По Божја милост, продолжуваме со нашето проучување на Писмото, разгледувајќи ја третата глава од книгата Создавање (Битие). Минатиот пат се фокусиравме на стиховите во кои човекот се обидува да се оправда пред Бога за својата непослушност. Денес, ќе се задржиме на текстовите што го опишуваат Божјото изрекување казна врз сите учесници во ова престапништво.
„На змијата, пак, и рече Господ Бог: ‘Затоа што си го направила тоа, проклета да си меѓу сите животни и сите полски ѕверови; помешечки ќе се влечеш и прав ќе јадеш сè до крајот на својот живот! И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Тој ќе ти ја смачкува главата, а ти ќе го каснуваш во петата’“ (Создавање 3:14,15).
Првото казнување беше изречено врз змијата и врз Оној што говореше преку неа, сатаната, како иницијатор на ова престапништво. Важно е да се забележи дека, додека со Адам и Ева Бог разговараше, прашувајќи ги за она што го направиле и сакајќи да ги поттикне кон покајание, со змијата и со сатаната Тој воопшто не започна разговор.
Во однос на змијата, причината е јасна: таа е животно без разум, кое не го разбира говорот и, според тоа, не може да биде повикано на покајание. Но сепак, Бог го задржува правото на суд и казна дури и врз животно без разум, доколку тоа дејствува не според инстинктите вложени во него од Создателот, туку спротивно на својата намена. На ваквиот Божји чин не треба да се чудиме. Сличен пример гледаме и во уништувањето на животните со водите на Потопот:
„И рече Господ: „Ќе ги истребам од земјата луѓето што сум ги создал – од човекот до добитокот, малите гадинки и небеските птици – бидејќи се каам што ги создадов“ (Создавање 6:7).
„И погледна Бог на земјата, и ете – таа беше расипана: бидејќи секое суштество беше се отклонило од својот пат на земјата“ (Создавање 6:12).
„Тогаш го изгуби животот секое суштество, што се движеше по земјата: и птиците, и добитокот, и ѕверовите, и сите лазачи, што се влечат по земјата, и сите луѓе; сè, што на копното имаше здив во ноздрите свои, изумре. И се истреби секое суштество што живееше на земјата: од човекот до добитокот, и лазачите, и птиците небески – сè беше истребено од земјата…“ (Создавање 7:21-23).
Исто така, тоа што Бог бара одговорност и од неразумните животни кога тие го нарушуваат законот на битието вграден во нив, се гледа и од зборовите што Бог му ги рече на Ное по Потопот во врска со животните:
„А за вашата крв, во која е вашиот живот, ќе барам сметка; од секој ѕвер ќе ја барам…“ (Создавање 9:5).
Постои уште едно сведоштво дека Бог може да осуди животно на смрт ако тоа го изопачува својот животен пат:
„А, ако некој пристапи кај некое животно, за да се соедини со него, убиј го него и животното: тие треба да бидат убиени – виновни се. И жена ако пристапи до животно, да се соедини со него, да ги убиете и жената и животното – да умрат; виновни се“ (Левитска 20:15,16).
„Ако вол убоде маж или жена, па умре, волот да се отепа со камења…“ (Излез 21:28).
Христос, во разговор со Своите ученици, рече дека Бог Самиот го определува времето на живот на секое живо суштество и дека без Неговата волја тие не умираат. Тоа значи дека секоја смрт на животно е резултат на Божја одлука:
„Не се продаваат ли две врапчиња за еден денар? И ни едно од нив нема да падне на земја без волјата на вашиот Отец“ (Матеј 10:29).
Значи, принципот е ваков: ако Бог смета дека животното е виновно затоа што почнало да живее спротивно на инстинктите што Тој ги вградил во него и со тоа му нанесува штета на човекот, тогаш, без никакви разговори со него (а разговор и не може да има поради природната отсутност на разум, совест и морал), животното е осудено од Бог на смрт.
Исклучок претставуваат оние животни што Сам Бог ги избира како средство за казна на луѓето, како што е случајот со змиите во пустината или кога лавот го уби пророкот кој не се покори. Така, според Писмото, и животните можат да бидат казнети од Бог.
Змијата беше казнета затоа што не се хранеше со она што Бог ѝ го одреди:
„А на сите земни ѕверови, и на сите небески птици, и на сè што се движи (и лази) по земјата, во кое има жива душа, им ги дадов сите тревни растенија за храна. Така и стана“ (Создавање 1:30).
