Христијанска умереност
Последици од употребата на надразнувачки средства
„Не знаете ли, дека оние што се натпреваруваат на тркалиште, трчаат сите, но само еден добива награда? Па така трчајте и вие, за да добиете. Секој што се бори, од сѐ се воздржува: оние – за да добијат распадлив венец, а ние-траен” (1. Коринтјаните 9:24,25). {ХУ 25.1}
Тука се изнесени добрите резултати на самоконтролата и умереноста во животните навики. Апостол Павле тука ни изнесува разни игри на старите Грци посветени во чест на нивните богови, за сликовито да ја прикаже духовната борба и нејзината награда. Учесниците во овие игри биле обучувани под најстрога дисциплина. Секое попуштање на некоја желба, кое би ги ослабнало нивните физички способности и силата, било забрането. За да ја сочуваат и зголемат својата сила, издржливоста и цврстината, тие морале да се воздржуваат од употреба на вино и раскошни јадења. {ХУ 25.2}
Да се освои наградата за која се бореле – венец од распадливо цвеќе што венее, примен со аплауз и од распадливо цвеќе што венее, примен со аплауз и бурно воскликнување на мноштвото – било сметано за најголема чест. Кога се вложувале труд и самооткажување во надеж дека ќе се добие толку безвредна награда, која само еден како најдобар можел да ја прими, на колку поголеми жртви и самооткажувања треба да бидеме подготвени за да добиеме нераспадлив венец и вечен живот! {ХУ 25.3}
Ние треба да извршиме една задача – сериозна, многу сериозна задача. Сите свои навики, вкусот и склоности мораме да ги ускладиме со законите на животот и здравјето. На тој начин најдобро ќе ја сочуваме својата физичка сила и бистрината на умот за да можеме да ја согледаме разликата помеѓу доброто и злото. {ХУ 25.4}
За правилно да го сфатиме значењето на умереноста, мораме тоа прашање да го набљудуваме од библиски аспект; а никаде не наоѓаме посодржаен и поубедлив пример на вистинската умереност и благодатта која од неа произлегува, отколку оној што ни го дава историјата за пророкот Даниел и неговите другари на вавилонскиот двор. {ХУ 25.5}
Кога овие момчиња биле избрани „да ги научат халдејските книги и јазик”, за да можат „да стојат во царскиот двор” им било определено секојдневно следување и на јадења и на вино од царската трпеза. „Даниел науми да не се осквернува со јадењето од царската трпеза и од виното, што го пиеше царот…” (Даниел 1:8). {ХУ 26.1}
Во исхраната која била предвидена за нив имало и месо кое со законот примен преку Мојсеј било прогласено за нечисто. Затоа тие од старешината кој им бил претпоставен барале да им се даде едноставна храна; но, тој не се осмелувал да го стори тоа, плашејќи се дека таквото строго воздржување што тие го предлагаат неповолно ќе се одрази врз изгледот на нивните лица, а и него самиот ќе го доведе во немилост кај царот. Даниел замолил да биде извршена проба во траење од десет дена. Тоа било прифатено; и по истекот на предложеното време овие момчиња изгледале далеку поздрави и на изглед поубави од оние што ги јаделе царските јадења. Оттогаш, едноставни варива како храна и вода како пијалак, кои тие ги барале уште од самиот почеток, ја сочинувале постојаната исхрана на Даниел и неговите другари. {ХУ 26.2}
Овие момчиња на дворот на незнабожечкиот цар – во друштво на оние кои не се плашеле од Бога, ниту знаеле за Него – не ги довела нивната горделивост или славољубието. Тие биле робови во туѓа земја и Бескрајната Мудрост’ ги довела на толку истакнато место. Кога нивната верност била ставена на проба, тие детално ја разгледале својата положба како и сите опасности и потешкотии кои таа со себе ги донесува, а потоа во страв Божји ја донеле својата одлука. Одлучиле да останат предадени на верата на своите предци дури и кога со тоа би се изложиле на опасност да паднат во немилост кај царот. Тие им се покорувале и на физичкиот и на моралниот Божји закон и Бог ги благословил и ги надарил со сила, убавина и умни способности. {ХУ 26.3}
Овие момчиња уште од својата рана младост примиле правилно воспитување; и сега, иако одвоени од домашното влијание и верската средина, тие ги почитувале поуките примени во детството. На својата навика на самооткажување и придружиле и сериозност во намерите, трудољубивост и цврстина. Не се раководеле според горделивоста или недоличното славољубие, туку со стремежот да ја оправдаат укажаната доверба, на чест на својот поробен народ и на слава на Оној Кому Му служеле. {ХУ 26.4}
