Адам и Ева со новородениот Сит — нова надеж за семејството

Раѓањето на Сит: Според ликот и подобието на Адам

Сподели го ова:

Голема слава на Бога за Неговата милост, со која ни овозможи во нашите истражувања да поминеме низ првите четири глави од книгата Создавање и да пристапиме кон истражување на петтата глава. Во неа е претставено родословието на човештвото од Адам и Ева, преку Сит, до Ное и неговите синови, кои заедно со своите жени беа спасени од Бога од водите на Потопот, за што се раскажува во шестата до деветтата глава на Создавање.

Затоа, да пристапиме кон истражување на оваа интересна глава од Писмото, во која нè очекуваат поучни откритија:

„Ова е книгата на родословието Адамово: кога Господ го создаде човекот, го направи според Божјото подобие; создаде машко и женско. А кога ги создаде, ги благослови и ги нарече – човек. Кога на Адама му беа сто и триесет години му се роди син, сличен нему, според неговиот лик и подобие, му го даде името Сит. По Ситовото раѓање, Адам живееше осум стотини години; и му се родија уште синови и ќерки. Адам поживеа вкупно девет стотини и триесет години. Потоа умре“ (Создавање 5:1-5).

Како што веќе забележавме при разгледувањето на потомците на Каин во четвртата глава од Создавање, преку родословието, а особено преку значењето на имињата, може да се согледа духовната состојба на луѓето спомнати во Писмото.

Кога ќе направиме општ преглед на овие две гранки на човештвото, потомците на Каин, односно отпаднатите каинити, и потомците на Сит, односно сититите, верни на Бога, во очи паѓа еден важен и карактеристичен детал.

Кај потомците на Каин не се кажува ниту збор за тоа колку време живеел секој од нив. Наместо тоа, се нагласуваат нивните откритија и достигнувања, кои го истакнуваат човечкиот гениј. Во исто време, се споменува и нивната духовна деградација, изразена и преку имињата, и преку фактот дека Ламех зел две жени, спротивно на Божјото установување за бракот: „ќе бидат двајца едно тело“.

Спротивно на тоа, кога ги опишува потомците на Сит, Писмото речиси ништо не кажува за достигнувањата на човечкиот гениј и разум, иако тие несомнено постоеле. Наместо тоа, се истакнува духовноста на овие луѓе, нешто што ќе го видиме и од самите имиња, како и од сведоштвото за Енох, за кого Писмото вели дека одел пред Бога.

Покрај тоа, во родословието на сититите, за секој човек од оваа линија се наведуваат годините на неговиот живот, како и времето кога му се родил синот преку кого продолжува родословието. И тоа не е случајно. Тоа покажува дека овие луѓе го ценеле времето и, така да се каже, го поврзувале со очекувањето на Месијата, Кој требало да дојде од нивната лоза, како и со продолжувањето на родословната линија.

Така, дури и површен преглед на двете родословија, на каинитите и на сититите, јасно ја покажува силната разлика меѓу овие две гранки на човештвото. Не случајно лозата на сититите подоцна е наречена „Божји синови“, што укажува на нивната духовност и стремеж кон Бога. Од друга страна, лозата на каинитите е претставена преку изразот „човечките ќерки“, со што се нагласува нивната насоченост кон човечкото, земното и телесното, а не кон Бога.

Најтажно е тоа што каинитите, преку своето отпадништво од Бога, подоцна ги повлекле и сититите во пад преку мешани бракови. Така земјата се расипала, а Бог ја очистил од грешниците со водите на Потопот. Но за ова ќе зборуваме подетално кога ќе дојдеме до соодветните текстови.

Поуката од овие две гранки на човештвото треба да ја примениме и на себе: за Божјите деца најважни не треба да бидат откритијата, достигнувањата и славата на овој свет, туку времето што ни е дадено од Бога за подготовка на карактерот за средба со Месијата:

„Па така, внимавајте добро како живеете! Не како безумни, туку како мудри; ползувајте го времето, зашто дните се лукави. Затоа немојте да бидете неразумни, туку распознајте што е волјата Божја“ (Ефесјаните 5:15-17).

Затоа, да започнеме чекор по чекор со истражување на денешниот пасус:

„Ова е книгата на родословието Адамово…“

„Ова е книгата на родословието Адамово“ — оваа фраза на прв поглед може да изгледа едноставна, но во себе носи важна мисла. Зборот „родослов“ тука не означува само список на имиња, туку запис, извештај и историја на потомството што потекнува од Адам. Со други зборови, станува збор за родословието на Адам, односно за потеклото и развојот на неговите потомци.

