Христијанска умереност
Влијанието на исхраната врз здравјето и моралот
По патеката на животот можеме да поминеме само еднаш; затоа, секој треба да си го постави прашањето; „Како најкорисно и на најдобар начин треба да ги употребам своите сили? Како можам најдобро да Му послужам на слава на Бога и на благослов на ближните?” Зашто, животот е полезен и скапоцен само ако се посвети за остварување на вакви цели. {ХУ 41.1}
Наша прва должност кон Бога и ближните е развој на сопствените сили и таленти. Секоја способност со која Творецот нѐ надарил треба да се развива до најголема мерка, за да бидеме во состојба она што сме го примиле да го употребиме на најдобар можен начин. Од ова произлегува дека времето посветено за негување и зачувување на телесното и душевното здравје е правилно употребено. Не смееме да дозволиме било која функција на телото или умот да закржлави или да остане неразвиена. Ако до тоа сепак дојде, сигурно ќе мораме да се соочиме со последиците. {ХУ 41.2}
На секој поединец, во многу му се дава можност од себе да создаде она што, всушност, би сакал да стане. Благодетите на овој, а исто така и на идниот, вечен живот, им се на дофат на сите. Секој може да изгради цврст и достоен карактер, добивајќи нова сила на секој цврст и достоен карактер, добивајќи нова сила на секој чекор. Секој ден може да напредува во знаењето и мудроста и да се насладува со свеста за својот постојан развој во доблестите и милоста. Неговите способности со нивната употреба постојано ќе се зголемуваат и колку повеќе знае, толку поспособен ќе станува за стекнување на нови сознанија. На тој начин неговите сили, знаењето и доблестите ќе се развиваат во совршен склад до најголема мерка. {ХУ 41.3}
Од друга страна, неговите сили и способности – ако не се употребуваат – можат да ослабнат и за’рѓаат, а поради недостаток на самосовладување, морална или духовна немоќ или лошите навики, можат и да се изопачат. Неговиот пат тогаш ќе води надолу, тој не му се покорува на Божјиот Закон, а исто така ни на здравствените закони. Со него владеат желбите и тој им попушта на своите стремежи. Повеќе им се препушта на силите на злото, кои се многу активни да го влечат назад, отколку што се бори против нив и оди напред. Му се оддава на раскалашен живот, а потоа следат болест и смрт. Таква е животната приказна на мнозина кои можеле корисно да послужат во Божјото дело и да бидат благослов за човештвото. {ХУ 41.4}
Едно од најсилните искушенија со кои човекот се соочува е апетитот за јадење. Господ на почетокот го создал човекот многу добар. Разумот му бил совршено урамнотежен и ставата, силата, способностите и сите органи на неговото битие биле наполно складно развиени. Но, заведен од страна на лукавиот непријател, човекот ја престапил Божјата заповед, а законите на природата неоспорно бараат полна казна. {ХУ 42.1}
На Адам и Ева им било дозволено да јадат од родот на секое дрво во Едемската градина, освен од едно. На таа света двојка Господ и рекол: „освен од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади; зашто, во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш“ (Создавање 2:17). Измамена со посредство на змијата, Ева поверувала дека Бог сепак нема да го стори она што го кажал. Јадела од плодот од забранетото дрво и ѝ се причинило дека ја обзема чувство на некаков нов и возбудлив живот, па му понудила од плодот и на својот маж. Змијата и рекла дека нема да умре и таа во моментот навистина не почувствувала никакви лоши последици од својата постапка – ништо што би можело да се протолкува како предзнак на смртта; напротив, се чувствувала многу пријатно, претпоставувајќи дека и ангелите така се чувствуваат. Нејзината постапка била во директна спротивност со заповедта на Јехова, па сепак, Адам си дозволил на себеси да биде заведен од неа. {ХУ 42.2}
