Јован во прогонство

Остарениот апостол Јован пишува на островот Патмос

Посветен живот

Јован во прогонство

Сподели го ова:

Големиот успех што го следел проповедањето на евангелието од страна на апостолот Јован и неговите соработници ја зголемил омразата кај Христовите непријатели. Тие се труделе на секој начин да го спречат неговото напредување и, конечно, успеале да ја придобијат и моќта на императорот против христијаните. Настанало страшно прогонство, во кое многу Христови следбеници биле предадени на смрт. Апостолот Јован тогаш бил стар човек, но со голема ревност и успех продолжил да ја проповеда Христовата наука. Тој давал силно сведоштво што неговите непријатели не можеле да го спречат и кое многу ги храбрело неговите браќа. {ПЖ 70.1}

Кога верата на христијаните почнала да се бранува среде огненото прогонство, тие биле принудени да се состанат, а во таа прилика апостолот повторно се појавил со големо достоинство и сила, со следните убедливи зборови: „Она што беше од почетокот, она што го чувме, она што со своите очи го видовме, она што го разгледавме и што рацете наши го опипаа — за Словото на животот… она што го видовме и го чувме, за тоа ве известуваме, та и вие да имате општење со нас; а нашето општење е со Отецот и Неговиот Син, Исус Христос“ (1 Јованово 1:1–3). {ПЖ 70.2}

Најогорчена омраза била вперена против Јован поради неговата непоколеблива верност на Христовото дело. Тој бил последниот од преживеаните ученици што биле лично поврзани со Исус, и неговите непријатели решиле дека неговото сведоштво мора да се замолчи. Ако тоа успеат да го постигнат, сметале дека Христовата наука нема да може да се шири; ако постапат со строгост, таа бргу ќе исчезне од светот. Затоа Јован бил повикан во Рим да страда за својата вера. Неговата наука била изопачено претставена: лажни сведоци го обвиниле како бунтовник што јавно учи теории превратнички за римската нација. {ПЖ 70.3}

Апостолот ја претставил својата вера јасно и убедливо, со таква едноставност и слободна отвореност што неговите зборови имале силно влијание. Неговите слушатели биле збунети и изненадени од неговата мудрост и убедливост. Но поубедлива од неговото сведоштво била длабоката омраза на непријателите на вистината. Императорот бил исполнет со гнев, хулејќи на Божјото име и на Христа. Тој не можел да им се спротивстави на аргументите на апостолот, ниту да ја оспори силата што го следела проповедањето на вистината, па затоа решил да го замолчи нејзиниот верен толкувач. {ПЖ 71.1}

Божјиот сведок не е замолкнат

Тука можеме да видиме колку може да стане тврдо срцето кога му се спротивставува на Божјиот план. Непријателите на Божјата заедница биле решени да продолжат со својата злоба и насилство против верниот народ. Со наредба на римскиот император, Јован бил протеран на островот Патмос, како што самиот известува: „заради речта Божја и за сведоштвото Исусово“ (Откровение 1:9). Но Христовите непријатели потполно промашиле во намерата да го замолчат Неговиот верен сведок. Од местото на своето прогонство допирал гласот на апостолот, стигнувајќи дури до последното време, објавувајќи ги најпотресните вистини што некогаш им биле откриени на смртниците. {ПЖ 71.2}

Патмос — гол и каменест остров во Егејското море — бил одреден од римската власт како место за прогонство на криминалците. Но на Божјиот слуга ова мачно престојувалиште му станало небесна врата. Таму бил изолиран од градската деловна врева и од активната мисионска работа, но не бил исклучен од Божјата присутност. Во тој пуст дом можел да разговара со Царот над царевите, проучувајќи ги одблизу откровенијата на божествената сила во природата и во книгата на вдахновението. Му се пружила прекрасна можност да размислува за големото дело на создавањето и да се воодушевува од силата на божествениот Архитект. Во раните години неговите очи биле поздравувани од убавината на пошумените брегови, зелените долини и плодните рамнини, и во таа природна убавина тој го гледал знакот на мудроста и уметноста на Создателот. Но сега бил опколен со призори што на многумина би им изгледале пусти и неинтересни. Меѓутоа, за Јован било поинаку: тој можел да чита важни поуки во дивите, оголени карпи, во тајните на големите длабини и во славата на небесниот свод. Нему сето тоа му сведочело за Божјата сила и ја објавувало Неговата слава. {ПЖ 72.1}

