2. ИСКРЕНО ПОКАЈАНИЕ
Понеделник, 13 јули 2026
а. Која била Давидовата молба кога ја увидел тежината на својот грев?
„Давидовата молитва по паѓањето, покажува како изгледа вистинската жалост поради гревот. Неговото покајание било искрено и длабоко. Во молитвата не вложувал напор да ја намали својата вина; не изразувал желба да ја избегне казната што му се заканувала. Давид ја увидел големината на својот престап; сфатил дека ја извалкал душата; се гнасел од својот грев. Не се молел само за простување, туку за очистување на срцето. Копнеел за радоста на светоста – за обновување на хармонијата и заедницата со Бога.“
Извор: Патот кон Христа, стр. 24, 25.
б. Што побарал Давид во своето искрено покајание?
„’Создај во мене чисто срце.’ Со ова започнува вистинската промена — од самиот темел на христијанскиот карактер; зашто од срцето извира животот. Кога сите — и проповедниците и народот — би се грижеле нивните срца да бидат исправни пред Бога, резултатите од вложениот труд би биле многу поголеми. Колку е поважно и поодговорно вашето дело, толку поголема е потребата да имате чисто срце. Потребната благодат е обезбедена, а силата на Светиот Дух ќе го придружува секој напор што ќе го вложите во таа насока. Кога секое Божјо дете би Го барало Господа искрено и истрајно, би имало многу поголем раст во благодатта. Несогласувањата би престанале; верниците би биле едно срце и една мисла; чистотата и љубовта би владееле во црквите. Гледајќи во Христос, ние се преобразуваме. Колку повеќе размислувате за Неговиот карактер, толку повеќе ќе се сообразувате во Неговиот лик. Дојдете кај Исус токму такви какви што сте; Тој ќе ве прими и ќе стави нова песна во вашата уста — песна на благодарност кон Бога.“
Извор: Gospel Workers (1892), pp. 451, 452.
в. Што учи Библијата за покајанието и целосното предавање на Христа?
Римјаните 2:4; Дела 3:19; 5:31.
„Ние не можеме да се покаеме без Христовиот Дух, кој ја буди нашата совест, како што не можеме да добиеме ниту простување без Христа. Христос е извор на секоја добра побуда. Само Тој може да всади во срцето непријателство кон гревот. Секоја желба за вистината и за чистота, секое осведочување за нашата сопствена грешност е доказ дека Неговиот Дух делува на нашите срца.“
Извор: Патот кон Христа, стр. 26.
