Минатиот пат заедно ги истражувавме текстовите од втората глава на книгата Создавање (Битие), каде што ја разгледувавме вистината за создавањето на помошничката за Адам од страна на Бог. Иако ги разгледавме текстовите поврзани со оваа тема и ја завршивме втората глава, темата за создавањето на помошничката за Адам не би била целосно разоткриена доколку вниманието го насочевме само кон земното, заборавајќи го небесното, а всушност, небесното е прво, а земното второ!
На почетокот мислев сè да објаснам во една тема, но тоа ќе значеше премногу информации, кои или не би се усвоиле добро, или ќе требаше да скратам важни нешта од ова истражување, а тоа навистина не сакав да го направам, бидејќи она за што ќе зборуваме денес е навистина интересно и мошне важно.
Имено, текстовите што ги истражувавме минатиот пат на најјасен можен начин даваат одговор на прашањата: зошто Христос има толку возвишен статус во вселената, односно зошто Тој е вториот Владетел на вселената, веднаш по Бог, и зошто никој друг од создаденото не може да има таков статус.
Бидејќи токму овие прашања беа покренати од сатаната во неговиот бунт, на нив Бог требаше да даде одговор.
„Зависта на Луцифера, погрешното претставување и барањата да се изедначи со Христа ја наметнале потребата да се објасни вистинската положба на Божјиот Син“
(Патријарси и пророци, 38).
Ајде да се потсетиме на текстовите што ги истражувавме минатиот пат:
„И Бог (Hashem Elohim השם אלוהים) рече: ‘Не е добро за човекот да биде сам; да му создадеме помошник, сличен на него!’ Тогаш Бог (Hashem Elohim השם אלוהים) ги создаде од земјата сите полски животни, и сите небески птици, и ги доведе кај човекот за да види како ќе ги нарече тој, па, како што човекот ќе го нарече секое живо суштество, така да му биде и името. И им даде човекот имиња на сиот добиток, и на небеските птици, и на сите полски ѕверови; но за човекот не се најде помошник, сличен на него. Затоа Бог (Hashem Elohim השם אלוהים) му прати на човекот длабок сон; па кога заспа, му извади едно ребро, и местото го пополни со месо. Од реброто, што го зеде од човекот, Бог (Hashem Elohim השם אלוהים) создаде жена (isha — אשה) и ја доведе кај човекот. А човекот рече: ‘Еве тоа е коска од моите коски, и плот од мојата плот. Нека и биде името жена (isha — אשה), зашто е земена од мажот (ish — איש)!’ Затоа човекот ќе ги остави татко си и мајка си и ќе се прилепи кон жената своја (isha — אשה), и (обата) ќе бидат едно тело. И беа обајцата голи, Адам и жената негова, и не се срамеа“ (Создавање 2:18-25).
Пријатели мои, бидејќи Земјата е видлива илустрација на бунтот на сатаната и на Божјите одговори на прашањата што беа покренати во врска со власта на Христос, природно е најјасната илустрација да бидат токму оние што се венецот на создавањето, луѓето. Тие поседуваат слобода на избор и, како потврда за тоа, се создадени според Божјиот образ и според Неговото подобие.
Дополнително, како што зборувавме претходно, Бог ги создаде и мажот и жената, двајцата, според Својот образ и според Своето подобие, според Својот сопствен лик, а исто така и според ликот на Својот Син. На тој начин, уште од самиот почеток е најавено нивното меѓусебно дејствување.
Самото создавање на човекот според Божјиот образ покажува дека само Бог е изворот на животот и почетокот на сè што постои, како што стои и во Светото писмо:
„Потоа Бог рече: ‘Да создадеме човек според Нашиот образ (и) според Нашето подобие како што сме Ние, кој ќе биде господар над морските риби, над небеските птици, (над ѕверовите) и над добитокот – над целата земја и над сите гадинки што лазат по земјата’“ (Создавање 1:26).
Бог ги постави двајцата, мажот и жената, да владеат над сите создадени живи суштества, по аналогија со тоа како Бог и Неговиот Син владеат над целата вселена и над сите создадени суштества.
А тоа што потоа се вели дека Бог го создаде човекот според Својот образ е нешто за кое веќе зборувавме, и овде е наведено како потсетување:
„И Бог го создаде човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде“ (Создавање 1:27).
Овој стих зборува за првопричината на сè што постои, Бог, вклучувајќи го и Синот Божји, Кој, исто како и ние луѓето, е Божји образ.
„Кој, иако беше во Божји лик…“ (Филипјаните 2:6).
„Тој е одблесок на Божјата слава и отпечаток на Неговата суштина (личност)…“ (Евреите 1:3).
