Посветен живот
Христијанското првенство
Многумина кои искрено копнеат по светост на срцето и чистота на животот, честопати се чувствуваат збунето и обесхрабрено. Тие постојано гледаат во себе и очајуваат поради својот недостаток на вера; а бидејќи чувствуваат дека им недостига вера, сметаат дека немаат право на Божјиот благослов. Овие личности погрешно ги заменуваат чувствата со верата. Тие не ја гледаат едноставноста на вистинската вера и со тоа навлекуваат голема темнина врз своите души. Наместо да се фокусираат на себе, тие треба да се сосредоточат на Божјата добрина и милост, да ги повторуваат Неговите ветувања и едноставно да веруваат дека Тој ќе го исполни Својот збор. Ние не треба да се надеваме на сопствената вера, туку на Божјите ветувања. Кога ќе се покаеме за нашите минати престапи на Божјиот закон и цврсто ќе решиме да Му бидеме послушни во иднина, треба да веруваме дека Бог ќе нѐ прими заради Христос и ќе ни ги прости гревовите. {ПЖ 89.1}
Темнина и потиштеност понекогаш ќе ја обземаат душата, заканувајќи се да нѐ совладаат, но не треба да ја губиме својата надеж. Мораме да гледаме кон Христа, без оглед на тоа што чувствуваме. Треба да се стремиме верно да ја извршуваме секоја позната должност и тогаш мирно да се потпреме на Божјите ветувања. {ПЖ 89.2}
Живот на вера
Чувството дека сме недостојни понекогаш ја исполнува нашата душа со страв, но тоа не е никаков доказ дека Бог го променил Својот однос кон нас, или пак ние кон Него. Не треба да правиме посебни напори за емоционално напрегање, напнатост или возбудување. Можеби денес нема да чувствуваме мир и радост какви што сме чувствувале вчера; но ние треба со вера да се фатиме за Христовата рака и целосно да Му се довериме – како во темнината, така и на светлината. {ПЖ 90.1}
Сатаната можеби ти шепнува: „Ти си толку голем грешник, што Христос не може да те спаси“. Меѓутоа ако признаеш дека си грешен и недостоен, можеш да го одвратиш искушувачот со извик: „Преку доблеста на помирувањето јас го признавам Христа за свој Спасител; не се надевам на свои заслуги, туку на Неговата скапоцена крв што очистува; овој миг ја потпирам својата немоќна душа врз Христа“. Христијанскиот живот, тогаш, не се темели на променливи чувства, туку на постојана жива вера — непоколеблива надеж и цврста потпора во Христа, кои ѝ носат мир и сигурност на душата. {ПЖ 90.2}
Отпор кон искушението
Немојте да се обесхрабрите доколку срцата ви изгледаат стврднати. Секоја пречка, секој внатрешен непријател само ја зголемува вашата потреба за Христа. Тој доаѓа да го отстрани каменото срце и да ви дарува месно. Барајте од Него специјална милост за да ги совладате своите специјални недостатоци. Кога сте нападнати од искушението, цврсто спротивставете се на злите побуди; речете ѝ на својата душа: „Како можам да го обесчестам својот Избавител? Јас сум се предал на Христа; не можам да ги чинам делата ѓаволски“. Повикај кон драгиот Спасител да ти помогне да го жртвуваш секој идол и да го отфрлиш секој омилен грев. Нека твоите очи на верата Го гледаат Христа како стои покрај престолот на Отецот, покажувајќи ги Своите прободени раце, молејќи се за тебе. Верувај дека од твојот скапоцен Спасител ќе ти стигне сила и помош. {ПЖ 90.3}
Гледајќи со очите на верата
Со вера гледајте на венците кои се подготвени за оние кои ќе победат; слушајте ги радосните песни на избавените: „Достојно е Јагнето заклано, кое нѐ откупи за Бога!“ Замислете ги овие сцени како реалност. Стефан, првиот христијански маченик, во својата страшна борба со поглаварствата, властите и духовите на пакоста под небото, извикува: „Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бога“ (Дела 7:56). Спасителот на светот му се открил како гледа од небото кон него со најдлабоко интересирање, а славната светлост на Христовото лице блескала врз Стефан со таков сјај, што дури и неговите непријатели виделе дека неговото лице свети како лице на ангел. {ПЖ 91.1}
Кога повеќе би се занимавале со Христа и со небесниот свет, ние би нашле силен поттик и помош во водењето на борбата Господова. Гордоста и љубовта кон светот ја губат својата моќ кога размислуваме за славата на подобриот свет и за новата земја, која наскоро ќе биде нашиот дом. Споредени со привлечноста на Христа, сите земски привлечности ќе изгледаат како да се со мала вредност. {ПЖ 91.2}