Кога царот по три години ги проверувал способностите и знаењето на овие момчиња, не се нашол никој како Даниел, Ананија, Мисаел и Азарија. Нивната остроумност, одличното познавање на халдејскиот јазик и високиот развој во секое знаење, сето тоа сведочело за неоштетеноста на нивните умни способности. Затоа, можеле да стојат пред царот. „И во се, за што се бараше мудрост и разбирање, и за што и да ги прашаше царот, ги најде десетпати подобри од сите гатачи и гледачи, колку што ги имаше во целото негово царство” (Даниел 1:20). {ХУ 27.1}
Бог секогаш ги уважува оние кои се праведни. Големиот освојувач од сите поробени земји ги земал момчињата кои најмногу ветувале и ги собрал во Вавилон; сепак, помеѓу сите нив, момчињата од Јудеја биле најдобри. Висока става, цврст еластичен чекор, ведро лице, непоматени сетила, незатруен здив, – сето тоа биле докази за правилните навики – знаци на благородност со која природата ги почестува оние што им се покоруваат на нејзините закони. {ХУ 27.2}
Историјата за Даниел и неговите другари е забележана на страниците на Вдахновената Реч, за да им послужи на благослов на младите од идните поколенија. Луѓето можат да го сторат она што треба да го сторат. Дали тие млади Евреи стоеле цврсто среде големото искушение и дали дале благородно сведоштво во прилог на вистинската умереност? – Слично сведоштво можат да дадат и младите од нашето време. {ХУ 27.3}
Тука прикажаната поука е една од оние за кои треба да се размисли. Нашата опасност не се наоѓа во немаштијата, туку во изобилството. Неумереноста за нас претставува постојано искушение. Оние кои сакаат своите сили да ги зачуваат неоштетени за служба на Бога, мораат строго да се придржуваат кон умереноста во употребата на примените дарови и потполно да се воздржуваат од сето она што е штетно и унижувачко. {ХУ 27.4}
Новото поколение е опколено со нешта создадени за искушување во поглед на апетитот. Особено во големите градови луѓето многу лесно им се препуштаат на сите можни попуштања и примамливи уживања. Оние, меѓутоа, кои, како Даниел нема да сакаат да се осквернуваат, ќе примат награда за умереноста во нивните навики. Зголемувајќи ја на тој начин својата физичка сила и издржливоста, тие создаваат резерва која добро ќе им дојде во случај на потреба. {ХУ 28.1}
Правилните навики во секојдневниот живот го потпомагаат развојот на умните способности. Бистрината на умот, физичките сили и долговечноста, сето тоа зависи од непроменливи закони. Во поговорката „Секој е ковач на својата среќа” има многу вистина. Иако родителите се одговорни за вообличувањето на карактерот, како и за воспитувањето и образованието на своите деца, сепак останува вистина дека нашата положба и полезност во светот во голема мерка зависат од нашите постапки и од патот што ќе го избереме. Даниел и неговите другари имале среќа да добијат правилно воспитување во својата рана младост, но само таа предност не би го создала од нив она што тие подоцна станале во животот. Дошло време кога тие морале да работат сами за себе – кога нивната иднина зависела од нивните постапки. Тогаш, тие одлучиле со вера да се држат за поуките примени во детството. Стравот Божји, кој е почеток на мудроста, бил темел на нивната големина. Неговиот Дух ѝ дава сила на секоја добра намера и секоја благородна одлука. {ХУ 28.2}
Неумереноста била проклетство за светот речиси од неговото создавање. Синот на Ное со претерана употреба на вино толку се унижил што загубил секакво чувство за пристојност и проклетството предизвикано од неговиот грев никогаш не е повлечено од неговото потомство. {ХУ 28.3}
Надав и Авијуд биле луѓе во света служба, но со употреба на вино толку го помрачиле својот ум што не можеле да го разликуваат светото од обичното. Со тоа што принеле пред Господа „туѓ оган”, ја занемариле Неговата заповед и ги стасала смртна казна. {ХУ 28.4}
На Александар Македонски му било многу полесно да ги покори царствата на целиот свет отколку да ги совлада своите желби. И кога станал победник на светот, овој таканаречен великан поради попуштањата на апетитот паднал како жртва на неумереноста. {ХУ 29.1}
