Тоа е последниот удар врз здравјето на луѓето, довршувајќи го она што фармерите и мелничарите веќе го започнале.

Трупањето богатство како главен мотив во работата нема ништо заедничко со совеста. Тука човекот мора да избере: или парите, или совеста. Оној што ќе ја избере совеста, во овој суров свет честопати не може да заработи ни за најнеопходното, не може да ги покрие трошоците за производство и пропаѓа.

Дури и ако некој земјоделец сака да живее чесно, ќе му продадат лажни семиња, неквалитетни сеалки и лоша техника, произведени од луѓе без совест, кои сакаат да се збогатат по секоја цена. Ова го кажувам од сопствено искуство, бидејќи не еднаш сум го почувствувал на своја кожа.

Да се има затворен циклус на производство во овој свет, односно сопствено семе, сопствена техника и сопствени машини, е речиси невозможно, и тоа од неколку причини. Како прво, за тоа човек треба да поседува многу нешта во различни области. Би требало да има сопствени работилници каде чесно ќе се изработува техника, со вистински христијански знак за квалитет.

Потребно е да има и посебни ниви за производство на семе, каде што со години внимателно би се одбирале најздравите зрна, создавајќи сопствен фонд на чисто и чесно семе, како за Господ, а не за пазар. Таквиот опсег на сопствени производства, всушност, би значел постоење на еден вид чесна, христијанска „држава“ во рамките на овој световен и нечесен систем.

Јасно е дека таквата конкуренција ѓаволот и неговите луѓе нема лесно да ја трпат. Но дури и да ја прифатат поради квалитетот на производите, што сите го посакуваат, постои и втора причина зошто тоа е тешко остварливо.

Тоа е затоа што христијаните, а и луѓето воопшто, често се горделиви. Секој се смета себеси за особено важен и не сака да живее и да се труди со друг верник во ист тим. Многумина попрво би работеле за неверник или со неверници, отколку со своите, а за тоа има безброј примери.

И што повеќе да се каже? Кога верниците работат со неверници, често ги обвинуваат за нечесност. Но кога ќе се соберат само верници, зачудувачки е што нечесноста не останува кај неверниците, туку како да се пренесува и во тој колектив. Со текот на времето, таквата група почнува да наликува на неверничката средина и се соочува со истите проблеми.

Сето тоа произлегува од нецелосната посветеност на Бога, како што беше случајот со Амасија, за кого е запишано:

„Амасија се зацари на дваесет и пет години и царуваше во Ерусалим дваесет и девет години; мајка му се викаше Јехоадан, од Ерусалим. Тој го правеше она што беше угодно пред очите на Господ, но не со полно срце“ (2 Летописи 25:1,2).

Таквите луѓе се непостојани. Кога ќе помине одредено време и околностите во животот се променат, и тие се менуваат на полошо:

„Кога си дојде Амасија по поразот на Едомците, ги пренесе боговите на Сеировите синови, ги постави кај себеси за богови и пред нив се поклонуваше и им кадеше“ (2 Летописи 25:14).

Штом победи, Амасија ја изгуби понизноста пред Бога и отстапи од Него. Истото често се случува и кога верници, кои не се целосно посветени, ќе создадат заеднички бизнис и ќе постигнат успех, односно кога ќе заработат добро. Тогаш гордоста брзо ги обзема; им се чини дека токму тие се заслужни за успехот и дека заслужуваат поголема награда од другите.

Наместо да бидат благодарни, тие забораваат дека Бог им го дал успехот. Наместо да Му служат на Бога, почнуваат да му служат на богатството, ставајќи го профитот пред совеста и пред луѓето. А тоа секогаш води до раздор и, на крај, до пропаст на целиот бизнис.

Така, целиот свет, со ретки исклучоци, е поразен од гордоста, самопрославувањето и желбата за лично збогатување, наместо од стремежот кон понизност пред Бога и пред луѓето, со цел заеднички да се трудиме за Божја слава. Тоа значи дека светот го обзел духот на потомците на Каин, духот на алчноста, желбата да се командува и притоа да се работи што помалку.

