Христијанска умереност
Преоптоварени домаќинки
За многу жени главна цел во животот – она на што му подредуваат се друго и на што не жалат никаков трошок ниту труд – е да се облечат според последната мода. Воспитувањето, здравјето и удобноста се жртвуваат и полагаат на олтарот на надворешниот изглед. Дури и во поставувањето на масата се гледа нездраво влијание на модата и разметливоста. Подготвувањето на здрава храна станува споредно прашање. Послужувањето со голем број разновидни јадења бара време, пари и труд, а не донесува никакво добро. Можеби е вообичаено на масата да се изнесуваат по пет или шест видови на јадења, но таа навика е штетна по здравјето. Совесните мажи и жени треба да ги осудат ваквите обичаи со збор и со пример. Имате ли вие некакви обѕири кон животот на вашата готвачка? „Зар не чини душата повеќе од храната, и телото – од облеклото” (Матеј 6:25). {ХУ 73.1}
На домаќинките од нашите денови речиси сето време им го одземаат домашните работи. Колку здравјето на семејството би било подобро кога софрата би се поставувала многу поедноставно. Илјадници животи се жртвуваат на овој олтар секоја година – животи кои можеле да се продолжат да не биле тие бескрајни должности како во некоја фабрика. Многу мајки заминуваат во гроб, додека, да имале едноставни мајки заминуваат во гроб, додека, да имале едноставни навики, можеле да живеат на благослов на своето семејство, во црквата и светот. {ХУ 73.2}
Сатаната е пронаоѓач на овие навики со кои е преоптоварено општеството на нашите денови, и многу поклоници на модата не знаат подобар пат отколку скапоценото време на милоста да го поминуваат во наполно бесполезното настојување да им се покоруваат на нејзините закони кои постојано се менуваат. Што ќе можат тие да одговорат на денот на судот кога Бог ќе побара да положат сметка за своето време, силата и сите свои способности? {ХУ 73.3}
На сите страни се слуша гласот: „Каде да најдам добра домаќинка, некоја што знае да готви?” Фактот дека тешко можат да се најдат добри готвачки и домаќинки навистина загрижува. Ако ваквата состојба потрае, ќе бидеме сосема лишени од добра помош во куќата. {ХУ 73.4}
Меѓутоа, зошто нашите девојки толку се плашат од домашните должности? Голема причина за нивното стравување е во тоа што се смета дека оваа работа понижува. Општо земено, на готвачките не им се укажува заслуженото почитување. Сум видела луѓе кои некогаш биле сиромашни, но сега се богати, луѓе чие што сочувство, се чини, исчезнало откако се збогатиле и тие стануваат површни во се. Некои што учат да бидат кројачи, словослагачи, коректори, книговодители или учители, се сметаат за премногу високи за да се дружат со готвачка. {ХУ 74.1}
Таквото сфаќање се проткајува низ речиси сите слоеви на општеството. Готвачката со тоа е доведена во положба да чувствува дека нејзината професија ја понижува во општеството и дека не може да очекува да се дружи со членовите на семејството ( во кое што работи) како да и се рамни. Треба ли, тогаш, да се чудиме и изненадуваме што девојките, согледувајќи го сето тоа, бараат некоја друга професија? Зарем се чудите што има толку малку образувани личности кои сакаат да бидат готвачки? Чудно е единствено тоа што има толку многу кои дозволуваат со нив да се постапува така. {ХУ 74.2}
Готвачката зазема значајна положба во домаќинството. Таа ја подготвува храната што треба да се внесува во организмот и од која се изградуваат мозокот, коските и мускулите на сите во домот. Здравјето на сите членови на семејството многу зависи од нејзината умешност и интелигенција. На домашните должности нема да им биде доделено соодветно внимание се додека на оние што верно ги извршуваат не им се укаже заслуженото почитување. {ХУ 74.3}
Самобендисаноста, служењето на себеси и обожувањето на своето „јас”, става на вратот на жените тежок јарем. Тие се исцрпуваат под тоа тешко бреме; а награда за мачното напрегање за да им задоволат на барањата на модата се само страдања и изнемоштеност. Со Својот поглед низ вековите, Христос ја опфатил денешната состојба во светот и на сите вака оптоварени им го упатил благословениот повик: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши” (Матеј 11:28,29). {ХУ 74.4}