Слични постапки забележуваме дури и во верскиот свет. Јасните Божји заповеди се престапуваат и „бидејќи не се врши суд на лоши работи, затоа не се плаши срцето на синовите човечки да прави зло” (Проповедник 8:11). И покрај најодредените Божји заповеди, мажите и жените се поведуваат по своите склоности и уште имаат смелост да Му се молат на Бога да им дозволи да прават спротивно од Неговата јасна волја. На таквите сатаната им приоѓа исто онака како што некогаш и се приближил на Ева во Едем и влијае врз нив. Тоа ги зафаќа сите нивни мисли и тие тоа го сметаат за чудесно искуство што им го дал Господ. Меѓутоа, вистинското искуство секогаш е во склад со природните и божествените закони, додека лажните искуства им се спротивни и на законите на животот и на Божјите прописи. {ХУ 42.3}
Од првото попуштање на апетитот, уште во Едемската градина, човечкиот род се повеќе му се оддавал на попуштањето додека, конечно, и здравјето не било жртвувано на олтарот на желбите за јадење. Жителите на претпотопниот свет биле неумерени во јадењето и пиењето. Јаделе месо, иако Бог во тоа време не му дал на човекот никаква дозвола за тоа. Им се оддавале на јадењето и пиењето се додека нивното попуштање на изопачениот апетит не ги поминало сите граници и се расипале до таа мерка што Бог повеќе не можел да ги трпи. Чашата на беззаконието се преполнила и Бог потоа ја очистил земјата од моралната изопаченост на нејзините жители. {ХУ 43.1}
Кога луѓето по потопот се намножиле на земјата, повторно Го заборавиле Господа и го расипале својот пат пред Него. Неумереноста од секој вид се повеќе земала замав додека не завладеала со целиот свет. Цели градови биле избришани од лицето на земјата поради унижувачките пороци на одвратното беззаконие, кое од нив направило дамка на прекрасното поле на Божјите создадени дела. Задоволувањето на неприродните желби довело до гревот кој го предизвикал уништувањето на Содом и Гомор. Падот на Вавилон Бог го припишува исклучиво на пијанството на неговите жители. Попуштањето на желбите за јадење и на страстите им удрило темел на сите нивни гревови. {ХУ 43.2}
Исав негувал неодоливата желба кон еден особен вид јадење и толку им се оддавал на задоволувањето на своите стремежи, што во мигот на искушение воопшто не почувствувал потреба да му се спротивстави на искушението, кое било една чинија од тоа омилено јадење. Дозволил неговите мисли постојано да се задржуваат на тоа, се додека моќта на неговиот апетит не ја потиснала секоја друга желба и потполно завладеала со него. Тој мислел дека воздржувањето од тоа омилено јадење 6и му предизвикало голема непријатност, па дури и смрт. Колку повеќе мислел на тоа, желбата за јадење станувала се посилна, се додека првенството не ги загубило својата вредност и значење во неговите очи и тој го продал за една чинија од тоа јадење. Си ласкал на себеси дека со своето првенство може да постапува како што сака и дека ќе може повторно да го купи кога ќе го посака тоа; меѓутоа, кога се обидел повторно да го задобие и тоа со големи жртви, не бил во состојба да го стори тоа. Тогаш горчливо се каел поради својата непромисленост и безумие, но сѐ било залудно. Тој го презрел благословот на првородениот син и Господ засекогаш му го ускратил. {ХУ 43.3}
Кога ги извел Израелците од Египет, Господ во голема мерка им го ускратил месото и им дал леб од небото и вода од цврста карпа. Меѓутоа, тие не биле задоволни со тоа. Им била одвратна храната што Бог им ја подарил и посакале да се вратат во Египет, каде што можеле да седат покрај котлите со месо. Повеќе сакале да поднесуваат ропство, па дури и смрт, отколку да се откажат од месото. Бог им ја исполнил желбата, им дал месо и ги пуштил да јадат додека со својата алчност не навлекле врз себе заразна болест од која мнозина и умреле. {ХУ 44.1}
Можат да се наведат многу, многу примери кои укажуваат на последиците од попуштањето на апетитот. На нашите прародители престапот на Божјата заповед со тоа што вкусиле од плодот од едно дрво кој бил толку убав за око и пријатен за јадење им изгледал ситен и безначаен, – но со таа постапка тие ја прекинале својата предаденост на Бога и ги отвориле браните на престапувањето и бедата, која денес го преплавува светот. {ХУ 44.2}
