Крилеста змија со златен сјај меѓу плодовите на дрвото во Едем

Но змијата беше полукава од сите ѕверови полски…

Сподели го ова:

По Божја милост, заедно со вас постепено стигнавме до третата глава од Создавање (Битие). Тоа е една од најтажните глави во Писмото, затоа што во неа е опишано како човештвото згрешило и, откако ја загубило вечноста и блаженството, зачекорило по патот на мака, страдање и смрт. Но и во оваа тажна глава, Бог оставил за нас зрак надеж за спасение преку Месијата, велејќи:

„И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Тој ќе ти ја смачкува главата, а ти ќе го каснуваш во петата“ (Создавање 3:15).

Ова сведочи дека Бог, дури и во најгустата темнина, никогаш не ги остава луѓето без зрак на надеж. За тоа големо ветување ќе зборуваме подетално подоцна, во една од следните теми. Но покрај тоа ветување, токму во оваа тажна глава Бог ни оставил и многу духовни поуки. Тие ни даваат одговор на важни прашања: зошто дошло до падот на нашите прародители? И како секој од нас може да го сопре сопствениот пад, лично, секојдневно? Зашто нашиот непријател е ист, а исто се и неговите методи. Значи, дури и во тагата можеме да најдеме нешто корисно за нашите животи. Не случајно рекол мудриот Соломон:

„Тагата е подобра од смеата; зашто, кога е лицето нажалено, срцето (кое го опфаќа целиот внатрешен човек, разумот, волјата, мислите, желбите, емоциите) станува подобро“ (Проповедник 7:3).

Затоа, да бидеме особено внимателни при проучувањето на Писмото, ако сакаме навистина да го победиме гревот и да се здобиеме со вечно спасение, неопходно е да го познаваме непријателот, да ја препознаеме неговата вистинска природа и да ги разбереме начините на неговото делување врз нас. Па така, да започнеме со нашето истражување:

„Но змијата беше полукава од сите ѕверови полски, што ги создаде Господ Бог“ (Создавање 3:1).

Веројатно многумина од вас веќе го имаат прочитано, па дури и препрочитано, овој текст десетици, ако не и стотици, пати. Во овој текст е опишан главниот виновник за човечкиот пад. Но, што би можело да биде нејасно уште во првата реченица од првиот стих на третата глава? Драги мои, кога би знаеле колку различни мислења имаат истакнатите толкувачи на Писмото, само за првата половина од стихот! Некои сметаат дека станува збор за буквална змија која, за разлика од другите животни, можела да зборува, и токму таа го вовела човекот во грев. Како доказ го наведуваат Божјото проклетство, упатено директно на змијата:

„На змијата, пак, и рече Господ Бог: ‘Затоа што си го направила тоа, проклета да си меѓу сите животни и сите полски ѕверови; помешечки ќе се влечеш и прав ќе јадеш сè до крајот на својот живот’“ (Создавање 3:14).

Едни велат дека била казнета змијата, бидејќи Бог рекол дека таа го направила тоа зло; според нив, оној што е казнет, тој е и виновникот. Други тврдат дека тоа бил сатаната, кој зел облик на змија, односно на некој начин се претворил во змија и ја измамил жената, затоа што Бог не им дал на животните способност да зборуваат. Некои сметаат дека се работело за хипноза и дека на жената ѝ се чинело дека зборува со змија, додека всушност зборувала со сатаната. Дополнително, во проклетството што Бог го изрекол врз змијата се содржани зборови што очигледно не се однесуваат на обичното животно, змија, бидејќи змиите, на пример, не прават разлика меѓу машки и женски пол кај луѓето, ниту пак избираат да војуваат токму против жената:

„И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Тој ќе ти ја смачкува главата, а ти ќе го каснуваш во петата“ (Создавање 3:15).

Но при тоа, тие не можат јасно да одговорат на прашањето: зошто тогаш била казнета и самата змија? Зашто, ако навистина станувало збор за сатаната, тогаш змијата нема никаква вина и нема причина да биде казнета. Значи, не е сè толку едноставно како што изгледа на прв поглед во овие, на сите добро познати, стихови. Затоа, да почнеме да ги разгледуваме чекор по чекор. Истражувањето на овие стихови е навистина интересно, но во исто време не е едноставно, би рекол, дури и доста сложено. Затоа, бидете внимателни, а јас ќе се потрудам сè да објаснам јасно и разбирливо. Ќе се движиме со многу мали чекори:

„Но змијата беше полукава од сите ѕверови полски, што ги создаде Господ Бог…“

Која била таа змија?

