3. ПО НЕГОВИТЕ СТАПКИ
Вторник, 6 октомври 2026
а. Во ова време од историјата, што треба да го одбележува нашето размислување и постапување? 2. Коринтјаните 10:3-5; Филипјаните 2:5.
„За во сè да го украсуваме учењето на Христос, нашиот Спасител, мораме да го покажуваме истиот дух што го покажувал Тој. Нашите лични наклоности или одбивност кон некого, како и секоја желба да си угодуваме себеси на штета на другите, мора да ги победиме. Нека Божјиот мир владее во нашите срца. Христос мора да биде жива и делотворна сила во нас.“
Извор: Коментари на библиските текстови, 789.
„Мораме да одиме во училиштето Христово за од Него да се учиме на кротост и понизност. Искупувањето е процес со кој душата се подготвува за небото. Тоа подготвување значи познавање на Христос. Тоа значи ослободување од начинот на размислување, навиките и постапките стекнати во училиштето на кнезот на темнината. Душата мора да се ослободи од сè што е во спротивност со оддаденоста кон Бога.“
Извор: Копнежот на вековите, 330.
б. Како и зошто треба да го одразуваме Христовиот став? Филипјаните 2:6-8.
„Исус ја зел врз Себе нашата природа и ги оставил Својата слава, величество и богатство за да ја изврши Својата мисија – да го спаси она што било загубено. Тој не дошол за да Му служат, туку за да им служи на другите. Исус не им се одмаздувал на оние што Го навредувале, напаѓале и Му се спротивставувале. ’Кој, кога Го навредуваа, не возвраќаше со навреди.’ Кога поради човечката суровост морал да поднесува тешки страдања, Тој не се заканувал, туку се доверувал на Оној што суди праведно. Апостол Павле ги поттикнувал своите браќа во Филипи: ’Нека во вас биде истиот ум што беше и во Христос Исус, Кој, иако беше во Божјо обличје, не сметаше дека еднаквоста со Бога е нешто за кое треба да се држи, туку Сам Себеси се понизи, земајќи обличје на слуга и станувајќи сличен на луѓето; и по изглед се покажа како човек.’ Дали слугата е поголем од својот господар? Христос ни оставил пример со Својот живот, а ние Го обесчестуваме ако реагираме на секое најмало омаловажување или ако сакаме да се одмаздиме за секоја неправда, било замислена или вистинска. Постојано да бидеме подготвени за самоодбрана и непрестајно да бдееме над сопственото достоинство не е одлика на благороден дух. Многу е подобро сто пати да претрпиме неправда отколку да ја раниме сопствената душа со одмаздољубивост или да му дадеме слобода на гневот. Силата ќе ја добиеме од Бога. Тој може да ни помогне. Тој може да ни даде благодат и небесна мудрост. Ако бараш со вера, ќе добиеш; но мораш да бдееш во молитва. Бдеј, моли се и работи – тоа нека биде твоето мото.“
Извор: 2. Сведоштво, 426.
