Јовановата проповедничка служба

Апостолот Јован со љубов му проповеда на народот

Посветен живот

Јовановата проповедничка служба

Сподели го ова:

Апостолот Јован ја поминал својата младост во друштво на неуки галилејски рибари. Тој немал можност да посетува училиште во тоа време, но дружејќи се со Христа, Големиот Учител, го стекнал најголемото образование што еден смртен човек може да го добие. Тој жедно пиел од изворот на мудроста, а потоа се стремел и другите да ги води кон онаа „вода која тече во живот вечен“ (Јован 4:14). Едноставноста на неговите зборови, возвишената сила на вистината што ја изговарал и духовната топлина што го обележувала неговото учење му давале пристап до сите класи. Но сепак, ниту верниците не биле во состојба потполно да ги сфатат светите тајни на божествената вистина вткаена во неговите списи. Тој секогаш изгледал проткаен со Светиот Дух. Настојувал да ги разбуди мислите на луѓето, за да можат да ги разберат невидливите работи. Мудроста со која зборувал правела неговите зборови да бидат како роса што ја наводнува и ја омекнува земјата. {ПЖ 61.1}

По Христовото вознесение, Јован стоел цврсто како верен и огнен работник за својот Учител. Заедно со другите се радувал на излевањето на Духот на Педесетница и, со свежа ревност и сила, продолжил да му ги проповеда на народот зборовите на животот. Му се заканувале со затвор и смрт, но тој не се грижел за тоа. {ПЖ 61.2}

Мноштва од сите класи доаѓале да ги слушаат проповедите на апостолот Јован, и многумина се исцелувале од своите болести во Христовото име — име што било омразено меѓу Евреите. Свештениците и поглаварите биле бесни во своето спротивставување кога гледале како болните се исцелуваат и како Христовото име се возвишува како Кнез на животот. Се плашеле дека наскоро целиот народ ќе поверува во Него и дека тогаш ќе бидат осудени за убиството на Силниот Исцелител. Но колку повеќе се труделе да го запрат тоа движење, толку повеќе луѓе верувале во Него и се одвраќале од учењата на книжевниците и фарисеите. Затоа тие се исполниле со омраза, ставиле раце на Петар и Јован и ги фрлиле во општиот затвор. Но ангел Господов ноќта ја отворил затворската врата и, изведувајќи ги на слобода, им рекол: „Отидете и застанете во црквата, и кажувајте му ги на народот сите зборови за овој благодатен живот“ (Дела 5:20). {ПЖ 62.1}

Со верност и сериозност Јован го изнесувал сведоштвото за својот Господ во секоја згодна прилика. Тој видел дека времињата се исполнети со опасности за заедницата. Сатанските измами се појавувале насекаде. Духот на народот бил заведен од делувањето на скептицизмот (сомневањата) и измамливите науки. Некои што претендирале дека се верни на Божјото дело биле измамени: се откажале од Христа и Неговото евангелие и паднале во проклета ерес, живеејќи во престап на божествениот закон. {ПЖ 62.2}

Омилена тема на Јован

Омилена тема на Јован била Божјата безгранична љубов. Тој верувал во Бога како што мало дете верува во својот благ и нежен татко. Тој го разбирал карактерот и делото Исусово, и кога ги видел своите еврејски браќа како застраниле по своите патеки, без ниту еден зрак од Сонцето на Правдата да им го осветлува патот, копнеел да им Го претстави Христа како Светлина на светот. {ПЖ 62.3}

Ожалостен од отровните заблуди

Јован доживеал да го види проповедањето на Христовото евангелие и близу и далеку, и илјадници како желно го прифаќаат неговото учење. Но бил исполнет со жалост кога набљудувал како отровни заблуди се вовлекуваат во заедницата. Некои што го примиле Христа тврделе дека Неговата љубов ги ослободува од покорување на Божјиот закон. Од друга страна, пак, многумина учеле дека треба да се држи само словото на законот — односно сите еврејски обичаи и церемонии — и дека тоа е доволно за спасение и без Христовата крв. Тие сметале дека Христос бил добар човек, како и апостолите, но го одрекувале Неговото божество. Јован ги видел опасностите на кои заедницата би била изложена ако ги прифати тие идеи и ги побивал со брзина и решителност. Тој ѝ пишувал на една избрана госпоѓа — чесна помошничка во делото на евангелието, која уживала добар углед и големо влијание меѓу верниците — со следните зборови: {ПЖ 63.2}