Во хебрејскиот (еврејскиот) јазик, зборот „змија“ може да се изрази преку неколку различни термини, и секој со своја нијанса на значење:

  • פָּתֶן (paten): обично кобра (понекогаш и питон). Кога е вознемирена, кожата на вратот ѝ се раширува настрана и создава „вратен штит“, како лепеза.
  • צֶפַע (tsefaʿ) – отровна змија – како шарка или поскок;
  • תַּנִּין (tannīn): змија,  змев или морскочудовиште;
  • נָחָשׁ (nāḥāch): змија.

Кога ќе ги погледнеме различните зборови што во хебрејскиот јазик се користат за „змија“, се појавува прашањето: по што се разликуваат меѓусебно? Првите три се однесуваат на различни видови змии, а четвртиот е особено интересен, затоа што не значи само „змија“. Мојсеј, опишувајќи ја историјата на падот на човекот и говорејќи за змијата, го користи токму овој четврти збор, נָחָשׁ (nāḥāch), кој, покрај „змија“, значи и волшебство, маѓепсништво, предвидување и гатање. Тоа не е случајно, туку упатува дека зад спомнувањето на змијата стои подлабоко значење за нејзината улога во библиската приказна. Во продолжение следуваат библиски текстови што го потврдуваат тоа:

„Не е ли тоа чашата, со која пие мојот господар? А тој на неа ги чита и претскажувањата (נַחֵשׁ יְנַחֵשׁ – nahesh yenakhesh)! Тоа што го направивте е лошо“ (Создавање 44:5).

„Не јадете ништо со крв; не вражајте (לֹא תְנַחֲשׁוּ – lo tenahashu)и не гатајте“ (Левитска 19:26).

„Нема магии (נַחַשׁ – nahach) кај Јаков, нема волшепства во Израел; некогаш ќе речат за Јаков и за Израел: ете, што направи Бог“ (Броеви 23:23).

„Кога Валаам забележа дека Му е мило на Господ да го благословува Израел, не сакаше веќе да оди во потрага по знаци за баење (נְחָשִׁים – nehashim), туку се сврти со лицето кон пустината“ (Броеви 24:1).

Зошто, тогаш, Мојсеј, од сите зборови што значат „змија“, го избрал токму оној што не се однесува само на змија како животно, туку и на змија поврзана со гатање, прорекување, волшебство и баење? Тоа не е случајно. Со таков избор, тој укажува дека зад настанот стојат натприродни сили, а нивниот извор е сатаната, сили со кои, според Писмото, човекот строго не смее да има никаква врска. Ајде да ги разгледаме библиските стихови што го потврдуваат тоа:

„Вражарка да не оставате жива“ (Излез 22:18).

„… не вражајте и не гатајте“ (Левитска 19:26).

„Да не се најде меѓу вас човек кој го тера синот свој или ќерката своја да помине преку оган, заради очистување, или да претскажува, да гата, или, пак, маѓепсник, бајач, или што повикува духови, ниту, пак, волшебник, ни таков што разговара со мртви; зашто, секој, кој го прави тоа, е гнасен пред Господ, и токму поради тие гнасотии Господ, твојот Бог, ги изгонува од пред тебе. Биди непорочен пред Господ, твојот Бог; зашто тие народи, што ти ги прогонуваш, ги слушаат гатачите и претскажувачите, а тоа Господ, твојот Бог, на тебе ти го забранил“ (Второзаконие 18:10-14).

„Не одете по оние што повикуваат духови на мртви, и до маѓесници не доближувајте се, и не дозволувајте да ве осквернат. Јас сум Господ, Бог ваш“ (Левитска 19:31).

„И ако некој човек тргне по оние што повикуваат мртви, и по маѓесници, за да го следат нивното блудство, Јас ќе го свртам лицето Мое против тој човек и ќе го истребам од народот негов. Осветувајте се и бидете свети, зашто Јас сум Господ, вашиот Бог“ (Левитска 20:6,7).