И покрај искуствата и напредокот стекнати во текот на повеќе илјади години, истата онаа темна дамка која ги извалкала првите страници на историјата на човештвото не престанала даја нагрдува и современата цивилизација. Каде и да се свртиме наидуваме на пијанство со сите негови тешки последици. И покрај благородните напори на оние што се залагаат за умереност, ова зло зема се поголем замав. Се пропишуваат званични закони, но со законски прописи и одредби не може да се запре неговото ширење, освен на релативно ограничени територии. Се прават напори да се основаат заводи кои на жртвите на неумереноста ќе можат да им пружат помош да ги совладаат своите ужасни желби. Тоа е благороден потфат, но колку помудро и поуспешно би било да се отстрани причината за неволјите на тие страдалници! Да ја земеме предвид само финансиската страна на ова прашање, колку е бесмислено да се одобрува нешто со што ќе се осиромашат илјадници луѓе! Законите ја одобруваат трговијата со алкохолни пијалаци со што, практично, се создаваат пијаници, а потоа толкави издатоци се вложуваат во институти кои овие несреќници треба повторно да ги преобратат во среќни луѓе! Зарем законодавците не се во состојба да најдат некое подобро решение за спречување на пијанството? {ХУ 29.2}
Се додека се дозволува трговија со алкохолни пијалаци, на жртвите на оваа желба од многу мала корист ќе им биде лекувањето во домовите за алкохоличари. Тие не можат засекогаш да останат таму, туку треба повторно да го заземат своето место во општеството. Желбата за отровни пијалаци, иако можеби придушена, не е потполно уништена; и кога искушенијата кои се јавуваат на секој чекор ќе ги нападнат, тие најчесто паѓаат како лесен плен. {ХУ 29.3}
Што може да се стори за да се запре се поголемата поплава на ова зло? Би требало да се озакони и најстрого да се применува забраната за тргување со алкохолот како пијалак. Да ги вложиме сите напори да ги вратиме пијаниците кон умереност и доблест. Но, повеќе од се друго, би требале да го протераме и искорениме проклетството на опијанувањето од својата земја. Да ја загушуваме желбата за отровен пијалак и одлучно да бараме да му се застане на крајот на тоа. {ХУ 29.4}
Во законодавните установи и судниците би требало да претседаваат и имаат место само строго умерени и чесни луѓе. Не само имотот и угледот, туку и самиот живот не е сигурен ако судот им се препушти на луѓе кои се неумерени и неморални. Колку невини се осудени на смрт и колкумина се лишени од своите земски имоти и права поради неправдата на поротниците, правниците, сведоците па дури и самите судии кои биле под дејство на алкохол! {ХУ 30.1}
Денес се потребни луѓе што ќе имаат смелост да постапат како Даниел – луѓе со чисто срце, силни и бестрашни. Божја намера е човекот непрекинато да се развива – секој ден да постигнува се повисок степен на благородност. Бог е подготвен да ни помогне ако се трудиме самите да си помогнеме на себеси. Настојувањето со својот личен пример и праведност да биде на страна на реформата е должност на секој христијанин. Проповедниците на Евангелието треба да го подигнат својот глас како труба и да му ги покажат на народот неговите престапи и на домот Израилев гревовите негови. Младите треба да се поучуваат. И во овој и во вечниот живот можеме да се надеваме на среќа само ако се подготвиме додека сме уште тука. Треба да се чуваме од првите чекори кои би воделе кон неумереност во било кој поглед. Ако сакаме да ги сочуваме своите деца од зло, мораме да им овозможиме добар пример и да ги поучиме да се бојат од Бога и Тој да биде нивната мудрост и сила. {ХУ 30.2}
Употребата на опојни пијалаци го исфрла разумот од престолот, а срцето го прави нечувствително за се што е чисто и свето. Безживотните камења попрво би се отповикале на повикот на вистината и правдата отколку човек чии што сетила се умртвени со неумереност. Оние што ќе се осмелат да појдат по забранетиот пат, постепено и незабележливо застрануваат се додека не станат сосема развратни, расипани и безумни. И додека христијаните спијат, ова зло се здобива со сѐ поголема сила и создава нови жртви. Кога 6и се разбудила моралната чувствителност на христијаните за да го разберат и согледаат значењето на умереноста во сѐ и кога 6и сфатиле дека конечната судбина на секој поединец зависи од неговите животни навики, тие би се труделе со својот пример да им помогнат на оние што се слаби во самосовладувањето да им пружат отпор на желбите кои упорно бараат да бидат задоволени. {ХУ 30.3}
