2. БОЖЈАТА ДОБРИНА
Понеделник, 21 септември 2026
а. Кој е најголемиот доказ за Божјата љубов кон Неговите деца?
„Кога оставаме впечаток дека се сомневаме во Божјата љубов, дека немаме доверба во Неговите ветувања, го срамиме Бога и го жалостиме Светиот Дух. Како би се чувствувала мајката, кога нејзините деца постојано би се жалеле против неа, како таа да не им сака добро, а таа во текот на целиот свој живот се трудела да ги заштити нивните интереси и да ги опкружи со удобност? Да си претпоставиме тие да се посомневаат во нејзината љубов – тоа би го скршило нејзиното срце! Како би се чувствувал кој и да е родител, кога децата така би постапувале со него? А што може да мисли нашиот небесен Отец за нас кога немаме доверба во Неговата љубов, која го навела да го жртвува Својот единороден Син за ние да имаме живот? Апостолот пишува: ’Кој не го поштеди својот Син, туку го предаде за сите нас, тогаш како со Него да не ни подари сè?’ (Римјаните 8:32). А сепак колку има такви кои кажуваат, ако не со зборови тогаш со своите дела: ’Со тоа Бог не мислел на мене. Можеби Тој ги сака другите, но не ме сака мене!’“
Извор: Патот кон Христа, стр. 118.
б. Што докажува дека Бог сака да им даде сè на Своите деца?
„И вие, кои се чувствувате најнедостојни, не плашете се својот случај да му го препуштите на Бога. Кога се дал Себеси во Христа за гревовите на светот, Бог го презел случајот на секоја душа. ’Оној, Кој не Го поштеди ни Својот сопствен Син, туку Го предаде за нас сите, зарем нема да ни подари со Него сè?’ (Римјаните 8:32). Зарем Тој нема да го исполни ова милостиво ветување кое е дадено за да нè охрабри и зајакне? Најмногу од сè Христос сакал да го откупи Своето наследство од власта на сатаната.“
Извор: Христовите очигледни поуки, стр. 174.
в. Како оваа љубов може да се одразува и во нас?
„За да имаат вистински успех, христијанските работници мора да го познаваат Христа; а за да го запознаат него, мора да ја знаат Неговата волја и Неговата љубов. На небото корисноста на работниците се мери со нивната способност и подготвеност да сакаат како што сакал Христос и да работат како што работел Тој. ’Да не љубиме со збор или со јазик’, пишувал апостолот, ’туку со дело и со вистина.’ Совршенство на христијанскиот карактер се постигнува само со постојан стремеж на христијанинот да им помогне на другите и да им послужи на благослов. Ако душата на верникот е обвиена со атмосфера на таква љубов, тогаш тој станува животен мирис за живот и Бог ќе го благослови неговиот труд.“
Извор: Делата на апостолите, стр. 551.