Злосторството и болеста сѐ повеќе се множат со секое поколение. Неумереноста во јадењето и пиењето и оддавањето на унижувачки страсти ги умртвуваат поблагородните способности на човекот. Разумот, наместо да владее, станува роб на апетитот до вознемирувачка мерка. На сѐ поизразената желба за силни и богати јадења и се попуштало толку долго додека не станало обичај желудникот да се преоптоварува со премногу обилни јадења и сите можни слатки. На желбите за јадење им се попушта речиси бен никакво воздржување, особено на гозбите, свеченостите и разните приеми. Тука, при раскошните дневни оброци и доцните вечери, обично многу се јаде месо, силно зачинети и мрсни јадења, колачи и паштети, а се пијат студени пијалаци, чај, кафе и слично. Затоа, воопшто не треба да се чудиме што лицата на мнозина се толку бледи и што толкумина страдаат од лошо варење. {ХУ 44.3}
Против секое престапување на природните закони на животот природата протестира. Таа ги поднесува злоупотребувањата се додека може, но на крајот сето тоа многу му се одмаздува на самиот престапник и ги погодува неговите умни и физички сили. Но, тоа сѐ уште не е се; последиците од неговото престапување очигледно се забележуваат на неговото потомство и така злото се пренесува од поколение на поколение. {ХУ 44.4}
Животот на денешната младина е сигурен показател какво ќе биде општеството на иднината. Имајќи го предвид сето тоа, на каква иднина можеме да се надеваме? Поголемиот дел од младите бара задоволство само во забавите и разонодата и не сакаат да работат. Тие немаат морална сила да се откажат од себе и совесно да им одговорат на своите должности. Многу ретко успеваат да владеат со себе и се возбудуваат и лутат поради секоја ситница. Мнозина, без оглед на возраста или положбата што ја заземаат во животот, немаат никакви начела ниту совест и со својот безделнички живот и расипничките навики итаат кон пороците и го расипуваат општеството, се додека светот не стане втор Содом. Кога желбите и страстите би биле ставени под контрола на разумот и верата, денешното општество би имало сосема поинаков изглед. Никогаш не било Божја волја светот да дојде во вака жална состојба; до тоа е дојдено поради сѐ позачестените престапувања на природните закони. {ХУ 45.1}
Карактерот се вообличува, главно, во раните години од детството. Тогаш стекнатите навики, дури и повеќе од природната надареност, влијаат на тоа дали човекот ќе стане џин или ќе остане џуџе во интелектуален поглед; зашто, и најдобрите таленти можат да се расипат или ослабнат поради лошите навики. Колку порано во животот се вкорени некоја штетна навика, толку поцврсто ќе ја држи во ропство својата жртва и таа толку пониско ќе го спушти знамето на духовноста. Од друга страна, навиките на праведноста и чесноста стекнати во младоста, обично го одредуваат патот на човекот низ целиот негов живот. Во најмногу случаеви се испоставува дека оние кои подоцна Го почитуваат Бога и ја бранат правдата тоа го научиле во својата рана младост, тогаш кога светот сѐ уште не можел да го втисне својот грешен лик во нивната душа. Луѓето во позрели години, како гранитна карпа, многу тешко примаат нови впечатоци, додека срцата на младите се многу приемчиви. Младоста е време кога треба да се стекнува знаење кое ќе се применува во пракса во текот на целиот живот и тогаш најлесно може да се изгради нов карактер. Тоа е време за стекнување на добри навики, време кога треба да се задобие и да се задржи силата на самоконтролата. Младоста е време на сеидба; од семето посеано во тоа време зависи каква ќе биде жетвата – и за овој и за вечниот живот. {ХУ 45.2}
