Денес ќе го завршиме истражувањето на првото поглавје од Создавање, односно Битие. Накратко да се потсетиме на она за кое разговаравме минатиот пат, за да го поврземе со денешното истражување.
Во Библијата се вели дека Бог рекол:
„Да создадеме човек според Нашиот образ и според Нашето подобие“.
Овие зборови покажуваат дека создавањето на човекот е посебен и свечен чин. Во нив се открива нешто повеќе од само физичкото создавање на човечкото тело. Бог сака преку човекот, создаден како машко и женско, да открие важна вистина за Својот образ, за односот меѓу Отецот и Синот, и за положбата што Божјиот Син ја има во Божјиот план.
Во претходната тема зборувавме дека зборовите „Да создадеме човек“ можат да се разберат во светлината на Божјиот однос со Својот возљубен Син, преку Кого Бог го извршува Своето дело. Создавањето на човекот според Божјиот образ и подобие има длабока цел: преку видлива слика, достапна за созданијата, да се открие нешто за Бога, за Неговиот Син и за Божјиот начин на владеење.
Зошто најнапред е кажано: „Да создадеме човек според Нашиот образ и според Нашето подобие“? Затоа што тука се отвора прашањето за заедничкото дејствување меѓу Отецот и Синот. А зошто подоцна се вели дека Бог го создаде човекот според Својот образ, во еднина? За да не се дозволи созданието да извлече погрешен заклучок и да тргне кон многубоштво. Библијата ја чува рамнотежата: ја открива возвишената улога на Божјиот Син, но истовремено јасно покажува дека Бог е еден Извор и Прва причина на сè.
Затоа и во ова прашање треба да останеме на библискиот пат, без отстапување во крајности. Духовниот пат е исправен кога човек не отстапува ниту надесно ниту налево, туку оди по патот што Бог го одредил:
„Гледајте да постапувате така, како што ви заповеда Господ, вашиот Бог, не скршнувајте ни десно, ни лево; одете по патот, по кој ви заповеда Господ, вашиот Бог, за да бидете живи и да ви биде добро и да поживеете долго време во онаа земја, што ќе ја добиете во наследство“ (Второзаконие 5:32,33).
Затоа, кога ја истакнуваме возвишената улога на Синот Божји, треба да ја зачуваме библиската рамнотежа. Христос не е создадено суштество, туку роден Божји Син. Тој е Оној преку Кого Бог ја извршува Својата волја и преку Кого созданијата го гледаат Божјиот карактер. Но, истовремено, Библијата јасно покажува дека Отецот е Изворот од Кого е сè и Првата причина на сè. Синот го одразува Отецот и совршено живее во послушност кон Неговата волја.
Подоцна, кога текстот вели: „Бог го создаде човекот според образот Свој“, се користи еднина за да се нагласи дека човекот има еден конечен Извор, Бог. Тоа не го исклучува Христос од делото на создавањето, бидејќи Библијата учи дека Бог ја извршува Својата волја преку Својот Син. Но еднината го чува библискиот ред: Бог е Изворот и Првата причина, а Христос е родениот Божји Син преку Кого Божјата волја се извршува. Затоа човекот не е само тело обликувано од земен прав. Тој е личност создадена според Божјиот образ, надарена со разум, морал, совест, слобода на избор и способност за свесен однос со Бога. Овие особини доаѓаат од Бога, а Неговото дело се остварува преку Христос.
Сега, откако накратко се потсетивме на претходната тема, да продолжиме со текстот.
„И Бог го создаде човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде. И ги благослови Бог, и им рече: ‘Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа, и овладајте ги морските риби, и небеските птици, и сите животни што лазат по земјата!’ И Бог рече: ‘Еве, ви дадов секакви билки што даваат семе по целата земја, и секакви дрвја што во себе имаат семе според својот род и вид; тоа да ви биде за храна! А на сите земни ѕверови, и на сите небески птици, и на сè што се движи по земјата, во кое има жива душа, им ги дадов сите тревни растенија за храна.’ Така и стана. И Бог виде дека сето она што го создаде е многу добро. И настапи вечер, и настапи утро — шести ден“ (Создавање 1:27-31).
