Посветен живот
Даниеловите принципи на умереност
Пророкот Даниел е славна личност. Тој е светол пример за тоа што можат да станат луѓето кога ќе се обединат со Богот на мудроста. Краток извештај за животот на овој Божји човек е оставен во Библијата за охрабрување на оние кои подоцна ќе бидат повикани да издржат слични проби и искушенија. {ПЖ 18.1}
Кога Израелците — нивниот цар, благородниците и свештениците — биле одведени во ропство, четворица од нив биле избрани да служат во дворот на вавилонскиот цар. Еден од нив бил Даниел, кој уште од рани години ветувал дека ќе се развие во извонредно способно момче. Сите овие млади луѓе биле од царски род и опишани се како „момчиња кои немаа никаков телесен недостаток“, кои биле убави и поучени на секоја мудрост, „способни за секаква наука, добро воспитани, бистри, што ќе одговараат за служење во царските палати“ (Даниел 1:4). Согледувајќи ги надмоќните таленти на овие млади заробеници, царот Навуходоносор решил да ги подготви да заземат важни положби во неговото царство. За да бидат целосно оспособени за дворскиот живот, според источниот обичај, тие требало да го учат халдејскиот јазик, и три години биле подложени на темелен курс на физичко и интелектуално образование. {ПЖ 18.2}
Младите луѓе во оваа воспитна установа не само што биле примени во царскиот дворец, туку било предвидено да јадат царски јадења и да пијат царско вино од царската трпеза. Царот сметал дека со тоа не само што ќе им укаже голема чест, туку и ќе им обезбеди најдобар физички и умствен развој што може да се постигне. {ПЖ 19.1}
Средба со тестот
Помеѓу храната што му била изнесувана на царот имало свинско месо, како и други видови месо прогласени за нечисти според Мојсеевиот закон, а на Евреите строго им било забрането да ги јадат. Тука Даниел бил ставен на тежок испит: дали ќе се придржува до учењето на своите татковци во однос на јадењето и пиењето и со тоа ќе го разгневи царот, а можеби ќе ги загуби не само својата положба туку и животот; или ќе ја занемари Господовата заповед и ќе ја задржи наклоноста на царот, обезбедувајќи си на тој начин големи интелектуални предности и најласкави световни перспективи? {ПЖ 19.2}
Даниел не се двоумел долго. Тој одлучил да остане цврст во одбрана на својот интегритет, без оглед на исходот. Тој „науми да не се осквернува со јадењето од царската трпеза и од виното што го пиеше царот“ (Даниел 1:8). {ПЖ 19.3}
Ниту ограничен, ниту фанатик
Има многумина меѓу денешните таканаречени христијани кои за Даниел би рекле дека бил премногу посебен и би го прогласиле за ограничен и фанатик. Тие сметаат дека прашањето за јадење и пиење е премногу безначајно за да се бара така цврст став — став што вклучува жртвување на сите земски предности. Но оние што расудуваат на тој начин, на денот на Божјиот суд ќе откријат дека отстапиле од јасните божествени барања и дека го поставиле сопственото мислење како мерило за правилно и погрешно. Тогаш ќе увидат дека она што им се чинело безначајно не било такво во Божјите очи. Неговите барања треба неприкосновено да се послушаат. Оние што прифаќаат и се покоруваат само на некои од Неговите заповеди — затоа што така им одговара — а отфрлаат други затоа што нивното држење бара жртва, го спуштаат стандардот на правдата и со својот пример ги наведуваат и другите да го омаловажуваат Божјиот свет закон. „Така вели Господ“ треба да биде наше правило во сѐ. {ПЖ 19.4}
Беспрекорен карактер
Даниел бил подложен на најтешките искушенија што можат да ја снајдат денешната младина, но сепак останал верен на религиозните упатства што ги добил во рана возраст. Тој бил опкружен со влијанија пресметани да ги соборат оние што се колебаат меѓу принципот и склоноста; но сепак Божјата реч ни го претставува како беспрекорен карактер. Даниел не се осмелувал да се потпре на сопствената морална сила — нему молитвата му била неопходна. Тој го направил Бога своја сила, а стравот Божји бил постојано пред него во сите постапки на неговиот живот. {ПЖ 20.1}
Даниел ја поседувал милоста на вистинската кротост. Тој бил верен, цврст и благороден. Се трудел да живее во мир со сите, меѓутоа бил исправен како кедар кога станувало збор за начелата. Во сѐ што не било во спротивност со неговата верност кон Бога, се однесувал со почит и покорност кон оние што имале моќ над него; но имал возвишено чувство за Божјите барања, така што барањата на земните владетели секогаш доаѓале на второ место. Не било можно со каква било себична мисла да биде заведен да отстапи од својата должност. {ПЖ 20.2}
