Посветен живот
Споредба на вистинските и лажните теории
Посветувањето опишано во Светото писмо е поврзано со целото битие — духот, душата и телото. Тука е вистинската идеја за целосна посветеност. Павле се молел црквата во Солун да го ужива овој голем благослов: „А Сам Бог на мирот да ве освети наполно во сѐ, и целиот ваш дух, и душата, и телото да се запазат без порок за доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос!“ (1 Солунјаните 5:23). {ПЖ 7.1}
Во религиозниот свет постои една теорија за посветување која е сама по себе погрешна и опасна по своето влијание; во многу случаи, оние што го признаваат посветувањето, не го поседуваат во вистинска смисла, бидејќи нивното „посветување“ се сведува на зборување и формално богослужение. Оние, пак, кои навистина се трудат да го усовршат христијанскиот карактер никогаш нема да помислат дека се безгрешни: иако нивните животи можат да бидат беспрекорни и тие да бидат живи претставници на вистината што ја прифатиле, сепак, колку повеќе ги насочуваат своите мисли кон Христовиот карактер и колку повеќе се приближуваат до Неговиот божествен лик, толку појасно ќе го препознаат Неговото беспрекорно совршенство и толку подлабоко ќе ги почувствуваат сопствените недостатоци. {ПЖ 7.2}
Кога луѓето тврдат дека се свети, тие даваат доволно докази дека се далеку од светоста, бидејќи не ја согледуваат сопствената слабост и мизерија; сметаат дека го одразуваат Христовиот лик затоа што немаат вистинско познавање за Него, и колку е поголемо растојанието меѓу нив и нивниот Спасител, толку поправедни изгледаат во сопствените очи. {ПЖ 8.1}
Меѓутоа, кога со покајничка и понизна доверба размислуваме за Исуса, Кој бил прикован за нашите гревови и обременет со нашите грижи, тогаш ќе научиме да одиме по Неговите стапки; со гледањето во Него се преобразуваме во Неговиот божествен лик, и кога ова дело се врши во нас, нема да зборуваме дека сме праведни, туку ќе Го воздигаме Христа, потпирајќи ги своите немоќни души врз Неговите заслуги. {ПЖ 8.2}
Самоправедноста осудена
Нашиот Спасител секогаш ја осудувал самоправедноста и ги учел Своите ученици дека најголем пример на религија е оној што се манифестира на тивок, ненаметлив начин; Тој ги предупредувал делата на милост да ги прават тајно, без истакнување, за да не бидат пофалени или почестени од луѓето, туку за слава на Бога, очекувајќи ја својата награда во иднината, зашто ако прават добри дела за да бидат пофалени од луѓето, нема да добијат никаква награда од нивниот Небесен Отец. {ПЖ 8.3}
Христовите следбеници биле поучени да не се молат за да бидат слушнати од луѓето: „Но ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба и, откако ќе ја затвориш вратата, помоли Му се на твојот Отец, Кој е во тајност; и Тој, Кој гледа тајно, ќе те награди (јавно)“ (Матеј 6:6). Ваквите изрази од усните Христови покажуваат дека Тој не одобрува таков вид побожност, толку распространет меѓу фарисеите. Неговата Беседа на гората покажува дека делата на милосрдието добиваат благородна форма, а обредот на верското богослужение шири најскапоцен мирис, кога се изведуваат скромно, во покајание и понизност; чистиот мотив го посветува делото. {ПЖ 8.4}
Вистинското посветување е целосна усогласеност со Божјата волја: бунтовните мисли и чувства се надминати, а Исусовиот глас буди нов живот што продира во целото битие. Оние кои навистина се посветени нема да го истакнуваат своето мислење како стандард за добро и зло; тие не се фанатици ниту самоправедници, туку секогаш се плашат дека, поради своите недостатоци, нема да успеат да ги исполнат условите што се темелат на ветувањата. {ПЖ 9.1}
Замена на чувството за разум