Ние сме сведоци на големите напори што се вложуваат во нашата земја за да и се застане на патот на неумереноста, но да се совлада и врзе разбеснет лав воопшто не е лесно. Кога само половината од напорите што се вложуваат за да се запре ова големо зло би се насочиле кон просветувањето на родителите во поглед на нивната одговорност за вообличување на карактерот и навиките на нивните деца, би се постигнало илјада пати повеќе. Неприродната желба за алкохолни пијалаци често се создава во самиот дом и тоа на масата на оние кои најревно предничат во делото на умереноста. Ние им посакуваме среќа на сите што се залагаат за умереност, но ги повикуваме подлабоко да ја согледаат причината на злото против кое се борат и во реформата да бидат уште подоследни и посовршени. {ХУ 31.1}
Со неумереноста, која почнува уште во родителскиот дом, на децата прво им ослабнуваат органите за варење и набргу, секојдневната храна не може да го задоволи нивниот апетит. Доаѓа до нездрава состојба на организмот и се јавува силна желба за нешто што надразнува. Чајот и кафето имаат непосредно дејство. Под влијание на тие отрови, нервниот систем се возбудува и во некои случаеви, за извесно време, изгледа дека силите на умот се засилиле и фантазијата заживеала. И, бидејќи овие надразливи напитоци доведуваат до толку „пријатни последици”, мнозина доаѓаат до заклучок дека тоа им е навистина потребно, но тоа секогаш има и противдејство. Нервниот систем ја позајмува силата од своите помошни извори, која била предвидена за подоцнежна употреба и сето тоа привремено закрепнување е проследено со соодветна депресија. Ненадејното олеснување предизвикано од употребата на чајот или кафето е очигледен доказ дека она што изгледа дека дава сила, всушност, само ги надразнува нервите и последиците за организмот мораат да бидат штетни. {ХУ 31.2}
Така апетитот се навикнува постојано да бара нешто посилно, бара се поголеми возбудувања кои му се пријатни. Неговите желби стануваат се позачестени и се потешко се сузбиваат. Организмот се повеќе слабее и не може да издржи без тие неприродни средства за поттикнување на апетитот, желбата за нив станува се посилна додека волјата не попушти и човекот повеќе нема сила да им се спротивстави на тие неприродни желби. {ХУ 31.3}
Кога еднаш ќе се скршне од вистинскиот пат, не е лесно да се врати на него. Заштитната ограда е урната и нема повеќе безбедност. Еден чекор во погрешен правец му прави место и на вториот. Најмалото застранување од начелата на праведноста го одвојува човекот од Бога и крајот може да биде потполна пропаст. Она што еднаш ќе го направиме, друг пат уште полесно ќе се повтори и тоа продолжува така, без оглед дали е добро или лошо. За да го расипеме својот пат пред Бога не е потребно да се вложи никаков напор, но потребно е многу трпение, труд и време за во нашиот карактер да ги вградиме навиките на праведноста и вистинитоста. {ХУ 32.1}
Мнозина кои не се осмелуваат на усните на своите ближни да стават чаша со алкохолен пијалак се занимаваат со производство на хмељ (кој се користи во пиварската индустрија) и со тоа своето влијание го спротивставуваат на делото на умереноста. Не можам да сфатам како христијаните, во светлината на Божјиот закон, можат свесно да се занимаваат со производство на хмељ или со производство на вино и ракија за продажба. {ХУ 32.2}
Често пати сум ги слушнала луѓето како зборуваат: „О, па тоа е само ликер. Тој воопшто не е штетен, дури е и здрав.” Неколку литри, па дури и повеќе хектолитри од неа се оставаат во домот. Но, тој е сладок само неколку дена, а потоа настапува процесот на вриење. Остриот вкус што тогаш се чувствува за мнозина е уште попријатен и љубителите на овој сладок ликер и ракија не забележуваат дека нивниот сладок пијалак станува се посилен и покисел. {ХУ 32.3}
Луѓето се трујат со вино и ликер исто како и со употреба на посилни пијалаци и со тоа се создава најлошиот вид на пијанство. Желбите се сѐ поизопачени, карактерот сѐ повеќе се менува и човекот станува се поодлучен и поупорен во злото. Неколку литри ликер или вино можат да создадат желба за посилни пијалаци и во многу случаеви токму таа навика поставува темел на хронично опивање. {ХУ 32.4}
