2. СОЗДАВАЧКАТА СИЛА ВО ХРИСТОС
Понеделник, 26 октомври 2026
а. Опишете го славното искуство што го прикажува апостолот – и како, останувајќи во него, можеме да ја одржиме својата вера силна. Колосјаните 1:12-14.
„Би требало цврсто да стоиме во слободата која Тој ни ја подарил и да се радуваме во вистината. На Бога не Му е угодно да одиме да слушаме погрешни учења без да сме приморани. Тој не нѐ праќа на такви собири каде што заблудата преку силата на силната волја му се наметнува на народот и Тој таму нема да нè чува. Ангелите престануваат будно да бдеат над нас и ние остануваме препуштени на ударите на непријателот, за да бидеме заслепени и ослабени од него и од силата на неговите зли ангели, и светлината што нѐ опкружува станува нејасна под влијание на темнината… Ние немаме време да слушаме измислици. Наместо така да се одвлекуваат, нашите мисли треба да бидат целосно обземени со сегашната вистина; треба да бараме мудрост за што појасно да ја сфатиме својата положба и да бидеме во состојба со кротост да дадеме библиски одговор на секој кој ќе нѐ запраша за нашата надеж.“
Извор: Рани списи, 124, 125.
„Бог ’нè избави од власта на темнината и нè пренесе во царството на Својот драг Син’ (Колосјаните 1:13). Сето тоа ни е понудено во Неговата Реч. Ако ја примиме Речта, ќе бидеме ослободени.“
Извор: Копнежот на вековите, 320.
б. На кој начин, споредувајќи ги библиските текстови, можеме појасно да го разбереме значењето на Христовата превозвишеност? Колосјаните 1:15, 18; споредете ја употребата на зборот „првороден“ во Псалм 89:20, 27 и 1. Самоилова 16:11–13.
„Ние имаме само една совршена слика за Бога – а тоа е Исус Христос.“
Извор: Коментари на библиските текстови, 754.
в. Што открива дека Христос е Бог? Колосјаните 1:16,17; Јован 1:1-3; Евреите 1:2.
„Преку Христос – Речта, Бог, Кој е личност, го создал човекот и го надарил со разум и сила.“
Извор: Здравје и среќа, 415.
„Раката која ги одржува световите во просторот, раката која одржува сѐ по целата Божја вселена во уреден поредок и неуморна активност, тоа е раката што била прикована на крстот поради нас.“
Извор: Воспитување, 132.
