Молитвите на Даниел

Даниел понизно се моли за својот народ покрај пророчките свитоци

Посветен живот

Молитвите на Даниел

Сподели го ова:

Кога се приближувало времето на истекот на седумдесетте години од израелското ропство, духот на Даниел сѐ повеќе се занимавал со пророштвата на Еремија. Тој увидел дека се приближува времето кога Господ повторно ќе го стави Својот народ на проба; затоа Даниел, со пост и понизност, Му се молел на небесниот Бог за својот народ со следните зборови: „Те молам, Господи, Боже Велики и чудесен, Кој пазиш на заветот и имаш милост за оние што Те сакаат и што ги пазат Твоите заповеди! Згрешивме, вршевме беззаконија, дејствувавме нечесно, се противевме и отстапивме од Твоите заповеди и од Твоите наредби и не ги слушавме Твоите слуги, пророците, кои им зборуваа од Твое име на царевите наши и на достоинствениците наши, на татковците наши и на сиот народ од земјата“ (Даниел 9:4–6). {ПЖ 46.1}

Даниел не ја објавувал својата сопствена верност кон Бога. Наместо да тврди дека е чист и свет, овој ценет пророк понизно се изедначувал со навистина грешниот Израел. Мудроста што Бог му ја дал била далеку поголема од мудроста на големите луѓе од овој свет, како што сончевата светлина е посјајна од светлината на бледите ѕвезди. Уште повеќе, зборовите од молитвата на овој човек биле високо ценети на небото. Со длабока понизност, со солзи и со расцепено срце, тој се молел за себе и за својот народ. Ја отворал својата душа пред Бога, исповедајќи ја својата сопствена недостојност и признавајќи го величеството Господово. {ПЖ 46.2}

Искреност и жалост

Каква искреност и жалост ги карактеризираат неговите молби! Раката на верата е испружена кон небото за да го прифати непрестајното ветување на Севишниот. Неговата душа се борела во агонија, и тој има докази дека неговата молба е услишена. Тој знае дека победата сега е негова. Доколку ние, како народ, би се молеле како што се молел Даниел, кога би се бореле онака како што тој се борел во агонија, и кога би ги понизиле своите души пред Бога, и ние би биле услишени исто како и Даниел. Да чуеме како тој го изложува својот случај во небесниот двор: {ПЖ 47.1}

„Приклони го, Боже мој, увото Свое и послушај, отвори ги очите Свои и погледај ги нашите пустоши и градот, во кој се призива името Твое; зашто ние ги принесуваме молењата свои пред Тебе, надевајќи се не на нашата праведност, туку на Твојата голема милосрдност. Чуј Господи, Господи прости ни, Господи погледај и изврши, не колебај се поради Самиот Тебе, Боже мој, зашто името Твое се призива во Твојот град и во Твојот народ” (Даниел 9:18-19). {ПЖ 47.2}

Човекот Божји се моли за небесни благослови за својот народ и за појасно познавање на божествената волја. Бремето на неговото срце било за Израелот, кој, во најстрога смисла, не го држел Божјиот закон. Тој признал дека сите нивни несреќи дошле како последица од престапувањето на светиот закон. Тој вели: „Згрешивме, постапивме нечесно… зашто поради гревовите наши и поради беззаконијата на татковците наши Ерусалим и народот Твој е за потсмев кај сите што нѐ опкружуваат“ (стих 15,16). Евреите го загубиле својот посебен, свет карактер како избран Божји народ. „А сега чуј ја, Боже наш, молитвата на Твојот слуга и неговото усрдно молење, па заради Тебе, Господи, погледај со светлото Твое лице на опустошеното Твое светилиште“ (стих 17). Лицето на Даниел се свртело со силен копнеж кон опустошеното Господово светилиште. Тој знаел дека нивната благосостојба може да се обнови единствено ако Израел се одврати од престапувањето на Божјиот закон и стане понизен, верен и покорен народ. {ПЖ 47.3}

Небесен гласник

Штом молитвата на Даниел била изговорена, ангелот Гаврил итно долетал од небесниот двор за да му соопшти дека неговите молитви се услишени и дека добиле одговор. На овој моќен ангел му било наложено на Даниел да му ги открие тајните на идните столетија. Така, додека сериозно сакал да ја дознае и да ја разбере вистината, Даниел бил доведен во врска со небесниот делегат и весник. {ПЖ 48.1}

Во одговор на својата молитва, Даниел ја добил не само светлината и вистината што му биле потребни нему и на неговиот народ, туку и видение за големите збиднувања во иднината — сѐ до доаѓањето на Спасителот на светот. Оние што тврдат дека се посветени, а сепак не сакаат да го истражуваат Писмото ниту да се борат со Бога во молитва за појасно разбирање на библиските вистини, не знаат ниту што е тоа вистинско посветување. {ПЖ 48.2}

Даниел зборувал со Бога; небото било отворено пред него. Но најголемото почитување што му било укажано било резултат на неговата понизност и сериозна молитва. Сите што со цело срце веруваат во Божјата Реч ќе бидат гладни и жедни за познавање на Неговата волја. Бог е Автор на вистината: Тој го расветлува помрачениот разум и му дава на човечкиот дух сила да ја сфати и да ја разбере вистината што Тој ја открил. {ПЖ 49.1}

