Ева разговара со златната крилеста змија во Едем, со празни раце.

Еден разговор што ја смени историјата!

Сподели го ова:

Минатиот пат, започнувајќи го истражувањето на третото поглавје од книгата Создавање (Битие), заклучивме дека при искушението на жената во рајската градина Едем, сатаната ја одржал првата спиритистичка сеанса. Притоа тој разговарал со жената преку животното, односно змијата, користејќи ја како медиум. Денес продолжуваме со понатамошното истражување на ова значајно поглавје.

„… па и рече (сатаната) на жената: ‘Вистина ли е дека Бог рекол да не јадете од ниедно дрво во рајот?’ А жената и рече на змијата: ‘Ние јадеме род од секое дрво во рајот; – само од родот на она дрво среде рајот, – рече Бог, – не јадете од него и не допирајте се до него, за да не умрете’“ (Создавање 3:1-3).

Забележете дека сатаната го започна заведувањето, обраќајќи ѝ се на жената со зборовите:

„Па ѝ рече (сатаната) на жената…“

Дали тоа беше случајност или свесен избор од страна на сатаната? Мнозина веруваат дека станувало збор за случајност, едноставно така се совпаднале околностите: жената се нашла пред забранетото дрво и сатаната ја завел. Фактот дека жената навистина се нашла пред дрвото и била заведена, никој не го оспорува. Меѓутоа, исто така можел и Адам да се најде пред тоа дрво, бидејќи и тој живееше во истиот рај. Зошто тогаш сатаната не го започна заведувањето со него? Зошто токму со жената?

Се сеќавате, кога зборувавме за создавањето на жената, нагласивме дека таа беше создадена како помошничка на мажот – како онаа во чија природа е вградено да ги претвора идеите добиени однадвор во реалност. Во природата на Адам беше вградено токму спротивното – да ги раѓа тие идеи и да ги споделува со жената, која потоа ќе ги реализира. Со други зборови, природата на Адам е давањето, а природата на Ева – примањето. Сатаната сакаше неговата лага да биде прифатена и реализирана. Затоа, жената – со својата природа на примач и реализатор – му одговараше совршено за таа цел. Покрај тоа, жената е суштество кај кое е посилно развиен емотивниот отколку логичкиот аспект. Ова е тесно поврзано со една непобитна вистина: жената љуби со уши.

Да земеме еден пример: мажот ја повредува жената, а таа е веќе уморна од трпење и решава да го напушти. Тогаш тој, свесен дека без неа ќе пропадне, почнува да ѝ зборува колку е прекрасна, колку ја сака, и дека таа е најдобрата за него. Од тие негови зборови, жената се исполнува со чувства, „омекнува“ и одлучува да остане. Но, ако размислуваше логички, ќе си поставеше прашање: „Ако навистина сум му најдобра и ако навистина ме сака, зошто претходно се однесуваше толку лошо со мене и ме доведе до работ на заминување? И зошто дури сега, кога решив да си одам, почна да ми зборува убави зборови?“ Но таа не размислува на овој начин, туку станува плен на чувствата што ги разбудиле неговите убави зборови. Сатаната добро ја познава оваа особеност кај жените и постојано ја користи кога сака да ги уништи, и нив лично, а преку нив и мажите. Тој, исто така, знае како да ги уништи и мажите, и директно, и преку жените. Свесен за тоа со која цел е создадена жената и познавајќи ги нејзините духовни особености, сатаната уште во градината Едем ја искористи оваа слабост кога ја искушуваше жената.

„Ева беше изненадена и вчудоневидена кога ја слушна змијата како зборува. Таа знаеше дека Бог не ѝ дал на змијата способност да зборува. Зборовите на змијата беа музикални, тој ја фалеше нејзината убавина и нејзината извонредна привлечност – нешто што ѝ годеше на Ева. Нејзината љубопитност се разгоре. Наместо да побегне од местото, таа остана во чудење и продолжи да ја слуша змијата како зборува. Ни на крај памет не ѝ дојде дека можеби тоа е сатаната, кој ја користи змијата како посредник. Не зборуваше змијата, туку сатаната. Ева беше заведена, маѓепсана, и нејзиниот ум беше збунет“

(Историја на искупувањето, 24. Искушението и падот).

Бидејќи мажот повеќе е склон кон логиката, тој, кога им ги давал имињата на сите животни и знаел дека змијата не поседува дар за говор, би разбрал дека некој друг зборува преку неа. Жената, иако и таа го знаела тоа, немала доволно силен „глас на логиката“ во себе, затоа што кај неа водечки биле чувствата. Поради тоа што кај жените чувствата често надвладуваат над логиката, тие се поподложни на надворешни влијанија и сугестии, вклучително и на хипноза.

Сатаната, дејствувајќи преку чувствата на жената, успеа да ја измами. Тој знаеше дека една заведена жена лесно ќе го најде патот до мажот. Имено, не жената чувствувала осаменост пред да добие сопатник, затоа што таа беше создадена дури откако мажот веќе постоеше. Мажот, пак, создаден пред жената, ја чувствуваше осаменоста – му недостасуваше суштество слично на него. Токму затоа лукавиот добро знаеше колку е жената важна за мажот.