Наместо да остане во границите на својата природа, змијата, добивајќи од Бог способност да лета, полета спротивно на инстинктите што Тој ги вгради во неа и слета на овошните дрвја, започнувајќи да ја јаде храната што беше определена за човекот. Со тоа таа го изопачи својот пат пред Бог.
Поради тоа изопачување во исхраната, таа се најде на забранетото дрво. Токму тоа го искористи сатаната, кој зборуваше преку змијата, користејќи ја како медиум, видлива завеса зад која се криеше, за да ја искуша жената.
Ова веќе го разгледувавме во претходните теми. Но, покрај змијата, казна беше изречена и врз сатаната, главниот виновник за трагедијата на човековиот пад во грев. Забележете дека со него Бог, исто така, не разговараше, ниту го повика на покајание, бидејќи знаеше дека тоа би било бесполезно. Затоа, за неговите дела, Бог веднаш му изрече суд и казна:
„И тој (Мојсеј) им рече: ‘Еве што вели Господ, Бог на Израел: опашете го секој својот меч на бедрото свое, и појдете по логорот, па тргнете од врата на врата и обратно, и секој нека го убие братот свој, ближниот свој и соседот свој.’ И постапија синовите Левиеви според заповедта Мојсеева: и во тој ден изгина народ до три илјади души… А утредента Мојсеј му рече на народот: ‘Направивте голем грев; и сега ќе појдам горе кај Бога…’ А Господ му рече на Мојсеј: ‘Оној, што згрешил пред Мене, него ќе го избришам од книгата Моја… И го казни Господ народот, за направеното теле што го излеа Арон“ (Излез 32:27-35).
Бидејќи Бог не се менува, истиот принцип останува и во Новиот Завет: најнапред казната ја добиваат предводниците, а потоа и сите останати:
„Ѕверот беше фатен, а заедно со него и лажниот пророк, кој правеше чуда пред него, та ги соблазни оние што беа примиле белег од ѕверот и и се поклонуваа на неговата биста: и обајцата живи беа фрлени во огненото езеро со запален сулфур; другите, пак, беа убиени со мечот што излегуваше од устата на Оној Кој седеше на коњот. И сите птици се наситија од телата нивни“ (Откровение 19:20,21).
И така, да погледнеме каква казна им изрече Бог на предводниците на гревот, сатаната и змијата:
„На змијата, пак, и рече Господ Бог: ‘Затоа што си го направила тоа, проклета да си меѓу сите животни и сите полски ѕверови; помешечки ќе се влечеш и прав ќе јадеш сè до крајот на својот живот’“
Првото што паѓа во очи е тоа што Бог ѝ вели на змијата дека, заради тоа што го направила, таа е проклета меѓу сите животни. Тоа значи дека од овие зборови гледаме дека и сите останати животни беа опфатени со проклетството поради постапката на змијата.
Некој би рекол: „Зошто да бидат казнети и животните поради вината на змијата? Зар тоа не е неправедно?“ Таков впечаток се добива ако казната на животните ја врземе исклучиво за вината на змијата, и тогаш тоа навистина изгледа неправедно. Но, во суштина, проклетството врз животните е последица на гревот на човекот, во кој сатаната го вовлече преку змијата. По падот во грев, читаме дека и земјата беше проколната поради гревот на човекот:
„… земјата нека биде проклета за тебе…“ (Создавање 3:17).
Значи, гледаме дека гревот на луѓето повлече по себе проклетство врз Земјата. Но не само врз Земјата, туку и врз животните што живеат на неа. Зашто, од тој момент, по гревот на човекот, целата Земја, заедно со сите што живеат на неа, стана училиште за човекот: место каде што тој треба да учи и да ги разбере последиците од својот грев.
Така, и животните требаше заедно со човекот да „се спуштат“ на тој понизок степен, на кој се најде човекот поради својот грев. Само така, живеејќи во таа нова реалност, човекот ќе можеше да ги согледа последиците од својот грев и да се стреми кон нивно исправување.
Ако животните не се спуштеа на тој понизок степен, тогаш човекот ќе требаше да биде отстранет од Земјата и преселен на друга планета, бидејќи овде, за сите живи суштества, ќе продолжеше да постои рајската идила, од која човекот, поради својот грев, беше лишен.
