Божјата починка: значењето на седмиот ден

Божјата починка: значењето на седмиот ден

Сподели го ова:

Со Божја милост, преминуваме кон втората глава од книгата Создавање, односно Битие. Сепак, првите три стиха од оваа глава, кои денес ќе ги разгледаме, по своето значење се тесно поврзани со првата глава и ја заокружуваат мислата за создавањето. Тие не започнуваат нова тема, туку го довршуваат извештајот за создавачката седмица.

Ова го забележуваат и некои библиски коментари. Сончино објаснува дека Тората првично не била поделена на глави и дека денешната поделба е направена подоцна. Иако таа е практична, во некои случаи не ја следи најдобро смислата на текстот. Токму таков е случајот со Создавање 2:1-3, бидејќи овие стихови според својата содржина му припаѓаат на описот на создавањето и ја комплетираат целосната слика за настанувањето на светот.

Слично забележува и Женевската Библија: првите три стиха од втората глава поправедно би било да се поврзат со првата глава, бидејќи тие не го прекинуваат, туку го завршуваат описот на создавањето.

Уште еден јасен показател дека овие три стиха се поврзани со првата глава е употребата на Божјото име. Во извештајот за создавањето се користи името אֱלֹהִים (Elohim), Семоќниот Бог. Но почнувајќи од четвртиот стих на втората глава, во текстот се појавуваат две имиња: אֱלֹהִים (Elohim) и четирибуквеното Божјо име, тетраграматон יְהוָה (YHWH), кое во нашите преводи најчесто се пренесува како ГОСПОД.

Зошто од Создавање 2:4 започнува да се користи и ова Божјо име, ќе разгледаме кога ќе дојдеме до тој стих. Денес се задржуваме на првите три стиха:

„Така се довршија небото и земјата и сето нивно воинство. Седмиот ден Бог ги заврши делата Свои, што ги направи; и си отпочина во седмиот ден од сите дела Свои, што ги создаде. И Бог го благослови седмиот ден, и го освети, зашто во тој ден си отпочина од сите дела Свои, што ги направи и создаде“ (Создавање 2:1-3).

„Така се довршија небото и земјата“

„Така се довршија небото и земјата и сето нивно воинство…“

Зборот „довршија“ е превод на хебрејскиот глагол וַיְכֻלּוּ (va-yechulu). Овој глагол може да носи две блиски, но важни значења:

  1. довршување на одредено дејство;
  2. достигнување на целосност, склад и довршеност на она што е создадено.

Ова е важно да се разбере. Едно е некое дело едноставно да заврши, а друго е тоа дело да ја достигне целта за која било направено.

Да земеме еден едноставен пример. Замислете дека татко и неговото дете садат овошно дрво. На прв поглед, целта е дрвото да се засади и да се прими. Потоа, секако, се очекува тоа еден ден да даде плодови. Но дали тоа е целата смисла на ова дело?

Ако целта е само дрвото да биде засадено, таткото би можел да го направи тоа сам, побрзо и полесно. Или би можел да најми некој друг да го засади. Ако целта е само плодот, тогаш можеби би било уште полесно да купи готови плодови од пазар. Но мудриот татко знае дека во ова дело има нешто повеќе.

Тој не сака само да засади дрво. Тој сака да помине време со своето дете, да го научи на корисна работа, да му всади љубов кон природата и да го поттикне да се грижи за она што е посадено. Тој сака тоа заедничко искуство да остане во детето како убав спомен и животна поука што еден ден ќе ја пренесе понатаму. Така едноставното садење дрво станува средство за воспитување, љубов, заедништво и духовна поука.

Во секоја работа можеме да разликуваме две нивоа на цел. Првото е непосредната цел: да се заврши конкретното дејство. Во примерот, тоа е засадувањето на дрвото. Второто е подлабоката цел: преку тоа дело да се воспитува, да се гради однос, да се учи одговорност и да се води кон она што има вечна вредност.

Сега да се вратиме на библискиот текст:

„Така се довршија (וַיְכֻלּוּ — va-yechulu) небото и земјата и сето нивно воинство…“

Кога се вели дека небото и земјата се довршени, тоа не значи само дека Божјото создавачко дело дошло до крај. Тоа значи и дека сè што било создадено добило свое место, своја улога и свој ред според Божјата намера. Создаденото било доведено до целосност и хармонија.