Ова му беше сосема туѓо на Авел, кој е запишан меѓу хероите на верата и за кого Бог подготвил град. Зашто Тој не се срами да се нарекува негов Бог, и Бог на оние што се како него, како што вели Писмото. Писмото јасно сведочи дека Каин и оние што го следат неговиот пат му припаѓаат на ѓаволот, додека Авел е праведник.

Затоа, мислам дека сите ние имаме за што да се запрашаме, ако сакаме вечноста да ја поминеме со Бога и со Неговиот Син.

Да продолжиме понатаму со текстот:

„А на братот негов името му беше Јувал; тој беше татко на сите што свиреа на гусли и шупелки“.

Што се однесува до името Јувал (хебр. יובל): кога го разгледувавме името на неговиот брат Јавал, забележавме дека и Јувал значи „поток“. Ова име, како и името на неговиот брат, потекнува од истиот корен и го има истото основно значење. Иако постојат мали нијанси во тоа за каков вид поток станува збор, суштината останува иста.

Во овој случај тешко е да се разбере намерата на родителите. Можеби, со раѓањето на вториот син и со неговото име, Ламех сакал да го покаже зголемувањето на „потокот“ на својата сила, која се манифестира преку неговите синови. Сепак, постојат и толкувачи кои сметаат дека името на вториот син на Ада, Јувал, потекнува од зборот jobel (јубилеј), во значење на долг музички звук што го испушта труба направена од рог.

Ако е така, со неговото име Ламех сакал да го најави почетокот на нешто ново, зашто токму за тоа служат трубите: да предупредат или да објават нова ера. И навистина гледаме дека токму со децата на Ламех започнува бурниот развој на цивилизацијата кај потомците на Каин.

Во текстот за Јувал се вели дека тој не бил само обичен музичар, туку „татко“, во истата смисла како и неговиот брат, односно водач и основач, на сите што свират на гусли и свирали. Станува збор за семејство во кое се појавуваат раководители: тој е основач и организатор на музичката дејност што самиот ја започнал.

Не ли ви се познати случаи кога, од некоја причина, децата на работниците стануваат работници, а децата на директорите – директори? Дали можеби станува збор за некакви посебни „генски карактеристики“ за владеење што се пренесуваат со наследство? Или причината е нешто друго – врски и пари?

Јувал ја избрал музиката како средство за трупање богатство. Тој сфатил дека уметноста и забавата допираат до најдлабоките чувства на човекот и дека тоа може да биде исклучително профитабилен бизнис. Погледнете ги денешните музички продуценти и менаџери, тие заработуваат милиони токму во таа индустрија што, според текстот, ја започнал Јувал. Еве еден современ пример:

„Диџејот Пол Окенфолд има направено повеќе од 100 ремикси за бројни уметници, меѓу кои U2, Мадона и Мајкл Џексон. Списанието DJ Magazine двапати (во 1998 и 1999 година) го прогласи за најдобар диџеј во светот. Тој е меѓу најплатените во својата професија, а неговото богатство во последните години се проценува на околу 60 милиони долари.“

Со толку големи заработки, тешко дека некој би посакал да работи со „пот на лицето“, како што Бог им заповедал на грешните луѓе, заради нивно понизување и поправање на гордиот дух. Така и потомците на Каин, во овој случај децата на Ламех, не сакале да работат директно на земјата. Тие измислувале начини на работа во кои други работат за нив, додека тие стојат над работниците и се збогатуваат од туѓиот труд.

Навистина, нема ништо ново под сонцето. Тоа што било, пак ќе биде; и тоа што се правело, пак ќе се прави, како што рекол мудриот Соломон. Колку повеќе го истражуваме Писмото, толку повеќе се уверуваме во тоа. Во својата суштина, грешниот човек не се променил.

Бидејќи зборуваме за лозата на отпадниците, кои намерно го напуштиле служењето на Бога и во центарот на животот го поставиле човекот, што всушност претставува идолопоклонство, не треба да нè чуди она што го наведуваат јудејските извори. Според нив, Јувал, кој ја користел музиката за збогатување, ја употребувал и за вовлекување на луѓето во идолопоклонство.

