Христијанска умереност
Родителска одговорност
Бог во овие последни денови ни ја подарил светлината на здравствената реформа, за да, чекорејќи во таа светлина, можеме да ги избегнеме многуте опасности на кои ќе бидеме изложени. Сатаната работи со сите сили, наведувајќи ги луѓето да му попуштаат на апетитот и личните склоности и своите денови непромислено да ги поминуваат во лудост. Тој настојува да прикаже дека животот на себичното попуштање и на сетилното задоволување е привлечен. Неумереноста, меѓутоа, ги поткопува силите на умот и телото; и кој ќе попушти во тоа, преоѓа на почвата на непријателот на секоја правда кој ќе го искушува и мачи се додека на крајот, на свое сатанско задоволство, потполно не завладее со него. {ХУ 75.1}
На родителите треба живо да им се укаже на нивната обврска на светот да му предаваат деца со добро изграден карактер – деца кои ќе имаат морални сили да му се спротивстават на искушението и чии животи ќе Му послужат на Бога на чест, а на ближните на благослов. Оние што на животниот повик му пристапуваат со цврсти принципи, ќе бидат во состојба да останат неизвалкани среде моралната изопаченост на овој век. Мајките треба да ја искористат секоја прилика да ги воспитаат своите деца така што ќе бидат корисни во нивниот живот. {ХУ 75.2}
Задачата на мајката е света и важна. Таа своите деца уште од лулка треба да ги привикнува на самооткажување и самоконтрола. Нејзиното време, во особена смисла, им припаѓа на нејзините деца. Меѓутоа, ако таа своето време обично го поминува во лудостите на овој изопачен век, ако нејзиното внимание го привлекуваат друштво, облекување и украсување, нејзините деца нема да добијат соодветно воспитување. {ХУ 75.3}
Многу мајки, додека ја осудуваат неумереноста која се сретнува на секој чекор, не гледаат доволно длабоко за да ја согледаат причината за тоа. Барањето премногу често открива дека нејзиниот почеток, всушност, се наоѓа на домашната трпеза. Многу мајки, дури и меѓу оние што исповедаат христијанство, секојдневно изнесуваат пред семејството раскошни и многу зачинети јадења кои претставуваат искушение за апетитот и поттикнуваат алчност. Во некои семејства месото е главна храна, поради што крвта им е полна со клетки на рак и скрофулоза. И кога неволјите и болестите ќе дојдат, тогаш она што е последица на лошите навики му се припишува на провидението. Повторувам: неумереноста почнува на домашната трпеза и тука, главно, му се попушта на апетитот, се додека тоа не стане втора природа. {ХУ 75.4}
Секој што јаде премногу или употребува нездрава храна, со тоа ги ослабнува своите сили и не може да им се спротивстави на другите желби и страсти. За да ја избегнат должноста на трпеливото привикнување на своите деца на самооткажување, многу родители на децата им дозволуваат да јадат и пијат кога ќе посакаат. Оваа желба да го задоволат својот вкус и стремежите кај младите не опаѓа со текот на годините; и кога ќе пораснат, со нив загосподарува она на што со попуштањето биле поттикнувани и тие стануваат робови на желбите. Кога ќе го завземат своето место во општеството и ќе почнат да живеат за себе, тие немаат сила да му се спротивстават на искушението. Во жртвите на алчноста, пушењето, пијанството и развратот, ги гледаме тешките последици од погрешното воспитување и попуштањето на желбите. {ХУ 761}
Кога ќе го слушнеме мрачното жалење на христијаните и христијанките поради ужасните зла на неумереноста, истовремено ни се наметнуваат прашањата: Кој ги воспитувал тие млади? Кој во нив ги поттикнувал тие непослушни желби? Кој ја занемарил свечената одговорност на формирање на нивниот карактер, за да бидат корисни во овој живот и да се удостојат за друштвото на небесните ангели во вечниот живот? {ХУ 76.2}
Кога родителите и децата ќе се сретнат при конечната пресметка – на денот на Божјиот суд – каква глетка ќе биде тоа! Илјадници деца и млади кои биле робови на желбите и унижувачките пороци, чии животи претставуваат морални урнатини, ќе стојат лице в лице со родителите што ги направиле такви. Кој, освен родителите, би можел да ја носи оваа ужасна одговорност? Дали Господ овие млади ги создал така расипани? О, не! Кој, тогаш, го извршил тоа ужасно дело? Нели врз децата се пренесени гревовите на родителите кои и самите им попуштале на изопачениот апетит и страстите? И зарем тоа лошо дело не е потполнето со тоа што тие пропуштиле своите деца да ги воспитаат во склад со примерот што го дал Господ? Сите родители ќе мораат да излезат пред Бога на испитување, тоа е сигурно, токму како што е сигурно нивното постоење. {ХУ 76.3}