Цар Саул еднаш се осмели да не му се покори на Бог и се обрати кај жена што повикува духови, која настапи како медиум, посредник, преку кого со Саул говорел самиот сатана, појавувајќи се во обликот на одамна починатиот пророк Самоил:

„И им рече Саул на слугите свои: ‘Најдете ми жена што повикува духови, и јас ќе одам кај неа и ќе ја прашам.’ И му одговорија неговите слуги: ‘Тука во Ен-Дор има жена што повикува духови.’ И ги соблече Саул алиштата свои и облече други, и тргна тој и двајца луѓе со него, и дојдоа кај жената ноќе. И и рече Саул: ‘Те молам, гледај ми, и повикај ми, кого што ќе кажам’“ (1 Самуилова 28:7,8).

И за ова беззаконие Бог го казни Саул со смрт:

„А Така умре Саул поради своето беззаконие, што го направи пред Господ, зашто не ги запази зборовите Господови и се допрашуваше до вражачите, а не Го побара Господа. Затоа Тој и го погуби и царството негово го предаде на Давид, Јесеевиот син за ова беззаконие, Господ го предаде Саула на смрт“ (1 Летописи 10:13,14).

На овој пример гледаме дека сите гатачи, волшебници, маѓепсници и други пријатели на ѓаволот работат во овој свет за својот господар, сатаната, поради што Бог строго ги предупредува луѓето да немаат никаква врска со нив. Еден од начините на нивното делување, како што гледаме и во случајот со царот Саул, е спиритистичката сеанса, ситуација во која сатаната говори преку посредник, живо суштество што го користи како медиум.

Токму поради тоа Мојсеј, од сите зборови што можел да ги употреби за да ја опише змијата, го избрал токму зборот נָּחָשׁ (nāḥāch), затоа што тој најдобро го пренесува вистинскиот идентитет на оној што зборувал со жената. Овој збор има двојно значење: од една страна се однесува на змија како живо суштество, а од друга страна упатува на гатање, волшебство, маѓепсување и спиритистичка сеанса, ситуации во кои сатаната говори преку медиум, преку посредник.

Значи, пред жената навистина стоела змија, Божјо создание, но преку неа, како преку гласник, говорел отпаднатиот ангел, сатаната. Многумина можеби ќе речат: „Тоа не е можно!“, но сетете се на примерот со Саул, кога сатаната прво говореше преку жената што повикува духови, а потоа се прикажа како починатиот пророк Самоил. Сетете се и на предупредувањата што Писмото ни ги дава за методите на ѓаволот:

„И не е за чудење! Па и самиот сатана се преправа во ангел на светлината“ (2 Коринтјаните 11:14).

Ако внимателно го разгледаме искушението на Христос во пустината, ќе забележиме дека Тој не го препознава веднаш Оној што стои пред Него и му зборува. Всушност, токму во тоа се состоела силата на искушението, во тоа што, на почетокот, Христос не знаел дека пред Него е токму сатаната. Дури при третото искушение, кога сатаната јасно побарал од Него да му се поклони, Христос разбрал кој стои пред Него и тогаш го нарекол по име:

„А кога се приближи до Него, искушувачот Му рече: ‘Ако си Син Божји, заповедај овие камења да станат лебови.’ А Тој му одговори и рече: ‘Напишано е – Човек не живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога.’Тогаш ѓаволот Го одведе во Светиот град и Го постави на стреата од храмоти Му рече: ‘Ако си Син Божји, скокни долу, зашто напишано е: На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе да Те запазат и на раце ќе Те земат за да не Си ја сопнеш ногата од камен. ‘А Исус му рече: ‘Напишано е исто така – Не искушувај Го Господ, Твојот Бог.‘Потоа ѓаволот го одведе на многу висока планина и Му ги покажа сите царства на светот и нивната славаи Му рече: ‘Сето ова ќе Ти го дадам, ако паднеш и ми се поклониш.’ Но, Исус му рече: ‘Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: На Господ, Твојот Бог, да Му се поклонуваш и само Нему да Му служиш’“ (Матеј 4:3-10).

Причината поради која Синот Божји не го препознал веднаш оној што стоел пред Него, е тоа што сатаната му пришол маскиран, во облик на ангел на светлината, претставувајќи се како Божји ангел:

„И не е за чудење! Па и самиот сатана се преправа во ангел на светлината“ (2 Коринтјаните 11:14).