„Бидејќи во светот влегоа мнозина измамници, кои не исповедаат дека Исус Христос дошол во плот, таков човек е измамник, антихрист. Пазете се да не го изгубите она, за кое сте се труделе, туку да добиете полна награда. Секој, кој прави престапи и не пребива во Христовото учење и не е во Него, Го нема Бога; кој пребива во Христовото учење, Тој Го има и Отецот и Синот. Кој доаѓа при вас и не го носи тоа учење, него не го примајте во вашиот дом и не поздравувајте го; зошто кој го поздравува учествува во неговите лоши дела” (2. Јованово 7-11). {ПЖ 64.1}

Јован не ја извршувал својата работа без големи пречки. Сатаната не бил мрзлив: ги поттикнувал лошите луѓе да му го скратат корисниот живот на овој Божји човек, но светите ангели го штителе од нивните напади. Јован и понатаму требало да живее како верен Христов сведок. На заедницата, во тоа време на опасност, ѝ било потребно неговото сведоштво. {ПЖ 64.2}

Преку погрешно претставување и невистини, емисарите на сатаната настојувале да кренат опозиција против Јован и против Христовата наука. Како последица на неслогата и ересите, црквата била доведена во опасност. Јован непоколебливо ги побивал тие заблуди; им го преградувал патот на противниците на вистината. Тој пишувал и предупредувал дека водачите на тие ереси не треба да се поддржуваат. И денес постојат опасности слични на оние што го загрозувале напредокот на првата заедница, па поуката на апостолите во однос на овие точки треба внимателно да се земе предвид. „Мора да имаш милост“ — тоа е крик што се слуша насекаде, особено од оние што се фалат со својата светост. Но милоста и љубовта се толку чисти што не можат да го покријат непризнатиот грев. Јовановото учење е важно за оние што живеат среде опасностите на последните денови. Тој интимно се дружел со Христа, ги слушал Неговите зборови и бил сведок на Неговите силни чуда. Тој убедливо го изнесувал сведоштвото, така што лагата на непријателот останувала без успех. {ПЖ 64.3}

Нема компромис со гревот

Јован се радувал на благословот од вистинското посветување, но апостолот не тврдел дека е без грев; тој се стремел кон совршенство, чекорејќи во светлината на Божјото лице. Тој сведочи дека човекот што тврди дека Го познава Бога, а сепак го крши божествениот закон, има лажно признание: „Кој вели: ‘Го познав’, а заповедите Негови не ги пази, лажец е и вистината не е во него“ (1 Јованово 2:4). Во овој век на фалена слобода овие зборови ќе бидат жигосани како верски фанатизам. Но апостолот учи дека, додека покажуваме христијанска учтивост, ние сме овластени да го наречеме гревот и грешниците со нивното вистинско име — во тоа се состои вистинската милост. Додека ги љубиме душите за кои Исус умрел и работиме за нивното спасение, не треба да правиме компромис со гревот. Не смееме да се соединуваме со бунтовниците и тоа да го нарекуваме милост или добрина. Бог бара од Својот народ во овој век да стои како што Јован стоел во своето време — непоколебливо за правдата, спротивставувајќи се на заблудите што се погубни за душата. {ПЖ 65.1}

Нема посветување без послушност

Сум сретнала многу луѓе што тврделе дека се без грев, но кога биле проверени со Божјата Реч, се покажало дека се во отворен престап на светиот Божји закон. Најјасните докази за вечната важност на четвртата заповед не можеле да им ја разбудат совеста. Тие не можат да се откажат од Божјите барања, но се осмелуваат да се оправдуваат за престапувањето на саботата. Тврдат дека се свети и дека Му служат на Бога секој ден од седмицата. „Многу добри луѓе“, велат тие, „не ја празнувале саботата; ако овие луѓе биле свети, нема да бидат осудени поради тоа што не ја држеле саботата“. Бог, според нив, бил толку милостив што не ги казнил затоа што не го држеле седмиот ден. Тие додаваат дека би биле сметани за необични во општеството ако го празнувале седмиот ден — саботата — и дека не би имале влијание во светот. Покрај тоа, велат, мораат да им се покоруваат на властите што постојат. {ПЖ 66.1}

