Христовата молитва

Сподели го ова:

2. ХРИСТОВАТА МОЛИТВА

Понеделник, 7 септември 2026

а. Како Исус ги учел Своите ученици да се молат?

Лука 11:1–4.

„Во текот на својот престој на Земјата, Исус ги учел Своите ученици како да се молат. Тој ги упатувал сите свои секојдневни потреби да му ги изнесат на Бога, сите свои грижи да му ги предадат Нему. Ветувањето што им го дал дека ќе им бидат вослишени нивните молитви, ни го дал и нам… Тој е наш пример во сè. Тој ни е брат во нашите слабости ’искушан во сè како и ние’; но, како безгрешен, Неговата природа се гнасела од гревот; Тој претрпел душевни борби и страдања во светот полн со грев. Како човек, молитвата ја сметал како своја потреба и предност. Тој во разговор со Својот Отец наоѓал утеха и радост. Значи ако Спасителот на луѓето, Божјиот Син, чувствувал потреба за молитва, колку повеќе слабите и грешни смртници би морале да бидат свесни за неопходноста од сесрдна, постојана молитва.“

Извор: Патот кон Христа, стр. 93.

б. На кој начин Библијата ја опишува Христовата посветеност и зошто тоа било толку потребно?

Исаија 50:4; Евреите 2:10; 5:7–9.

„Примајќи го на Себе човечкото обличје, чувствувал дека му е потребна сила од Таткото. Тој одбрал посебни места за молитва. Сакал да има заедница со Својот Татко во самотијата на планината. Со тоа Неговата света, човечка душа станувала зајакната за должностите и неволјите во денот што настапувал. Нашиот Спасител се идентификувал Себеси со нашите неволји и слабости и така секоја ноќ се појавувал пред Бога, молејќи Го Таткото да му подари свежа сила за да може така засилен и освежен, да биде подготвен на должностите и искушенијата. Тој е нашиот пример во сè.“

Извор: Сведоштва за црквата, том 2, стр. 201.

„Покажано ми е дека меѓу младите нема ниту еден од дваесет кој врз основа на лично искуство знае што е тоа вера. Додека исповедајќи ја својата вера тврдат дека се Христови слуги, тие си служат само на себе, и ако не се ослободат од таа маѓепсаност наскоро ќ е се осведочат дека го избрале делот со оние што прават беззаконие. Наместо самоодрекување и пожртвуваност поради вистината, тие го избираат полесниот пат. Наместо сесрдни молитви проследени со солзи и болни пекања упатени до Бога за милост, проштевање и сила да се спротивстават на искушенијата на сатаната, тие сметаат дека сето тоа не е неопходно и дека сосем добро можат да продолжат и без тоа. Христос, Царот на славата, често се повлекувал во осаменост на некоја планина за во молитва да ја излева Својата душа пред Таткото, а грешниот смртник, кој не располага со никаква сила, мисли дека молитвата не му е толку потребна во животот.“

Извор: Сведоштва за црквата, том 1, стр. 504.

Сподели го ова:

Поврзани статии