Обрнете внимание дека стихот што го истражуваме е многу сличен на стихот што веќе го разгледавме во втората глава. И тогаш се повикувавме на стихот од петтата глава, кој сега го проучуваме:

„Ете така настанаа небото и земјата, во она време кога Господ Бог ги создаде земјата и небото“ (Создавање 2:4).

Овој текст веќе го анализиравме, па сега само накратко ќе потсетиме дека тој зборува за тоа како Бог, при создавањето и обликувањето на сè што постои, преку Својот Син вложил во светот одредени закони на животот и развојот на Своето создание. Созданието почнало да живее во согласност со тие закони на животот и развојот.

Кога Писмото ја разгледува лозата на потомците на Каин, таму сликата е тажна: нивниот родоначалник го започнал својот пат со убиство и со оддалечување од Божјото лице. Тоа јасно им противречи на Божјите закони за животот и развојот на човекот и сведочи за духовна деградација. По убиството на праведниот Авел, изгледало како човештвото да нема преку кого да го продолжи патот на развој што Бог го предвидел.

Но кога на Адам и Ева им се родил Сит, тие во него препознале „друго семе“, односно нова можност за човештвото, наместо Авел, да започне да гради општество според Божјиот план и Неговата света волја:

„Адам пак легна со жената своја, и таа му роди син, и му даде име Сит. Зашто (таа) рече: ‘Господ ми даде син место Авел, кого го уби Каин’“ (Создавање 4:25).

Токму преку сличноста на овие стихови Бог ни покажува дека потомците на Сит биле оние кои решиле да го градат својот живот според законите на создавањето и развојот на човекот, утврдени од Бога. Со други зборови, тоа била лоза на човештвото угодна на Бога, бидејќи се трудела да живее според Неговите закони. Затоа во Писмото тие се наречени „Божји синови“.

Но Божјите закони се пројавуваат не само во послушноста на созданието, туку и во последиците од неговата непослушност. На пример, ако Адам и Ева не паднеле во грев, според Божјиот закон би живееле вечно. Но бидејќи паднале, според истиот закон почнале да умираат.

Ако не паднеле, тогаш во нив и во нивните деца ќе се зачувал Божјиот образ, кој првобитно бил вложен во нив од Бога, и сите тие би биле носители на тој образ. Но по падот во грев, тие станале носители и на образот на својот татко Адам, човек кој првично бил создаден според Божјиот образ, но потоа паднал. Тоа претставува деградација, која се пројавува како последица на Божјиот закон кај оние што згрешиле:

„Ова е книгата на родословието Адамово: кога Господ го создаде човекот, го направи според Божјото подобие; создаде машко и женско. А кога ги создаде, ги благослови и ги нарече – човек. Кога на Адама му беа сто и триесет години му се роди син, сличен нему, според неговиот лик и подобие, му го даде името Сит“ (Создавање 5:1-3).

„… сите згрешија и лишени се од славата Божја“ (Римјаните 3:23).

И токму на овој пат на развој, во услови на пад во грев, Месијата има суштинско значење, затоа што без Него изгубениот Божји образ не може да се обнови:

„Каков е земјениот, такви се и земјените; и каков е Небесниот, такви се и небесните; и како што го носиме ликот на земјениот, така ќе го носиме и образот на Небесниот“ (1 Коринтјаните 15:48-49).

Тоа значи дека, иако лозата на човештвото преку Сит тргнала по Божјиот пат на развој, треба да разбереме дека тоа не е истиот пат што Бог го предвидел за безгрешното човештво во Едем. Тоа е патот што Бог го предвидел за луѓето по падот во грев, пат на покајание, понизност, вера во Месијата, страдања, болести и смрт.

Да, овој пат не изгледа среќен и идеален, но тоа не е најважното. Најважно е каде води тој пат, кон вечно спасение и враќање во рајот кај Бога.

Зошто го нагласувам ова? Затоа што, за жал, многумина сметаат дека Божјиот пат за верниците е пат на среќа, изобилство и живот без болести и страдања. Но така се меша она што Бог го предвидел за непаднатото човештво со она што го предвидел за луѓето по падот во грев. А тоа не е исто.

Погледнете ги овие текстови поврзани со луѓето верни на Бога:

„Погледни на мене и смилувај се на мене, зашто сум самотен и во мака.
Скрбите на срцето мое олесни ми ги; извади ме од мојата потиштеност.
Погледај ги страдањата и маките мои, па прости ми ги сите гревови мои“ (Псалм 25:16-18).

„Па така, поднесувај ги страдањата како добар војник на Исус Христос“ (2 Тимотеј 2:3).

„Тие ги зацврстуваа душите на учениците и, храбрејќи ги да бидат истрајни во верата, ги учеа дека во царството Божјо треба да влеземе преку многу маки“ (Дела 14:22).

