Потомци на Сит и потомки на Каин — постар човек го советува младиот при средбата на двете групи

Дали ангелите пред Потопот имале интимни односи со жените?

Сподели го ова:

Шестото поглавје од Создавање е богато со содржина и многу поучно за верниците. Во него се опишува претпотопниот свет, неговата расипаност и Божјата одлука да го уништи тој расипан свет. Исто така, ова поглавје зборува и за првиот верен остаток, семејството на Ное. Во него се објаснува зошто Ное бил признаен од Бога како верен, која мисија му била доверена и што се барало од него во тој пресуден момент.

Но, да одиме по ред:

„А кога луѓето почнаа да се множат на земјата, и ќерки им се народија, тогаш синовите Божји видоа дека ќерките човечки се убави и ги земаа, кои ги сакаа, за жени“ (Создавање 6:1,2).

Шестото поглавје започнува со извештајот дека луѓето почнале да се множат на земјата. Овој израз треба да се разбере во светлината на претходните поколенија и на околностите што ги опишува библискиот текст. Тоа не мора да значи дека населението било големо според денешните мерила, туку дека бројот на луѓе тогаш веќе бил значително зголемен.

Точниот број на луѓе пред Потопот не може со сигурност да се утврди, бидејќи Библијата не дава доволно податоци за таква пресметка. Сепак, од родословијата во петтото поглавје се гледа дека луѓето живееле многу долго и дека раѓале синови и ќерки:

„А откако го роди Сит, Адам поживеа уште седумстотини години, раѓајќи синови и ќерки“ (Создавање 5:4).

„По раѓањето на Енос, Сит живееше уште осумстотини и седум години, раѓајќи синови и ќерки“ (Создавање 5:7).

Како споредбен пример може да се наведе податокот од Гинисовата книга на рекорди. Таму како најмногудетна мајка е наведена сопругата на рускиот селанец Фјодор Василјев, која, според записите, родила 69 деца, 16 пара близнаци, 7 тројки и 4 четворки. Извор: https://www.guinnessworldrecords.com/world-records/most-prolific-mother-ever?utm_source=chatgpt.com

Овој пример не го наведуваме за да правиме директна споредба со претпотопниот свет, туку за полесно да разбереме како од еден човек или од едно семејство може да произлезе голем број потомци. А ако тоа е можно и во рамките на денешниот, многу пократок човечки живот, тогаш уште поразбирливо е зошто Библијата вели дека пред Потопот „луѓето почнаа да се множат на земјата“, кога знаеме дека тогаш луѓето живееле исклучително долго.

Постојат и приближни, хипотетички пресметки според кои пред Потопот на земјата можело да има од неколку десетици милиони до можеби неколку милијарди луѓе. Се разбира, Библијата не ни дава точен број, па затоа ваквите пресметки треба да се земат само како можност, а не како сигурен податок. Сепак, ова не треба да нè изненадува, бидејќи од создавањето на Адам до Потопот поминале 1656 години, за што сведочат бројките од Писмото:

Татко – возраст кога му се родил синот преку кого продолжува родословната линија:

Адам – 130 години

Сит – 105 години

Енос – 90 години

Каинан – 70 години

Малелеил – 65 години

Јаред – 162 години

Енох – 65 години

Метушелах – 187 години

Ламех – 182 години, кога му се родил Ное.

Според овие податоци, Ное се родил 1056 години по создавањето на Адам. Потопот се случил „во шестстотата година од животот на Ное“, односно 1656 години по Адам. Затоа, ако се земат предвид големата долговечност на луѓето пред Потопот и нивната плодност, сосема е веројатно дека населението на земјата значително се зголемило.

Бидејќи стиховите што ги разгледуваме се однесуваат на времето непосредно пред Бог да одреди уште 120 години до Потопот, може да се претпостави дека во тој период бројот на луѓе бил помал отколку на самиот ден на Потопот. Сепак, и тогаш можело да станува збор за многубројно население.

Но, тука треба да обрнеме внимание на уште една можност. Начинот на кој е напишан библискиот извештај остава простор изразот „луѓето“ да се однесува пред сè на потомците на Каин, односно на каинитите, а не нужно на сите луѓе што потекнуваат од Адам и Ева:

„А кога луѓето почнаа да се множат на земјата, и ќерки им се народија, тогаш синовите Божји видоа дека ќерките човечки се убави…“ (Создавање 6:1,2).