Никој да не мисли дека без сериозни напори од своја страна ќе може да ја достигне сигурноста на Божјата љубов. Ако долго му дозволуваме на нашиот дух да се занимава со земските работи, тогаш тешко ќе се променат навиките на мислење. Она што окото го гледа и увото го слуша, најчесто го привлекува вниманието и го обзема интересот. Но, ако сакаме да влеземе во Божјиот град и да Го гледаме Христа и Неговата слава, мораме да се навикнеме да Го гледаме уште тука со очите на верата. Зборовите и карактерот Христов треба често да бидат предмет на нашите мисли и разговори, и секој ден одредено време треба да биде специјално посветено за побожно размислување околу овие свети теми. {ПЖ 91.3}
Смиреност на духот
Посветувањето е секојдневна работа. Никој да не се лаже со верувањето дека Бог ќе ги прости и благослови оние кои газат една од Неговите заповеди. Доброволното попуштање пред еден познат грев го стишува сведоштвото на Духот и ја одвојува душата од Бога. Каква и да е религиозната воодушевеност, Исус не може да живее во срцето кое не го почитува Божјиот закон. Бог ќе ги почитува само оние кои Го почитуваат Него. {ПЖ 92.1}
„Слуги сте му на оној кому сте му послушни“ (Римјаните 6:16). Доколку негуваме лутина, желба, похот, лакомство, мрзливост, себичност или кој и да е друг грев, ние стануваме слуги на тој грев. „Никој не може да им служи на двајца господари“ (Матеј 6:24). Ако му служиме на гревот, тогаш не можеме да Му служиме на Христа. Христијанинот ќе го чувствува нагонот на гревот, затоа што телото се бори против духот, а духот се бори против телото, водејќи постојано борба помеѓу себе. И токму тука е потребна Христовата помош. Човечката слабост станува соединета со божествената сила, и верата воскликнува: „Да Му благодариме на Бога Кој ни дарува победа преку нашиот Господ Исус Христос“ (1 Коринтјаните 15:57). {ПЖ 92.2}
Правилни религиозни навики
Ако сакаме да развиеме карактер кој Бог може да го прими, мораме да ги усвоиме исправните навики во нашиот верски живот. Секојдневната молитва е битна за растењето во милоста, па дури и за самиот духовен живот, исто како што е редовната храна потребна за телесната благосостојба. Треба да се навикнеме често да ги подигаме мислите во молитва кон Бога. Доколку духот ни талка, мораме да го враќаме назад и со постојано настојување тоа конечно ќе стане лесно. Не можеме ниту еден момент со сигурност да се оддалечиме од Христа. Можеме да ја имаме Неговата присутност на секој чекор, но само доколку ги почитуваме условите кои Тој Самиот ги поставил. {ПЖ 93.1}
Религијата мора да стане најважната работа во животот. Сѐ друго треба да ѝ биде потчинето на неа. Сите наши душевни, телесни и духовни сили мораат да се ангажираат во христијанското војување. Мораме да Го молиме Христа за сила и милост, и тогаш ќе постигнеме победа така сигурно, како што е сигурно дека Христос умрел за нас. {ПЖ 93.2}
Вредноста на една душа
Мораме да пријдеме поблиску до Христовиот крст. Покајанието при подножјето на крстот е вистинската лекција за мирот која треба да ја научиме. Љубовта Христова — кој може да ја разбере? Безгранична, нежна и самооткажувачка, повеќе од мајчинската љубов! Ако сакаме да ја знаеме вредноста на една душа, мораме да гледаме на живата вера на крстот и тогаш да почнеме да го проучуваме она што ќе биде наука и песна на спасените преку целата вечност. Вредноста на нашето време и на нашите таланти може да се процени единствено преку големината на откупната цена која е платена за нашето избавување. Каква неблагодарност покажуваме кон Бога кога Му го одземаме Неговото сопственичко право, скратувајќи Му ја нашата наклоност и нашата служба! Дали е премногу да Му се предадеме Нему, Кој жртвувал сѐ за нас? Можеме ли да го одбереме пријателството на светот пред бесмртните почести кои Исус ги нуди, говорејќи: „На оној кој ќе победи ќе му дадам да седне со Мене на престолот Мој…“ (Откровение 3:21). {ПЖ 93.3}
Едно прогресивно дело
