Посветен живот
Контрола на апетитот и страстите
Зауздувањето на телесните желби „што војуваат против душата“ — тоа се зборови на апостол Петар (1 Петрово 2:11). Многумина мислат дека овој текст е само предупредување против распуштеноста; меѓутоа, тој има многу пошироко значење: го забранува секое штетно задоволување на апетитот или на желбите. Никој од верните да не биде рамнодушен кон телесното здравје и да не си ласка дека неумереноста не е грев и дека нема да ѝ наштети на неговата духовност. Помеѓу физичката и моралната природа постои тесна врска. Секоја навика што не го унапредува здравјето ги нарушува возвишените и благородните способности. Лошите навики во јадењето и пиењето водат до грешни мисли и дела. Попуштањето на апетитот ги засилува животинските склоности, давајќи им превласт над душевните и духовните сили. {ПЖ 25.1}
Никој не може да се радува на благословите од посветувањето додека е себичен и ненаситен. Многумина стенкаат под бремето на слабостите и немоќта поради лошите навики во исхраната, со кои се кршат законите на животот и на здравјето. Тие ги исцрпеле своите органи за варење попуштајќи му на изопачениот апетит. Силата на човечкиот склоп се спротивставува на злоупотребата на чудесен начин, но постојаните штетни навики на прекумерно јадење и пиење ќе ја ослабнат секоја функција на телото. Со задоволувањето на изопачениот апетит и страстите, дури и признаените христијани ја спречуваат природата во нејзината работа и ја намалуваат физичката, менталната и моралната сила. Секој слаб човек треба да размисли што би можело да биде кога би живеел умерено и би го унапредувал здравјето, наместо да го злоупотребува. {ПЖ 25.2}
Не е невозможен стандард
Апостол Павле пишува: „А Сам Бог на мирот да ве освети наполно во сѐ“ (1 Солунјаните 5:22). Павле не ги опоменува своите браќа да се трудат за степен на совршенство што не може да се постигне; тој не се моли за благослови што Бог не сака да им ги даде. Тој знае дека сите што сакаат да се удостојат за средба со Христа во мир мора да поседуваат чист и свет карактер. „Секој натпреварувач се воздржува од сѐ: тие — за да добијат распадлив венец, а ние — нераспадлив. Јас, пак, така трчам, но не како без цел; не се борам како оној што удира по ветар, туку го истоштувам и го поробувам телото, та, проповедајќи им на другите, да не бидам и самиот отфрлен“ (1 Коринтјаните 9:25–27). „Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ви е даден од Бога, и дека не припаѓате само на себе? Зашто скапо сте платени. Затоа прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји“ (1 Коринтјаните 6:19,20). {ПЖ 26.1}
Една неосквернета жртва
Повторно апостолот им пишува на верниците: „Браќа, во името на Божјото милосрдие ве молам: подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога — како ваша духовна богослужба“ (Римјаните 12:1). На стариот Израел му биле дадени посебни упатства дека никакво болно или хромо животно не смее да се принесе како жртва пред Бога. Само најсовршеното било избирано за жртва. Господ, преку пророкот Малахија, најсериозно го предупредил Својот народ за отстапување од овие упатства. {ПЖ 27.1}
„Синот го почитува татко си, а робот — господарот свој; а ако сум Јас Татко, тогаш каде е почитта кон Мене? И ако сум Јас Господ, тогаш каде е стравот пред Мене? — вели Господ Саваот. Вие, свештеници, кои го презирате името Мое, велите: ‘Во што го презираме името Твое?’ На жртвеникот Мој вие принесувате опоганет леб, а велите: ‘Со што Те осквернуваме?’ — Со тоа што велите: ‘Трпезата Господова не заслужува почитување.’ И кога како жртва принесувате слеп добиток — нели е тоа лошо? Или кога принесувате куцо и болно — зар и тоа не е лошо? Ако го однесеш тоа на твојот кнез — ќе биде ли тој задоволен од тоа и ќе те прими ли со радост? — вели Господ Саваот. И така, молете Му се на Бога за да нѐ помилува; но штом таква работа излегува од рацете ваши, ќе може ли Тој тоа милостиво да го прими? — вели Господ Саваот. Подобро е некој од вас да ја затвори вратата и да не се пали напразно оган на Мојот жртвеник! Не сте Ми мили, вели Господ Саваот, и не сакам да примам дар од вашите раце. Зашто од сончевиот исток па сѐ до запад името Мое е големо меѓу народите, и тие на секое место принесуваат темјан и чиста жртва; големо е името Мое меѓу народите, вели Господ Саваот… принесувате крадено, куцо и болно, а притоа принесувате уште и таков лебен дар; па можам ли со благонаклоност да го примам тоа од вашите раце? — вели Господ Саваот“ (Малахија 1:6–13). {ПЖ 27.2}
