Христијанска умереност
Крајности во исхраната
Многу гледишта на адвентистите на седмиот ден во многу се разликуваат од општо прифатените гледишта и ставови на целиот свет. Оние што бранат една непопуларна вистина мораат, повеќе од сѐ друго, да се трудат да бидат доследни во својот живот. Своите намери не би смееле да ги вложуваат само во тоа да се истакне колку тие се разликуваат од другите, туку како можат да им се приближат на оние врз кои сакаат да влијаат, за да им помогнат и на другите да го прифатат ставот што тие самиот толку високо го вреднуваат. На таков начин можат и на другите да им ја препорачуваат вистината што самите ја држат. {ХУ 55.1}
Оние што се поборници на реформата во поглед на исхраната треба, со снабдувањето на својата трпеза, полезноста на науката за зачувување на здравјето да ја прикажат во најдобра светлина. Овие принципи треба да ги поткрепат со личен пример, за да можат да им го препорачаат на расудувањето на искрените души. {ХУ 55.2}
Мнозинството ќе го отфрли секое поттикнување на реформа, без оглед на неговата оправданост, ако со тоа се бара ограничување на апетитот. Наместо според разумот и со законите на здравјето, тие се раководат според вкусот. Таквите ќе бидат противници на сите оние според вкусот. Таквите ќе бидат противници на сите оние што ќе ја напуштат изгазената патека на навиките и ќе се борат за реформи и ќе ги сметаат за луѓе кои се стремат кон потполна промена; сепак, овие секогаш треба да останат сосема доследни. {ХУ 55.3}
Меѓутоа, никој не би смеел да допушти спротивставувањата или исмевањата на другите да го одвратат од делото на реформата, ниту да го наведат несериозно да го сфати тоа дело. Оној што е обземен од Духот Кој го придвижувал Даниел, нема да биде стеснет ниту суетен, туку цврсто и одлучно ќе застане во одбрана на правдата. Во своето дружење, со браќата или со другите, никогаш ни најмалку нема да отстапува од начелата, додека во исто време нема да пропушти да покаже трпение и благородност слични на Христовите. Кога оние кои ги застапуваат реформите во поглед на зачувувањето и негувањето на здравјето со тоа одат во крајност, не можат да ги укоруваат другите, ако тие самите станале одвратни. На тој начин нашата вера често станува озлогласена и во многу случаеви, оние што биле сведоци на така недоследно излагање никогаш повеќе не можат да се наведат на мисла дека во таквата реформа има нешто добро. Таквите луѓе кои одат во крајност можат за неколку месеци да направат толку штета што тоа нема да можат да го поправат во текот на целиот живот. Тие се зафаќаат со работата на која сатаната сака да ги види. {ХУ 55.4}
Покажани ми се два вида на верници: едни, кои не живеат според светлината што Бог им ја дал; други, кои се премногу строги во спроведувањето на своите еднострани идеи за реформа, принудувајќи ги и другите на тоа. Кога еднаш ќе заземат некој став, тие тврдоглаво се држат за него и речиси во сѐ ја преминуваат границата. {ХУ 56.1}
Оние што во претходниот оддел се споменати како први, ја прифаќаат реформата само затоа што тоа веќе некој ја прифатил. Тие немаат претстава за нејзините принципи. Мнозина од оние што исповедаат вера ја прифатиле само затоа што и други веќе го сториле тоа и во текот на целиот свој живот не се во состојба да ги наведат причините за својата вера, поради тоа тие се толку нестабилни. Наместо своите побуди да ги мерат во светлината на она што е неминливо, да се здобиваат со практично знаење за принципите со кои треба да се раководат во секоја своја постапка, да копаат во длабочина и самите за себе да градат на вистинскиот темел, тие чекорат во светлина на туѓ факел и сигурно ќе се загубат. {ХУ 56.2}
Оние другите, пак, имаат погрешно мислење за реформата. Тие прифатиле премногу скуден начин на исхрана. Живеат од храна со слаб квалитет, подготвена така што во неа нема хранливост која му е неопходна на организмот. Подготвувањето на храната е многу важно и тоа треба да се стори толку внимателно што таа ќе му годи на неизопачениот вкус. {ХУ 56.3}
Бидејќи, од принцип, ја отфрламе употребата на се што го надразнува желудникот и го уништува здравјето, никогаш не смееме да мислиме дека последиците од она што го јадеме се безначајни. На никого не му препорачуваме еднолична храна сиромашна со хранливи состојки. Мнозина на кои им е потребна благодатта на здравиот живот – од совесни побуди, затоа што така веруваат – се лажат себеси претпоставувајќи дека слабата храна, подготвена без труд, направена главно, од качамак и тешко сварливи невкусни каши, претставува реформирана исхрана. Некои, пак, употребуваат млеко и многу засладена каша, мислејќи дека се придржуваат кон здравствената реформа. Меѓутоа, комбинацијата на млеко и шеќер обично предизвикува вриење во желудникот и затоа е штетна. Изобилната употреба на шеќер, во било кој облик, го оптоварува организмот и често е причина за болести. Некои сметаат дека смеат да јадат само храна со одреден квалитет и точно утврдено количество, па се ограничуваат на само два или три вида на храна. Меѓутоа, јадејќи премалку и тоа не храна со најдобар квалитет, тие не примаат доволно хранливост. {ХУ 56.4}