Претходно ја разгледавме, а подоцна повторно ќе се навратиме на оваа поделба на човештвото на две лози: каинити и ситити. Засега ќе забележиме дека, според Писмото, човекот е создаден со двојна природа: од земниот прав и од Божјиот здив.

Под ова се подразбираат моралноста, совеста и одговорноста пред Создателот, односно животот под водство на Божјиот Дух. Таквите луѓе во Писмото се претставени како Божји народ, а во одредена смисла и како синови Божји:

„Воздајте Му на Господ, синови Божји, воздајте Му на Господ слава и моќ, воздајте Му слава на Господ на името Негово, поклонете Му се на Господ во Неговото светилиште… Господ ќе му даде сила на Својот народ, Господ со мир ќе го благослови народот Свој“ (Псалм 29:1,2, 11).

„Зашто сите сте синови Божји преку верата во Христос Исус; сите, што сте крстени во Христос, во Христос се облековте. Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машко – женско; зашто сите вие сте едно во Христос Исус. А, ако сте, пак, вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, и по ветување наследници“ (Галатјаните 3:26-29).

„Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји“ (Матеј 5:9).

Од друга страна, ако човекот не сака да биде воден од Божјиот Дух и не се раководи според Божјите принципи, туку според своите желби, тогаш тој се води од својата телесна, а не од духовната природа. Во Писмото таквиот начин на размислување се нарекува човечки, односно телесен, начин на живот што е одвоен од Бога и подложен на влијанието на гревот:

„Оттогаш почна Исус на Своите ученици да им открива дека Тој треба да отиде во Ерусалим и да пострада многу од старешините, првосвештениците и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне. А Петар Го повлече настрана, почна да Му говори, зборувајќи: ‘Биди милостив кон Себе, Господи; тоа со Тебе нема да се случи!’ Но Тој се заврте и му рече на Петар: ‘Бегај од Мене, сатано! Ти си Ми соблазна, зашто мислиш не за она што е Божјо, туку за она што е човечко’“ (Матеј 16:21-23).

„бидејќи уште сте телесни. И навистина, штом меѓу вас има завист, кавга и неслога, не сте ли телесни и не живеете ли како обични луѓе?“ (1 Коринтјаните 3:3).

Всушност, Павле вели дека ако меѓу верниците има завист, кавга и неслога, тоа покажува дека тие постапуваат телесно, односно по човечки, без водство од Божјиот Дух.

Затоа, враќајќи се на текстот што го разгледуваме, го добиваме следново:

„А кога луѓето почнаа да се множат на земјата, и ќерки им се народија, тогаш синовите божји видоа дека ќерките човечки се убави…“

Во рамките на ова толкување, кога луѓето на земјата се намножиле и им се родиле ќерки, „синовите Божји“ се однесува на потомците на Сит, сититите, односно оние што во тоа време биле Божји народ, водени од Божјиот Дух и кои го очекувале избавувањето на човештвото преку ветениот Месија. Тие верувале во Божјото ветување за идниот Месија и ја покажувале таа вера преку принесување жртви, кои симболично укажувале на Христовата жртва.

Од друга страна, „ќерките човечки“ се однесува на потомците на Каин, каинитите, односно на луѓето кои го отфрлиле Бога и живееле според човечките, телесни желби.

Така, сититите почнале да си земаат жени од каинитите.

Затоа, во рамките на ова толкување, текстот може да се разбере вака:

„А кога луѓето (каинитите) почнаа да се множат на земјата, и ќерки им се народија, тогаш синовите божји (сититите) видоа дека ќерките човечки се убави…“

Веројатно сега е умесно да се каже нешто за гледиштето според кое под „синови Божји“ се подразбираат ангели, а под „ќерки човечки“ – луѓе. Според ова учење, паднатите ангели (а постои и став дека тоа не се паднати ангели, туку оние што не паднале, кои побарале од Бога да бидат на земјата меѓу луѓето) не можеле да се воздржат и стапиле во интимни односи со жени, при што од тие врски се родиле џинови.