Машкото и женското како Божји образ
Не треба да се мисли дека само мажот е Божји образ. Ако зборуваме за сликата преку која се илустрира односот меѓу Бога и Неговиот Син, тогаш мажот и жената можат да бидат разгледани како видлива поука за редот, односот и заедништвото. Но ако зборуваме за нивната природа и нивната вредност пред Бога, тогаш и мажот и жената подеднакво се создадени според Божјиот образ.
Тие не се Божји образ по надворешен физички изглед, туку во духовна смисла. Човекот е создаден како разумно, морално и слободно суштество. Тој има способност да размислува, да избира, да сака, да служи, да управува и да носи одговорност пред Бога.
Затоа не може да има омаловажување на жената од страна на мажот. Жената е исто толку Божји образ колку и мажот. А ако бидеме уште попрецизни, Божјиот образ најцелосно се прикажува кога мажот и жената, во единство, љубов и верност, ја исполнуваат целта за која се создадени: да се сакаат еден со друг, да соработуваат и да се грижат за созданието. Зашто суштината на Божјиот карактер е љубов и грижа.
Човекот како „жива душа“
Иако човекот е создаден во шестиот ден, заедно со другите живи суштества, сепак неговото создавање е посебно издвоено. И животните и човекот во Библијата се нарекуваат „жива душа“, но тоа не значи дека меѓу нив нема разлика.
Прашањето е: која е разликата меѓу „жива душа“ кога се зборува за животните и „жива душа“ кога се зборува за човекот?
Секое живо суштество, како и човекот, има тело поврзано со материјата на земјата и здив на живот. Но при создавањето на човекот гледаме нешто посебно: Бог лично му дувна здив на живот во носалките.
„Господ, Бог, го обликува човекот од земниот прав и му дувна здив на живот во носалките. Така човекот стана жива душа“ (Создавање 2:7; Константинов, 1999).
Овој чин нè води кон важно прашање: дали Бог само му дувнал воздух во носалките на Адам, како некој вид вештачко дишење, или овие зборови укажуваат на нешто подлабоко?
На другите живи суштества, кои исто така дишат и се наречени „живи души“, не им е опишан ваков посебен чин. Затоа, кога Библијата нагласува дека Бог лично му дувнал здив на живот во носалките на човекот, тоа ни покажува дека тука не станува збор само за обично физичко дишење.
Бог не е материјално суштество и не зависи од воздухот. Тој не дише како нас, ниту има бели дробови. Затоа, кога Библијата зборува дека Бог му дувнал здив на живот во носалките, тоа не треба да го разбереме како обично физичко вдишување воздух. Библијата користи човечки јазик за да ни објасни нешто духовно и длабоко.
Кога човек прави вештачко дишење, тој користи воздух што веќе постои. Но кога Бог му дава живот на човекот, Тој не му дава само воздух. Преку тој чин Бог му дава нешто што го прави човекот посебен меѓу сите живи суштества: разум, морална свест, совест, слобода на избор и способност за свесна заедница со Бога.
Тука се наоѓа главната разлика. Од една страна, човекот и животните имаат сличност во телесната природа. Соломон пишува:
„Зашто сè што се случува со синовите човечки, се случува и со животните; крајот им е ист: како умираат едните, така умираат и другите, и едно е дишењето кај сите, и човекот нема предимство пред добитокот, зашто — сè е суета! Сè оди на едно место: сè произлегува од земјата, и сè ќе се врати во земјата“ (Проповедник 3:19,20).
Сепак, и покрај оваа сличност, човекот драстично се разликува од животните. Таа разлика не е само во телото, туку во духовната компонента што Бог му ја дал. Човекот не е само живо суштество што дише; тој е личност создадена според Божјиот образ.
