Гласник на реформацијата · 2025 · декември
Одете по сиот свет
Молитвена седмица · Читајте, размислувајте и проучувајте


Мнозина од нас се запознаени со искуството на Филип кога тој бил повикан да разговара со влијателен човек од Етиопија.
„А на Филип му рече ангел Господов: ‘Стани и тргни на југ, по патот што води од Ерусалим за Газа, кој е пуст.’ Тој стана и тргна; и ете, еден човек од Етиопија, евнух, висок достоинственик на Кандакија, етиопската царица, кој беше чувар на сите нејзини ризници. Тој дошол во Ерусалим на поклонение, а сега се враќаше и, седејќи в кола, го читаше пророкот Исаија. Духот, пак, му рече на Филип: ‘Приближи се и застани до колата!’ Филип побрза, и, откако чу дека тој го чита пророк Исаија, му рече: ‘Го разбираш ли тоа што го читаш?’ Овој одговори: ‘Како ќе можам да го разберам, ако некој не ме упати?’ Па го замоли Филип да се качи и да седне до него… А тогаш, Филип ја отвори устата своја, започнувајќи да му објаснува од тоа место во Писмото и да му благовести за Исус“ (Дела 8:26–31, 35).
Ова не е само приказна, туку вистински историски настан. Дали размислуваме колку е овој настан извонредно важен за секого од нас и денес?
„Овој Етиопјанец ја претставува бројната категорија луѓе на кои им се потребни упатства од страна на мисионери каков што бил Филип — луѓе кои го слушаат Божјиот глас и одат таму каде што ги праќа Тој. Мнозина го читаат Светото писмо, но не го сфаќаат неговото вистинско значење и неговата смисла. Во цел свет луѓето копнежливо го насочуваат погледот кон небото. Молитви, солзи и прашања се издигнуваат од душите кои копнеат за светлина, за Светиот Дух и за Божјата милост. Мнозина се наоѓаат на прагот на небесното царство, чекајќи само да бидат воведени.
Ангелот го одвел Филипа кај човек кој ја барал светлината и кој бил подготвен да го прими евангелието. И денеска ангелите управуваат со чекорите на работниците кои му дозволуваат на Светиот Дух да го посвети нивниот јазик, да ги исчисти и облагороди нивните срца. Ангелот, кој му бил пратен на Филипа, можел и сам да го изврши ова дело за Етиопјанецот, но тоа не е начин на кој работи Бог. Негов план е луѓето да се заложуваат за своите ближни.
Во задачата што им е доверена на првите ученици треба да учествуваат верниците од сите времиња. Секому што ќе го прифати евангелието му е дадена света вистина да ја објавува на светот. Верниот и на Бога предан народ секогаш претставувал активен мисионер кој своите средства ги посветувал на честа на Неговото име и мудро ги употребувал своите лични способности во Неговата служба.
Несебичните напори на некогашните христијани треба за нас да бидат очигледна поука и вдахновение. Верниците на Божјата црква мора да бидат ревносни во добри дела, слободни од земно славољубие, следејќи ги стапките на Оној кој поминал правејќи само добро. Со срце полно со љубов и сочувство, тие мора да им служат на оние на кои им е потребна помош и на грешниците да им дадат сознание за љубовта на Спасителот. Тоа дело бара истрајни напори, но донесува богата награда. Тие што прават така, посветувајќи ѝ се искрено на целта, ќе видат души придобиени за Спасителот, зашто влијанието што го придружува спроведувањето на Христовиот налог во дело практично е неодоливо.
Оваа должност не им е предадена само на ракоположените проповедници. Секој што го примил Христа е повикан да работи за спасението на своите ближни… Налогот на Спасителот им е доверен на сите што веруваат во Неговото име. Бог ќе прати во Своето лозје мнозина кои никогаш не биле ракоположени за проповедници!“ — Делата на апостолите, 109, 110.
„Ова искуство на Филип и на Етиопјанинот ни покажува на какво дело Бог го повикува Својот народ… Во светот има луѓе кои го читаат Светото писмо, но не можат да го сфатат неговото вистинско значење. Потребни се мажи и жени што Го познаваат Бога, за на овие души да им го објаснат Неговото слово“ — 8. Сведоштво, 58.
Ако си благословен со ова знаење, и ти си еден од нив!

Нашиот возвишен повик
„На секој човек му се упатува повик сите нешта да ги стави на олтарот на службата. Од нас можеби не се бара да служиме како што Елисеј служел, ниту да продадеме сè што поседуваме; но Бог бара Неговата служба да биде на прво место во нашиот живот, така што да не помине ниту еден ден а да не направиме нешто за напредокот на Неговото дело на земјата. Тој не бара од сите ист вид на служба. Некој може да биде повикан да работи во некоја странска земја, а друг да ги даде своите средства за помагање на евангелското дело. Бог ја прифаќа и едната и другата служба. Потребно е посветеност на животот и сите животни цели. Оние кои ќе се посветат на ваков начин, ќе го чујат и ќе го послушаат повикот од небото. На секој што станува учесник во Неговата благодат, Господ му доверува дело за доброто на другите. Секој од нас поединечно треба да стане и да рече: „Еве ме мене, испрати ме мене.“ Без разлика дали човекот е проповедник на Словото или лекар, трговец или земјоделец, стручњак или занаетчија, врз него лежи одговорноста. Неговата задача е да им го открие на другите евангелието за нивното спасение. Секоја работа со која се занимава треба да биде средство за исполнување на таа цел“ — Пророци и цареви, 221, 222.
Како да започнам?
„Никој не треба да чека да биде повикан на некое далечно поле за да почне да им помага на другите. Каде и да се наоѓате, можете да започнете веднаш. Прилики и можности за таква работа има за секого. Прифатете го делото за кое сте одговорни — во вашето семејство и во вашето соседство. Не чекајте другите да ве поттикнат на дејство. Со стравопочит кон Бога, тргнете напред без одлагање, имајќи ја на ум вашата лична одговорност кон Оној кој го даде Својот живот за вас. Постапувајте како да Го слушате Христовиот глас што лично ве повикува да го дадете својот максимум во Неговата служба. Не гледајте кој друг е подготвен. Ако сте навистина посветени, Бог преку вашата делотворност ќе доведе други до вистината и ќе ги употреби како Свои канали за да ја пренесат светлината на многумина кои, барајќи по мракот, го бараат патот.
Секој може нешто да направи. Обидувајќи се да се оправдаат, некои велат: „Моите домашни должности, моите деца, го бараат целото мое време и средства.“ Родители, вашите деца треба да бидат вашата помошна рака, зголемувајќи ја вашата сила и способност во работата за Учителот. Децата се помладите членови на Господовото семејство. Тие треба да бидат наведени да се посветат на Бога, кому Му припаѓаат по создавањето и по искупувањето. Треба да се научат дека сите нивни сили — на телото, умот и душата — Му припаѓаат Нему. Уште од мали нозе треба да се воспитуваат за несебична служба на другите. Не дозволувајте вашите деца да ви бидат пречка. Заедно со вас, тие треба да ги споделуваат и духовните и телесните товари. Помагајќи им на другите, тие ќе ја зголемат сопствената радост и корисност во животот.“ — The Review and Herald, 29 јули 1902.
„Божјата намера била Неговиот народ да биде осветен, очистен и свет народ кој ќе ја пренесува светлината на сите околу себе.
Негова цел била, преку практично прикажување на вистината во својот живот, тие да станат Негова пофалба на земјата. Благодата Христова била доволна за тоа да се оствари. Но Божјиот народ требал да запомни дека само ако верува и ги применува начелата на евангелието во својот живот, Бог можел да ги направи Негова пофалба на земјата. Само кога ги употребувале своите од Бога дадени способности во Неговата служба, можеле да ја искусат полнотата и силата на ветувањето врз кое била основана црквата. Ако оние што тврделе дека веруваат во Христа како свој Спасител достигнувале само до ниските мерила на световниот стандард тогаш црквата не носела богат плод каков што Бог очекувал. На нејзиниот запис би стоело напишано: „си се нашол лесен“ … Учениците не требале да чекаат луѓето да дојдат кај нив. Тие требале да одат кај луѓето — да ги бараат грешниците како што пастирот ги бара изгубените овци.
Христос им го отворил светот како нивно поле за работа. Тие требале да одат „по целиот свет и да го проповедаат евангелието на секое создание“ (Марко 16:15). Тие требале да зборуваат за Спасителот — за Неговиот живот на несебична служба, за Неговата срамна смрт и за Неговата неспоредлива, непроменлива љубов. Неговото име требало да им биде лозинка и знак на единство. Во Неговото име требале да ги соборат тврдините на гревот. Верата во Неговото име требала да ги обележи како христијани. Давајќи им понатамошни упатства на учениците, Христос им рекол: „Но ќе примите сила од Светиот Дух, Кој ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и сè до крајот на земјата ‘. А вие останете во Градот Ерусалим, додека не се облечете во сила одозгора’ (Дела 1:8; Лука 24:49).
Покорувајќи се на зборовите на својот Учител, учениците се собрале во Ерусалим за да го чекаат исполнувањето на Божјото ветување. Таму поминале десет дена исполнети со длабоко испитување на срцето. Ги отстраниле сите разлики меѓу себе и се зближиле во вистинско христијанско заедништво. На крајот од десетте дена, Господ го исполнил Своето ветување преку чудесното излевање на Неговиот Дух. „Тогаш ненадејно се создаде шум од небото, како силен ветар кога дува, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија јазици како од пламен, кои се разделуваа и се спуштија по еден над секого од нив посебно. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети, да изговараат’. ‘И во тој ден се присоединија кон нив околу три илјади души“ (Дела 2:2- 4,41). „Тие, пак, отидоа и проповедаа насекаде; и Господ работеше со нив и им го поткрепуваше словото нивно со чуда, што се јавуваа“ (Марко 16:20). И покрај жестокото противење со кое се соочиле учениците, за кратко време евангелието на царството се разгласило по сите населени делови на земјата. Заповедта што им била дадена на учениците важи и за нас денес.
Како тогаш, така и сега, распнатиот и воскреснат Спасител треба да биде возвишен пред оние кои се без Бога и без надеж во светот. Господ ги повикува пастирите, учителите и евангелистите. Од врата до врата, Неговите слуги треба да ја разгласуваат пораката на спасението. На секој народ, племе, јазик и народност треба да му се пренесе веста за простувањето преку Христос. Оваа порака не треба да се соопштува со бледи и безживотни зборови, туку со јасни, решителни и потресни изрази. Стотици чекаат предупредување за да избегаат и да го спасат својот живот. Светот треба да види во христијаните доказ за силата на вистинското христијанство. Не само на неколку места, туку низ целиот свет се потребни весници на милоста. Од секоја земја се слуша повикот: „Дојдете… и помогнете ни.“ Богати и сиромашни, високи и ниски, сите копнееле по светлина.
Мажите и жените копнееле по вистината каква што е во Исуса. Кога ќе го чујат евангелието проповедано со сила одозгора, ќе разберат дека трпезата е подготвена и ќе одговорат на повикот: ‘Дојдете, зашто веќе сè е подготвено’ (Лука 14:17). Зборовите: „Одете по целиот свет и проповедајте го евангелието на секое создание“ (Марко 16:15) се упатени на секој следбеник Христов. Сите што се повикани на живот во Христа се повикани и да работат за спасението на своите ближни. Истата жед на душата што Тој ја чувствувал за спасението на изгубените треба да се пројави и во нив. Не сите можат да ја исполнат истата служба, но за секого постои место и дело. Сите што ги примиле Божјите благослови треба да одговорат со вистинска служба — секој дар треба да се употреби за напредок на Неговото царство.“
Непроменливо ветување
„Христос обезбедил сè што е потребно за извршување на делото што им било доверено на учениците и ја презел врз Себе одговорноста за неговиот успех. Сè додека тие Му биле послушни и работеле во заедништво со Него, не можеле да не успеат. Одете кај сите народи, им рекол Тој. „Одете до најоддалечените делови на населениот свет, но знајте дека и таму ќе биде Моето присуство. Работете со вера и доверба, зашто никогаш нема да дојде време кога ќе ве оставам.“
И нам ни е дадено истото ветување за постојаното Христово присуство. Времето не направило никаква промена во ветувањето што Христос го дал при разделбата со Своите ученици. Тој е со нас и денес, исто толку вистински како што бил со нив, и ќе биде со нас ‘сè до свршетокот на светот.’ ‘Одете по сиот свет и проповедајте им на сите народи’, ни кажува Спасителот, ‘за тие да станат Божји деца. Јас сум со вас во таа работа.
Јас ќе ве учам, водам, тешам, засилувам и ќе ви дадам успех на вашата работа полна со самоодрекување и пожртвување.
Јас ќе ги покренувам срцата на луѓето, осведочувајќи ги за гревот и обраќајќи ги од мракот кон светлината и од непокорноста кон праведноста. Во Мојата светлина тие ќе видат светлина. Вие ќе наидувате на противење од сатанските помагачи, но надевајте се во Мене. Јас никогаш нема да ве разочарам.
Зарем мислите дека Христос не ги цени оние кои живеат целосно за Него? Зарем мислите дека Тој не ги посетува оние кои, како возљубениот Јован, се наоѓаат на тешки и искушувачки места заради Неговото име? Христос ги наоѓа Своите верни и има заедништво со нив, ги охрабрува и ги зајакнува. А Божјите ангели, кои се силни во моќ, се испраќаат од Бога да им служат на Неговите човечки работници кои ја зборуваат вистината на оние што сè уште не ја познаваат.
На проповедникот на евангелието Бог му ја доверил задачата да ги упатува кон Христа оние кои се оддалечиле од тесниот пат. Тој треба да биде мудар и усрден во своите напори. На крајот од секоја година треба да може да погледне наназад и да види души спасени како плод на неговиот труд. Некои треба да ги спаси со страв, „влечејќи ги од оган и мразејќи дури и облека извалкана од телото“, „цврсто држејќи се за верното слово, како што бил поучен“ (Јуда 23; Тит 1:9). Павловиот налог даден на Тимотеј се однесува и на денешните проповедници: „Те обврзувам пред Бога и нашиот Господ Исус Христос… проповедај го словото; настојувај во погодно време и во невреме; укорувај, прекорувај, охрабрувај со голема долготрпеливост и поука“ (2. Тимотеј 4:1, 2).
Нашите срца треба да бидат исполнети со Христовата љубов, така што нашите зборови на благодарност ќе ги загреваат срцата на другите. Тоа е служба што секој може да ја извршува, и Господ ја прифаќа како да е принесена лично Нему.
Тој ја прави успешна, давајќи му на усрдниот работник благодат што го помирува човекот со Бога. Нека Господ му помогне на Својот народ да сфати дека има сериозна работа што треба да се изврши. Нека им помогне да запомнат дека и во домот, и во црквата, и во светот, тие треба да ги вршат Христовите дела. Тие не се оставени да работат сами — ангелите им помагаат, а Христос им е постојан Соработник. Затоа, нека работат верно и неуморно. Во свое време ќе пожнеат, ако не се уморат.“ 8. Сведоштво, 14-18.
Самостојни мисионери
„Мисионерите што сами се издржуваат, можат да делуваат успешно на многу места. И апостол Павле, ширејќи го по светот знаењето за Христа, делувал како мисионер, кој самиот се издржувал. Додека секојдневно го проповедал Евангелието во големите градови на Азија и Европа, истовремено работел и како занаетчија, за да се издржува себеси и своите соработници. Неговите зборови при разделбата со старешините на црквата во Ефес, ни го откриваат начинот на неговата работа и содржат скапоцени поуки за секој евангелски работник.
‘Вие знаете’, нагласил тој, како со вас бев еднаков… како ништо корисно не пропуштив да кажам и да ве научам пред народот и по куќите… сребро, злато, или облека, од ниту еден не побарав. Самите знаете дека на мојата потреба и на оние коишто се со мене, ми послужија овие мои раце. Со сè ви покажував дека треба да се трудите и да им помагате на немоќните, а исто така и да ги помните зборовите на Господа Исуса, зашто Сам Тој рече, Поблажено е да се дава, отколку да се зема’ (Дела 20:18- 35). Кога би биле инспирирани од истиот дух на самопожртвуваност и денес, многумина би можеле на сличен начин да вршат некое добро дело. Нека двајца или повеќемина заедно започнат евангелска работа. Нека ги посетуваат луѓето, молејќи се, пеејќи, поучувајќи, објаснувајќи ги Списите и служејќи им на болните.