Подоцна ќе разгледаме за што всушност станува збор во Писмото кога се говори за раѓањето на џиновите, но засега да видиме, во светлината на Писмото, зошто учењето дека под „синови Божји“ се подразбираат ангели кои имале интимни односи со луѓе е неодржливо.

Прво, природата на човекот и на ангелите суштински се разликува. Писмото вели дека природата на ангелите е поинаква од онаа на луѓето – станува збор за поинакво, подуховно ниво на битие, додека за човекот се вели дека е телесен:

„А на кого од ангелите Бог некогаш му рекол: ‘Седи од Мојата десна страна додека непријателите Твои не ги поставам за подножје на нозете Твои?’ Нели се тие сите служителски духови, испратени да им служат на оние што ќе го наследат спасението?“ (Евреите 1:13,14).

„Ветровите ги правиш Свои гласници, а огнот и пламенот – Свои слуги“ (Псалм 104:4).

„А човекот рече: ‘Еве тоа е коска од моите коски, и плот од мојата плот. Нека ѝ биде името жена, зашто е земена од мажот (свој)!’ Затоа човекот ќе ги остави татко си и мајка си и ќе се прилепи кон жената своја; и (обата) ќе бидат едно тело“ (Создавање 2:23,24).

„И рече Господ: ‘Духот Мој нема вечно да ги одржува во живот луѓето, зашто тие се плот…“ (Создавање 6:3).

Гледаме дека човекот и ангелите имаат различна природа. За интимни односи со човек е потребно човечко тело (плот). Во тие односи, како што вели Писмото, двајцата стануваат едно тело.

Ова покажува дека Ева била создадена од Адамовото тело; таа е „плот од неговата плот“. Бог ја создал како негова соодветна сопатничка и брачен другар, за во најтесно заедништво со него да го исполнува Божјиот план: „Плодете се и множете се, и наполнете ја земјата“.

Ангелите не биле создадени такви и не биле создадени за тоа. За едно духовно битие да стане човек, потребно е да му се даде човечко тело. Писмото ни зборува само за еден случај кога Бог му дал човечко тело на Некој кој претходно имал друга природа и бил водач на небесните ангели, за да го исполни планот на спасението.

И, како што веќе претпоставивте, станува збор за Синот Божји, Христос:

„Поради тоа, влегувајќи во светот, вели: ‘Жртви и дарови Ти не посака, а тело Ми приготви’“ (Евреите 10:5).

Забележете дека тоа тело не Му било дадено како облека, за Тој, бидејќи е тоа што е, да се „облече“ во него и така да стане човек. Не.

За тоа, Христос морал да го помине истиот пат што го поминува секој човек кога доаѓа во овој свет: процесот на формирање на телото во утробата на мајката и раѓањето како бебе:

„Зашто Ти си ја создал мојата внатрешност и ме оформи во мајчината ми утроба. Те прославувам зашто сум чудесно создаден. Прекрасни се Твоите дела; душата моја тоа добро го знае. Ниедна моја коска не се сокри од Тебе, додека настанував во тајност, исткаен во длабините на земјата. Твоите очи го видоа зародишот мој… Колку ми се недостапни Твоите мисли, Боже, колку се многубројни!“ (Псалм 139:13-17).

Никаде во Писмото не наоѓаме дека Бог на некое од небесните битија со поинаква природа му дал човечко тело, ниту пак дека ангелите го добиле преку раѓање од жени.

Затоа, тие немаат можност да имаат односи за кои Писмото вели дека двајцата стануваат едно тело.

Освен тоа, за ангелите е речено дека ниту се мажат ниту се женат, а таков ќе биде и животот на спасените во вечноста:

„Исус им одговори: ‘Се лажете, зашто не ги познавате Писмата, ниту силата Божја; зашто при воскреснувањето луѓето ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку ќе живеат како ангели Божји на небесата’“ (Матеј 22:29,30).