При изучувањето на Писмото, многу е важно да се разбере контекстот на она што Бог го кажува. Зборовите извадени од еден контекст и ставени во друг се еден од најопасните начини на погрешно толкување на Писмото. Сетете се на второто искушение на Христос во пустината, кога сатаната ги зеде зборовите од деведесеттиот псалм и ги примени несоодветно. Затоа треба многу внимателно да го истражуваме Писмото, за да не западнеме во заблуда.

Стихот што го истражуваме вели: „Ова е книгата на родословието Адамово…“ Не е тешко да се забележи дека оваа права лоза на човештвото е претставена како еден единствен синџир, составен од меѓусебно поврзани алки. Цврстината на синџирот не се одредува според неговата најсилна алка, туку според најслабата. Тоа укажува на личната одговорност на секој човек за духовната сила и верноста на родословната линија.

Тука можат да се истакнат три важни моменти.

Прво, важно е како алката се држи за претходната алка, односно каква е врската со родителите и со вистината што тие ја исповедале. Овде не станува збор за лажни религии, туку за Божјата вистина. Тоа значи дека за секој човек што дошол на овој свет е важно да има здрава и цврста врска со минатото, преку родителите, преку вистината што ја примил од нив и преку животното искуство што му било предадено.

Второ, важно е каков ќе бидам јас во светлината на вистината што сум ја примил: дали таа вистина навистина ќе влијае врз мојот живот и каква алка од овој синџир ќе бидам јас.

И трето, важно е како и во каква форма ќе ја пренесам вистината што сум ја примил на моите деца, односно на следната алка од овој синџир.

Во Писмото оваа вистина е изразена вака:

„Нема да ги криеме од нивните деца, на идниот род ќе му раскажуваме за славата на Господ и силата Негова, и чудесата Негови што Тој ги изврши. Тој подигна сведоштво во Јаков и положи закон во Израел, и им заповеда на татковците наши сето тоа да им го објават на децата свои, за да знае идниот род, децата, што ќе се родат, та и тие во свое време да им раскажуваат на своите деца, да ги полагаат надежите свои во Бога, да не ги забораваат делата Божји, да ги чуваат Неговите заповеди“ (Псалм 78:4-7).

Доволно е само една алка да наруши нешто од овие три важни моменти, кои му даваат сила и цврстина на синџирот, па тој станува слаб токму на тоа место, а може дури и да се прекине. Тоа се случува кога човек не ја прифаќа вистината од своите родители, не живее според неа, не ги воспитува своите деца во вистината, или, уште полошо, кога сето тоа се случува заедно. Во таков случај, напорите на претходните градители на тој синџир можат да бидат сериозно нарушени.

Слава на Бога што низ сите векови го зачувал пренесувањето на Својата вистина, можеби не преку целото човештво, туку преку верниот остаток, за кој е кажано дека ќе се спаси, иако, за жал, ќе биде мал:

„А Исаија извика за Израел: „Кога Израеловите синови би биле бројни како морскиот песок, само остатокот ќе биде спасен“ (Римјаните 9:27).

„Така и во сегашно време има еден остаток избран по благодат“ (Римјаните 11:5).

„… а остатокот ќе биде многу мал и незначаен“ (Исаија 16:14).

Да се биде дел од остатокот не е лесно. Тоа значи да се зачува вистинската вера и да не се изгуби во општото отпадништво и лага; да не се измеша со религијата на околните народи; да не се западне во паганство и заблуда. Сето тоа бара верност, будност и цврсто држење за Божјата вистина.

Ако христијаните денес, во светлината на Писмото, погледнат во Кого верувале верните Евреи и Кого Христос Го нарекувал Свој Бог, ќе увидат дека мнозина одамна се оддалечиле од вистинскиот Божји синџир, бидејќи не веруваат во Бога онака како што Писмото Го открива.

Вистинските верници меѓу Евреите, како и Христос, верувале во еден Бог, Отецот, и во Неговиот Син, а не во тројство:

„А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос“ (Јован 17:3).

„Да не се плаши срцето ваше; верувајте во Бога и во Мене верувајте“ (Јован 14:1).

„сепак, ние имаме само еден Бог Отец, од Кого е сè, и ние сме во Него, и еден Господ Исус Христос, преку Кого е сè и ние сме преку Него“ (1 Коринтјаните 8:6).

Ако денешните Евреи внимателно го истражуваат Писмото, ќе увидат дека, во најголем дел, го отфрлаат Исус како свој Месија, испратен од Бога.

Ако муслиманите, кои ги признаваат Бога и Христос, повнимателно го истражуваат Писмото, а во некои работи стојат блиску до вистината, ќе сфатат дека треба да ја признаат божественоста на Христос и светоста на саботниот ден според Писмото, а не на петокот.