„Тогаш на Спасителот, како на одговор на Неговите молитви, му пристапил некој во облик на небесен ангел. Тој тврдел дека по налог добиен од Бога објавува дека Христовиот пост е завршен. Како што Бог му испратил ангел на Авраам и му ја задржал раката да не го жртвува Исак, така Таткото, задоволен од Христовата подготвеност да тргне по крвавата патека, испратил ангел да го избави; тоа била веста што му била донесена на Исуса. Спасителот бил исцрпен од гладот, Тој копнеел по храна, кога сатаната му пристапил. Покажувајќи на камењата кои биле расфрлани низ пустината и прилегале на лебови, искушувачот рекол: ‘Ако си Божји Син, нареди овие камења да станат лебови’. 

Иако се појавил како ангел на светлината, овие први зборови го издале неговиот карактер. ‘Ако си Божји Син’. Овде лежи навестување на сомнеж. Искушувачот имал намера да го совлада Христа со исти средства, кои со толкав успех го употребувал на човечкиот род во почетокот. Колку вешто сатаната и се приближил на Ева во Едем! ‘Вистина ли е дека Бог рекол: ‘Не смеете да јадете од секое дрво во градината’?“ (Создавање 3:1) Досега зборовите на искушувачот биле вистинити, меѓутоа, во начинот на кој биле изговорени се наоѓало прикриено омаловажување на Божјите зборови. Имало прикриено негирање, сомневање во божествената вистинитост. Сатаната се обидувал во умот на Ева да ја влее мислата дека Бог нема да постапи така како што  рекол, дека задржувањето на тој прекрасен плод е во спротивност со Неговата љубов и сочувство кон човекот. Така и сега искушувачот се трудел да му ги наметне своите сфаќања на Христа. ‘Ако си Божји Син’. Тие зборови гореле со огорченост во неговиот ум. Тонот на неговиот глас оддавал крајна недоверба. Дали Бог така би постапил кон својот Син, оставајќи го во пустината со диви ѕверови, без храна, без друштво, без утеха? Искушувачот навестува дека Бог немал намера Неговиот Син да се најде во таква состојба. ‘Ако си Божји Син покажи ја Својата моќ, ослободувајќи се од гладот што те мачи. Заповедај им на овие камења да се претворат во лебови’”

(Копнежот на вековите, 118).

Затоа, дури при третото искушение, кога сатаната побарал Христос да му се поклони, станало јасно дека тоа не е никаков пратеник од небото, туку противникот на вистината, самиот сатана. Вистински и верен ангел Божји никогаш нема да бара поклонување за себе, туку напротив, секогаш ќе го спречи таквиот чекор и ќе упати на Бога, на Кого единствено Му се поклонуваме:

„И ми рече: ‘Напиши – блажени се поканетите на свадбената вечера кај Јагнето!’ А ми рече уште: ‘Ова се вистински Божји зборови!’ И паднав пред нозете негови да му се поклонам; но тој ми рече: ‘Стој, и јас сум слуга како и ти и браќата твои, што го имаат сведоштвото Исусово; поклони Му се на Бога…“ (Откровение 19:9,10).

„И јас, Јован, го видов и го чув ова; и кога го чув и видов, паднав за да се поклонам пред нозете на ангелот, кој ми го покажа ова. Но тој ми рече: ’Стој, немој, зашто и јас сум слуга како ти, и браќата твои – пророци и оние што ги држат зборовите на оваа книга. Поклони Му се на Бога’“ (Откровение 22:8,9).

Не треба да се потценува ѓаволот. Сатаната е толку лукав што, за своите измамнички цели, знае да ги искористи дури и оние што Го љубат Бога и Неговиот Син, но сè уште не ја разбираат целосно вистината. Такво нешто се случи и со апостол Петар:

„Оттогаш почна Исус на Своите ученици да им открива дека Тој треба да отиде во Ерусалим и да пострада многу од старешините, првосвештениците и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне. А Петар Го повлече настрана, почна да Му говори, зборувајќи: ‘Биди милостив кон Себе, Господи; тоа со Тебе нема да се случи!’ Но Тој се заврте и му рече на Петар: ‘Бегај од Мене, сатано! Ти си Ми соблазна, зашто мислиш не за она што е Божјо, туку за она што е човечко’“ (Матеј 16:21-23).