Уште еден доказ дека во шестото поглавје од Создавање не станува збор за ангели, туку за луѓе со различни животни принципи, е следниов:

„А кога луѓето почнаа да се множат на земјата, и ќерки им се народија, тогаш синовите божји видоа дека ќерките човечки се убави и ги земаа, кои ги сакаа, за жени“

Ако стануваше збор за ангели, тогаш тие би биле виновни за она што се случило потоа. Но во Писмото не наоѓаме ниту еден збор дека ангелите биле казнети; казнети биле само луѓето. Бог рече дека ќе ги казни луѓето, а не луѓето и ангелите. Тој се „покаја“ што ги создал луѓето, а не ангелите.

А, според текстот на Писмото (ако би прифатиле дека синовите Божји се ангели), ангелите би испаднале уште повиновни, бидејќи си земале жени:

„И рече Господ: ‘Ќе ги истребам од земјата луѓето што сум ги создал… бидејќи се каам што ги создадов’“ (Создавање 6:7).

Понатаму, размислете сами: ако расипаноста дошла од тоа што ангелите имале интимни односи со жени, тогаш каква врска имаат тука мажите, кога Потопот ги истребил сите, и мажите и жените?

И уште нешто: по тие односи меѓу синовите Божји и ќерките човечки, Бог вели дека секое тело го искривило својот пат на земјата, а под тоа Тој ги подразбира луѓето:

„И Господ виде дека лошотиите меѓу луѓето на земјата се умножуваа…“ (Создавање 6:5).

„И му рече Бог на Ное: ‘Крајот на секое суштество дојде пред очите Мои, зашто земјата се исполни со нивните злодела; и, еве, Јас ќе ги истребам од земјата’“ (Создавање 6:13).

Повторно гледаме: ниту збор за ангелите и нивното казнување, туку казна само за луѓето, за кои е речено дека се „тело“ (плот), а таа дефиниција во Писмото никогаш не се применува за ангелите.

И, на крајот, ако ги погледнеме праведните начела на Божјото владеење, не е логично Бог да ги казни луѓето за нешто во што тие би биле жртви, а не виновници. Божјиот закон јасно покажува дека вината не се припишува на жртвата, туку на оној што го извршил злото:

„Ако, пак, некој сретне во полето девојка свршена, па ја силува, да биде погубен само мажот, кој лежел со неа, а на девојката не правете и ништо; кај девојката нема грев за смрт: тоа е исто, како кога некој го нападне ближниот свој и го убие“ (Второзаконие 22:25,26).

Така, од која било страна да ја разгледуваме теоријата дека во шестото поглавје од Создавање станува збор за интимни односи меѓу наводни ангели и жени, таа е неодржлива. Уште повеќе, таа е во спротивност со текстовите на Писмото, го нарушува контекстот на раскажувањето и оди против Божјите принципи на управување со вселената.

Затоа, колку и да изгледа оваа теорија убава и привлечна, откажете се од неа додека не е доцна, бидејќи воопшто не е безопасна заблуда – таа ќе го помрачи умот и ќе го поведе човекот по патот на изопачено разбирање на Бога, на Неговото слово и на Неговите принципи на владеење. А тоа е сигурна смрт – најпрво духовна, а потоа и физичка.

Бидејќи во текстовите што ги разгледуваме не станува збор за ангели, туку за потомците на Сит (сититите), да видиме што всушност се случило со човештвото пред Потопот, што Го навело Бог да ги уништи речиси сите луѓе, па дури и животните во водите на Потопот.

Да го прочитаме повторно текстот:

„А кога луѓето (каинитите) почнаа да се множат на земјата, и ќерки им се народија, тогаш синовите божји (сититите) видоа дека ќерките човечки се убави и ги земаа, кои ги сакаа, за жени“ (Создавање 6:1,2).

Забележете дека библискиот извештај започнува со тоа дека каинитите се намножиле и им се родиле ќерки. Јасно е дека и сититите се множеле и дека и ним им се раѓале ќерки, за што сведочи и Писмото:

„По раѓањето на Енох, Сит живееше уште осумстотини и седум години, раѓајќи синови и ќерки“ (Создавање 5:7).

„А откако го роди Каинан, Енос живееше уште осумстотини и петнаесет години, раѓајќи синови и ќерки“ (Создавање 5:10).