Некои можат да се издржуваат себеси преку колпортерска работа; други, слично како апостолот, можат да работат некој занает или нешто слично на тоа. Тие ќе стекнат благословени искуства, движејќи се нанапред во нивна работа и скромно зависејќи од Бога, препознавајќи ја својата беспомошност. Господ Исус Христос чекори пред нив и тие ќе наидат на одобрување и поддршка и меѓу богатите и меѓу сиромашните.
Оние, кои биле обучувани за здравствено-мисионска работа во странски држави, треба да бидат охрабрени без одложување да одат онаму, каде што очекуваат да работат и да започнат работа меѓу луѓето и, работејќи ја својата работа, да го учат тамошниот јазик. Набргу, тие ќе бидат во состојба да ги поучуваат луѓето за едноставните вистини на Божјата Реч. Гласниците на милоста треба да одат по целиот свет.
На христијанските семејства им е упатен повик да одат во заедници, кои се во темнина и заблуда, да одат во странските полиња, за да се запознаат со потребите на своите ближни и да работат за делото на Учителот. Колку благородна работа може да биде извршена доколку такви семејства се населат во места, каде што народот е обвиткан во духовна темнина и со својот живот претставуваат светлина на христијанската вера! Ова дело бара жртви. Додека многумина чекаат да биде отстранета секоја пречка, работата што би можеле да ја завршат, останува незавршена и мноштво луѓе умираат без надеж и без Бога. Постојат луѓе што се изложуваат на опасности заминувајќи во ненаселени предели и радосно поднесуваат жртва и тешка работа, заради некакви трговски интереси или научни сознанија; но малкумина се оние, кои се подготвени од љубов кон ближните да заминат во места во кои Евангелието е толку неопходно.
Да се допре до луѓето, каде и да се наоѓаат, каква и да е нивната состојба или положба и да им се помогне на секој можен начин – тоа е вистинска служба. Со такви напори можат да се придобијат срца и да се најде отворена врата во душите што се подготвени за проповедање.
Додека работиш, секогаш имај предвид дека си поврзан со Христа и дека претставуваш дел од големиот план на откупување. Христовата љубов треба да тече низ твојот живот како лековита, животворна река. Кога настојуваш да ги привлечеш другите во кругот на Христовата љубов, чистотата на твојот јазик, несебичноста на твојата служба и љубезното однесување треба да бидат сведоци за силата на Неговата благодат. Дај му на светот чиста и верна претстава за Него, така што луѓето ќе можат да го видат во Неговата вистинска убавина.
Од мала корист е да се обидуваме да ги реформираме другите, со напаѓање на она што ние го сметаме за погрешно. Таквите напори, честопати резултираат со повеќе штета отколку корист. Во својот разговор со Самарјанката на Јакововиот бунар, наместо понижување, Исус упатил нешто подобро: ‘Кога би го знаела ти Божјиот дар’, рекол Тој, ‘И кој е Оној што ти вели, дај ми да пијам – ти самата би побарала од Него и Тој би ти дал жива вода’. (Јован 4:10). Тој го насочил разговорот кон богатството што бил подготвен да го даде, нудејќи ѝ на жената нешто подобро од она што таа го поседувала – жива вода, радост и надежта на Евангелието.
Тоа го илустрира начинот на кој треба да работиме. Ние треба да им понудиме на луѓето нешто подобро од она што го поседуваат, а тоа е Христовиот мир, кој го надминува секое познавање. Мораме да им кажеме за Божјиот свет закон, кој претставува препис на Неговиот карактер и израз на она што и тие, според Неговата желба, треба да станат. Покажи им колку е неизмерно поголема непоминливата слава на Небото, кога ќе се спореди со поминливите радости и задоволства на овој свет. Кажи им за слободата и мирот што се наоѓаат во Спасителот. ‘Кој пие од водата, што ќе му ја дадам јас, нема никогаш да ожедни’ – објавил Тој. (Стих 14) Воздигни го Христа, извикувајќи: ‘Еве го Божјото јагне, Кое ги зеде врз Себе гревовите на светот’. (Јован 1:29) Само тој може да го задоволи копнежот на срцето и да ѝ даде мир на душата.
Од сите луѓе на светот, реформаторите треба да бидат најнесебични, најљубезни и најучтиви. Нивните животи треба да одблеснуваат со вистинска добрина и несебично делување.
Работникот што покажува недостиг на учтивост, кој покажува нетрпеливост за неупатеноста и застранетоста на другите, кој зборува лекомислено или работи непромислено, може да ја затвори вратата на нечие срце, така што никогаш повеќе да не биде отворена. Како што росата и тивките дождови на жедните билки, така треба и вашите благи и пријателски зборови да паѓаат на срцата на луѓето што сакате да ги одвратите од заблудата. Божјиот план е најнапред да се допре до срцето. Ние треба да ја зборуваме вистината со љубов, верувајќи дека Господ ќе им подари сила за реформирање на животот, на оние што слушаат. Светиот Дух ќе го втисне во душата зборот изговорен од љубов. Ние сме по природа себични и самоволни. Но ако ги прифатиме поуките што Христос копнее да ни ги даде, ние ќе станеме соучесници во Неговата природа и ќе живееме со Неговиот живот.
Прекрасниот Христов пример, неспоредливата нежност со која ги освојувал чувствата на луѓето, плачејќи со оние што плачат, радувајќи се со оние што се радуваат, треба да остави длабоко влијание врз карактерот на сите што искрено го следат. Патот за стапалата на изморените и изнемоштените, треба да се израмни со љубезни зборови.“ — Здравје и среќа, 154-157
Крај огништето
Вовед
„Нашите домови треба да станат Ветил, а нашите срца – светилишта. Секогаш кога во душата се негува Божјата љубов, ќе владеат мир, светлина и радост. Исус сака да гледа среќни бракови и среќни огништа.“ — The Faith I Live By, 255.
На почетокот на деветнаесеттиот век, огништето било централниот дел на семејниот живот — особено во времето пред појавата на современото греење и електричната енергија. Токму таму семејствата се собирале за топлина, светлина и меѓусебна блискост. Сестра Вајт го користела изразот „покрај огништето“ за да нагласи лично, односно духовно заедништво во атмосфера што нејзината публика веднаш ја препознавала како блиска и значајна. За неа, „покрај огништето“ не било само физичко место, туку симбол на блискост, доверба и можност за влијание — простор каде што членовите на едно домаќинство можеле да се поттикнуваат да живеат според светлината што Бог му ја дал на Својот народ и да ја споделуваат со целиот свет. Имајќи го тоа на ум, да го разгледаме нашето денешно размислување и да ги научиме поуките што можеме да ги извлечеме од Божјата Реч и од Перото на Вдахновението.
Во детството
Во моето детство, иако мојот роден град беше студено место во поголемиот дел од годината, немавме камин во домот. Но се сеќавам дека нашиот дом беше место каде што се собиравме заедно — како да седиме „покрај огништето“ — за време на семејното богослужение и во други моменти кога поминувавме време во пофалби кон Господ и во проучување на Неговата Реч. Мајка ми умееше да ни пренесе важни животни поуки што и денес ги паметам со љубов. Таа ја следеше поуката од Изреки 22:6:
„Поучи го момчето во почетокот на патот негов: тој нема да скршне од него и кога ќе остари.“ — Изреки 22:6.
Јасно можам да видам, во сопственото искуство, дека тие поуки одиграа клучна улога во моите животни одлуки — во тоа дали ќе Го следам Господа или не. Му благодарам на Господ за Неговата Реч и за ветувањата што се содржани во неа.
„Во детството и младоста карактерот е највпечатлив и најлесно се обликува. Тогаш треба да се стекне силата на самоконтрола. Покрај огништето и на семејната трпеза се создаваат влијанија чиј резултат трае во вечноста. Повеќе од каков било природен дар, навиките што се формираат во раните години одлучуваат дали човекот ќе биде победник или поразен во битката на животот.“ — Совети за детето, 202.
Авраам и Сара
Слушаме за Авраам — за неговата вера, за неговите слабости, но и за делото што го вршел во својот дом, кое ги опфаќало и оние што работеле за него, неговите слуги. Тој добил ветување од Бога:
„Ќе ги благословам оние, што тебе ќе те благословуваат, и ќе ги проколнам оние, што тебе ќе те проколнуваат и преку тебе ќе бидат благословени сите народи на земјата“ (Создавање 12:3).
Зошто сите семејства на земјата требало да бидат благословени преку него? Затоа што, преку својата поврзаност со Христос, тој станал пример во послушноста кон Божјиот глас, како што читаме во Создавање 26:5:
„Бидејќи Авраам го послуша гласот Мој и се покоруваше на заповедите Мои, на наредбите Мои и на законите Мои.“
Но не само тоа — тој требало да го поучува и своето семејство во патиштата Господови, за кого Бог посведочил:
„Затоа што го избрав за да им заповеда на синовите свои, и на домот свој по себе, да одат по патот Господов и да извршуваат правда и суд, и Господ ќе го исполни (сè) она, што му го вети на Авраам“ (Создавање 18:19).
Сепак, тој не бил сам во оваа мисија. Сара, неговата жена, била со него, и двајцата извонредно ја извршувале својата задача „покрај огништето“, бидејќи верно ги поучувале сите во нивниот дом додека патувале кон ветената земја:
„Мнозина од тие луѓе биле раководени од принципи далеку повисоки отколку што се службата и личниот интерес. За време на својот престој во Харан, Аврам и Сара со својот пример мнозина навеле да му служат на вистинскиот Бог. Тие луѓе биле цврсто врзани за семејството и за домаќинството на патријархот, придружувајќи го во ветената земја“ — Патријарси и пророци, 127.
Од искуството на Авраам и Сара во нивното заедничко служење на Божјото царство, јасно се гледа дека и таткото и мајката имаат важна улога во воспитувањето на својот дом да оди по патиштата на Господа.
Родители и семејства
Во своето служење, во различни прилики додека ги посетував семејствата, имав можност да учествувам со нив во моменти на богослужение „покрај огништето“. Прекрасно е да се забележи посветеноста и трудот што родителите го вложуваат за да го одвојат тоа драгоцено време на семејно заедништво. Навистина е благослов да се молиме, да пееме и да читаме заедно, оставајќи посебно време за обединување во богослужение на нашиот Господ и за подлабоки разговори на духовни теми. На тој начин тие ја исполнуваат својата должност — да го издигнуваат знамето на Емануел, облеано со Неговата крв, спроти стрелите на непријателот. Треба секогаш да се потсетуваме дека семејството е најдоброто и најблиското мисионско поле.
„Родителите треба да им зборуваат на своите најмали за Исуса и за планот на спасението. Треба да ги втиснуваат драгоцените поуки од животот и Христовиот карактер во умот на своите деца, за тие да станат Негови следбеници и наследници на вечниот живот. Денес многу се зборува за мисионска работа во странство, но домашната работа често се занемарува. Најголемото мисионско поле се наоѓа токму покрај вашето огниште, а најголемата потреба е од татковци и мајки во Израел. Кога родителите ќе ја разберат големата одговорност што почива врз нив, ќе се зафатат со оваа домашна мисија и ќе ги воспитуваат своите деца за небото. На своите најмали ќе им даваат поука по поука, заповед по заповед; ќе ги поучуваат своите малечки — заповед по заповед, правило по правило.“ — The Review and Herald, 21 април 1891.
„Нашата работа за Христа треба да започне во семејството, во домот. Воспитувањето на младите треба да биде поинакво од она што им било давано во минатото. Нивната благосостојба бара многу повеќе напор и труд отколку што досега им се посветувало. Нема поважно мисионерско поле од ова. Со збор и пример, родителите треба да ги поучуваат своите деца да работат за оние што сè уште не се обратиле. Децата треба да бидат воспитувани така што ќе сочувствуваат со старите и болните и ќе настојуваат да ги олеснат страдањата на сиромашните и оние што се во неволја. Треба да бидат поучувани да бидат ревни во мисионската работа, и од најрана возраст во нив треба да се всадува духот на самоодрекување и жртвување за доброто на другите и за напредокот на Христовото дело, за да можат да бидат соработници со Бога. Меѓутоа, ако сакаме тие некогаш да вршат вистинска мисионерска работа за другите, мораме да ги научиме да работат за оние кои имаат природно право на нивната љубов и грижа. Секое дете треба да се учи да преземе на себе свој дел од домашните должности. Тоа никогаш не треба да се срами да ги користи своите раце за да го олесни домашните товари или своите нозе во вршењето на одредени задачи. Кога е ангажирано во таква работа, детето нема да појде по патот на немарност и грев. Колку часови се залудно потрошени од деца и млади, што би можеле да бидат искористени за да ги поткрепат своите млади и силни раменици, помагајќи во домот и покажувајќи љубовна грижа кон таткото и мајката. Тие, исто така, треба да бидат вкоренети во вистинските начела на здравствената реформа и во грижата за сопственото тело.“ — 6. Сведоштво, 429.
„Многумина на срамен начин го запоставиле ова домашно поле и време е да се претстават божествени средства и лекови за да се подобри оваа лоша состојба. Какво оправдување можат да дадат оние што се нарекуваат Христови следбеници, кога занемаруваат да ги воспитуваат своите деца да работат за Него?“ — 6. Сведоштво, 429.
Драги родители, во домот нашите млади имаат потреба од посебна грижа, бидејќи гледаме дека злото во светот постојано се зголемува.
„Големото зло на невоздржувањето го врши своето разорно дело во нашата земја. Сатаната има свои агенти насекаде орудија во неговите раце — кои ги мамат и уништуваат нашите млади. Зарем со збор и пример не треба да ги водиме младите да посакаат да достигнат високи цели, да имаат благородни стремежи и свети намери? Ова дело не е лесно ниту безначајно, но тоа е дело што навистина ќе се исплати. Еден млад човек, правилно воспитан во својот дом, ќе постави цврсти темели во изградбата на својот карактер и, преку својот пример и живот, ако неговите сили се правилно насочени, ќе стане сила во овој свет што ќе ги води и другите напред по патот на праведноста. Спасението на една душа, всушност, значи спасение на многу души.“ — The Review and Herald, 10 јули 1888.
Слуги на евангелието
Во книгата Евангелизам, на пример, Господовиот гласник упатува повик:
„На сите што соработуваат со Христа би сакала да им кажам: Каде и да ви се укаже можност да влезете во нечиј дом, искористете ја приликата. Земете ја вашата Библија и отворете им ги големите вистини што таа ги содржи.“ — Евангелизам, 436.
Тука, во службата за Господа, сме повикани да ги сретнеме луѓето таму каде што се чувствуваат најудобно — во нивните домови и да го искористиме тоа интимно опкружување за да ја споделиме верата. Средбата „покрај огништето“ претставува симбол на топол, личен и непосреден однос, за разлика од формалните проповеди или јавни расправи. Овој пристап — од срце до срце е охрабрување да се шири Божјата порака во духот на практичното христијанство и личното служење. Друг важен повик, упатен кон сите што се вклучени во служба и библиска работа, гласи:
„Браќа мои во службата, отворете ги вашите домови за младите кои се изложени на искушенија. Приближете им се со личен напор. Злото ги привлекува од сите страни. Обидете се да ги заинтересирате за она што ќе им помогне да водат повозвишен живот. Не држете се настрана од нив. Доведете ги покрај вашето огниште; поканете ги да ви се придружат околу семејниот олтар. Да се потсетиме на Божјото барање од нас — да го направиме патот кон небото светол и привлечен.“ — Слуги на евангелието, 212.
„Видов дека пред проповедниците што служат во Словото и во науката имаат големо дело пред себе и дека врз нив почива голема одговорност. Во својата работа тие не се доближуваат доволно до срцата на своите слушатели. Нивната работа е премногу општа и се губи во незначајни поединости. Своите напори тие мораат повеќе да ги сосредоточат на оние за кои се залагаат. Со проповедање од катедра тие својата работа штотуку ја започнале. Тоа што го проповедаат тие мораат да го потврдат со својот живот, строго пазејќи да не го изложат Божјото дело на срам. Со својот пример тие треба да бидат илустрација на Христовиот живот. ‘Ние сме Му соработници на Бога’ (1. Коринтјаните 3:9). ‘Како соработници Христови, ние ве молиме да не ја примате напразно благодатта Божја’ (2. Коринтјаните 6:1). Работата на проповедникот не завршува кога тој ќе се симне од проповедалната. Товарот на својот проповеднички повик тој не треба тогаш да го остави и своите мисли веднаш да ги вработи со читање или пишување, освен ако е тоа навистина неопходно. Својата јавна работа тој треба да ја продолжи со свои лични напори, залагајќи се лично за душите секогаш кога за тоа ќе му се укаже прилика, разговарајќи со своите слушатели во нивниот дом, повикувајќи ги и преколнувајќи ги место Христа да се помират со Бога. Нашата работа овде наскоро мора да заврши ‘и секој ќе прими плата според своите дела.“ — 1. Сведоштво, 432.