Сатаната е секогаш подготвен за своето дело; тој не пропушта да постави некое примамливо искушение, искушение на кое децата или не сакаат да му пружат отпор или немаат морална сила да го сторат тоа. Видов дека тој, поттикнувајќи желба за модата која постојано се менува, за некое привлечно друштво или разонода, ги наведува мајките да посветат време на ништожни работи, наместо на воспитувањето и обучувањето на своите деца. Младите од лулка треба да се учат да ги задржуваат страстите, да се откажуваат од желбите и да не бидат саможиви, а тоа можат да го сторат само мајките. Тие треба да ги учат „заповед по заповед, правило по правило, тука малку и таму малку”. {ХУ 77.1}
На Евреите им биле дадена упатства да ги воспитуваат своите деца да се одвратуваат од идолопоклонството и порочноста на незнабожечките народи: „И така, ставете ги овие зборови Негови во срцето свое и во душата своја, врзете ги на раката своја како знак, и нека бидат тие врзулка меѓу очите ваши; и учете ги синовите свои на нив, кажувајте им за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш” (Второзаконие 11:18,19). {ХУ 77.2}
Жената треба да ја заземе положбата која Бог во почетокот и ја наменил, да биде рамноправна со својот маж. На светот му се потребни мајки во вистинска смисла на зборот, а не само по име. Со сигурност можеме да кажеме дека должностите карактеристични за жената се посвети од оние што ги извршува мажот. Жената треба да ја разбере светоста на својата должност и во страв Божји и со силата која само Тој може да и ја даде, треба да ја прифати својата животна задача. Нека ги воспитува своите деца така што ќе бидат полезни во нивниот живот и подготвени за дом во подобар свет – на обновената земја. {ХУ 77.3}
Положбата на жената во семејството е понеприкосновена од положбата на царот на неговиот престол. Нејзина голема задача е со својот живот да претставува пример за своите деца. Со пример и поука треба да им дава корисни сознанија и да ги навикнува на самопожртвувано залагање за доброто на другите. Голем поттик за најтешките напори на една мајка која и без тоа е преоптоварена со секојдневните грижи е свеста за тоа дека секое дете што таа правилно ќе го воспита и украси со внатрешна убавина на смерен и кроток дух, ќе засјае еден ден во Господовите дворови. {ХУ 77.4}
Мајки, кои исповедате христијанство, јас ве преколнувам: согледајте ја својата одговорност и живејте, не за да угодувате на себеси, туку да Го прославите Бога. Христос не си угодувал на Себе, туку земал обличје на слуга. Ги напуштил царските дворови и Своето божество го прекрил со човечка природа за нам со личен пример да ни покаже како можеме да се воздигнеме до таа мерка за да станеме синови и ќерки на царското семејство – деца на Небесниот Цар. Меѓутоа, под кои услови можеме да стекнеме право на толку голема среќа? – „’Затоа излезете од нивната средина и одделете сеГ вели Господ, и: ‘Не допирајте се до нечисто и Јас ќе ве примам! И Јас ќе ви бидам Отец, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки’, вели Господ Седржителот” (2. Коринтјаните 6:17,18). {ХУ 78.1}
Иако по Својата положба бил еднаков со Бога, Христос се понижил земајќи обличје на слуга. Живеел во Назарет, место познато по изопаченоста на своите жители. Родителите Му биле со скромно потекло и сиромашни. Го изучил столарскиот занает и работел со Свои раце, придонесувајќи Свој удел во издржувањето на семејството. До триесеттата година им бил потчинет на Своите родители. Христовиот живот ни укажува на должноста да бидеме вредни во нашата работа и да се грижиме за оние кои и се доверени на нашата грижа. {ХУ 78.2}