Гласот на природата

Апостолот околу себе го гледал сведоштвото за потопот што ја преплавил целата земја, затоа што жителите го престапувале Божјиот закон. Силните карпи, исфрлени од големите длабини и од земјата среде навалата на потопните води, живо го потсетувале на стравотиите од излевањето на Божјиот гнев. {ПЖ 72.2}

Но иако одоздола го опкружувала, на прв поглед, пуста и неплодна околина, горе над него било синото небо што го покривало апостолот на осамениот остров Патмос исто како и небото над неговиот сакан Ерусалим. Нека човек некогаш, во тивка ноќ, погледне во славата на небесата и нека го разгледува делото на Божјата рака и безбројната небесна војска — па ќе ја научи лекцијата за големината на Создателот на небото и земјата, во споредба со својата сопствена ништожност. Ако некој ја сака гордоста и самоуживањето, или се восхитува на личната привлечност, ако е богат или талентиран — нека излезе во прекрасна ноќ и нека погледне во ѕвезденото небо; и во присутноста на бескрајниот Творец на видливата и невидливата природа, неговиот горд дух ќе се научи на понизност. {ПЖ 73.1}

Во гласот на многуте води — каде што „бездната на бездната ѝ довикува со гласот на водопадите Твои“ — пророкот го слушнал гласот на Создателот: морето, бесно камшикувано од безмилосните ветрови, му го претставувало гневот на навредениот Бог, а огромните и силни бранови, зауздани во границите што им ги одредила невидлива рака, му зборувале за бескрајната сила што ги контролира и најдлабоките бездни; спротивно од тоа, тој ја видел лудоста на слабите смртници, како црви во правта, кои својата слава, мудрост и сила ги свртеле против Владетелот на вселената, како Бог да е еден од нив, и сфатил колку е слепа човечката лошотија, зашто еден час Божји благослов во светлината на сонцето и во дождот врз земјата повеќе го преобразува лицето на природата отколку што човекот може со сето свое горделиво знаење и напори во текот на целиот живот. {ПЖ 73.2}

Во кругот на својот островски дом, затворениот пророк го читал откровението на божествената сила и, во сите делови на природата, одржувал заедница со својот Бог; од камениот Патмос кон небото се издигнувале најогнени копнежи на душата за Бога и најтопли молитви, а кога Јован ги гледал карпите, се сеќавал на Христа — Карпата на неговата сила — под чиј штит можел да се сокрие без никаква плашливост. {ПЖ 74.1}

Чувар на саботата

„Денот Господов“ што Јован го споменува во своето Откровение бил саботата — денот во кој Јехова отпочинал по делото на создавањето и кој го благословил и го посветил, затоа што во тој ден се одморил. Саботата, како свет ден, Јован ја почитувал на островот Патмос исто како и кога бил меѓу народот, проповедајќи го евангелието во тој ден. Меѓу голите карпи што го опкружувале, Јован се сеќавал на карпестата гора Синај и на тоа како Бог му го изговорил Својот закон на тогашниот народ, меѓу другото и зборовите: „Сеќавај се на денот саботен, за да го празнуваш“ (Излез 20:8). {ПЖ 74.2}

Синот Божји му зборувал на Мојсеј од врвот на планината, и Бог направил од камењата Своја светиња — Неговиот храм бил меѓу вечните гори. Божествениот Законодавец се спуштил на камената гора за да го изговори Својот закон пред сиот народ, за да бидат длабоко импресионирани од величеството и страшното откровение на Неговата сила и слава и да се плашат да ги престапуваат Неговите заповеди. Бог го изговорил Својот закон со грмотевици и светкање на молњи, од густ облак на врвот на планината, а Неговиот глас бил како глас на многу силна труба. Законот на Јехова е непроменлив, а плочите на кои Тој го напишал биле од тврд камен, како знак за непроменливоста на Неговите заповеди и правила. Затоа карпестата гора Синај станала свето место за сите што го љубат и го почитуваат Божјиот закон. {ПЖ 74.3}