Апостол Павле за ова „спуштање“ на животинскиот свет на понизок степен, поради гревот на луѓето, пишува вака:
„Зашто и созданието не и се покори на суетата доброволно, туку по волјата на Оној Кој го покори (го постави подолу), а со надеж, дека и самото создание ќе се ослободи од ропството на распадливоста при славното ослободување на чедата Божји. Зашто знаеме дека целото создание заедно со нас стенка како во породилни болки“ (Римјаните 8:20-22).
Апостол Павле пишува: „Зашто и созданието не ѝ се покори на суетата доброволно, туку по волјата на Оној Кој го покори“. Тоа значи дека животните не се покорија по своја заслуга, ниту по своја желба, туку по волјата на Оној Кој ги покори.
Иако човекот е виновен што целата Земја се најде под проклетство, самиот човек не можеше со својот грев да ја измени ниту Земјата, ниту животните, бидејќи тоа не беше во неговата моќ. Затоа Бог рече дека Земјата е проколната поради Адам. Тоа значи: човекот згреши, а проклетството, односно промената на Земјата, ја предизвика самиот Бог. Затоа Тој рече:
„Па потоа му рече на Адам: ‘Бидејќи ја послуша жената твоја и вкуси од дрвото, од кое ти забранив и реков: – не јади од него – затоа земјата нека биде проклета за тебе… трње и бодлики ќе ти раѓа; и ти ќе јадеш трева полска’“ (Создавање 3:17,18).
Значи, промените во Земјата, во согласност со проклетството, ги направи Бог. Истото важи и за животните – измените кај нив, во согласност со последиците од гревот, ги направи Бог. Затоа и е речено во стихот што го разгледуваме дека и останатите животни биле проколнати, само помалку од змијата, бидејќи таа беше виновна за падот на луѓето, а тие – не.
Ако е така, тогаш зборовите на апостол Павле за потчинувањето на созданието на волјата на Оној Кој го покори, се однесуваат на Бог. Тој, по падот на луѓето во грев, ја проколна Земјата и животните, одземајќи им ги предностите што ги имаа при создавањето, за да ги „спушти“ во истата таа реалност во која се најде и човекот по својот грев.
Така гледаме дека библискиот запис сведочи дека сите животни биле опфатени со проклетство, но змијата беше проколната повеќе од сите. Таа беше казнета затоа што, наместо со храната што ѝ беше определил Бог, тревата полска, посака храна наменета за луѓето и почна да јаде плодови од дрвјата. Така се најде на забранетото дрво, а сатаната го искористи тоа и преку неа ги измами луѓето.
И така, во што се состоеше нејзината казна?
„… помешечки ќе се влечеш и прав ќе јадеш сè до крајот на својот живот“
И еве ја казната, односно проклетството, што ѝ го даде Бог: таа ги изгуби своите крилја, способноста за летање, и беше спуштена на најниското ниво, да ползи на својот стомак.
Втората казна беше тоа што змијата, ползејќи на стомакот, ќе јаде прав, односно земја. Но ние знаеме дека змиите не се хранат со земја, туку во природата ловат глодари, птици, жаби, гуштери, понекогаш без’рбетници и други животни. Тоа е нивната вистинска храна.
Како тогаш да ги разбереме зборовите на Бог? Дали станува збор за сликовито изразување? Другото ниво на толкување, кое се однесува на сатаната, ќе го разгледаме подоцна. Сега треба да го разбереме буквалното значење на кажаното, она што се однесува на животното, на самата змија. А за да сфатиме дека тоа не е само еден текст од Писмото во кој е употребена метафора, туку дека е изложен принцип, ќе прочитаме уште еден текст од Писмото:
„Ќе лижат прав како змии…“ (Михеј 7:17).
Значи, гледаме дека ова тврдење во Писмото е факт, а не сликовито изразување. Дека Божјото Слово говори вистина, го потврдуваат и научните истражувања, кои утврдиле дека змиите намерно јадат прав, лижејќи го.
„Во горниот дел од усната шуплина на змијата се наоѓа орган познат како Јакобсонов орган. Покрај ноздрите, овој орган ѝ помага на змијата да ги чувствува мирисите. Нејзиниот брз, вилушкаст јазик се допира до земјата и собира честички на својот врв. Потоа тие честички се пренесуваат до двојните сензорни органи во внатрешноста на усната шуплина на змијата. Откако на овој начин „ја помирисала“ земјата, јазикот мора да се исчисти за веднаш повторно да го повтори овој процес.“
— Карл Виланд
Така, гледаме дека змиите навистина „јадат прав“, токму како што е речено во Писмото. На Божјото Слово секогаш може да му се верува – дури и тогаш кога нешто што го читаме таму сè уште не е потврдено со науката или не е видливо исполнето. Може да изгледа како никогаш да нема да се исполни, но верувајте: сè што Бог рекол ќе се исполни во свое време и ќе се покаже како вистина. Затоа држете се со вера за сигурното пророчко слово – нема да зажалите.