Покрај тоа, сатаната знаеше дека жената, како емотивно суштество, кога ќе згреши, е склона во своите мисли и мечти да си замислува дека го добила токму она што ѝ било ветено. Таа лесно ќе поверува во тоа што го слушнала со своите уши, иако во реалноста не го добила, туку само си го претставува. Жените добро ќе разберат на каква особина на својата психа се мисли овде. Додека живее во тие слатки соништа, жената сигурно ќе посака да го „подигне“ и мажот со себе, да го внесе во истото емоционално доживување, па ќе се обиде да го убеди да вкуси од забранетиот плод. А Адам знаеше дека таа беше создадена како негова помошничка на патот кон духовен раст, па кога жената, водена од силни чувства, ќе почне да му раскажува за „духовните височини“ што, според неа, ги достигнала, тој ќе ѝ поверува и ќе ѝ се довери.

Затоа сатаната не ја избра жената случајно – тоа беше внимателно осмислен избор. Со зборови ја заведе толку вешто, што таа ни не почувствува потреба внимателно да погледне со свои очи и да се запраша: дали навистина зборува змија, или тоа е паднат ангел во облик на змија? За жал, од тогаш па сè до денес, малку нешта се смениле. И денес жените лесно се заведуваат преку зборови – преку уши – без внимателно да погледнат со очите и да се запрашаат: кој ми ги кажува овие зборови? И дури откако ќе ја вкусат горчината на последиците од сопствената доверливост, велат: „Каде ми беа очите, и зошто му поверував на неговите зборови?“

Сè се повторува, како што било во Едем. И, како што рече мудриот Соломон, што совршено се однесува на ова за што зборувавме:

„Она што било, пак ќе биде, и она што се правело, пак ќе се прави – нема ништо ново под сонцето. И ако за нешто се рече: ‘Види, ете, тоа е ново”; но тоа веќе било во текот на вековите, што биле пред нас’“ (Проповедник 1:9,10).

Продолжуваме понатаму со текстот:

„… па и рече (сатаната) на жената: ‘Вистина ли е дека Бог рекол да не јадете од ниедно дрво во рајот?…’“

Првото што веднаш паѓа во очи е дека сатаната, кога ѝ зборуваше на жената за Севишниот Бог, користеше само едно Негово име, „Elohim“, што значи Силен, Моќен. Како што зборувавме во претходните теми, ова име го претставува тој аспект на Божјото делување што е поврзан со судот и со праведниот одговор на делата, награда или казна. Токму поради тоа, и судиите кои суделе во име на Бога биле нарекувани „elohim“. Дури и Мојсеј, кого Бог го испрати кај фараонот за да воспостави правда, од самиот Бог беше наречен “Elohim“.

„И Господ му рече на Мојсеј: ‘Ете, Јас те поставив да му бидеш Бог (Elohim) на фараонот; а Арон, братот твој, ќе ти биде пророк’“ (Излез 7:1).

Така, сатаната, во разговорот со жената, зборуваше за Севишниот од аспект на судот, строгоста и правдата, без воопшто да го спомене милосрдието, добрината и грижата, кои се содржани во четирибуквеното Божјо име ( יהוה ). Ние, слично како побожните Евреи, за да не го изговараме напразно, тоа име го нарекуваме Hashem, што на еврејски значи „Името“, односно тоа посебно, свето име на Севишниот. Сатаната намерно ѝ го претставуваше Севишниот на жената во ограничена и делумна светлина, за да ја доведе до својот план. Знаете ли со што се оправдувале и од што биле „вдахновени“ инквизиторските мачења? Со делумно разбирање на библиските текстови, каде што Севишниот заповеда да се казнат виновните. Постапувајќи како џелати, тие лажни верници ни најмалку не размислувале за онаа страна од Божјиот карактер што се вика милосрдие.

Токму на сличен начин се појави фашизмот, изграден врз изопачено сфаќање на Божјата љубов кон Неговиот народ и на казната за тие што му се спротивставуваат или се бунат против него. Вистината за Божјата љубов кон избраниот народ била претставена многу тесно, ограничено и еднострано. Фашистите им ги испрале мозоците на Германците со идејата дека постои една „најдобра“, „избрана“ нација, вистински аријци, со „сина крв“. Почнале да ја возвишуваат таа нација, убедувајќи ги луѓето дека токму тие се посебно избрани и возљубени од Бог. Следниот чекор бил да ги претстават сите други народи како помалку вредни и создадени за да ѝ служат на „избраната“ нација, да ѝ обезбедат среќа, да ѝ бидат слуги и робови. А оние што не се согласувале со тоа, биле сметани за противници на Божјата волја и затоа, според таа изопачена логика, немале право да живеат.

На ист начин се појавуваат и религиозните фанатици, поради тесно и ограничено сфаќање на Бог. Токму поради таквото сфаќање се распалуваат и најсвирепите религиозни војни на Земјата. Христос ги предупреди Своите следбеници дека токму незнаењето на Бог и на Синот што Тој го испрати ќе биде причината за прогонства и убиства на оние што му останале верни на Бог. А коренот на тоа незнаење лежи токму во едностраното, „делумно“, ограничено и искривено, сфаќање на вистината:

„Ќе ве исклучуваат од синагогите. Па уште и ќе настапи време кога секој што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба. Тоа ќе го прават, зашто не Го познаа Отецот, ниту Мене“ (Јован 16:2,3).