Затоа, кога Библијата за животните вели дека во нив има „жива душа“, а за човекот вели дека „стана жива душа“, треба да ја видиме и сличноста и разликата. И животните имаат живот, но човекот има нешто повеќе: способност да Го познава Бога, да размислува морално, да избира, да зборува, да носи одговорност и да живее во свесен однос со својот Создател.
„А на сите земни ѕверови, и на сите небески птици, и на сè што се движи по земјата, во кое има жива душа…“ (Создавање 1:30).
На прв поглед, и човекот и животните се „живи души“. Но „жива душа“ не значи секогаш исто ниво на живот. Човекот е жива душа на посебен начин, затоа што Бог го создал според Својот образ и подобие.
Ако за живите суштества било доволно да се соединат телото и животниот здив, при создавањето на човекот Бог направил нешто особено. Тој го надарил човекот со способности што другите живи суштества ги немаат: разум, морална свест, совест, слобода на избор и способност за духовен раст.
Божјиот образ: разум, слобода и морал
За да го разбереме ова, да се потсетиме како е создаден човекот и со која цел. Тој е создаден според Божјиот образ и подобие, нешто што не е кажано за ниту едно друго живо суштество. Човекот е создаден да владее над созданијата, односно да управува со создадениот свет. Тоа е одговорност што одразува нешто од Божјиот начин на владеење.
Како што веќе рековме, „образ“ и „подобие“ не се однесуваат на надворешниот изглед, туку на духовната природа на човекот. Тие покажуваат дека човекот е создаден со способност да го одразува Божјиот карактер преку разум, морал, слобода, љубов, грижа и одговорност.
Прво, човекот е надарен со разум. Тој може да размислува, да разбира, да учи, да планира и да носи одлуки. Разумот и мудроста се поврзани со Бога и со Неговиот начин на дејствување:
„Но во Него има мудрост и сила, Негови се решението и разумот“ (Јов 12:13).
„Тој ја создаде земјата со силата Своја, ја утврди вселената со мудроста Своја и со разумот Свој ги распростре небесата“ (Еремија 10:12).
„И така, пазете ги и исполнувајте ги, зашто во тоа е вашата мудрост и вашиот разум пред очите на сите народи…“ (Второзаконие 4:6).
Второ, човекот е надарен со слобода на избор и дејствување. Бог дејствува според Својата волја, а човекот, создаден според Божјиот образ, добива способност да избира и да носи одговорност за својот избор.
„Јас го навестувам во почетокот она што ќе биде на крајот, од старо време она што уште не станало, па велам: ‘Мојата одлука ќе се изврши, и сè што Ми е угодно — ќе го направам’“ (Исаија 46:10).
„… Тој дејствува според Својата волја како во небесната војска, така исто и меѓу живите на земјата…“ (Даниел 4:35).
„Ако, пак, не ви е мило да Му служите на Господ, одберете си сега кому да му служите… а, пак, јас и домот мој ќе Му служиме на Господ“ (Исус Навин 24:15).
Трето, човекот е надарен со морална свест, способност да го разбира и разликува доброто од злото. Но тука има важна разлика: кај Бога доброто произлегува од Неговиот свет и праведен карактер; кај човекот доброто се состои во тоа да ја прифати Божјата волја и да живее според Неговото мерило. Така било пред падот во грев, и според Божјиот план така требало секогаш да остане.
„О, човеку, речено ти е што е добро, и што бара од тебе Господ: да работиш праведно, да сакаш милосрдни дела и понизно да врвиш пред твојот Бог“ (Михеј 6:8).
„Така, значи, Законот е свет, и заповедта света, справедлива и добра“ (Римјаните 7:12).
Токму овие особини го издвојуваат човекот од другите живи суштества. Човекот не е само биолошко суштество. Тој е личност создадена според Божјиот образ, со разум, морална одговорност, слобода на избор и способност духовно да расте во заедница со Бога.