Сè што човекот не Му го посветува на Бога, на крај му го посветува на сатаната; трет пат не постои. Божјиот Син тоа го кажал многу јасно преку една поучна споредба:

„Кој не е со Мене, тој е против Мене; и кој не собира со Мене, тој растура. Кога нечист дух ќе излезе од човека, тој оди преку безводни места и бара спокојство; и не наоѓајќи, вели: ,Ќе се вратам во домот свој, од каде што излегов.‘ Па, штом дојде, го наоѓа изметен и среден. Тогаш оди и доведува други седум духови, полоши од себе, и кога ќе влезат, живеат таму; и последната состојба на тој човек ќе му биде полоша од првата“ (Лука 11:23-26).

Да продолжиме понатаму со текстот. Од децата на Ламех од неговата прва жена, Ада, преминуваме кон децата родени од неговата омилена жена, Цила:

„Цила, пак, го роди Тувал-Каин, кој беше ковач на секакви работи од бакар и железо.“

Непланирано, омилената жена, земена само за љубовно уживање, родила машко дете. Му дале необично, двојно име, додавајќи му го името на Каин.

Името Тувал потекнува од зборот тавлин, зачин, нешто што се додава за да се подобри вкусот на храната. Но, бидејќи овде не станува збор за храна, туку за човек, значењето на името може да се разбере како: „оној што го усовршува стекнатото“ или „оној што му дава префинетост на она што е стекнато“, бидејќи името Каин значи „стекнување“.

Бидејќи името Каин веќе се користело како име на предокот, основачот на оваа безбожна лоза, името Тувал-Каин се појавува како „оној што го усовршува делото на Каин“. А знаеме дека Каин беше првиот убиец. Затоа Тувал-Каин е оној што му дал посебна „префинетост“ на убиството, изработувајќи оружје од бакар и железо. Така убиството можело да се изврши во секое време, со оружје при рака, со меч или нож.

Тувал-Каин изработувал и усовршувал предмети од бакар и железо, кои можеле да се користат и како алатки за работа, но и како оружје. Тој ги изработувал и усовршувал предметите од бакар и железо. Според научната класификација, оваа генерација го означува почетокот на бронзеното и железното време во развојот на човечката цивилизација. Тувал-Каин е првиот ковач на тоа време.

Почнувајќи од него, потомците на Каин почнале да се вооружуваат, со што се зголемила способноста за убивање. Така, првото убиство што Каин го изврши врз својот брат Авел кај неговите потомци прераснало во „уметност“ на убивањето. Тоа довело до војните, во кои братоубиството станало масовно и дел од секојдневието на човечкиот род.

Се надевам дека не е потребно да наведувам примери од денешниот свет кои покажуваат колку духот на Каин е присутен меѓу луѓето што се убиваат меѓусебно. Иако сите потекнуваме од Адам и Ева и сите сме браќа и сестри, по целата земја се водат братоубиствени војни.

Христос ги предупреди своите следбеници за ова:

„Ќе слушате за војни и повици на војни. Гледајте да не се уплашите, зашто сето тоа треба да биде; но тоа уште не е крајот. Зашто ќе се крене народ против народ, и царство против царство…“ (Матеј 24:6,7).

„И ќе предаде брат брата си на смрт, и татко – чедото свое; и ќе станат деца против родителите и ќе ги убијат“ (Матеј 10:21).

Се разбира, Тувал-Каин не ги користел своите способности само за изработка на оружје за убивање. Тој создавал и предмети за мирнодопски цели, како што се алатите за работа. Со тоа ја зголемувал ефикасноста на оние што ја обработувале земјата, чувале стока или граделе градови, истите оние што почнал да ги гради неговиот предок Каин.

Ако Каин започнал да гради цивилизација во чиј центар е човекот и неговиот гениј, независен од Бога, тогаш Тувал-Каин го продолжил тоа дело. Тој ги зајакнувал производствените можности на човекот, за човекот, потпирајќи се на сопствениот ум, да достигне големи височини. На тој начин, Тувал-Каин навистина станал еден вид „зачин“ што му дал посебен „вкус“ на развојот на човештвото по патот што го избрал Каин.