За секој првенец, потомок на Адам преку Сит, е речено дека му се раѓале и синови и ќерки. Затоа, кај сититите не би требало да има недостиг од жени.

Бог веќе илјадници години одржува рамнотежа на земјата во раѓањето на машки и женски деца. Нивниот број би бил приближно еднаков, доколку не беше начинот на живот на луѓето. Мажите почесто гинат, особено во војни, а исто така повеќе страдаат од неоправдан ризик и погубни навики.

Затоа, иако Бог денес ја надоместува оваа нерамнотежа со поголемо раѓање на машки деца, за да го зачува човечкиот род во правилни семејни односи, сепак, со текот на времето, бројот на мажи станува помал од бројот на жени.

Значи, сититите во тоа време немале недостиг од жени од своето духовно опкружување, па затоа немало потреба да си земаат жени од потомците на Каин, односно од оние што живееле според сосема поинакви принципи, далечни од Божјите.

Создавањето семејство и раѓањето деца се Божји благослов и, ако правилно се користат, водат кон среќа на човекот. Но, штом Божјиот благослов се искористи погрешно, на пример, ако се создаде семејство спротивно на Божјите принципи, тој станува проклетство за оној што го злоупотребува.

Бракот на верник со личност чии ставови се туѓи на вистината неизбежно ќе се одрази врз неговата духовна состојба, а особено врз духовната состојба на децата родени од таков брак.

Веќе рековме дека потомците на Каин тргнале по патот на оддалечување од Бога и од Неговите принципи; тие тргнале по патот на прославување на човекот и неговиот „гениј“, неговите достигнувања и заслуги. Сититите, пак, на почетокот живееле според Божјото слово, негувајќи дух на понизност и покорност на Божјата волја.

Тоа се два сосема различни пристапи кон животот, кои не можат да опстојат заедно, исто како што е невозможно да им се служи на двајца господари, како што рече Исус, или истовремено да се оди во спротивни насоки.

Во Писмото е речено:

„Тргнуваат ли двајца заедно, ако не се договорат меѓу себе?“ (Амос 3:3).

Оваа вистина е особено важна при создавањето семејство. Затоа, при создавањето семејство, луѓето ја одредуваат насоката по која ќе одат, бидејќи не можат да живеат заедно ако одат во спротивни насоки, ќе се изморат и ќе се измачат и себеси и своите деца.

Токму затоа каинитите, како и сититите што преку бракови се измешале со нив, постепено тргнале по ист пат, патот на гревот и духовната деградација, што на крај го довело човештвото до Потопот.

Бог е категорично против таквите бракови:

„Не впрегнувајте се заедно со безверниците; зашто какво заедништво постои меѓу правдата и беззаконието? Што заедничко има меѓу светлината и темнината? Какво согласие може да има меѓу Христос и Велијар? Или, што има заедничко меѓу верник и безверник? Каква спогодба има храмот Божји со идолите? Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог: ‘Ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ.’ ‘Затоа излезете од нивната средина и одделете се!’ Вели Господ, и ‘Не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам! И Јас ќе ви бидам Татко, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки’, вели Господ Седржителот’“ (2 Коринтјаните 6:14-18).

Со кого започна падот и распаѓањето на човештвото? Секако, каинитите беа првите што Го оставија Бога. Но, сè додека сититите се држеа одвоени од нив, и физички и духовно, и имаа допир со нив само за да ги повикаат на покајание, расипаноста не можеше лесно да навлезе меѓу Божјиот народ.

Меѓутоа, кога тоа растојание почна да се губи, не заради проповедање на вистината и спасение на отпаднатите, туку заради лични желби и земни цели, започна општо отстапување од Бога.

И колку и да звучи парадоксално, тоа отстапување не започна од сите ситити одеднаш, туку од поединци меѓу нив, од оние што имале истакната положба меѓу верниците. Во овој случај се потврдува вистината дека кога духовните водачи отстапуваат, нивниот пад повлекува многумина по себе.

„А кога луѓето (каинитите) почнаа да се множат на земјата, и ќерки им се народија, тогаш синовите божји (сититите) видоа дека ќерките човечки се убави…“

Природно е дека меѓу Божјиот народ треба да има ред, а не анархија. Затоа, уште од почетокот, за тој ред се грижеле луѓе со духовен авторитет, луѓе повикани да го претставуваат Бога и Неговите начела меѓу народот.

