Опасноста од неверно срце

Сподели го ова:

3. ОПАСНОСТА ОД НЕВЕРНО СРЦЕ

Вторник, 15 септември 2026

а. Што претставува особена опасност за верниците во овие последни денови?

Евреите 3:12; 2 Тимотеј 4:3,4.

„Кога Бог на светот му праќа толку важни опомени, што се претставени со ангели кои летаат среде небото и ги објавуваат, тогаш Тој бара од секое разумно суштество будно да внимава на веста. Страшните судови што ќе бидат изречени против оние што ќе му се поклонуваат на ѕверот и на неговиот лик (Откровение 14:9-11) треба сите да ги поттикнат кон трудољубиво проучување на пророштвата за да дознаат што е жиг на ѕверот и како можат да избегнат да го примат. Но мнозинството луѓе ги одвраќаат ушите да не ја слушнат вистината и се свртуваат кон прикаски. Апостол Павле за последните денови рекол: ’Зошто ќе дојде време кога луѓето нема да го слушаат здравото учење’ (2 Тимотеј 4:3). Тоа време веќе дошло. Луѓето не ја сакаат библиската вистина бидејќи таа се коси со желбите на грешното срце што го љуби светот, а сатаната им нуди измами што тие ги сакаат.“

Извор: Големата борба, стр. 594.

б. Што е проречено за ставот што ќе го имаат двете групи луѓе во последните денови?

Даниел 12:10; Откровение 22:11.

„Но Бог на земјата ќе има Свој народ кој ќе внимава на Библијата, и само на Библијата, како мерило за секое учење и темел на секоја реформа. Ниту мислењата на учените луѓе, ниту тврдењата на науката, ниту верските догми или одлуки на црковните собори, толку многубројни и спротивни како и црквите што ги застапуваат, ниту гласот на мнозинството – ниту едно од ова, ниту сите заедно не можат да се сметаат како доказ за или против која и да е точка на верата. Пред да прифатиме кое било учење или пропис, треба да се увериме дека е во согласност со она јасното: ’Така кажува Господ.’“

Извор: Големата борба, стр. 595.

„Нова светлина за Божјото слово постојано ќе им се открива на оние што се живо поврзани со Сонцето на правдата. Никој не треба да заклучи дека веќе нема вистини што треба да ни бидат откриени. Оние што вредно и со молитва ја бараат вистината, ќе пронајдат скапоцени зраци на светлина во Божјото слово. Многу скапоцени камења сè уште се расеани, и оние што се дел од Божјиот остаток треба да ги пронајдат, да ги соберат и да ги присвојат. Но светлината не ни е дадена само за да ја зајакне Заедницата, туку и за да ги осветли оние што се наоѓаат во темнина.“

Извор: Counsels on Sabbath School Work, стр. 34.

Сподели го ова:

Поврзани статии