Со Божја милост продолжуваме со нашето проучување на Писмото, книгата Создавање (Битие), втора глава:
„И му заповеда Господ Бог на човекот, велејќи: ‘од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш’“ (Создавање 2:16,17).
Нашето денешно размислување го започнуваме со заповедта што Бог му ја даде на човекот:
„И му заповеда Господ Бог на човекот, велејќи: ‘Од секое дрво во градината можеш да јадеш…’“
Верниците често го доживуваат Бога и Неговата волја исклучиво преку забрани, како список од нешта што не смеат да ги прават. Дури и кога некој сака да покаже дека е „добар човек“, најчесто вели: „Па, не крадам“, „Не убивам“, „Никому ништо лошо не правам.“ Но, како што веќе истакнавме, Бог во Светото писмо ни дал два вида заповеди:
• забрани, кои јасно укажуваат на тоа што не треба да правиме. Овде спаѓаат често цитираните заповеди како: „Не кради“, „Не убивај“, „Не посакувај“ итн.;
• активни заповеди, кои ни покажуваат што треба активно да правиме.
Затоа, вистинскиот духовен живот не се состои само во воздржување од зло, туку и во активно правење на добро, во дејствување и делување според Божјата волја. На пример::
„Раздели го лебот свој со гладните, и бездомните сиромаси закрили ги во домот свој; ако видиш гол, – облечи го, и од крвните сродници не криј се. Тогаш твојата светлина ќе светне како зора, и твоето здравје наскоро ќе процути, твојата правда ќе тргне пред тебе и славата Господова ќе те придружува. Тогаш ти ќе повикаш – и Господ ќе те чуе, ќе извикаш – и Тој ќе рече: ‘Еве Ме’“ (Исаија 58:7–9).
Забележете: Во делата што се опишани во прочитаните стихови нема ни најмало навестување дека Бог гради однос со нас исклучиво преку забрани. Напротив, Светото писмо јасно укажува дека Бог од нас очекува и конкретни активности, дела на милосрдие, како што се: „подели го лебот со гладниот“, „облечи го голиот“. Ова е суштински важно за човекот и неговиот однос со Бога, затоа што, покрај заповедите за воздржување од зло, Бог ветува и големи благослови за сите оние што активно ќе прават добро:
„Тогаш твојата светлина ќе светне како зора, и твоето здравје наскоро ќе процути, твојата правда ќе тргне пред тебе и славата Господова ќе те придружува. Тогаш ти ќе повикаш – и Господ ќе те чуе, ќе извикаш – и Тој ќе рече: ‘Еве Ме.’“
Но, да се прави добро, очигледно, е поголем предизвик за верниците, отколку само да се воздржуваат од зло. На многумина им е полесно едноставно да избегнуваат да прават зло, бидејќи воздржувањето секогаш е полесно од активното делување, особено кога станува збор за добри дела. Да се направи добро подразбира да се стори нешто за другите, а тоа нашата грешна природа не го сака. Кога човек избегнува да прави зло, за кого, всушност, го прави тоа? Најчесто за себе, за да избегне казна од Бога. И тоа одговара на грешната човечка природа: да направи нешто за себе, а ништо за другите.
Затоа, човек може формално да не прави зло, како што мислат некои верници, а сепак да остане себичен и рамнодушен кон другите. Ваквото однесување Светото писмо остро го осудува и ги нарекува таквите луѓе неверници:
„Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а дела нема? Може ли верата да го спаси? Ако некој брат или сестра се голи и немаат што да јадат,па некој од вас им рече: ‘Одете си со мир, грејте се и наситете се!’, а не им даде што им е потребно за телото – каква полза? И така, верата, ако нема дела, сама по себе е мртва“ (Јаков 2:14–17).
Христос, знаејќи ја оваа едностраност во разбирањето на Божјата волја кај верниците, рекол една парабола, преку која јасно покажал дека вечното спасение или пропаст зависи од тоа дали верните активно правеле добро или не:
„А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се соберат пред Него сите народи, па ќе ги оддели едни од други, како што ги одделува овците од козите; и ќе ги постави овците од Својата десна страна, а козите од левата. Тогаш Царот ќе им каже на оние што Му се од десната страна: ‘Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот; зашто, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте кај Мене.’ Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат: ‘Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме? Кога те видовме странец и Те прибравме, или необлечен и Те облековме? Кога Те видовме болен, или во затвор и Те посетивме?’ А Царот ќе им одговори и ќе рече: ‘Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа за еден од овие Мои најмали браќа, за Мене сте го направиле.’ Тогаш ќе им каже и на оние што се од левата страна: ‘Бегајте од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и за неговите ангели! Зашто, гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте; странец бев и не Ме прибравте; необлечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте.’ Тогаш и тие ќе Му одговорат и речат: ‘Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или странец, или необлечен, или болен, или во затвор – не Ти послуживме?’ Тогаш ќе им одговори и рече: ‘Доколку не сте го направиле тоа за еден од овие најмали браќа ни за Мене не сте го направиле.’ И тие ќе отидат во вечна мака, а праведниците – во живот вечен“ (Матеј 25:31–46).