Многумина кои исповедаат посветеност потполно го занемаруваат влијанието на милоста врз срцето; кога ќе бидат искушувани и тестирани, излегуваат како самоправедниот фарисеј. Тие не поднесуваат противречности, го отстрануваат разумот и расудувањето и целосно се потпираат на своите чувства, базирајќи ги своите тврдења за посветувањето на емоциите што некогаш ги доживеале. Тие се тврдоглави и изопачени во истакнувањето на своите непопустливи тврдења за наводната светост; изговараат многу зборови, но не донесуваат никаков вреден плод како доказ. Овие луѓе, кои тврдат дека се свети, не само што ги мамат сопствените души, туку вршат и заводливо влијание врз многумина кои искрено сакаат да се усогласат со Божјата волја. Може да се слушнат како постојано ги повторуваат зборовите: „Бог ме води! Бог ме учи! Јас живеам без грев!“ Многумина кои доаѓаат во контакт со овој дух наидуваат на мрак, на нешто таинствено што не можат да го разберат; меѓутоа, тоа е она што е спротивно на Христа, единствениот вистински Пример. {ПЖ 9.2}
Библиското посветување не се состои во силни емоции или чувства — тука многумина грешат, затоа што од своите чувства прават критериуми и мерила. Кога ќе доживеат возбуда или среќа, тие тврдат дека се посветени; но чувството на среќа, како и недостатокот на радост, не се доказ дека некое лице е посветено или не. Не постои такво нешто како моментално посветување. Вистинското посветување е секојдневно дело што трае цел живот. Оние што се борат со секојдневните искушенија, ги совладуваат своите грешни склоности и се стремат кон светоста на срцето и животот, не подигаат пофални тврдења за светоста; тие се гладни и жедни за правда, а гревот им изгледа прекумерно грешен. {ПЖ 10.1}
Постојат луѓе кои си ја припишуваат светоста со самото исповедање на вистината, како и нивните браќа, и можеби е тешко да се направи разлика меѓу нив, но разлика сепак постои: сведочењето на оние што бараат така возвишено искуство ќе предизвика слаткиот Христов Дух да се повлече од собранието, оставајќи студено влијание врз присутните, додека, доколку тие навистина живеат без грев, нивното присуство ќе ги привлечеше светите ангели во собранието, а нивните зборови навистина би биле „како златно јаболко во сребрена кошничка“ (Изреки 25:11). {ПЖ 10.2}
Време на проба
Во лето, додека ги гледаме дрвјата во далечната шума, облечени во прекрасна зелена наметка, можеби нема да можеме да направиме разлика меѓу зимзелените и другите дрвја; но, како што се приближува зимата и ледениот цар ќе ги стегне во својата ладна прегратка, одземајќи им го на другите дрвја прекрасното зеленило, тогаш зимзелените дрвја лесно се препознаваат. Така ќе биде со сите што одат понизно, не надевајќи се на себе, туку треперејќи се држат за Христовата рака, додека оние што се самоуверени и имаат доверба во сопственото совршенство на карактерот ја губат својата лажна облека на праведност кога се изложени на бурите на искушенијата; вистинските праведници, пак, кои искрено Го сакаат и се плашат од Бога, носат наметка на Христовата праведност и во благосостојба и во неволја. {ПЖ 11.1}
Самоодрекувањето, пожртвуваноста, добронамерноста, љубезноста, трпението, постојаноста и христијанската доверба се секојдневни плодови на оние кои се вистински поврзани со Бога. Нивните постапки можеби не мора да бидат покажани пред светот, но тие секојдневно се борат со злото и извојуваат вредни победи над искушението и гревот. Свечените завети се обновуваат и се одржуваат со силата добиена од искрената молитва и постојаната будност. Огнениот ентузијаст не ги согледува борбите на овие тивки работници, но окото на Оној Кој ги гледа тајните на срцето го забележува и го одобрува секој напор направен во понизност и кротост. Потребно е време на проба за да се открие чистото злато на љубовта и верата во карактерот. Кога на црквата ќе ѝ дојдат искушенија и дилеми, тогаш ќе се открие непоколебливата ревност и топлите чувства на вистинските Христови следбеници. {ПЖ 11.2}