Така, сатаната ѝ го претставува Бога на жената еднострано, како безмилосен судија, свесно избегнувајќи да го покаже Неговото милосрдие, добрина и грижата за целото создание. Наместо тоа, тој го насочува вниманието само на строгост и суд. Со тоа сакаше да ѝ внесе ваква мисла: „Во тоа што ви забрани да јадете од овие плодови под закана од смрт – нема никаква милост кон вас, ниту грижа. Има само одлука на строг Владетел кој сака да биде единствениот врховен Судија и Господар, кој им го наметнува своето гледиште за доброто и злото на сите, а секој што не се покорува – го казнува.“ Но, пријатели мои, ако нечиј лик, каква и да е личноста, се претстави во таква светлина, преку изопачување на нејзините мотиви, тогаш секој може да се оцрни и да се прикаже како зло што заслужува отпор. Токму на тој начин и денес се разгоруваат војните на Земјата, како последица на еднострано сфаќање на тоа што навистина се случува во светот. Неслучајно Христос, кога зборувал за сатаната, рекол дека тој е лажливец и татко на лагата:

„… ѓаволот… тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината, зашто во него нема вистина. Кога зборува лага, говори од себе, зашто е лажливец и татко на лагата“ (Јован 8:44).

Ѓаволот е навистина подмолно суштество. Тој не само што ги лаже луѓето за Семоќниот Бог, искривувајќи ги Божјите мотиви, туку и го лаже Семоќниот Бог за луѓето, извртувајќи ги нивните намери. Тој е клеветник во сите правци, и против Бога пред луѓето, и против луѓето пред Бога.

„И Господ му рече на ѓаволот: ‘Обрна ли внимание на мојот слуга Јов? Зашто на земјата нема друг како него: човек непорочен, праведен, богобојазлив и кој го одбегнува злото.’ Му одговори ѓаволот на Господ и Му рече: ‘Зар попусто Јов е богобојазлив? Не го огради ли Ти него и куќата негова наоколу и сè што има тој? Ти ги благослови делата на рацете негови, а стадата негови се шират по земјата; но пружи ја раката Своја и допри се до сè што е негово, ќе Те благослови ли тогаш?’“ (Јов 1:8-11).

„… бидејќи е симнат клеветникот на браќата наши, кој ги клеветеше пред нашиот Бог дење и ноќе“ (Откровение 12:10).

Зошто сатаната им го претставува Бога на луѓето еднострано? Затоа што, ако им покажеш само дел од вистината, како половина слика или дел од зборот, тие нема да ја разберат целината, и така лесно можеш да ги доведеш во заблуда. На тој начин можеш да ја изобличиш вистината, да ја надополниш со свои зборови и толкувања, и со тоа да го наведеш оној што слуша или гледа да поверува во лажна слика, и да тргне по патот што ти го посакуваш. Токму тоа го правел сатаната уште на небото: еднострано го прикажувал Бога пред бунтовните ангели, за да ги убеди дека патот назад за нив е затворен, дека Бог нема да им прости, и дека затоа останува само борбата против Него. А зошто така им го прикажувал Бога? Затоа што самиот се побунил, ја отфрлил Неговата милост, и се соочил со Неговата праведност. Полн со навреда, сега сака на сите да им го наметне истото гледиште: дека Бог покажува само правда, без милост. Особено е опасен кога искушува луѓе што згрешиле. Им сугерира дека за нив повеќе нема никаква надеж, дека ги очекува само Божјиот праведен гнев. Но нема да биде измамен оној што нема да му поверува на неговите лаги, туку ќе се потпре на Божјите ветувања и ќе ја гледа својата состојба од Божја перспектива, а не од перспектива на сатаната. И Христос, кога ги зеде врз себе гревовите на целиот свет, беше изложен на истите искушенија, да помисли дека нема да биде спасен. Но Тој ги победи тие мисли, целосно доверувајќи се на Божјата милост.

„А Исус извика гласно и рече: ‘Оче, во Твои раце Го предавам Својот дух!’ И штом го рече тоа, издивна“ (Лука 23:46).

Кога верниците имаат погрешна претстава за Бога и за Неговата вистина, тогаш, за жал, и погрешно зборуваат за Него. Така било и со сатаната. А најтрагично од сè е што, во разговор со такви луѓе, слушателите, слично како жената кај забранетото дрво, лесно подлегнуваат на таа лага. Зашто и самата жена, кога подоцна му зборуваше на сатаната за Бог, го користеше само Неговото име Elohim, Бог, кое се однесува на оној аспект од Божјото дејствување што е поврзан со судот и праведната пресуда. Но таа ниту еднаш не го употребила Неговото Име кое зборува за Неговата милост, и токму поради тој едностран пристап, таа паднала!