Некои веројатно ќе приговорат: „Што има лошо во развојот на човечкиот род и во тоа што луѓето научиле да обработуваат метали? Зарем тоа не им ја олеснило работата на луѓето, па дури и на Божјите деца?“

Но секое дело треба да се проценува според мотивот, бидејќи токму мотивот ја открива неговата вистинска цел. Зошто меѓу сите што даваа пари за храмот Христос ја издвои сиромашната вдовица? Затоа што таа во својот дар за Бога го вложи сè што имаше. За неа Бог беше поважен дури и од сопствениот живот.

За разлика од неа, кај останатите дарители Бог беше на второ место. Тие ги користеа своите дарови за самопрославување. Во центарот на нивното давање беше човекот и неговата гордост, а не понизното служење на Творецот, како што беше кај сиромашната вдовица.

Ако Тувал-Каин Му беше верен на Бога, немаше да создава оружје за убивање, што Бог строго го забранил. Немаше да создава нешто што ја поттикнува човечката гордост и го забрзува одвојувањето на човекот од Бога. Но тој беше воден од духот на својот предок Каин, кој се побуни против Севишниот.

Затоа оваа лоза на човештвото е наречена Каинити, по името на оној чиј дух го наследиле. Подоцна, истиот тој дух се покажал и кај градителите на Вавилонската кула:

„А кога луѓето се селеле од исток, најдоа рамнина во земјата Сенаар и се населија таму. И си рекоа меѓу себе: ‘Ајде да правиме тули и на оган да ги печеме!’ И користеа тули наместо камен и земјана смола наместо вар. Потоа рекоа: ‘Ајде да си соѕидаме град и кула, висока до небото; и да се здобиеме со име, пред да се растуриме по целата земја’“ (Создавање 11:2-4).

Човечкиот ум смислил како да прави рамномерни тули и да ги пече за да бидат цврсти, а како врзивно средство да користи смола. Сето тоа произлегло од разбирањето на Божјите закони и на својствата на нештата што Бог ги создал. Но каде ги одвеле луѓето овие изуми – кон Бога, кон моралот и духовноста? Не, напротив – подалеку од Него.

Каков парадокс: тие граделе кула до небото и наизглед го скратувале растојанието меѓу себе и Бога. Но во реалноста, со секој метар изграден нагоре, тие морално паѓале сè пониско и сè повеќе се оддалечувале од Севишниот. Така нивните изуми не им донеле никаква полза за душата, а Писмото за тоа зборува многу јасно:

„Зашто, каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?“ (Матеј 16:26).

Може да се покори целиот свет со својот „ум“ и изуми, како што го направија создавачите на интернетот и на мобилните телефони, но дали тоа ги приближи до Бога, нив или оние што почнаа да ги користат тие изуми? Одговорот го знаете и самите.

Погледнете го човештвото и тоа што денес се измислува. Прво и основно, сите откритија се насочуваат кон воено-индустрискиот комплекс. Дури откако војската ќе ги искористи тие изуми и откако ќе се ожнее жалната жетва од загинати поради нивната употреба во војни, или откако ќе се појави нешто уште понапредно, тогаш тие изуми им се препуштаат на луѓето, бидејќи повеќе не се потребни за војување. Така беше, на пример, со врските 3G, потоа 4G, па 5G.

Сè што измислуваат луѓето кои немаат страв од Бога се насочува против Неговата волја и само ја забрзува деградацијата и пропаста на човештвото. Значи, не се лоши самите изуми, ниту е лошо познавањето на природните закони. Проблемот е во тоа како се користи сето тоа, односно каков е мотивот. А мотивот е директно поврзан со тоа од каков дух е воден човекот: од духот на Каин, кој беше од лукавиот, или од духот на Авел, кој беше праведен.

Бог го казни Каин, првиот убиец, така што го протера од луѓето и му го отежна опстанокот на земјата. Но тоа беше направено за негово добро. Тоа што Севишниот не го уби за неговото злосторство зборува за Божјата милост и за Неговата желба Каин да се поправи и да се спаси.

Но како Каин ја прифати оваа грижа? Тој продолжи со својот бунт. Сè што правеше тој и неговите потомци, вклучувајќи ги и нивните изуми, не беше ништо друго освен продолжение на тој бунт против Бога и израз на непокорност кон Неговата света волја.