„Токму тој труд крај огништето ова дело во домот — е она што ќе биде проследено со значителен успех. Обидете се со тоа, браќа во службата. Некои од нашите проповедници не го сакаат овој вид работа. Тие ја избегнуваат.
Со таквиот личен напор е поврзан крст, но тоа е делото што луѓето мора да го извршат ако ја прифатат непопуларната вистина. Во таа блиска врска со душите што се во темнина, нашата светлина ќе засвети уште посилно — директно низ темнината — и тие души ќе забележат дека во нашето држење, во нашите разговори, во нашите сериозни, но истовремено и ведри и љубезни манири, се пројавува Божјата благодат и дека небесниот мир ги исполнува нашите домови. Тие ќе бидат привлечени од вистината што носи толку благословени резултати.“ — Manuscript Releases 7, 37.
Следниот цитат е дел од забелешките упатени до проповедниците кои биле собрани на Генералната конференција во Батл Крик, Мичиген, на нивниот утрински состанок одржан на 9 ноември 1883 година:
„Каква света доверба ни предал Бог, нè избрал да бидеме Негови слуги и соработници во делото на спасување на душите! Тој ни ги довери големите вистини најсвечената порака што ќе биде проба за целиот свет. Нашата должност не е само да проповедаме, туку и да служиме, да се приближиме до срцата и да вложуваме лични напори крај огништето. Треба умешно и мудро да ги користиме доверените таленти, за да можеме да ја претставиме скапоцената светлина на вистината на најпријатен и најделотворен начин —така што ќе придобиеме души за Христа.“ — The Review and Herald, 15 април 1884.
Посветени христијани
Господ Исус му даде на Својот народ заповед која бара веднаш да биде послушана. Читаме во Матеј 28:19—20:
„Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот.“
Ова е наша голема привилегија — не само да ги слушнеме овие зборови, туку и да постапиме според нив.
„Не е Божја намера проповедниците да ја носат целата тежина на делото на сеене на вистината. Луѓето кои не се повикани во јавна евангелска служба треба да бидат охрабрени да работат за Господарот според своите способности. Стотици мажи и жени, кои сега се неактивни, би можеле да Му служат на Бога на прифатлив начин. Ако ја пренесуваат вистината во домовите на своите соседи и пријатели, тие би можеле да направат големо дело за Учителот. Бог не прави разлика меѓу луѓето. Тој ќе ги употреби понизните и посветени христијани кои во своите срца ја чуваат љубовта кон вистината. Таквите треба да се вклучат во Неговото дело, посетувајќи луѓе од дом во дом. Седејќи крај огништето, луѓе кои се понизни, тактични и побожни можат да направат повеќе за да ги согледаат и разберат вистинските потреби на едно семејство, отколку што би можел да постигне проповедник со јавна служба.“ — Welfare Ministry, 109.
За сите кои ќе се вклучат во ова важно дело, огништето станува природна средина од која ќе се шири евангелието и пораката за семејството, верата и мисионската служба.
„Изложувањето на вистината, со љубов и едноставност, од дом до дом, е во согласност со поуките што Христос им ги даде на Своите ученици кога ги испрати на нивното прво мисионерско патување. Со песни на пофалба и со молитви изговорени во понизност и искреност, многумина ќе бидат придобиени. Божјиот Работник ќе биде присутен за да ги увери срцата во вистината. Јас сум со вас во сите денови — гласи Неговото ветување. Со таква увереност во присуството на овој небесен Помошник, можеме да работиме со вера, надеж и храброст.“ — Christian Service, 114.
Значи, дали сакаме Бог да нè употреби како понизно орудие во доведувањето на другите луѓе пред подножјето на крстот?
„Еден од најефективните начини да се пренесе примената светлина на другите е преку лична и непосредна работа. Во семејниот круг, крај огништето на вашите соседи, покрај болничката постела можете,тивко и ненаметливо, да ги читате светите списи и да изговорите неколку зборови за Христос и за вистината. Така ќе посеете скапоцено семе на вистината, кое со текот на времето ќе изникне и ќе донесе свој плод.“ — Christian Service, 118.
Божјиот повик
Како што разгледувавме денес, постои едно важно дело што треба да се изврши „крај огништето“ — било во нашиот сопствен дом или во домот на некој друг. Како црква, треба да разбереме дека духовната работа не е ограничена само на ѕидовите на црковната зграда — таа е најделотворна во секојдневните, лични контакти со луѓето. Огништето, во овој контекст, претставува најпогодно место за градење односи и за сеидба на семињата на верата и вистината, далеку од формалноста и студенилото на јавните средби. Драгоцено семејство на Реформното движење, да го замолиме Господа да ги отвори нашите умови и срца за да ја примиме оваа порака и да го понесеме со нас следниот повик што Тој го упатува и кон тебе и кон мене при крајот на оваа тема:
„Господ ќе испита како сме ги употребиле талантите што ни ги доверил. Тој ја платил цената со Својата сопствена крв, со самоодрекување, жртва и страдање, за да го обезбеди доброволното служење на секоја душа како Божји соработник. Кога сите би ја чувствувале својата одговорност пред Него и мудро би ги користеле талентите што им се доверени, каков богат принос би се донел на Бога преку Исуса Христа! Еден единствен талент може — и ќе се умножи — ако се употребува. Најсмирениот дар, најскромната служба, може да допре до умови и срца до кои оние со поголеми таленти никогаш не би можеле да стигнат. Сега, токму сега е најповолното време за работа. Личната посета има голема вредност. Со љубов кон Исуса Христа и со љубов кон човечките души, вистината треба да се пренесува во секое семејство, да се споделува покрај секое огниште до кое можеме да добиеме пристап. Запомнете Светиот Дух е Оној што дејствува. Човечкиот работник што служи за Бога никогаш не е сам… Труд исполнет со истрајност, нежност, сочувство, молитвен дух и љубов ќе постигне повеќе отколку илјада проповеди. Господ Исус, кога го даде Својот живот за спасение на светот од проклетството на гревот, имаше намера за поголеми нешта, отколку што нашите очи досега виделе. Светиот Дух само чека подготвени садови преку кои ќе може да делува. Сатаната нема вечно да триумфира — Духот Божји ќе се излее врз црквата, штом срцата бидат подготвени да Го примат.“ — That I May Know Him, 330.
Нека Господ богато нè благослови и помогне ова дело да го извршуваме покрај огништето. Амин!

„Дајте им вие да јадат“
Исусовите зборови:
„Дајте им вие да јадат“ длабоко одекнуваат како повик на грижа и одговорност кон другите. Овие зборови, запишани во Матеј 14:16, се дел од добро познатата приказна за првото чудесно умножување на лебовите и рибите. Но, освен што раскажува за едно од највпечатливите чуда во Библијата, овој одломок содржи и длабоки вистини за сочувство, дарежливост и христијанско служење — поуки што денес ја повикуваат црквата на практично дејствување во свет кој се соочува со големи предизвици, како што е гладот.
Гладот во денешно време
Денес, гладот претставува сериозен и разорен глобален проблем. Според извештаите на Обединетите нации SOFI 2024, само во 2023 година околу 733 милиони луѓе ширум светот страдале од глад — што значи дека секој единаесетти човек нема доволно храна. Овој број постојано расте поради социјалната нееднаквост, економските кризи и вооружените конфликти. Оваа сурова реалност остро се спротивставува на изобилството на храна што се произведува во светот, што покажува дека вистинскиот проблем не е во недостиг на ресурси, туку во неправедна распределба и недостиг на дејствување. Кога Исус рекол:
„Дајте им вие да јадат“,
Тој ги предизвикал Своите ученици да се соочат со ситуација што изгледала невозможно — исто како што денес изгледа невозможно да се нахранат милионите гладни луѓе во светот. Сепак, како и тогаш, Христовата порака укажува на заедничката одговорност на Неговите следбеници да ги задоволат и духовните и телесните потреби на оние што страдаат.
Библиски контекст
Чудото со умножувањето на лебовите се случило недолго по веста за смртта на Јован Крстител. Можно е дека токму затоа што учениците биле изморени и натажени поради Јовановата смрт, Исус се повлекол со нив во пусто место за да се одморат и освежат.
„Штом го чу тоа Исус, замина оттаму со кораб во пусто место, Сам“ (Матеј 14:13).
Христовиот повик на одмор е израз на Неговата пастирска грижа за Своите ученици. Но посакуваниот одмор бил наскоро прекинат, бидејќи народот дознал каде се упатил и тргнал по Него пеш.
„И ги виде народот кога си одеа; и Го познаа мнозина, па пеш од сите градови тргнаа таму; и ги испреварија (и се собраа околу Него)“ (Марко 6:33).
„Наближувала Пасха, па групи на верници од близу и од далеку, на својот пат кон Ерусалим, се собрале да го видат Исуса. Ним им се придружиле други, така што на крајот се собрале пет илјади мажи, освен жени и деца. Пред Христос да стигне на брегот, мноштвото веќе го чекало.“ — Копнежот на вековите, 364.
Сочувство кон народот
Нежниот Спасител никогаш не се колеба да ги задоволи нашите потреби. Тој се сожалува над народот, ги прифаќа и ги исцелува нивните болни.
„И кога излезе Исус, виде многу свет; и се смилува над нив и ги излекува нивните болни“ (Матеј 14:14).
Во Новиот завет, изразот „и се смилува“ го изразува највисокиот степен на сожалување кон оние што страдаат и најчесто се поврзува со делата на самиот Исус Христос (види: Матеј 15:32; 20:34; Марко 1:41; Лука 7:13). Исус никогаш не остава човек без да ги задоволи неговите потреби. Иако одморот Му беше прекинат, Тој го напушти местото на тивкото повлекување и направи три нешта за да се погрижи за нив:
- Го поучуваше народот за Божјото царство, задоволувајќи ги нивните духовни и умствени потреби.
- Ги исцелуваше болните, грижејќи се за нивните физички потреби.
- Го нахрани целото мноштво со леб —симбол на Лебот „Кој слегува од небото“ (Јован 6:22–40).
На тој начин, Исус ги задоволил нивните умствени, телесни и духовни потреби.
Учениците биле вознемирени
Тоа бил напорен ден исполнет со активности — Исус поучувал и ги исцелувал болните во мноштвото, но сега учениците се загрижиле како да го нахранат народот. Свесни дека се наоѓаат на пусто место, тие Му пристапиле на Исуса, изразувајќи ја својата загриженост и предлагајќи Му да ги испрати луѓето да си најдат храна во околните села.
„И бидејќи веќе времето поизмина, учениците Негови пристапија кон Него и рекоа: ‘Овде е местово пусто, а и доцна е; распушти ги за да отидат по околните села и колиби и да си купат леб, зашто нема што да јадат’“ (Марко 6:35-36).
Учениците не гледаа како би можеле да обезбедат храна за толкав народ; тоа едноставно беше надвор од нивните можности, па според нив единственото разумно решение беше Исус да го испрати мноштвото, за секој сам да си најде храна. Ситуацијата изгледаше безизлезна: местото беше оддалечено, денот при крај, народот многуброен, а тие немаа доволно пари. Фокусирајќи се на оскудицата, учениците го нагласуваа токму она што им недостасуваше.
Христовата заповед
Откако внимателно го сослушал нивниот предлог, „Исус им рече: ‘Нема потреба да си одат; дајте им вие да јадат“ (Матеј 14:16).
Христовата заповед била неочекувана и збунувачка, па учениците се соочиле со три предизвици:
- Мноштвото било огромно околу 5.000 мажи, без да се бројат жените и децата.
- Се наоѓале во пуст предел, далеку од градовите, без можност да купат храна.
- Немале доволно средства.
Учениците биле на крајот од своите можности — со логистички пречки, недостиг од ресурси и гладна толпа пред себе. Сепак, тие биле подготвени да го предадат она малку што го имале во Христовите раце, бидејќи Тој рекол:
„Донесете ми ги овде“ (Матеј 14:18).
Тоа малку било чудесно умножено, и сите се наситиле. Ова чудо нè учи дека, дури и со ограничени ресурси, Бог може да направи големи дела преку оние што се подготвени да Му служат. Кога Исус им заповедал на учениците да го нахранат народот, Тој ја потсетувал Црквата на нејзината одговорност да се грижи за најранливите — на начелото за кое зборувал преку пророкот Исаија. Христос, преку пророкот, заповедал:
„Раздели го лебот свој со гладните, и бездомните сиромаси закрили ги во домот свој; ако видиш гол, – облечи го’ (Исаија 58:7).
„Господ јасно ни заповедал: „Одете по целиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание“ (Марко 16:15). Но, колку често нашите срца се обесхрабруваат, и нашата вера исчезнува, кога гледаме колку се големи потребите, а колку се мали средствата во нашите раце. Како Андреј, гледајќи ги петте јачменови лебови и двете малечки риби, и ние извикуваме: ‘Што е тоа за толкаво мноштво?’ Често се колебаме да дадеме сè што имаме, плашејќи се да трошиме и да се потрошиме за другите. Меѓутоа, Исус ни наредува. ‘ Дајте им вие да јадат’. Неговата заповед е ветување, а зад Него стои истата онаа сила, која го нахранила мноштвото покрај езерото.“ — Копнежот на вековите, 369.
Должноста на Црквата
Зборовите „Дајте им вие да јадат“ не се однесуваат само на обезбедување физичка храна, туку имаат многу подлабоко значење. Тоа е повик до Црквата — телото Христово — да ги задоволува духовните, емоционалните и материјалните потреби на луѓето. Исус не им дозволи на учениците да ја избегнат својата одговорност кон мноштвото, и токму ова начело треба да нè води и нас денес во црквата.
„Чудесно нахранувајќи пет илјади души, Спасителот сликовито прикажал како под влијание на Божјата сила се создава род. Исус ја подигнал завесата која го затскрива светот на природата и ја открил создавачката сила која постојано делува за наше добро. Умножувајќи го семето фрлено во земјата, Оној Кој ги умножил лебовите, секојдневно прави чудо. Тој преку чудо постојано храни милиони луѓе од жетвените полиња на Земјата. Луѓето кои се повикани да соработуваат со Него во грижата околу житното зрно и подготвувањето на лебот, токму затоа го губат предвид божествениот удел. Дејствувањето на Неговата сила им се припишува на природни причинители или на човековиот труд, и многу често Неговите дарови се изопачуваат во себични цели и така стануваат проклетство наместо благослов. Бог настојува да го смени сето тоа. Тој сака нашите отапени сетила да се разбудат и да ја согледаат Неговата добрина и широкоградост, така што Неговите дарови ќе можат да бидат благослов каква што, впрочем, била Неговата замисла. Семето добива живот преку Божјата Реч, преку добивање на својот дел од животот; јадејќи го житното зрно и ние самите стануваме учесници во тој живот. Бог сака да го разбереме тоа; Тој сака дури и преку примањето на нашиот секојдневен леб да го препознаеме Неговото дело и да дојдеме во потесна заедница со Него. Според законите кои Бог ги поставил во природата, причината со непогрешлива точност предизвикува последица. Жетвата сведочи за сеидбата. Тука не може да има никаква измама. Луѓето можат да ги измамат своите ближни и да примат пофалба и плата за служба што не ја извршиле. Но во природата не може да има измама.“ — Воспитување, 107,108.
„При жетвата семето дава многукратен род. Едно единствено зрно пченица, умножено со последователни сеидби, би ја покрило целата земја со златни снопови. Така и влијанието на еден единствен живот, дури и на едно единствено дело, може да биде далекусежно“ — Воспитување, 109.