Значи, исполнувањето на заповедите што повикуваат на активно дејствување не е ништо помалку важно за спасението од исполнувањето на заповедите што забрануваат нешто. Како Светото писмо го нарекува непочитувањето на Божјите забрани? Грев. На пример, кога Арон го направи златното теле, идолот, Мојсеј, укорувајќи го, му рече:
„И му рече Мојсеј на Арон: ‘Што ти направи овој народ, та го наведе на толку голем грев?’‘“ (Излез 32:21).
А како Светото писмо го нарекува пропуштањето или избегнувањето да се направи добро? И тоа, исто така, го нарекува грев:
„И така, грев е за оној кој знае да прави добро, а не го прави“ (Јаков 4:17).
Всушност, заповедите што забрануваат нешто и оние што повикуваат на активно дејствување се тесно и нераскинливо поврзани. На пример, заповедите како „Помагај му на сиромавиот“ и „Шест дена работи“ му помагаат на човекот да ја исполни заповедта „Не кради“. Бидејќи човекот треба да работи барем за да може да се прехрани – тоа е минимален услов. Ако не го прави тоа, или ќе стане товар за другите (што, исто така, е грев, бидејќи Светото писмо јасно вели: „Кој не работи, нека не јаде“), или ќе биде приморан да краде за да преживее.
Апостолот Павле многу јасно ја покажува оваа тесна поврзаност меѓу двата вида заповеди, и оние што забрануваат, и оние што поттикнуваат на правење добро:
„И не давајте му место на ѓаволот. Крадецот да не краде веќе, туку нека се труди и подобро е да се труди со своите сопствени раце да го прави она што е добро, за да има што да му даде на оној што има потреба“ (Ефесјаните 4:27–28).
Ако зборуваме за забраната „Не врши прељуба“, тогаш Божјата позитивна насока, која ѝ одговара на оваа заповед, е: создавајте семејства и имајте деца. Токму оваа позитивна заповед е дадена за да му помогне на човекот полесно да се придржува кон таа забрана. Апостолот Павле го истакнува ова многу јасно кога пишува:
„Но, за да се избегне блудството, секој нека си има своја жена, и секоја жена свој маж“ (1 Коринтјаните 7:2).
„…нека се женат и мажат; бидејќи подобро е да се женат и мажат, отколку да горат од страст“ (1 Коринтјаните 7:9).
А во рамките на бракот, насоката „не лишувајте се еден од друг“ им помага на сопружниците доследно да се придржуваат кон забраната „Не врши прељуба“:
„Жената не е господарка на телото свое, туку мажот; исто така и мажот не е господар на телото свое, туку жената. Не лишувајте се еден од друг – освен по договор за некое време, за да и се посветите на молитвата и пак да бидете заедно за да не ве напаствува сатаната, поради вашето невоздржување“ (1 Коринтјаните 7:4,5).
Истиот принцип важи и за заповедта „Не убивај“. Ако се придржуваме кон насоките „Бидете љубезни“ и „Сакајте се еден со друг“, тогаш никој нема да го нарече својот ближен „празноглав“ (што, според Писмото, е еднакво на прекршување на заповедта „Не убивај“). Уште помалку некој ќе помисли да убие човек со кого има пријателски однос или кого го сака во Господ. Ова е особено важно, затоа што целиот закон се темели на љубовта кон Бога и кон ближниот – а љубовта не значи само воздржување од зло, туку и активно правење на добро.
Замислете си љубов помеѓу двајца млади кои седат на кауч, секој занесен во својот телефон. Мажот ја прашува жената: „Ме сакаш ли?“ Таа одговара: „Да.“ Тој вели: „Тогаш направи ми нешто за јадење.“ А таа: „Љубовта не е во тоа. Доволно е што не те изневерувам, не те крадам и не те убивам.“
По некое време, жената го прашува мажот: „Ти ме сакаш ли мене?“ Тој одговара: „Да.“ Таа продолжува: „Па, купи ми фустан.“ А тој ѝ вели: „Љубовта не е во тоа. Јас не те изневерувам, не те крадам и не те убивам. Всушност, јас тебе те сакам повеќе од што ти мене, бидејќи, покрај сите тие заповеди што ги спомна, јас пазам и уште една – не ти завидувам што сама можеш да си го купиш фустанот.“
Гледате ли во каков апсурд се претвора љубовта ако се гради само врз почитување на забраните? Затоа Бог ни дал два вида заповеди за да имаме вистински исполнет живот: забранувачки и поттикнувачки.