Ако сакаме да бидеме спасениот остаток, тогаш треба да го зачуваме пренесувањето на вистината што им била дадена на луѓето уште од Едем.

Божјиот човек не е суштество што само биолошки се размножува и така го зачувува својот вид. Човекот е духовно суштество; затоа својот духовен идентитет може да го зачува само преку зачувување на Божјата вистина, никако поинаку.

Кога ја губи таа вистина, човекот престанува да биде дел од Божјиот духовен народ и останува само човек по тело, телесен човек. А тоа е целосна деградација, за која Бог зборува во Писмото:

„Јас те посадив како благородна лоза – најчисто семе; а како Ми се претвори во див ластар од туѓа лоза?“ (Еремија 2:21).

„… Мојот Возљубен имаше лозје на врвот од плодороден рид; Тој го огради и го исчисти од камења, насади во него избор од лозови прачки, изгради кула во средината негова, направи големи каци; очекуваше да роди добро грозје, а тоа роди диво грозје“ (Исаија 5:1,2).

Да продолжиме со текстот:

„Ова е книгата на родословието Адамово: кога Господ го создаде човекот, го направи според Божјото подобие; создаде машко и женско. А кога ги создаде, ги благослови и ги нарече – човек…“

Синџирот на човештвото, за кој зборувавме погоре, има свое потекло во Бога, Кој ги создаде Адам и Ева според Својот образ, ги нарече човек и ги благослови да живеат на земјата и да се размножуваат. Така, може да се каже дека првата алка на човечкиот род е цврсто поврзана со Бога преку создавањето. И додека луѓето се сеќаваат на тоа, се зачувува пренесувањето на вистината во овој синџир.

Евангелистот Лука, наведувајќи го родословието на Христос, го проследува овој „синџир“ сè до самиот негов извор:

„Еносов, Ситов, Адамов, Божји“ (Лука 3:38).

„Кога на Адама му беа сто и триесет години му се роди син, сличен нему, според неговиот лик и подобие, му го даде името Сит“

Писмото ни ги наведува годините на Адам при раѓањето на Сит, сто и триесет години, и тоа не е случајно. Прашањето е: каков заклучок можеме да извлечеме од овој податок?

Во јудаизмот постои мислење дека по падот во грев Адам доживеал силен духовен потрес и дека во текот на 130 години немал брачни односи со својата жена Ева. Според тоа толкување, дури по тој период, поттикнат од укор поврзан со потомците на Каин, особено со жените на Ламех, повторно стапил во брачна заедница со Ева, по што се родил Сит.

Ова гледиште на прв поглед не изгледа без основа и во него има одредена логика. Но има и сериозни слабости, кои произлегуваат од погрешни толкувања на некои еврејски мудреци. Како што се сеќавате, одредени еврејски коментатори тврдат дека Каин и Авел се родиле пред падот во грев, во рајската градина Едем. Но ние веќе покажавме од Писмото дека тоа не е така, туку дека тие се родиле по падот во грев.

Бидејќи Адам и Ева не биле долго во рајот и не успеале да се соединат како маж и жена, а раѓањето деца е процес што трае извесно време, од зачнување до раѓање најмалку девет месеци, некои еврејски мудреци, за да ги усогласат овие противречности, тврделе дека луѓето почнале да ги носат децата девет месеци дури по падот во грев. Според нив, пред падот децата се раѓале веднаш, на самиот ден на зачнувањето, и тоа без болка.

Дека падот во грев внел промени во раѓањето е несомнено, зашто Бог рече:

„А на жената и рече: ‘Кога ќе бидеш бремена, ќе ти ги умножам и преумножам маките; со болки ќе раѓаш деца…’“ (Создавање 3:16).

Но Бог не рече дека ќе се зголеми времетраењето на бременоста, туку дека бременоста и раѓањето ќе бидат проследени со маки и болки. Тоа значи дека, ако луѓето не згрешеле, бременоста и раѓањето би поминувале лесно и без болка, но во времето што Бог го определил. Барем Писмото не дава основа да мислиме дека времетраењето на бременоста било поинакво пред падот во грев.

Бог не залудно го поставил тој период, зашто во него има многу поуки и постепена подготовка на идните родители. Замислете: денес некој не е татко или мајка, а веќе утре станува родител. Дури и за една земна професија луѓето се подготвуваат подолго време; колку повеќе е потребна подготовка за татковство и мајчинство. И самиот Бог го создаваше светот шест дена. Затоа тврдењето дека човекот пред падот во грев можел да зачне, износи и роди дете во еден ден изгледа необично и без јасна цел.

Ние веќе зборувавме, при разгледувањето на текстовите за казната на Ева и на сите жени по падот во грев, зошто Бог одредил раѓањето да биде во маки и болка, па нема повторно да се задржуваме на тоа. Значи, според Писмото, не се променило времето на бременоста, туку условите во кои таа се одвива.