Дозволете ми да ви прочитам уште еден одломок од книгата „Копнежот на вековите“, каде што овој момент е прекрасно опишан, гледан од аспект на тоа како сатаната го искористил апостол Петар за да го искуша Христос:

„Сатаната се обидел да го обесхрабри Исуса и да го одврати од Неговата мисија, а Петар во својата слепа љубов давал поддршка на искушението. Кнезот на злото бил творец на тие мисли. Зад таа импулсивна изјава се наоѓал неговиот поттик. Сатаната во пустината му нудел на Христа да се откаже од Својот пат на понижување и жртвување нудејќи му да владее со овој свет. Сега во тоа исто искушение го довел Христовиот ученик. Тој се обидувал да го насочи погледот на Петар на земната слава, за да не може да го види крстот на кој Исус сакал да го насочи Својот ученик. И преку Петар, сатаната повторно го наметнувал тоа искушение врз Исуса. Но, Спасителот не го земал тоа во обѕир; Неговите мисли биле за Неговиот ученик. Сатаната се испречил помеѓу Петар и неговиот Учител со цел да го спречи срцето на ученикот да не биде допрено со визијата за Христовото понижување заради него. Христовите зборови не биле упатени на Петар, туку на оној, кој се обидувал да го одвои од неговиот Откупител. ‘Бегај од Мене, сатано’. Не се поставувај повеќе помеѓу Мене и Мојот заблуден слуга. Јас сакам директно да му се обратам на Петар, за да му ја откријам тајната на Мојата љубов“

(Копнежот на вековите, 416).

Знаејќи го сето тоа, и враќајќи се повторно на змијата-искушувач во Едемската градина, гледаме дека токму затоа Мојсеј го употребил зборот נָּחָשׁ (nāḥāch) со значењето „змија“, бидејќи само овој збор целосно открива кој всушност зборувал со жената. Со неа зборувал самиот сатана, а змијата била само видлив образ, посредник преку кој тој се послужил. Дополнителен доказ за тоа е фактот дека дарот на говорот, кој е показател за разум и свесност, Бог го дал исклучиво на човекот. Ниту едно животно не го поседува тој дар, зашто, според Писмото, животните се суштества без говор, без способност за изразување со зборови и без разум како оној што го има човекот. Сето тоа јасно покажува дека со жената не зборувало животно, туку разумно суштество, сатаната, кој ја искористил змијата како алатка, како средство за да ѝ се обрати:

„… како неразумно животно, во тоа се распаѓаат“ (Јуда 1:10).

„А тие, како неразумни животни, созданија по инстинкт…“ (2 Петрово 2:12).

Кога Адам им давал имиња на сите животни, го правел тоа врз основа на нивните особености и карактеристики. Доколку змијата била толку разумна што можела слободно да зборува, па дури и да расудува за духовни работи, Адам сигурно би го забележал тоа и би имал соговорник кој по разум би бил рамноправен нему. Но, во Писмото јасно стои дека за човекот не се нашол никој што би му одговарал, барем во комуникацијата. Затоа, врз основа на Писмото, нема сомнеж дека змијата, како животно, немала способност да зборува. А штом е така, тогаш преку неа зборувал некој друг, непријателот на Бог и Неговиот Син, односно сатаната, паднатиот ангел.

На хебрејски, зборот за змија е „נָּחָשׁ“ (nāḥāch) и потекнува од зборот „lenachesch“, што значи „откривање тајни“. Прикривајќи се зад змијата, сатаната сака да се прикаже себеси како добротвор на луѓето, како оној што им ги открива скриените тајни, што според него ќе им донесат добро. Според сатаната, ако Бог ги сокрил овие тајни, тоа значи дека Тој не му мисли добро на своето создание. Но, во реалноста, сатаната е лажго. Оној што навистина сака добро, нема да се крие ниту да го прикрива своето лице зад други, зашто вистината не бара прикривање. Ѓаволот, напротив, токму тоа го прави – се претставува како оној што „открива тајни“, но всушност искушува и воведува во грев, криејќи го својот вистински облик на паднат ангел, за луѓето да не разберат кој навистина е тој и колку се променил во споредба со тоа каков бил пред своето паѓање. Не сакајќи луѓето да сфатат кој е навистина, тој доаѓа во облик на други суштества или се претставува како ангел на светлината, што одамна, по својот бунт против Бог и Неговиот Син, повеќе не е. И сето тоа го прави за да збунува, измамува и заведува. 