Во применувањето на здравствената реформа треба да се има разбирање за вообичаената реалност. Не можат сите луѓе да јадат иста храна. Она што за некого е здраво и вкусно, за друг може да биде штетно. На некои не им одговара употребата на млекото, додека други живеат од него. За некого гравот, боранијата и грашокот се здрави продукти, додека други не ги поднесуваат. Нечиј желудник е толку ослабнат што не прима ништо грубо, дури ни производи од просто сомелено брашно. Затоа е невозможно да се создаде едно непроменливо правило кое на секого би му го одредувало начинот на исхраната. {ХУ 57.1}
Стеснетите идеи, претераното нагласување на прашања кои не се толку значајни, и нанесуваат голема штета на науката за зачувување и негување на здравјето. Некои во подготвувањето на јадењата толку штедат што, наместо здрава, добиваат многу слаба храна, осиромашена со хранливи состојки. Какви се последиците од тоа? – Слабокрвност. Видов дека во многу случаеви најтешко се лекува болеста предизвикана со еднолична и осиромашена исхрана. Тие несреќни души не ги натерала сиромаштијата да прифатат толку скудна храна, туку нивните погрешни идеи за тоа што ја сочинува здравствената реформа. Ден по ден, тие употребуваат еднолична храна, подготвена на потполно ист начин, се додека со тоа не ги уништат органите за варење и не дојдат во состојба на потполна малаксаност. {ХУ 57.2}
Мнозина што ќе ја прифатат здравствената реформа се жалат дека таа не им одговара; меѓутоа, откако седев на нивните трпези, дојдов до заклучок дека вината не е во здравствената реформа, туку во скудно подготвената храна. Апелирам до мажите и жените кои Бог ги надарил со разум: научете се да готвите како што треба. Не грешам кога велам и мажите, зашто тие исто како и жените треба да научат како се готват едноставни и здрави јадења. Нивната работа често ги одведува на такви места каде не можат да добијат здрави јадења. Можат да бидат повикани со денови, па и со недели да се задржат во некое семејство кое нема речиси никакво искуство во поглед на подготвувањето на здрава храна. Тогаш, ако имаат знаење во тој поглед, можат да го употребат за добра намена. {ХУ 57.3}
Преиспитајте ги своите навики во поглед на исхраната. Проучете се, од причината до последиците, но не изнесувајте невистинито сведоштво во поглед на здравствената реформа, продолжувајќи по патот по кој, и не знаејќи, се борите против неа. Немојте да го запоставувате ниту да го злоупотребувате своето тело, правејќи го со тоа неспособно за службата што Му ја должите на Бога. Според она што сигурно го знам, некои од нашите најспособни работници умреа поради таква немарност. Грижата домаќинството да биде обезбедено со вкусна храна која на организмот му дава сила, претставува една од првите должности на домаќинот. Подобро да ги намалите издатоците за облека и мебел, отколку да немате доволно прехранбени продукти кои треба да најдат место на вашата маса. {ХУ 58.1}
За мнозина два оброка се многу поздрави отколку три; други, поради одредени околности можеби мораат да земат нешто за вечера; но тоа треба да биде сосема лесно. Меѓутоа, никој не треба себеси да се смета за мерило за сите други – дека секој мора да постапува точно како него. {ХУ 58.2}
Никогаш немојте да го залажувате желудникот ускратувајќи му го она што е неопходно за здравјето, ниту пак да го злоупотребувате преоптоварувајќи го со товар што не треба да го носи. Развивајте самоконтрола. Ограничувајте го апетитот задржувајќи го под контрола над разумот. Не сметајте дека, кога имате посетители, е неопходно да ја натрупате масата со нездрава храна. Треба да ги имате предвид здравјето на вашето семејство и влијанието на храната врз вашите деца исто како и навиките и вкусот на вашите гости. {ХУ 58.3}
Некои што ја прифатиле здравствената реформа постојано живеат во страв дека нивната исхрана, иако едноставна и хранлива, ќе им наштети. На таквите 6и им кажала: не претпоставувајте дека таквата исхрана ќе ви наштети, туку, откако сте ја подготвиле според своето најдобро расудување и сте Го замолиле Бога да ја благослови, верувајте дека Тој ја услишил вашата молитва и бидете сосема спокојни. {ХУ 59.1}
Здравствената реформа е многу значајна за нас и не смееме да дозволиме со нашите стеснети погледи да го намалиме нејзиното значење. Мораме да му останеме верни на нашето сведоштво и на она што е правилно. Даниел бил благословен затоа што бил истраен во она што знаел дека е правилно и ние ќе бидеме благословени ако се трудиме да Го прославиме Господа со секоја намера и помисла на нашите срца. {ХУ 59.2}