„… па и рече на жената: ‘Вистина ли е дека Бог рекол да не јадете од ниедно дрво во рајот?…“

Како што зборувавме и во претходната тема, едноставноста е едно од најсилните оружја на сатаната за измама. Тој не започнува со очигледна лага или со директна забрана, туку се претставува како љубопитен пријател и прашува: „Навистина ли ви беше речено ова?“ или „Можеби нешто друго ви кажале?“ На прв поглед, во тие зборови нема ништо опасно, тој не предлага веднаш да се направи грев, туку почнува од нешто што изгледа дозволено. Но знаеме како завршува таквиот разговор. И денес постојат работи што не се директно забранети, како, на пример, да се разговара со луѓе што не веруваат, да се гледаат филмови или да се одгледува лозје. Но тие нешта лесно можат да нè одвлечат од Бог: разговорите може да нè заразат со вулгарен говор или богохулство, филмовите може да ни го одземат времето без духовна корист, а лозјето може да стане извор на алкохол кој не само што го труе човекот, туку ги заведува и другите. Наместо да го градиме карактерот за вечноста и да Му служиме на Бог и на луѓето, ризикуваме да бидеме измамени преку нешто што изгледа „невино“.

„Тешко им на оние, кои се храбри вино да пијат и силни да приготвуваат жесток пијалак“ (Исаија 5:22).

„На некого – ах, на некого – ох, на некого – кавга, на некого жал, на некого рани без причина, на некого зацрвенети очи? На оние, што заседнуваат околу вино, кои одат да бараат вино со ароми. Не гледај го виното како се црвенее, како тоа искри во чашата, како убаво се лее; отпосле тоа ќе касне како змија и ќе жилне како отровница; очите твои ќе гледаат привиденија, и срцето твое ќе почне да говори неразумно“ (Изреки 23:29-33).

Затоа, важно е да разбереме дека сатаната не започнува со нешто очигледно забрането, туку со она што изгледа дозволено. Така, постепено, добивајќи ја довербата на човекот, тој го наведува кон престапување на Божјата заповед. Намерно се задржувам подетално на секој збор од стиховите што ги разгледуваме и кои зборуваат за падот на човекот, за да ги разбереме начинот и стратегијата со кои ѓаволот делува врз луѓето, за да можеме навреме да ги препознаеме неговите измами и да не му дозволиме да нè измами и уништи.

Во разговорот со жената, сатаната, кој зборуваше преку змијата, се претставува себеси како некој што се грижи за луѓето. Тој зборува со тон на сочувство: „Слушнав дека ви било забрането да јадете од дрвјата во градината… Па сироти вие, како ќе живеете без храна, кога толку ви е потребна?“ Тој се прикажува како добротвор, како оној што сака добро за луѓето. И колку е тешко, во таков момент, да се препознае вистинскиот непријател зад маската на грижа.

Се сеќавам на времето кога се обратив кон вистината. Тогаш моите пријатели од светот, роднини и познаници – откако дознаа дека не јадам месо – почнаа да ми приоѓаат како да се грижат за мене. Зборуваа со сожалување: „Слушнавме дека во вашата ‘секта’ има разни ограничувања во исхраната. Како живееш така? На луѓето им е потребен протеин, ќе се разболиш. Зарем на Бог му е угодно ти да боледуваш само затоа што веруваш во Него? И како ќе ја гледаат другите твојата вера, ако ослабнеш поради тоа што одбиваш да јадеш одредена храна?“ Толку многу „грижа“… А чудно е тоа што пред моето покајание никој од нив не се грижеше толку за мене. Тешко е во таква „грижа“ да се препознае вистинскиот непријател, нели? Кога им објаснував дека Бог дозволил многу видови храна, само не нечистата, и дека и во дозволената храна има доволно протеини, витамини и сè што му е потребно на човекот – тогаш тие мои „добротвори“ започнуваа со нов аргумент: дека сè што Бог го дозволил, според нив, не е вредно, и дека вистинското „благо“ и корист за човекот се токму во она што Бог го забранил. Според нив, највредните витамини и хранливи материи се наоѓаат токму во забранетото. Но навистина, нема ништо ново под сонцето – ѓаволот е ист, и методите му се исти. А оваа лажна грижа – се разбива и се открива токму преку текстовите на Светото писмо:

„… Господ не ги лишува од блага оние, што одат непорочно“ (Псалм 84:11).

Истото го доживеав и во врска со саботата. Моите „загрижени“ пријатели ми велеа: „Како ќе живееш ако не работиш во сабота?“ Им одговарав: „Библијата вели дека можеме да работиме шест дена во неделата, но саботата Бог ја одвоил како ден за одмор.“ Кога ќе го слушнеа тоа, веднаш го менуваа пристапот: „Да, ама баш саботата е денот кога мора да се работи, за твое добро, инаку нема да преживееш. Недела можеш да ја одмориш, па дури и цела недела да не работиш – и пак нема да гладуваш. Но ако не работиш во сабота – ќе останеш без леб.“ Така, од разговор за нешто што не е забрането, како што е работата во останатите денови, тие полека ја пренасочуваа темата кон она што Бог јасно го забранил. Без да сфатат, постапуваа како сатаната во Едем: прво зборуваше за сите дрвја во градината, за нешто што Бог го дозволил, но целта му беше да ја насочи жената токму кон забранетото дрво. Зад нивната наводна грижа се криеше искушение, обвиено во убедливи зборови, но со цел да се наруши Божјата волја.