Но токму тие луѓе, кои ги поучувале другите на Божјата мудрост, не секогаш успевале правилно да ги воспитаат своите деца. Такви примери често среќаваме во Писмото. Доволно е да се сетиме на судијата и пророк Самоил и на неговите синови:

„А кога Самоил остаре, ги постави своите синови за судии над Израел… Но синовите негови не одеа по неговите патишта, туку се впуштија во користољубие, земаа подароци и судеа криво“ (1 Самоилова 8:1-3).

Далеку од идеалот биле и децата на царот Давид, како и синовите на свештеникот Илиј. Такви примери има повеќе во Писмото.

Не е исклучено децата на почитуваните луѓе да се возгордеале поради положбата на своите татковци и да почнале да мислат дека им е дозволено повеќе отколку на другите. Кога човек се потпира на угледот на своето семејство, а не на личен однос со Бога, лесно може да се оддалечи од понизноста и послушноста.

Токму такви луѓе можеби биле меѓу првите што тргнале по опасниот пат на зближување со каинитите. Тоа не им било тешко, бидејќи во нив веќе почнал да се развива истиот дух на човечка гордост и самодоволност што бил карактеристичен за каинитите. А кога во срцето постои ист дух, тогаш надворешното зближување доаѓа многу полесно.

Такви опасности постоеле отсекогаш, а постојат и денес. Децата на духовните водачи, ако не развијат лична вера и сопствена покорност пред Бога, можат да се потпрат на положбата на своите родители и на предностите што таа положба им ги носи. Така лесно можат да го примат духот на светот и да бидат привлечени од она што е световно.

Затоа не смееме да заборавиме дека отстапувањето меѓу верниците често започнува таму каде што одговорноста е најголема, кај оние што имаат влијание и кај нивните семејства. Кога таквите луѓе даваат лош пример, тој пример лесно се пренесува и на другите, кои почнуваат да мислат дека и тие можат да постапуваат на ист начин.

И што видоа тие луѓе?

„… видоа дека ќерките човечки се убави…“

За да ја забележат нивната надворешна убавина, морале да бидат во нивна близина. Тоа покажува дека сититите веќе почнале да се приближуваат до каинитите. Но проблемот не бил само во тоа што се приближиле, туку во тоа што почнале да гледаат на нив со телесни очи.

Тие ја гледале надворешната убавина, но не ја гледале духовната состојба. Го забележале изгледот, но го занемариле карактерот. Така, при изборот на животен сопатник, повеќе се воделе од телесната привлечност отколку од Божјите начела.

Кога човек ќе престане духовно да расте и да бара Божја волја, неговите желби почнуваат да го водат во погрешна насока. Тогаш телесното станува поважно од духовното.

А токму на тоа предупредува Писмото:

„Не љубете го светот и сè што е во него. Ако некој го љуби светот, во него нема љубов од Отецот. Зашто, сè што е во светот – похотата на телото, похотливоста на очите и горделивоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет. А светот е минлив и похотите негови, а оној што ја извршува волјата Божја, останува довека“ (1 Јованово 2:15-17).

Секако, сите разбираме дека ова не значи дека верниците не треба да се грижат за своето тело и за својот надворешен изглед. Напротив, треба да се грижат, бидејќи телото е Божји дар и ние сме одговорни пред Бога како го употребуваме и чуваме.

Но духовното треба да биде на прво место. Кога човек го обликува својот дух според Божјата вистина, тогаш ќе знае каде е границата меѓу правилната, богоугодна грижа за телото и онаа грижа што преминува во суета, похота и грев:

„туку облечете се во Господ Исус Христос, и грижата за телото не претворајте ја во страсти“ (Римјаните 13:14).

За потомците на Каин, кои Го отфрлиле Бога и духовните вредности, животот сè повеќе се сведувал на самовозвишување и самопрославување.

Мажите се возвишувале преку своите пронајдоци, како што гледаме кај Тувал-Каин, или преку многуженство, како што гледаме кај Ламех. Жените, пак, сè повеќе ја истакнувале надворешната убавина, правејќи ја мерило на вредност и предмет на восхит.

