Сподели го ова:

3. ЛАЖНО ПОКАЈАНИЕ

Вторник, 14 јули 2026

а. Каква била природата на покајанието на Исав, фараонот и Јуда откако ги увиделе последиците од своите гревови?

Евреите 12:16,17; Излез 12:30–32; 14:3–5; Матеј 27:3–5.

„Мнозина не успеваат да ја сфатат вистинската природа на покајанието. Тие жалат затоа што грешеле и дури привидно се менуваат само затоа што се плашат дека ќе мора да трпат поради своите лоши дела. Но тоа не е покајание во библиска смисла на зборот. Тие се жалат на страдањата наместо на гревот. Таква била болката на Исав кога сфатил дека засекогаш го загубил првенството… Откако го предал својот Господ, Јуда Искариот извикнал: ’Јас згрешив што предадов невина крв.’ Ова признание се оттргнало од неговата грешна душа под неподнослив притисок на свеста за вината и во страшно очекување на осудата. Последиците што му се заканувале го исполниле со ужас, но во неговата душа немало длабока жалост што го кине срцето, не жалел што го предал неизвалканиот Божји Син и што се откажал од Светецот Израилев. Додека ги поднесувал Божјите казни, фараонот го признавал својот грев за да го избегне натамошното казнување, но продолжувал да му пркоси на Небото штом казните биле запрени. Сите овие оплакувале заради последиците на гревот, но не ги обземала жалост поради самиот грев

Извор: Патот кон Христа, стр. 23, 24.

„Бог му дал на фараонот најубедливи докази за својата моќ, но владетелот упорно одбивал да ја прими светлината. При секоја пројава на бесконечната сила што тој ја отфрлил, станувал сѐ порешителен во своето опирање. Семето на бунт што е посеано кога го отфрлил првото чудо донело своја жетва.“

Извор: Патријарси и пророци, стр. 268.

б. Што се случува кога грешникот не сака да се покае или го одложува своето покајание за некое идно време?

Јован 12:35,36; Евреите 3:12–15.

„Оние таканаречени христијани, кои во овој последен и страшен судир ќе влезат неподготвени, во својот очај ќе ги исповедаат своите гревови со зборови на длабока болка, додека злите ќе ликуваат поради нивната мака. Овие признавања се слични на признавањата на Исав и на Јуда. Оние што постапуваат така, плачат поради последиците на престапот, а не поради својата вина. Тие не чувствуваат никакво вистинско каење ниту одвратност кон злото. Тие го признаваат својот грев поради страв од казна; но, како и фараонот некогаш, тие пак би се бунтувале против небото кога казните би биле повлечени.“

Извор: Големата борба, стр. 620.

Сподели го ова:

Поврзани статии