Многу ми е болно да гледам како некои верници, кои изгледаат ревносни, не сфаќаат дека стануваат алатка во рацете на ѓаволот кога ги наведуваат другите да се откажат од Божјите начела. Тоа не го прават директно, туку со „грижа“ и лажна заинтересираност. Им приоѓаат на луѓето со прашања како: „Како живееш? Тешко ли ти е? Имаш ли доволно? Живееш со мала плата, а имаш и деца за хранење – нели ти е тешко?“ Со овие зборови создаваат впечаток дека се загрижени, но нивната вистинска цел е поинаква, да ги ослабнат духовно и да ги одвлечат од Божјата волја. Кога ќе стекнат доверба, го поставуваат вистинското прашање: „А дали навистина, со толку мал приход, треба да враќаш десеток на Бог?“ Токму тоа им била целта од почеток, да ги наведат луѓето да ја прекршат Божјата заповед. Започнуваат со општи, безопасни теми, а потоа незабележливо го насочуваат разговорот кон непослушност. Со ова, без да сфатат, постапуваат токму како сатаната во Едем, кој почна со зборување за сите дрвја во градината, но сакаше да ја насочи жената токму кон забранетото дрво. Така и тие стануваат средство на искушение за оние што уште се држат за вистината. Ако не разбираат што прават, нивната вина е помала. Но ако свесно го прават тоа, ако свесно ги одвлекуваат другите од вистината, тогаш нивната вина пред Бог е многу поголема.

Драги мои, важно е да го разбереме принципот што го гледаме преку она што го изучуваме. Во Едемската градина, луѓето беа свети и единствениот начин да згрешат беше ако јадат од забранетото дрво, со што ќе ја прекршат Божјата заповед. По нивниот грев, злото се прошири низ целиот свет, па затоа денес Бог ни дал повеќе заповеди и забрани, кои по својата суштина се исто како тоа забрането дрво. Во секоја област од животот, Бог поставил свои „забранети дрвја“, преку Неговите заповеди. Во областа на исхраната: сè е дозволено, освен нечистата храна, исто како во Едем, каде што било дозволено да се јаде од сите дрвја, освен од едното. Во областа на времето: можеме да работиме шест дена во неделата, но саботата е одвоена за Бог, како забранетото дрво. Во областа на финансии: девет десетини се твои, но десетокот е Божји, и земањето од него е како да се бере од забранетото дрво. Оној што не го разбира овој духовен принцип, за жал, ќе падне, исто како Ева, која попушти пред искушението на ѓаволот токму кај забранетото дрво.

Тажно е што, кога ги искушува луѓето и ги воведува во грев, сатаната всушност не се грижи за нив, туку за себеси. А тоа го прави по две причини:

1. Тој се побуни против Бога и посака да биде како Него, не по карактер, туку по власт. Тоа е многу важно да се разбере. Така, со секоја душа што ќе ја измами, тој ја слави својата победа, макар и мала. Ја одвлекува душата од Бога и ја прави свој роб. Со тоа му покажува на Бога дека не е единствениот што згрешил, дека има и други. Воедно, како да вели: „Еве, и јас сум бог – над овие луѓе.“

2. Според Писмото, оние луѓе што искрено ќе се покајат и ќе го остават својот грев ќе добијат прошка, а нивните гревови ќе бидат префрлени врз сатаната, и тој ќе биде мачен во пеколот за нив. А оние што ќе останат во грев, самите ќе страдаат во пеколот за своите гревови. Затоа, кога ги искушува и ги воведува луѓето во грев, сатаната, колку и да се претставува како умен или „грижлив“, всушност не ги штити нив, туку ги следи своите себични цели.

„А жената и рече на змијата: ‘Ние јадеме род од секое дрво во рајот…“

Најголемата грешка на жената беше што воопшто започна разговор со сатаната, бидејќи токму тоа тој го посакуваше. Одговорот на неговото прашање беше јасен, а тој и самиот знаеше дека Бог дозволил да се јаде од сите дрвја. Нему му беше важно само да ја вовлече жената во разговор, макар и со едно наивно прашање. Кажете ми, додека го читате Писмото, сте нашле ли барем еднаш дека сатаната може да биде убеден со вистината? Јас не наоѓам. Сетете се на Јов – сатаната го обвини за лажни мотиви, тврдејќи дека му служи на Бога само поради материјална корист. Но кога преку страдања стана јасно дека Јов не е воден од интерес, сатаната рече дека неговата верност е поради здравјето. Повторно следуваа искушенија, и повторно се покажа дека тоа не е така. И што потоа? Дали ѓаволот си ги повлече зборовите, ја призна вината, се извини или му плати отштета на Јов? Не. Такво нешто не гледаме. Дури и кога Синот Божји, преку својот живот во човечка природа и смртта, докажа дека Божјиот закон може да се исполни, сатаната не ја призна својата неправда, ниту се покаја за својот бунт. Да се покаеше, ќе престанеше со своите беззаконија, но наместо тоа, гледаме дека неговата активност уште повеќе се засили.

„Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта“ (1 Петрово 5:8).

„… Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, бидејќи знае дека му останува малку време“ (Откровение 12:12).