Сега овие зборови ќе ги разгледаме и на друго ниво на толкување, алегориски, применети на сатаната, кој преку змијата ги искуша луѓето:
„… помешечки ќе се влечеш и прав ќе јадеш сè до крајот на својот живот“
Сатаната е паднатиот ангел Луцифер, кој некогаш му беше верен на Бог и имаше највозвишено место на небото, веднаш по Синот Божји. Но по неговиот бунт започна неговото паѓање, од третото небо на Земјата:
„И беше исфрлен големиот змев старата змија, наречена ѓавол и сатана, која ја мами целата вселена, беше соборена на земјата…“ (Откровение 12:9).
Обратете внимание на пророчкиот текст, во кој сатаната е наречен змија, и тоа веднаш нè упатува на аналогија со змијата-искушувач во Едемската градина. Тој е наречен и змев, а тоа е летачка змија, што пак нè потсетува дека и во Едем таа летала.
И тој беше соборен на Земјата; а Земјата е токму „правот“, зашто од земјата беа создадени и животните и човекот. Значи, ако зборовите на проклетството кон змијата ги разгледаме како применливи на сатаната, тогаш тие зборуваат за тоа дека неговото престојување, по неговото соборување од небото, е цврсто врзано со Земјата.
И тоа не е за чудење: од третото небо тој беше соборен, и целата вселена не падна под неговите искушенија – затоа беше соборен на Земјата. Луѓето, пак, тој ги измами; и затоа единственото место каде што можеше да се зацврсти за своето живеалиште беше Земјата.
До Голгота тој сè уште можеше понекогаш да се појави на Божјиот совет како „претставник на Земјата“ наместо Адам – за тоа читаме во книгата Јов:
„Еден ден дојдоа синовите Божји да застанат пред Господ; со нив дојде и ѓаволот“ (Јов 1:6).
Но по Голгота, пристапот кон небото за него целосно се затвори, и неговото живеалиште стана планетата Земја. Токму затоа тој и неговата чета паднати ангели се наречени во Писмото „поднебесните духови на злобата“, кои дејствуваат на Земјата и во воздухот:
„во кои живеевте некогаш според животот на овој свет, согласно со кнезот на воздухот, односно на духот, кој сега дејствува во синовите на неверието“ (Ефесјаните 2:2).
„зашто нашата борба не е против крв и тело, туку против… поднебесните духови на злобата“ (Ефесјаните 6:12).
И за време на илјада години, кога спасените ќе бидат на небото, а безбожниците ќе загинат од славата на Синот Божји при Неговото Второ Доаѓање, сатаната ќе биде врзан со Божјата сила овде, на Земјата. Тој нема да може да ја напушти цели илјада години.
Потоа ќе биде ослободен од таа врзаност преку околностите, со тоа што ќе бидат воскреснати неговите поданици, односно безбожниците, за суд. Тогаш тој ќе се обиде да ги поведе во напад против небесниот Ерусалим, но ќе ја најде својата конечна погибел овде, на Земјата, од огнот што ќе слезе од небото:
„Потоа видов како од небото слегуваше ангел кој го имаше клучот од бездната и голема верига во раката своја: го фати змевот, древната змија, која е ѓаволот и сатаната – и го врза за илјада години; потоа го фрли во бездната и го заклучи, ставајќи печат врз него за да не ги лаже веќе народите до завршувањето на илјада години; по ова време тој треба да биде пуштен за малку време“ (Откровение 20:1-3).
„А кога ќе се навршат илјада години, сатаната ќе биде пуштен од затворот свој, и ќе излезе да ги лаже народите по четирите краишта на земјата, Гог и Магог, и да ги собере за војна; нивниот број е колку морскиот песок. Тие излегоа по ширината земна и го заобиколија живеалиштето на светиите и возљубениот град; падна од Бога оган небесен и ги проголта“ (Откровение 20:7-9).