Во поуките дадени на Своите ученици, Христос нагласил дека Неговото царство не е како царствата од овој свет каде секој се бори за највисокото место; туку ги поучил да бидат понизни и самопожртвувани за доброто на другите. Неговото понижување не се состоело во тоа што помалку ги вреднувал Својот карактер и особините, туку во тоа што му се прилагодил на паднатитот човечки род, за тие луѓе да ги подигне и да ги поведе со Себе во повозвишен живот. Па сепак, колку се малку оние што во Христовиот живот гледаат некаква привлечност! Луѓето од овој свет постојано се борат да се воздигнат едни над други, а Исус – Синот Божји – се понизил Самиот Себеси за да го возвиши човекот. Вистинскиот Христов ученик ќе го следи неговиот пример. {ХУ 78.3}
О, кога мајките на ова поколение 6и ја согледале светоста на својот повик не натпреварувајќи се во облекувањето и надворешниот изглед со своите богати сосетки, туку настојувајќи да Го прослават Бога со верно извршување на своите должности. Кога вистинските принципи на умереност би се всадиле во младите кои го создаваат и вообличуваат општеството, не 6и било потребно да се води толкава борба за умереноста. Цврстината на карактерот и моралното самосовладување би преовладувале во општеството и со Христовата сила луѓето 6и им се спротивставувале на искушенијата на овие последни денови. {ХУ 79.1}
Најтешко е да се одучиме од навиките на кои сме им попуштале во текот на целиот живот. Демонот на неумереноста има огромна сила и не може лесно да се совлада. Но, родителите мораат да започнат борба против тоа уште покрај домашното огниште. Децата треба да се поучуваат на принципи уште од лулката и тогаш можат да се надеваат на успех. Мајки, ползувајте го скапоценото време што Бог ви го дал за изградба на карактерот на своите деца, учете ги строго да се придржуваат на принципите на умереност во јадењето и пиењето и наградата нема да ви изостане. {ХУ 79.2}
На родителите им е доверена светата должност да го сочуваат моралното и телесното здравје на своите деца, така што нивниот нервен систем ќе остане добро урамнотежен, а душата неизложена на опасност. Татковците и мајките треба да ги познаваат законите на животот, па така нема поради незнаење да дозволат во нивните деца да се развиваат лоши склоности. Исхраната има влијание и врз физичкото и врз моралното здравје. Со колку внимателност и размислување, тогаш, мајките треба да ја поставуваат масата со што поедноставна и здрава храна која не ги ослабнува органите за варење и не ги раздразнува нервите, за поуките што им ги даваат на нивните деца да не бидат осуетени. {ХУ 79.3}
Сатаната знае дека не може да има толкава власт врз умот кога апетитот се контролира како тогаш кога му се попушта и затоа тој постојано настојува луѓето да ги наведе на попуштање во тој поглед. Под влијание на нездравата храна, совеста се умртвува, умот ја губи бистрината, а способноста за примање впечатоци се намалува. Меѓутоа, вината на престапникот не се намалува поради тоа што неговата совест станала бесчувствителна со прекршувањето на законите. {ХУ 79.4}
Бидејќи умното здравје зависи од нормалната состојба на животните сили, колку грижливо треба да се избегнува употребата на било какви надразнувачки и опојни средства! Па сепак гледаме како мнозина кои тврдат дека се христијани употребуваат тутун. Тие ги осудуваат злата на неумереноста; меѓутоа, додека зборуваат против употребата на алкохолните пијалаци, истите тие луѓе го трујат воздухот со чадот од тутунот. За да се стаса до коренот на ова зло, мора прво да се смени мислењето за употребата на тутунот. Овој предмет уште построго го нагласуваме. Чајот и кафето поттикнуваат желба за уште посилни стимуланси. А сега се приближуваме кон домот, поминуваме на подготвувањето на храната и го поставуваме прашањето: Дали во сѐ се применува умереност? Дали тука се спроведуваат реформи важни за здравјето и среќата на домашните? {ХУ 80.1}
Секој вистински христијанин ќе владее со своите желби и страсти. Ако сосема не се ослободи од робувањето на апетитот, тој не може да биде вистински послушен слуга Господов. Попуштањето на апетитот и страстите го ослабнува влијанието на вистината врз срцето. Невозможно е Духот и силата на вистината да го посветат духот, душата и телото на човекот со кој владеат телесни желби. {ХУ 80.2}