Заедно co Бога

Додека Јован во мислите ги набљудувал настаните од Хорив, Духот на Оној што го посветил седмиот ден слегол врз него, па тој го видел Адамовиот грев во престапувањето на божествениот закон и страшните последици од тој престап; а бескрајната Божја љубов, покажана во дарувањето на Својот Син за спасение на човечкиот род, му се чинела толку голема што не можела да се искаже со зборови, затоа во своето послание ја повикува црквата и целиот свет: „Гледајте каква љубов ни дал Отецот — да се наречеме чеда Божји, и такви да бидеме. Затоа светот не нѐ знае, оти не Го позна Него“ (1 Јованово 3:1); и Јован останал восхитен што Бог можел да го даде Својот Син да умре за побунетиот човек — тајна која и нему му изгледала неискажлива — додека го согледувал планот на спасението, замислен на небото по толку голема цена, а сепак отфрлен од многумина за кои била принесена таа бескрајна жртва! {ПЖ 75.1}

Јован бил во заедница со Бога. Колку повеќе учел за божествениот карактер преку делата на создавањето, толку повеќе растела неговата почит кон Бога. Тој често се прашувал зошто луѓето, кои се потполно зависни од Бога, не се стремат да бидат во мир со Него преку скапоцена послушност. Бог е бесконечен во мудроста и за Неговата сила нема граница; Тој управува со вселената и со сите нејзини безбројни светови и ги одржува во совршен ред, убавина и величина на сѐ што создал. Гревот е престап на законот, а платата за гревот е смрт. Не би постоела никаква несогласност ниту на небото ниту на земјата, ако гревот не се вовлекол на оваа планета. Непослушноста кон Божјиот закон ја донела оваа беда меѓу Неговите созданија. Зошто, тогаш, луѓето не сакаат да се помират со Бога? {ПЖ 75.2}

Не е мала работа да се греши против Бога, ставајќи ја изопачената човечка волја против волјата на Создателот. Дури и за луѓето од овој свет, во нивен најдобар интерес е да им се покоруваат на Божјите заповеди; а сигурно е во нивен вечен интерес да Му се покоруваат на Бога и да бидат во мир со Него. Полските ѕверови им се покоруваат на природните закони на Создателот според инстинктот што владее во нив. Тој му заповеда на гордиот океан: „До тука ќе дојдеш и нема да преминуваш, и тука е границата на твоите горди бранови“ (Јов 38:11), и водите се спремни да се покорат на Божјата реч. Ѕвездите и планетите се вртат во совршен ред, покорувајќи им се на законите што Бог ги востановил. Од сите созданија што Бог ги создал на земјата, само човекот се побунил. Уште повеќе: тој има разум за да ги разбере барањата на божествениот закон, и совест за да ја почувствува вината на престапот, како и мирот и радоста од послушноста. Бог го создал како слободно морално суштество — да Му се покорува или да не Му се покорува. Наградата на вечниот живот и вечната тежина на славата им е ветена на оние што ја исполнуваат Божјата волја, додека предупредувањето за Божјиот гнев стои над оние што му се спротивставуваат на Божјиот закон. {ПЖ 76.1}

Божјото величие

Кога Јован размислувал за Божјата слава, откриена во Неговите дела, бил обземен од големината и величеството на Создателот. И дури сите жители на овој малечок свет да одбијат да Му се покоруваат на Бога, Тој сепак не би бил лишен од Својата слава. Во еден миг би можел да ги избрише од лицето на земјата сите смртни битија и да создаде нов народ што би го славел Неговото име. Господ не е зависен од човечка почест: Тој може да ги повика ѕвездените војски на небото и милиони оддалечени светови да пеат песна на чест, пофалба и слава на својот Создател. „Небесата ја објавуваат славата на Бога, а за делата на рацете Негови известува сводот небески; ден на денот објавува, и ноќ на ноќта знаење открива. Нема јазик, ниту пак говор, во кој не се слуша Неговиот глас. Нивниот звук се разнесува по целата земја, а нивните зборови до краиштата на вселената. На сонцето Го поставил Своето живеалиште“ (Псалм 19:1–4). „Каде беше ти кога ги поставував основите на земјата? — кажи, ако знаеш… кога ликуваа утринските ѕвезди и кога сите Божји синови извикуваа од радост“ (Јов 38:4,7). „И небото ќе ги прославува, Господи, Твоите чудесни дела и Твојата вистина во собранијата на светиите. Зашто кој на облаците ќе се споредува со Господа, и кој од синовите Божји ќе се изедначи со Господа? Во соборот на светите Бога Го прославуваат; велик е и страшен за сите оние што Го опкружуваат“ (Псалм 89:5–7). {ПЖ 76.2}