Една госпоѓа во Њу Хемпшир (САД) го изнела своето сведоштво на јавен собир дека Божјата милост владее во нејзиното срце и дека таа е целосно Господова. Потоа го искажала своето верување дека овие луѓе прават многу добро, разбудувајќи ги грешниците да ја увидат својата опасност. Таа изјавила: „Саботата што овие луѓе нам ни ја изнесуваат е единствената сабота од Библијата“, и потоа додала дека нејзиниот дух бил силно придвижен за овој предмет. Таа видела многу неволји пред себе што би ѝ дошле ако го празнува седмиот ден. Следниот ден се појавила на истиот собир и повторно го изнела своето сведоштво, велејќи дека Го прашала Бога дали навистина мора да се празнува саботата, и Тој ѝ рекол дека тоа не мора да го прави. Нејзиниот дух сега бил смирен во однос на овој предмет. Потоа дала најсилно предупредување сите да дојдат до совршената Христова љубов, каде што нема осудување за душата. {ПЖ 66.2}

Оваа жена не поседувала вистинско посветување. Не бил Бог Тој што ѝ рекол дека може да биде посветена иако не живее во послушност кон една од Неговите јасни заповеди. Божјиот закон е свет и никој не може неказнето да го престапува. Оној што ѝ рекол дека може да продолжи да го крши Божјиот закон и да остане безгрешна бил кнезот на силите на мракот — истиот оној што преку змијата ѝ зборувал на Ева во рајот: „Вие нема да умрете“ (Создавање 3:4). Ева си ласкала дека Бог е толку добар што нема да ја казни за непослушност кон една Негова изречена заповед. Истата изопаченост се појавува кај илјадници што се оправдуваат за својата непослушност кон четвртата заповед. Оние што го имаат Христовиот ум ќе ги држат сите Божји заповеди, без оглед на околностите. Величеството на небото вели: „Како што и Јас ги одржав заповедите на Својот Отец“ (Јован 15:10). {ПЖ 67.1}

Адам и Ева се осмелиле да ги престапат Божјите барања, а страшните последици од нивниот грев треба да ни бидат предупредување да не го следиме нивниот пример на непослушност. Христос се молел за Своите ученици со зборовите: „Освети ги со Твојата вистина: Твоето слово е вистина“ (Јован 17:17). Нема вистинско посветување освен преку послушност кон вистината. Оние што Го љубат Бога со целото срце ќе ги љубат и сите Негови заповеди. Посветеното срце е во согласност со правилата на Божјиот закон, затоа што законот е свет, праведен и добар. {ПЖ 67.2}

Бог не се променил

Божјиот карактер не се променил. Тој е истиот Бог ревнител и денес, како што бил кога го давал Својот закон на гората Синај и го пишувал со Својот сопствен прст на камените плочи. Оние што го газат Божјиот свет закон можат да речат: „Јас сум свет!“, но да се биде навистина свет и да се фали со посветувањето — тоа се две различни работи. {ПЖ 68.1}

Новиот завет не го променил Божјиот закон. Светоста на саботата од четвртата заповед е цврсто поставена како и престолот на Јехова. Јован пишува: „Секој кој прави грев, прави и беззаконие; и гревот е беззаконие. А знаете дека Он се јави, за да ги земе гревовите наши; грев во Него нема. Секој кој пребива во Него не греши; секој што греши, не Го видел ниту Го познал“ (1 Јованово 3:4–6). Ние сме овластени да ги оценуваме, како што го правел омилениот ученик, сите оние што тврдат дека се во Христа и дека се свети, додека живеат во престапување на Божјиот закон. Тој доаѓал во судир со истата таква класа луѓе со која и ние се среќаваме. Тој вели: „Чеда, никој да не ве измамува! Кој врши правда, праведен е, како што е праведен Он. Кој прави грев, од ѓаволот е, зашто ѓаволот греши од почеток“ (стих 7,8). Овде апостолот зборува со јасни зборови, како што тоа самиот предмет го налага. {ПЖ 68.2}

Посланијата на Јован се исполнети со духот на љубовта. Но кога доаѓал во контакт со класата што го кршела Божјиот закон, а сепак тврдела дека е без грев, тој не се плашел да ги предупреди заради нивната страшна измама: „А ако речеме дека со Него општиме, а одиме во темнина, тогаш лажеме и не постапуваме според вистината. А ако, пак, во светлина чекориме, како што е Он самиот светлина, тогаш значи дека ние еден со друг општиме, и крвта на Исуса Христа, Неговиот Син, нѐ очистува од секаков грев. Ако кажеме дека немаме грев, се лажеме сами себе, и вистината не е во нас. Ако ги исповедаме гревовите свои, Он е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нѐ очисти од секаква неправда. Ако, пак, речеме дека не сме згрешиле, Него Го правиме лажец, и словото Негово не е во нас“ (1 Јованово 1:6–10). {ПЖ 68.3}

Сподели го ова:

Поврзани статии