Што значи Божјиот здив во човекот?
Кога го разбираме ова, треба да се запрашаме: како човекот станал таков? Дали бил создаден од некој посебен, „паметен“ земен прав, различен од правот од кој се создадени животните? Не. Соломон јасно кажува:
„Зашто сè што се случува со синовите човечки, се случува и со животните; крајот им е ист: како умираат едните, така умираат и другите… и човекот нема предимство пред добитокот… Сè оди на едно место: сè произлегува од земјата, и сè ќе се врати во земјата“ (Проповедник 3:19,20).
Разликата не е во материјалот од кој е создадено човечкото тело, иако структурата на човечкото тело е сложена и прекрасна. Она што го прави човекот посебен не е само телесната структура, туку она што Бог го направил со него кога му вдахнал здив на живот.
„Господ, Бог, го обликува човекот од земниот прав и му дувна здив на живот во носалките. Така човекот стана жива душа“ (Создавање 2:7).
Во Библијата се вели:
„… здивот на Сèдржителот го прави човекот разумен“ (Јов 32:8).
„Зашто Господ дава мудрост, од Неговата уста доаѓа знаењето и разумот“ (Изреки 2:6).
Бог е духовен, а не материјален. Затоа, кога Библијата зборува за Божја уста, Божји здив или Божја рака, таа користи јазик што ни помага да го разбереме Божјото дејствување на наше ниво.
Кога во Создавање 2:7 се вели дека Бог „му дувна здив на живот во носалките“ на човекот, не треба тоа да го разбереме само како обично вдишување воздух, како Бог само да му го започнал дишењето. И другите живи суштества имаат живот и дишење, но за нив не е опишан ваков посебен чин. Затоа овде се нагласува нешто подлабоко: Бог, преку Своето дејствување, го направил човекот личност создадена според Неговиот образ.
Тоа значи дека човекот добил способности што го издвојуваат од сите други живи суштества на Земјата: разум, морална свест, совест, слобода на избор, говор и способност за свесен однос со Бога.
Присуството на говорот, исто така, укажува на разум и интелект. Човекот може да мисли, да зборува, да ја изразува својата мисла, да избира, да носи одговорност и да стапи во духовна заедница со својот Создател.
Затоа човекот е создаден според Божјиот образ и подобие. Во него е вграден потенцијал, на ниво на создание, да одразува нешто од Божјиот карактер: разум, мудрост, морал, љубов, слобода, грижа и одговорност.
Човекот не е создаден да се води само од потреби и инстинкти, како животните. Тој е морално и духовно суштество. Животните имаат живот, но не се поставени пред Бога како морално одговорни суштества создадени според Неговиот образ.
Бидејќи човекот е обдарен со разум, избор и мудрост, тој може и треба да ги заузда своите желби и да ги стави во служба на Божјите морални идеали. Тој е создаден да владее со материјалната природа од која и самиот е создаден, како и над живите суштества на Земјата. Тоа покажува дека во човекот треба да владее духовниот принцип што Бог му го дал одозгора, а не само материјалниот принцип поврзан со земјата од која е создаден.
Човекот како суштество создадено за раст
Со други зборови, човекот е највозвишеното Божјо создание на Земјата, способно во најголема мера да Го одразува Бога во својот живот. Но тука треба внимателно да направиме една разлика. Човекот пред падот во грев бил создаден безгрешен, чист и без морална расипаност. Но тоа не значи дека бил создаден како суштество на кое веќе не му треба никаков раст, учење или духовно созревање.
Значи, кога велиме дека човекот не бил „довршен“ во духовна смисла, не мислиме дека Бог го создал лошо или со недостаток. Напротив, Бог го создал многу добро. Но човекот бил создаден со можност и потреба да расте во познавањето на Бога, во послушноста, во мудроста и во љубовта.
Ако човекот беше создаден како целосно завршено суштество во секој духовен аспект, тогаш немаше каде да расте. Но вечниот живот не е застој, туку постојано продлабочување во познавањето на Бога. А Божјата мудрост е неисцрпна.