Базирајќи се на тоа дека и самиот Син Божји е образ на Првопричината на сè, односно на Бог, тогаш, во својата суштина, низ целата вселена постои еден образ: образот Божји.
Кога во Писмото е речено „според образот Божји“, не станува збор за постоење на многу образи, туку за еден единствен. Внимавајте на текстот: не е речено „според образите Божји“, туку „според образот Божји“, што јасно покажува дека постои само еден вистински образ, образот на Бог.
Но со оваа изјава Бог не зборува само за Себе, туку и за улогата на Христос, Синот Божји, за Неговата природа, Неговите дејства и Неговата врска со Бог. За да се прикаже таа вистина, потребни се двајца, за да се илустрира нивното меѓусебно дејствување. За тоа веќе зборувавме, ова е само потсетување.
Адам и Ева се најсилната илустрација за одговорот на прашањата поврзани со статусот на Синот Божји, за Неговата природа, Неговата врска со Бог и Неговото место во однос на Бог и на целото создание. Дека постојат паралели од кои можат да се извлечат духовни заклучоци, меѓу Бог и Христос, и меѓу мажот и жената, јасно се гледа од Писмото:
„…на жената мажот е глава; на Христос, пак, глава е Бог.“ (1 Коринтјаните 11:3).
„И така, мажот… е образ и слава Божја, а жената е слава на мажот“ (1 Коринтјаните 11:7).
„Зашто Синот Човечки ќе дојде во славата на Својот Отец, со ангелите Свои, и тогаш ќе му даде на секој според делата негови“ (Матеј 16:27).
„Оче… да ја гледаат Мојата слава што си Ми ја дал, зашто ме возљуби уште пред да се создаде светот“ (Јован 17:24).
„Зашто не е мажот од жената, туку жената од мажот“ (1 Коринтјаните 11:8).
„И Словото стана тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот“ (Јован 1:14).
Тргнувајќи од ова, кои духовни поуки можеме да ги изведеме од истражените стихови од втората глава на книгата Создавање (Битие)?
„И Господ Бог рече: ‘Не е добро за човекот да биде сам.’“
Бидејќи веќе разбравме дека Адам е слика на Бог, а Ева – слика на Христос, произлегува дека самиот Бог определил дека не е добро Тој да биде сам. На прв поглед, ова тврдење може да звучи чудно кога се применува на Бог.
Сепак, не треба да заборавиме дека зборуваме за духовни вистини, кои можат да се разберат само од духовни луѓе. За душевните (телесните) луѓе, овие вистини ќе изгледаат како безумство, токму како што е речено во Писмото за нивната реакција на вистината:
„Телесниот човек (карактеризиран со природни човечки особини, управуван од природните инстинкти и страсти) не го прима она што е од Божјиот Дух: за него тоа е безумство; и не може да го разбере, зашто тоа треба со помошта на Духот да се испита. Духовниот, пак, човек испитува сè, а него никој не може да го испитува“ (1 Коринтјаните 2:14,15).
Бог е недостижен за никого, но за да можеме барем делумно да Го разбереме, Тој ни зборува на јазик што ни е разбирлив. Инаку, не би можело да постои вистинско взаемно општење меѓу Бог и Неговото создание. Ние, по својата природа, не можеме да станеме „богови“ за да комуницираме со Него на „божествен“ јазик. Затоа, Бог им се приближува на созданијата, прилагодувајќи го Своето обраќање на нивното ниво на разбирање и восприемање, и ни зборува на начин што можеме да го разбереме.
Токму затоа, во Писмото среќаваме изрази како „Бог си спомна“, иако, според Својата природа, Тој не може да заборави. Или: „и виде Бог“, иако Тој сè знае уште пред да се појави нешто. Слично е и со алегориското споредување за кое зборуваме, паралелата меѓу Бог и Неговиот Син, од една страна, и мажот и жената, од друга страна. Бог им зборува на луѓето со јазик што им е близок и разбирлив.
Иако Бог е апсолутен и не зависи од ништо и од никого, сепак создава создание кое треба да живее според Неговиот закон, законот на љубовта, чија суштина е љубовта кон ближниот. А под „ближниот“ се подразбира оној што е на исто ниво на разбирање и восприемање на светот како и ти.
На пример, за животните, кои се под нас по степенот на свесност, можеме да се грижиме, но не можеме да ги љубиме во библиската смисла на љубовта. Имено, според Писмото, љубовта се изразува преку конкретни постапки поврзани со почитување на моралниот закон:
„И не должете никому ништо освен да се сакате еден со друг; зашто оној што го љуби ближниот, го исполнува Законот. Бидејќи заповедите: ‘Не прави прељуба, не убивај, не кради, не сведочи лажно, не барај туѓо!’, и секоја друга заповед се содржат во овие зборови: ‘Љуби го ближниот како самиот себеси!’ Љубовта не му прави зло на ближниот; и така, љубовта е исполнување на Законот’“ (Римјаните 13:8-10).