Жената, стоејќи покрај забранетото дрво, реши да му ја каже вистината на сатаната – она што Бог го рекол: дека можат да јадат од сите дрвја во градината, освен од дрвото на познавање на доброто и злото. И што се случи? Му ја кажа вистината на ѓаволот – и дали тој престана со своите измами, погоден од таа вистина? Секако дека не. Нему не му беше важна вистината – тој добро ја знаеше. Нему му се важни луѓето – особено оние што се оддалечиле од Бога. Тој сака да ги покори на својата волја и да ги уништи. Не само за да им наштети ним, туку и од омраза кон Бога. Тој знае, како што видовме претходно, дека неговото време е кратко и затоа се обидува со себе во пропаст да повлече што е можно повеќе луѓе.

Продолжуваме понатаму со текстот:

„А жената и рече на змијата: ‘Ние јадеме род од секое дрво во рајот; – само од родот на она дрво среде рајот, – рече Бог, – не јадете од него и не допирајте се до него, за да не умрете’“

Чудно е тоа што жената стои токму пред забранетото дрво, дрвото од кое Бог забранил да се јаде, а сепак зборува за него како да е некое дрво што се наоѓа некаде во средината на градината, а не пред неа. Не може да се каже дека таа не знаела кое е тоа дрво или дека не сфатила дека стои токму пред него, бидејќи понатамошниот текст јасно покажува дека таа го препознала дрвото и била свесна за неговата забрана.

„Кога жената, виде дека родот на дрвото е добар за јадење, и убав на изглед, и дека дрвото е пожелно поради тоа што дава знаење, набра род од него и го изеде, па му даде и на мажот свој, та и тој јадеше“ (Создавање 3:6).

Жената, очигледно, добро знаела кое е забранетото дрво и каде се наоѓа, што значи дека била свесна дека стои токму пред него. Но сепак, во разговорот со змијата зборува како тоа дрво да е некаде подалеку, во средината на градината, како да не е пред неа. Зошто се однесувала така? Можеби еден ден, во вечноста, ќе добиеме целосен одговор. Но засега можеме да претпоставиме дека на некој начин се обидела да се дистанцира од опасноста, барем преку зборови, како да сакала да го оддалечи тоа дрво од себеси, иако реално сè уште стоела покрај него. Тоа е класичен пример на самоизмама, создавање лажно чувство на безбедност. Многу луѓе и денес постапуваат слично: се наоѓаат на чекор од гревот, па дури и од смртта, а зборуваат за тоа како за нешто далечно, нешто што не ги засега. Но ваквото однесување ни остава важна поука, гревот не треба да се прикрива зад убави зборови или општи изрази. Треба да се нарече со вистинското име. Наместо да зборуваме за гревот во апстрактна форма, како „зло“, „лоша одлука“ или „погрешен пат“, треба конкретно, искрено и лично да го препознаеме и именуваме. Пред сè, пред самите себе. Да кажеме: што точно е тој грев, зошто е опасен, какво влијание има врз нас и врз луѓето околу нас. Само така ќе можеме навистина да го разбереме и да се одвоиме од него. Истото важи и за молитвата: не е доволно само да кажеме „прости ми ги моите гревови“. Треба конкретно да му кажеме на Бога, поим по поим, каков е тој грев и што направил во нашето срце. Колку и да е тешко, тоа е единствениот пат кон вистинско исцелување. Треба во молитвата искрено да признаеме какво зло е нашиот грев, за нас самите, за вистината, за нашата околина, и да побараме од Бога сила да го замразиме. Без таа внатрешна омраза кон гревот, не можеме вистински да го победиме.

Но, покрај сето тоа, додека разговараше со сатаната, жената си дозволи, од своја перспектива, веројатно со добра намера, малку да го дополни Божјиот налог во врска со дрвото на познавањето на доброто и злото. Бог рекол:

„И му заповеда Господ Бог на човекот, велејќи… од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш’“ (Создавање 2:16,17).

А жената ѝ рече на змијата дека Бог рекол вака:

„само од родот на она дрво среде рајот, – рече Бог, – не јадете од него и не допирајте се до него, за да не умрете“ (Создавање 3:3).

Таа го додала своето лично мислење на Божјиот збор, претставувајќи го како да е Негов. Секако, го направила тоа со најдобри намери, но се покажа дека токму тоа нејзино дополнување одигра тажна улога во нејзината судбина. Човекот е личност, и како секоја личност, има свое „јас“, не во смисла на егоизам, туку како чувство за сопствено достоинство. Никому не му е пријатно да изгледа лошо во очите на другите. Никој не сака да биде виден како лажго. Затоа, кога ќе кажеме нешто непромислено или предвидиме нешто што не се оствари, се чувствуваме непријатно и изгледаме како да сме ги измамиле другите. Ретко кој сака да признае дека кажал нешто погрешно или непромислено. Најчесто, човекот почнува да бара начин да се извлече од ситуацијата со што е можно помал срам. Истото се случи и со жената. Таа рече дека допирањето до плодот од забранетото дрво носи смрт. Но понатамошниот тек на раскажувањето ни покажува дека змијата ја искористила токму таа нејзина слабост, тоа нешто што жената сама го додала, а што Бог никогаш не го рекол. А кога човек ќе прекрши нешто што не е Божја заповед, туку човечко дополнување, тогаш, разбирливо, од Бога не следува никаква последица. И токму со тоа сатаната ја улови жената, фаќајќи ја во таа замка. Погледнете го овој текст:

