5. ОДРЖУВАЊЕ НА ПРЕДАВАЊЕТО
Четврток, 30 јули 2026
а. Што ни дава уверување дека можеме целосно да Му се посветиме на Господа и да бидеме способни да го носиме Христовиот лик?
„Бог не бара од вас да се плашите дека Тој нема да ги исполни Своите ветувања, дека ќе се измори во Своето трпение, дека ќе му недостигне сожалување. Всушност, треба да се плашите вашата волја да не и откаже покорност на Христовата волја и со вашиот живот да не завладеат вашите лоши наследени и стекнати карактерни особини. „Зашто Бог е Оној Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја”. Би требало да се плашите меѓу вашата душа и вашиот голем Учител да не се испречи вашата стара природа; плашете се вашето „јас“ да не ја осуети целта што Бог сака да ја постигнете; плашете се од преголемо потпирање врз своите сопствени сили; плашете се да не ја истргнете својата рака од Христовата рака и да се обидете да одите по животниот пат без Неговото постојано присуство.“
Извор: Христовите очигледни поуки, стр. 161.
б. Како можеме да ја одржиме цврстината на верата и целосното предавање на исправните начела?
Галатјаните 2:20; Матеј 16:24,25.
„Оние што сакаат да ги добијат благословите на посветувањето, мораат да го сфатат значењето на пожртвувањето. Христовиот крст е главен столб кој го држи ’вечното изобилство на славата’.
Извор: Делата на апостолите, стр. 560.
„Вие не можете да го измените своето срце, вие не можете сами од себе на Бога да му ги посветите чувствата на своето срце; но можете да одлучите да Му служите. Можете да Му ја предадете својата волја; тогаш Тој ќе дејствува во вас да сакате и да го правите она што Нему му е угодно… Ако правилно се служите со својата волја, може да се случи целосна промена во вашиот живот. Ако својата волја му ја потчините на Христа, ќе се соедините со силата која е над сите поглаварства и власти. Ќе имате сила одозгора да останете постојани и така со постојано покорување на Бога ќе бидете оспособени да живеете нов живот, живот на вера.“
Извор: Патот кон Христа, стр. 47, 48.