Јасно е дека овие заповеди се дадени за односот меѓу човекот и друг човек, кој е еднаков на него по потекло, а не се однесуваат на неговиот однос кон животните, кои се пониски по статус и развој.
Ако размислуваме поинаку, тогаш секоја смрт на животно заради исхрана би се сметала за убиство. Но самиот Бог, по потопот, им рече на луѓето:
„А сите земни животни (и сиот земен добиток) и сите небески птици, и сè што лази по земјата, и сите морски риби да се плашат од вас: во ваши раце се предадени. Сè што се движи и живее, ќе ви биде храна; сè ви давам, како што ви ги бев дал зелените билки“ (Создавање 9:2,3).
А подоцна, Бог им заповеда на Своите луѓе:
„Кажете им на синовите на Израел и речете им: ова се животните што ги има на земјата, кои можете да ги јадете“ (Левитска 11:2).
Но во исто време на гората Синај, Бог им ја даде и заповедта:
„Не убивај“ (Излез 20:13).
Бог не може да си противречи Сам на Себе – Тој не може, од една страна, да заповеда: „убивајте и јадете животни“, а од друга страна да го забранува нивното убивање, сметајќи го тоа за грев – ако, се разбира, Божјиот закон би се применувал и на односот на човекот кон животните. Никаде во Писмото не се среќава дури ни навестување дека заповедта „Не убивај“ се однесува на животните.
Понатаму, ако убивањето на животни навистина беше грев на убиство, тогаш сите животински жртви што Бог ги наложил во обредниот закон би претставувале грев. А како тогаш жртвата би можела да го избави човекот од грев, ако со самото нејзино принесување тој веќе греши со убиство? Тоа би бил апсурд што нема основа ниту во Писмото ниту во здравиот разум.
Оттука следува: ако љубовта што ја бара Божјиот закон се однесуваше и на животните како на ближни, тогаш сите луѓе би биле престапници, бидејќи убиваат животни за храна. Но ако го исклучиме убиството од тој однос, тогаш нашиот однос кон нив може да се смета за исправен и свет. Ние не вршиме прељуба со нив, не крадеме од нив, не сведочиме лажно против нив, не посакуваме нешто нивно, иако има и такви што, шеговито речено, им завидуваат на своите мачки или кучиња затоа што не мораат да работат, а домаќините се грижат за нив. Навистина, познавам луѓе што така зборуваат.
Да се потсетиме на зборовите на апостол Павле, кои јасно покажуваат дека кога Писмото зборува за љубов, таа се однесува на меѓучовечкиот однос, а не на односот меѓу човекот и животните:
„Љубовта долго трпи, љубовта е милостива, лубовта не завидува, не се фали, не се вообразува; не се однесува непристојно, не го бара своето, не се раздразнува. Не држи сметка за зло; не и се радува на неправдата, а и се радува на вистината; сè премолчува, сè верува, на сè се надева, сè трпи. Љубовта никогаш не престанува…“ (1 Коринтјаните 13:4-8).
И така, исполнувањето на Божјиот закон, законот на љубовта, е невозможно без постоење на некој кон кого можеш да ја изразиш својата љубов и кој може да ти возврати со љубов. Притоа, зборуваме за манифестација на љубов меѓу оние што можат меѓусебно да се разберат, односно што се наоѓаат на исто ниво на комуникација.
Бог не само што го создаде созданието и рече: „исполнувајте го Мојот закон на љубовта“, туку совршено знаеше дека без практичен пример за созданието, како да го живее овој закон, сè би било осудено на неуспех, особено кога станува збор за слободни суштества.
Бог разбираше дека Тој, како Првопричина на сè, како Извор на животот и како Отец, треба да даде практичен пример за љубовта, вистински, жив пример. А за тоа, покрај Него мораше да постои уште Еден: слободна личност, способна да комуницира со Бог на исто божествено ниво и кон кого Бог може да ја изрази Својата љубов, исто како што и таа личност може да Му возврати со љубов, на истото божествено ниво.
И, како што веќе претпоставувате, таа слободна личност со божествена природа е Единородниот Син Божји, Исус Христос, Кого Бог длабоко го љуби и кон Кого ја излева Својата љубов на совршено божествен начин. Еве како самиот Исус зборува за тоа:
„Зашто Отецот Го љуби Својот Син и сè Му даде во раката Негова“ (Јован 3:35).
„Зашто, Отецот Го сака Својот Син и Му покажува сè што Самиот прави…“ (Јован 5:20).