Од претходните теми видовме дека Бог не ја создал Земјата само како место за живеење. Таа има и подлабоко значење во контекстот на големата борба. Преку создавањето и уредувањето на Земјата, Бог дал видлива поука за Својата мудрост, правда, љубов и за возвишената улога на Својот Син.

Затоа, кога Писмото вели дека небото и земјата се довршија, тоа не се однесува само на физичкото завршување на создаденото, туку и на неговото доведување во ред, склад и целосност. Сè што Бог создал добило свое место и своја улога во Неговиот поредок.

Небесниот свод, копното, водите, растенијата, рибите, птиците, животните и човекот не постојат како одвоени и бесмислени делови. Сите тие се поврзани во еден уреден систем, во кој секое создание има свое место, своја улога и своја цел според Божјата намера.

Божјите закони и постојаното одржување на создаденото

Ова нè води до уште подлабока мисла. За светот да постои и да се развива, не е доволно само да бидат создадени одделни елементи, вода, копно, растенија, сонце, животни и човек. Потребно е во создаденото да бидат поставени закони: закони за постоење, закони за движење, закони за живот и закони за меѓусебно дејствување.

Токму стабилноста на овие закони ни покажува дека светот не е оставен сам на себе. Бог не само што создал, туку и одржува. Ако законите што го држат животот би престанале да важат, создаденото не би можело да опстои.

Затоа Бог вели:

„Зашто, Јас, Господ, не се менувам; затоа вие, синови на Јаков, не бевте уништени“ (Малахија 3:6).

Непроменливоста на Бога е темел на постојаноста на создаденото. Светот опстојува затоа што Творецот е верен, постојан и непроменлив.

Псалм 104 прекрасно ја прикажува оваа вистина. Во него се опишува како Бог ја поставил Земјата, ги одредил границите на водите, ги напојува животните, прави да расте тревата, ги храни живите суштества и го обновува лицето на Земјата:

„Си поставил граница преку која нема да преминат, ниту ќе се вратат да ја покријат Земјата… Ти правиш да расте трева за добитокот и растенија за потреба на луѓето… Сите тие од Тебе чекаат да им дадеш храна навреме. Им даваш — примаат, ја отвораш раката Своја — се наситуваат со блага; го одвратиш ли лицето Свое — се збунуваат, им го одземеш ли духот нивен — умираат и во земјата своја се враќаат. Го праќаш ли духот Свој — се создаваат; Ти го обновуваш лицето на земјата“ (Псалм 104:9,14,27-30).

Овој псалм не зборува само за природата, туку и за Божјото постојано дејствување во неа. Создаденото не живее од некоја независна сила во себе, туку зависи од Бога.

Духот на пророштвото ја нагласува истата мисла:

„Размислувајќи за законите на материјата и природата, многумина го губат од вид, а некои дури и го негираат, непрекинатото и непосредно Божјо делување… Бог не ги поништува Своите закони, туку постојано дејствува преку нив, користејќи ги како Свои орудија. Тие не можат да постојат сами од себе. Бог постојано дејствува во природата. Таа Му служи Нему и се покорува на Неговата волја… Божјата сила, која секој момент делува во овој процес, ја одржува Земјата во нејзината положба и движење“

(Сведоштва за црквата, том 8, 259).

Ова ни помага подобро да го разбереме зборот וַיְכֻלּוּ (va-yechulu). Божјото дело е довршено не само затоа што сè е создадено, туку затоа што сè е поставено во ред, во законитост, во хармонија и во зависност од Творецот.

Така, довршеноста на создаденото значи дека сè што Бог создал е поставено во правилен однос, меѓусебно и со Него. Ако сакаме да личиме на Создателот, треба да учиме од Него дека нашите дела не се навистина довршени само кога ќе завршиме некоја надворешна активност, туку кога од нив ќе произлезе ред, мир, благослов и хармонија со Божјата волја.

Проповедникот пишува:

„А суштината на сè е: имај страв од Бога и пази ги Неговите заповеди, зашто тоа му е сета должност на човекот; зашто Бог ќе ја изведе на суд секоја работа, и што е тајно, било да е добро или лошо“ (Проповедник 12:13,14).

