Учењето во денешниот свет

Сподели го ова:

2. УЧЕЊЕТО ВО ДЕНЕШНИОТ СВЕТ

Понеделник, 2 ноември 2026

а. Како треба да растеме на секој чекор од нашиот христијански живот – и како тоа треба да нè води во воспитувањето на идните поколенија? Колосјаните 2:6,7.

„Најдоброто воспитување што можеме да им го дадеме на децата и младите е она што е најтесно поврзано со идниот, бесмртен живот. Таквото воспитување треба да го обезбедат побожните родители, посветените учители и Црквата, за младите, од своја страна, да станат ревносни мисионери, било во домашните било во странските мисионски полиња. Треба усрдно да ги поучуваме во библиските вистини, за да станат столбови во Црквата, борци за вистината, вкоренети и утврдени во верата. Треба да знаат во што веруваат и во божествените работи да стекнат такво искуство што никогаш нема да ја изневерат светата доверба. Младите треба да ги поучуваме, и со збор и со пример, да бидат Божји работници, весници на милоста, подготвени за секое добро слово и дело, за да бидат благослов за оние што се наоѓаат на работ на пропаста.“

Извор: Fundamentals of Christian Education, p. 231.

б. Со оглед на световниот начин на размислување што преовладува денес, која суштински важна перспектива мораме секогаш да ја имаме на ум? Колосјаните 2:8; 1. Коринтјаните 3:19.

„И најпроникливиот ум на светот, ако не е просветлен со Божјиот збор, станува збунет и залутува во обидот да проникне во прашањата на науката и откровението. Творецот и Неговите дела ја надминуваат моќта на сфаќање на ограничениот човечки ум; и луѓето, бидејќи не се во состојба да ги објаснат Божјите дела и патишта со природни причини, заклучуваат дека библиската историја е несигурна. Многумина, во своите настојувања да Му ја оспорат на Бога Неговата семоќна власт и сила во уредениот поредок на вселената, го понижуваат и човекот, најблагородното од сите Негови созданија. Теориите и претпоставките на филозофијата би нè навеле да веруваме дека човекот настанал преку постепен и бавен развој, не само од состојба на дивјаштво и заостанатост, туку и од најниските облици на животинскиот свет. Не признавајќи ја Божјата чудотворна моќ, тие го уништуваат и човековото достоинство. Бог го просветлил човечкиот ум и преку достигнувањата на уметноста и науката го исполнил светот со изобилство светлина. Но оние што сето тоа го набљудуваат од чисто човечка гледна точка неизбежно доаѓаат до погрешни заклучоци. Прикриени под плаштот на филозофијата и науката, се вовлекуваат скептицизмот, заблудите и неверството. Сатаната многу лукаво го користи тоа за да ги придобие душите, одвојувајќи ги од живиот Бог, од вистината и од верата.“

Извор: Коментари на библиските текстови, 754, 755.

Сподели го ова:

Поврзани статии