За своја прва задача родителите треба да го сметаат стекнувањето на мудрост, за да бидат во состојба да пронајдат најприкладен начин на постапување со своите деца и да им обезбедат умно и телесно здравје. Принципите на умереноста треба да се применуваат во сите поединости од домашниот живот. Децата уште од најрано детство треба да се привикнуваат на самооткажување и тоа треба доследно да се бара од нив. Учете ги малечките ја јадат онолку колку што им е потребно за да живеат, а не да живеат само за да јадат; дека апетитот мора да и се потчини на волјата со која мора да владее спокоен, здрав разум. {ХУ 46.1}
Ако родителите на своите деца им пренесуваат стремежи кои ќе сторат тие уште потешко да ги примаат поуките за строгата умереност и стекнувањето на чисти и правилни навики, колку сериозна одговорност почива врз таквите родители со сите средства што е во нивна моќ да го спречат тоа влијание! Колку грижливо и сесрдно би требале да ја извршуваат својата должност спрема своите несреќни потомци? На родителите им е оставена во должност светата обврска да бдеат врз телесната и моралната природа на своите деца. Оние што им попуштаат на желбите на своите деца и но ги учат да ги совладуваат своите страсти, можат подоцна – во страстните пушачи и робовите на пијанството чии чувства се умртвени и чии усти изговараат лаги, лоши зборови и пцости – да ги видат ужасните последици на своето погрешно разбирање и ставот кон своите деца. {ХУ 46.2}
На оние кои им попуштаат на своите желби им е невозможно да постигнат христијанско совршенство. Моралните чувства на вашите деца не можете лесно да ги разбудите, ако не се потрудите грижливо да ја одбирате храната што ќе им ја дадете. Многу мајки изнесуваат на трпезата храна која претставува стапица за семејството. Месото, путерот, сирењето, раскошно приготвените торти, некои јадења и зачини – сето тоа слободно и без никакво воздржување го јадат и старите и младите. Употребата на сето тоа го нарушува желудникот, ги надразнува нервите и ги ослабнува умните способности. Таквата храна организмот не може да ја претвори во добра крв. Мрснотијата со која се зачинува јадењето, ако се вари или пече заедно со него, го отежнува процесот на варење. Употребата на сирењето има штетно дејство. Лебот од фино мелено брашно на организмот не му ја дава онаа хранливост што се наоѓа во брашното што не е одделено од триците. Зачините прво ја надразнуваат многу чувствителната слузокожа на желудникот, но на крај ја уништуваат природната чувствителност на таа нежна мембрана. Крвта трескавично се вознемирува, се будат телесните стремежи, додека моралните сили ослабнуваат и стануваат слуги на ниските страсти. Затоа мајката секогаш треба да се труди за своето семејство да подготвува едноставни, но вкусни јадења. {ХУ 46.3}
Бог човекот го снабдил со изобилство од хранливи средства кои во потполност можат да задоволат еден неизопачен апетит. Тој го опсипал со толку производи од земјата – со изобилство од разновидни продукти со пријатен вкус и хранливи за организмот. Од сето тоа изобилство, според зборовите на нашиот небесен Татко, можеме слободно да јадеме. Овошјето, зрнестата храна и зеленчукот, подготвени на едноставен начин, без зачини и мрснотии од било каков вид, без млеко и павлака, претставуваат најздрава храна. Овие продукти содржат хранливост која му е потребна на телото, а на умот му даваат сила, издржливост и бистрина кои со надразнувачките средства никогаш не можат да се добијат. {ХУ 47.1}
Разумот на оние кои без никакво стегање јадат месо не е секогаш јасен и способен да разбере, затоа што употребата на месото ја поттикнува телесната гојазност и ја отапува поблагородната чувствителност на умот; со јадење на месото се зголемува и подложноста на разни болести. Ние без никакво стегање тврдиме дека: месото не е неопходно за одржување на животот и силата. {ХУ 47.2}