„И сето нивно воинство“

Писмото продолжува:

„Така се довршија небото и земјата и сето нивно воинство…“

На хебрејски стои: וְכָל־צְבָאָם (ve-khol tzeva’am), што буквално значи „и сето нивно воинство“ или „сите нивни воинства“.

Овој израз не треба да го разбереме како војска во буквална смисла. Во најблискиот контекст, тој укажува на сè што го исполнува небото и Земјата, сето создадено и неговиот уреден поредок.

Сликата на „воинство“ е многу значајна. Војската има ред, структура, дисциплина и заедничка цел. Секој дел има свое место и своја улога. На сличен начин, и Божјото создадено дело е претставено како уредена целина, во која ништо не е случајно, туку сè е поставено според Божјиот ред и под Неговата власт.

Тоа ни помага да разбереме што значи Божјото довршување. Делото е довршено не само кога е завршено како надворешно дејство, туку кога сè што е создадено ја исполнува својата намена, живее според Божјите закони и е во склад со својот Творец.

„Седмиот ден Бог ги заврши делата Свои“

Продолжуваме понатаму:

„Седмиот ден Бог ги заврши делата Свои, што ги направи…“

Во различни преводи оваа мисла е пренесена малку различно:

„Седмиот ден Бог ги заврши делата Свои, што ги направи…“ (Стандарден превод, 2006).

„И ги заврши Бог до седмиот ден делата Свои, што ги направи…“ (Гаврилова, 1990).

„И на седмиот ден Бог ги заврши Своите дела, што ги направи…“ (Константинов, 1999).

На прв поглед може да изгледа како да има противречност. Дали Бог ги завршил делата на седмиот ден, или до седмиот ден?

Хебрејскиот израз בַּיֹּום הַשְּׁבִיעִי (ba-yom ha-shevi’i) може да се разбере како „на седмиот ден“, „во седмиот ден“ или „до седмиот ден“, зависно од контекстот.

Но во Библијата нема противречност. Ако зборуваме за создавањето и уредувањето на видливиот свет, небото, Земјата и сè што е на неа, тоа дело било завршено во шесте дена. Во таа смисла, Бог ги завршил Своите дела до седмиот ден.

Но ако зборуваме за воспоставувањето на целата седмица како Божји седумдневен поредок, тогаш и седмиот ден има свое место во Божјото дело. Со седмиот ден Бог не создава нови материјални нешта, туку го воспоставува денот на починка, благослов и осветување. Во таа смисла, може да се каже дека Божјиот седмичен поредок се довршува на седмиот ден.

Затоа, седмиот ден не е обичен додаток по шесте дена. Тој е дел од Божјиот поредок. Шесте дена се дадени за работа, а седмиот ден е даден за починка, благослов и посебна заедница со Бога.

Ова јасно се гледа во четвртата заповед:

„Помни го саботниот ден, за да го осветуваш. Шест дена ќе работиш и ќе ги вршиш сите свои работи. А седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог… Зашто во шест денови Господ ги направи небото и земјата, морето и сè што е во нив, а на седмиот ден се одмори. Затоа Господ го благослови и го освети саботниот ден“ (Излез 20:8-11).

Саботата и седмичниот циклус

Седмицата, составена од седум дена, има длабоко значење. Шесте работни дена се време на работа, труд и одговорност. Седмиот ден, саботата, е ден на починка во Бога.

Овој седмичен поредок може да ни даде и поширока духовна поука. Шесте дена на работа нè потсетуваат на времето во кое човекот живее, работи, се соочува со искушенија и се бори со последиците од гревот. Седмиот ден, пак, ја носи мислата за Божјата починка, за довербата во Него и за мирот што Бог го подготвува за Своите верни.

Во Откровението се зборува за илјадагодишното царување на спасените со Христос:

„И видов престоли и седнати на нив, на кои им беше дадено да судат… и оживеаја и царуваа со Христос илјада години… Блажен и свет е оној кој има дел во првото воскресение; над нив втората смрт нема власт, а ќе бидат свештеници на Бога и ќе царуваат со Него илјада години“ (Откровение 20:4,6).

Затоа, саботата уште од создавањето ја носи пораката за Божјата починка. Таа нè упатува да Му веруваме на Творецот, да живееме според Неговата волја и да го очекуваме конечниот мир што Бог ќе им го даде на Своите верни.