„Кога жената, виде дека родот на дрвото е добар за јадење, и убав на изглед, и дека дрвото е пожелно поради тоа што дава знаење…“

Во овој текст се вели дека жената, која дотогаш не јадела од тоа дрво, одеднаш донесла заклучок дека дрвото е добро за јадење. Притоа е речено дека таа го видела тоа. Но како може да се види дека нешто е добро за јадење, без самата да го проба? Единствениот начин е ако видела дека некој друг го јаде. И кога ќе види дека друг јаде без никакви последици, плодот ѝ станува привлечен за очите. Понатаму, за забранетиот плод да стане пожелен за стекнување знаење, исто така е потребен видлив надворешен пример, некој да покаже дека тие плодови навистина носат некакво знаење. Тоа значи дека змијата, преку која дејствувал сатаната, допрела до плодот и покажала дека не умира од тоа. А жената, пак, претходно изјавила дека допирањето до плодот од забранетото дрво носи смрт. Што значи тоа? Ако навистина Бог го рекол тоа, тогаш, очигледно, тоа не се исполнува. А ако Тој не го рекол, тогаш жената лаже. А на неа ѝ било многу важно да не изгледа како лажливка, па затоа почнала самата себе да се убедува дека тоа што го кажала, навистина го рекол Бог. И така, луѓето полесно ќе му припишат на Бога нешто што Тој никогаш не го рекол, ќе создадат своја „библија“, па дури и ќе направат да изгледа како Бог да е лажго, само за тие самите да изгледаат подобри отколку што навистина се. А Писмото нè предупредува против такви постапки:

„Секој збор од Бога е чист; Тој му е штит на оној, што се надева на Него. Не додавај кон зборовите Негови, за да не те разобличи, и да не излезеш лажливец“ (Изреки 30:5,6).

Значи, змијата, преку која дејствувал сатаната, ги допрела плодовите од забранетото дрво, бидејќи се наоѓала токму таму, на самото дрво. Со тоа, демонстративно покажала дека не умира. Потоа го изела плодот и рекла дека животните, вообичаено, не зборуваат, а таа зборува. Зошто? Бидејќи, како што тврдела, веќе претходно јадела од тоа дрво и токму поради тоа ја добила способноста да зборува, дар што му е даден само на човекот. А човекот, според Писмото, е создаден според Божјиот образ и подобие. Тој веќе е суштество што стои повисоко од сите други во создадениот свет. Па ако змијата, обично животно, јадејќи од забранетиот плод не умрела, туку, напротив, стекнала човечка особина како што е говорот, тогаш што ќе се случи со самите луѓе, кои веќе се венецот на Божјото создавање? Логичното размислување што се наметнува е дека, ако и тие вкусат од тој плод, не само што нема да умрат, туку ќе се издигнат уште повисоко, „како Бог“. Бидејќи, за разлика од животните, тие веќе се поставени како владетели над земјата.

„Тогаш змијата и рече на жената: ‘Не, нема да умрете! Но Бог знае дека оној ден кога ќе вкусите од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло’“

Така, благодарение на овие лукави постапки на сатаната преку змијата, жената „виде“ дека:

„родот на дрвото е добар за јадење, и убав на изглед, и дека дрвото е пожелно поради тоа што дава знаење…“

Така, постепено развивајќи го разговорот – започнувајќи со едно едноставно и наизглед невино прашање, кое звучеше како да изразува грижа за човекот – сатаната, преку змијата, ја вовлече жената во дијалог. Искористувајќи ја нејзината грешка, со која таа додаде нешто на Божјите зборови, тој ја поведе понатаму, користејќи „убедливи“ аргументи, со една единствена цел – да ја наведе на грев. И, како што знаеме, во тоа и успеа. Ние секогаш мора да запомниме: преминот од светлина кон темнина е процес. Сетете се на една од темите што ја обработувавме во оваа програма – „Поуки од првиот ден на создавањето на небото и земјата“ – каде што зборувавме дека преминот од денот, односно од светлината, кон ноќта, односно кон темнината, не се случува одеднаш, туку оди преку фазата на вечерта. Тоа е време на постепено затемнување – кога светлината сè повеќе исчезнува, а мракот постепено почнува да преовладува. Така и жената, во моментот на искушението, го помина тој пат – од светлина кон темнина. Таа тргна по „вечерниот пат“, односно со секоја минута помината во разговор со сатаната, со секој негов нов аргумент, сè повеќе се оддалечуваше од светлината на вистината и тонеше во темнината на гревот. Во свеста на човекот, преминот од светлина во темнина никогаш не се случува одеднаш – тој е постепен. Тоа е непобитна вистина. Така, на пример, преминот од почитување на саботата кон прифаќање на неделата не се случил за еден ден – траел неколку векови. Исто така, преминот од вера во Единиот Бог кон доктрината за Тројството исто така се случувал постепено, паралелно со отстапувањето од саботата, сè додека не го довел човештвото до длабока духовна темнина и поклонување на еден пагански бог во пагански ден. Така, денешните верници, кои го празнуваат лажниот ден на поклонување, себеси се сметаат за праведници, а оние што го почитуваат вистинскиот ден на поклонување ги сметаат за грешници. Но тоа отстапување, во кое денес живее светот, нема ништо заедничко со Божјата вистина откриена во Писмото. Сепак, тоа е исполнување на Божјите пророштва, кои јасно зборуваат за големото отстапување:

„И против Севишниот ќе зборува и ќе ги угнетува светиите на Севишниот; дури ќе си помисли да ги измени празниците нивни и закони…“ (Даниел 7:25).