Оние кои во поголем дел се хранат со месо, не можат да избегнат некогаш да јадат и такво месо кое, помалку или повеќе е затруено со болест. Во најголем број случаеви самиот процес на подготовката на животните за пазар ги доведува тие кутри суштества во една нездрава состојба. Издвоени од светлината и чистиот воздух, вдишувајќи атмосфера на валкани. штали и трла, целото тело на тие животни станува затруено со заразна материја и кога луѓето месото од таквите животни го внесуваат во своето тело, со тоа ја трујат и својата крв и стануваат болни. Ако некој веќе има нечиста крв, со оваа нездрава храна уште повеќе ќе ја влоши својата здравствена состојба. Меѓутоа, малкумина се такви кои можат да веруваат дека со јадењето на месо ја трујат својата крв и се изложуваат на неволји. Мнозина умираат од болести предизвикани- исклучиво од јадење на месо, додека и тие самите, а и другите одвај помислувале на вистинската причина за нивната болест. Некои не ги чувствуваат веднаш последиците од ваквата исхрана, но тоа не е доказ дека таа не е штетна за нив. Таа сигурно го извршува своето дејство врз организмот, иако жртвата во исто време, можеби, ништо не чувствува и не сфаќа. {ХУ 47.3}
Свинското месо, иако е еден од највообичаените прехранбени продукти, всушност, е еден од најштетните. Бог не им ја забранил на Евреите употребата на свинското месо само за да го покаже Својот авторитет, туку затоа што тоа не е ниту здрава ниту прикладна храна за човекот. Бог не ја создал свињата за човекот да се храни со нејзиното месо, без оглед на околностите. Невозможно е месото на некое суштество да биде здраво кога нечистотијата, ѓубрето и калта се негов природен елемент и кога е во состојба да изеде се најодвратно на што ќе наиде. {ХУ 48.1}
Главната цел на човековото постоење не е да го задоволи својот апетит. Природните потреби на телото мораат да се задоволат, но, зарем затоа е неопходно човекот да допушти со него да завладеат желбите? Зарем народот кој се труди да стане свет, чист и облагороден, за да може да биде примен во друштвото на небесните ангели, ќе продолжи да им го одзема животот на Божјите созданија и да се насладува со нивното месо? Според она што Господ ми го покажа, ќе дојде до промена во поглед на ова прашање и Божјиот избран народ ќе применува умереност во секој поглед. {ХУ 48.2}
Има луѓе кои сметаат дека сѐ што нема да се изеде е загубено и дека се што ќе се нафрла во желудникот само за да се наполни е исто толку добро како и највнимателно подготвената храна. Меѓутоа, важно е храната што ја јадеме да ни годи. Ако јадеме само махинално, нашиот организам не се нахранил како што треба. Нашето тело се изградува од она со што се храниме; за да го одржиме во добра состојба, мораме да обрнеме внимание на правилен избор на храна и храната мора да биде така внимателно подготвена што најдобро ќе одговара на потребите на организмот. На оние што се занимаваат со готвење, верската должност им налага да научат како јадењата се подготвуваат на различни начини, а да бидат здрави и вкусни. Со лошо готвење се уништуваат животните енергии на илјадници луѓе. Поради тоа се губат повеќе души отколку што мнозина воопшто можат да сфатат. Тоа доведува до нарушување во организмот и појава на болести. Во таква состојба човекот не е способен да го согледа она што е небесно. {ХУ 48.3}
Некои не разбираат дека подготвувањето на здрава храна е една од верските должности, па затоа и не се трудат да го научат тоа. Немарните готвачки дозволуваат лебот да им престаса пред да го стават да се пече, а продавниците им даваат „лек” (прашок за печиво), кој лебот го прави сосема несоодветен за желудникот на човекот. Подготвувањето на здрав леб бара размислување и грижа. Подготвувањето на добар леб е во многу потесна врска со исповедањето на верата отколку што мнозина мислат. Јадењата можат да се зготват така што ќе бидат едноставни и здрави, но потребно е умеење за тие да се направат и вкусни и хранливи. За да знаат како треба да готват, жените мораат вредно да учат, а потоа стекнатото знаење трпеливо да го применуваат во пракса. Мнозина страдаат поради тоа што не сакаат да се потрудат во оваа насока. На таквите им велам: Време е да ги разбудите своите успиени сили и да се информирате. Немојте да мислите дека времето посветено на стекнување на знаење и искуство во подготвувањето здрави, вкусни јадења е залудно пропуштено. Иако имате долгогодишно готвачко искуство, а покрај тоа и други семејни одговорности, должни сте да учите како најдобро ќе ја водите грижата за здравјето на своето семејство. Ако е неопходно, одете кај некоја добра готвачка и учете се од неа, се додека не станете умешни и добри домаќинки. {ХУ 49.1}