Саботата како дар и врска со Бога

Потоа текстот вели:

„И на седмиот ден Бог ги заврши Своите дела, што ги направи…“

Овде повторно се нагласува дека Божјото дело било доведено до завршеток. Но Бог не му дал на човекот само свет во кој ќе живее. Му дал и време посветено за заедница со Него. Седмиот ден е благословен и осветен, одвоен од другите денови како ден на починка и духовно општење со Бога.

Во таа смисла, саботата е животворна врска меѓу Творецот и човекот. Таа е знак дека Бог го осветува Својот народ:

„Им ги дадов и своите саботи, како знак меѓу Себе и нив, нека знаат дека Јас сум Господ Кој ги осветува“ (Езекиел 20:12).

„И празнувајте ги Моите саботи, тие нека бидат знак меѓу Мене и вас за да се знае дека Јас сум Господ, ваш Бог“ (Езекиел 20:20).

Оној што не ја вкусил саботната починка, тешко може целосно да разбере какво значење има таа за човекот. Не можеме да објасниме сè што Бог прави во срцето, умот и животот на човекот кој од срце ја светкува саботата. Но едно знаеме сигурно: Бог ветил дека саботата е знак на Неговото осветување.

Затоа саботата не е само надворешен обичај, туку духовен знак на припадност кон Бога. Таа особено добива значење во контекстот на последните настани, Божјиот печат и верноста кон Неговите заповеди.

Божјата починка

Продолжуваме понатаму:

„И си отпочина во седмиот ден од сите Свои дела, што ги направи…“

Кога Библијата зборува за Божјите дела, таа не зборува само за завршена работа. Божјите дела секогаш откриваат нешто за Него, за Неговата мудрост, Неговата волја, Неговиот карактер и Неговиот праведен поредок.

И народната мудрост ја препознава оваа вистина:

„По работата го познаваат работникот.“

„Птицата ја познаваш во лет, а човекот во работа.“

„Огледало на човекот е неговиот труд.“

Бидејќи Земјата била создадена и уредена како одговор на бунтот на сатаната, сето создадено станало порака до созданијата. Преку создавањето, Бог открил нешто за Себе, за Својот Син, за Својата волја и за Својот праведен поредок.

Но Бог ја создал и седмицата, а со тоа и седмиот ден, денот на починка. Затоа и саботата е дел од Божјото дело и носи порака. Таа е покана од Бога до човекот: да Го познае Творецот, да ги прифати Неговите дела, да се смири во Неговата вистина и да влезе во Неговата починка.

Вистинската починка не е само прекин на физичката работа. Таа е доверба во Бога, прифаќање на Неговата волја и живот во послушност кон Него.

Апостол Павле пишува:

„Имено, во починката влегуваме ние, кои поверувавме… Имено, кој влегол во Неговата починка, тој се одморил од своите дела, како и Бог од Своите. И така, да се погрижиме да влеземе во Христовата починка, за да не падне некој по примерот на истата непослушност“ (Евреите 4:3,10,11).

Со Својата починка, Бог покажал дека сè што е создадено и уредено според Неговата волја е „многу добро“ и дека вистинскиот мир се наоѓа во животот според Божјата намена.

Секое несогласување со Божјата волја ја одзема починката од човекот. Бунтот против Творецот води кон немир, распад и, на крајот, пропаст. Тоа ќе биде судбината на сатаната и на сите што остануваат во неговиот бунт:

„А ѓаволот, кој ги заблудуваше, беше фрлен во огненото и сулфурното езеро… И кој не беше запишан во Книгата на Животот, беше фрлен во огненото езеро“ (Откровение 20:10,15).

Починка среде бунт

Важно е да забележиме дека Бог влегол во починка во време кога во вселената веќе постоел сатанскиот бунт против Него и против Неговиот Син. Како е можно да се зборува за Божја починка додека сè уште постои бунт?

Во ова има најмалку две големи поуки.

Прво, вистинската починка доаѓа кога човек ќе го направи она што е негова должност пред Бога. Бог преку создавањето и уредувањето на Земјата дал одговор на суштинските прашања во големата борба. Тој ја открил Својата вистина, Својот ред и Својата намера. Затоа Неговата починка не значи дека бунтот веќе исчезнал, туку дека Бог го направил она што било потребно за да се открие вистината.

