Посветен живот
Огнена печка
Во истата година кога Даниел и неговите другари стапиле во служба кај вавилонскиот цар, се случиле настани што ги ставиле на жестока проба верноста на овие еврејски момчиња и што, пред една идолопоклоничка нација, ја докажале силата и верноста на Израеловиот Бог. {ПЖ 34.1}
Додека царот Навуходоносор со вознемиреност гледал напред, кон претскажана иднина, сонил значаен сон од кој бил многу вознемирен, „и сонот побегнал од него“ (Даниел 2:1). Иако оваа визија оставила длабок впечаток врз неговиот дух, тој сепак не можел да се сети на подробностите од својот сон. Ги повикал своите гледачи и волшебници и, ветувајќи им големи награди, им заповедал да му го кажат сонот и соодветното толкување. Меѓутоа тие рекле: „Кажи им го на слугите свои сонот свој, и ние ќе ти го протолкуваме“ (Даниел 2:4). {ПЖ 34.2}
Царот знаел дека, ако тие навистина умеат да му го протолкуваат сонот, тогаш ќе можат да му кажат и што сонувал. Господ, во Своето провидение, му го дал на Навуходоносор овој сон, но направил царот да ги заборави неговите подробности — кои оставиле толку страшен впечаток врз неговиот ум — за да се разоткријат измамите на вавилонските мудреци. Царот бил многу гневен и заповедал тие да бидат погубени доколку, во определеното време, не го откријат сонот. Даниел и неговите другари биле осудени заедно со лажните пророци; меѓутоа, земајќи го животот во свои раце, тој се осмелил да се појави пред царот, молејќи да се одложи извршувањето на казната, со уверување дека ќе му го каже сонот и ќе му го даде соодветното толкување. {ПЖ 34.3}
Царот се согласил со овој предлог, а Даниел ги повикал своите другари заеднички да ја изнесат работата пред Бога, барајќи мудрост од Изворот на светлината и знаењето. Иако се наоѓале во царскиот дворец, опкружени со искушенија, тие не ја заборавиле својата одговорност кон Бога. Биле свесни дека Божјото провидение ги поставило таму каде што се, за да го вршат Неговото дело, стоејќи меѓу барањата на вистината и должноста. Тие се надеваа на Бога, обраќајќи Му се за помош среде неприликите и опасностите, и Тој секогаш им бил присутна помош. {ПЖ 35.1}
Тајната е откриена
Божјите слуги не се молеле залудно. Тие Го прославиле, и во часот на искушението Тој нив ги почитувал. Тајната му била откриена на Даниел, и тој побрзал да побара разговор со царот. {ПЖ 35.2}
Младиот еврејски заробеник стоел пред големиот монарх на најмоќната империја што сонцето некогаш ја огреало. Царот се наоѓал во голема неволја, и покрај сето свое богатство и слава, додека младиот роб бил мирен и спокоен во својот Бог. Сега или никогаш било време Даниел да се воздигне и да ја прикаже својата сопствена вредност и супериорната мудрост; меѓутоа, неговиот прв напор бил да ја отстрани секоја чест од себе и да Го возвиши Бога како извор на севкупната мудрост. {ПЖ 35.3}
„Тајната за која царот прашува не можат да му ја откријат на царот ни мудреците, ни маѓепсниците, ни јасновидците, ни гатачите. Но на небесата има Бог, Кој открива тајни, и Тој ќе му открие на царот Навуходоносор сѐ што ќе се збидне до последните денови“ (Даниел 2:27,28). Царот слушал со свечено внимание додека му бил повторно изложен секој детал од сонот; и кога толкувањето било верно дадено, почувствувал дека може со доверба да се потпре на него како на божествено откровение. {ПЖ 36.1}
Свечените вистини пренесени преку ова видение оставиле најдлабок впечаток врз срцето на моќниот суверен, и тој, во понизност и стравопочит, паднал ничкум на земјата и, обожавајќи Го Господа, рекол: „Навистина вашиот Бог е Бог над боговите и Господар на царевите, Кој открива тајни“ (Даниел 2:47). {ПЖ 36.2}
Златниот лик
Светлината што директно од небото го осветлила царот Навуходоносор извесно време влијаела на него со страв Божји. Меѓутоа, по неколку години просперитет, неговото срце се исполнило со гордост и тој го заборавил своето признавање на живиот Бог. Ја обновил својата идолска служба со уште поголема ревност и фанатизам. {ПЖ 36.3}