Значи, Божјите зборови: „Не е добро за човекот да биде сам“, ако ги разгледуваме како паралела со Бог (зашто Адам е создаден според образот и подобието на Бог), покажуваат дека Бог, за да му даде на Своето создание јасен и возвишен пример на љубов, ја открил таа љубов преку односот со Својот Син.
Важно е да се забележи дека Бог му дал живот на Христос, обдарувајќи Го со божествена природа, за да биде од иста суштина како Бог. Затоа, љубовта на Бог кон Него не изгледа како милосрдно грижење за некој понизок, како што е Неговата грижа за нас, луѓето, туку како љубов меѓу еднакви. Кон нас Бог се грижи како Создател, но кон Синот ја изразува Својата љубов на совршен, божествен начин, во рамките на целосно единство.
Ова станува особено јасно кога ќе погледнеме колку длабока љубов има Бог кон Својот Син. На Голгота, додека Синот страдаше во страшни маки, Бог, Кој пребива во „темнина“ (симбол на Неговата непристапна слава, како што веќе објаснивме), слезе и беше покрај Него, тивко присутен во жалост и сочувство. Таа сцена, исполнета со божествена љубов, беше скриена од човечките очи преку темнината што ја покри Голготската глетка:
„А беше веќе околу шестиот час и настана мрак по целата земја, до деветтиот час; и сонцето потемне, и завесата на храмот се расцепи преку средината. А Исус извика гласно и рече: ‘Оче, во Твои раце Го предавам Својот дух!’ И штом го рече тоа, издивна“ (Лука 23:44-46).
„Ангелите со вчудовидување ги набљудувале страшните маки на Спасителот. Небесните војски ги засолниле своите лица од таа ужасна сцена… Крстот го обвиткала целосна темнина, како мртовечки покрив. ‘Настана темнина на сета земја до деветтиот час’. Причина за оваа темнина, која била густа како полноќна темнина без месечина и ѕвезди, не било помрачувањето на Сонцето, ниту некоја друга природна појава. Тоа било чудесно сведоштво кое го дал Бог… Во таа густа темнина било скриено Божјото присуство. Темнината била Негово засолниште во кое Тој ја криел Својата слава од очите на луѓето. Бог и Неговите свети ангели биле покрај крстот. Таткото бил со Својот Син. Сепак, Неговото присуство не било откриено… Бог со густа темнина ја обвиткал последната човечка агонија на Својот Син… Мноштво подбивачи со часови ја набљудувале Христовата агонија. Сега Божјата наметка милостиво Го сокрила од нивните погледи“
(Копнежот на вековите, 754).
Ние, луѓето, и целата вселена секогаш имаме пред себе неспоредлив пример, љубовта на Бог кон Неговиот Син и љубовта на Синот кон Неговиот Отец. Токму оваа љубов нè инспирира и нè преобразува, бидејќи разбираме дека Бог го предаде на смрт Оној Кого вистински и длабоко Го љуби, заради нас.
А за да можеме да ја разбереме и да ја согледаме оваа совршена, чиста и возвишена љубов, Бог дозволи, на начин што нам не ни е целосно откриен, да се појави Христос. Не се работи за создавање, туку, како што вели Писмото, за раѓање:
„Тој е слика на невидливиот Бог, првороден пред секое создание“ (Колосјаните 1:15).
„…во убавината на светината од утробата, пред деницата, Твојата младост е слична на росата. Господ се заколна и нема да се покае: ‘Ти си свештеник, довека, по редот Мелхиседеков’“ (Псалм 110:3,4).
„Јас сум се родила, кога уште немало бездни, кога уште не постоеле извори, изобилни со вода. Јас сум се родила пред да бидат втемелени горите, пред ридовите“ (Изреки 8:24,25).
И така, за да може оваа возвишена љубов на Бог кон Својот еднаков, Оној што ја има истата божествена природа, да биде откриена, Синот Божји се роди уште во предвечноста.
Подоцна, за да му ја објасни оваа голема вистина на целото создание, кое не ја разбираше тајната за односот меѓу Отецот и Синот, Бог ја откри неопходноста од раѓањето на Својот Син преку зборовите што ги кажа за Адам, кој беше прообраз на Бог, велејќи:
„И Господ Бог рече: ‘Не е добро за човекот да биде сам; да му создадеме помошник, сличен на него!’“ (Создавање 2:18).
Обратете внимание и на многу значајните зборови: „соодветен нему“, бидејќи токму во тие зборови се содржи навестување од Бог за Христовата природа, дека таа е божествена, односно совршено соодветна на самата Божја природа.
Понатаму, следува уште еден значаен момент од Божјата порака во стиховите што ги разгледуваме: објаснувањето на созданието за високата положба на Христос, положба што Му припаѓа и по право на раѓање од Бог и по право на Неговата божествена природа.