Визија за Христа

Јован се сеќавал на прекрасните и чудесни случувања на кои бил очевидец во Христовиот живот и во мислите повторно се радувал на можностите со кои некогаш бил опкружен и утешен, кога одеднаш неговото размислување било прекинато: бил повикан со јасен и определен глас; се свртел да види од каде доаѓа гласот и Го здогледал својот Господ, Кого го сакал, со Кого чекорел и зборувал и на чие страдање на крстот бил сведок, но колку изменета била Христовата појава — Тој веќе не е „Маж на болки, свикнат на страдања“ (Исаија 53:3) и не ги носи повеќе знаците на Своето понижување: очите Му биле како огнен пламен, нозете како избрусен месинг, гласот Му како глас на многу води, лицето Му светело како сонце во пладневен сјај; во раката држел седум ѕвезди што ги претставуваат проповедниците на црквите, а од устата Му излегувал меч со две острици — симбол на силата на Неговите зборови. {ПЖ 77.1}

Јован, кој толку Го љубел својот Господ и цврсто се држел за вистината, соочен со темница, мачење и закани за смрт, не можел да ја издржи возвишената Христова слава, туку паднал на земја како смртно покосен. Тогаш Исус, ставајќи ја Својата рака врз Својот понизен слуга, проговорил: „Не бој се! Јас Сум Првиот и Последниот и Живиот; и умрев, и ете — Жив Сум во сите векови“ (Откровение 1:17–18). Јован бил охрабрен да живее во присутноста на својот прославен Господ, и потоа, во света визија, му бил откриен Божјиот план за идните векови. Тој бил запознаен со славната убавина на небесниот дом: му било дозволено да погледне кон Божјиот престол и да ги види белите облеки на спасените; ја слушнал музиката на небесните ангели и триумфалните песни на оние што победиле со крвта на Јагнето и со зборот на своето сведоштво. {ПЖ 78.1}

Јовановата понизност

На љубениот ученик му било дадено такво возвишено предимство какво што ретко му било укажано на смртен човек. Меѓутоа, тој толку блиску се прилагодил на Христовиот карактер, што злото не можело да најде место во неговото срце. Неговата понизност не се состоела во празно верување, туку била благодат со која бил облечен како со природна облека. Тој секогаш се стремел да ги прикрие своите праведни дела и да избегне сѐ што би можело да привлече внимание кон него. Во своето евангелие го спомнува „ученикот кого Исус го љубеше“, но го сокрива фактот дека тој ученик бил самиот тој. Во секојдневниот живот учел и практикувал милост и љубов во полна смисла. Имаше високо чувство за љубовта што треба да постои меѓу телесните браќа и меѓу браќата во верата. Тој ја нуди и ја препорачува оваа љубов како важна карактеристика на Христовите следбеници; ако таа недостасува, сите права на христијанското име се залудни. {ПЖ 78.2}

Јован бил учител на практичната побожност и предложил непогрешливо правило за христијанското однесување: верниците треба да имаат чисто срце и исправно однесување и во никој случај да не се задоволуваат со празно верување. Тој јасно објавил дека да се биде христијанин значи да се биде сличен на Христа. {ПЖ 79.1}

Животот на Јован претставувал сериозен напор човекот да се прилагоди на Божјата волја. Апостолот го следел Спасителот толку блиску и имал такво чувство за чистотата и возвишеноста на Христовата светост, што сопствениот карактер му изгледал спротивен и прекумерно несовршен. Затоа, кога Исус во Своето прославено тело му се открил на Јован, еден брз поглед бил доволен тој да падне на земја како мртов. Така ќе биде секогаш со оние што најдобро Го познаваат својот Господ и Учител: колку поблиску го разгледуваат Христовиот живот и карактер, толку подлабоко го чувствуваат својот грев и толку помалку ќе бидат склонети да се фалат со „светост“ на срцето или да го истакнуваат своето наводно посветување. {ПЖ 79.2}

Сподели го ова:

Поврзани статии