Во Духот на пророштвото ги читаме следниве коментари за умножувањето на лебовите и рибите:
„Во Христовото дело со кое ги задоволил земните потреби на гладното мноштво се наоѓа една длабока духовна поука за сите Негови работници. Христос примил од Таткото, им дал на учениците, тие им дале на мноштвото, а луѓето еден на друг. Така сите што се соединети со Христа ќе го примат од Него лебот на животот, небесната храна, за да ја поделат на другите“ — Копнежот на вековите, 109.
Гладот за кој зборува Исус може да се разбере во поширока смисла. Многу луѓе околу нас се гладни за правда, мир, љубов и надеж. Црквата има мисија да биде извор на духовна и емоционална храна за светот кој се наоѓа во криза. Апостол Јаков ја потврдува оваа вистина нагласувајќи ја важноста на верата која се покажува преку конкретни дела:
„Ако некој брат или сестра се голи и немаат што да јадат, па некој од вас им рече: ‘Одете си со мир, грејте се и наситете се!’, а не им даде што им е потребно за телото – каква полза?“ (Јаков 2:15,16).
Слично на тоа, во своето прво послание, Јован прашува:
„Ако некој има световни блага, па кога ќе го види својот брат во немаштија, та го затвори срцето свое од него како тогаш ќе може да остане во таков Божјата љубов?“ (1. Јованово 3:17).
Денешниот свет е полн со „гладни множества“ што трагаат по смисла, припадност и надеж. Црквата е повикана да биде дарежлива заедница, подготвена да го сподели Лебот на животот и да ја пренесе Христовата преобразувачка порака.
Нашата улога во умножувањето
Лесно е човек да се почувствува обесхрабрен пред големината на светските проблеми, како што е гладот. Како ние, со нашите ограничени ресурси, би можеле да направиме разлика во справувањето со толку голем предизвик? Приказната за умножувањето на лебовите нè потсетува дека во Христовите раце, дури и она малку што го имаме може да се умножи и да послужи на многумина.
„Благословите, и земни и духовни, ќе го следат оној кој го дели со другите она што го примил од Господа. Исус направил чудо за да нахрани петилјадно изморено и гладно мноштво. Тој избрал пријатно место на кое ги сместил присутните и им заповедал да седнат. Потоа ги земал петте леба и двете риби. Нема сомневање дека многумина зборувале дека е невозможно да се задоволи гладта на пет илјади гладни мажи, покрај жените и децата, со толку оскудна залиха. Но Исус Му заблагодарил на Бога и ја дал храната во рацете на Своите ученици, за да ја поделат на народот. Тие му давале на мноштвото храна која се умножувала во нивните раце. И кога мноштвото било нахрането, седнале и учениците и заедно со Христа јаделе од храната со која ги снабдило небото. Ова е драгоцена поука за секој Христов следбеник.“ — 6. Сведоштво, 263.
Како што Исус ги употребил Своите ученици во минатото, така и денес Бог сака да нè употреби нас како средство преку кое ќе ги пренесува Своите благослови.
„Учениците биле канали за комуникација помеѓу Христа и народот. Тоа треба да биде големо охрабрување за Неговите денешни ученици. Христос е големиот центар, изворот на сета сила. Неговите ученици треба да ја примат својата залиха од Него. Најспособните и најдуховните можат да го даваат само она што ќе го примат. Сами по себе, тие не можат да направат ништо за потребите на душите. Ние можеме да им го дадеме на луѓето само она што сме го примиле од Христа, а можеме да примиме само ако даваме и на другите. Сè додека доброволно даваме, дотогаш и ќе примаме; колку повеќе даваме, толку повеќе и ќе примаме. Така можеме постојано да веруваме, да се надеваме, да примаме и да даваме.“ — Копнежот на вековите, 370.
Христијанските институции, мисионерите и волонтерите ширум светот веќе ја живеат оваа реалност, посветувајќи ги своите животи на задоволување на потребите на најранливите. Од програми за исхрана на гладните до проекти што нудат образование, здравствена заштита и основна грижа сите тие претставуваат одраз на Христовата љубов во дело. Она што во нашите очи изгледа мало, во Божјите раце може да биде почеток на големо дело. Не треба да чекаме да имаме изобилство; она што го имаме денес може да стане инструмент во Христовите раце за да се оствари невозможното.
Повик на дејствување
Христовата заповед до Неговите ученици и денес одекнува со иста сила. Тој нè повикува да бидеме дел од Неговото искупително дело во светот, особено во денешниот глобален контекст исполнет со толку многу потреби. Гладот — било физички или духовен — сè уште ги мачи милијарди луѓе, a христијаните се повикани да бидат Божји одговор на тие потреби. Овој повик на дело може да започне со најмали гестови: со збор на охрабрување, со донација за оние на кои им е потребно, или со основање центар за социјална помош во нашите цркви, кој ќе настојува да ги задоволи физичките и духовните потреби на заедницата. Не смееме да ја игнорираме итноста на светскиот глад, туку како Христови ученици сме предизвикани да делуваме со сочувство и дарежливост.
„Исус не сакал да ги привлече луѓето кон Себе задоволувајќи ја желбата за раскош. За тоа огромно мноштво, изморено и гладно по долгиот возбудлив ден, едноставниот оброк, претставувал доказ за Неговата моќ, но и за Неговата нежна грижа за нив во секојдневните животни потреби. Спасителот не им го ветил на Своите следбеници раскошот на овој свет; тие можеби ќе мора да бидат сиромашни, но Неговиот збор претставува залог дека нивните потреби ќе бидат задоволени, а Тој ветил и нешто далеку подобро од земната благосостојба – постојаната утеха на Неговото присуство. Откако мноштвото било нахрането, останало уште многу храна. Исус им заповедал на Своите ученици: „Соберете ги останатите парчиња, за да не се изгуби ништо“. (Јован 6:12) Овие зборови имаат далеку поголемо значење од едноставно собирање на остатоците. Поуката била двојна: Ништо не смее да се расфрла. Ни овоземните предимства не треба да се омаловажуваат. Не смееме да запоставуваме ништо што би можело да биде од полза за некое човечко суштество. Треба да се собира сè што би можело да ги ублажи страдањата на гладните од овој свет. Исто толку грижливо, за да ги задоволиме потребите на душата, мораме да го чуваме и ‘Небесниот леб’. Ние треба да живееме од секој Божји Збор. Ништо што Бог изговорил, не треба да биде изгубено. Не смееме да запоставиме ниту еден збор, кој се однесува на нашето вечно спасение. Ниту еден збор не смее неискористен да падне на земја“ — Здравје и среќа, 47,48.
„Учениците донеле се што имале, но Тој не ги повикал да јадат. Им заповедал да го служат народот. Храната се умножувала во Неговите раце, а рацете на учениците – подадени кон Христа, никогаш не останале празни. Малата залиха била доволна за сите. Кога мноштвото било нахрането, учениците заедно со Исуса јаделе од драгоцената храна, обезбедена од Небото. Колку често и ние, кога ги гледаме потребите на сиромашните, неуките и страдалниците, паѓаме во малодушност. Се прашуваме што можеме да сториме со нашите слаби сили и безначајни залихи за да ја задоволиме таа огромна потреба? Зар не треба да чекаме тоа да го стори некој, кој има поголеми способности или можеби некоја организација? Но Христос вели: ‘ Дајте им вие да јадат’. Употребете ги средствата, времето и способностите што ги имате. Принесете му ги своите јачменови лебови на Исус. Иако вашите залихи можеби не се доволни да нахранат илјадници, тие можат да ги задоволат потребите на еден од нив. А во Христовата рака ќе можат да нахранат мнозина. И вие, како учениците, дајте го она што го имате. Христос ќе го умножи вашиот дар. Тој ќе ја награди искрената, едноставна доверба во Него. И она што изгледало многу безначајно, ќе се покаже како богата гозба.“ — Здравје и среќа, 49.
Заклучок
Повикот „Дајте им вие да јадат“ не е само поттик кон милосрдие, туку и повик на одговорност. Исус покажа дека не е потребно многу за да се направи промена — доволно е да го ставиме она што го имаме во Неговите раце. Како што лебовите и рибите беа умножени, така и Христос може да ги умножи нашите напори и ресурси за да ги нахрани гладните околу нас духовно и физички. Во свет во кој милиони луѓе страдаат од глад, црквата мора да продолжи да одговара на овој повик со сочувство и посветеност, како жив одраз на Христовата љубов во општество кое толку многу копнее по грижа и надеж.

По патиштата и меѓу оградите
Исус кажува една интересна парабола:
„Еден човек приготви голема вечера и покани мнозина; и кога беше време за вечерата, го прати слугата свој да им каже на поканетите: ‘Дојдете, зашто веќе сè е подготвено!’ И почнаа сите, како договорени, да откажуваат; првиот му рече: ‘Купив нива и ќе треба да одам да ја видам; те молам, извини ме!’ Вториот рече: ‘Купив пет ѕевгари волови и одам да ги пробам; те молам, извини ме!’ Третиот рече: ‘Се оженив и затоа не можам да дојдам.’ Кога се врати слугата, му кажа тоа на својот господар. Тогаш се расрди домаќинот на куќата и му рече на својот слуга: ‘Оди бргу по плоштадите и улиците градски и донеси ги тука бедните, слабите, куците и слепите!’ И рече слугата: ‘Господаре, направив како што ми заповеда и уште има место.’ И му рече господарот на слугата: ‘Излези по патиштата и меѓу оградите и убеди ги да дојдат за да ми се наполни куќата’“ (Лука 14:16–23).
Кого го претставуваат првите две групи повикани на оваа вечера и што тоа значи?
„Со големата вечера Христос ги претставува благословите понудени со евангелието. Всушност, со тоа бил понуден и самиот Исус Христос. Тој е леб што слегува од небото; од него течат реки на спасение. Господовите весници им го најавувале на Евреите доаѓањето на’Спасителот; тие укажале на Христа како на ‘Јагне Божјо кое ги зема на себе гревовите на светот’ (Јован 1:29). На гозбата што ја приредил, Бог им го нуди најголемиот дар што Небото може да го даде… Сам Христос нагласува: ‘Ако некој јаде од овој леб, ќе живее довека’ (Јован 6:51).“ — Христовите поуки, 222.
Од горниот цитат можеме да извлечеме две прекрасни вистини:
- Повикот најнапред им беше упатен на Евреите, кои ги симболизираат денешните христијани — Божјиот народ.
„A, ако сте, пак, вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, и по ветување наследници“ (Галатјаните 3:29).
- Како Божји слуги и гласници во овој свет, ние имаме привилегија да му упатиме повик на светот да го прими дарот на животот, Лебот што слегува од небото, кој е самиот Христос.
„А Исус им рече: ‘Јас сум лебот на животот’“ (Јован 6:35).
Еврејскиот народ го одби повикот поради својата духовна состојба — мислејќи дека е:
„Богат сум и се збогатив, и ништо не ми треба“ (Откровение 3:17).
Потоа повикот беше упатен на втора група луѓе. Господарот му рече на слугата во Лука 14:21:
„Оди бргу по плоштадите и улиците градски и донеси ги тука бедните, слабите, куците и слепите.“
Овие зборови не треба да се сфатат буквално, туку духовно. Ако оние што го претставуваат Божјиот народ денес се духовно богати, тогаш оние по улиците и патиштата се тие што се духовно сиромашни, хроми и слепи.
„Слугата што ги довел сиромасите и слепите на гозбата, го известува господарот: ‘Господаре, направив како што ми заповеда и уште има место.’ И му рече господарот на слугата: ‘Излези по патиштата и меѓу оградите и убеди ги да дојдат за да ми се наполни куќата!’Овде Христос го опишува делото на евангелието надвор од оградите на јудаизмот, на патиштата и патеките на овој свет“ — Христовите поуки, 226.
А што е со последните две групи спомнати во параболата, за кои се вели дека стојат по патиштата и меѓу оградите? Овие луѓе, според Вдахновението, го претставуваат светот — оние што се надвор од нашата вера. За време на неодамнешни мисионски обуки што ги одржав во неколку цркви, го истакнав значењето на нашите напори — или, пак, недостатокот од нив — во допирањето до оние кои се надвор од нашата вера. На почетокот на едно предавање, ги замолив присутните да погледнат околу себе и да видат колкумина во просторијата се нови верници кои дошле во црквата во последните пет години. Во таа голема група, само едно или две лица дошле „од светот“.Ова пред сите нас покренува едно прашање: Како Христови слуги, дали навистина се ангажираме да допреме и да повикаме други на големата трпеза, каде што самиот Исус е лебот на животот? Можеби се прашуваме: „Како да го направам тоа? Кого точно треба да достигнам?“ Понекогаш се чувствуваме несигурни кога треба да им пристапиме на луѓе од различни средини — на пример,оние што се високо образовани, богати, или имаат верувања различни од традиционалните христијански учења. Некои луѓе се оддалечени од религиозните заедници поради лични избори, грешен начин на живот или културни разлики. Често постои двоумење дали таквите лица би покажале интерес за духовни работи или би биле подготвени да се поврзат со црквата. Мнозина од нас можеби мислат дека не би било ни правилно, ни соодветно да се доведат такви луѓе во црква. Овие сомнежи често се појавуваат кога размислуваме за мисионската работа и допирањето до другите. За да ги надминеме овие сомнежи, вреди да размислиме што вели Вдахновението за првата група која беше повикана на евангелската трпеза — оние што се наоѓаат „по патиштата“.
По патиштата
„Повикот за гозба прво му бил упатен на јудејскиот (еврејскиот) народ, народ чиишто припадници биле повикани да дејствуваат како учители и водачи меѓу луѓето.. Кога евангелскиот повик им бил упатен на незнабошците, применет е истиот план за работа. Пораката прво требало да биде објавена „по патиштата“- на луѓето што имаат активна улога во деловниот свет, на учителите и на водачите на народот. Ова нека го имаат на ум Господовите гласници. На пастирите на стадото, на учителите што ги поставил Бог, веста треба да им биде објавена како порака што треба да ја послушаат. На оние што им припаѓаат на повисоките општествени слоеви мора да им се пристапи нежно и со братско внимание. Луѓето во деловниот свет, на високи и одговорни положби, луѓето со широки пронаоѓачки способности и научни достигнувања, генијалци, учителите на евангелието, чијшто ум сè уште не е насочен на особените вистини за ова време – сите тие луѓе треба да бидат први што ќе ја слушнат пораката. Ним мора да им се упати повикот. Постои дело што мора да се изврши за богатите.. Со нив мораме да работиме со љубов и во Божји страв. Мошне често богатиот се надева на своето богатство и не е свесен за опасноста што му се заканува. Очите на неговиот ум мора да бидат пренасочени кон она што има трајна вредност… Многу малку им се проповеда евангелието на образованите, на богатите и угледните. Многу христијански работници се колебаат да им се приближат на припадниците на овој општествен слој. Меѓутоа, не би смеело да биде така.“ — Христовите поуки, 229,230.
Еден драг пријател на мојот татко припаѓаше на оваа група луѓе. За жал, во времето кога татко ми почина, јас сè уште бев „од светот“. Но откако ја примив верата и станав библиски работник, почувствував силен поттик да стапам во контакт со пријателот на татко ми. Тој е многу пријатен човек, па почнав да го посетувам во неговиот дом, и понекогаш заедно вечеравме. Како што нашето пријателство се продлабочуваше, го молев Господа да ми покаже начин како да му го споделам евангелието, бидејќи тој беше агностик. Кога ќе го посетев, ми ја покажуваше својата грнчарска маса и печката, бидејќи грнчарството му беше омилен хоби. Неколкупати ме праша дали би сакал и јас да направам нешто од глина со него, но секогаш одбивав, бидејќи тоа не ме интересираше. Во меѓувреме, продолжував да се молам да најдам начин да му зборувам за ’Христос. Еден ден, додека се молев, почувствував поттик да го прифатам неговиот предлог сфаќајќи дека тоа би можело да биде мост за да го споделам евангелието. Кога му реков дека би сакал да научам како се прави грнчарија, тој беше многу среќен. Веќе при првата посета имавме прекрасно искуство заедно — и, верувале или не, успеав да поврзам некои духовни мисли за тоа како Христос е грнчарот, а ние сме глината во Неговите раце. По тој ден, успеав постепено да споделам неколку вистини од евангелието, и нашето пријателство уште повеќе се продлабочи. Тогаш навистина почнав да го разбирам методот на Христос во придобивањето души:
„Вистински успех може да се постигне само доколку се примени Христовиот метод за допирање до луѓето. Спасителот се дружел со луѓето како Оној, Кој им посакува добро. Тој го покажувал Своето сочувство кон нив, им служел на нивните потреби и ја добиваше нивната доверба. Потоа ги повикувал: Следете Ме.“ — Здравје и среќа, 143.
