5. ОТКУПИТЕЛСКАТА ЉУБОВ НА ОТЕЦОТ
Четврток, 6 август 2026
а. Кои се условите под кои Бог нè прифаќа?
„Бог не постапува со нас како што смртните луѓе постапуваат едни со други. Неговите мисли се мисли на милост, љубов и најнежно сочувство.“
Извор: Патот кон Христа, стр. 53.
„Секој што ќе ја послуша опомената и со понизна душа ќе го признае својот грев и ќе се покае, како Давид, може да биде сигурен дека за него постои надеж. Секој кој со вера ќе ги прифати Божјите ветувања, ќе добие проштавање. Господ никогаш нема да ја отфрли душата која искрено се кае.“
Извор: Патријарси и пророци, стр. 726.
б. Каков е вистинскиот став на нашиот небесен Отец кон сите што застраниле?
„Сатаната е готов да ви го оттргне погледот од Божјите блажени уверувања. Тој сака да ѝ ја одземе на душата секоја искра надеж и секој зрак на светлина; но вие не смеете да му го дозволите тоа. Не слушајте го, туку кажете: „Исус умрел за да можам јас да живеам. Тој ме сака и не сака да пропаднам…“ Приказната ни покажува како и заскитаниот ќе биде примен: ’Додека уште беше далеку, татко му го виде и му се сожали та се стрча, го прегрна и го избакна’ (Лука 15:20). Меѓутоа, дури ни оваа приказна, иако така нежна и трогателна, не успева да го искаже бескрајното сочувство на небесниот Отец. Господ објавува преку својот пророк: ’Те љубам со вечна љубов и затоа со љубовна љубезност те привлеков’ (Еремија 31:3). Додека грешникот е уште далеку од Татковата куќа и го расфрла својот имот во туѓа земја, татковото срце копнее по него; и секој пробуден копнеж на душата да му се врати на Бога не е ништо друго туку нежен повик на Божјиот Дух, кој преколнува, усрдно моли, привлекувајќи го загубениот да му се врати на Татковото срце, полно со љубов.“
Извор: Патот кон Христа, стр. 53, 54.