Сакајќи да ги смири и да ги спаси Каин и неговите потомци, Бог им го отежна животот на земјата, велејќи дека таа повеќе нема да биде толку дарежлива кон нив како порано. Но Каин и неговите наследници со своите постапки му покажаа на Бога и на целото создание дека воопшто не им е потребна земјата и нејзините плодови како непосреден начин за опстанок.

Тие си избраа друго „поле“ за работа, од кое собираа обилен род. Тоа поле е човечкиот интелект и управувањето со други луѓе, власт над созданието. Откако ги истражија и ги разбраа законите на природата, и бидејќи немаа моќ да ги променат, Каинитите решија да ги потчинат за постигнување на сопствените цели.

Користејќи го техничкото знаење, тие измислија оружје и почнаа да освојуваат земји, луѓе и нивниот труд. Нивната животна филозофија беше следнава:

„Зошто јас да се мачам на земјата, кога таа ми дава малку поради Божјото проклетство? Можам, со силата на моето оружје, да ги принудам другите да работат за мене и да добијам плодови колку што сакаат моите очи.

Ти, Боже, рече дека ќе ме лишиш од земните добра за да ме смириш и воспиташ? Нема да дочекаш. Јас сам ќе ги земам тие добра на друг начин, со мојот ум и со својата сила.

Ти нема да ги лишиш од плодови оние работници кои Ти се верни, нели? Е па, јас ќе им ги одземам нивните плодови, и така ниту јас нема да бидам лишен од ништо.“

Оваа политика и овој каинитски дух дејствуваат и до денес, и кај поединци и кај цели држави, и тоа самите го гледате и го знаете. Но потомците на Каин не ја воспоставуваат својата власт над работниците само со сила.

Селата ги испраќаат плодовите на земјата во градовите, тие чеда на Каин, каде што тие плодови се откупуваат по ниска цена, неспоредлива со вложениот труд и со направените трошоци. А потоа, на тие исти работници, по високи цени им се продаваат „благодетите“ на цивилизацијата создадени во градот.

Тоа е само прикриен начин да се живее и да се збогатува преку ограбување на другите.

Така, потомците на Каин се насочија кон материјалниот развој на цивилизацијата, кон воената вештина, технологијата, економијата и забавата. Во сето тоа, за нивниот духовен развој не се најде место.

И последната реченица од извадокот од Писмото што го разгледуваме гласи:

„… а сестра на Тувал-Каин му беше Ноема“.

Името Ноема (хебр. נעמה – Наама) значи „мила“, „пријатна“, „задоволство“. Веќе напоменавме дека имињата на жените во Писмото не се спомнуваат без причина. Тоа се правело само во случаи кога самото име помага да разбереме за каква личност станува збор.

Во јудаизмот постојат две крајно спротивставени мислења за Ноема. Според првото, таа му станала жена на Ное и се спасила во ковчегот како праведничка. Секако, тоа е можно, бидејќи праведниот Енох, пред Бог да го земе на небото, не престанувал да се обидува да ги сврти потомците на Каин кон Господ. За тоа индиректно се зборува и во Посланието на Јуда:

„Тешко ним, зашто тргнаа по Каиновиот пат… свирепи морски бранови, што како пена ги испуштаат своите срамни дела… А за овие пророкуваше и Енох, седмиот од Адам, зборувајќи: ‘Ете, доаѓа Господ со илјадници Свои свети ангели’“ (Јуда 1:11-14).

„Објавувајќи му го на народот она што му го открил Бог, Енох станал проповедник на правдата. Оние што се боеле од Бога, го барале овој свет човек да ги поучи и заедно со него да се помолат на Бога. Тој и јавно работел така што Божјите упатства им ги пренесувал на сите што биле готови да ги слушаат неговите опомени. Неговите напори не се ограничувале само на потомците на Сит. Во земјата во која побегнал Каин, сакајќи да се скрие од божественото присуство, пророкот ги објавувал чудесните сцени што му биле покажани во визија: ‘Ете’, велел тој, ‘доаѓа Господ со илјадници Свои свети ангели за да изврши суд над сите и за да ги разобличи сите безбожници за сите нивни нечисти дела’” (Јуда, стихови 14,15).

(Патријарси и пророци, 86).