Овој метод подразбира продлабочување на односите и стекнување на довербата на луѓето. Кога навистина се зближуваме со некого, тогаш можеме полесно да го споделиме евангелието со него. Денес, по десет години, овој човек и јас сè уште сме блиски пријатели — и јас продолжувам да споделувам зрна од вистината, доверувајќи му се на Бога дека еден ден тој ќе биде во небесното царство. Вдахновението нè учи дека Христос вложувал големи напори во работата со вакви луѓе — и ни покажува како Тој ги допирал нивните срца. Исус „сакал да се запознае со богатиот и учен фарисеј, со еврејскиот старешина и со римскиот капетан. Ги прифаќал нивните покани, присуствувал на нивните гозби, се запознавал со нивните интереси и занимања, за да најде пристап до нивните срца и да им ги открие непоминливите богатства.“ — Здравје и среќа, 24,25.
Оградите
Исто така, ни е заповедано да им приоѓаме и на оние што се наоѓаат „меѓу оградите“ или „споредните патеки.“ Уште од времето на Мојсеј, Библијата говори за оваа група луѓе:
„Нека дојде… и придојдениот, и сиракот, и вдовицата, што се во твоите градови, и нека јадат и нека се наситат“ (Второзаконие 14:29).
Вдахновението нè поучува:
„Не смееме да мислиме само на големите и надарени луѓе, а да ги занемаруваме сиромашните слоеви. Христос им заповедал на Своите весници да одат меѓу оние по патиштата и меѓу оградите кај сиромасите и презрените во општеството. На плоштадите и на улиците на големите градови, на зафрлените патеки во внатрешноста на земјата има поединци и семејства можеби странци во туѓа земја кои не се поврзани со црквата и во својата осаменост мислат дека Бог ги заборавил.“ — Христовите поуки, 232.
Да ги отфрлиме предрасудите
Кога бев тинејџер, секој ден по околу пет часа одев од врата до врата продавајќи книги, за да можам да ја платам школарината за интернатот каде што учев. Нашиот инструктор нè поучуваше на многу добри принципи што се содржани во параболата за големата трпеза. Еден од тие принципи беше дека треба да им приоѓаме на луѓе од сите општествени слоеви – не само таму каде што е најлесно нешто да се продаде. Еден ден одевме во богатите населби, следниот ден во средната класа, а потоа во посиромашните квартови.
Еден ден, додека колпортирав во сиромашен кварт, доживеав едно поучно искуство. Додека се приближував кон влезната врата, забележав неколку нешта кои укажуваа дека во таа куќа живеат луѓе со поостар карактер. Бидејќи пораснав во поширокото подрачје на Лос Анџелес, Калифорнија, успеав да препознаам еден препознатлив мирис — и навистина беше така. Кога вратата се отвори, видов група мажи во дневната соба како пијат алкохол и пушат марихуана. Исто така, според боите и видот на облеката што ја носеа, препознав дека веројатно се членови на банда.
Кога започнав со моето претставување, првата мисла што ми помина низ глава беше дека ќе ми речат: „Не нè интересира!“ и дека ќе ми ја затворат вратата пред лицето. Но тоа не беше така. Успеав да му ги претставам сите четири или пет книги што ги држев во рацете, додека човекот трпеливо ме слушаше. Кога завршив, тој рече: „Само момент,“ и се врати со банкнота од 20 долари, велејќи: „Ќе ја земам оваа“, покажувајќи на една духовна книга. Кога се обидов да му го вратам кусурот (бидејќи во тоа време книгите чинеа само 10 долари), тој рече: „Задржи го кусурот, продолжи да го правиш тоа што го правиш, и нека те благослови Бог!“
Додека си заминував од таа куќа, размислував за вредната лекција што ја научив. Кога првпат и приоѓав на куќата, имав одредени предрасуди. Особено кога се отвори вратата, си помислив: „Зошто воопшто тропнав тука? Овие луѓе очигледно прават работи што се спротивни на Бога и на Неговото слово, па зошто би го губел и своето и нивното време споделувајќи нешто што сигурно не ги интересира?“ Но никаде во Библијата не се вели дека треба да имаме такви предрасуди кон душите. Таа едноставно нè повикува да ги бараме и спасуваме изгубените (Лука 19:10).
Додека учевме важни нешта за колпортерската служба – на пример, да бидеме уредно облечени, да ги познаваме добро книгите што ги нудиме и да воспоставиме контакт со очите -верувам дека токму тие нешта оставија впечаток на овој човек. Можеби си помисли: „Вака би требало и јас да живеам,“ или можеби: „Ќе го поддржам овој млад човек, затоа што оди по вистинскиот пат.“
Верувам, исто така, дека преку таа книга во неговото срце беше посеано семе на вистината — и дека тој посака и самиот да тргне по вистинскиот пат.
„Бог ни дал посебна заповед да се грижиме за странците, за изгнаниците и за сиромашните души на кои им недостига морална сила. Мнозина кои навидум се рамнодушни кон религијата, длабоко во срцето копнеат за одмор и мир. Иако можеби длабоко потонале во грев, сепак постои можност да бидат спасени.. Кажете им на бедните, безнадежни души, кои скршнале од вистинскиот пат, дека не мора да очајуваат. Иако згрешиле, иако не изградувале вистински карактер, на Бога му е мило да ги врати кај себе, да ги израдува со своето спасение. Тој ужива да земе, навидум безвреден материјал, оние со кои работел сатаната, и да ги стори приврзаници на својата благодат. Тој се радува да ги избави од гневот што ќе се урне врз непослушните. Кажете им дека постои лек, дека има чистење за секоја душа! На Господовата трпеза има место за нив. Тој само чека да ги поздрави со добредојде“ — Христовите поуки, 233,234.
Какво прекрасно охрабрување да се впуштиме во ова дело! Бог сака да нè употреби – и тебе и мене – за ширење на Неговото Евангелие, за да може повторно да го обнови Својот лик во луѓе како човекот спомнат во оваа приказна. Тој со нетрпение чека да им подготви место на Својата трпеза, кога ќе одговорат на Неговиот повик.
Некои и денес се „по патиштата“ и „меѓу оградите“
Една друга, посебна приказна за една драга душа
„меѓу оградите“ се случи подоцна, кога водев колпортерска програма во сојузната држава Вашингтон. Во програмата учествуваше една млада сестра по име Дејзи (имам дозвола да го користам нејзиното име). Таа беше многу возбудена што ќе научи нешто повеќе за колпортерската работа, бидејќи тоа и беше прво искуство од ваков вид. Имаше искрена желба да допре до луѓето – а бидејќи колпортерите можат да задржат дел од својата заработка, беше возбудена и поради можноста да заштеди пари за да оди во мисионерско училиште. Еден ден, додека сите бевме на терен, забележав дека Дејзи беше необично возбудена, дури и воодушевена.(Обично беше тивка и повлечена.) Испадна дека имала прекрасно искуство со една жена која штотуку купила неколку книги, а потоа ѝ дала хартиена кеса за ручек полна со пари за да ги плати. Вкупно во кесата имало околу 350 долари во банкноти од различни вредности. Изненадени, другите колпортери ја прашаа Дејзи за таа жена:„Дали беше богата?“„Не,“ одговори Дејзи, „токму спротивното — таа не живее во најдобри услови.“ Во тој момент почувствував потреба лично да ја посетам жената, за лично да и се заблагодарам за нејзината дарежливост кон Дејзи, и да видам дали можам да добијам нејзини податоци за контакт, за локалниот пастор подоцна да ја посети. Откако Дејзи ми ја кажа адресата, го паркирав автомобилот спроти една стара, запуштена куќа и се упатив кон вратата. На тремот седеше босо, неуредно девојче од околу дванаесет години, кое ги разгледуваше книгите што нејзината мајка штотуку ги купила од Дејзи. Додека го замолував девојчето да ја повика својата мајка, бидејќи вратата беше отворена, излезе жена со сомнителен изглед и занимање, прашувајќи ме кој сум. Додека и се заблагодарував за дарежливата помош што и ја дала на нашата сестра Дејзи, низ главата ми минуваа мисли: „Зошто токму оваа жена — од сите луѓе — би дала толку голема донација на Дејзи? И зошто би се интересирала за книги или за духовни нешта?“ Но моите прашања наскоро добија одговор. Ја прашав дали можам да и оставам уште неколку книги, бидејќи имавме и други што таа не ги добила, особено затоа што нејзината донација беше многу поголема од потребното. Ја замолив и да ми го остави нејзиниот број за контакт, за локалниот пастор да може да се моли со неа, да проучува библиски часови и слично. Таа одговори дека нема да го даде бројот за библиски часови и такви работи, но дека ќе го даде за една причина: рече дека била длабоко импресионирана од нашата сестра Дејзи — од нејзиното држење, од нејзината желба да Му служи на Бога и да оди во мисионерско училиште. Како самохрана мајка, таа го сакаше истото за својата ќерка. Замоли да ја примиме нејзината ќерка во колпортерската програма. Кога и објаснив дека нејзината ќерка е сè уште премлада, и ветив дека сепак ќе ја вклучиме — и дека ќе дојдеме да ја земеме со нас кога ќе одиме на различни активности во слободното време. Тогаш жената ми рече да почекам и влезе во куќата, враќајќи се со уште една хартиена кеса полна со пари околу уште 350 долари. Бидејќи таа вечер требаше да заминам на патување од една недела, подоцна ми раскажаа Дејзи и одговорните што останале таму дека неколкупати успеале да го земат девојчето со себе, да го вклучат во различни активности и дека во нејзиното срце било посеано семе на евангелието. Кога се навраќам на овој настан, се потсетувам и на настанот со Марија Магдалена во домот на Симон. Оваа жена, исто како и Марија, беше подготвена да даде сè што имаше, само за нејзината ќерка да може да го прими вечниот благослов на Божјата благодат. Додека патуваме по нашиот животен пат и среќававме луѓе „меѓу оградите“ како оваа жена и човекот од претходната приказна — треба да се запрашаме: „Дали јас – односно ние – сме слични на фарисејот Симон, полни со осуда и предрасуди, или сме како Христос?
„Домаќинот ги напуштил тие што ја презреле неговата добрина и ги повикал гладните, бездомниците и сиромасите оние што ќе го ценат изобилието што им е понудено. Христос рекол: ‘Вистина ви велам, даночниците и блудниците пред вас ќе влезат во Божјото царство’ (Матеј 21:31). Без оглед колку се бедни некои припадници на човечкиот род, кои луѓето ги презираат и од кои се одвраќаат, сепак, тие не паднале толку ниско, ниту се толку бедни за Бог да не може да ги забележи и да не ги сака. Христос копнее измачените со грижи, уморните и угнетените човечки суштества да дојдат кај него. Тој копнее да им даде светлина, радост и мир, да им го даде она што не може да се најде никаде на друго место. И најголемите грешници се предмет на неговото длабоко, искрено сочувство и на неговата љубов.“ — Христовите поуки, 225.
Заклучок
Драги браќа, сестри и млади луѓе! Ќе одговорите ли на повикот да ги барате и спасувате изгубените? Евангелската порака треба да им се упати на сите луѓе во светот – „на секое племе и колено, јазик и народ“ (Откровение 14:6).
Последната порака на предупредување и милост треба да ја осветли целата земја со својата слава. Таа треба да допре до сите групи луѓе – богати и сиромашни, големи и мали.
„Излези по патиштата и меѓу оградите“ вели Христос, „и убеди ги да дојдат за да ми се наполни куќата“ (Лука 14:23).
Еден од најдобрите начини да одговорите на овој повик е да ги испратите вашите деца, внуци, братучеди и младите во колпортерски програми и мисионерски училишта, каде што ќе се обучат да го шират Евангелието со храброст и љубов. И вие, исто така, можете да бидете благословени и да ја исполните својата служба градејќи односи со луѓето во вашата средина без разлика дали се тоа успешни и образовани луѓе, соседи што се борат во животот, или луѓе кои се оддалечени од верата. Покажете ја Христовата љубов преку љубезни гестови, практична помош, зборови на надеж, или едноставно преку внимателно слушање со разбирање. Споделувајте храна, облека или духовна литература со оние што можеби се заборавени или отфрлени од општеството; а со образованите и влијателните водете подлабоки разговори за вечните вистини. Дружејќи се со сите луѓе, како што тоа го правеше Христос, можеме да ја придобиеме нивната доверба и да ги поканиме на Големата Трпеза. Нека Господ го употреби секој од нас — и преку организирани активности, и преку лично сведоштво — за да ја исполниме Големата Заповед (Матеј 28:19,20) и да бидеме светлина на светот, додека одиме напред поканувајќи ги другите на Големата Трпеза. Амин!

„Верата твоја те спаси“
„’Само ако се допрам до Неговата облека, ќе оздравам’. (Матеј 9:21) Овие зборови ги изговори една сиромашна жена — жена која дванаесет години страдала од болест што ѝ го направила животот тежок товар. Таа ги потрошила сите свои средства на лекари и разни лекови, но на крајот била прогласена за неизлечива. Сепак, кога слушнала за Големиот Лекар, нејзината надеж повторно се разбудила. Помислила: ‘Кога само би можела да Му се приближам доволно близу, за да зборувам со Него, би била исцелена’.
Христос во тој момент беше на пат кон домот на Јаир, јудејскиот рабин кој Го молеше да дојде и да ја исцели неговата ќерка. Молбата од срцето коешто страда: ‘ќерка ми е на умирање, дојди и положи ги рацете над неа, за да оздрави и да биде жива’ (Марко 5:23), — го допре нежното и сочувствително срце на Христос, и Тој веднаш тргна со управникот кон неговиот дом. Но тие напредувале полека, зашто мноштвото го притискало Христа од сите страни. Пробивајќи се низ мноштвото, Спасителот се приближил до местото на кое стоела кутрата жена. Таа многупати се обидувала да Му се приближи, но залудно. А сега ѝ се укажала можност за тоа. Но таа не можела да најде начин да зборува со Него. Таа не сакала да го попречи Неговото бавно движење. Но слушнала дека може да оздрави, само ако се допре до Неговата облека; и, плашејќи се да не ја изгуби нејзината единствена шанса за исцелување, таа се потиснала нанапред, велејќи си: ‘Само ако се допрам до Неговата облека, ќе оздравам’.
Исус ја знаел секоја помисла на нејзиното срце, и се упатил кон неа. Тој ја согледал нејзината голема потреба, и ѝ помогнал да ја искаже својата вера.
Додека Тој поминувал, таа посегнала нанапред и успеала да се допре до работ на Неговата облека. Во истиот миг знаела дека е исцелена. Во тој еден допир била сконцентрирана верата на нејзиниот живот, и нејзините болки и слабости веднаш исчезнале. Во истиот миг почувствувала возбуда, како електричен удар, кој допрел до секое влакно на нејзиното битие. ‘Таа почувствува во своето тело дека е излекувана од болеста’. (Стих 29) Благодарната жена копнеела да ја изрази својата благодарност на Моќниот Исцелител, Кој со еден допир направил повеќе за неа, отколку лекарите за дванаесет долги години; но не се осмелувала. Со благодарно срце се обидела да се повлече од мноштвото. Одеднаш Исус застанал и гледајќи наоколу запрашал, „Кој се допре до мојата облека?“ Гледајќи во Него со чудење, Петар одговорил: ‘Учителе, народот Те опколил и те притиска, а прашуваш: Кој се допре до Мене?’ (Лука 8:45) ‘Некој се допре до Мене’, рекол Исус, ‘зашто почувствував дека излезе сила од Мене’. (Стих 46) Тој можел да го разликува допирот на верата, од случајните допири на невнимателното мноштво. Некој го допрел со длабока причина и примил одговор. Исус не го поставил прашањето заради Себе. Тој имал поука за народот, за Своите ученици и за жената. Тој сакал да им вдахне надеж на немоќните. Сакал да покаже дека верата е таа што донесува исцелување.“ — Здравје и среќа, 59,60.