Тажни сме кога гледаме како наводните христијани застрануваат по лажни и маѓепсувачки теории дека се совршени, затоа што е многу тешко да се разубедат и да се доведат на вистинскиот пат. Тие настојуваат да создадат убав надворешен изглед, додека им недостасува внатрешниот украс — кротоста и понизноста на Христос. Времето на искушението ќе дојде за сите, и тогаш ќе се види дека надежите на многумина, кои со години сметале дека се безбедни, ќе бидат без темел. Тогаш, во нови ситуации, под различни околности, некои што изгледале дека се столбови во домот Божји ќе се открие дека се само расипано дрво, лакирано однадвор. Но понизните во срцето, кои секојдневно чувствувале колку е важно да ја приврзат својата душа за вечната Карпа, ќе стојат неподвижни среде бурите на искушенијата, затоа што не се надеваале на себе: „Но Божјата цврста основа стои непоколебливо, имајќи го овој печат: ‘Ги познава Господ оние кои се Негови’“ (2 Тимотеј 2:19). {ПЖ 12.1}
Нормално донесуваат плодови
Оние што се обидуваат да го свртат вниманието кон своите добри дела постојано зборуваат за својата безгрешна состојба и настојуваат да ги истакнат своите религиозни достигнувања, мамејќи ја на тој начин сопствената душа. Еден здрав човек, кој е во состојба да се занимава со животни професии и кој од ден на ден оди на својата работа со весел дух и со здрава крв што тече во неговите вени, не го привлекува вниманието на секој што ќе го сретне со своето телесно здравје; здравјето и виталноста се природна состојба на неговиот живот, и затоа тој едвај е свесен дека ужива во таков богат благослов. {ПЖ 12.2}
Така е и со вистински праведниот човек. Тој е несвесен за својата добрина и побожност. Религиозните принципи станале извор на живот во неговиот живот и однесување, и за него е исто толку природно да носи духовни плодови, како што е природно смоквата да раѓа смокви или розовата грмушка да дава рози. Неговата природа е толку длабоко проткаена со љубов кон Бога и кон своите ближни, што со радост ги врши Христовите дела. {ПЖ 13.1}
Секој што стапува во сферата на неговото влијание ја согледува убавината и мирисот на неговиот христијански живот, додека самиот тој не е свесен за тоа, затоа што сето тоа е во склад со неговите навики и склоности. Тој се моли за божествена светлина и сака да оди во таа светлина; негово јадење и пиење е да ја извршува волјата на својот небесен Отец. Неговиот живот е скриен со Христа во Бога, но сепак тој не се фали со тоа, ниту изгледа дека е свесен за тоа. Бог им се насмевнува на скромните и понизните, кои внимателно ги следат стапките на Учителот. Ангелите им се приближуваат и постојано ги следат. Тие можат да бидат занемарени како недостојни за внимание од страна на оние што тврдат дека стекнале возвишени достигнувања и кои се радуваат да ги истакнуваат своите добри дела, но небесните ангели бдеат со љубов над нив и стојат како огнен ѕид околу нив. {ПЖ 13.2}
Зашто Христос бил отфрлен?
Нашиот Спасител бил Светлина на светот, но светот не Го препознал. Тој постојано бил зафатен со добротворни дела, расветлувајќи го патот на сите; сепак, не ги повикувал оние со кои се мешал да ги гледаат Неговите беспрекорни доблести, Неговото самоодрекување, пожртвуваноста и добродетелта. Евреите не се восхитувале на таквиот живот; тие сметале дека Неговата религија е безвредна, затоа што не одговарала на нивниот стандард на побожност. Според нивното сфаќање, Исус не бил религиозен по дух или карактер, бидејќи нивната религија се состоела во истакнување, во јавни молитви по улиците и во извршување добри дела за да остават впечаток пред другите. Тие ги разгласувале своите добри дела, како што денес тоа го прават оние што бараат посветување пред народот; тие би сакале сите да разберат дека се без грев. Меѓутоа, целиот Христов живот бил во директна спротивност со ова: Тој не барал ниту чест ниту добивка. Своите чудесни дела на исцелување ги вршел колку што е можно потивко, иако не можел да го задржи воодушевувањето на оние што ги примиле Неговите големи благослови. Понизноста и кротоста го обележувале Неговиот живот, и токму поради таа понизност и скромност, која била во толкава спротивност со нивниот начин на живот, фарисеите не Го прифатиле. {ПЖ 14.1}
Кротоста е плод на Духот