„И ќе постапува тој цар според својата волја, ќе се крене и ќе се возвеличи… ќе почне да хули на Бога над боговите… ќе се возгордее погоре од сите. Место нив, ќе го слави богот на тврдините, богот што татковците негови не го знаеле, ќе го чести со злато и сребро и драгоцени камења, место Бога Кој е најсилен. Ќе ги брани своите тврдини со народ кој му служи на туѓ бог. На оние, што ќе го признаваат, ќе им ги зголемува почестите…“ (Даниел 11:36-39).

Значи, ако навистина сакаме да ја знаеме вистината, мора добро да го познаваме Писмото и преку него да ги разликуваме сите процеси што се случувале во минатото, но и оние што се случуваат денес на земјата.

Интересно е тоа што змијата не само што самата ги допрела плодовите, туку, за да ја убеди жената дека нема никаква опасност во нивното јадење, направила сè за и самата жена да го допре дрвото и плодот.

А сега, дозволете ми да ви претставам еден цитат од книга напишана од жена која имала завршено само четири одделенија образование. Таа добро Го познавала Бога и Неговото Слово и, под божествено вдахновение, го напишала следново:

„Змијата скинала плод од забранетото дрво и го ставила во рацете на Ева која уште се колебала. Потоа ја потсетила на зборовите од Божјата забрана што самата пред малку ги изговорила: ‘Не допирајте се до него, за да не умрете’. Меѓутоа, како што не умрела кога го пофатила плодот, рекла змијата, така нема ништо да и наштети ниту ако го вкуси. Кога видела дека она што го сторила не и донело никакви лоши последици, Ева се окуражила. А потоа, ‘кога жената, виде дека родот на дрвото е добар за јадење, и убав на изглед, и дека дрвото е пожелно поради тоа што дава знаење, набра род од него и го изеде’”

(Патријарси и пророци, 55).

Преку овој пример гледаме дека Божјата вистина може да ја спознае и образован и необразован човек, и маж и жена, и оној што го познава еврејскиот јазик и оној што не го познава – најважно е човек со сето свое срце да ја посака и да ја спознае вистината:

„Ако ги повикаш знаењето и разумот; ако ги бараш како сребро и ги истражуваш како ризница, – ќе го разбереш стравот Господов и ќе го најдеш знаењето за Бога. Зашто Господ дава мудрост; од устата Негова доаѓаат знаењето и разумот“ (Изреки 2:3-6).

А исто така, ова ни кажува дека вистината може да се открие преку различни извори, но најважно е сè што слушаме или читаме да го проверуваме со Писмото, за да бидеме сигурни дека она што сме го слушнале навистина е Божја вистина, а не погрешно или искривено толкување на Светото писмо.

И така, накратко, што научивме денес:

1. Сатаната не ја избра случајно жената како своја цел. Поради нејзината чувствителност и емоционална природа, таа полесно можела да падне под неговото влијание.

2. Тој ѝ зборувал за Бога еднострано и ја извртувал вистината, со намера да ѝ Го прикаже Бога во искривено и негативно светло.

3. Сатаната често користи едноставен и мирен пристап, прикажувајќи се како загрижен за доброто на луѓето. Токму таа привидна добрина и „грижа“ ја прават измамата толку опасна, затоа што искушението не изгледа како нешто лошо, туку како нешто разумно, дури и корисно.

4. Со ѓаволот не треба да влегуваме во разговор. Тоа е бескорисно, бидејќи тој не ја бара вистината, не прифаќа аргументи и не признава вина – неговата цел е само една: да го уништи оној што ќе му обрне внимание.

5. Кога грешиме, не треба да зборуваме општо, како „направив нешто лошо“, туку да го признаеме гревот по име, јасно и искрено, пред себе и пред Бога. Само кога ќе го видиме гревот таков каков што е, можеме навистина да се покаеме и да се одделиме од него. Тоа е неопходен чекор ако сакаме духовно да растеме и да живееме по Божјата волја.

6. Не треба да се обидуваме да „му помогнеме“ на Бога со тоа што ќе додаваме свои мислења, правила или предупредувања на она што Тој веќе го кажал. Бог не бара од нас да го дополнуваме Неговото Слово. Кога го правиме тоа, иако можеби со добра намера, всушност тргнуваме по опасен пат што води кон духовна заблуда и, на крајот, кон пропаст.

7. Колку подолго го слушаме сатаната и му дозволуваме да нè убедува со свои оправдувања за гревот, толку повеќе се зголемува опасноста да му поверуваме и да паднеме. Затоа, не треба да му даваме простор. Треба веднаш и решително да му се спротивставиме, користејќи ја вистината од Божјото Слово и следејќи го примерот на животот на Исус, Синот Божји, Кој успешно му одолеа на секое искушение.

 

Сподели го ова:

Поврзани статии