„Возљубени… Кој добро чини, од Бога е…“ (3 Јованово 1:11).
„И така, додека имаме време, да им правиме добро на сите…“ (Галатјаните 6:10).
„Зашто ние сме Негова творба, создадени во Христос Исус за добри дела што Бог ги предодредил уште од порано да живееме во нив“ (Ефесјаните 2:10)
Разбирајќи ја оваа вистина за важноста на поттикнувачките заповеди, да се вратиме на стихот што го разгледуваме:
„И му ЗАПОВЕДА (וַיְצַו֙ — va-yetsav) Господ Бог на човекот, велејќи: ‘Јади од секое дрво во градината…’“
Обратете внимание, она што го кажал Бог е заповед. Хебрејскиот глагол „va-yetsav“ значи „заповеда“, „нареди“, „даде упатство“. Од истиот корен потекнува и зборот „mitsva“, заповед. А што точно заповедал Бог? Да се јаде од секое дрво во градината!
Каква заповед! Многу луѓе со задоволство би ја исполниле – бидејќи сакаат да јадат, особено ако е бесплатно; сигурно би се создала долга редица од желни да ја исполнат. Можеби на светот би имало најмногу „праведници“ ако праведноста би се мерела според исполнувањето на ваква заповед. Но, до таков заклучок може да се дојде само ако се размислува со желудникот, а не со разумот.
Ајде да размислиме со умот – што всушност претставува процесот на јадење? Ќе се изненадите, но тоа е, пред сè, процес на учење и спознавање. Плодовите што Бог ги создал се различни – и по изглед и по вкус. Зошто е така? Затоа што тие не се создадени само за исхрана, туку и за истражување. Ако нивната единствена намена беше исхрана, ќе постоеше само еден вид плод – слично на маната во пустината.
Разновидноста на плодовите го поттикнува разумниот човек да постави прашање: зошто се различни, ако сите служат за истата цел, да го нахранат телото? Токму ова прашање ја разбудува љубопитноста и поттикнува на истражување. Ќе повторам: прашањата се најмоќниот начин за будење на истражувачкиот дух!
Како што Адам, кога му биле доведени животните и птиците, ги забележал нивните разлики и им дал имиња според нивните особености, така е и со плодовите. Нивните разлики имаат свое значење. И денес плодовите се предмет на истражување, за да се утврди нивниот состав, корисност и разликите помеѓу нив. На пример, погледнете ја споредбената анализа за корисноста на јаболката:
„Корисните здравствени својства на јаболката вклучуваат превенција на срцево-садови заболувања (поради содржината на магнезиум и аскорбинска киселина), како и спречување на атеросклероза (пектинот во јаболката помага да се намали „лошиот“ холестерол во крвта). Јаболката имаат благо диуретично дејство и се користат за превенција од гихт и појава на камења во бубрезите. Органските киселини што ги содржат ја прочистуваат цревната флора, помагаат при запек и спречуваат појава на онколошки заболувања на цревата. Познато е и нивното корисно дејство врз жолчката; се употребуваат за лекување на анемија предизвикана од недостаток на железо и за превенција на болести на тироидната жлезда. Покрај тоа, јаболката имаат и антиоксидантно дејство, а помагаат и во превенцијата на Алцхајмерова болест“.
Корисноста на крушите:
„Корисните својства за здравјето се следните: крушата содржи пектин, кој ја подобрува функцијата на цревата и помага во намалувањето на нивото на холестерол во организмот. Минералите што ги содржи се важни за нормалното функционирање на срцето и учествуваат во процесот на создавање на крвните клетки, а исто така имаат и диуретично дејство. Во кората на крушата има висока концентрација на биофлавоноиди, танини и арбутин, кој има антисептично дејство. Плодот на крушата има благо лаксативно дејство, додека танините, кои се најмногу присутни во лисјата, напротив, помагаат при состојби на дијареја. Крушата претставува незаменлив избор за лесна здрава закуска за луѓе кои имаат зголемени физички напори.“
Анализирајќи го хемискиот состав на јаболката и крушите, може да заклучиме дека двата плода се исклучително корисни и неопходни во исхраната на човекот. Јаболкото се одликува со побогат витамински состав, додека крушата се издвојува со својот супериорен минерален состав. На тој начин, овие два плода совршено се надополнуваат еден со друг во исхраната, овозможувајќи балансирана и здрава исхрана.