Бог ги доведе сите живи суштества при човекот, и човекот, набљудувајќи го нивното однесување, карактер и способности, не најде ниту едно суштество што би можело да му биде соодветен помошник:
„И им даде човекот имиња на сиот добиток, и на небеските птици, и на сите полски ѕверови; но за човекот не се најде помошник, сличен на него“ (Создавање 2:20).
Сите живи суштества што Бог ги доведе при човекот се симбол на создадените битија, ангели, луѓе и останати. Поделбата на чисти и нечисти животни претставува слика на паднати и непаднати суштества. Но човекот не најде соодветен помошник, што симболично укажува дека ниту Бог нема Помошник меѓу созданијата што е еднаков на Него по природа.
Во Тората (Петокнижието) стои: „Да му создадеме помошник, сличен на него“. Жената е создадена не како противник, туку како соработник, „ezer kenegdo“, помошник соодветен нему. Според еврејските толкувачи, тоа значи дека таа му стои покрај него, но има и способност да разбира.
Жената е симбол на Синот Божји, создадена од човекот, исто како што Синот произлегува од Отецот. Таа е од иста природа со мажот, но различна по потекло и функција. Слично, Синот Божји ја дели истата божествена природа со Бог, но е роден од Него.
Бог создава од ништо, Синот оформува. Бог дава разум, Синот воспитува. Жената оформува живот од семето, Христос ја оформува стварноста според Божјиот план.
Зборот va-yiven („гради“) покажува дека жената е создадена со разбирање – исто како што Христос не е роден случајно, туку Бог Го роди со конкретна цел, според Својата волја и со полно разбирање на сè што Тој ќе треба да направи. Ниедно создание не може да го замени Синот како Помошник на Бог. Сè е создадено – само Христос е роден.
Мажот и жената го отсликуваат односот Бог–Христос. Мажот носи идеја, жената ја развива. Така, и во духовниот и во физичкиот свет, заедно создаваат „светови“, секој според својата улога:
„Сè ми е предадено од Мојот Отец и никој не Го познава Синот, освен Отецот; ниту Отецот Го познава некој освен Синот…“ (Матеј 11:27).
„Во својот добротворен потфат Господарот на вселената не бил сам. Тој имал Соработник кој можел правилно да ги сфати неговите намери и заедно со него да се радува затоа што создадените суштества се направени среќни… Словото, единородниот Божји Син, Христос, бил едно со вечниот Отец – едно во суштината, во карактерот и во намерите – единствено Суштество кое можело да проникне во сите Божји совети и намери.“
(Патријарси и пророци, 34).
И сето тоа го има Синот Божји, роден од Отецот. Затоа примерот со создавањето на жената не е само убав расказ со елементи на чудо. Тоа е најдлабоко откровение од Бога за природата на Христос, изразено на јазик разбирлив за созданието.
Како што зборувавме уште на почетокот, Бог можеше сè да создаде во миг, во веќе завршен облик, зашто за Него нема ништо невозможно. Но Тој не го направи тоа. Наместо тоа, Бог вметна „посреднички врски“ во процесот на создавање и преку тие врски им дава на созданијата величествени духовни поуки.
Благодарение на тоа што Синот Божји Го разбира Бог и е способен да ги остварува Неговите намери, Тој е наречен во Писмото: „Словото беше во Бога“ – а зборот е материјализација на мислата. Токму затоа Христос јасно и опипливо Го претставува Бог пред созданието, како Негов Претставник.
Исто така, Синот Божји е претставен во Писмото како Премудроста Божја, Која беше со Него уште пред создавањето на сè и Му помагаше да ја уреди целата вселена:
„Господ ме имаше за почеток на Својот пат, пред сите Свои творби, ме имаше уште од вечноста, во почетокот, пред да ја создаде Земјата. Јас сум се родила, кога уште немало бездни, кога уште не постоеле извори, изобилни со вода. Јас сум се родила пред да бидат втемелени горите, пред ридовите, кога Господ уште не беше ја создал Земјата, ни полињата, ниту првите прашинки на вселената. Кога Тој го оформуваше небото, јас бев со Него, кога го поставуваше хоризонтот над бездната, кога ги утврдуваше облаците во висините, кога ги зацврстуваше изворите на бездната,кога ги поставуваше границите на морето, за да не ги преминуваат водите неговите брегови, кога ги полнеше основите на Земјата, – јас бев кај Него кога создаваше, и се радував секој ден, веселејќи се пред лицето Негово за сето време“ (Изреки 8:22-30).
На мајките, како што веќе беше кажано, им е дадена способност слична на Христовата, способност за уредување и градење. Освен тоа, им е дадена уште една Христова способност: воспитување деца за слава на Отецот.