Така постапувале и постапуваат предавниците, како на пример Јуда, кој дошол на Вечерата во облик на Христов ученик, а не како предавник. Истото го направил и во Гетсиманската градина, кога довел војници за да го фатат Христа, па дури и го бакнал Исуса, обидувајќи се да покаже дека не му е непријател, туку пријател. Заведувањето преку лага е токму стилот на сатаната.

А најголемото заведување го очекува светот во блиска иднина, кога сатаната ќе се појави во облик на Христос, настојувајќи да го обедини човештвото разделено од војни и злоба. Тој ќе тврди дека ја укинал Божјата сабота и ќе прогласи недела за ден на празнување во чест на „неговото воскресение“, претставувајќи се себеси како вистинскиот Христос. Во тој момент, речиси целиот свет ќе биде заведен, дури и многу верници, затоа што измамата ќе изгледа неодолива:

„Како круна во големата драма на измама, самиот сатаната ќе се прикаже како Христос. Црквата долго тврдела дека го чека доаѓањето на Спасителот како исполнување на нејзините надежи. Сега големиот измамник ќе создаде впечаток дека Христос веќе дошол. Во различни делови на светот, сатаната ќе се појави меѓу луѓето како величествено суштество со заслепувачки сјај, слично на описот на Божјиот Син во Јовановото Откровение (Откровение 1:13-15). Славата што ќе го опкружува ќе го надмине сето она што некогаш виделе смртните очи. Низ воздухот ќе одекнува победнички извик: ‘Христос дошол, Христос дошол!’ Народот ќе паѓа ничкум пред него; тој ќе ги подигне рацете и ќе ги благослови како Христос што ги благословувал Своите ученици кога живеел на Земјата. Неговиот глас ќе биде благ и придушен, но полн со мелодија. Со благ и чувствителен тон ќе изнесува некои прекрасни небесни вистини што ги изговорил Спасителот. Ќе лекува болести кај народот, а потоа, имитирајќи го Христовиот карактер, ќе тврди дека саботата ја променил во недела и на сите ќе им заповеда да го празнуваат денот кој Тој го благословил. Ќе каже дека оние кои упорно го празнуваат седмиот ден, го обесчестуваат неговото име, зашто одбиваат да ги слушаат неговите ангели што ги пратил кај нив со светлина и вистина. Ова ќе биде силна, речиси неодолива измама. Како и Самарјаните, кои биле измамени од Симон вражарот, народот, од најмалиот до најголемиот, ќе поверува во оваа магиска измама, велејќи: ‘Овој е голема Божја сила’ (Дела 8:10)“

(Големата борба, 624).

За голема жал, луѓето ќе бидат измамени, огромното мнозинство ќе падне во заблуда, заборавајќи дека на сличен начин беше заведена и Ева од сатаната покрај забранетото дрво. Како што тогаш, во Едемската градина, сатаната се појави на начин што никој не го очекуваше, така ќе биде и на крајот на времето. Првите луѓе беа предупредени за бунтот на сатаната на небото, но не можеле ни да замислат дека преку едно обично создание, змијата, со нив ќе зборува паднатиот ѓавол. Без да се посомневаат, тие паднаа во грев и станаа смртни, а со нив и ние, нивните потомци. И на крајот на времето, никому ни на ум нема да му падне дека сатаната ќе се појави маскиран како Христос, правејќи чуда на исцелување и носејќи пораки за мир за целиот свет. Ако луѓето не го разберат тоа во светлината на Писмото и не сфатат дека токму тој е непријателот за кој Бог предупредува во Своето Слово, огромното мнозинство ќе биде заведено и ќе ја изгуби надежта за вечен живот. Затоа, со најголема сериозност и ревност треба да ги проучуваме Писмата за да ги разбереме принципите на големата борба меѓу Бог и ѓаволот. Кога човек ќе го сфати основниот принцип и она што стои во срцето на таа борба, а тоа е целосната послушност кон Бог и Неговиот закон, тогаш, разбирајќи го тоа, ќе може да препознае секое заведување од ѓаволот, без разлика преку кого или како доаѓа. Затоа, драги мои пријатели, нашето спасение зависи од нашата желба да ја познаеме Божјата волја и да живееме според неа.

Да продолжиме понатаму со текстот:

„Но змијата беше полукава од сите ѕверови полски, што ги создаде Господ Бог“ (Создавање 3:1).