Тоа значи дека сатаната е веќе засекогаш осуден да не ја напушта Земјата. Затоа зборовите на Севишниот: „ќе ползиш на својот стомак по земјата“, наместо да леташ, сликовито се однесуваат и на него, главниот виновник за падот на човекот. На ист начин на него се однесуваат и следните зборови:
„… и прав ќе јадеш сè до крајот на својот живот“
Човекот е создаден од земен прав и дух на животот. Како што веќе разгледувавме во претходните теми, земниот прав зборува за животинската, телесната природа на човекот, онаа што Писмото ја нарекува „дела на телото“. А „духот на животот“, кој доаѓа од Бог, ја претставува духовната природа на човекот, „делата на духот“.
Децата Божји се оние што, преку духот, ги умртвуваат делата на телото:
„И затоа, браќа, ние не сме му должници на телото за да живееме по телото; бидејќи, ако живеете по телото, ќе умрете; но, ако преку Духот ги умртвувате делата на телото, ќе бидете живи. Сите оние што се управуваат по Духот Божји, се синови Божји“ (Римјаните 8:12-14).
Над таквите сатаната нема власт. Тој владее над оние што живеат по телото, односно над оние што се раководат од телесната природа, која е поврзана со земниот прав од кој е создадено човечкото тело. За сатаната е речено дека тој „бара некого да проголта“. Тоа значи дека оној кого го уловил во својата волја – токму тој е оној што го „проголтал“.
„Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта“ (1 Петрово 5:8).
„Со кротост да ги превоспитува противниците за да би можел Бог да им даде покајание, за да ја познаат вистината,и да се ослободат од мрежата на ѓаволот кој ги уловил живи за да ја исполнуваат неговата волја“ (2 Тимотеј 2:25,26).
Соединувајќи го сето ова, добиваме дека, победувајќи ги телесните луѓе, односно „проголтувајќи ги“, сатаната се „храни“ со прав, со оние што живеат по телото. А телото е создадено од земен прав, и тие, како што е речено во четвртата глава на пророкот Малахија, ќе станат прав под нозете на спасените.
Да продолжиме понатаму по текстот:
„И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Тој ќе ти ја смачкува главата, а ти ќе го каснуваш во петата“
Да ги разгледаме овие зборови најнапред применети кон буквалната змија, а потоа кон сатаната. Бог зборува за непријателството меѓу змијата и жената, и нивните потомци. Откако постојат луѓето, постои и нивната природна, нескриена одбивност кон змиите. Потсвесно тоа произлегува од фактот дека змијата стана орудие преку кое човештвото падна, и затоа во луѓето е вградено чувство на одмазда кон овие рептили.
Покрај тоа, бидејќи змиите се често отровни, кај луѓето постои внатрешно чувство на страв, затоа што тие разбираат дека змијата претставува опасност. Токму тоа чувство на опасност ги поттикнува луѓето да ги уништуваат змиите.
Змијата ползи по земјата и каса одоздола. Забележете дека е речено дека таа каса во петата, а петата е назад, што укажува на лукавството на змијата, која каса таму каде што човек не очекува. А човекот, бидејќи е поставен повисоко, удира одозгора. Зошто е речено дека човекот ја поразува змијата во главата, а не на друго место? Затоа што единственото место кај змијата од кое произлегува смртна опасност за човекот е главата, таму се наоѓаат отровните жлезди и забите. Затоа, оние што фаќаат отровни змии настојуваат да ги држат за главата, за да не ги каснат. А кога луѓето сакаат да убијат змија, тие ја удираат во главата.
Интересен е фактот дека змија дури и со отсечена глава може да касне. Односно, нејзината отсечена глава сепак каса, и за тоа има немалку случаи во историјата. Еден од нив е следниот:
„На југот на Кина се случи шокантен настан — готвач беше смртоносно каснат од мртва кобра, иако нејзината глава била отсечена цели 20 минути претходно. Главниот готвач Пенг Фан од градот Фошан, во својот ресторан подготвувал месо од кобра. Како и обично, тој ѝ ја отсекол главата на змијата, ја оставил настрана и започнал да го готви јадењето за гостите. По дваесетина минути се сетил на главата што останала на масата и сакал да ја фрли во корпата за ѓубре, но во тој момент мртвата глава на кобрата скокнала кон него и му нанела смртоносен уред. Човекот починал уште пред да пристигне брзата помош. Интересно е тоа што главите на влекачите и по отсекувањето можат да се движат и да каснат дури и во рок од еден час.“ — Марс Хасаншин
Значи, ако зборуваме за буквалната змија, во текстот што го разгледавме се говори за вродената, „генетска“ омраза на луѓето кон змиите.