Карактерот на Даниел е претставен пред светот како впечатлив пример за тоа што може да направи Божјата милост за луѓето кои по природа се паднати и расипани од гревот. Извештајот за неговиот благороден живот, полн со самооткажување, им дава охрабрување на денешните генерации. Од него можеме да црпиме сила храбро да се спротивставиме на искушението и, со благодатта на кротоста, цврсто да се залагаме за правото, дури и под најтешки искушенија. {ПЖ 22.1}
Божјото одобрување помило од животот
Даниел можел да пронајде оправдан изговор за да отстапи од своите строги навики на умереност; меѓутоа, Божјото одобрување му било помило отколку наклоноста на најмоќниот земен владетел — дури и поскапоцено од самиот живот. Откако со своето љубезно однесување ја стекнал наклоноста на Ашпеназ, службеникот одговорен за еврејските момчиња, Даниел го замолил да им дозволи да не јадат од царските јадења и да не пијат од неговото вино. Ашпеназ се плашел дека, ако го исполни ова барање, може да го навлече врз себе незадоволството на царот и со тоа да си го загрози животот. Како и многумина денес, тој мислел дека воздржувањето од царската храна кај овие момчиња ќе предизвика бледило на лицето и малаксаност на мускулната сила, додека раскошната храна од царската трпеза ќе ги направи румени и убави и ќе ја зајакне нивната телесна и ментална активност. {ПЖ 21.2}
Даниел побарал прашањето да се реши така што тие би биле подложени на десетдневна проба: еврејските момчиња во тој период да јадат само едноставна храна, додека нивните колеги да се хранат од царската трпеза. На крајот, барањето било прифатено, а Даниел бил сигурен дека ја постигнал својата цел. Иако бил млад, тој го согледал штетното дејство на виното и раскошниот живот врз физичкото и менталното здравје. {ПЖ 22.1}
Бог го оправдува својот слуга
На крајот од десетте дена се покажало дека резултатот е сосема спротивен од очекувањата на Ашпеназ. Не само по личниот изглед, туку и по физичката активност и менталната енергија, оние што биле умерени во своите навики покажале значителна надмоќ во однос на своите колеги кои му попуштиле на апетитот. Како резултат на оваа проба, на Даниел и на неговите другари им било дозволено да продолжат со својата едноставна исхрана за целото време на нивното школување за царските должности. {ПЖ 22.2}
Господ со одобрување гледал на решителноста и самоодрекувањето на овие еврејски момчиња, и Неговиот благослов бил над нив. „И им дарува Бог на четирите момчиња знаење и разбирање на секаква книга и мудрост, а на Даниил му подари уште да толкува секакви виденија и соништа“ (Даниел 1:17). По истекот на тригодишното школување, кога царот лично ги испробал нивните способности и вештини, тој не нашол „ниту еден како што беа Даниел, Ананија, Мисаил и Азарија, и потоа тие почнаа да служат пред царот. И во сѐ за што се бараше мудрост и разбирање, и за што и да ги прашаше царот, ги најде за десетпати подобри од сите гатачи и гледачи, колку што ги имаше во целото негово царство“ (Даниел 1:19,20). {ПЖ 22.3}
Самоконтролата – состојба на посветувањето
Животот на Даниел претставува вдахновена слика на она што го сочинува светиот карактер. Тој е поука за сите, а особено за младината. Точното исполнување на Божјите барања е благотворно за здравјето на телото и духот. За да се достигне највисок степен на морално и интелектуално растење, неопходно е да бараме мудрост и сила од Бога и строго да се држиме до умереноста во сите животни навики. Во искуството на Даниел и на неговите другари имаме пример за триумф на принципот над искушението да му се попушти на апетитот. Тоа ни покажува дека преку верските начела младите можат да триумфираат над телесните страсти и да останат верни на Божјите барања, дури и кога тоа би барало голема жртва. {ПЖ 23.1}
Што би се случило ако Даниел и неговите другари направеа компромис со тие незнабожечки службеници и попуштеа под притисокот да јадат и пијат како што било обичај кај Вавилонците? Тој единствен пример на отстапување од начелата ќе го ослабеше нивното чувство за правда и нивното згрозување од неправдата и гревот. Попуштањето на апетитот ќе предизвикаше жртвување на физичката сила, чистотата на умот и духовните сили. Еден погрешен чекор можеше да повлече и други, сѐ додека нивната врска со небото не биде сериозно загрозена. {ПЖ 23.2}
Бог рекол: „Ќе ги прославам оние, кои Мене Ме прославуваат“ (1 Самоилова 2:30). Даниел се држел за Бога со непоколеблива доверба и силата на Духот на пророштвото дошла врз него. Додека луѓето го подготвувале за должностите на дворскиот живот, Бог го поучувал да ги чита тајните на идните векови низ генерациите што доаѓаат, опишувајќи ги фигурите и симболите и чудните настани што ќе дојдат и ќе се исполнат во овие последни денови. {ПЖ 24.1}