А бидејќи Адам и Ева не биле долго во рајот, и бидејќи за време на нивниот престој таму не се спомнува ниту брачна близина меѓу нив, ниту раѓање деца, туку дури по падот во грев Адам ја нарекува својата жена Ева, затоа што таа требало да стане мајка на сите живи, сето тоа укажува дека нивните деца се родиле по падот во грев.

Поради тоа што некои еврејски толкувачи претпоставиле дека Каин и Авел се родиле пред падот во грев, во Едемската градина, тие понатаму биле принудени да ги приспособуваат и другите детали на оваа почетна претпоставка. Така се појавуваат тврдења дека Каин и Авел се родиле во ист ден, а дека потоа, по падот во грев, Адам од тага се воздржувал од брачни односи со Ева.

Но тогаш се поставува прашањето: ако Адам по падот во грев немал брачни односи со Ева и ако тие дотогаш имале само две деца, од каде Каин си нашол жена? За да ја решат оваа противречност, некои коментатори тврдат дека заедно со Каин и Авел биле родени и нивни сестри близначки. Но ако тоа е така, тогаш во еден ден требало да бидат зачнати, износени и родени повеќе деца, што ја прави оваа претстава уште понеодржлива.

Според такво толкување, Адам и Ева би излегле од рајот не сами, туку со цело мало семејство, а Писмото никаде не спомнува такво нешто. Ова молчење на Писмото во однос на наводното раѓање на повеќе деца пред падот во грев само по себе е силен аргумент против таквите толкувања.

Мислам дека вистината изгледа поинаку. Адам и Ева навистина биле кратко во рајот. Тоа се гледа и од фактот што, восхитувајќи се на градината и запознавајќи се со неа, тие не стигнале ниту да се зближат еден со друг како маж и жена. Потоа следувал падот во грев, по што Адам ја нарекол својата жена Ева, затоа што таа требало да стане мајка на идното човештво.

Разбирајќи дека нивното спасение е поврзано со Месијата, Кој според ветувањето требало да дојде преку жената, Адам не ја одложил оваа важна задача. Тој стапил во брачна заедница со Ева и, по определеното време, им се родиле Каин и Авел, за што веќе зборувавме. Можно е со нив да се родиле и сестри близначки, но можно е тие да се родиле и подоцна.

Имено, во Писмото, кога се наведува родословието на оние што се верни на Бога, раѓањето на девојчињата обично не се истакнува, затоа што вниманието е насочено кон линијата преку која се очекува Месијата, нивната единствена надеж. Затоа не се спомнуваат посебно ни сите момчиња, туку главно оние преку кои продолжува родословната линија.

Погледнете ги стиховите што ги истражуваме: во нив се споменува Сит, роден наместо убиениот Авел, преку чија линија се очекува Месијата. Останатите деца, и машки и женски, се спомнуваат само накратко и општо:

„Кога на Адама му беа сто и триесет години му се роди син, сличен нему, според неговиот лик и подобие, му го даде името Сит. По Ситовото раѓање, Адам живееше осум стотини години; и му се родија уште синови и ќерки“ (Создавање 5:3,4).

Тоа значи дека девојчињата можеле да се родат заедно со Каин и Авел, но можеле да се родат и подоцна, по падот во грев.

Понатаму, важно е да разбереме дека Писмото не дава детален преглед на секој ден од животот на луѓето за кои зборува. Адам живеел 930 години, а за неговиот живот се запишани само неколку главни настани: ја познал својата жена, му се родиле синови и ќерки, и на крајот умрел. Согласете се дека тоа е многу малку за толку долг живот.

За Ева е кажано уште помалку: воопшто не се спомнува колку живеела и кога умрела. Сепак, разбираме дека и таа умрела, а не дека живее до денес.

Затоа, кога читаме во Писмото дека Каин го убил Авел, не станува збор за деца. Тие веќе биле возрасни: едниот бил земјоделец, а другиот пастир, а за тоа е потребно време. Освен тоа, по убиството на Авел се вели дека Каин ја познал својата жена, што значи дека и тој и неговата жена биле возрасни.

Ако се земе предвид и возраста на која тогаш луѓето стапувале во брак и добивале деца, која не може да се спореди со денешните појави, станува јасно дека убиството на Авел од Каин се случило многу години по падот во грев:

„Кога на Сит му беа сто и пет години, му се роди Енос“ (Создавање 5:6).

„Енос, пак, имаше сто и деведесет години, кога му се роди Каинан“ (Создавање 5:9).

„Каинан, пак, поживеа сто и седумдесет години и го роди Махалалеил“ (Создавање 5:12).