Лошите навики во јадењето и пиењето го уништуваат здравјето и сласта на животот. О, колку пати луѓето поради таканареченото „добро јадење” се лишуваат од сон и мирен одмор! Со попуштањето на изопачениот апетит илјадници луѓе се изложуваат на треска или некоја друга тешка болест која завршува со смрт. Така, уживањето се плаќа со неизмерна цена. {ХУ 49.2}
Бидејќи е толку штетно да се јаде само за да се задоволи изопачениот вкус, не треба и понатаму да останеме рамнодушни во поглед на својата исхрана. Ова прашање е многу значајно. Никој не треба да усвојува едноличен начин на исхрана. Мнозина се исцрпени од болест и неопходна им е здрава и добро подготвена храна. Здравствените реформатори, повеќе од сите други, мораат да внимаваат да не одат во крајност. Телото мора да биде доволно ухрането. Бог, кој ни го дава благотворниот сон, исто така се погрижил и за соодветна храна која е потребна за организмот да може да се одржи во здрава состојба. {ХУ 50.1}
Мнозина се одвратуваат од светлоста на сознанието и ги жртвуваат принципите за да го задоволат својот вкус. Тие јадат и тогаш кога на организмот не му е потребна храна и во нередовни временски интервали, затоа што немаат морални сили да и се спротивстават на оваа склоност. Желудникот се буни против ваквата злоупотреба и како последица на тоа, се јавува болест. Редовноста во јадењето е многу важна за здравјето на телото и бистрината на умот. Помеѓу оброците не треба да се земе во уста ниту еден залак храна. Мнозина и попуштаат на убиствената навика да јадат уште нешто пред самото легнување. Тие редовно ги земаат своите оброци, па сепак, бидејќи се чувствуваат слаби, сметаат дека мораат да изедат уште нешто. Оддавајќи и се на оваа лоша пракса, тоа им преоѓа во навика и им се чини дека нема да можат да заспијат ако не изедат уште нешто. Спомнатата слабост најчесто доаѓа оттаму што органите за варење се преоптоварени со варењето на големото количество храна внесено во текот на денот. На овие органи им е потребен временски период на целосен одмор за да можат да ги обноват своите истрошени сили. Следниот оброк никогаш не треба да се зема додека желудникот немал доволно време да го свари претходниот оброк и да се одмори. Кога легнуваме навечер, нашиот желудник треба веќе потполно да завршил со својата работа, за да може да се одмора со сите други делови на организмот. Меѓутоа, кога желудникот ќе се претовари, органите за варење се приморани да работат и во времето кога човекот спие. Таквото спиење често е испрекинато со непријатни соништа и наутро човекот се буди неосвежен. Поради таквата пракса органите за варење ја губат својата природна сила и лошото варење преминува во сериозно заболување. Тука страда не само престапникот на природните закони, туку и другите во помала или поголема мерка мораат да страдаат поради него. Ако некој стори било што што него на некој начин го раздразнува, ќе видите колку бргу пројавува нетрпение! Ако кон него не се постапува со особена љубезност, тој не може да одговори ниту да стори било што смирено и без возбудување. Тој фрла извесна сенка каде и да се заврти. И како, тогаш, некој може да рече: „Што му е на некого грижа што јас ќе јадам или ќе пијам?” {ХУ 50.2} Неумереност во јадењето може да се пројави и при употреба на здрава храна. Ако некој ја отфрлил употребата на нездрави продукти, тоа сепак не значи дека може да јаде од здравата храна колку што ќе сака. Прекумерната употреба на било каква храна ја оптоварува животната машина и пречи во нејзиното работење. {ХУ 51.1}