Така, вниманието било насочено кон тоа жената или девојката да има привлечен надворешен изглед, додека духовната убавина, разумот и карактерот се занемарувале.

За таква состојба Писмото вели:

„Она што е златна алка на носот кај свињата, тоа е жена убава, но без разум“ (Изреки 11:22).

Жената што го занемарува духовното и ја возвишува само својата надворешна убавина, во Писмото е споредена со свиња со златна алка на носот. Токму на таквата надворешна привлечност, лишена од духовна вредност, паднале децата на почитуваните верници.

Така било некогаш, а така ќе биде и во последните денови на земјата. Истата опасност ќе се повтори: соединувањето на верниците со неверниците, односно на оние што ја знаат вистината со оние што живеат далеку од неа, ќе стане лош пример за многумина.

Кога верниците се соединуваат со светот, духовните начела постепено се напуштаат. Таквите бракови не само што го ослабуваат духовниот живот на оние што ги склучуваат, туку влијаат и врз децата родени во нив, кои уште потешко ќе бидат воспитани во Божјите принципи.

Земјата сè повеќе ќе тоне во расипаност, сè до денот кога второто Христово доаѓање ќе стави крај на гревот и злото:

„… Синовите божји видоа дека ќерките човечки се убави и ги земаа, кои ги сакаа, за жени“.

Од овој текст се гледа дека синовите Божји си земале за жени оние што ги посакувале.

Ова покажува дека тие луѓе толку многу се возгордеале и се сметале за подобри од другите, што биле подготвени да земат дури и туѓа жена, ако им се допаднела по надворешност.

Но тоа не е најстрашното што го правеле во својата расипаност. Да ги забележиме повторно зборовите:

„… И ги земаа, кои ги сакаа, за жени“.

Во овој случај, Писмото покажува дека, иако падот започнал со бракови со луѓе чии ставови биле туѓи на Бога, тој не завршил таму. Откако ја урнале моралната граница, тие луѓе почнале вртоглаво да паѓаат во бездната на гревот.

Со други зборови, својот пад го започнале со избор на жени според надворешната убавина, а потоа преминале кон уште подлабоко морално изопачување. Бидејќи тоа го правеле влијателни луѓе, нивниот пример станал особено опасен за останатите, особено за верниците.

А најстрашно е тоа што, за да му дадат привлечен изглед на своето беззаконие, тие ги издигнале своите безбожни дела речиси на ниво на закон. Нашле начин да ги оправдаат и да ги убедат другите дека тоа е нормално и дека во тоа нема ништо лошо. Луѓето им поверувале и почнале да постапуваат исто.

Токму затоа во Писмото е речено:

„И погледна Бог на земјата, и ете – таа беше расипана: бидејќи секое суштество беше се отклонило од својот пат на земјата. И му рече Бог на Ное: ‘Крајот на секое суштество дојде пред очите Мои, зашто земјата се исполни со нивните злодела; и, еве, Јас ќе ги истребам од земјата’“ (Создавање 6:12,13).

„Јас ќе пуштам потоп, вода, на земјата, за да го истребам под небото секое суштество, во кое има животен дух; сè, што е на земјата, ќе изгине“ (Создавање 6:17).

„Тогаш го изгуби животот секое суштество, што се движеше по земјата: и птиците, и добитокот, и ѕверовите, и сите лазачи, што се влечат по земјата, и сите луѓе; сè, што на копното имаше здив во ноздрите свои, изумре. И се истреби секое суштество што живееше на земјата: од човекот до добитокот, и лазачите, и птиците небески – сè беше истребено од земјата…“ (Создавање 7:21-23).

Забележете дека Писмото зборува за расипаност на „секое суштество“ и за уништување на сè што има животен дух, не само на луѓето, туку и на животните.

Но зошто животните ја делеле таа судбина? Како може едно животно, кое се води од инстинкт, да го „изопачи својот пат“?

Писмото не дава директно објаснување, но јасно покажува дека човекот имал водечка улога на земјата. Затоа е разумно да се заклучи дека расипаноста започнала од човекот и преку него се одразила врз сè што му било доверено и потчинето.