Тоа значи, враќајќи се на разгледуваниот стих:
„И ЗАПОВЕДА (va-yetsav) Господ Бог на човекот, велејќи: ‘Јади од секое дрво во градината…’“
Разбираме дека оваа Божја заповед не му беше дадена на човекот единствено за задоволување на неговите телесни потреби, иако, несомнено, и тоа има свое значење. Сепак, погрешно е да мислиме дека човекот бил создаден од таква материја што би можел да преживее без никаква храна и притоа да биде бесмртен. Тоа е неточно учење. Апсолутна бесмртност, која не зависи од ништо и од никого, поседува единствено Бог. Само Тој е апсолутно бесмртен. Сите останати суштества својот живот му го должат токму на Бога, а Тој го одржува нивниот живот под услов тие да ја исполнуваат целта за која се создадени, да живеат во склад со Неговите барања и со законите што Тој ги вложил во нивното битие.
На пример, создадени сме така што ни се неопходни воздух за дишење, вода и храна. Ако овие услови не се исполнат, човекот умира. Дури и Божјиот Син, кога стана човек, постеше 40 дена во пустината, а потоа мораше да јаде, зашто како човек, без храна, ќе умреше од глад и исцрпеност.
Значи, заповедта „јади од сите дрвја“, што Бог му ја дал на човекот, имала цел и да го одржува животот. Повторно забележуваме колку е важна практичната корист од заповедите што нè повикуваат на активно дејствување, како и нивната неразделна поврзаност со заповедите што нè предупредуваат што не треба да правиме. Ако човекот не јаде, значи не ја исполнува активната заповед, ќе умре, со што ја прекршува Божјата заповед „не убивај“, бидејќи на тој начин всушност се убива себеси.
Но, освен што обезбедува храна, првата активна заповед од Бога содржи и повик до човекот да ја истражува околината што го опкружува. Уште еднаш нагласувам: придржувањето до заповедите што забрануваат нешто не го зголемува човечкото знаење. Напротив, ако човек ги прекрши тие заповеди, дури тогаш – низ горките последици – стекнува некое вредно искуство. Но, ако само ги исполнува забраните, без ништо друго да прави, неговото знаење нема да се зголеми. Знаењето се зголемува само кога човек ги исполнува активните заповеди, односно кога прави нешто позитивно. На пример, ако едно дете не чита лоши книги – тоа е добро. Но, самиот факт дека не чита лоши книги нема да го зголеми неговото знаење. Знаење ќе стекне само ако чита добри книги. А ако чита лоши книги? Тогаш ќе го расипе својот ум и срце.
Јасно гледаме дека активните заповеди му се дадени на човекот за да го изградат, а забранувачките – за да го заштитат од морално и духовно пропаѓање. Тоа е нивната суштинска разлика. И двата вида заповеди треба да се почитуваат. Исполнувајќи ги активните заповеди, човекот духовно и морално расте. Исполнувајќи ги забранувачките, тој го зачувува она што го изградил.
Тоа е како кога градиш куќа. Ја градиш и вложуваш во неа. Но, не се грижиш само за тоа дека ќе живееш во неа, туку и за тоа некој да не ја ограби или разурне. Токму во тоа се состои заштитата на она што си го изградил. Овие два вида насоки за човечкото дејствување веќе ги разгледувавме кога зборувавме за тоа зошто Бог го постави човекот во Едемската градина:
„И го зеде Господ Бог човекот (кого го создаде), го насели во Едемската градина, за да ја обработува и да ја чува“ (Создавање 2:15).
И така, во одломокот што го разгледавме:
„И му заповеда (va-yetsav) Господ Бог на човекот, велејќи: ‘Од секое дрво во градината можеш да јадеш…’”
Го пронаоѓаме Божјиот повик до човекот да ги исполнува активните заповеди, за да се изградува себеси и светот што го опкружува, согласно Божјата вистина. Понатаму, во текстот читаме:
„И му заповеда Господ Бог на човекот, велејќи: ‘Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади…’”
И веднаш потоа, како што и се очекува, заради хармоничен развој на човекот, следува заповед од предупредувачки карактер. Забележете го редоследот: прво доаѓа активната заповед, а потоа забранувачката. Овој редослед е целосно оправдан, најнапред нешто се гради, а потоа се штити она што е изградено. Бидејќи, ако ништо не е создадено, нема ни што да се заштитува.