Мнозина грешат во тоа што за време на јадењето пијат студена вода. Храната не треба да се одмива. Внесена заедно со јадењето, водата го намалува лачењето на плунката; и колку е постудена водата толку е поштетна за желудникот. Ледената вода или лимонадата, внесена за време на јадењето, го запира варењето сѐ додека желудникот не се загрее доволно за да може повторно да продолжи со својата работа. Џвакајте полека за плунката што подобро да се помеша со храната. {ХУ 51.2}
Колку повеќе течности се внесуваат во желудникот за време на јадењето, толку повеќе се отежнува варењето, зашто организмот прво мора да ја впие течноста. Не јадете премногу солено, отфрлете ги зачините, киселите и лутите јадења; земете овошје со јадењето и ќе ја снема дразбата која толку ја поттикнува желбата за внесување течности. Меѓутоа, ако воопшто е потребно нешто за да се изгасне жедта, чистата вода е се што природата побарува. Никогаш не пијте чај, кафе, пиво, вино ниту било каков алкохолен пијалак. {ХУ 51.3}
За да бидеме сигурни дека ќе имаме здраво и добро варење, храната треба да ја јадеме полека. Оние што сакаат да го сочуваат своето здравје во овој поглед и што ја сфаќаат обврската дека своите сили треба да ги одржат во состојба соодветна за најдобра служба на Бога, секогаш ќе го имат тоа на ум. Ако времето за јадење ви е ограничено не голтајте ја алчно храната, туку јадете помалку и џвакајте полека. Користа што ќе ја имаме од изедената храна не зависи толку од нејзиното количество колку од тоа дали е таа потполно сварена; а и задоволувањето на вкусот не се постигнува со самото голтање на храната, туку со должината на нејзиното задржување во устата. За оние кои се раздразнети со нешто, кои се вознемирени или некаде брзаат, би било подобро да не јадат додека не се смират и одморат; бидејќи животните сили, веќе толку оптоварени, не се во состојба да лачат доволно количество од течностите кои се потребни за варење. Некои речиси секогаш нешто грицкаат на патувањата. Тоа е најштетна навика. Кога оние што постојано патуваат би јаделе на време и тоа едноставна и здрава храна, не би чувствувале толкав замор ниту пак, толку би заболувале. {ХУ 51.4} За да се сочува здравјето, неопходно е да се биде умерен во се – умерен во работата, умерен во јадењето и пиењето. Нашиот небесен татко ни ја испратил светлината за здравствената реформа за да не заштити од злата што настануваат поради попуштањето на изопачениот апетит, а оние што ги сакаат чистотата и светоста да знаат како разумно треба да се употребуваат добрата што ни се подарени и, применувајќи умереност во секојдневниот живот да можат да бидат посветени со вистината. {ХУ 52.1}
И на сите собири ние треба да имаме добра и здрава храна, подготвена на едноставен начин. Не треба таквите денови да се претворат во погодна прилика за пост. Ако ги цениме Божјите благослови и ако сме дојдени да се нахраниме со лебот на животот, нема толку да мислиме на задоволување на апетитот. Најважниот предмет на нашето размислување ќе биде: како да ги задоволам потребите на својата душа? Ќе чувствуваме толкава желба за духовна храна и за нешто што дава духовна сила, што нема да негодуваме ако храната изнесена на маса е едноставна и проста. {ХУ 52.2}
Бог бара нашето тело да Му го посветиме како жива жртва, а не мртва или на умирање. Жртвата барана од Евреите во Стариот Завет морала да биде без мана, а зарем нашето тело ќе претставува жртва угодна на Бога, ако тоа е полно со болести и изопаченост? Според Божјата реч, нашето тело е храм на Светиот Дух и Тој од нас бара тој „храм” да го одржуваме во таква состојба што ќе може да претставува достојно престојувалиште на Неговиот Дух. Апостол Павле не предупредува: „…не припаѓате само на себеси. Скапо сте купени. Затоа, прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји” (1. Коринтјаните 6:19,20). Секој поединец треба многу внимателно да го чува своето тело, за да може да го одржи во најдобра состојба, а својата служба на Бога и своите должности кон семејството и општеството да ги извршува совршено. {ХУ 52.3}