„Велик е Господ и достоен за голема похвала и величието Негово нема крај“ (Псалм 145:3).
„Зар не знаеш? Зар не си слушал дека вечниот Бог, Кој ги создал краиштата на земјата, не се изморува и не изнемоштува; Неговиот разум е неиспитлив“ (Исаија 40:28).
„О, длабочино на богатство, мудрост и знаење Божјо! Колку се несфатливи Неговите судови и неистражливи Неговите патишта“ (Римјаните 11:33).
Затоа, духовната компонента на човекот била создадена со простор за раст. Човекот можел да учи, да созрева, да се продлабочува во познавањето на Бога и сè повеќе да го одразува Неговиот карактер. Во тоа се наоѓа смислата на животот на созданието: не во застој, туку во постојано растење кон Бога.
Соломон пишува:
„… окото не се наситува од гледање, ниту увото може да се наслуша“ (Проповедник 1:8).
Ова покажува дека човекот е создаден со способност да прима, да истражува, да учи и да расте. Таа способност не е недостаток, туку дар. Човекот не бил создаден како завршен во смисла дека повеќе нема што да научи, туку како живо, разумно и морално суштество што може постојано да расте во Божјата светлина.
Тука е важно внимателно да ги разбереме и глаголите што се користат во создавањето. Кога се вели „да создадеме човек“, נַעֲשֶׂה (na’ase), се користи глагол поврзан со правење, обликување, извршување и довршување на делото. Но кога се вели дека Бог го создаде човекот според Својот образ, се користи глаголот בָּרָא (bara), кој во библискиот извештај се користи за Божјото создавачко дејство.
Ова ни покажува дека создавањето на човекот има и физичка и духовна страна. Телото е оформено од земниот прав, но човекот како личност, како морално, разумно и духовно суштество, постои благодарение на посебното Божјо дејствување при неговото создавање.
Затоа човекот бил создаден безгрешен и добар, но со потреба да расте. Тој требало да напредува во познавањето на Бога, во довербата, во љубовта и во послушноста. Овој духовен раст требало да се одвива во заедница со Бога и преку Божјиот Син, Кој ја открива Божјата волја.
Апостол Павле пишува за Божјиот план:
„Откако ни ја откри тајната на Својата волја според Своето благоволение што го беше положил во Себе од порано во уредувањето и исполнувањето на времињата, за да соедини сè небесно и земно под една глава — во Христос“ (Ефесјаните 1:9,10).
Според Божјиот план, Христос е вклучен и во духовното уредување на човекот. Тој ги води разумните суштества кон духовна зрелост, кон доверба во Бога, кон љубов и кон послушност на Божјата волја.
Патот на човекот требало да биде пат на духовно растење преку послушност. Но по падот во грев, тој пат стана подолг и поболен, пат на покајание, обновување и растење во светост. Сепак, и на овој пат, човекот може да расте ако му се покорува на Бога преку Христос.
„Од Него сте и вие во Исус Христос, Кој за нас стана мудрост од Бога, и праведност, и осветување, и откуп“ (1 Коринтјаните 1:30).
„И така, кој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, и ете, се создаде новото“ (2 Коринтјаните 5:17).
„Машко и женско ги создаде“
Продолжуваме понатаму со текстот:
„… машко и женско ги создаде…“
Во библискиот текст посебно се нагласува половата разлика. За другите живи суштества се вели дека се создадени „според својот род“, но за човекот е кажано одделно: „машко и женско“. Зошто е тоа важно?
Затоа што човекот не е само биолошко суштество што се размножува според својот вид. Човекот е духовно и морално суштество, создадено според Божјиот образ. Кај животните нагласокот е на родот и продолжувањето на видот, но кај човекот Библијата го нагласува и личниот, духовниот и моралниот идентитет.