Иако овие зборови се упатени кон стариот Израел, тие содржат поука и за денешниот Божји народ. Кога апостолот апелира до своите браќа да ги принесат телата свои како „жртва жива, света и благоугодна на Бога“, тој ги изнесува начелата на вистинското посветување. Тоа веќе не е теорија, емоција или игра со зборови, туку живо, активно начело внесено во секојдневниот живот. Тоа бара нашите навики во јадењето, пиењето и облекувањето да бидат такви што ќе обезбедат заштита на физичкото, духовното и моралното здравје, за да можеме пред Бога да ги принесеме нашите тела — не како жртва расипана од лошите навики, туку како „жртва жива, света и благоугодна на Бога.“ {ПЖ 27.3}
Стимуланси и наркотици
Предупредувањето на Петар да се чуваме од телесните желби е едно од најдиректните и најсериозни предупредувања против употребата на сите видови стимулативни средства, како што се: рускиот чај, кафето, тутунот, алкохолот и морфиумот. Овие задоволувања можат да се вбројат меѓу страстите што вршат погубно влијание врз моралниот карактер. Колку порано се стекнуваат овие навики, толку поцврсто ги држат своите жртви во ропство, и толку пониско ќе биде нивното духовно ниво. {ПЖ 28.1}
Библиското учење ќе има многу слабо влијание врз оние чии способности се умртвени преку угодување на себеси. Илјадници попрво ќе ги жртвуваат не само своето здравје и својот живот, туку и својата небесна надеж, отколку да се решат да војуваат против својот изопачен апетит. Една госпоѓа, која многу години тврдела дека е света, изјавила дека, кога би морала заради спасението да избере помеѓу небото и нејзиното луле, таа би рекла: „Збогум, небо! Јас не можам да ја совладам својата љубов кон лулето“. Овој идол бил скриен, оставајќи Му на Исуса второ место; но сепак оваа жена тврдела дека е во потполност Господова. {ПЖ 27.2}
Желбите што војуваат против душата
Каде и да се наоѓаат оние што се вистински посветени, тие ќе го воздигнуваат моралното гледиште, чувајќи правилни телесни навики и, како Даниел, ќе си даваат едни на други пример на умереност и самооткажување. Секој изопачен апетит станува воинствена страст што „војува против душата“. Сè што се спротивставува на природниот закон создава болежлива состојба во душата. Попуштањето на апетитот предизвикува стомачни болести и слабо варење, слаб џигер и замаглен мозок, со што се изопачуваат карактерот и духот на човекот. А вакви ослабени сили Му се принесуваат на Бога, Кој не ја прима ниту животинската жртва ако е со недостаток. Наша должност е да го доведеме својот апетит и своите животни навики во согласност со природниот закон. Ако телата принесени на Христовиот олтар бидат внимателно испитани како што тоа го чинеле свештениците со еврејските жртви — кој тогаш би бил примен? {ПЖ 29.1}
Со каква внимателност треба христијаните да ги регулираат своите навики, за да ја сочуваат полната сила и способност за служба на Христа! Ако сакаме да бидеме посветени со телото, душата и духот, мора да живееме во согласност со Божјиот закон. Срцето не можеме да го посветиме на Бога додека му дозволуваме на апетитот и на страстите да го нарушуваат здравјето и животот. Оние што ги престапуваат здравствените закони, од кои зависи животот, ќе претрпат последици: тие толку ги ограничуваат своите можности во секоја смисла, што не можат да ги извршуваат своите должности кон ближните како што треба и не можат во потполност да одговорат на Божјите барања. {ПЖ 29.2}
Кога лорд Палмерстон, премиерот на Англија, бил замолен од еден шкотски свештеник да одреди ден за пост и молитва за спречување на колерата, тој налутено одговорил: „Исчистете ги и дезинфицирајте ги вашите улици и куќи, унапредете ја чистотата и здравственоста меѓу сиромашните, настојувајте сите да бидат доволно снабдени со добра храна и облека, преземете вистински санитарни мерки воопшто — и тогаш нема да имате причини за пост и молитва; затоа што Господ нема да ги услиши вашите молитви додека овие Негови превентивни мерки остануваат занемарени“. {ПЖ 30.1}