Така и ние: ако правиме сè што зависи од нас за да бидеме верни на Бога, тогаш можеме да имаме мир, дури и кога околностите не се лесни и исходот сè уште не е видлив.

Второ, Божјата починка покажува дека вистината не мора да се брани со немир, страв или насилство. Бог е праведен, а бунтовниците не биле во право. Со текот на времето, тоа ќе стане јасно пред сите.

„Да, Господи Боже, Семоќен, Твоите судови се вистински и праведни“ (Откровение 16:7).

„Довери Му го патот свој на Господ и во Него верувај и Тој ќе делува; и ќе ја изведе правдата твоја како светлина, и справедливоста твоја — како пладне“ (Псалм 37:5,6).

Истото го гледаме и во животот на Христос. Во најтешките моменти, кога Го навредуваа, Му се потсмеваа и Го распнуваа, Тој остана во духовен мир, потпирајќи се на Отецот:

„Кога на Него хулеа, Тој не им одвраќаше со хули; кога страдаше, не се закануваше, туку се потпираше на Оној Кој праведно суди“ (1 Петрово 2:23).

Кај луѓето често се гледа спротивното. Кога човек знае дека не е во право, понекогаш молчи. Но кога смета дека е во право, а другите не му веруваат или го обвинуваат, лесно го губи мирот и сака на сила да ја докаже својата праведност.

Таков пример гледаме кај Давид. Тој ги заштитуваше пастирите на Навал, но кога Навал неправедно го навреди, Давид за малку ќе направеше зло, обидувајќи се да ја докаже својата праведност. Бог преку мудрата Авигеја го запре од тој погрешен пат.

Божјиот пример нè учи дека, ако сме навистина на Неговата страна, не треба да ја браниме својата правда со дух на гнев и одмазда. Можеме да останеме во мир, доверувајќи Му го својот пат на Господ.

Саботната починка нема вечер и утро

Важно е да се забележи дека седмиот ден не е опишан како претходните шест дена со зборовите: „и настапи вечер, и настапи утро“. Оваа разлика во текстот не е без значење.

Првите шест дена имаат јасни граници. Тие се поврзани со Божјото создавачко дејствување, со уредувањето на светот и со завршувањето на одредени дела. Но седмиот ден, денот на Божјата починка, е претставен без таква завршна формула. Тоа може да нè упати на една длабока духовна вистина: Божјата починка не е само еден момент во времето, туку укажува на трајниот мир што се наоѓа во Бога.

Сè што е спротивно на Бога може да трае само одредено време. Но она што е во Бога има иднина. Затоа спасените, чиј живот е сокриен во Христос, ќе живеат вечно во Божјиот мир.

„А оној што твори вистина, оди кон светлината за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бога извршени“ (Јован 3:21).

„Зашто вие умревте, и вашиот живот е сокриен со Христос во Бога“ (Колосјаните 3:3).

„И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:4).

Саботата е дадена на човекот

Третиот стих гласи:

„И Бог го благослови седмиот ден, и го освети, зашто во тој ден си отпочина од сите дела Свои, што ги направи и создаде“.

Кому му е даден саботниот ден? Библијата не кажува дека саботата им е дадена на рибите, птиците или животните за да ја почитуваат. Христос јасно вели:

„Саботата е создадена за човекот…“ (Марко 2:27).

Тоа значи дека саботата е дадена на луѓето, не само на еден народ, туку на човекот како создание. Ова се гледа и во четвртата заповед, каде што саботата ги опфаќа и членовите на домот, слугите, добитокот и странецот што живее во портите:

„Помни го саботниот ден, за да го осветуваш… А седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог… Зашто во шест денови Господ ги направи небото и земјата, морето и сè што е во нив, а на седмиот ден се одмори. Затоа Господ го благослови и го освети саботниот ден“ (Излез 20:8-11).

Исаија покажува дека саботата е поврзана и со туѓинците што Му се присоединуваат на Господ:

„И синовите на туѓинците, што се присоединиле кон Господ, за да Му служат и да го сакаат името на Господ… сите кои ја пазат саботата да не ја осквернат и цврсто се придржуваат за заветот Мој, Јас ќе ги одведам на Мојата света гора… зашто Мојот дом ќе се нарече молитвен дом за сите народи“ (Исаија 56:6,7).

Зошто на безгрешниот човек му била потребна саботата?

