Посветен живот
Карактерот на апостолот Јован
Апостолот Јован се разликувал од своите браќа по тоа што бил „ученикот кого Исус го љубеше“ (Јован 13:23). Иако во најмала мера не бил кукавичка, слабак или колеблив, тој поседувал пријатен и љубезен дух и топло, чувствително срце. Судејќи по сѐ, тој многу се радувал на Христовата наклоност, а Спасителот навистина го опкружувал со знаци на доверба и љубов. Тој бил еден од тројцата на кои им било дозволено да бидат сведоци на Христовата слава на гората на Преображението, но и на Неговите агонии во Гетсиманија; и нему нашиот Спасител му ја доверил Својата мајка во мачните часови на крстот. {ПЖ 53.1}
Наклоноста на Спасителот кон љубениот ученик била возвратена со сета сила на огнена верност. Јован се прилепил за Исуса како што лозата се прилепува околу држечкиот столб. Заради својот Учител тој храбро се изложувал на опасност да биде осуден и останал под крстот; а на веста дека Исус воскреснал, тој трчал кон гробот и, во својата огнена ревност, го оставил зад себе дури и огнениот Петар. {ПЖ 53.2}
Љубовта на Јован кон неговиот Учител не била како обично човечко пријателство, туку љубов на покаен грешник кој се чувствувал избавен со скапоцената Христова крв. Тој работата и страдањето во службата на својот Господ ги сметал за најголема чест. Неговата љубов кон Исус го наведувала да ги сака сите за кои Христос умрел. Неговата религија била практична: тој искрено сметал дека љубовта кон Бога мора да се манифестира во љубовта кон Божјите деца. Често можело да се чуе како вели: „Возљубени, кога така нѐ засака Бог, така и ние сме должни да се сакаме еден со друг“ (1 Јованово 4:11). „Ние Го сакаме, бидејќи порано Тој нѐ засака. Ако некој рече: ‘Го сакам Бога’, а го мрази својот брат, лажец е; оти кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не Го видел?“ (стих 19,20). Животот на апостолот бил во потполна хармонија со неговото учење: љубовта што горела во неговото срце за Христа го наведувала со најсрдечна и неуморна ревност да работи за своите ближни, особено за браќата во христијанската заедница. Тој бил силен проповедник кој зборувал со жар и длабока срдечност, а неговите очи биле проткаени со силно убедување. {ПЖ 53.3}
Ново битие преку благодатта
Верната љубов и несебичното посветување што се откриваат во животот на апостолот Јован претставуваат поука од непроценлива важност за христијанската црква. Некои велат дека Јован поседувал љубов независно од Божјата милост, но Јован по природа имал сериозни недостатоци во карактерот: бил горд и амбициозен, гневен и брз да се реваншира на навреда. {ПЖ 54.1}
Длабоката и огнена наклоност на Јован кон неговиот Учител не била причината што Исус го љубел, туку производ на таа љубов. Јован копнеел да биде сличен на Христа и, под преобразувачкото влијание на Христовата љубов, станал кроток и понизен во срцето. Тој се сокривал во Христа, бил цврсто споен со живата Лоза и така станал соучесник во божествената природа. Тоа секогаш е резултат на заедницата со Христа — тоа е вистинското посветување. {ПЖ 54.2}
Иако кај поединци можат да постојат различни недостатоци во карактерот, сепак, кога некој ќе стане вистински Христов ученик, силата на божествената милост прави од него ново создание — Христовата љубов го преобразува и го посветува. Но ако луѓето тврдат дека се христијани, а нивната религија не ги прави подобри мажи и жени во сите односи на животот, не ги прави живи претставници на Христа во делата и карактерот, тогаш тие не Му припаѓаат на Христа. {ПЖ 55.1}
Задачи во изградувањето на карактерот