Од богатството стекнато во војните, царот направил еден златен лик што требало да го претставува оној истиот што го видел во својот сон и го поставил во полето. Дури им заповедал на сите управители и на народот да му се поклонат, под закана со смртна казна. Оваа статуа била висока околу 27, а широка околу 2,7 метри и, во очите на идолопоклоничкиот народ, претставувала импозантна и величествена појава. Била издадена прокламација што ги повикувала сите службеници на царството да се соберат на посветувањето на овој кип и, на звукот на музичките инструменти, да паднат и да му се поклонат на златниот лик. Доколку некој не го стори тоа, веднаш ќе бил фрлен во вжештена огнена печка. {ПЖ 36.4}
Кога дошол определениот ден и се собрала маса народ, дошол збор до царот дека тројцата Евреи кои царот ги беше поставил над провинцијата Вавилон одбиваат да му се поклонат на златниот лик. Тоа биле тројцата другари на Даниел кои од царот беа наречени: Седрах, Мисах и Авденаго. Исполнет со гнев, царот ги повикал покажувајќи им ја вжештената печка, им укажал на тоа каква казна ги очекува доколку одбијат да се приклонат кон неговата волја. {ПЖ 37.1}
Залудни биле заканувањата на царот. Тој не можел да ги одврати овие благородни момчиња од нивната верност кон Големиот Владетел на целиот свет. Тие научиле од историјата на своите татковци дека непослушноста кон Бога е знак на непочитување и дека носи несреќа и пропаст, а дека стравот Господов не само што е почеток на мудроста, туку е и основа на секој вистински напредок. Тие бестрашно ја гледале вжештената печка и незнабожечката толпа. Се надевале на Бога дека и овој пат нема да ги заборави. Нивниот одговор до царот бил учтив, но одлучен: „Извесно нека ти е, царе, дека нема да им служиме на твоите богови и на златниот идол што си го поставил нема да му се поклониме“ (Даниел 3:18). {ПЖ 37.2}
Гордиот монарх бил опкружен со своите големци — војсководците и царските управители — и со армијата што победила многу народи; сите тие се здружиле во ракоплескањето на царот, како на оној што има мудрост и моќ на боговите. Во средината на ова импозантно мноштво стоеле три еврејски момчиња, цврсто одлучни во својот отпор да ѝ се спротивстават на царската заповед. Тие им се покорувале на вавилонските закони сѐ дотогаш додека тие не дошле во спротивност со Божјите барања; но не отстапиле ни за влакно од својата должност да Му се покоруваат на својот Создател. {ПЖ 37.3}
Царевиот гнев немал граници. Бидејќи се наоѓал на врвот на својата власт и слава, тој не можел да го поднесе спротивставувањето од претставници на една презрена и поробена раса и го сметал тоа за најголема навреда. Вжештената печка била загреана седум пати повеќе од вообичаеното, и во неа биле фрлени еврејските заробеници. Пламенот бил толку страшен, што луѓето кои учествувале во фрлањето биле веднаш зафатени од пламенот и уништени. {ПЖ 38.1}
Во присуство на Бесконечниот
Одненадеж, царевото лице пребледело од ужас. Неговите очи биле вперени во вжештената печка и во сјајниот пламен, и, вртејќи се кон своите поглавари, извикнал: „Нели трите души врзани ги фрливме во огнот?“ Одговорот гласел: „Да, царе!“ Тогаш царот повторно, очајнички, извикнал: „Еве, јас гледам четири души како одат неврзани среде огнот и ништо не им се случува; и подобието на четвртиот е слично на Синот Божји“ (Даниел 3:25). {ПЖ 38.2}
Кога Христос им се открива на синовите човечки, една невидлива сила им зборува на нивните души. Тогаш тие чувствуваат дека се во присутност на Семоќниот. Пред Неговото величество трепереле и царот и благородниците, признавајќи дека живиот Бог е над секоја земска сила. {ПЖ 38.3}
Со чувство на грижа на совест и срам, царот извикал: „Слуги на Севишниот Бог, излезете и дојдете!“ (стих 26). И тие послушно излегле, покажувајќи се неповредени пред целата толпа; дури ни мирис од чад и оган не се нафатил на нивната облека. Ова чудо предизвикало невообичаена промена во срцата на царот и на народот. Големиот златен лик, подигнат со толкава парада, бил сосема напуштен и заборавен. Царот објавил декрет со кој, ако некој прозбори нешто против Богот на овие тројца Евреи, ќе биде погубен, „затоа што нема друг Бог кој може така да избавува”. {ПЖ 39.1}