Зошто Бог им ја дал саботата на луѓето? Бидејќи саботата е Божја починка, таа им е дадена на луѓето за да влезат во Неговата починка.

Влегувањето во Божјата починка значи човекот да ја прифати својата намена, да живее во согласност со Божјата волја и да има доверба во Него. Но тука се поставува важно прашање: ако Адам и Ева пред падот во грев биле безгрешни, зошто им била потребна саботата?

Ова прашање е важно и за нас денес. Некои велат: „Зошто треба да ја издвојуваме саботата? Зарем не треба сите денови да Му ги посветиме на Бога?“ Но ако Бог сметал дека на безгрешните Адам и Ева им е потребно посебно време за заедница со Него, тогаш колку повеќе ни е потребно тоа нам по падот во грев.

Саботата е време на посебно Божјо влијание врз човекот, време поврзано со осветување:

„Им ги дадов исто така и Моите саботи, за да бидат знак меѓу Мене и нив, па да знаат дека Јас сум Господ што ги осветува“ (Езекиел 20:12).

А осветувањето е неопходно за човекот да живее во светост:

„Зашто Јас сум Господ, вашиот Бог, осветувајте се и бидете свети, бидејќи Јас сум свет…“ (Левитска 11:44).

„Трудете се да имате мир со сите и светост, без која никој нема да Го види Господа“ (Евреите 12:14).

Значи, саботата е многу важна за човекот во неговата сегашна состојба. Но таа била важна и пред падот во грев. Човекот, иако бил создаден безгрешен, не бил создаден како робот, ниту како суштество без потреба од духовен раст.

Човекот бил создаден како слободна, разумна и морална личност. А слободното суштество треба да Го познава Бога за правилно да ја користи својата слобода. Тоа треба да разбере зошто е создадено, каква е неговата намена и зошто доброто треба да го избира слободно, од љубов и доверба кон Бога.

Токму затоа саботата им била потребна и на безгрешните луѓе во Едем. Таа била ден за починка од физичката работа и за посебно заедништво со Бога. Преку неа Бог ги водел Адам и Ева во подлабоко познавање на Неговата вистина, Неговата волја и Неговиот карактер.

Човекот бил создаден безгрешен, но со простор за духовен раст. Како што пишува во Откровение:

„… и кој е свет, нека се осветува уште“ (Откровение 22:11).

Апсолутно совршен е само Бог. Создаденото суштество, дури и кога е свето и безгрешно, секогаш има простор да расте во познавањето на Бога, затоа што Божјата мудрост е бесконечна.

Затоа, од сè што Бог му дал на човекот при создавањето, саботата е еден од најголемите дарови. Таа не е привремен дар. Таа започнува во Едем, продолжува низ историјата и ќе остане значајна и во вечноста:

„Зашто, како што новото небо и новата земја, кои Јас ќе ги создадам, ќе бидат секогаш пред лицето Мое, вели Господ, така ќе постои и потомството ваше и името ваше. Тогаш од месец на месец, и од сабота во сабота ќе доаѓа секоја плот пред лицето Мое на поклонение, вели Господ“ (Исаија 66:22,23).

Христос и Божјата починка

Саботата во вечноста покажува дека спасените, иако ќе бидат ослободени од гревот, ќе останат слободни суштества што постојано ќе имаат потреба од Божјо водство и просветлување. Ако саботата била важна пред падот во грев и ќе остане важна во вечноста, тогаш уште повеќе му е потребна на човекот денес.

Кога Бог му дувнал здив на живот на човекот, Тој создал слободна и разумна личност. Но таа личност требало да расте, духовно да се образува и да биде водена кон полнотата на Божјата намера. Ова дело Бог го извршува преку Својот Син.

Апостол Павле пишува:

„Откако ни ја откри тајната на Својата волја според Своето благоволение што го беше положил во Себе од порано во уредувањето и исполнувањето на времињата, за да соедини сè небесно и земно под една глава — во Христос“ (Ефесјаните 1:9,10).

Христос е Оној што го открива Отецот:

„Сè Ми е предадено од Мојот Отец; и никој не Го познава Синот освен Отецот; ниту Отецот Го познава некој освен Синот, и кому што сака Синот да Го открие“ (Матеј 11:27).

Тој е видливиот образ на невидливиот Бог:

„Христос, Кој е слика на невидливиот Бог“ (2 Коринтјаните 4:4).