Кршењето на законите што владеат со нашето битие исто така е грев како и престапување на некоја од Десетте заповеди. И едното и другото е престапување на Божјите закони. Оние што го престапуваат Божјиот закон поставен во организмот на нивните тела, ќе бидат склони и кон престапување на Неговиот закон изговорен на Синај. {ХУ 53.1}
Нашиот Спасител ги предупредил Своите ученици дека состојбата во светот пред Неговото второ доаѓање ќе биде многу слична со онаа што му претходела на потопот. Се јадело и пиело преку секоја мерка и светот сосема им се оддал на задоволствата и уживањето. Таква е состојбата на светот и во нашите денови. Светот потполно му се оддал на задоволувањето на желбите; и тенденцијата да се оди по вообичаениот пат на нурнување во задоволствата и желбите од овој свет ги води луѓето кон синџирите на изопачените навики – навики кои ги прават се послични на жителите на Содом, осудени на страшна пропаст. Се чудам што жителите на светот не се веќе уништени, токму како граѓаните на Содом и Гомор. Гледам дека за постоечката состојба на изопаченост и смртност во светот има и премногу добри причини. Слепата желба владее со разумот и секоја повисока побуда, во најголем број случаеви, се жртвува за задоволувањето на телесните желби. {ХУ 53.2}
Одржувањето на телото во здрава состојба, за сите делови на животната машина да можат складно да делуваат, треба да биде стремеж на нашиот живот. Со болно тело и закржлавен ум Божјите деца не можат да Го прослават својот Небесен татко. Сите кои на некој начин и попуштаат на неумереноста, во јадење или пиење, ја уништуваат својата телесна сила и морално слабеат. {ХУ 53.3}
Апостол Петар согледал каква поврзаност постои помеѓу телото и умот и затоа го подигнал својот глас, предупредувајќи ги браќата: „Возљубени, ве молам, како придојдени и гости, да се пазите од телесните желби, што војуваат против душата” (1. Петрово 2:11). Мнозина сметаат дека овој стих се однесува само на развратноста; меѓутоа, тој има многу пошироко значење. Тука се забранува секое штетно попуштање на желбите и страстите. Секоја изопачена желба и прави место на похота. Апетитот ни е даден во добра намера, не за да стане слуга на смртта поради својата изопаченост и да се изроди во „телесни желби, што војуваат против душата”. Ова Петрово предупредување претставува најдиректно и најубедливо предупредување против употребата на надразнувачки и опојни средства. Попуштањата на ваквите желби со право можат да се вбројат во „телесни желби” со убиствено влијание врз моралот и карактерот. {ХУ 53.4}
Кога апостолот Павле им пишувал на Солуњаните: „А Сам Бог на мирот нека ве посвети целите во се” (1. Коринтјаните 5:23), тој своите браќа не ги поттикнувал да си постават за цел нешто што е невозможно да се постигне; ниту пак се молел да примат благослови кои Бог не сака да им ги подари. Тој знаел дека сите што сакаат да се удостојат да Го дочекаат Христа во мир, мораат да имаат чист и свет карактер. {ХУ 54.1} Колку попуштањето на апетитот претставува силно искушение може да се измери единствено со неискажаните маки на нашиот Спасител за време на оној долг пост во пустината. Тој знаел дека попуштањето на изопачениот апетит толку ја умртвува човековата моќ на запазување што не може да разликува свето од несвето. Адам паднал поради попуштањето на апетитот; Христос победил не согласувајќи се на попуштање во тој поглед. И нашата единствена надеж да го задобиеме Едем се наоѓа во цврстото и одлучно самосовладување. Кога попуштањето на апетитот има толкава сила над човечкиот род што Синот Божји, со цел да го совлада во корист на самиот човек, морал да пости речиси шест седмици, какво дело тогаш му претстои на еден христијанин! Сепак, без оглед на тоа колку труд е потребно да се вложи, тој може да стане победник. Со помош на божествената сила, која е доволно силна да им се спротивстави и на најсилните искушенија што сатаната може да ги измисли, на христијанинот му е овозможено борбата против злото да ја извојува со поцелосен успех и на крајот да носи победнички венец и круна во Божјото царство. {ХУ 54.2}