Физички, децата можат да личат на своите родители. Но духовно и морално секој човек стои лично пред Бога. Моралот, верата, послушноста, духовноста и карактерот не се пренесуваат автоматски со наследство. Секој човек има лична слобода и лична одговорност пред Бога.
Затоа во Библијата гледаме примери каде што синовите не го следат патот на своите побожни татковци:
„А кога Самоил остаре, ги постави своите синови за судии над Израел… Но синовите негови не одеа по неговите патишта, туку се впуштија во користољубие, земаа подароци и судеа криво“ (1 Самуилова 8:1-3).
„И му дојде писмо на Јорам од пророкот Илија, во кое се велеше: ‘Вака говори Господ, Бог на твојот татко Давид: затоа што не тргна по патиштата на татко си Јосафат и по патиштата на Аса, царот јудејски…’“ (2 Летописи 21:12).
Овие примери покажуваат дека секој човек има слобода на избор. Патот на детето може да биде различен од патот на неговите родители, затоа што духовниот карактер не се наследува механички. Тој се гради преку личен однос со Бога, преку вера, избор и послушност.
Затоа, кога зборуваме за човекот, не треба да го сведеме само на биолошко размножување „според родот“. Човекот е повеќе од биолошки вид. Тој е личност, духовно и морално суштество, создадено според Божјиот образ, со лична одговорност пред својот Создател.
Благословот и заповедта
Потоа текстот продолжува:
„И ги благослови Бог, и им рече: ‘Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа, и овладајте ги морските риби, и небеските птици, и сите животни што лазат по земјата!’“
Во овој текст гледаме две работи:
Божјиот благослов
Божјата заповед
На прв поглед, благословот и заповедта можат да изгледаат како две одделни нешта. Но Библијата покажува дека Божјиот благослов е тесно поврзан со животот во послушност кон Неговата волја. Кога човек оди по Божјиот пат, тој се наоѓа на патот на благословот.
„И така, пази ги овие заповеди, наредби и закони, кои денес ти ги кажувам и да ги исполнуваш. И ако ги слушате сите овие закони и ги пазите и исполнувате, Господ, твојот Бог… ќе те благослови…“ (Второзаконие 7:11-13).
Бог направил сè за среќата на човекот. Како Отец полн со љубов, Тој ги благословил Адам и Ева за добар и исполнет живот. Но таквиот живот е возможен само кога човек живее во склад со Божјата волја.
Во овој благослов се содржани и две важни задачи.
Првата задача е: „Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата.“ Ова не е само биолошка заповед. Таа вклучува хармоничен однос меѓу мажот и жената, создавање семејство, раѓање и воспитување деца, како и разбирање на улогата што Бог им ја дал.
Преку семејството, родителството и грижата за децата, човекот може подлабоко да ја разбере Божјата љубов, грижа и трпение. Таков пример гледаме кај Енох. По раѓањето на неговиот син Метушелах, неговиот однос со Бога станал уште подлабок:
„Енох, откако поживеа шеесет и пет години, го роди Метушелах; а по раѓањето на Метушелах, Енох живееше според волјата Божја триста години, раѓајќи синови и ќерки. А сите денови на Енох изнесуваа триста шеесет и пет години. И Енох, живеејќи според волјата Божја, исчезна, бидејќи Бог го зеде“ (Создавање 5:21-24).
Ова не значи дека секој човек е во иста животна состојба или дека секој може да има деца. Но библискиот принцип останува: семејството, родителството и одговорната грижа за животот се Божји благослов и сериозна одговорност. Затоа човекот треба внимателно да размисли како се однесува кон Божјите дарови, кон бракот, децата, животот и одговорноста што доаѓа со нив.
Втората задача е човекот да владее со создадените суштества, односно мудро да управува со животот на планетата Земја. Ова владеење не значи суровост, уништување или себична злоупотреба. Тоа значи одговорно управување според Божјиот карактер, со мудрост, грижа и одговорност.