Во една прилика, Јован се впуштил во дискусија со своите браќа за тоа кој од нив би требало да биде најголем. Тие не сакале нивните зборови да допрат до ушите на Учителот. Меѓутоа, Исус ги читал нивните срца и ја искористил таа можност да им даде поука за понизност. Таа поука не важела само за онаа мала група што ги слушала Неговите зборови, туку била изговорена за доброто на сите Негови следбеници до крајот на времето: „Па, како седна, ги повика дванаесетте и им рече: „Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите, и на сите слуга!” (Марко 9:35). {ПЖ 55.2}
Оние што го поседуваат Христовиот дух нема да имаат амбиција да заземаат положба над своите браќа. Оние што се мали во своите очи ќе станат големи во Божјите очи. „И кога зема едно дете, го постави меѓу нив, го прегрна и им рече: ‘Кој прими едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, не Мене Ме прима, туку Оној, Кој Ме пратил’“ (стих 36,37). {ПЖ 55.3}
Каква скапоцена поука за сите Христови следбеници! Оние што ги заобиколуваат животните должности и ги газат под нозе, што ги запоставуваат милоста и добрината, учтивоста и љубовта — дури и кон едно мало дете — го запоставуваат Христа. Јован ја почувствувал силата на овие зборови и ги искористил. {ПЖ 56.1}
Во една друга прилика, неговиот брат Јаков и тој виделе еден човек како изгонува демони во Исусово име, и бидејќи тој не бил непосредно поврзан со нивната заедница, тие заклучиле дека нема право да го прави тоа и му забраниле. Во наивноста на своето срце, Јован му го изнел тој случај на Учителот. Исус рекол: „Не бранете му, зашто никој што прави чудо во Мое име не ќе може наскоро да говори зло за Мене. Зашто кој не е против вас, тој е со вас“ (стих 39,40). {ПЖ 56.2}
Повторно, Јаков и Јован, преку посредство на својата мајка, му поднеле на Христа молба, барајќи да им се дозволи да заземат најголеми почести и положба во Христовото царство. Спасителот им одговорил: „Не знаете што барате!“ (Марко 10:38). Колку малку од нас го разбираат вистинското значење на своите молитви. Исус ја знаел бескрајната жртва со која таа слава ќе мора да се плати, кога „наместо предодредената слава, поднел крст, не грижејќи се за срамот“ (Евреите 12:2). {ПЖ 56.3}
Таа славна радост ќе се состои во тоа кога Исус ќе ги види душите спасени со Неговото понижување, агонија и прелевањето на својата крв. Тоа била славата која Исус ]а добил, и во која овие двајца ученици силно посакале да имаат удел. Исус ги запрашал: „Можете ли да ја испиете чашата што ја пијам Јас и да се крстите со крштевањето, со кое се крштевам јас? А тие одговорија: Можеме!” (Марко 10:38,39). {ПЖ 57.1}
Колку малку сфаќале тие што значи тоа крштевање! „Исус им рече: ‘Чашата што ја пијам Јас ќе ја пиете и вие, и со крштевањето со кое се крштевам Јас ќе се крстите; но да дозволам да се седи од Мојата десна или од Мојата лева страна — не зависи од Мене; тоа е за оние за кои е подготвено’“ (стих 38,39). {ПЖ 57.2}
Гордоста и амбицијата укорени
Исус ги разбрал мотивите што го поттикнале ова барање и затоа ја укорил гордоста и амбицијата на овие двајца ученици: „Знаете дека оние што се сметаат кнезови народни господарат над нив, и управниците управуваат над нив. Но меѓу вас нека не биде така; а кој сака меѓу вас да биде поголем, нека ви биде слуга, и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите. Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, туку да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (стих 42–45). {ПЖ 57.3}