Оние кои наследиле склоности кон надразнувачки средства не се сигурни ако во своите домови држат вино или ликер, бидејќи сатаната постојано ги поттикнува да попуштат. Ако му попуштат на искушението, тие не знаат да се сопрат; апетитот упорно бара задоволување, а задоволувањето донесува пропаст. Разумот темнее и ја губи власта, а контролата ја преземат желбите и страстите. Поради попуштањата на желбите за употреба на ликер и вино, луѓето стануваат се пораскалашни и се оддаваат на речиси секаков вид пороци. Оние кои ги сакаат овие надразливи пијалаци и кои ќе се навикнат на нив не можат да се развиваат во милоста. Тие се здебелуваат и им се препуштаат на телесни задоволства; со повисоките сили на нивниот ум владеат животински страсти, а доблестите воопшто не се почитуваат. {ХУ 32.5}
Умерената употреба на поблагите пијалаци е училиште во кое луѓето се учат да станат вистински пијаници. Од тврдината на умереноста, сатаната ги изведува луѓето постепено; употребата на вино и ликер така подмолно го шири своето влијание на нивниот вкус, што тие без никакво сомневање стапуваат на патот на вистинското пијанство. Желбата за надразливи средства станува се посилна, нервниот систем пореметен, сатаната го држи умот во трескавична неконтролираност, а кутрата жртва, вообразувајќи дека се наоѓа во целосна сигурност, оди сѐ подалеку и подалеку додека не ја помине секоја граница и не го погази секое начело. Најсилните одлуки се поткопани и вечните интереси не можат да го доведат унижениот апетит под контрола на разумот. Некои никогаш не се потполно пијани, но секогаш се под влијание на поблаги опојни отрови. Тие се возбудливи, умно нестабилни, не се сосема зафатени со лудилото на пијанството, но многу се неурамнотежени, затоа што благородните сили на умот се потполно изопачени. {ХУ 33.1}
Каде и да се свртиме наидуваме на одвратната навика на пушење на тутун, која со својата омамлива привлечност ги ослабнува и умот и телото. Имаат ли тие луѓе право и на Творецот и на светот да им ја ускратуваат службата што им ја должат? Тутунот е подмолен отров што потајно дејствува. Организмот многу потешко се ослободува од неговите последици отколку од самиот алкохол. Ропските ланци со кои тој ја врзува своја жртва се посилни дури и од отровната чаша на пијалакот. Таа одвратна навика ги валка оние што и се препуштаат, а непријатна им е и на другите. Ретко кога можеме да поминеме низ толпа луѓе, а да не бидеме заплиснати со нивниот отровен здив. Многу е непријатно, ако не и опасно да се биде во железнички вагон или во некоја затворена просторија каде атмосферата е загадена со отровниот здив на пијаниците и пушачите. Дали е чесно да се труе воздухот што и другите морат да го вдишуваат? {ХУ 33.2}
Каква сила во борбата против неумереноста може да има оној што користи тутун? Пред секирата да биде ставена на коренот на дрвото, мора да дојде до пресврт во поглед на пушењето. Чајот, кафето и тутунот претставуваат, секој на свој начин и до извесен степен, надразнувачки средства исто како и алкохолните пијалаци. {ХУ 34.1}
Дејството на чајот и кафето, како што е веќе покажано, е слично на дејството на виното, ликерот, алкохолните пијалаци и тутунот. {ХУ 34.2}
Чајот спаѓа во надразнувачки средства и до извесна мерка опива и труе. Тој постепено ги нарушува силите на телото и умот. Својата жртва прво ќе ја развесели, откако ќе ги раздразни и забрза движењата на нејзиниот организам; и затоа оние што пијат чај имаат впечаток дека тој им донесува голема корист. Меѓутоа, тоа е голема измама. Кога неговото дејство ќе помине, неприродната сила ја снемува, а последица е малаксаност соодветна на вештачки предизвиканата живост и веселост. Други последици од употребата на чајот се: главоболка, несоница, биење на срцето, лошо варење, треперење и многу други зла. {ХУ 34.3}
Употребата на кафето, исто така, е штетна навика. Таа привремено го поттикнува умот на невообичаена активност, но подоцна настапуваат исцрпеност, скршеност, умртвеност на умните, моралните и физичките сили. Умот станува послаб и ако не се вложи решителен напор да се победи оваа навика, активноста на мозокот постојано се намалува и ослабнува. {ХУ 34.4}
Се што ги надразнува нервите ги приведува кон крај животните сили и со постојана активност доведува до нервен слом, нетрпеливост и умствена немоќ, а го спречува и духовното напредување. Зарем тогаш оние што се застапуваат за реформата не би требале да се спротивстават на употребата на тие штетни пијалаци? На некои им е потешко да раскинат со навиката да употребуваат чај или кафе отколку на пијаницата да го остави алкохолот. Да се дадат пари за чај или кафе е полошо отколку да сте ги фрлиле, зашто тие напитоци на оние кои ги употребуваат им донесуваат штета и тоа засекогаш. Оние што пијат чај, кафе, опиум и алкохол понекогаш можат да доживеат длабока старост, но тоа не е никаков аргумент во корист на употребата на овие надразнувачки средства. Што се таквите можеле да постигнат, но го пропуштиле тоа поради својата неумереност, ќе се покаже единствено во оној голем ден „кога Бог ќе суди”. {ХУ 34.5}