Размислете логично: за да дознаеме што Бог не сака да правиме, најпрво мора да го прочитаме тоа во Светото писмо. А тоа значи дека најпрвин треба активно нешто да направиме, да го прочитаме Писмото, исполнувајќи ја на тој начин активната заповед која постојано се повторува во различни форми и на многу места во Библијата:
„Овие зборови, што ти ги заповедам денес, да бидат во твоето срце и во твојата душа; и пренесувај им ги на децата свои и зборувај за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш; и врзи ги на раката своја како знак, и нека ти бидат ознака над очите твои, и напишете ги врз надвратникот од вашите куќи и на вашите градски порти“ (Второзаконие 6:6–9).
„Ги истражувате Писмата…“ (Јован 5:39).
„Пази на себе и на учењето; биди истраен во тоа, зашто, ако постапуваш така, ќе се спасиш и себе самиот и оние што те слушаат“ (1 Тимотеј 4:16).
И така, по активната заповед, да се јаде од сите дрвја во градината, веднаш следува и заповедта од забранувачки карактер, која се однесува на забраната за јадење од дрвото на познанието на доброто и злото. Забележете дека и двете заповеди се тесно поврзани, и двете се однесуваат на плодови. Во првата заповед, некои плодови се дозволени за јадење; во втората, друг плод е строго забранет. Тоа ја нагласува нивната неразделна врска. Со ова Бог ни порачува: „Исполни ја активната заповед, задоволи ја својата потреба за храна со плодовите што ти се дозволени, и тогаш нема да ја почувствуваш потребата или искушението да вкусиш од забранетиот плод.“ Овој принцип важи во сите сфери на животот.
Ако се стремиме да го зачуваме и негуваме животот, природно ќе се воздржуваме од убивање, бидејќи тоа би било спротивно на нашите намери и постапки. Нашата сила за почитување на забранувачките заповеди значително зависи од начинот на кој ги исполнуваме активните. На пример, секој од нас има навики. Многумина неуспешно се борат со лошите навики, затоа што не ги заменуваат со добри. Без таа замена, победата е невозможна. Не е доволно само да го исфрлиме злото од срцето – потребно е доброто активно да го замени.
Замислете чаша исполнета со воздух. За да го отстраните воздухот, не ви требаат скапи или сложени уреди – доволно е да ја наполните чашата со вода и воздухот автоматски ќе биде истиснат. Тоа е едноставно и ефикасно. Исто е и со навиките: ако имате навика да трошите време на интернет под изговор за „личен развој“, заменете го тоа време со вистински духовен раст преку проучување на Светото писмо. Ќе видите како новата, позитивна навика лесно ќе ја замени старата. А само да си ветувате: „Од утре нема повеќе да седам на интернет, бидејќи тоа не е добро“, нема да помогне. Таквото ветување брзо ќе го прекршите.
Бог нè создал така што во нашето срце не може да постои празнина. Ако срцето не е исполнето со Бога, тогаш неизбежно ќе биде исполнето со некој „богозаменик“. За жал, такви богозаменици има денес во изобилство.
И така, да размислиме за забраната што му беше дадена на човекот: „Не јади од дрвото на познавањето!“ Која е нејзината смисла? Зарем не можело да биде избрана некоја друга, „пооригинална“ забрана? И зошто, воопшто, била направена оваа, на прв поглед провокативна, ситуација, со тоа што во градината, каде сè е дозволено, постои едно единствено дрво од кое не смее да се јаде?
Ако човекот самиот требало да избере некоја забрана во градината Едем, што ли би избрал? Но, независно од човечкиот избор, во оваа едноставна, па дури и нелогична забрана од страна на Бог, се крие длабока и суштинска порака. Човекот е создаден според Божјиот образ и подобие и е поставен како господар над сите животни. Тој е најразумното и најсовршено суштество, а сè друго е ставено под негова власт:
„Си го направил малку помал од ангелите, но со слава и чест си го овенчал, и си го поставил над делата од рацете Твои, и сè си потчинил под нозете негови“ (Псалм 8:5,6).
Кога човекот е поставен на толку висока позиција, лесно може да заборави на својата зависност од Оној што му ја дал таа власт и положба. Токму тоа му се случи и на Луцифер:
„Од убавината твоја се возгордеа срцето твое, поради богатството твое си ја загуби мудроста своја…“ (Езекиел 28:17).
„Ќе се искачам до висините на облаците, ќе бидам рамен на Севишниот“ (Исаија 14:14).
„Затоа што го издигна срцето свое и велиш: ‘Јас сум бог, седам на божји престол, во срцето на морињата’, иако си човек, а не бог, го изедначуваш твојот ум со умот на Бога“ (Езекиел 28:2).
Кога се создава еден мал свет како слика на целиот универзум, а луѓето (Адам и Ева) се создадени за да го одразуваат Бог и Неговиот Син, важно е да разбереме дека тие се само пример или симбол, а не самата вистина. Овие симболи ни помагаат да сфатиме некои духовни вистини, но не треба да ги мешаме со реалноста.