„Тој е слика на невидливиот Бог, првороден пред секое создание“ (Колосјаните 1:15).

„Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, Кој е во крилото на Отецот — Тој Го објави“ (Јован 1:18).

„Го објавив името Твое на луѓето, што си Ми ги дал од светот…“ (Јован 17:6).

Затоа Христос е Господар и на саботата:

„Па така, Синот Човечки е господар и на саботата“ (Марко 2:28).

Тој е Оној што нè води во вистинска починка:

„Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам… поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Матеј 11:28-30).

Христос секогаш живееше во Божјата починка, затоа што совршено ја разбираше Својата намена и секогаш ја извршуваше волјата на Отецот:

„Зашто Јас слегов од небото не да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Кој Ме прати“ (Јован 6:38).

„Оној што Ме прати е со Мене; Отецот не Ме остави Сам, зашто секогаш го вршам она што Му е угодно“ (Јован 8:29).

„Оче, кога би сакал да ја тргнеш оваа чаша од Мене! Но нека не биде Мојата волја, туку Твојата“ (Лука 22:42).

Затоа и ние можеме да влеземе во Божјата починка само преку Христос. Тој нè води по патот на доверба, послушност и потчинување на Божјата волја. Надвор од Него нема друг пат кон Отецот и кон вистинскиот мир.

„Исус му рече: ‘Јас сум Патот, Вистината и Животот; никој не доаѓа кај Отецот, освен преку Мене’“ (Јован 14:6).

Саботата: знак на вечната потреба од Бога

Од Адам и Ева па до денес, луѓето се раѓаат како слободни суштества. На сите им е потребна Божјата починка, односно Божјото водство и просветлување, за да ја разберат својата намена во создадениот свет.

Ова било потребно во Едем пред падот во грев. Потребно е и сега, во услови на гревот. И ќе биде потребно и во вечноста, затоа што создаденото суштество секогаш ќе зависи од својот Создател.

„Седмиот ден Бог ги заврши делата Свои, што ги направи; и си отпочина во седмиот ден од сите дела Свои, што ги создаде. И Бог го благослови седмиот ден, и го освети…“ (Создавање 2:2,3).

„Им ги дадов исто така и Моите саботи, за да бидат знак меѓу Мене и нив, па да знаат дека Јас сум Господ што ги осветува“ (Езекиел 20:12).

„Тогаш… од сабота во сабота ќе доаѓа секоја плот пред лицето Мое на поклонение, вели Господ“ (Исаија 66:23).

Затоа, вистински довршен човек е оној што живее во постојана врска со Бога, се просветлува од Него и влегува во Неговата починка преку доверба и послушност. Оној што ќе ја сфати важноста на оваа врска, ќе ја почитува саботата, денот што Бог го благословил и осветил.

Ова јасно е нагласено и во четвртата заповед:

„Помни го саботниот ден, за да го празнуваш. Шест дена работи, и врши ги во нив сите свои работи; а седмиот ден е сабота Господова, ден на твојот Бог…“ (Излез 20:8-10).

Што научивме денес?
  1. На седмиот ден Бог не само што го завршил делото што го започнал, туку го поставил создаденото во ред, хармонија и законитост. Сè било доведено во правилен однос, меѓусебно и со Творецот.
  2. Делото на Бога и Неговиот Син било порака до сите создадени суштества. Преку создавањето, Бог ја открил Својата мудрост, правда, љубов и вистината за возвишената улога на Својот Син.
  3. Саботата е еден од највозвишените дарови што Бог му ги дал на човекот при создавањето. Таа започнува во Едем, важна е денес и ќе остане значајна и во вечноста.
  4. Да се влезе во Божјата починка значи да се прифати Божјата волја, да се разбере сопствената намена и да се живее во доверба и послушност кон Творецот. Во таква починка може да нè воведе само Христос.
  5. Саботата е знак дека човекот постојано има потреба од Бога. Таа нè потсетува дека не сме самостојни, туку зависиме од Божјото осветување, водство и присуство.
  6. Довршено создадено суштество е оној човек што живее во постојана врска со Бога преку Христос. Таквиот човек влегува во Божјата починка и оди по патот што води кон вечноста.
Сподели го ова:

Поврзани статии

Пребарување

Внесете најмалку 3 букви.