Гледаме дека во најраните поколенија луѓето добивале деца во родословната линија во многу подоцнежен период од животот отколку што е вообичаено денес. Иако со текот на времето таа возраст постепено се намалувала, сепак останувала многу висока во споредба со современото човештво.

Тоа укажува дека Каин, по убиството на Авел, веќе бил во зрела возраст. Кога подоцна се спомнува неговата жена и раѓањето на Енох, станува јасно дека не зборуваме за младо момче, туку за возрасен човек, најверојатно со значителна возраст:

„И си отиде Каин од пред лицето на Господ, и се насели како прогонет во земјата Нод, источно од Едем. И легна Каин со жената своја, и таа забремени и го роди Енох. Потоа соѕида град и го нарече според името на својот син – Енох…“ (Создавање 4:16,17).

Според тоа, убиството го извршил кога и тој, како и неговиот брат Авел, веќе бил возрасен човек, веројатно најмалку околу сто години.

А бидејќи тие се родиле на Адам и Ева по падот во грев, кога нивната надеж била насочена кон ветениот Месија преку Кого очекувале враќање во вечниот живот, тогаш одбројувањето на нивната возраст, колку и да звучи необично, се разликувало од одбројувањето на годините на Адам, нивниот татко, приближно за една година.

Тоа значи дека Адам бил создаден како возрасен човек, и дека во рајот не се водело одбројување на неговите години во смисла на живот под последиците на гревот. По падот во грев започнало одбројувањето на неговиот живот во услови на смртност – од возрасна состојба, бидејќи тој бил создаден како возрасен.

Така, приближно во првата година по падот во грев, односно во првата година од таквото одбројување на неговиот живот, му се родиле Каин и Авел. Тогаш започнало и одбројувањето на нивниот живот, со разлика од околу една година во однос на одбројувањето на животот на Адам. Таа разлика го опфаќа времето на зачнувањето и бременоста на Ева.

Ако ги поврземе сите овие факти, ја добиваме следнава слика: Адам и Ева не биле долго во рајот и таму не стапиле во брачна близина. По падот во грев, разбирајќи дека спасението е поврзано со Месијата, Адам стапил во брачна заедница со Ева, и по определеното време таа ги родила Каин и Авел. Можно е заедно со нив да се родиле и девојчиња, а можно е тие да се родиле подоцна.

Од моментот на падот во грев започнува одбројувањето на годините на животот на Адам. Од Каин, Адам и Ева очекувале дека можеби тој е ветениот Месија, па затоа му го дале името Каин, што значи „стекнување“. Авел, пак, иако бил роден во ист период, не бил првороден, па затоа не бил гледан како исполнување на месијанското ветување. Оттука и неговото име, Авел, што значи „минливост“, „суета“ или „здив“.

Децата растеле, и секој од нив избрал свое занимање и свој животен пат. Растеле и девојчињата. Поминале многу години, најверојатно најмалку околу сто, и тие создале семејства. Во тоа време Каин го убил Авел и, заедно со својата жена, се оддалечил од лицето на Бога, живеејќи во прогонство и градејќи град во чест на својот првороден син.

Адам, сфаќајќи дека Каин не е Месијата, а дека праведниот Авел е убиен, повторно стапил во брачна заедница со Ева, за да се роди син преку кого ќе продолжи лозата од која подоцна ќе дојде Месијата.

Тоа значи дека фактот што Сит се родил кога Адам имал 130 години не мора нужно да значи дека Адам и Ева воопшто немале брачни односи во текот на целиот тој период. Таквото толкување би било можно само ако се претпостави дека девојчињата, идните жени на Каин и на другите синови, се родиле заедно со Каин и Авел, а подоцна не се раѓале други деца.

Ако, пак, девојчињата се родиле подоцна, тогаш е јасно дека Адам и Ева имале брачна близина и во тој период. Но можно е тие односи да не биле чести, бидејќи нивното очекување било насочено кон првородениот Каин, а истовремено разбирале дека секое дете родено по падот во грев се раѓа во свет на грев и има потреба од спасение.

Дури по убиството на Авел од страна на Каин, Адам и Ева уште појасно сфатиле дека планот на спасението ќе се протега низ времето и дека враќањето во рајот нема да биде брзо. Затоа станало потребно да се родат уште деца, за продолжување на лозата на човештвото, од која подоцна ќе дојде Месијата. Затоа по раѓањето на Сит е кажано:

„Кога на Адама му беа сто и триесет години му се роди син, сличен нему, според неговиот лик и подобие, му го даде името Сит. По Ситовото раѓање, Адам живееше осум стотини години; и му се родија уште синови и ќерки“ (Создавање 5:3,4).