Најскапоцениот плод на посветувањето е милоста на кротоста. Кога оваа милост преовладува во душата, расположението се обликува под нејзиното влијание: постојано се чека на Бога и се потчинува на Неговата волја. Со разбирање ја прифаќаме секоја божествена вистина и се приклонуваме кон секое Божјо правило, без сомневање и мрморење. Вистинската кротост го омекнува и го покорува срцето и му дава на разумот способност да ја вреже Речта; таа ги води мислите во покорност кон Христа, го отвора срцето за Божјата реч, како што го отворила и Лидија, и нѐ става со Марија да седиме и да слушаме пред Исусовите нозе: „Ги упатува понизните кон правда и ги учи понизните на Своите патишта“ (Псалм 25:9). {ПЖ 14.2}
Јазикот на кротките никогаш не е јазик на фалење. Како детето Самоил, тие се молат: „Говори, Господи, бидејќи Твојот слуга слуша“ (1 Самоилова 3:9). Кога Исус Навин бил поставен на највисоката чесна положба како заповедник на Израел, тој давал наредби за отпор против сите непријатели Божји и неговото срце било исполнето со благородни мисли за големата мисија; сепак, во стравопочит пред една порака од Небото, се ставил во положба на мало дете што треба да биде насочено: „Што ќе му заповедаш на својот слуга?“ (Исус Навин 5:14) — бил неговиот одговор. Првите зборови на Павле, откако Исус му се открил, биле: „Господи, што сакаш да направам?“ (Дела 9:6). {ПЖ 15.1}
Во Христовото училиште, кротоста е еден од најзначајните плодови на Духот. Тоа е благодат преку која Светиот Дух го посветува и го оспособува човекот во секое време да има контрола над избрзаниот и насилен темперамент. Кога благодатта на кротоста ја негуваат оние што по природа се со жесток карактер, тие ќе вложат големи напори да го совладаат својот несреќен темперамент. Тие секој ден ќе настојуваат да се совладуваат, сѐ додека не го победат сето она што е нељубезно и што не прилега на Христа. Така стануваат сѐ послични на божествениот Пример, додека не бидат во состојба да се покорат на вдахновеното барање: „Секој човек нека биде брз за слушање, а спор за зборување, и бавен за гнев“ (Јаков 1:19) {ПЖ 15.2}
Кога човек тврди дека е свет, а сепак со зборови и дела претставува извор од кој тече горчлива вода, можеме сигурно да кажеме дека тој човек е измамен. Тој треба да ги учи првите букви на христијанскиот живот. Некои што тврдат дека се Христови слуги одамна ги избрале злите демони, затоа што ги сакаат непосветените елементи и уживаат да изговараат зборови што навредуваат и раздразнуваат. Овие луѓе мора да се обратат, за Исус да може да ги признае за Свои деца. {ПЖ 16.1}
Кротоста е внатрешен украс кој Бог го смета за многу скапоцен. Апостолот зборува за неа како за нешто повозвишено и поскапоцено од златото, бисерите или скапоцените камења. Додека надворешниот украс го разубавува само смртното тело, украсот на кротоста ја украсува душата и го поврзува ограничениот човек со бесмртниот Бог. Ова е украс што самиот Бог го одбрал. Оној Кој ги украсува небесата со сјајни ѕвезди ветил дека со тој ист Дух ќе „ги возвиши кротките, спасувајќи ги“ (Псалм 149:4). Небесните ангели ќе ги регистрираат како најдобро украсени оние што се облекуваат во Господа Исуса Христа и одат со Него во кротост и понизност на духот. {ПЖ 16.2}
Постојат големи дострели за христијанинот; тој секогаш може да се искачи на повисоки достигнувања. Јован имал возвишена идеја за предноста на христијанинот и вели: „Гледајте колку голема љубов ни дал Отецот — да бидеме наречени чеда Божји, а тоа и сме“ (1 Јованово 3:1). Не е можно човештвото да се искачи на повисоко достоинство од она што се подразбира тука. На човекот му е дадена привилегија да стане наследник Божји и заеднички наследник со Христос. На оние што се возвишени на овој начин им се откриваат неистражените богатства на Христос, кои се илјада пати повредни од сите богатства на овој свет. Така, благодарение на заслугите на Исус Христос, ограничениот човек се издигнува во заедница со Бога и со Неговиот драг Син. {ПЖ 16.3}