Со други зборови, расипаноста на луѓето довела до општа расипаност на земјата. Затоа судот не го опфатил само човештвото, туку и животинскиот свет.

Во Писмото е речено:

„А, ако некој пристапи кај некое животно, за да се соедини со него, убиј го него и животното: тие треба да бидат убиени – виновни се. И жена ако пристапи до животно, да се соедини со него, да ги убиете и жената и животното – да умрат; виновни се“ (Левитска 20:15,16).

Забележете дека Божјиот закон предвидува смрт и за човекот и за добитокот со кој човекот направил таков грев.

Нешто слично гледаме и во настаните поврзани со Потопот. Загинале луѓето што се расипале, најнапред преку неправедни бракови, а потоа и преку други тешки морални изопачувања, а заедно со нив бил опфатен и животинскиот свет.

Овие гревови, за жал, повторно се појавиле и по Потопот, меѓу потомците на Ное. За тоа Мојсеевото Петтокнижие зборува на повеќе места, со јасни предупредувања и со описи на последиците. Таков очигледен пример е и уништувањето на Содом и Гомора.

Ова зло ќе достигне големи размери во предвечерието на второто Христово доаѓање:

„но, како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки“ (Матеј 24:37).

„Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: жените нивни природните потреби ги заменија со противприродни. И мажите исто така, напуштајќи го природното општење со женскиот пол, се распалија со желби еден кон друг, и вршеа срамни работи мажи со мажи, добивајќи ја заслужената отплата за својата изопаченост. И бидејќи не се обидоа да Го задржат Бога во разумот свој, затоа Бог ги предаде на нивниот изопачен ум – да го прават она што не прилега“ (Римјаните 1:26-28).

Ако некој сè уште се сомнева дека Христовото доаѓање е многу близу, тогаш веројатно не го следи внимателно она што се случува во светот, особено со самата институција на семејството.

Забележете дека, како во деновите пред Потопот, така и денес, многу појави спротивни на Божјите начела се прикажуваат како нормални, па дури и се озаконуваат. Истовремено, оние што не се согласуваат со таквите појави сè почесто се прикажуваат како заостанати, нетолерантни или неразумни. Такви примери има многу низ светот, особено во земјите што себеси се сметаат за цивилизирани.

Уште повеќе, не е тајна што се случува денес со духовните водачи на многу конфесии, а особено со нивните деца.

Наскоро, многу наскоро, ќе дојде нашиот Спасител. Во тоа не треба да се сомневаме.

И така, накратко да се потсетиме што научивме денес од првите два стиха од шестото поглавје на Создавање:
  1. Создавањето семејство и раѓањето деца се голем Божји благослов. Но, ако човек го користи тој благослов спротивно на Божјите начела, тогаш благословот може да се претвори во проклетство. Тоа особено се гледа во бракови со оние што не ја прифаќаат вистината и во воспитување деца во таква духовна средина.
  2. Кога во Создавање се зборува за „синовите Божји“ и „ќерките човечки“, Писмото ги има предвид потомците на Сит и потомците на Каин. Во овие стихови не станува збор за ангели. Таквото учење нема вистинска библиска основа и не е поддржано од Писмото.
  3. Расипувањето на сититите започнало од оние што имале углед и влијание меѓу верниците, но наместо понизност развиле дух на гордост. Така станале слични на каинитите, а кога срцето носи ист дух, надворешното зближување доаѓа многу лесно.
  4. При создавањето семејство човек треба да се води пред сè од духовни критериуми. Надворешната убавина не е без значење, но е второстепена. Божјите деца не избираат само според изгледот, туку според духот, карактерот и односот кон Божјата вистина.
  5. Падот на сититите започнал со неисправни бракови, а потоа продолжил со сè подлабоко морално изопачување, што довело до општа расипаност. Со својот лош пример тие повлекле и други по истиот пат, така што, освен Ное и неговото семејство, тогашниот свет загинал во водите на Потопот.
  6. Сè што се случувало пред Потопот се повторува и во нашите денови, а тоа јасно покажува дека Христовото доаѓање е многу близу.
Сподели го ова:

Поврзани статии

Пребарување

Внесете најмалку 3 букви.