Тоа значи дека Адам навистина доживеал потрес по падот во грев. Но неговото подолго воздржување, можеби и до 130 години, не мора да било поврзано само со тој потрес, туку и со очекувањето на брзо спасение преку првородениот Каин.

Токму убиството на Авел од страна на Каин станало втор силен потрес, кој ги навел Адам и Ева повторно да ги обноват своите брачни односи, за да се роди дете преку кое ќе продолжи лозата од која подоцна ќе дојде Месијата. Тоа се гледа и од зборовите на Ева, изречени по раѓањето на Сит:

„Адам ја позна својата жена, па таа роди син и му го даде името Сит. Таа рече: „Бог ми даде друго дете место Авела, кого Каин го уби“ (Создавање 4:25).

Во претходната тема забележавме дека за Сит за првпат во Писмото се применува терминот „син“. Иако Каин и Авел исто така биле синови на Ева, во Писмото тие не се наречени така, ниту при нивното раѓање, ниту подоцна. Сит, пак, веднаш при раѓањето е наречен „син“.

Зошто? Затоа што зборот „син“ овде не укажува само на роднинска припадност, туку и на посебна улога и назначување, на оној преку кого ќе се гради и продолжи човечкиот род.

Тоа значи дека „син“ овде има подлабоко значење: укажува на мисијата што треба да се оствари преку него во историјата на човештвото.

Патем, кога зборот „Син“ се однесува на Христос, тој не укажува само на Неговото потекло и единство со Бога, туку и на Неговата мисија, на Оној преку Кого Бог го извршува Своето творечко дело и делото на спасението:

„Бог, Кој од стари времиња, многупати и на многу начини, им зборуваше на нашите татковци преку пророците, во последниве денови ни зборуваше преку Синот, Кого Го постави за наследник на сè и преку Кого ги создаде и вековите“ (Евреите 1:1,2).

„Сè стана преку Него (Синот), и ништо, што стана, не стана без Него“ (Јован 1:3).

Мислам дека веќе доволно кажавме за текстот што го истражуваме, па да продолжиме понатаму.

„И сите денови, што ги поживеа Адам, изнесуваа деветстотини и триесет години; потоа тој умре“

Овој текст е интересен затоа што ја потврдува вистинитоста на Божјите зборови, изречени уште пред падот во грев:

„И му заповеда Господ Бог на човекот, велејќи: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш“ (Создавање 2:16,17).

„И Господ Бог рече: ‘Ете, Адам стана како еден од Нас, знаејќи што е добро и што е зло; но сега, да не ја испружи раката своја и да земе пак од дрвото на животот, и да вкуси, па да заживее вечно!’ Тогаш Господ Бог го изгони од Едемската градина, за да ја обработува земјата, од која беше земен. Откако, пак, го изгони Адам, постави на исток пред градината Едем херувим и огнен меч, кој се вртеше и натаму и наваму, за да го пазат патот кон дрвото на животот“ (Создавање 3:22-24).

Бог му рече на Адам дека, ако вкуси од забранетото дрво, неизбежно ќе умре. И по падот во грев, Бог не им дозволи на луѓето да се приближат до дрвото на животот, за да ги понесат последиците од својата непослушност.

Веќе многу зборувавме за ова, но сепак ќе повторам, бидејќи малкумина разбираат дека учењето за бесмртноста на душата не се согласува со Писмото. Затоа многумина продолжуваат ревносно да го бранат, и покрај јасната Божја позиција откриена во Писмото.

Бог рече дека луѓето што згрешиле ќе умрат, и така се случи. Читаме дека Адам живеел долг живот, 930 години, но бидејќи немал пристап до дрвото на животот, тој умрел според Божјиот збор. И така умираат сите негови потомци:

„Затоа, како што преку еден човек гревот влезе во светот, и преку гревот смртта, така и смртта премина на сите луѓе, зашто во него сите згрешија“ (Римјаните 5:12).

„…по Адам сите умираат…“ (1 Коринтјаните 15:22).

Забележете дека луѓето не живеат вечно, туку сите умираат: тоа е сосема јасно од Писмото.

Само преку воскресението на мртвите луѓето повторно ќе оживеат и верните ќе ја добијат ветената бесмртност. Тоа ќе се случи при второто доаѓање на Христос: кога мртвите ќе воскреснат, кога верните ќе добијат нови, нераспадливи тела и кога повторно ќе имаат пристап до дрвото на животот:

„И како што по Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе бидат оживеани; но секој по свој ред: Христос е првиот плод; потоа, при Неговото доаѓање, ќе воскреснат сите што се Христови“ (1 Коринтјаните 15:22,23).