За жал, луѓето во голема мера отстапиле од оваа Божја заповед. Наместо да управуваат со Земјата како одговорни управители, многумина ја користат себично, без грижа за созданието и без страв од Бога. Во Откровението Бог зборува за одговорноста на оние што ја уништуваат Земјата:
„Народите збеснаа, но дојде Твојот гнев и времето… да ги погубиш оние што ја уништуваа земјата“ (Откровение 11:18).
Ова е сериозно предупредување. Човекот не е сопственик на Земјата во апсолутна смисла. Тој е управител пред Бога. Затоа секој разумен човек треба да размисли како живее, како ја користи Земјата и како ќе се појави пред Божјиот суд.
Храната дадена при создавањето
Продолжуваме понатаму со текстот:
„И Бог рече: ‘Еве, ви дадов секакви билки што даваат семе по целата земја, и секакви дрвја што во себе имаат семе според својот род и вид; тоа да ви биде за храна! А на сите земни ѕверови, и на сите небески птици, и на сè што се движи по земјата, во кое има жива душа, им ги дадов сите тревни растенија за храна.’ Така и стана.“
Од овој текст гледаме дека во почетниот Божји поредок храната дадена од Бога била растителна. Бог не ги создал животните како грабливци што јадат месо. И човекот и животните, според библискиот извештај, добиле храна од растителниот свет.
Библијата покажува дека таков мирен поредок повторно ќе биде воспоставен во Божјото царство:
„Тогаш волк ќе живее со јагне, леопардот ќе лежи заедно со јаре; теле, лавче и вол ќе бидат заедно, и мало дете ќе ги води. Крава ќе пасе со мечка, нивните млади ќе лежат заедно; лавот ќе јаде слама како волот… Нема да прават зло и штета по целата Моја света гора, зашто земјата ќе биде полна со познавање на Господ, како што водите го полнат морето“ (Исаија 11:6-9).
Ова ни покажува дека Божјата првобитна намера била живот без насилство, без пролевање крв и без страв меѓу созданијата. Светот што Бог го создал бил свет на мир, хармонија и грижа.
Кога човек внимателно го слуша Божјото слово и размислува за Неговиот првобитен план, може многу да научи и за начинот на живот, и за исхраната, и за односот кон сопственото тело. Секако, кога зборуваме за здравје и исхрана, треба да бидеме внимателни и да не градиме заклучоци само врз една современа студија или извор. Но библискиот принцип е јасен: Бог во почетокот му дал на човекот храна од растителниот свет.
Божјите зборови „така и стана“ сведочат дека Бог воспоставил поредок. Тој поредок покажува дека прашањата за семејството, продолжувањето на родот, управувањето со Земјата и начинот на исхрана не се безначајни. Тие се поврзани со Божјата волја и со Неговиот план за човекот.
Затоа, од создавањето па сè до денес, човекот треба сериозно да размислува за Божјата првобитна намера: за семејството, за одговорното воспитување на децата, за грижата кон Земјата и за храната што Бог ја дал во почетокот.
„Многу добро“
Текстот завршува со зборовите:
„И Бог виде дека сето она што го создаде е многу добро. И настапи вечер, и настапи утро — шести ден.“
Сè што Бог направил и уредил во создавачката седмица било оценето како „добро“. Но на крајот, кога целото дело било доведено во хармонична целина, Бог рекол дека е „многу добро“.
Која е поуката од ова?
Во процесот на создавање и уредување, Бог оди од едноставно кон сложено. Секој дел добива свое место, своја улога и своја врска со другите делови. Копното, морето, небото, растенијата, рибите, птиците, животните и човекот не стојат одвоено едни од други, туку се поврзани во еден уреден и хармоничен систем.
Земјата и морињата се подготвени за живите суштества. Растенијата се дадени за храна. Човекот е поставен да управува со создаденото. Затоа, кога сè е поставено на своето место и кога секој дел ја добива својата улога, целината ја добива највисоката оценка: „многу добро“.