Затоа Бог му дал на човекот забрана, со која јасно покажува до каде се границите на таа улога. Со оваа забрана, Бог му дава до знаење на човекот дека иако има важна улога, не треба да мисли дека е ист како Бог, или дека може да се снајде сам, без Бог, како што мислел Луцифер.
Кога созданието, кое добило многу благослови од Бог, ќе го заборави Него, тоа е голема опасност. Затоа Бог во Своето слово нè предупредува на оваа опасност:
„Гледај, да не се возгордее срцето твое, та да заборавиш на Господ, твојот Бог… и за да не кажеш во срцето свое: ‘Мојата сила и цврстината на мојата рака го здобија ова богатство.’ Но да Го помниш Господа, твојот Бог, зашто Тој ти даде сила за да се здобиеш со богатство…“ (Второзаконие 8:14, 17,18).
Со оваа забрана, Бог му го покажал на човекот неговото место, местото на создание, а не на Создател. А тоа е многу важно да го разбере оној што е обдарен со слободна волја! Преку оваа Божја забрана, му се покажува на човекот во која насока може и треба да се развива, во насока на послушност кон Создателот и достигнување духовна зрелост како послушно создание. Токму во тоа, според Божјиот план, се состои повикот на слободното создание, човекот!
Тоа што Бог му дава на човекот заповед значи дека човекот е разумно и слободно суштество. Ниедно друго создание не ја добило заповедта: „Не прави го тоа.“ Оваа забрана укажува дека човекот може да послуша – но може и да не послуша.
Веќе зборувавме дека во човекот од самиот почеток постојат две природи: една – телесна, бидејќи е создаден од земен прав, како и животните, а другата – духовна, бидејќи Бог вдахнал во него здив од животот, односно разум, совест и моралност. Односот на човекот кон Божјата забрана покажува која природа преовладува во него.
Ако човекот ја прекрши Божјата заповед, тоа значи дека во него нема ниту совест, ниту благодарност кон Создателот, и дека, како животно, е управуван од своите телесни желби. А ако ја почитува Божјата заповед, тоа сведочи дека е благодарен кон својот Создател и дека го гради својот однос со Него врз доверба и послушност, што пак покажува дека духовната природа е главна во неговиот живот.
Што значеше оваа забрана за човекот? Забраната беше јасен израз на Божјата волја – Бог му покажал на човекот што е добро, а што е зло. Ако човекот ја послушал таа забрана, би покажал дека се согласува со Божјото разбирање за доброто и злото. Но човекот не послушал. Со тоа покажал дека сака сам да решава што е добро, а што лошо за него. Проблемот е што, кога човекот не го слуша Бога и се потпира само на својот разум (кој е ограничен и често греши), тој само си замислува дека неговиот избор е вистински добар. Во стварноста, тоа е само самоизмама. Погледнете ги овие стихови:
„Кога жената, виде дека родот на дрвото е добар за јадење, и убав на изглед, и дека дрвото е пожелно поради тоа што дава знаење, набра род од него и го изеде, па му даде и на мажот свој, та и тој јадеше. Тогаш им се отворија очите на обајцата, и разбраа дека се голи; па исплетоа лисја од смокви и си направија опашала. Тогаш го чуја гласот на Господ Бог, кога Тој одеше низ рајот во времето на дневниот ветрец; и се сокрија Адам и неговата жена меѓу рајските дрвја“ (Создавање 3:6–8).
На Адам и Ева им изгледаше дека јадењето од забранетиот плод е нешто добро, бидејќи им ветуваше знаење. Но, во реалноста, нивната постапка заврши трагично. Последиците од овој погрешен чекор, кој ним им се чинеше исправен, добро ги познаваме сите:
„Има патишта, кои на човек му изгледаат прави, но крајот нивни води во смрт“ (Изреки 14:12).
Луѓето, и по падот во грев, продолжуваат да ја повторуваат истата грешка – се обидуваат сами да одлучуваат што е добро, а што е зло, не според Божјата волја откриена во Неговото Слово, туку според своите сопствени проценки и заклучоци. Каков е исходот од ова? Светлината за нив станува темнина, а темнината – светлина:
„Тешко им на непокорните синови, вели Господ, кои се советуваат, но без Мене, и склучуваат сојузи, но не според Мојот дух, за да додаваат грев врз грев“ (Исаија 30:1).
„Тешко им на оние, кои злото го нарекуваат добро, а доброто – зло; темнината ја сметаат за светлина, светлината – за темнина, горчливото – за слатко, а слаткото – за горчливо! Тешко им на оние, кои се мудри во своите очи и разумни пред самите себеси!“ (Исаија 5:20,21).
