4. ЦЕЛОСНО ПРЕДАВАЊЕ
Среда, 29 јули 2026
а. Која била Павловата искрена желба за верниците?
Римјаните 12:1; 1 Солуњаните 5:22,23.
„Иако овие зборови се упатени кон стариот Израел, тие содржат поука и за денешниот Божји народ. Кога апостолот апелира до своите браќа да ги принесат телата свои како „жртва жива, света и благоугодна на Бога“, тој ги изнесува начелата на вистинското посветување. Тоа веќе не е теорија, емоција или игра со зборови, туку живо, активно начело внесено во секојдневниот живот. Тоа бара нашите навики во јадењето, пиењето и облекувањето да бидат такви што ќе обезбедат заштита на физичкото, духовното и моралното здравје, за да можеме пред Бога да ги принесеме нашите тела — не како жртва расипана од лошите навики, туку како ’жртва жива, света и благоугодна на Бога.’“
Извор: Посветен живот, стр. 28.
„Сите ние треба со сето свое битие да ѝ се посветиме на Божјата служба и да се трудиме таа жртва да ја сториме колку што е можно посовршена. Бог ќе биде задоволен само тогаш ако му го дадеме најдоброто што го имаме. Секој оној што го љуби со сето срце, ќе сака да му го посвети најдобриот дел на својот живот и постојано ќе се труди сите сили на своето битие да ги доведе во хармонија со законите на природата, со што неговите умни и духовни способности, како и подготвеноста да му послужи на Бога, ќе бидат потпомогнати.“
Извор: Патријарси и пророци, стр. 352.
б. Каков товар почувствувало мноштвото во своите срца кога го слушнало Петровиот говор на денот на Педесетница?
„Сега слушале како учениците тврдат дека Оној што тие го распнале всушност е Божји Син. Свештениците и поглаварите се треселе. Народот бил возбуден и опфатен со болка. „А кога го чуја тоа, ги засегна во срцето и му рекоа на Петар и на другите апостоли: ‘Луѓе, браќа, што да правиме?’” Меѓу оние што ги слушале учениците имало и побожни Евреи, искрени во своето верување. Силата што ги придружувала зборовите на говорникот ги убедила дека Исус навистина бил Месија… На оние што биле осведочени со вистината, Петар им го предочил фактот дека Христа го отфрлиле затоа што биле измамени од свештениците и поглаварите и дека никогаш нема да се осмелат да го примат ако и понатаму бараат совет од истите луѓе, очекувајќи претходно и тие да го примат. Овие властодршци, иако исповедале побожност, биле полни со амбиции за богатство и за световна слава. Тие не биле подготвени да му пристапат на Христа за да примат светлина.“
Извор: Делата на апостолите, стр. 43.