Посветувањето е прогресивно (напредно) дело. Редоследот на скалилата ни е прикажан преку зборовите на апостолот Петар: „Затоа, грижејќи се за ова сестрано, принесете кон верата своја добродетел, а кон добродетелта разум, кон разумот воздржување, кон воздржувањето трпение, кон трпеливоста побожност, кон побожноста братољубие, кон братољубивоста љубов. Оти ако овие добродетели ги има во вас и се умножуваат, тие нема да ве остават празни, ниту бесплодни во познавањето на нашиот Господ Исус Христос“ (2 Петрово 1, 5-8). Потоа тој вели: „Браќа, затоа уште повеќе настојувајте да го зајакнете вашиот повик и избор, оти, ако го вршите тоа, никогаш нема да погрешите, бидејќи по таков начин ќе ви се овозможи слободен влез во вечното царство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос” (стих 10, 11). {ПЖ 94.1}
Тука ни е изложено правилото според кое можеме да бидеме сигурни дека никогаш нема да згрешиме. Оние што постапуваат според овој план за стекнување на христијанската благодат, имаат сигурност дека Бог ќе делува според принципот на умножување, дарувајќи им ги даровите на Својот Дух. Петар им се обраќа на сите кои сакаат да ја задобијат истата драгоцена вера: „Благодатта и мирот со познавањето на Бога и Христа Исуса, нашиот Господ, да ви се умножи“ (стих 2). Преку Божјата милост, сите оние кои сакаат можат да се искачуваат по светлите скалила од земјата до небото и конечно, „пеејќи со вечна радост“ (Исаија 35:10), ќе влезат низ портите во светиот Божји град. {ПЖ 94.2}
Нашиот Спасител од нас бара сѐ: нашите први и најсвети мисли, нашите најчисти и најсилни склоности. Меѓутоа, доколку имаме удел во божествената природа, Неговата слава постојано ќе биде во нашите срца и на нашите усни. Нашата сигурност е во тоа да Му се предадеме себеси и сѐ што имаме Нему, и постојано да растеме во благодатта и во познавањето на вистината. {ПЖ 95.1}
Павловиот восклик на победа
Апостолот Павле бил високо почестен од Бога, бидејќи бил вознесен во света визија до третото небо, каде што видел сцени чија слава не му било дозволено да ја открие. Сепак, тоа не го навело на фалење или самозадоволство. Тој ја разбрал важноста на непрестајното бдеење и самоодрекување, па јасно изјавил: „Туку го истоштувам и го поробувам телото, за да не би ненамерно, проповедајќи им на другите и сам да станам негоден“ (1. Коринтјаните 9:27). {ПЖ 95.2}
Апостолот Павле страдал за вистината, но сепак од неговите усни не слушаме никаква жалба. Гледајќи наназад на својот животен пат исполнет со труд, грижи и жртви, тој изјавил: „Оти мислам дека страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата, која ќе се јави во нас“ (Римјаните 8:18). Победничкиот восклик на овој верен Божји слуга одекнува сѐ до нашето време: „Кој ќе не одвои од љубовта Божја: тага ли, неволја ли, или гонење, глад ли, или голотија, опасност ли или меч? Како што е напишано: Заради Тебе секогаш не убиваат, не сметаат како овци за колење. Но во сето ова победуваме преку Оној, Кој нѐ возљуби. Оти сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни силите, ни сегашнината, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак некоја друга твар ќе може да не оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Римјаните 8:35-39). {ПЖ 95.3}
И покрај тоа што Павле бил затворен во римска ќелија, одвоен од светлината и небесниот зрак, отстранет од својата активна работа во евангелието и во секој миг очекувајќи ја смртната пресуда, тој не им се предавал на сомнежот или на обесхрабрувањето. Од таа мрачна ќелија доаѓало неговото претсмртно сведоштво, полно со возвишена вера и храброст, кое ги вдахнувало срцата на светиите и мачениците во сите наредни векови на христијанската ера. Неговите зборови прекрасно ги опишуваат резултатите на она посветување кое на страниците на оваа книга настојувавме да го прикажеме: „Зашто јас веќе станувам жртва, а времето на моето одење настапи. Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив; понатаму ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија; но не само мене, туку и на сите кои се радуваат на Неговото доаѓање“ (2 Тимотеј 4:6-8). {ПЖ 96.1}