Погледнете како Писмото зборува за оваа Христова способност:
„И така, кој е во Христос, тој е ново создание…“ (2 Коринтјаните 5:17).
„… за да создаде во Себе од двата еден нов човек, воспоставувајќи мир“ (Ефесјаните 2:15).
„И се облековте во новиот, кој се обновува во познанието, според образот на својот Создател. Тука нема повеќе ни Елини, ни Јудејци, ни обрезани, ни необрезани, ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, а сè и во сè е Христос“ (Колосјаните 3:10-11).
Христос создава нов човек преку поучување во Божјите вистини и преку Својот личен пример, живеејќи свет живот, усогласен со вистините што ги поучува:
„Тогаш пристапи еден од книжниците, кој ги слушаше како се препираат и увиде дека Исус им одговараше добро, па Го запраша: ‘Која е прва од сите заповеди?’ А Исус му одговори: ‘Најважна од сите заповеди е: Чуј Израеле! Господ, Бог наш, е еден Господ. Затоа возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила! Ова е најважната заповед. А втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себеси!‘ Друга заповед, поголема од овие, нема’“ (Марко 12:28-31).
„… Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во љубовта Негова“ (Јован 15:10).
И уште неколку споредбени паралели:
„А човекот рече: ‘Еве тоа е коска од моите коски, и плот од мојата плот. Нека и биде името жена, зашто е земена од мажот (свој)’“ (Создавање 2:23).
Како што жената, оформена од дел од мажот, беше едно со него по природа, така и Синот Божји, роден од Бог, е едно со Него по природа:
„Зашто во Него телесно живее сета полнота на Божеството“ (Колосјаните 2:9).
Ете го детето, кое, престојувајќи и растејќи во телото на мајката, е органски поврзано со неа преку самата материја што се оформува во нејзиното тело. Тоа претставува јасна илустрација за Христос, Кој ја поседува Божественоста што се пројавува токму во материјалниот свет.
Имено, Тој ја уредува материјата што Му е дадена од Бог, материја што Бог ја создал од ништо, и на тој начин Тој е поблизок до созданието, како што мајката е поблиска до детето.
Оваа вистина ја потврдуваат и следниве библиски текстови:
„Кога Го воведе Првородениот во вселената, рече: ‘Нека Му се поклонат сите ангели Божји’“ (Евреите 1:6).
„А Исус, кога се приближи, проговори и рече: ‘Ми се даде секаква власт на небото и на земјата’“ (Матеј 28:18).
„Па затоа и Бог Го превозвиши и Му даде име што е над секое име, та во името на Исус да се поклони секое колено на сè што е небесно, земно и подземно“ (Филипјаните 2:9-10).
Во овие текстови гледаме како Христос е поврзан со сета материја што Бог ја создаде од ништо, а Синот Божји ја уреди. Тој се наоѓа во оваа сфера, сферата на материјалното постоење.
Пред Своето воплотување, Тој беше присутен во оваа сфера како архангел Михаил, или како Ангелот што стои пред Божјото лице, Неговиот небесен Претставник и Вестител.
Бог, пак, иако понекогаш се објавува во оваа сфера на материјата, по Својата суштина е надвор од неа. Тој не припаѓа на никаква создадена рамка, па дури ниту на онаа на ангелите. Бог не е ограничен од ништо. Тој е апсолутно слободен, бесконечен, вонвременски, вечен, без почеток, Оној што постои поради Самиот Себе и не зависи од ништо и од никого. Неговата божественост е совршено независна, непроменлива и целосно над секој аспект на создадениот свет.
Христос, пак, иако е „роден“ од Бог, Своето постоење го има во рамките на создадената вселена. Тој има почеток и затоа не е над времето. Тој е зависен од Бог – и затоа Го нарекува Бог Свој Отец. Неговата божественост се пројавува токму во оваа материјална сфера, создадена од Бог, и е дадена за да врши одредена улога: да биде Претставник на Бог, Владетел над сето создание.
Во овој свет, оформен од Синот Божји врз основа на материјата што Бог ја создаде од ништо, Христос претстојува како Помазаник, поставен од Бог. Тој ја поседува даруваната Му божествена власт за да управува со сè, согласно Божјата волја.