Но сепак, овој текст многу повеќе се однесува на сатаната, зашто во него е скриено не само неговото осудување, туку и првото и најголемо ветување дадено на луѓето, за Месијата и Неговата победа над сатаната. За жал, речиси сите преведувачи на Светото писмо го преведуваат стихот што го разгледуваме, каде што е употребен еврејскиот збор zera (זַרְעָ), како „пород“. Тоа е дозволено, но зборот исто така значи и „семе“.
Ако така се погледне текстот, тој добива длабока духовна смисла. Жената сама по себе нема семе, таа го прима од мажот. Затоа, ако овде Бог зборува за „семето на жената“, тогаш станува збор за исклучителен случај, за потомство родено од жена без учество на маж. Овој единствен случај се исполни при воплотувањето на Божјиот Син, роден од жена без маж, преку силата на Божјиот Дух:
„Но, кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, Кој се роди од жена и се потчини на Законот“ (Галатјаните 4;:4).
„А во шестиот месец беше испратен од Бога ангелот Гаврил во галилејскиот град, по име Назарет, кај една девојка. Таа беше свршена за маж по име Јосиф, од домот Давидов; а името на девојката и беше Марија. И кога влезе ангелот кај неа, рече: ‘Радувај се, благодатна! Господ е со тебе!’ А таа, штом го виде, се вознемири од зборовите негови и размислуваше што значи тој поздрав. И и рече ангелот: ‘Не плаши се, Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Го наречеш со името Исус. Тој ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давид; и ќе царува над домот Јаковов засекогаш, и царувањето Негово нема да има крај.’ А Марија му рече на ангелот: ‘Како ќе биде тоа кога јас не знам за маж?’ Ангелот и одговори и рече: ‘Светиот Дух ќе слезе на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји’“ (Лука 1:26-35).
И токму за тоа особено семе, во еднина, родено од жена, зборуваат ветувањата што Бог му ги даде на Авраам и Исак:
„И ќе бидат благословени преку потомството (семето) твое сите народи на земјата, зашто го послуша Мојот глас“ (Создавање 22:18).
„… и ќе се благословат преку потомството твое сите земни народи“ (Создавање 26:4).
„Но ветувањата му беа дадени на Авраам и на семето негово. Не е речено: ‘И на семињата’, како за мнозина, туку како за еден: ‘И на семето твое’, кое е Христос“ (Галатјаните 3:16).
Значи, гледаме дека уште во Едемската градина, веднаш по падот на човекот, кога Бог ја изрече пресудата врз виновната змија, односно врз ѓаволот, Тој им го даде на луѓето првото ветување за искупување и надеж преку Божјиот Син. Во тоа ветување беше најавена Неговата победа над искушувачот: дека Божјиот Син ќе го смачка ѓаволот во главата. А како што веќе спомнавме, за змијата, која тука претставува симбол на ѓаволот, смачкување на главата значи смрт. Но, истовремено, во тој процес и самиот Спасител ќе пострада, бидејќи ќе биде каснат во петата.
На Голгота, преку Својата смрт, Божјиот Син му го нанесе овој решителен удар на сатаната, затоа што ги искупи виновните и ги ослободи од последиците на гревот на Адам, поради кои сите луѓе умираат – без разлика дали се праведници или грешници. Токму затоа сите луѓе ќе бидат воскреснати: праведниците – во првото воскресение, при Второто Христово Доаѓање, пред илјадагодишното царство; а грешниците – во второто воскресение, по завршувањето на илјадагодишното царство.
Со овие воскресенија Бог им покажува на сите луѓе дека се ослободени од смртта како последица на гревот на Адам. Но праведниците ќе воскреснат за да живеат вечно, бидејќи Му дозволиле на Божјиот Син да ги преобрази и затоа што Тој ги измил со Својата Крв:
„А еден од старешините прозборе и ме праша: ‘Оние, облечени во бели облеки, кои се и од каде дошле?’ А јас му одговорив: ‘Ти знаеш, господине.’ А тој ми рече: ‘Тие се што дојдоа од големи маки; тие ги испраа облеките свои и ги избелија со крвта на Јагнето. Затоа се пред престолот на Бога, Кому Му служат во Неговиот храм и дење и ноќе; и Оној, Кој седи на престолот, ќе се всели во нив’“ (Откровение 7:13-15).