Моето искуство покрај болничкиот кревет
Во 1996 година бев тешко болен — животот ми висеше на конец — и бев подготвен да одам во било која болница, државна или приватна, иако многу од нив се потпираа на вообичаени медицински методи чие потекло често било поврзано со спиритуалистички традиции. По Божја промисла, завршив во една здравствена установа чии светла беа постојано вклучени — достапна и дење и ноќе. Таму останав повеќе од една година. Во оваа установа, патот до оздравувањето што ми го предложија беше речиси сосема различен од она што јас го очекував. Во првите неколку месеци, „терапијата“ се состоеше од сирова храна, проучување на Божјото слово и слушање духовни предавања. По речиси половина година, дури откако персоналот најнапред се насочи кон исцелувањето на мојата душа, се случи и телесното оздравување. Така беа надминати двете главни маки што ме и доведоа во таа установа. Во истото време таму беше и една млада пациентка со својата баба. Нејзината здравствена состојба беше ужасна. Беше во критична состојба, неспособна да се движи или да се грижи за себе и и беше потребна постојана нега. Во последните денови од нејзиниот живот, младата жена лежеше во кревет, примајќи грижа и утеха додека трпеше тешки здравствени компликации. Нејзината баба, која беше длабоко побожна жена, плачеше покрај нејзиниот кревет. Младата жена очигледно побарала помош во речиси сите големи болници и ги пробала сите можни лекови, но без успех — состојбата не се подобрувала. Како последна надеж, бабата ѝ укажуваше дека мора да ги исповеда своите гревови пред Бога, потсетувајќи ја на библиската мисла дека „незаслужена клетва нема да се збидне“ (Изреки 26:2).
„Сатаната е зачетник на болеста и лекарот постојано војува против неговото дело и неговата сила. Насекаде преовладуваат болести на душата. Во деведесет проценти на случаите, тоа е причината на сите болести од кои страдаат луѓето. Можеби некоја семејна неволја ја нагризува душата како рак и ги слабее животните сили. Грижата на совеста за направениот грев понекогаш го поткопува здравјето и доведува до душевна неурамнотеженост.“ — 5. Сведоштво, 443.
Искрената и полна со вера молба на побожната баба очигледно одекна во срцето на младата жена. Одеднаш, на изненадување на сите присутни, таа отворено призна едно многу тешко и грозно дело што го направила во својот живот — дело кое било во јасна непослушност кон Бога. Како последица на тоа однесување во младоста, таа чувствувала дека живее под големо проклетство, кое на крајот се манифестирало како оваа тешка телесна болест. Долго време се надевала дека ќе најде лек преку медицината, но нејзината состојба само се влошувала. Сега, младата жена почувствува потреба да се соочи со вистината за беззаконието што долго ѝ ја мачело душата — признавајќи ја својата длабока потреба од Христос, единствениот Спасител на грешниците. Во тој момент, сите што ја слушаа нејзината трогателна исповед се помолија со жар за неа. Од ова искуство може да се извлече важна поука:
„На лекарот му е потребно нешто повеќе од човечка мудрост и сила за да знае како треба да ги лекува сложените случаи на болести на душата и на срцето со кои мора да се занимава. Ако не знае за силата на божествената милост, нема да може да им помогне на несреќните, туку само ќе ги зголеми нивните неволи. Но ако цврсто се потпре на Бога, тој ќе може да им помогне на болните, да им укаже на своите пациенти на Христа и да ги поучи сите нивни грижи и неволи да ги предадат на големиот Носач на товари. Постои врска меѓу гревовите и болестите. Секој лекар може да го види тоа после еден месец пракса. Тој не може да обрати внимание на тоа ако духот му е зафатен со други нешта, но ако добро набљудува и биде исправен, нема да може да не признае дека гревот и болеста стојат еден спроти друг како причина и последица. Лекарот треба брзо да го согледа овој однос и да постапува во согласност со тоа. Штом ќе ја стекне довербата на болниот ублажувајќи ги неговите страдања и спасувајќи го од работ на гробот, тој треба да го поучи дека болеста е последица на гревот и дека тоа е дело на паднатиот непријател кој копнее да ги наведе луѓето на постапки со кои го поткопуваат своето здравје и ги уништуваат своите души. Тој мора да ги поучи да се одречат од себе и да се покоруваат на законите на здравјето и животот. Тој треба посебно во мислите на младите да всади исправни начела. Бог ги сака Своите созданија со љубов која е нежна и силна. Тој ги поставил законите на природата, но Неговите закони не се самоволни барања. Секое „не“, и во физичкиот и во моралниот закон, содржи едно ветување.“ — 5. Сведоштво, 444.
Кога младата жена во здравствената установа ги исповеда своите гревови пред Бога, на нејзиното лице можеше јасно да се забележи длабок мир. Сите сфативме дека тој мир не доаѓаше од неа самата — тој беше небесен мир, што може да се најде само во Исус Христос. Да, по извесно време, најболните симптоми на нејзината здравствена состојба почнаа да се смируваат, но тогаш таа веќе зборуваше: „Сега ми е потребен одмор. Ве молам, морам да се одморам. Морам да се одморам.“ Таа на сите страдања што ги преживеа гледаше како на последица од тој бунтовен животен стил, но сега ја препозна убавината и вечната мудрост на Семоќниот, во чии нежни раце сега најде мир и почивка. Недолго потоа и почина – мирно, во Неговата нежна милост и сочувство.
Христовиот план за целосно оздравување
Христос копнее да внесе надеж во срцата на страдалниците и да покаже дека верата во Него носи исцелување и обновување — и на душата, и на телото. Секаде низ светот, на милиони луѓе им е потребна помош — од наједноставните до најсложените случаи. Кој е најголемиот проблем? Псалмистот ја признава пред Бога духовната димензија на проблемот:
„Нема ништо здраво на моето тело од Твојот гнев; во коските мои нема мир поради гревот мој“ (Псалм 38:3).
Повеќето луѓе знаат колку е важно да се хранат здраво — со исхрана богата со овошје и зеленчук, да пијат чиста вода, да бидат физички активни, да се одмораат, да се изложуваат на сонце, да вдишуваат свеж воздух итн. Сепак, можеби најважно од сè е менталното и духовното здравје — она што сите ние често го занемаруваме. Многумина строго се придржуваат кон рестриктивни диети, внимателно го бираат она што го јадат и често додаваат разни додатоци во исхраната. Други дисциплинирано стануваат рано — или дури пред спиење — за да вежбаат. Но, истовремено, се хранат со гордост, суета, похота, рамнодушност и презир кон другите, заборавајќи го најдоброто физичко вежбање во светот мисионерската работа. Тоа е вистинското евангелие на дело — одење, брзо движење, дури и трчање за да се пренесе добрата вест. Постојат и такви што се грижат навреме да легнат за да си го зачуваат телото и емоционалната рамнотежа — што, секако, е исправно. Но во својата работа, бизнис или студии, нивната интелектуална активност често е поттикната од себична амбиција, алчност или желба за задоволства во овој минлив свет. Не се подготвени да жртвуваат време и напор кога станува збор за мисионерската работа, за поддршка на немоќните, болните или оние погодени од болка и страдање. Со такви навики, во многу случаи што не можат да се повратат, тие сами си навлекуваат болка и болести — физички, ментални и духовни. Кога човечкиот ум ќе се поврзе со Христовиот ум, во него се влева сила — во умот, душата, нервите и во секој животен орган. Таа врска му дава живост на целото тело, спречува болести и носи вистинско исцеление.
Отстранување на горчината од срцето
Како колпортер, еднаш бев повикан да одржам говор во печатницата на една голема државна банка. Таму на слушателите им ги претставив нашите книги, меѓу кои и „Патот кон Христа“. На крајот од говорот, директорот на одделот ме покани во својата канцеларија и ме запозна со еден слаб, анемичен млад човек со долга коса, обезличено лице и тумор на коленото — одеше куцајќи и со очигледна болка. Се жалеше дека има силни болки во градите и во грбот. Го прашав зошто се наоѓа во таква состојба, а тој ми раскажа дека живеел со својот татко, мајка и трите помлади браќа.
Кога неговиот татко сериозно се разболел и подоцна починал, еден од најдобрите пријатели на татко му ги поткупил властите и ги фалсификувал документите за куќата во која семејството живеело во центарот на градот. На суд тврдел дека куќата му припаѓа нему — и судот му поверувал. Како резултат, целото семејство било избркано на улица.
Ова несреќно семејство сега немаше каде да оди, а дури ни нивните роднини повеќе не сакаа да знаат за нив. По некое време, кога најмалку го очекувале, еден човек ги пронашол во стара барака покрај пазарот, каде што почнале да живеат сиромашен живот.
Ова болно искуство во овој млад човек разбуди чувство на гнев и длабока огорченост. Неговите тројца браќа морале да ги напуштат студиите поради недостаток на финансиски средства; неговата мајка минуваше низ психолошки кризи, хипертензија и губење на видот, а еден од браќата, како последица на траумата, заболел и од епилепсија. Иако и самиот бил болен, тој бил единствениот кој можел барем малку да се грижи за семејството. Со ослабено здравје бил принуден да го прекине универзитетот, а ниту една компанија не сакала да го вработи.
Тогаш управникот на банката — човек со благ и сочувствителен дух — го поканил да работи во неговиот оддел, каде што му помагал со подредување документи, кутиите и отпадот. На крајот на секој месец, кога управникот ја примал својата плата, му давал дел на овој млад човек. Тој ми рече дека чека операција на коленото — можеби дури и ампутација — но таа постојано се одложувала поради недостаток на средства. Тогаш јас го запознав со Исуса Христа, Господ кој ја лекува душата. Тој беше благодарен и ја зема книгата да ја чита. Недела дена подоцна, му зборував за Христовото простување, и со солзи во очите тој го прифати тоа без двоумење. Потоа го прашав дали е подготвен да му прости на човекот што го обесчестил неговото семејство. „Како да му простам на некого што ми нанесе толку неволји на мене, на мајка ми и на браќата мои?“ — праша тој. Го замолив да му дозволи на Бог да делува во неговото срце и да ја препушти таа борба во Неговите раце. По некое време, конечно се согласи да прости. Кога се вратив дома, и раскажав сè на сопругата, која тогаш студираше медицина. Таа зема кофа, подготви глина и понесе неколку вреќи со сува глина, зелка и кромид. Го посетивме младиот човек и таа му ставаше облоги од глина на коленото; објаснувајќи му ги упатствата од Духот на пророштвото за воздржување од штетна храна и употреба на свежа, растителна исхрана. Истовремено му помагавме и на неговата мајка и брат. Да, Господ ги користи природните лекови како средства за исцелување, но често клучен дел од процесот на обновување е и следново:
„Еден од најчестите гревови, кој доведува до најтешки последици е духот на непростување. Колку се оние кои негуваат омраза и одмазда во своето срце, а сепак се поклонуваат пред Бога и бараат да им прости како и тие што простиле. Тие, несомнено, не го сфаќаат вистинското значење на оваа молитва, инаку не би се осмелиле да ја изговорат. Секој ден и секој час ние зависиме од Божјото милосрдие кое проштева. Како тогаш можеме да негуваме омраза и злоба кон своите ближни кои се грешници како и ние!“ — 5. Сведоштво, 170.
Најпривилегираните на земјата
Ние сме најпривилегираниот народ во историјата на светот. Живееме во време на најголема божествена светлина — со Библијата и Духот на пророштвото во наши раце. Имаме навистина посебна привилегија што сме наградени со поуките содржани во тие списи. Во нив Господ јасно ни покажува како треба да се храниме, облекуваме, однесуваме и управуваме со нашите работи. Тие содржат најсилна емоционална и духовна поддршка.
Ние треба да бидеме усрдни работници кои ќе ги откриваат овие вистини пред сите луѓе — да ги одвраќаме од навиките на нездрава исхрана и прекумерно консумирање индустриски преработена храна, и да ги упатуваме кон природна, едноставна исхрана која е во согласност со Божјиот план за здрав живот. Во исто време, треба да се чуваме од световните принципи и од т.н.„научни’ тврдења кои не се засноваат на Божјата Реч и Духот на пророштвото.
Мораме да бараме длабока и жива врска со Бога — единствениот апсолутен Гарант за нашето физичко, психолошко и духовно здравје.
Вистинскиот Извор на исцеление
„Во извршувањето на Своите чуда, Спасителот ја откривал онаа сила, која постојано делува во полза на човекот, притоа одржувајќи му ги и здравјето и животот. Бог работи секој ден, секој час, секој миг, преку силите на природата за да нè одржи во живот, да нè изгради и обнови. Кога е повреден некој дел од телото, процесот на исцелување започнува веднаш; природата почнува да делува за да се поврати нарушеното здравје. Но силата што работи преку природата е Божјата Сила. Секоја животворна сила доаѓа само од Него. Кога некој ќе оздрави од која и да е болест, Бог е Тој, Кој го исцелил. Болеста; страдањата и смртта претставуваат дело на непријателската сила. Уништувачот е сатаната; Бог е Обновителот. Зборовите изречени на Израелот се вистинити и денес, за оние, кои повторно го добиваат своето телесно или духовно здравје: ‘Јас сум Господ, твојот Исцелител’. (Излез 15:26) Божјата желба за секое човечко суштество е изразена во зборовите: ‘Возљубен, се молам да бидеш здрав и во сè да ти биде добро, како што и е добро на твојата душа’. (3. Јованово 2) Тој е Оној, Кој ‘ги простува сите твои безаконија, Кој ги исцелува сите твои болести; Кој го избавува твојот живот од распаѓање, Кој те овенчува со милост и со добрини’. (Псалм 103:3,4)“ — Здравје и среќа, 112,113.
Во овие сведоштва и библиски стихови се гледа јасна вистина: духовното исцелување често го поддржува и засилува физичкото оздравување. Верата и покајанието имаат сила што на посебен начин го зајакнува телото. Жената која се допре до Христовата облека беше исцелена поради својата вера — покажувајќи ни дека и ние мораме да дојдеме кај Него на истиот начин. Кога со отворено и скрушено срце ќе ја побараме Неговата милост, ќе го искусиме ветувањето:
„Ако ги исповедаме гревовите свои, Тој е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секаква неправда.“ (1. Јованово 1:9)
„Ја закрепнува душата моја, ме води по патот на правдата заради името Свое.“ (Псалм 23:3)
Што можеби те задржува да го искусиш големиот мир што Бог сака да ти го даде? Дали си го испитал своето срце — дали има некој грев што не си го препознал или некој товар што сè уште го носиш? Можеби гордоста те спречува целосно да ја доживееш Неговата благодат. Размисли за ова: Што треба да оставиш за да бидеш навистина исцелен? Кој таен немир те спречува да најдеш мир? Бог ги гледа сите тие нешта, и Неговата исцелувачка милост е достапна за секој што Му пристапува со понизност.
Обрати се кон Христос – Оној што ги лекува и душата и телото. Исповедај ги своите гревови, остави ги работите што ја попречуваат твојата духовна обнова, верувај во Неговата неограничена сила, и ќе најдеш вистински мир и потполно обновување. Тој вети:
„Зашто Јас сум Господ, твојот исцелител“ (Излез 15:26), а Неговиот збор никогаш нема да изневери. Побарај го исцелувањето на душата најнапред преку Оној што ги понесе нашите болки и страдања — и сè друго ќе се усогласи според Неговата волја. Амин!

Родени и воспитани за служба
Зошто 100 години?
„Црквата е Божјо орудие за спасение на луѓето. Таа е организирана да служи и нејзина задача е да му го објави евангелието на светот. Божја намера уште од почеток е светот преку Неговата црква да го спознае совршенството на Неговата добрина, милост и моќ. Членовите на црквата, што Тој ги повикал од темнината во Неговата чудесна светлина, треба да ја одразуваат Неговата слава (Ефесјаните 3:10)“ — Делата на апостолите, 9.