Да се бара мудрост од Бога

Во таа прилика ангелот Гаврил му ги дал на Даниел сите упатства што тој бил кадар да ги прими. Неколку години подоцна, пророкот сакал да дознае и да добие уште повеќе за прашањата што го засегале, па Го молел Бога за поголема мудрост и просветлување: „Во тие денови, јас, Даниел жалев три седмици: вкусен леб не јадев; месо и вино не влезе во устата моја, и масла  не употребив за сето тоа време… ги кренав очите угоре и видов: ете еден човек, облечен во ленена облека, а крстот му беше препашан со злато од Уфаз. Телото негово изгледаше како топаз, лицето како светкавица, очите му беа како запалени светла, рацете негови и нозете негови изгледаа како сјаен бакар и гласот на зборовите Негови како глас на многу луѓе” (Даниел 10:2-6). {ПЖ 49.2}

Овој опис е сличен на оној што е даден кај Јован, кога Христос му се открил на островот Патмос. Ништо помала личност од Синот Божји му се јавила и на Даниел. Нашиот Господ дошол со друг небесен весник за да го поучи Даниел што ќе се случи во последните денови. {ПЖ 49.3}

Големите вистини откриени од Избавителот на светот се за оние што ја бараат вистината како скриено богатство. Даниел тогаш веќе бил стар човек. Неговиот живот бил исполнет со случувањата на незнабожечкиот дворец; неговиот ум се занимавал со државните работи на големата империја. Но сепак се одвратил од сето тоа за да ја помачи својата душа пред Бога, барајќи го познавањето на намерата на Севишниот. И како одговор на неговата молитва, му било дадено видение од небесниот двор за оние што ќе живеат во последните денови. Со каква срдечност би требало и ние да бараме од Бога да ни го отвори разумот, за да ги сфатиме и разбереме вистините што ни се дадени од небото. {ПЖ 50.1}

„И јас Даниел лично, го видов тоа видение, а луѓето што беа со мене не го видоа тоа видение; но голем страв ги обзеде, и тие избегаа за да се сокријат. Останав сам и го гледав тоа големо видение, но во мене не остана сила и видот на лицето мое се измени многу, не остана во мене бодрост” (Даниел 10:7-8). Сите што навистина се посветени ќе имаат слични искуства. Колку појасно им е видението за големината, славата и совршенството Христово, толку подобро ќе ги видат своите сопствени слабости и несовршености. Тие нема да бидат наклонети да тврдат дека имаат безгрешен карактер, дека самите се добри и праведни — спротивно на Христовата чистота и слава — туку ќе знаат само дека се грешни и недостојни. Кога луѓето се одвоени од Бога и кога имаат нејасен и замаглен поглед за Христа, тогаш велат:  „Јас сум без грев; јас сум свет!” {ПЖ 50.1}

Гаврил сега се појавил пред пророкот и му се обратил: „Даниел, сакан човеку! Задлабочи се во зборовите што ќе ти ги кажам, и исправи се на нозете свои, зашто при тебе сум денеска пратен. Штом ми ги кажа тие зборови, јас станав растреперен. Но тој ми рече: Не плаши се Даниел! Од првиот ден кога го насочи срцето свое да постигнеш разбирање и да се смириш пред твојот Бог, зборовите твои беа примени, и јас сакав да дојдам според зборовите твои” (Даниел 10:11-12). {ПЖ 51.1}

Царски почести за Даниел

Колку голема чест му била укажана на Даниел од страна на Величеството на небото! Тој го тешел својот растреперен слуга, уверувајќи го дека неговите молитви се услишени на небото. Како одговор на молитвите бил испратен ангелот Гаврил да го поттикне срцето на персискиот цар. Големиот монарх се спротивставувал на влијанието на Светиот Дух цели три седмици, додека Даниел постел и Му се молел на Бога. Потоа бил испратен на помош небесниот Кнез — Архангел Михаил — за да го преобрати срцето на тврдокорниот цар и да може тој да преземе решавачки мерки во прилог на молитвата на Даниел. {ПЖ 51.2}

„Додека ми зборуваше такви зборови, паднав ничкум на земјата и онемев. Но ете еден, сличен на синот човечки се допре до усните мои… И ми рече: Не бој се, сакан човеку! мир да имаш, охрабри се, охрабри се! И кога зборуваше тој со мене, јас се закрепив и реков: Зборувај Господи мој, зашто ти ме поткрепи. (Даниел 10:15- 19). На Даниел му била откриена големата Божја слава така што тој не можел да го поднесе нејзиниот сјај. Тогаш небесниот Весник ја засенил светлината на Своето присуство и му се покажал на Даниел во облик на син човечки. Со Својата божествена сила му дал сила и го охрабрил овој благороден и верен човек, за да може да ја сослуша веста што му била испратена од Бога. {ПЖ 51.3}

Даниел бил посветен слуга на Севишниот. Неговиот долготраен живот бил исполнет со благородни дела и служба за својот Господ и Учител. Чистотата на неговиот карактер и непоколебливата верност биле постигнати единствено преку неговата понизност на срцето и скрушеноста пред Бога. Повторуваме: животот на Даниел е вдахновена слика на вистинско посветување. {ПЖ 52.1}

Сподели го ова:

Поврзани статии