Затоа, секој што се бунтува против Христовата власт, всушност се бунтува против самиот Бог, Кој Го постави Христос за Владетел над сè:
„Се креваат царевите земски, и кнезовите се собираат заедно против Господ и Неговиот Помазаник. ‘Да ги раскинеме веригите нивни и да го отфрлиме од себе јаремот нивни.’ Оној, Кој живее на небесата, им се смее, Господ им се подбива. Тогаш во гневот Свој ќе им говори и со јароста Своја ќе ги вџаши, велејќи: ‘Јас си поставив Свој цар… за да ја објавам одлуката Господова: Господ Ми рече: ‘Ти си Мој Син, Јас денес Те родив… Служете Му на Господ со страв и со трепет. Почитувајте Го Синот, та да не се разгневи, и на патот свој да не погинете; зашто Неговиот гнев брзо ќе се разгори. Блажени се сите, кои кај Него прибегнуваат“ (Псалм 2:2-12).
„Отецот не суди никого, туку целиот суд Му го предаде на Синот; та сите да Го почитуваат Синот, како што Го почитуваат Отецот. Кој не Го почитува Синот, тој не Го почитува ни Отецот, Кој Го пратил“ (Јован 5:22-23).
А Бог е надвор од овој свет. Тој се наоѓа во неискусеното, во непознатото и во неопфатливото. Се објавува во овој свет преку создавањето на материјата од ништо, а понатамошното оформување на сè Му е доверено на Неговиот Син – тоа е делото на Христос.
По аналогија, како што таткото ѝ дава на мајката семе што не потекнува од неа, но во неа се развива според однапред вградена „програма“, така и Бог го дава почетокот на сè.
Објаснувам на начин разбирлив за нас: кога ги споредуваме духовните нешта, Бог – во однос на нас и на целото создание – е сличен на татко, а Христос – во однос на нас и на целото создание – е сличен на мајка.
Како што мајката е поблиска до плодот што го носи и оформува, така и Синот Божји е поблизок до созданието. Тој е поврзан со него преку материјата и постоењето, додека Бог, во Својата безграничност, останува надвор од сето тоа.
Преку оваа силна слика, што ја открива длабоката вистина за Бог и Неговиот Син, за природата на Синот, Неговата улога во создавањето и Неговата врска со Отецот, Бог ни ја даде аналогната слика на мажот и жената, како јасно и разбирливо сведоштво за овие духовни вистини:
„Тој (Христос) е слика на невидливиот Бог, првороден пред секое создание; бидејќи преку Него е создадено сè што е на небесата и што е на земјата, видливо и невидливо; било престоли, било господства, било началства, било власти – сè е преку Него и за Него создадено. Тој е пред сè, и сè во Него стои“ (Колосјаните 1:15-17).
Многу е важно ова добро да се разбере, и затоа повторувам: зборуваме за духовни вистини, објаснети преку физички слики, за полесно да ги разбереме. Христос, се разбира, не е жена. Бидејќи духовното е првично, а физичкото произлегува од духовното, не е Христос Тој што е „како жена“, туку жената е таа на која ѝ е дадена способност, на ниво на создание, да формира разумен живот од добиено семе, на ист начин како што Синот Божји го прави тоа на Своето божествено ниво.
Верувам дека ова треба да биде јасно, затоа што секогаш ќе се најдат такви што ќе ги разберат духовните поими на телесен начин и ќе речат: „Ете, Отецот е маж, а Христос е жена.“ Но тоа се површни и погрешни заклучоци, кои произлегуваат од телесно размислување, без разбирање на суштината на духовното.
Бидејќи Бог е над сè создадено и не припаѓа на создадениот свет, а Неговата волја треба да се исполни токму во тој свет – Христос е Тој што ја претставува Божјата волја во рамките на созданието. Тој е Претставникот на Отецот, Кој ги реализира Неговите планови.
Затоа Бог му ги открива Своите намери на Христос, што покажува дека Синот не ја поседува сета полнота на знаење по природа, како што ја поседува Бог. Но, откако ќе ги дознае Неговите планови, Христос, со Својата божествена природа, може целосно да ги разбере, нешто што никој друг од созданието не може, затоа што другите имаат различна природа.
Разбирајќи ги Божјите намери, Христос ги спроведува во делото на создавањето, спасението и управувањето со вселената.
Еве како ова е опишано во книгата Откровение:
„И видов во десницата на Оној Кој седеше на престолот, книга напишана однатре и однадвор, запечатена со седум печати. И видов силен ангел што викаше со висок глас: ‘Кој е достоен да ја отвори книгата и да ги скрши печатите нејзини?’ И никој не можеше ниту на небото, ниту на земјата, ниту под земјата, да ја отвори книгата, ниту, пак, да ја гледа. И јас многу плачев, што никој не се најде достоен да ја отвори и да ја прочита таа книга, ниту да ѕирне во неа. А еден од старешините ми рече: ‘Не плачи! Ете, Лавот, Кој е од Јудиното колено, Коренот Давидов, победи да ја отвори книгата и да ги скрши нејзините седум печати!’ Погледав, и ете, сред престолот и четирите животни и сред старешините стоеше Јагнето, како заклано, со седумте рога и седумте очи, кои се седумте духови Божји, пратени по целиот свет. Тој дојде и ја зеде книгата од Оној, Кој седеше на престолот. И кога ја зеде книгата, четирите животни и дваесет и четирите Старешини паднаа пред Јагнето…“ (Откровение 5:1-8).