Затоа, забраната што Бог ја постави, да не се јаде од едно конкретно дрво, иако на прв поглед изгледа едноставна и површна, всушност беше јасен индикатор што покажа како човекот ќе го искористи дарот на слободната волја, кој му беше даден од Бога. Но, важно е да се забележи и уште една клучна поента:
„Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади…“
Кога Бог зборуваше за сите дрвја од кои човекот смееше да јаде, Тој јасно посочи дека може да се јадат нивните плодови. Но, кога зборуваше за забранетото дрво, не беше споменат конкретно само „плодот“, туку беше кажано: „Од дрвото за познавањето на доброто и злото; од него не јади“ – со што вниманието беше насочено кон целото дрво, а не само кон плодот. Дополнително, забраната беше засилена со изразот „од него“, иако веќе беше јасно дека се зборува токму за тоа дрво. Во Светото писмо ништо не е напишано случајно – секој збор има своја длабока смисла.
Со други зборови, не беше забрането само јадењето на плодот, туку беше забранета каква било активност поврзана со тоа дрво. Ова значи дека со оваа заповед Бог забранил сè што било поврзано со тоа дрво, не само плодот, туку и неговите лисја, гранки и сè останато. А ако ништо не смееш да земеш од него, тогаш нема ниту причина да му се приближуваш. На овој начин, преку оваа „двојна“ забрана, Бог поставил ограда околу дрвото, со цел да го држи човекот подалеку од него.
Овој принцип на поставување „ограда“ околу Божјите заповеди, за да се избегне искушението, длабоко е развиен во јудаизмот. Некои можеби би се потсмевале на дополнителните правила и ограничувања кои ги вовеле рабините, но доколку тие се разгледаат внимателно и со отворен ум, станува јасно дека тие мудро настојувале да ги заштитат луѓето од искушенија.
Човекот е создаден така што, колку повеќе е изложен на искушенија, толку послаба станува неговата сила за спротивставување. Колку помалку е изложен, толку е поголема веројатноста да го надмине искушението. Затоа е мудро да се поставуваат дополнителни граници и ограничувања.
На пример, Бог вели:
„… Немој да вариш јаре во млеко од неговата мајка“ (Излез 23:19).
Покрај другите поуки од оваа Божја заповед, мудреците на Израел извлекле една важна поука, потребата од дополнителна заштита или „ограда“ околу заповедите, за да се избегне искушението. На пример, јудаизмот поставил правило за забрана на мешање на млечни и месни производи во исхраната, што од медицинска гледна точка има благотворно дејство врз човековото здравје.
За да не падне во искушение кога ќе отвори фрижидер и ќе види млечни и месни производи заедно, побожниот Евреин често има два одделни фрижидера: еден за млечни, а друг за месни производи. Оваа дополнителна „ограда“ му помага да се придржува кон Божјата заповед и да го избегне искушението, бидејќи ако сака да ја прекрши заповедта, тоа ќе го направи свесно и намерно, а не во момент на слабост.
Слично на тоа, ако некој човек знае дека има слабост кон алкохолот, не треба воопшто да чува дома ни лекови што содржат алкохол. Имаме пример од пракса: еден човек кој бил зависен од алкохол, решил да се обрати кон Бога и престанал да пие. Но, кога му се разболело грлото и посегнал по ракија за гаргарање, повторно паднал во искушение и се вратил на старите навики. Затоа, многу е важно да се поставуваат дополнителни бариери околу искушенијата.
Во јудаизмот има и други примери за дополнителна „ограда“. Ако Евреин оди по улица и види дека пред него оди девојка, според традицијата треба да ја престигне и да оди пред неа, за да ги спречи своите очи да гледаат кон неа додека оди зад неа.
Овие примери јасно покажуваат дека дополнителната „ограда“ околу заповедите е мошне корисна за почитување на Божјиот Закон. Таа овозможува човекот навреме да застане, пред искушението да добие моќ над него, и да го победи.
Истото може да го видиме и во Едемската градина. Бог им ја дал на луѓето заповедта да не јадат од забранетото дрво, а со тоа и поставил дополнителна заштита околу него. Иако, во суштина, беше забрането само јадењето на плодот, преку изразот „од него“, Бог ги спречил луѓето воопшто да се приближуваат до тоа дрво. Падот на Ева токму кај забранетото дрво јасно покажува дека таа ја занемарила оваа дополнителна заштита, поради што и паднала во искушение.
Ова е важна поука за сите нас. Ако Ева, безгрешно создание, не издржа во близина на искушението, тогаш зарем ние, со природа ослабена од гревот, не треба уште повеќе да се држиме подалеку од сè што би можело да нè наведе на грев?