Оние кои прибегнуваат кон употреба на чај или кафе со намера тоа да ги поттикне на пожива работа, ќе ги почувствуваат лошите последици од своите постапки во треперењето на нервна база и во недостаток на самоконтрола. На преморените нерви им е потребен одмор и мирување. На природата и е потребно време да ги заздрави своите исцрпени енергии. Меѓутоа, кога нејзините сили со постојана употреба на надразнувачки средства се поттикнуваат на активност, со секое повторување на тој процес, силата всушност, се губи. Тие за извесно време, под дејството на надразнувачките средства, можеби ќе сторат нешто повеќе, но постепено ќе биде се потешко да се разбуди ослабнатата енергија до саканиот степен и, конечно, исцрпената природа веќе воопшто нема да одговара на таквите дразби. {ХУ 35.1}
Навиката за внесување на чај или кафе претставува многу поголемо зло отколку што тоа обично се претпоставува. Мнозина кои се навикнале да ги употребуваат овие надразнувачки напитоци страдаат од главоболка и нервна исцрпеност и губат многу време на боледување. Тие вообразуваат дека не би можеле да живеат без овие надразнувачки средства, а не знаат колку штетно влијание имаат тие врз нивното здравје. А најлошо од се е тоа што тие последиците од употребата на ваквите средства обично им ги препишуваат на други нешта. {ХУ 35.2}
Поради употребувањето на надразнувачки средства страда целиот организам. Нервите се неурамнотежени, црниот дроб станува пречувствителен, квалитетот и циркулацијата на крвта се влошуваат, а кожата станува нефункционална и бледа. Умот, исто така, е оштетен. Непосредното дејство на тие надразнувачки средства го поттикнува мозокот на постојана активност, што само го прави послаб и помалку способен за неопходните напори. Конечната последица е исцрпеност, не само умствена и физичка, туку и морална. Поради тоа гледаме нервозни мажи и жени, со нездраво расудување и неурамнотежен ум. Тие често покажуваат површност, нетрпение, дух на обвинување, пронаоѓање грешки кај другите и тоа со помош на лупа и потполна неспособност да ги согледаат своите недостатоци. {ХУ 35.3}
Кога оние што употребуваат чај или кафе ќе дојдат на некој прием или на гости, дејството на нивната убиствена навика се манифестира јавно. Тие без никакво воздржување го пијат својот омилен напиток и кога надразнувачкото влијание на напитокот ќе ги развесели, јазикот им се разврзува и почнуваат да зборуваат лошо за другите. Зборуваат многу и не бираат зборови. На сите страни се слушаат безначајни новости, прикажувања, озборување и клевета. Тие непромислени дрдорковци забораваат дека имаат еден сведок. Еден невидлив стражар го запишува секој нивни збор во небесните книги. Секоја таква груба критика, секое зголемено прераскажување на новостите и секое чувство на злоба и пакост извршено под надразнувачкото дејство на кафето или чајот, Исус го забележува како да Му е нанесено лично Нему. „…доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле” (Матеј 25:40). {ХУ 36.1}
Ние веќе и без тоа страдаме од последиците на лошите навики на нашите предци, а колкумина денес поаѓаат по уште полош пат во секој поглед? Опиумот, чајот, кафето, алкохолот и тутунот нагло ги згаснуваат сѐ уште преостанатите искри на животната сила на човечкиот род. Секоја година се пијат милиони хектолитри алкохолни пијалаци и милиони долари се трошат на тутун. Робовите на апетитот, постојано трошејќи ја својата заработка на сетилни задоволства, им скратуваат на своите деца од храната, облеката и можностите за образование. Состојбата на општеството никогаш нема да може да се поправи сѐ додека постојат овие зла. {ХУ 36.2}