Како последна заповед пред Своето вознесение, нашиот Господ Исус Христос го довери големиот налог на Својот народ. Со таа возвишена изјава, Црквата беше основана во овој грешен свет за да делува за преобразување и спасение на човечките души. Црквата има света должност да го пренесе вечното евангелие до секое човечко суштество. Бог ни ги доверил нашето време, талентите и средствата токму за таа највозвишена цел. Кога ќе погледнеме на тешката и збунета состојба во која се наоѓа светот денес, како Христова Црква треба сериозно да си поставиме прашања: „Зарем нема уште многу нешта што треба да ги направиме за Христос? Зарем не носиме голема одговорност што сме ја занемариле? Зарем не сме склопиле завет со Исус што сè уште не сме го исполниле?“ Често се криеме зад различни изговори, но вистинскиот проблем не е ниту комунизмот, ниту римокатолицизмот, ниту либерализмот, ниту модернизмот. Проблемот е успана, неактивна христијанска вера. Секој од нас треба искрено да се запраша: „Дали она што го правам навистина има значење за вечноста? Дали навистина го унапредува Христовото дело?“ Ако не, тогаш, без разлика што и да правиме, сето тоа нема вистинска вредност. Некој мудро рекол: „Бог не ја создал Црквата за да биде фрижидер во кој побожноста се чува од расипување, туку ја создал да биде инкубатор — место каде што се раѓаат нови верници.“
Домот — главното мисионерско училиште
„Едно добро уредено и дисциплинирано семејство сведочи повеќе за христијанството отколку сите изговорени проповеди. Таквото семејство сведочи дека родителите успешно ги следеле Божјите упатства и дека нивните деца ќе служат на Бога во црквата. Нивното влијание расте, затоа што додека даваат, тие истовремено и примаат за да можат и понатаму да даваат. Таткото и мајката имаат добри помошници во своите деца, кои понатаму ги пренесуваат поуките кои ги примиле во својот дом. И соседите помеѓу кои живеат имаат корист, затоа што овој дом ги збогатил за овој живот и за оној кој ќе дојде.“ — Адвентен дом, 32.
„Бог посакува да види како од домовите на Неговиот народ излегува голема група млади кои, под влијание на побожната атмосфера во нивните семејства, Му ги предале своите срца и се подготвени да Му го посветат најдоброто и највредното од својот живот во Негова служба.“ — Counsels to Parents, Teachers, and Students, p. 131.
Одговорноста на родителите
Апостолот вели:
„За мене нема поголема радост од тоа да слушнам дека моите чеда одат во вистината.“ (3. Јованово 1:4).
Бог нè благословил со мали деца — но зошто ни ги дал? За да ги воспитаме за Него. А која е нашата одговорност? Библијата ни кажува:
„Поучи го момчето во почетокот на патот негов: тој нема да скршне од него и кога ќе остари“ (Изреки 22:6).
„Подигањето и воспитувањето на децата е најблагородно мисионерско поле кое луѓето и жените можат да го вршат…. Нам ни треба мисионерски жар во нашите домови, за да можеме да го претставиме Словото на животот пред членовите на нашите семејства и да ги водиме да бараат дом во Божјото царство.“ — Совети за детето, 476.
Прекрасно е кога родителите го носат своето мало дете да биде благословено и посветено на Бога, но тоа само по себе не е доволно. Следниот чекор е суштински детето треба да се воспитува со јасна цел: да Му служи на Христос и да придонесува за напредокот на Неговото царство. Секое дете е повикано да стане орудие за спасение на другите. Постојат две можни насоки во кои можат да се воспитуваат нашите деца:
„Децата можат да бидат обучени за служба на гревот или за служба на праведноста.“ — Counsels to Parents, Teachers, and Students, p. 108.
Да учиме да служиме
„Посвети дел од своето слободно време на своите деца; дружи се со нив во нивната работа и во нивните игри, и стекни ја нивната доверба. Придобиј го нивното пријателство.“ — Адвентен дом, 192.
Можеби си навикнат постојано да даваш совети, секој момент да „емитуваш“ како радио, испраќајќи зборови на поука. Но, наместо само совети, на твоето дете треба да му го дадеш своето срце. Можеш да го научиш на многу нешта, зборувајќи малку.
„Секоја мајка треба да најде време на своите деца да им ги пружи тие мали знаци на нежност кои и на малите и на постарите деца им се потребни. На тој начин мајката ќе ги сврзе срцата и радоста на своите деца со своето сопствено срце. Таа за нив е она што Бог е за нас.“ — Адвентен дом, 197.
Како да ги научиме нашите деца да служат? Со тоа што ќе им даруваме љубов. Драги родители, еден убаво проживеан живот значи со љубов да се даруваме себеси – на своите деца и на својот брачен другар, да им подаваш рака на постарите, да го слушаш со внимание болното срце на паднатиот човек, и да го подариш своето присуство на секој што има потреба од помош. Сегашното време ни е дадено за да умреме за себеси и да воскреснеме во Христос.
„А Христос умре за сите, та живите да живеат не веќе за себеси, туку за Оној Кој умре за нив и воскресна.“ (2. Коринтјаните 5:15)
Постои само еден клуч за вистинска делотворност и успех. За зрното пченица да донесе плод, мора најнапред да умре. А апостол Павле додава:
„Се распнав заедно со Христос; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене“ (Галатјаните 2:19,20).
Кога Христос живее во нас, кој е резултатот? Тогаш го живееме Неговиот живот. А каков беше Неговиот живот додека беше на земјата? Тоа беше живот на служба, живот исполнет со љубов.
Силата на личниот пример
„И она што го научивте, примивте, чувте и видовте во мене, тоа правете го“ (Филипјаните 4:9).
„Оној што сака да стане свет во небото, најнапред мора да стане свет во своето семејство. Ако таткото и мајката се вистински христијани во домот, тие ќе бидат корисни членови на Црквата и ќе умеат да раководат со црковните и општествените работи на ист начин како што управуваат со своите семејни обврски. Родители, не дозволувајте вашата вера да биде само надворешно исповедање туку жива реалност во вашиот живот… Ако во домот не покажувате кроткост, љубезност и учтивост, вашата вера ќе биде залудна. Кога би имало повеќе вистинска побожност во домовите, би имало и повеќе сила во Црквата.“ — Адвентен дом, 317—319.
„Христијанскиот дом треба да биде поучен пример, кој ја покажува вредноста на вистинските животни начела. Таквиот пример ќе биде сила за добро во светот… Кога младите ќе излезат од таков дом, тие ќе ги пренесуваат понатаму поуките што ги научиле.“ — Адвентен дом, 31.
Сите сакаме нашите деца да бидат пример достоен за подражавање — и тоа е благородна желба. Но, треба да запомниме дека тоа што тие се денес е резултат на тоа како сме живееле вчера. Она што сме го посеале вчера, денес го жнееме. Неопходно е татковците да бидат свештеници во домот. Потребно е татковците да бидат свештеници во својот дом, мајките да ги воспитуваат своите деца за Бога, а децата да бидат допрени од Божјата сила. Нашата водилка не треба да биде зборот „утре“, туку „сега — или никогаш“.
Нема место за мрзливи „безделници“
„Од најрана возраст учете ги децата да бидат полезни, да си помагаат себеси и на другите.“ — Адвентен дом, 283.
„Родителите треба да ги научат своите деца дека мрзливоста е грев. Нема ништо што посигурно води во зло отколку кога децата се ослободуваат од сите обврски, препуштени на безделен и бесцелен живот — да не прават ништо или да се занимаваат само со она што ним им се допаѓа.“ — Адвентен дом, 284.
„Во Божјото семејство нема безделници. Секој член на семејството има своја одредена задача – свој дел од Господовото лозје во кое треба да работи.“ — 4. Сведоштво, 454.
Какво влијание има начинот на кој ги воспитуваме нашите деца? Дали тие ќе бидат живи и активни, или ќе овенат во неактивност? Кога човек мисли само на себеси, станува горд и самоуверен. Такви ќе бидат и децата што ќе пораснат во таква средина. Резултатот ќе биде ослабена генерација — деца на кои им е секогаш здодевно, рамнодушни и неактивни за Бога. На Бога и на Неговата црква не им се потребни родители и деца што ги закопуваат своите таленти во земјата. Божјиот народ има потреба од активни работници, а не од набљудувачи.
„На небото постојано се работи. Таму нема невработени. ‘Мојот Отец досега работи, и Јас работам’ рекол Христос.“ — Адвентен дом, 287.
Запален пламен
„Една светилка, колку и да е мала, ако постојано гори, може да биде причина да се запалат многу други светилки.“ — Адвентен дом, 32.
Природно, пламенот раѓа нов пламен. Ако е опкружен со материјал што може да се запали, потребна е само една искра за да се разгори огнот. Така и од една свеќа може да се запалат десетици илјади други. Јован Крстител сведочеше дека Оној што доаѓа по него ќе „крштева со Светиот Дух и со оган.“
Тоа е најголемата потреба на нашето време — Црква крстена со оган! Тоа е она од што се ѓаволот и неговото царство најмногу се плашат: Црква запалена од огнот на Божјата љубов. Кој може да и се спротивстави? Љубовта кон Бога ќе биде како погонска сила што нè поттикнува да правиме големи дела за Него. Драги млади и драги родители, сега не е време да го гасиме Духот и да ја ограничуваме Божјата сила — сега е време со вера да одиме напред!
„Секој вистински ученик се раѓа за Божјото царство како мисионер. Оној што пие од живата вода, станува извор на животот.“ — Копнежот на вековите, 195.
„Бог ќе ги поттикне луѓето со скромна положба во животот да ја пренесуваат пораката на сегашната вистина. Ќе се видат многумина како со ревност брзаат на сите страни, движени од Божјиот Дух, за да им ја донесат светлината на оние што се во темнина. Вистината ќе биде како оган во нивните коски, исполнувајќи ги со силна желба да ги просветлат оние што живеат во мрак. Господовата Реч ќе ја проповедаат многумина, дури и меѓу необразованите. Светиот Дух ќе ги поттикне и децата да појдат и да ја објавуваат небесната вест. Духот ќе се излее врз оние што ќе одговорат на Неговиот повик. Ослободени од човечките ограничувања и претпазливост, тие ќе и се придружат на Господовата војска.“ — 7. Сведоштво, 26,27.
– Како можеме да го развиеме дарот што на светот му е најпотребен токму сега?
„Младите треба да научат дека животот значи сериозна работа, одговорност и грижа. Ним им е потребна обука која ќе им даде практично знаење – од нив ќе направи мажи и жени кои можат да се соочат со тешкотиите. Тие треба да научат дека дисциплината на систематската, добро организирана работа е неопходна, не само како заштита од ненадејни, непредвидени промени во животот, туку и како помош во сестраниот развој.“ — Воспитување, 215.
Постојат потреби за:
1. Побожна младина
Младите треба да се научат искрено да Го љубат Христос и Неговото царство, да Му се предадат со целото срце во служба, подготвени на секое самоодрекување,жртва и дело на кое Тој ќе ги повика. Неопходно е на секое место ревносно и посветено да работиме за Христос – дома или надвор, меѓу повисоките или пониските општествени слоеви. Христос не ја создал младината за да живее во состојба на просечност.
2. Млади со изграден ум
Ќе бидат ли младите христијани задоволни со просечност во својата работа за Христовото царство, додека луѓето од светот се стремат кон совршенство во своите занимања и професии?
Внимавајте да не ја изопачите својата зависност од Божјата помош, мислејќи дека ревноста на срцето може да ја замени потребата од знаење. Заповедта гласи:
„Љуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сиот свој ум“
— и ова еднакво се однесува и на љубовта и на служението кон Него. Нашата младина треба да има урамнотежен и изграден ум.
3. Несебична младина
„Уживај во моментот“ не треба да биде цел, туку нешто што треба да се жртвува.
„Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син..“
Бог ни Го даде Исуса како Дар, за и ние да станеме давачи. Сега, повеќе од кога било, потребни се посветени Христови слуги.
„На секое момче и девојка и на секое дете им е одредена работа која треба да ја извршат за Бог да се прослави и човештвото да се облагороди.“ — Адвентен дом, 280.
Највисоката привилегија
Драга младино, можеш да станеш роб на материјалниот или професионалниот напредок, роб на часовникот, телефонот или некој друг уред, роб на удобноста или на погрешно разбрани соништа. Сите тие облици на ропство значат само едно — изгубен живот. Да бидеш сличен на Христос не значи да се искачуваш по општествената скала, ниту да се стремиш кон контрола или удобност, туку да даваш. Сè што има вистинска вредност се темели на дарежливост. Животот без дарување нема смисла. Да се дава -тоа е вистинското поседување. Зар сакаш Христос, Кој живее во тебе, да Го спречиш да се дарува Себеси преку тебе? Ако го направиш тоа, Тој нема да живее во тебе — туку ти ќе останеш роб на својата себичност. Можеби нема да извршиш големи дела, можеби нема да бидеш повикан на црковна служба, но нема служба што е премала или премногу голема. Мнозина сакаат да го променат светот, а ретко кој сака да ги прави малите нешта со кои човекот се чувствува сакан. Со мерката со која даваш — со истата мерка ќе ти биде дадено.
„Зар не е привилегија на овој начин да бидеме Исусови соработници? Зар не е чест да бидеме поврзани со возвишеното дело на спасението на душите, извршувајќи ја улогата што ни ја доверил нашиот Спасител? Никој не може да даде благослов на другите, а притоа и самиот да не го примил. Кој напојува други, и тој самиот ќе биде напоен“ (Изреки 11:25).“ — Counsels on Health, 508.
„Нашата вера треба да биде плодна со добри дела,’бидејќи верата без дела е мртва’. Секоја совесно извршена должност, секоја жртва поднесена во Христово име донесува награда. Во самиот чин на должност Бог зборува токму за извршувањето на должностите и на тоа Тој го дава Својот благослов. Но Тој бара сите свои способности да Му ги посветиме Нему. Вистински христијани можеме да бидеме само ако со сите свои мисли, со сето свое срце и со целото свое битие Му се предадеме Нему.“ — 4. Сведоштво, 145.
Награда
„Но вие држете се цврсто, и рацете ваши да не ослабуваат, зашто ќе има награда за делата ваши“ (2. Летописи 15:7).
Драга младино, драги родители, живејте секој ден како да се соочувате со последниот ден од животот. Денес дајте го она што сте го примиле од Христос. Светот очајно има потреба од откривањето на Божјата љубов. Моја искрена желба е, дури и по сто години постоење, Реформното движење да зрачи со силата на љубовта и вистината во Христос. Усрдно се молам ова движење да не биде задушено, туку да избувне како вулкан, така што целата земја ќе биде опфатена со Божјата љубов. Драга младино и драги родители, дали и вие ќе бидете дел од тоа движење кое наскоро ќе го исполни целиот свет со Божјата слава? Овој „земјотрес“ на љубовта ќе ги достигне сите краишта на светот – и потоа ќе ја пробие вечноста, продолжувајќи таму. Изборот е ваш. Изберете мудро. Изберете да горите за Христос. Бидете светлина!

Создавање ученици
Вистинско воспитување
Во почетокот, Бог ја воспостави семејната заедница како јадро на општеството — место за оформување и развој на карактерот, навиките и вредностите.
„Семејството било во центарот на системот на воспитување кој е воспоставен во Едем.“ — Воспитување, 33.
Божјиот план беше прилагоден на човечкиот род по падот. Вистинското воспитување претставува дело на искупување и обновување на човечкиот род, развивање на физичките, умните и духовните способности според Христовиот карактер. Тоа не се ограничува само на стекнување знаење, туку има за цел да го подготви човекот за живот на служба — и на оваа земја и за вечноста. Неговиот темел се наоѓа во Божјото слово и во водството на Светиот Дух. Христос, како Претставник на Отецот и врската помеѓу Бога и човештвото, е големиот Учител на човештвото, и Неговата намера беше мажите и жените да бидат Негови претставници. Семејството било училиштето, а родителите — учителите. Овој божествен принцип Господ Исус верно го следеше во Својот земен живот.
Христовото воспитување
„Исус живеел во селска куќа и верно и радосно го носел Својот дел од товарот во домаќинството. Тој бил небесен Војсководец, а ангелите радосно ја исполнувале Неговата реч; а сега бил верен слуга, послушен син полн со љубов. Го изучил занаетот и со Своите сопствени раце работел со Јосиф во дрводелската работилница. Во едноставна облека на обичен работник, Тој чекорел низ улиците на тоа место, одејќи и враќајќи се од Својата скромна работа. Не ја употребувал Својата божествена сила за да го ублажи Своето бреме, ниту за да ја олесни Својата работа.“ — Копнежот на вековите, 72.
Неговиот дом бил првата и најважна школа, каде што Марија и Јосиф, водени од божествените начела, имале основна улога во Неговото воспитување. Културното и семејното опкружување во кое растеше — опкружен со природата и едноставноста — придонесоа за обликување на Неговиот карактер и ја зајакнаа Неговата поврзаност со Бога и со човечките потреби.