И човекот, како круна на создавањето на Земјата, е сложено суштество. Неговото тело има многу органи што зависат еден од друг, а неговиот живот вклучува разум, волја, морал, одговорност и способност за заедница со Бога. Затоа, на денот кога е создаден човекот и кога целото дело е завршено, Бог вели дека сè е „многу добро“.
Ова ни покажува дека Бог го цени редот, хармонијата и заедничкото дејствување за добро. Тој го вреднува она што е поврзано во љубов, служба и одговорност.
Оваа поука може да се примени и на Божјиот народ. Следбениците на Христос во Библијата се споредени со тело, во кое секој член има свое место и своја улога. Црквата е духовно тело на Христос. Затоа Бог со радост гледа на заедница на верници што знае да соработува во духот на љубовта, да си служи еден на друг, да го носи товарот на ближниот и да живее за Божја слава.
„Ако некој говори, нека знае дека зборува Божји зборови; ако некој служи, нека служи според силата која Бог ја дава, та во сè да се прослави Бог преку Исус Христос, чија слава и владеење се вечни. Амин“ (1 Петрово 4:11).
„Браќа, и да падне човек во некаков грев, вие духовните поправајте го таков со духот на кротоста, пазејќи се и вие да не бидете искушани. Поднесувајте го товарот еден на друг и исполнувајте го така законот Христов“ (Галатјаните 6:1,2).
Но оние што се сметаат себеси за Божји народ, а на другите гледаат со презир, како на недостојни и пониски од себе, не го одразуваат Божјиот карактер. Таквата гордост е духот на Лаодикија, самодоволност, духовна слепост и чувство дека ништо не им треба. Ако таквите луѓе не се покајат, нивната состојба е многу опасна.
„Кои велат: ‘Застани, не доближувај се до мене, зашто сум свет за Тебе.’ Тие се дим на ноздрите Мои — оган што гори секој ден. Ете, што е напишано пред лицето Мое: нема да премолчам, туку ќе отплатам, ќе отплатам во пазувата нивна“ (Исаија 65:5,6).
И така, сè што Бог направил во создавачката седмица било направено за шест буквални денови, а на седмиот ден следел одмор. Така е воспоставена седмицата: шест дена за работа и седми ден за одмор, според Божјиот пример.
Што научивме денес?
- Кога Бог му дувна здив на живот во носалките на човекот, човекот стана жива душа на посебен начин. Со тоа Бог го надарил човекот со особини што другите живи суштества на Земјата ги немаат: разум, совест, морална свест, слобода на избор, говор и способност за свесна заедница со Бога.
- Човекот е создаден безгрешен и многу добар, но со можност и потреба за духовен раст. Смислата на животот на созданието е во постојаното познавање на Бога и во растењето во мудрост, љубов и послушност.
- И мажот и жената се создадени според Божјиот образ. Затоа и двајцата имаат иста вредност пред Бога. Божјиот карактер најцелосно се одразува кога тие живеат во љубов, единство, соработка и одговорност пред својот Создател.
- Божјиот благослов е тесно поврзан со послушноста на Неговата волја. Семејството, раѓањето и воспитувањето деца се Божји дар и сериозна одговорност, преку кои човекот може подлабоко да ја разбере Божјата љубов.
- Човекот е поставен да владее над созданието не како суров господар, туку како одговорен управител. Злоупотребата и уништувањето на Земјата се спротивни на Божјата заповед.
- Во почетокот Бог му дал на човекот растителна храна. Тоа покажува дека Божјиот првобитен поредок бил поредок на живот, мир и хармонија.
- Кога Бог го завршил создавањето, сè било „многу добро“. Ова ни покажува дека Бог ја цени хармонијата, меѓусебната поврзаност и соработката во љубов.
- Божјиот народ треба да биде како живо тело во кое сите членови си служат еден на друг. Највисока оценка од Бога ќе добие заедница што живее во љубов, понизност, служба и верност кон Христос.
