2. БОЖЕСТВЕНИ ТАЈНИ
Недела, 14 септември 2026
а. Како треба да се однесуваме кон тајните што Бог не ни ги објаснил?
Второзаконие 29:29; Јов 38:4–11.
„Божјото слово, како и карактерот на нејзиниот божествен Автор, изнесува тајни коишто ограничените суштества никогаш нема да можат во целост да ги разберат. Појавата на гревот во светот, отелотворувањето на Христа, новораѓањето, воскресението и бројни други теми со кои се занимава Библијата, се премногу длабоки тајни за човечкиот ум да си ги објасни или пак сосема да ги разбере. Меѓутоа немаме причина да се сомневаме во Божјото слово само затоа што не можеме да ги разбереме тајните на божественото провидение.“
Извор: Патот кон Христа, стр. 106.
„Бог не ги принудува луѓето да се откажат од своето неверување. Пред нив се светлината и темнината, вистината и заблудата. На нив е да одлучат што ќе прифатат. Човечкиот разум е надарен со способност да прави разлика помеѓу доброто и злото. Бог сака човекот да не одлучува според моменталното чувство, туку врз основа на докази, споредувајќи внимателно библиски текст со библиски текст. Доколку Евреите ги ставиле настрана своите предрасуди и го споредиле пишаното пророштво со фактите кои го карактеризирале Исусовиот живот, тие би забележале прекрасна хармонија меѓу пророштвата и нивното остварување во животот и службата на понизниот Галилеец. Многумина и денес се измамени на истиот начин како и некогашните Евреи. Верските учители ја читаат Библијата во светлина на своите сопствени ставови и традиции, а луѓето не ја истражуваат Божјата Реч сами за себе и не оценуваат самостојно што е вистина, туку се потпираат на туѓ суд и ја доверуваат својата душа на нивните водачи. Проповедањето и поучувањето на Божјата Реч е еден од начините што Бог ги одредил за ширење на светлината, но ние мораме да го провериме учењето на секој човек со Светото писмо.“
Извор: Копнежот на вековите, стр. 458.
б. Како и самата Библија покажува дека во неа има работи што тешко се разбираат?
„Тешките места во писмото неверниците ги изнесувале како доказ против Библијата, но, далеку од тоа, тие силно потврдуваат дека Библијата е божествено вдахновена. Кога Библијата би давала само извештаи за Бога, кои би можеле лесно да ги сфатиме, кога Неговата големина и величество би можеле да го разберат ограничените умови, тогаш таа не би го носела непогрешливиот печат на Божјиот авторитет. Токму големината и таинственоста на темите за кои се зборува треба да нè вдахнат со вера во Библијата како Божјо слово.“
Извор: Патот кон Христа, стр. 107.