„Во деновите на Христос, Евреите посветуваа големо внимание на воспитувањето на своите деца. Нивните училишта биле поврзани со синагогите или местата за богослужение, а нивните учители се нарекувале рабини — луѓе кои се сметале за многу учени. Исус не одел во тие училишта, затоа што таму се предавале многу нешта што не биле вистинити. Наместо Божјото слово, таму се изучувале човечки изреки, кои често биле во спротивност со она што Бог го открил преку Своите пророци. Сам Бог, преку Својот Свет Дух, ја поучи Марија како да Го воспитува Својот Син. Марија Го учеше Исуса од Светите списи, а Тој научи Сам да чита и да ги проучува светите зборови.“ — Story of Jesus, 30.
Погрешен концепт
Во спротивност со воспитувањето што Исус го добил во Своето семејство, рабинските школи од Неговото време ја изгубиле вистинската цел на образованието и се насочиле кон обреди, со што биле исполнети со празен формализам. Таквото образование не поттикнувало лична врска со Бога, ниту развој на карактер заснован на вистинските божествени начела. Зар ова не наликува на реалноста во која живееме денес?
„Нашите претстави за воспитувањето се премногу тесногради и збиени. Треба да имаме поширок поглед и да си поставиме повисока цел. Вистинското воспитување значи повеќе отколку само совладување на одредена наставна програма. Тоа е повеќе од подготовка за сегашниот живот. Тоа се занимава со целото човеково битие и се однесува со целиот период на неговото постоење. Воспитување значи складно развивање на телесните, душевните и духовните сили. Тоа го подготвува ученикот за радосна служба во овој и за повозвишена и порадосна служба во светот што ќе дојде“ — Воспитување, 13.
За жал, во современиот образовен систем, карактерот и вредностите — толку важни за човечкиот живот и за подготовка за Небото — често се занемарени. Но, со разбирање на грешките од минатото, можеме повторно да го откриеме вистинското значење и цел на божественото образование.
Што значи ова?
Вистинското воспитување доаѓа од Бога, а неговата цел е да го обнови божествениот лик во човештвото. Тоа не се ограничува само на стекнување академско знаење, туку ги опфаќа и духовниот, моралниот и социјалниот развој на човекот. Затоа, тоа е света и возвишена должност. Во Светото писмо гледаме како Бог ги поучува родителите за важноста на воспитувањето на нивните деца. За Авраам, Господ вели:
„Затоа што го избрав за да им заповеда на синовите свои, и на домот свој по себе, да одат по патот Господов и да извршуваат правда и суд“ (Создавање 18:19).
Благодарение на својата блиска заедница со Бога, Авраам ги поучувал членовите на своето семејство да одат по Господовите патишта. Ако сакаме тоа да биде случај и во нашиот дом, потребно е и ние да негуваме навики на љубов и посветеност кон Спасителот на душите, со молитва да ги поучуваме нашите деца дека имаат Пријател кој ги слуша нивните соништа и болки. Со секојдневно читање на Библијата тие ќе го запознаат Божјиот карактер и ќе разберат како Тој, со Својата сочувствителна љубов, се однесува кон нас. Така ќе научат и тие да се однесуваат со почит, љубов и трпение кон другите. Ќе научат да бидат милостиви и добри, како што е милостив и добар нивниот небесен Татко кон човечкиот род што со љубов го создал. Разбирањето на вистинското воспитување ни помага да сфатиме дека крајната цел на тој процес е токму изградбата на карактерот — единственото богатство што можеме да го понесеме со себе на Небото.
Последици од погрешни одлуки
Изградбата на карактерот е суштински важен и неопходен процес во животот; карактерот е единственото богатство што ќе го понесеме на Небото, а тој се изградува во домот.
„Карактерот, обликуван според божествениот лик, е единственото богатство што ќе можеме да го однесеме од овој свет на небото. Сите кои во овој свет биле во Христовата школа, ќе ги понесат сите свои духовни достигнувања во своите небесни станови. Но и на небото ќе продолжат да се усовршуваат. Според тоа, колку е важен развојот на карактерот во овој живот!“ — Христовите поуки, 332.
Света должност на родителите е да ги насочуваат и поучуваат своите деца да се бојат од Бога и да Му бидат послушни, за со помошта на Светиот Дух да развијат карактер сличен на карактерот на нивниот небесен Татко. Господ заповеда:
„Овие зборови, што ти ги заповедам денес, да бидат во твоето срце и во твојата душа; и пренесувај им ги на децата свои и зборувај за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш“ (Второзаконие 6:6,7).
Кога родителите ќе ги занемарат воспитните упатства што Бог ги дал и ќе ја запостават својата света должност, тогаш нивните деца несвесно ги воспитува непријателот на душите. Примерот на свештеникот Илија треба сериозно да нè предупреди. Во 1. Самоилова 2:12 читаме:
„А синовите на Илија беа лоши луѓе. Тие не Го познаваа Господа.“
Децата денес повеќе од кога било имаат потреба од будна грижа и водство, зашто Сатаната настојува да завладее со нивните умови и срца и да Го истисне Божјиот Дух од нив.
„Страшната состојба на младите во денешно време претставува еден од најсериозните знаци дека живееме во последните денови. Но многумина од нив пропаѓаат токму поради погрешниот став и постапување на нивните родители. Спротивставувањето на секој укор длабоко се вкоренило, а непослушноста е само неизбежна последица на тоа. Родителите не се задоволни од патот по кој тргнуваат нивните деца, но не ги согледуваат своите сопствени грешки, ниту заблудите на своите деца, кои ги направиле токму такви какви што се.“ — 4. Сведоштво, 199.
Родителите треба да разберат дека христијанското воспитување не треба да се насочува само кон развојот на интелектот, туку пред сè кон оформување на карактерот, моралниот развој и подготовката за вечниот живот. Тие не можат правилно да ги исполнат своите одговорности доколку не го земат Божјото Слово како мерило за живот. Родителите мора да разберат дека се повикани да ги воспитуваат и обликуваат карактерите на секое драгоцено човечко суштество што им е доверено, за на крајот да ги препознаат начелата на вистинското воспитување и важноста на развојот на карактерот како процес со вечни последици. Во времето во кое живееме, особено е важно родителите будно да внимаваат на пријателствата што нивните деца ги создаваат. Дали пријателите што ги избираат ќе им помогнат да го одразуваат ликот на својот небесен Татко, или ќе ги наведат да го следат примерот на кнезот на овој свет? Дали содржините што ги гледаат преку медиумите ќе ги осветуваат, или ќе им ги намалат вредностите и ќе ги расипат нивните духовни навики? За да ги поведат своите деца по тесниот пат, примерот на семејството ќе има одлучувачка и животно важна улога.
Семејниот пример
Христијанското воспитување започнува од најрана возраст – преку примерот на неговите први учители, родителите. Затоа ни е советувано во нашиот дом да владее атмосфера како на „мало небо“, за децата преку набљудување и подражавање на родителскиот пример да учат како да живеат. Во Галатјаните 5:22,23 се опишани плодовите на Духот – љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост и воздржаност – квалитети кои го сочинуваат цврстиот христијански карактер. Цар Соломон нè потсетува:
„Поучи го момчето во почетокот на патот негов: тој нема да скршне од него и кога ќе остари“ (Изреки 22:6).
Апостол Павле, пак, нè повикува на обновување на умот и карактерот според Божјата волја (Римјаните 12:2). А Исус Самиот во Матеј 5:48 нè повикува:
„Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец“, што подразбира постојан раст во Христовиот лик. Развојот на карактерот е постојан процес на преобразување, кој бара делување на Светиот Дух и лична посветеност. Главната цел на христијанското воспитување и живот е токму развојот на карактерот.
„Секое човечко суштество, создадено според Божјиот лик, е надарено со способност слична на онаа на Создателот — индивидуалност, способност на мислење и дејствување. Луѓето кај кои оваа способност е развиена, се луѓе кои носат одговорности, кои се водачи во делата и кои влијаат врз карактерот на другите. Вистинското воспитување има за цел да ја развие токму оваа способност — да ги научи младите да размислуваат самостојно, а не само да ги повторуваат мислите на другите. Наместо да се ограничуваат само на она што луѓето го рекле или напишале, нека бидат насочени кон изворите на вистината, кон големите полиња за истражување во природата и во Божјото откровение. Нека размислуваат за големите факти за должноста и судбината, и нивниот ум ќе се развие и зајакне. Наместо образувани слабаци, воспитните институции ќе испраќаат луѓе силни во мислата и делото, господари, а не робови на околностите – луѓе со ширина на умот, јасност во размислувањето и храброст во своите убедувања. Таквото воспитување нуди повеќе од умствена дисциплина; тоа нуди повеќе и од физичка обука. Тоа го зајакнува карактерот, така што вистината и праведноста не се жртвуваат за себични желби или световни амбиции. Тоа го зајакнува умот против злото. Наместо некоја страст, кога ќе земе замав, да стане сила што разорува, сите побуди и желби се доведени во согласност со големите принципи на правдата. Ако размислуваме за совршенството на Божјиот карактер, умот ќе биде обновен и душата одново создадена според Божјиот лик.“ — Воспитување, 17,18.
Родителите треба да создаваат радосна и здрава средина за своите деца, држејќи ги подалеку од негативните влијанија и, во исто време, учејќи ги да ги препознаваат и разбираат нивните последици. Таквите влијанија можат да го изопачат карактерот и на крај да ги оддалечат од Бога.
„Делата што често се повторуваат стануваат навики, а навиките го оформуваат карактерот. Со трпение извршувајте ги малите должности во животот. Додека ја потценувате важноста на верноста во тие мали должности, вашето градење на карактерот ќе остане незадоволително. Во очите на Семоќниот, секоја должност е важна. Господ рекол: ‘Верниот во малку и во многу е верен.’ Во животот на вистинскиот христијанин нема неважни должности“ — Messages to Young People, p. 148.
Сеопфатната изградба на карактерот треба да се темели на следните начела:
- Зависност од Бога: Секојдневно барајте го Бога во молитва и во проучување на Неговото слово(Филипјаните 4:13).
- Дисциплина и самоконтрола: Владеј со своите мисли, зборови и постапки (Изреки 16:32).
- Служба на другите: Развивај благороден карактер преку љубов и помагање на ближните (Матеј 25:40).
- Воспитување според божествени начела од најрана возраст: Детето треба да се насочува кон вистината уште од детството (Изреки 22:6; 2. Тимотеј 3:15).
- Истрајност во преобразбата: Развојот на карактерот е процес што трае сè додека душата целосно не го одрази Христовиот лик (2. Коринтјаните 3:18; Рани списи, 71).
Учење преку дејствување
Земната педагогија само го потврдува она што Господ веќе го воспоставил во Својот божествен план на воспитание. Децата најдобро учат кога стекнатото знаење можат да го поврзат со својата околина и да го применат практично во секојдневниот живот. Од најрана возраст, децата треба да научат некоја корисна или практична вештина, која ќе им помогне да развијат способности што се основа за формирање на доблести како што се одговорност, дисциплина, истрајност и трпение. Таквото практично учење овозможува образованието да стане смислено и збогатувачко искуство — нешто што не се сведува само на полагање испити, туку што ги подготвува за успешно соочување со животните предизвици. Сето ова треба да биде засновано врз Светото писмо, кое претставува вистинската основа на секое воспитување.
Библиско воспитување
Од самиот почеток, Бог го воспоставил воспитувањето како целосен, сеопфатен процес. Во Создавање 1:27 читаме дека човекот бил создаден „според Божјиот образ“. Тоа значи дека божественото знаење треба да биде темел на секое вистинско поучување. Во Изреки 9:10 стои:
„Почеток на мудроста е верноста кон Господ, а почитувањето на Светиот е разум“, нагласувајќи дека вистинското воспитување започнува со цврста духовна основа, која мора да биде во согласност со следниот фундаментален принцип:
„Делото на воспитувањето и делото на откупувањето се едно исто дело“ — Воспитување, 30.
Тоа укажува дека поучувањето мора да води до духовна преобразба.
1. Христоцентрично воспитување:
Бог мора да биде средиште на секое поучување (Колосјаните 2:3).
2. Сеопфатно воспитување:
Треба да го опфати физичкиот, менталниот и духовниот развој на личноста (Лука 2:52).
3. Практично и применливо воспитување:
Не смее да биде само теоретско, туку насочено кон секојдневниот живот и кон служењето на другите (Матеј 25:40).
4. Воспитување што го оформува карактерот:
Вистинското воспитување треба да го обликува карактерот така што ќе го одразува Христовиот лик.
„Несебичноста е темел на секој вистински развиток. Со несебична служба ја развиваме секоја способност до највисока можна мерка. Сè повеќе и повеќе ние стануваме соучесници во божествената природа. Подготвени сме за Небото, бидејќи го примаме Небото во своите срца.“ — Воспитување, 16.
5. Фокусирано на надеж и искупение:
Вистинското воспитување треба да го подготви човекот и за сегашниот живот и за вечноста.
„Делото што ни е доверено е подготовка за вечниот живот. Ако тоа дело го извршуваме онака како што Бог го замислил, секое искушение на кое ќе наидеме ќе придонесе за нашиот напредок; зашто колку повеќе им се спротивставуваме на неговите примамливости, толку повеќе напредуваме во божествениот живот. Во огнот на искушенијата, во тешката духовна борба, невидливите ангели испратени од небото ќе бидат на наша страна за да ни помогнат во нашата борба. Силата, цврстината и енергијата што ќе ги добиеме во таква криза ги надминуваат човечките можности.“ — Christian Education, p. 122.
Христијанското воспитување не е ограничено само на домот или училиштето, туку ја вклучува и црквата како суштински столб во духовниот развој. Преку црквата, младите добиваат водство, поддршка и живи примери на вера, кои им помагаат да растат во својата врска со Бога и да се зајакнат за времињата што доаѓаат.
Во последните времиња
„Тогаш твоите потомци ќе градат врз стари урнатини: ти ќе ги поставиш основите на многу поколенија, и ќе те викаат обновител на урнатини, градител на патишта за населби“ (Исаија 58:12).
Овој свечен повик го опфаќа и воспитувањето:
„Сатаната се служи со најостроумни методи за да ги вткае своите планови и начела во системот на образование и на тој начин силно да влијае врз умовите на децата и младите. Делото на вистинскиот воспитувач е да ги осуети неговите замки. Ние сме со Бога во свечен и свет завет дека ќе ги воспитуваме своите деца за Него, а не за овој свет — дека ќе ги учиме да не ја подаваат својата рака на светот, туку да Го љубат и почитуваат Бога и да ги држат Неговите заповеди. Во нивните срца треба длабоко да се втисне мислата дека се создадени по ликот на својот Творец и дека Христос е примерот според кој треба да се обликуваат. Најголемо внимание мора да се посвети на образованието кое пренесува знаење за спасението и го усогласува животот и карактерот со божествениот пример. Вистинската вредност се состои во Божјата љубов и чистотата на душата, вткаени во животот како златни нишки. Возвишеноста што човекот може да ја достигне на овој начин сè уште не е целосно сфатена. За да се изврши ова дело, мора да се постават цврсти и широки темели. Потребно е да се внесе нова цел и таа да најде свое место, а на учениците треба да им се помогне да ги применуваат библиските начела во сè што прават. Сè што е искривено, изопачено или отстапува од вистинскиот пат треба отворено да се посочи и да се избегнува, затоа што беззаконието не смее да се овековечува. Од особено значење е секој учител да ги љуби и да ги применува здравите начела и поуки, зашто тие се светлината што треба да го осветлува патот на сите ученици“ — 6. Сведоштво, 127.
„А ти, пак, зборувај го она што се согласува со здравото учење“ (Тит 2:1).
За да се изврши ова дело, потребно е да се поддржуваме меѓусебно и да создадеме мрежи на соработка и поддршка, за да можеме успешно да ја оствариме оваа цел. Во моментов, овде во Колумбија, преку Фондацијата за образование ODED, развиваме воспитно-образовен метод што го опфаќа целото битие. Нашата единствена цел е да го обновиме Божјиот лик во нашите деца и млади, а на тој начин да го возобновиме и првобитниот Божји план за воспитувањето. Врз родителите лежи одговорноста да се погрижат своите деца да ги воведат во жив однос со Бога – да им овозможат искуства преку кои ќе ја поврзат научената вистина со реалниот живот. Сепак, ова не е само должност на родителите; црквата, исто така, претставува темелен столб на поддршка во исполнувањето на оваа голема мисија.