Ако Ноема навистина му станала жена на Ное, тоа најверојатно се случило со помош на праведниот Енох, кој преку својата проповед ја свртел кон Бога. Ова, воедно, би можело да го објасни и фактот зошто кај синот на Ное, Хам, се појавиле особини на карактерот својствени за Каинитите, особини што веројатно биле наследени од неговата мајка Ноема, ќерката на безбожниот Ламех.

Втората верзија за тоа зошто се споменува името на Ноема (Наама), ќерката на Ламех и Цила, со значење „мила“, „пријатна“ или „задоволство“, е многу помрачна. Според ова толкување, таа ја искористила својата привлечност и шарм за да ги вовлече во гревот на блудот Сититите, потомците на Сит. Поради нејзините постапки започнал процес на расипување и на оваа линија од човештвото.

Во јудејската митологија името Наама дури се поврзува и со демонско суштество, познато како ангел на неморалот. Оваа верзија воопшто не е лишена од логика, бидејќи од некого морало да започне мешањето меѓу Сититите и Каинитите, за кое зборува Писмото.

Притоа, обрнете внимание на начинот на кој Писмото го опишува тоа:

„Тогаш синовите Божји видоа дека ќерките човечки се убави (пријатни, пожелни — споредете го ова со значењето на името Ноема: „мила“, „пријатна“, „задоволство“), и ги земаа, кои ги сакаа, за жени“ (Создавање 6:2).

Можни се и двете верзии и ниту една од нив не е во спротивност со духот на Писмото. Првата верзија зборува за можноста за спасение и покајание, без оглед на потеклото, но и за последиците од неправилното воспитување, кои подоцна се појавуваат кај децата. На тоа нè учи Библијата. Втората верзија зборува за незапирливата деградација на оние што го оставиле Бога и за нивното влијание врз оние што живееле според поинакви принципи. И на тоа нè учи Библијата.

Така, во секој случај можеме да извлечеме корисни духовни поуки. Најважната меѓу нив се однесува на создавањето семејство. Дали е дозволено да се создаде семејство со некој што не припаѓа на твојата вера и на твојот начин на живот? Може, но само под услов тој човек искрено да се покае и да тргне во иста насока, кон Бога, заедно со својот брачен другар.

Ако тоа покајание и промена на животот не се случат пред бракот, тогаш најдобро е таквата врска да се прекине навреме. Во спротивно, тоа може да заврши со духовен пад, а можеби и со вечна пропаст, сетете се само кој сè загина во водите на Потопот и поради што.

Накратко да се потсетиме за што зборувавме денес:

  1. Ламех и отстапувањето од Божјиот план: Со тоа што зеде две жени, Ламех ја исполнуваше волјата на ѓаволот. Намерата беше на светот да му се наметне изопачена слика за „големата борба“, преку која би се оправдал бунтот против Бога и Неговиот Син.
  2. Изопачување на брачната заедница: Ламех ги зеде двете жени за различни намени, едната за продолжување на лозата, а другата за телесни задоволства, со што ја наруши светоста на брачната заедница.
  3. Потпирање на сопствениот ум наместо на Бога: Децата на Ламех го продолжија патот на Каин, патот на отпаѓање од Бога и воздигнување на човечкиот гениј. Бидејќи човекот кај нив го зазеде местото на Бога, тие наместо „синови Божји“ почнаа да се нарекуваат „синови човечки“.
  4. Развој на материјалната цивилизација: Децата на Ламех направија голем чекор напред во економијата, технологијата, военото дело и забавата. Нивното „поле“ за работа станаа луѓето, од чиј труд и од чии потреби се збогатуваа.
  5. Поуката од животот на Ноема: За ќерката на Ламех, Ноема, постојат две претпоставки: или се покајала и, како жена на Ное, се спасила во ковчегот, или пак станала заводничка на верните и го започнала нивниот морален пад. И двете верзии се во согласност со духот на Писмото и од нив мудриот човек може да извлече важни поуки, особено за светоста и изборот при создавањето семејство.

Сето ова ни покажува дека човечкиот разум, кога се одвојува од Бога, не го издигнува човекот, туку го оддалечува од Него.

 

Сподели го ова:

Поврзани статии