Кога човекот, кој е создаден според Божјиот образ, попуштајќи ѝ на желбата за алкохолен пијалак, по своја волја ја принесува чашата со тој отровен пијалак кон своите усни, тој се спушта под нивото на животните. Разумот отапува, умствените сили се умртвуваат, сетилните страсти се разбудуваат, а потоа следат пороците кои најдлабоко го унижуваат човекот. Како може оној што употребува рум и тутун своето срце потполно да Му го посвети на Господа? Тоа е невозможно. Таквиот не може ни ближниот да го љуби како самиот себе. Омилените задоволства ги обзимаат сите негови чувства. За да ја задоволи неизгасливата жед за силниот пијалак, тој го продава разумот и ја губи контролата врз себе. Тој на своите усни става нешто што му го затапува мозокот, му ги умртвува умствените сили и го претвора во проклетство и срам и во вистински ужас и напаст за сите што се околу него. Кога луѓето 6и биле умерени во се, кога не би ги вкусиле чајот, кафето, опиумот, тутунот и било какви алкохолни пијалаци, ниту воопшто би се допирале до нив, разумот би ја преземал власта во свои раце, а желбите и страстите би ги потчинил под своја контрола. {ХУ 36.3}
Преку апетитот сатаната владее со умот и со целото битие. Илјадници човечки суштества заминуваат во гроб уништени физички, умно и морално, заради тоа што ги жртвувале сите свои сили на задоволувањето на апетитот. На луѓето од нашата генерација им е далеку попотребно отколку на оние од минатото да ја повикаат на помош силата на волјата и силата на Божјата милост, за да можат да му се спротивстават на искушението на сатаната и во најмалото попуштање на изопачените желби. Меѓутоа, денешната генерација во самосовладувањето е послаба од сите генерации кои живееле во минатото. Оние што ги употребуваат тие надразнувачки средства ги пренесуваат тие желби и на своите деца и сега е потребно многу повеќе морална сила за да се застане наспроти неумереноста во сите нејзини облици. Единствениот наполно сигурен пат е цврстата и доследна примена на умереноста во секој поглед и никогаш да не се изложуваме на опасноста на погрешниот пат. {ХУ 37.1}
Чувствувам длабока потреба татковците и мајките да ги разберат обврските што почиваат врз нив. Ние подигнуваме деца кои ќе бидат или под власта на сатаната или под власта на Христа. Единствениот начин на кој можеме да се сочуваме од силната неумереност е потполното воздржување од виното, пивото и сите жестоки пијалаци. Мораме да ги учиме и нашите деца дека, со цел да се постигне вистинска чесност и мажевност, се ова мора да се отфрли. Бог ни открил во што се состои вистинската мажевност; и само оние што ќе ја поседуваат Тој ќе ги признае како победници и нивните имиња нема да ги избрише од книгата на животот. {ХУ 37.2}
Кога Господ имал намера да го подигне Самсон како ослободител на својот народ, Тој ја поучил неговата мајка на правилни навики до кои требало да се придржува во нејзиниот живот уште пред раѓањето на ветеното дете. Истото воздржување од се што нејзе и било забрането се однесувало и на детето; зашто тоа од самото раѓање требало да Му биде посветено на Бога како назареј. {ХУ 37.3}
Ангел Господов и се јавил на жената на Маној, ја известил дека ќе добие син и и дал важно упатство во врска со тоа: „Затоа пази се, не пиј вино и сикер и не јади ништо нечисто” (Судии 13:4). {ХУ 38.1}
Бог му наменил значајна задача на синот на Маној, а за да се подготви како што треба за таа задача и тој и мајката морале да се придржуваат кон грижливо пропишаните навики. „Нека не пие вино и сикер”, му рекол ангелот на Маној во врска со неговата жена, „да не јаде ништо нечисто и да внимава на се, што и заповедав” (Судии 13:14). Од навиките на мајката зависи кон што ќе биде наклонето детето: кон добро или кон зло. Таа мора да се раководи според принципите, да владее со себе и во се да биде умерена, ако сака детето да и биде здраво и среќно. {ХУ 38.2}
Во Новиот Завет наоѓаме не помалку впечатлив пример кој зборува за значењето на умереноста во животните навики. {ХУ 38.3}
Јован Крстител бил реформатор. Му било доверено големо дело за народот од неговото време. И, во подготовката за таа задача, сите негови навики, уште од раѓање биле грижливо пропишани. Ангелот Габриел бил испратен од небото да ги поучи родителите на Јован на принципите на здравствената реформа. Тој „нема да пие вино ни сикер” – рекол небесниот гласник – „а ќе се исполни со Дух Свети…” (Лука 1:15). {ХУ 38.4}
Јован самиот се одделил од своите пријатели и раскошниот живот; живеел осамен во пустината и се хранел исклучиво со растителна храна. Неговата едноставност во облекувањето – облеки исткаени од влакно од камила – претставувала укор за разметливоста на неговите современици, особено на еврејските свештеници. А неговата исхрана која се состоела од рогач и див мед, исто така претставувала укор за лакомоста која насекаде преовладувала. {ХУ 38.5}