Во една прилика Исус пратил гласници пред себе во едно самарјанско село, молејќи ги луѓето да приготват преноќиште за Него и Неговите, но кога Спасителот се приближувал кон селото, им изгледало дека Тој ќе продолжи по патот кон Ерусалим. Затоа се разгорела омраза и непријателство кај Самарјаните и, наместо да Го примат на преноќиште, Му ја ускратиле почитта што им ја укажувале и на обичните патници. Исус никогаш не го наметнувал Своето присуство, а Самарјаните го загубиле благословот што можеле да го примат ако Го замолеле да остане кај нив. {ПЖ 57.4}
Можеме да се чудиме на оваа неучтива постапка кон Величеството на небото, но колку често и ние, кои признаваме дека сме Христови следбеници, го правиме истиот грев на немарност. Дали Го повикуваме Христа да живее во нашите срца и домови? Тој е полн со љубов, милост и благослов и секогаш е подготвен да ги излее тие дарови врз нас, но, слично на Самарјаните, и ние често се задоволуваме и без нив. {ПЖ 58.1}
Учениците знаеле дека Христовата намера била со Своето присуство да ги благослови Самарјаните; но кога ја виделе ладнокрвноста, злобата и непочитувањето кон нивниот Учител, се исполниле со запрепастување и гнев, а Јаков и Јован биле особено разгневени. Да биде така лошо пречекан Оној Кого тие особено Го почитувале им изгледало како толку голем престап што тешко може да помине без казна. Во својата ревност тие рекле: „Господи, сакаш ли да кажеме да падне оган од небото и да ги истреби, како што направи и Илија?“ (Лука 9:54). Тие се повикале на уништувањето на царските капетани и нивните чети, кои биле пратени од царот Охозија да го фатат пророкот Илија (2 Цареви 1:9–12). {ПЖ 58.2}
Христос ги покарал Своите ученици, говорејќи: „Не знаете од каков дух сте вие, зашто Синот Човечки дојде не да погубува човечки души, туку да спаси“ (стих 55,56). Јован и другите ученици биле во училиште во кое Исус бил Учителот. Оние што биле подготвени да ги согледаат своите грешки и што сакале да го поправат својот карактер имале доволно можности за тоа. Јован ја користел секоја можност и постојано се стремел да го доведе својот живот во согласност со божествениот Пример. Исусовите поуки, кои ја истакнувале кроткоста, понизноста и љубовта како важни доблести за растење во благодатта и за подготвеност во делото, за Јован биле од најголема вредност. Овие исти поуки ни се упатени и нам — и како поединци и како браќа во црквата — исто како што им биле упатени на првите ученици. {ПЖ 59.1}
Јован и Јуда
Можеме да извлечеме многу поучна лекција од острата спротивност меѓу карактерите на Јован и на Јуда. Јован бил жив пример на посветување. Од друга страна, Јуда имал обличје на побожност, додека неговиот карактер бил повеќе сатански отколку божествен. Тој се преправал како Христов ученик, додека со зборовите и делата се откажувал од Христа. {ПЖ 59.2}
Јуда ги имал истите скапоцени можности што ги имал и Јован — да го проучува и да го следи Примерот. Тој ги слушал Христовите поуки и неговиот карактер можел да се преобрази преку божествената милост. Но додека Јован бил строг кон своите сопствени маани, стремејќи се да се прилагоди на Христа, Јуда ја прекршувал својата совест, попуштајќи му на искушението и предавајќи им се на своите нечесни навики, кои го преобразиле во сатанско обличје. {ПЖ 59.3}
Овие двајца ученици го претставуваат христијанскиот свет. Сите признаваат дека се Христови следбеници, но додека една класа чекори во понизност и кротост, учејќи се од Христа, другата докажува дека не се творци на Речта, туку само слушатели. Едната класа се посветува преку вистината; другата не ја познава преобразувачката сила на божествената милост. Првите секојдневно умираат за себе и за своето „јас“, и ги победуваат гревовите. Другите им попуштаат на своите желби и страсти и стануваат ниски слуги на сатаната. {ПЖ 60.1}