А безбожниците ќе воскреснат по завршувањето на илјадагодишното царство. Со тоа тие ќе бидат ослободени од власта на смртта, последица на Адамовиот грев. Но тие ќе бидат уништени по судот во огненото езеро, бидејќи на Божјиот суд ќе бидат осудени за своите сопствени гревови, кои не ги оставиле и не му дозволиле на Божјиот Син да ги измие со Својата Крв. Така, на Голгота, Божјиот Син го искупи човештвото, го помири со Бога преку Својата смрт и го отвори патот на спасение за секој што верува во Него и се враќа кај Бога:
„И така, кој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, и ете, се создаде новото.А сè е од Бога, Кој нè измири со Себе преку Христос и ни го даде служењето на тоа измирување. Зашто Бог го измири светот со Себе преку Христос, не земајќи ги предвид престапите на луѓето, и го положи во нас словото на измирување. Па така, ние сме Христови пратеници, како Бог да зборува преку нас. Ве молиме во името на Христос: помирете се со Бога! Зашто Оној, Кој не знаеше грев, Бог за нас Го направи грев, та преку Него да станеме праведност Божја“ (2 Коринтјаните 5:17-21).
„Исус му рече: ‘Јас сум Патот, Вистината и Животот; никој не доаѓа кај Отецот, освен преку Мене’“ (Јован 14:6).
Интересно е уште едно значење: Христос умре на Голгота, местото што се нарекува „Черепница“:
„И тогаш им Го предаде за да биде распнат. И Го зедоа Исус, и Го поведоа. И носејќи го Својот крст, Тој излезе на местото наречено Черепница, а по еврејски Голгота; таму Го распнаа…“ (Јован 19:16-18).
Крстот со своето подножје беше вкопан во Голгота, Черепницата. Тоа ни открива силна слика: сатаната беше поразен во главата. Но во стихот што го разгледуваме се вели дека сатаната ќе го касне Божјиот Син во петата. Со тие зборови се укажува на страдањата и смртта што Христос ги поднесе на Голгота од рацете на безбожните луѓе, луѓето на ѓаволот.
Единствената „ранливост“ кај Христа пред ѓаволот беше во тоа што Божјата одредба, „платата, што ја дава гревот, е смрт“, е непроменлива и се заснова на правдата. А бидејќи Христос реши да го замени човечкиот род и да ја преземе врз Себе казната за неговите гревови, Тој мораше да умре. Грешноста на човечкиот род, што Христос дојде да го спаси, беше еден вид „слабо место“ преку кое сатаната можеше да Го „касне“, бидејќи самиот Христос беше свет и неранлив за сатаната. Тоа беше токму таа „пета“ во која сатаната го „касна“ Синот Божји.
Интересно е што токму од ова Божјо ветување древните Грци ја создале својата митска приказна за Ахил и неговата слаба точка, „Ахиловата пета“, преку која можел да биде поразен.
Но стихот што го разгледуваме има уште еден слој на толкување:
„И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Тој ќе ти ја смачкува главата, а ти ќе го каснуваш во петата.”
Овој текст може да се разгледа и од аспектот дека „жената“ ја претставува Божјата црква, која во Писмото е наречена телото Христово:
„и сè Му покори под Неговите нозе и Го постави глава над сите во Црквата, која е Негово тело“ (Ефесјаните 1:22,23).
„… го пополнувам недостигот од Христовите маки во моето тело за телото Негово, кое е Црквата“ (Колосјаните 1:24).
Значи, жената ја претставува Црквата, а семето на жената се членовите на Црквата, кои водат бескомпромисна борба со ѓаволот и неговото семе, односно неговите следбеници и она што тој го породил, а тоа е гревот. Со Христова сила, преку примерот на Неговиот свет и целосно на Бога посветен живот, тие го смачкуваат сатаната во главата, ослободувајќи се од гревот:
„Но сега, кога се ослободивте од гревот и Му станавте служители на Бога, имате плод кој води во светост, а крајот -животот вечен“ (Римјаните 6:22).
„И така, кој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, и ете, се создаде новото“ (2 Коринтјаните 5:7).