Мислам дека сега е јасно објаснето разбирањето за соработката меѓу Отецот и Синот, нивната разлика и нивната положба.
И уште една духовна поука на оваа тема, преку примерот што ни е даден во создавањето на мажот и жената.
Кога Бог му ја доведе на Адам помошничката, тој рече:
„Нека и биде името жена (ishá — אשה), зашто е земена од мажот (ish — איש)…“
Зборовите ish (איש) – „маж“ и ishá (אשה) – „жена“ имаат ист корен. Зборот ishá е изведен од ish со додавање на наставката „á“ (ה).
А сега погледнете го името на Синот Божји. На хебрејски, Неговото име е Јехошуа (Yehoshua – יְהוֹשֻׁעַ). Некои тврдат дека Христос се викал „Јешуа“ (Yeshua – ישוע), но тоа е недоразбирање што произлегло од обратен превод на Новиот Завет – од грчки на хебрејски.
Имено, во грчкиот текст и Исус Христос и Исус Навин се нарекуваат со исто име (Iēsous), но кога тоа име е вратено на хебрејски, кај Христос често се преведува како „Јешуа“, додека кај Исус Навин, правилно, како „Јехошуа“. Ова е неконзистентно, бидејќи ако и двете личности се наречени со исто име на грчки, тогаш и на хебрејски треба да се преведуваат еднакво, Јехошуа.
Божјото име, кое Евреите не го изговараат, е четирибуквено: YHWH (יהוה).
Погледнете ја аналогијата:
- Маж: ish (איש)
- Жена: ishá (אשה)
- Бог: YHWH (יהוה)
- Син Божји: Јехошуа (Yehoshua: יְהוֹשֻׁעַ)
Како што во името на жената се содржи името на мажот, што укажува дека таа произлегува од него, така и во името на Синот Божји се содржи името на Бог, што сведочи за Неговото потекло од Отецот.
Како што е напишано:
„И Словото стана тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот“ (Јован 1:14).
Мислам дека сите се восхитуваме на мудроста на Бог, Кој преку разбирливи и блиски примери успева да ни објасни толку длабоки духовни вистини.
И уште нешто важно треба да се забележи: бидејќи овие примери најпрвин беа дадени за ангелите и жителите на непаднатата вселена, а потоа и за нас, тоа покажува дека – по својата суштина – размислувањето за духовните вистини кај сите созданија е поставено на ист начин.
Секако, некои можат да согледаат повеќе, а некои помалку – но суштината на разбирањето е иста за сите созданија.
Ајде сега накратко да сумираме што научивме денес:
- Мажот и жената, кои Бог ги создал според Својот образ и подобие и ги надарил со разум и моралност, се најдобриот пример преку кој можеме да ги разбереме важните прашања за тоа кој е Христос, каква е Неговата природа и каков е Неговиот однос со Бог.
- Бог го родил Својот Син и му ја дал Својата божествена природа, за преку нивниот однос да им даде на сите созданија жив пример за тоа што е вистинска љубов и како се исполнува Божјиот закон на љубовта.
- Синот Божји, роден од Отецот, има божествена природа и е единствениот во вселената што може вистински да Го разбере Бог, да ја сфати Неговата волја и да ја спроведе во стварноста.
- Мажот е симбол на Бог, а жената – на Христос. Духовно, мажот е носител на идеја, а жената – на нејзиното остварување. Физички, мажот го дава семето со вградена програма на развој, а жената го оформува животот според таа програма.
- Христос е поблизок до созданието, затоа што Неговото постоење и Неговата божественост се пројавуваат преку уредувањето на материјата што Бог ја создал од ништо. Тој работи со таа веќе постоечка материја, и од неа е оформено сè што постои – и ние самите. А Бог, самиот, се наоѓа надвор од сето создадено, во едно возвишено, недофатливо постоење. Тој се објавува во светот преку Својот Син, Кому Му ја доверува материјата за нејзино уредување. Благодарение на оваа совршена соработка меѓу Бог и Неговиот Син е создадена целата вселена и сè што ја исполнува.
- Зборот „жена“ (ishá, אשה) е изведен од зборот „маж“ (ish, איש), што покажува дека жената потекнува од мажот. На сличен начин, и името на Синот Божји, Yehoshua (יְהוֹשֻׁעַ), содржи дел од името на Бог, YHWH (יהוה), што укажува на Неговото потекло од Бог.