Делото на Јован Крстител го претскажал пророкот Малахија: „Ете, Јас ќе Го пратам при вас пророкот Илија, пред да настапи денот Господен – големиот и страшниот. И тој ќе ги обрне срцата на татковците – кон децата нивни…” (Малахија 4:5,6). Јован Крстител бил испратен во духот и силата на пророкот Илија да го подготви патот за Господа Исуса и да го обрати народот кон вистинската мудрост. Тој е претставник на оние што живеат во последните денови и на кои Бог им ги доверил светите вистини, за да му ги пренесат на светот и да го подготват патот за Христовото повторно доаѓање. И оние исти начела на умереност до кои се придржувал Јован, треба да ги применуваат во своите животи и оние кои денес се повикани да го предупредат светот на доаѓањето на Синот човечки. {ХУ 39.1}
Бог го создал човекот според Својот образ и Тој од него очекува силите што ги примил да ги сочува неоштетени за служба на Својот Творец. Не треба ли, тогаш, да ги послушаме Неговите совети и предупредувања и нашите сили да ги одржиме во најдобра состојба, за да можеме да ги употребиме служејќи Му Нему? И најдоброто што можеме да Му го дадеме на Господа е премногу слабо. {ХУ 39.2}
Зошто денес во светот има толку страдања и несреќи? Дали затоа што Бог сака да ги гледа страдањата на своите созданија? – О, не! Тоа доаѓа оттаму што луѓето, оддавајќи се на ненормален живот, ослабнале. Ние често лелекаме поради престапот на Адам и сметаме дека нашите прародители покажале голема слабост кога попуштиле пред искушението; меѓутоа, кога престапот на Адам би бил единственото зло со кое се соочуваме, состојбата на светот би била многу подобра отколку што е. Од деновите на Адам, човекот, по законот на наследувањето, постојано паѓа се подлабоко и подлабоко. {ХУ 39.3}
Употребата на алкохолните пијалаци му донесува на светот големи неволји. Иако на пијаниците постојано им се зборува дека пиејќи, всушност, си го скратуваат животот, тие сепак и понатаму продолжуваат да грешат. Зошто не престанете да ги престапувате Божјите закони? Зошто не се потрудите да го сочувате своето здравје? Тоа Бог го бара од вас. Кога христијаните би ги потчиниле своите желби и страсти под власта на просветената совест, чувствувајќи дека должноста кон Бога и ближните бара од нив да им се покоруваат на законите на животот и здравјето, тие би уживале во благослови на физичка и умствена сила; морално би станале толку силни што би можеле да се впуштат во борба со сатаната; и во името на Оној што станал Победник во нивна корист и тие би можеле да станат повеќе од победници. {ХУ 39.4}
Насекаде околу нас се наоѓаат жртви на изопачените желби, а што преземате вие за да им помогнете? Не можете ли со својот пример да им помогнете да се вратат на патеката на умереноста? Можете ли да разберете на какви се искушенија се изложени младите кои растат околу нас и дали воопшто се трудите да ги предупредувате и спасувате? Кој сака да застане на страната на Господа? Кој ќе дојде на помош за да се запре плимата на неморалот, несреќите и неволјите што го преплавуваат светот? Ве преколнуваме да го посветите своето внимание на задачата на самоконтрола. Право на дрвото на животот на крај ќе имаат само оние што ги држат Божјите заповеди. {ХУ 40.1} Воопшто не е лесно да се совладаат желбите за надразнувачки и опојни средства.
Но, во Христово име може да се извојува и оваа голема победа. Неговата љубов кон паднатиот род е толку голема што Тој поднел неизмерна жртва за да допре до него во неговата униженост и со Својата божествена сила конечно да го воздигне до Својот престол. Меѓутоа, од самиот човек зависи дали Христос за него ќе може да го стори она што Тој, инаку, совршено може да го направи. Бог не може и не сака да работи против волјата на човекот за да го спаси од лукавството на сатаната. Човекот мора да ги вложи сите свои сили за да му се спротивстави на искушението и да извојува победа по секоја цена; тој мора да соработува со Христа. Дури тогаш, со победата добиена со семоќната Христова рака и во Негово име, човекот може да стане еден од Божјите наследници и Христови сонаследници во Неговата слава. Ниеден пијаница на може да биде наследник на Божјото царство; меѓутоа, „На оној, што победува” – вели Христос – „ќе му дозволам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Отецот Свој на Неговиот престол” (Откровение З:21). {ХУ 40.2}