Цврста чесност и посветен живот
Овие тројца Евреи поседувале вистинско посветување. Вистинските христијански начела не прашуваат за последиците. Верникот не прашува: „Што ќе мислат луѓето за мене ако го направам тоа и тоа?“ или: „Какви ќе бидат последиците за мојот земски напредок ако го сторам тоа?“ Децата Божји, со напрегнато внимание, треба да копнеат да дознаат што бара Бог од нив да сторат, за да можат да Го прослават. Господ дал широки можности срцата и животот на сите Негови следбеници да бидат управувани од божествената милост, за тие да можат да бидат блескава светлина во овој свет. {ПЖ 39.2}
Овие верни еврејски момчиња поседувале големи природни способности; се радувале на висока интелектуална култура и сега заземале почесна положба во царството, но сето тоа не ги навело да Го заборават Бога. Нивните сили биле подложни на посветувачкиот наплив на божествената милост. Со својата цврста чесност Го прославиле Оној Кој ги повикал од темнината кон Својата чудесна светлина. Во нивното чудесно избавување пред целото огромно мноштво била покажана силата на Божјото величество. Самиот Исус лично бил со нив во вжештената печка и, со славата на Својата присутност, го убедил вавилонскиот цар дека тоа не може да биде никој друг освен Синот Божји. Небесната светлина заблескала преку Даниел и неговите другари и ги осветлила сите присутни, кои ја сфатиле вистинската вера што ги облагородила нивните животи и ги разубавила нивните карактери. Преку избавувањето на Своите верни слуги, Господ објавил дека секогаш ќе биде со оние што се тероризирани и дека ќе ги соборува сите земски сили што го газат авторитетот на небесниот Бог. {ПЖ 39.3}
Поука за страшливците
Каква поука е дадена тука за кукавиците, колебливите и плашливите во Божјото дело! Какво охрабрување за оние што нема да се одвратат од должноста среде закани и опасности! Овие верни, цврсти карактери со својот пример го објаснуваат посветувањето, без воопшто да мислат на високи почести. Многу добри дела што, можеби, ги направиле посветените христијани, а останале тајни и непознати, не можат доволно да се оценат сѐ додека тие дела не станат познати и јавни — кога судот ќе седне и книгите ќе се отворат. {ПЖ 40.1}
Христос го изедначува Својот интерес со оваа класа луѓе; Тој не се срами да ги нарече браќа. Треба да ги има стотина таму каде што меѓу нас има само еден — луѓе тесно соединети со Бога, чии животи се така усогласени со Неговата волја, што можат да бидат запалени светла, посветени во целост — во душата, телото и духот. {ПЖ 40.2}
Сѐ уште се води борба меѓу синовите на светлината и синовите на мракот. Оние што го споменуваат Христовото име треба да се разбудат од летаргичниот сон (смртоносна болест на спиење) кој ја исцрпува нивната енергија и веднаш да ги прифатат сите одговорности што им се доверени. Сите што ќе постапат така можат да ја очекуваат Божјата сила, која ќе се открие во нив. Божјиот Син, Спасителот на светот, ќе се открие во нивните зборови и дела, и Божјото име ќе се прослави преку нив. {ПЖ 41.1}
Како во деновите на Седрах, Мисах и Авденаго, така и во завршниот период од земската историја Господ ќе дејствува силно во корист на оние што цврсто ќе стојат на страната на правдата. Оној Кој чекорел со еврејските момчиња во вжештената печка ќе биде и со Своите следбеници, каде и да се наоѓаат. Неговата постојана присутност ќе им биде утеха и потпора. Среде времето на неволји — неволји какви што немало откако постои народ — Неговите избраници ќе стојат непоколебливо. Сатаната со своите војски на злото нема да може да го уништи ниту најслабиот од Божјите светии. Преку ангелите, ненадминливи во сила да ги заштитат верните, во нивна одбрана Јехова ќе се открие како „Бог над боговите“ (Псалм 50:1), Кој е во состојба да го спаси и последниот од оние што се надеваат на Него. (Пророци и цареви, стр. 513). {ПЖ 41.2}