Затоа, дополнителната „ограда“ околу заповедите не е нешто негативно, туку напротив, таа има силна библиска основа и е важна за заштита од искушенијата. Да продолжиме со текстот, последната реченица за денес:
„… зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш.“
Кога го читаат овој библиски текст, многумина доаѓаат до погрешен заклучок дека Адам и Ева требало да умрат истиот ден кога згрешиле. Но, ако се земе предвид понатамошниот тек на настаните, очигледно е дека тоа не се случило – Адам и Ева не умреле веднаш, истиот ден кога го вкусиле забранетиот плод.
На што се однесува Божјото предупредување: „Во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш“? Дали тоа значи дека смртта веднаш ќе настапи како директна последица? Или значи дека тогаш започнува процесот на умирање?
Ако го разгледаме внимателно значењето на овој стих, ќе забележиме дека Бог не рекол дека човекот веднаш ќе умре физички, туку дека од тој момент започнува процесот на умирање. Со други зборови, во истиот ден кога човекот згрешил, тој ја изгубил својата бесмртност и започнал да старее, што неминовно води кон смрт. Затоа, преводите често ја истакнуваат оваа неизбежност на смртта, а не моменталноста. Значи, Божјото предупредување може да се разбере вака: „Во денот кога ќе вкусиш од него, ќе започне процес на умирање што ќе заврши со твојата смрт.“
Така, Бог не ги измамил луѓето – не им рекол дека ќе умрат веднаш, туку дека со непослушноста го губат вечниот живот и почнуваат да стареат, сè додека не умрат. Ова се потврдува и со зборовите што Бог ги кажал на Адам по гревот:
„Со пот на лицето свое ќе јадеш леб, сè дури не се вратиш во земјата, од која си земен; зашто си земја, и во земја ќе се вратиш“ (Создавање 3:19).
Зборовите „сè дури не се вратиш во земјата“ јасно укажуваат на процес, на временски период. Преку овој пример повторно се уверуваме дека Светото писмо мора да се проучува според цврсти и непоколебливи принципи, а не според нашите несовршени човечки размислувања, бидејќи таквите размислувања лесно можат да нè доведат до заблуди, па дури и да Го прикажат светиот Бог како лажливец.
Толкувањето на Писмото мора да се темели на сигурни основи. Една од нив е вистината дека Бог е свет и затоа не може да лаже. Ако во Писмото наидеме на нешто што изгледа како Божја лага, тоа е јасен показател дека ние не го разбираме правилно тој стих. Тогаш треба да го разгледаме и толкуваме тој стих така што неговото значење да биде во склад со Божјата светост и вистинитост.
Дополнително, при проучувањето на Писмото треба да запомниме уште еден важен принцип: стиховите никогаш не си противречат еден на друг. Ако Бог во еден стих зборува за процесот на умирање („сè дури не се вратиш во земјата“), тогаш и во другите предупредувања („во денот кога ќе вкусиш од него“), се мисли на истото – од тој момент ќе започне процесот на умирање, кој неизбежно води кон смртта.
Само кога ќе постигнеме ваква хармонија во разбирањето на Писмото, можеме да бидеме сигурни дека правилно го разбираме и толкуваме Божјото Слово и дека чекориме по вистинскиот пат кон вечниот живот. Освен тоа, и здравиот разум ни кажува дека Бог кој е Љубов, не можел веднаш да ги уништи луѓето без да им даде можност за покајание. Таквиот чин не би бил во согласност со Неговиот карактер. Токму затоа Адам и Ева не умреле веднаш по нивниот грев. И ова дополнително потврдува дека, колку подобро Го познаваме Бога, толку посигурно ќе го разбереме Неговото Слово.
На кратко, за што зборувавме денес:
- Бог им дава на луѓето две видови упатства: позитивни (што треба да се прави) и забранувачки (што не треба да се прави). Само со исполнување на двата видови упатства човекот станува целосен – станува свет.
- Извршувањето на позитивните Божји заповеди води кон изградување и раст, а почитувањето на забраните го заштитува човекот од уништување на она што е изградено.
- Кога ја даде заповедта за забранетото дрво, Бог ја зајакна со дополнителна ограда, за да ги заштити луѓето од грев. Но, човековата самоволност и потценувањето на таа заштита го доведоа до искушение и пад.
- Човекот не умре во денот на гревот, затоа што Бог тоа и не го рекол – Тој предупреди дека, ако згреши, човекот ќе стане смртен и еден ден ќе умре.
- Оној што правилно Го разбира Бога, како што е откриен во животот на Неговиот Син Исус, ќе го разбира правилно и Писмото.