„…одеднаш, за еден миг на око, на последната труба: зашто ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливо, а ние ќе се измениме; зашто распадливото треба да се облече во нераспадливост, а смртното – да се облече во бесмртност. А кога ова распадливо ќе се облече во нераспадливост, и она смртното – во бесмртност, тогаш ќе се збидне зборот напишан: ‘Победата ја проголта смртта’“ (1 Коринтјаните 15:52-54).

„Сред главната улица и од двете страни на реката – дрвото на животот, што раѓа плодови дванаесет пати, давајќи плод секој месец; а лисјата на дрвото служат за исцелување на народите“ (Откровение 22:2).

Ова е вистинската утеха за човештвото. Во Писмото нема утеха во учењето за бесмртност на душата; таму дури не постои ни изразот „бесмртна душа“. Библиската утеха е во воскресението на мртвите при второто доаѓање на Христос:

„…бидејќи Сам Господ по заповед, на гласот на архангел и при труба Божја, ќе слезе од небото, и најнапред ќе воскреснат мртвите; а потоа, ние, што сме останале живи, заедно со нив ќе бидеме грабнати на облаците, за да се сретнеме со Господ во воздухот, и така секогаш ќе бидеме со Господ. Па затоа, утешувајте се еден со друг со тие зборови“ (1 Солунјаните 4:16-18).

Да не одиме против вистината и да не измислуваме ништо во врска со бесмртноста на душата. Да не одиме против вистината и да не измислуваме ништо во врска со бесмртноста на душата. Доволна е првата лага на сатаната, чии последици човештвото ги жнее до ден-денес.

Сакам исто така да ви укажам на една интересна мисла што ја изнесуваат некои еврејски мудреци во врска со смртта на Адам на 930 години. Оваа мисла не му противречи на Писмото и претставува уште еден аспект што може да се разгледа. Тие велат дека времето за нас и времето за Бога не се исти категории, и како поткрепа наведуваат текст од Писмото:

„Зашто пред Твоите очи илјада години се како вчерашен ден…“ (Псалм 90:4).

Тоа значи дека, условно кажано, нашите илјада години пред Бога се како еден ден. Секако, треба да разбереме дека станува збор за сликовит израз, зашто Бог е надвор од времето.

Врз основа на тоа, тие ги разгледуваат зборовите што Бог му ги упатил на Адам пред падот во грев:

„…зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш“ (Создавање 2:17).

Тие го насочуваат вниманието кон зборовите: „во денот кога ќе вкусиш од него, ќе умреш“, а потоа го поврзуваат тоа со податокот дека Адам умрел на 930 години и со текстот дека пред Бога илјада наши години се како еден ден. Врз основа на тоа, тие заклучуваат дека Адам не проживеал цел „Божји“ ден од илјада години, па, според ова разбирање, Божјите зборови дека ќе умре „во тој ден“ сепак се исполниле.

Оваа мисла не ѝ противречи на вистината. Ако луѓето изнесуваат нешто што не е спротивно на Писмото, тоа може да се разгледа и да се прифати, дури и ако во нешто друго грешат, како, на пример, во прашањето за раѓањето на Каин и Авел пред падот во грев.

Повторно ќе ја истакнам вистината на Писмото:

„Сè испитувајте, за доброто држете се“ (1 Солунјаните 5:21).

Така, накратко да повториме што научивме денес:

  1. За отпадникот Каин и неговите потомци најважно било да се прослават себеси. За верните на Бога, потомците на Сит, најважно било времето што им е дадено за подготовка за средба со Месијата. Тоа се два суштински различни пристапи кон животот: пристапот на грешниците и пристапот на праведниците. Секој може да се преиспита себеси: на кого личи и кому му припаѓа.
  2. Човечкиот род верен на Бога е сличен на синџир во кој е важна цврстината на секоја алка. А цврстината на алката се одредува според нејзината поврзаност со вистината примена од минатото, преку родителите; според зачувувањето на таа вистина во сегашноста, во сопствениот живот; и според нејзиното верно пренесување на своите деца.
  3. Адам, најверојатно, очекувал спасение преку својот првенец, па затоа не брзал да има многу деца во овој свет на грев. Но убиството на Авел од страна на Каин, како и сознанието дека лозата на праведниците треба да продолжи до доаѓањето на Месијата, го поттикнале заедно со Ева да има уште синови и ќерки.
  4. Според Божјиот збор, Адам и сите негови потомци умираат. Нашата единствена надеж за вечен живот е доаѓањето на Месијата, воскресението на мртвите и преобразувањето на оние што ќе останат живи во нова природа. Друга надеж Писмото не нуди.
  5. Читајте различни мислења, но сè споредувајте со Писмото. Постапувајте мудро: сè испитувајте, а за доброто држете се.
Сподели го ова:

Поврзани статии

Пребарување

Внесете најмалку 3 букви.