4. НЕПОКОЛЕБЛИВА ЦЕЛ
Среда, 25 ноември 2026
а. Која била целта на Павловата грижа за стадото? 1. Солунјаните 2:11–13.
„Познавањето на вистината не зависи толку од силата на интелектот, колку од чистотата на намерите, од едноставната искрена и цврста вера. Божјите ангели се веднаш покрај оние кои со понизно срце бараат Божјо водство. Ним им се дава Свети Дух да им ги отвори богатите ризници на вистината.“
Извор: Христовите очигледни поуки, 59.
б. Опишете ги пречките на кои наишло проповедањето на Евангелието во времето на Павле – и на кој начин тоа се повторувало низ историјата, а ќе се повтори и во блиска иднина. 1. Солунјаните 2:14–18; 2. Тимотеј 3:12; Матеј 5:10–12.
„Штом борбата се проширува на нови подрачја и кога вниманието на народот се насочува кон погазениот Божји закон, ни сатаната не мирува. Силата што ја придружува веста само ќе ги разгневи сите што и се противат. Свештениците ќе употребат речиси натчовечки напори да ја засолнат светлината за да не им свети на нивните стада. Ќе се трудат со сите средства што им стојат на располагање да ги спречат дискусиите околу овие важни прашања. Црквата ќе се потпре врз силната рака на граѓанската власт и во тоа католиците и протестантите ќе се обединат. Кога движењето за задолжително празнување на неделата ќе биде посмело и порешително, тогаш и законот ќе биде повикан на помош против оние што ги држат Божјите заповеди. Ќе им се закануваат со парични казни и со затвор, а на некои ќе им се понудат влијателни места и положби, како и други награди и предности, како поттик да се откажат од својата вера. Но нивниот непоколеблив одговор ќе гласи:
„Докажете ни ја со Божјото слово нашата заблуда“ – истото она што го барал и Лутер кога се нашол во слични околности. Оние што ќе бидат доведени пред судовите ќе ја одбранат вистината силно и убедливо, и некои од оние што ги слушаат ќе бидат поттикнати да се решат да ги држат сите Божји заповеди. На овој начин светлината ќе осветли илјадници такви кои инаку никогаш не би дознале за овие вистини.
„Совесната послушност кон Божјото слово ќе се толкува како бунт. Заслепени од сатаната, родителите ќе постапуваат строго и сурово со своите деца кои му се верни на Бога; господарите и господарките ќе ги угнетуваат своите слуги кои ги држат заповедите. Љубовта ќе олади; децата ќе бидат лишени од наследството и истерани од дома. Зборовите на Павле: „А и сите, што сакаат да живеат побожно во Христос Исус ќе бидат гонети“ (2. Тимотеј 3:12), буквално ќе се исполнат. Бидејќи бранителите на вистината ќе одбијат да ја почитуваат неделата на местото на саботата, некои од нив ќе бидат фрлени во затвор, некои ќе бидат прогонети, а со некои ќе се постапува како со робови. На човечкиот ум сето ова сега му изгледа невозможно, но кога Божјиот Дух, кој го зауздува злото, ќе се повлече од луѓето и кога тие ќе дојдат под контрола на сатаната, кој ги мрази божествените прописи, ќе се применуваат дотогаш нечуени постапки. Срцето може да биде мошне свирепо кога од него ќе исчезне љубовта и стравот од Бога.“
Извор: Големата борба, 607, 608.