Но и сатаната не спие; тој наоѓа слаби места кај секој верник, ја наоѓа таа „пета“ и преку неа го каснува човекот, како што, на пример, ги касна апостолите и тие побегнаа, оставајќи Го Христос; или како што го касна апостол Петар, и тој, од страв за својот живот, се одрече од Божјиот Син. Но благодарение на Бога, кој во Својата голема љубов и милост им дава можност дури и на оние што паднале под искушенијата на ѓаволот, на оние што биле „каснати од сатаната во петата“, повторно да се подигнат со Христова сила и, победувајќи го гревот со кој сатаната ги погодил, да го смачкаат сатаната во главата:
„… зашто седумпати ќе падне праведникот – и пак ќе стане…“ (Изреки 24:16).
„Кој Бог е како Тебе, за да ги простува беззаконијата, да мине преку престапите на остатокот од Своето наследство? Тој вечно не се гневи, зашто Тој со радост се смилува. Тој пак ќе се смили над нас и ќе ги сотре нашите беззаконија. Тој ќе ги фрли сите наши гревови во морските длабочини“ (Михеј 7:18,19).
„И не давајте му место на ѓаволот. Крадецот да не краде веќе, туку нека се труди и подобро е да се труди со своите сопствени раце да го прави она што е добро, за да има што да му даде на оној што има потреба. Никаков гнасен збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за надградување каде што треба, за да им даде благодат на оние што слушаат“ (Ефесјаните 4:27-29).
„… Како што ги препуштивте органите на вашето тело во телесна служба на нечистотата и беззаконието за беззаконие, така и сега оставете ги деловите од вашето тело да и робуваат на праведноста која води во светост“ (Римјаните 6:19).
Да не заборавиме дека Христос на Голгота го смачка ѓаволот во главата – тој веќе е осуден на целосно уништување. Но исто така треба да помниме дека и змија со отсечена глава може смртоносно да касне. Затоа мора да се пазиме од ѓаволот. Оваа „змија со отсечена глава“, односно ѓаволот поразен од Христос на Голгота, се разбеснел уште повеќе, знаејќи дека му останува малку време. Токму поради тоа тој прави сè што може за „со својата отсечена глава“ да касне смртоносно што е можно повеќе луѓе:
„Затоа веселете се, небеса, и вие, кои живеете на нив! Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, бидејќи знае дека му останува малку време“ (Откровение 12:12).
„Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта; спротивете му се со тврда вера, знаејќи дека такви страдања ги снаоѓаат и вашите браќа по светот“ (1 Петрово 5:8,9).
Умножи ја во нас верата, Господи, и сочувај нè од лукавиот!
И така, да се потсетиме накратко на она за што денес размислувавме:
- Божјиот принцип во изрекувањето казна е следен: прв ја добива казната иницијаторот и поттикнувачот на гревот. Со оној што може да се исправи, Бог води поучни разговори; но со оној што толку се ожесточил во злото што не сака да се поправи, со таквите Бог не води беседи за покајание, туку веднаш изрекува пресуда, како што беше со сатаната во Едемската градина.
- Змијата беше проколната повеќе од сите животни како соучесничка на сатаната во падот на луѓето во грев. Но и останатите животни беа погодени од проклетството; нивниот првобитен возвишен статус беше понижен. Оние што порано живееја во света атмосфера и хармонија, се изменија во своето однесување и инстинкти. Причината за тоа е што Бог ја проколна Земјата и сè што е на неа поради човекот, за тој да ја сфати целата тежина и погубност на гревот и неговите последици.
- Сатаната е осуден да остане на Земјата, на која беше исфрлен од Бог, и тука ќе го заврши својот беславен крај. До крајот на своето дејствување тој ќе се „храни“ со правот од земјата, односно духовно ќе ги проголтува оние што живеат според телото, а не според духот.
- Во Едемската градина Бог го даде првото и најголемо ветување за искупување: дека Божјиот Син ќе извојува победа над сатаната. Благодарение на ова ветување, враќањето во изгубениот рај е возможно. Иако Христос го победи ѓаволот, оваа победа не му дошла лесно; таа беше извојувана преку страдање и смрт.
- Во уште едно ниво на толкување, жената ја симболизира Црквата, телото Христово, а семето се нејзините членови, кои со свет живот му нанесуваат удар на сатаната во главата, иако при тоа ќе страдаат од него, паѓајќи во искушенија. Иако сатаната е веќе победен непријател на Голгота и му е нанесен смртоносен удар во главата, сепак, дури и со повредена глава, тој ја задржува способноста да ги каснува оние што не се будни и внимателни.