Павле вели: „Да се очистиме од секоја нечистота на телото и на духот, исполнувајќи ја светоста во страв Божји“ (2 Коринтјаните 7:1). Тој ни ја изнесува слободно, за наше охрабрување, радосната вест за вистинското посветување: „И сега нема никакво осудување за оние кои се во Исус Христос“ (Римјаните 8:1). Тој ги опоменува Галатјаните: „Живејте по Духот, и нема да им угодувате на телесните страсти“ (Галатјаните 5:16). И предупредува на некои телесни желби — служење на идоли… пијанство, пирови и други слични работи. По набројувањето на духовните плодови, меѓу кои е и умереноста, тој додава: „Оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое со страстите свои и похотите.“ {ПЖ 30.2}
Тутун
Јаков вели дека премудроста што доаѓа одозгора „е најнапред чиста“ (Јаков 3:17). Кога би ги видел своите браќа како пушат тутун, зар не би го оценил тоа како земно, човечко, ѓаволско? Во овој век на христијанска просветленост, колку често усните што го споменуваат слаткото Исусово име се извалкани со тутунска плунка и здив од никотин! Навистина, душата што може да се радува на таква нечистотија и самата мора да биде извалкана. Кога ги набљудував луѓето кои тврдат дека се радуваат на благословот од потполното посветување, а сепак се робови на тутунот, валкајќи се и себеси и околината, помислив: како би изгледало небото со пушачи во него? Божјата Реч јасно изјавува дека во небото „нема да влезе во него ништо нечисто и погано“. Како можат, тогаш, оние што си ја дозволуваат оваа нечиста навика да се надеваат дека ќе влезат во чистото небо? {ПЖ 30.3}
Луѓето што си ја присвојуваат побожноста, а сепак ја одржуваат оваа навика, ги жртвуваат своите тела на ѓаволскиот олтар и кадат со тутунскиот чад на неговото „сатанско величество“. Дали оваа изјава е престрога? Навистина, секое кадење му припаѓа на некое божество. Бидејќи Бог е чист и свет и не прима ништо што е нечисто по својот карактер, Тој не може да ја прими ниту оваа прескапа, погана и несвета тутунска „жртва“; затоа заклучуваме дека сатаната е оној што ја бара таа чест. {ПЖ 31.1}
Исус умрел за да ги истргне луѓето од сатанските стапици. Тој дошол да нѐ ослободи со крвта на Својата жртва за помирување. На човекот што станал Христова сопственост и чие тело е храм на Светиот Дух нема да му биде одобрена штетната навика да употребува тутун. Неговите сили Му припаѓаат на Христа, Кој ги откупил по цена на Својата крв. Човекот е Господова сопственост. Како тогаш може да биде безгрешен ако секојдневно троши од Божјиот имот, задоволувајќи апетит што нема основа во природата. {ПЖ 31.2}
Годишно се трошат огромни суми на ова задоволство, додека многу души гинат без зборовите на животот. Признатите христијани Го крадат Бога во десетокот и даровите, а истовремено жртвуваат на олтарот на пропадливите страсти — како што е употребата на тутунот — многу повеќе од она што го даваат за помош на сиромашните или за напредокот на Божјото дело. Оние што навистина се посветени ќе ја победат секоја штетна желба. Кога сите тие средства би влегувале во Божјата ризница, христијаните би биле први во самооткажувањето, пожртвуваноста и умереноста. Тогаш би биле светлина на светот. {ПЖ 32.1}
Чај и кафе
Чајот и кафето, како и тутунот, имаат штетно влијание врз нервниот систем. Чајот содржи теин, кој е отровна супстанција; иако во помала мера, неговиот ефект сепак е од ист карактер како и оној на опојниот ликер. Кафето во голема мера може да го замагли разумот и да ја умртви енергијата. Тоа не е толку силно како тутунот, но има слично дејство. Аргументите што се изнесуваат против тутунот можат да се применат и против употребата на чајот и кафето. {ПЖ 32.2}
Кога оние што се навикнале да употребуваат чај, кафе, тутун, опиум или опојни ликери ќе бидат лишени од тие омилени навики, се чувствуваат немоќни да се ангажираат со интерес и ревност во службата на Бога. Божествената милост им изгледа недоволна да ги оживее или да ги воодушеви нивните молитви и сведоштва. Овие таканаречени христијани треба да го испитаат изворот на своето задоволство — дали е одозгора или одоздола. {ПЖ 32.3}
За корисник на надразнувачки средства (стимуланси) многу работи изгледаат невкусни и без никакво задоволство. Тие ги умртвуваат природните чувства на телото и духот и го прават човекот помалку чувствителен за влијанието на Светиот Дух. Во отсуство на омилениот стимуланс тој чувствува глад и жед на телото и душата — но не глад за правда или светост, ниту за Божјата присутност, туку за својот омилен идол. Со задоволувањето на штетните страсти и желби, таканаречените христијани секојдневно ги ослабуваат своите сили, правејќи се немоќни за прославување на Бога. {ПЖ 32.4}