Јасно е дека кога тука се зборува за змијата, не се мисли само на животното како ползечко суштество, туку и на сатаната, кој зборувал преку неа. Тоа го потврдуваат и Божјите зборови упатени кон змијата, во кои е изречена казна и за самото животно, и за сатаната кој дејствувал преку неа:

„На змијата, пак, и рече Господ Бог: ‘Затоа што си го направила тоа, проклета да си меѓу сите животни и сите полски ѕверови; помешечки ќе се влечеш и прав ќе јадеш сè до крајот на својот живот! И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Тој ќе ти ја смачкува главата, а ти ќе го каснуваш во петата’“ (Создавање 3:14,15).

Така, кога во Писмото се вели дека змијата била најлукава од сите полски ѕверови што ги создаде Бог, во тие зборови се кријат две значења. Првото се однесува на самото животно, змијата, која навистина била полукава од сите други животни создадени од Бог. Второто значење се однесува на сатаната, кој зборувал преку неа. Се сеќавате, многупати сме зборувале дека земјата е создадена како живо училиште и дека сите живи суштества, освен човекот, кој е создаден според Божјиот образ и подобие, претставуваат симбол на сите создадени разумни суштества, вклучувајќи ги и ангелите. Луцифер, кој по својот бунт стана сатана, се покажа како најлукав меѓу сите созданија. И, како што гледаме, сличното секогаш го привлекува сличното: сатаната најде „пријател“ сличен на себеси во лукавството, змијата. Овој принцип е непроменлив и на крајот на времето сите што во своето срце имаат дух на светост, желба да живеат во добрина, морал и чест, ќе се обединат во еден Божји народ. А оние што во срцето носат бунт и желба да живеат во грев, што е духот на ѕверот, исто така ќе се обединат во Вавилон, народот кој ќе го прими жигот на ѕверот. Сличното секогаш се привлекува кон слично. Затоа, прашањето за спасението не е толку прашање на припадност кон некоја видлива црква, колку што е прашање на целосна припадност кон невидливиот Бог и верност кон Него преку послушност на Неговите заповеди!

Значи, змијата била полукава од сите. Ајде најнапред да разгледаме во што, всушност, се состоела нејзината „лукавост“. Кога Бог, преку Својот Син, ги создавал сите живи суштества, Тој однапред одредил каква ќе биде храната за секое од нив:

„И Бог рече: ‘Еве, ви дадов (на луѓето) секакви билки што даваат семе (житарки, јаткасти плодови) по целата земја, и секакви дрвја што во себе имаат семе според својот род и вид (овошје); тоа да ви биде за храна!А на сите земни ѕверови, и на сите небески птици, и на сè што се движи (и лази) по земјата, во кое има жива душа, им ги дадов сите тревни растенија за храна.’ Така и стана“ (Создавање 1:29,30).

„За да дознаеме која храна е најдобра, мораме да го проучиме првичниот Божји план за исхраната на луѓето. Оној, Кој го создал човекот и Кој ги разбира неговите потреби, му ја одредил храната на Адам. ‘Еве’ – рекол Бог, ‘ви дадов секакви билки што даваат семе… и секакви дрвја, што во себе имаат семе според својот род и вид; тоа да ви биде за храна!’ (Создавање 1:29) Кога го напуштил Едем и тргнал да си обезбеди живот, обработувајќи ја Земјата под проклетството на гревот, на човекот му било дозволено да јаде и ‘трева полска’ (Создавање 3:18). Житарките, овошките, зеленчукот и зрнестите (јаткасти) плодови ја претставуваат исхраната што Творецот ја избрал за нас. Оваа храна, подготвена на наједноставен и најприроден можен начин, е најздрава и најхранлива. Таа ги зголемува силата, издржливоста и острината на умот, што не може да се постигне со посложена и постимулативна исхрана“

(Здравје и среќа, 296).

Мислам дека се сеќавате дека зборовите „и стана така“, за кои зборувавме во претходните теми, имаат две значења: првото е дека нешто се случило во истиот момент кога било извршено, а второто е дека така останало понатаму, за целото наредно време на постоењето на Земјата.

Бог одредил само луѓето да се хранат со плодовите од дрвјата, а на животните тие не им биле дадени за храна. Меѓутоа, змијата, по своја волја, решила да јаде од плодовите на дрвјата, што претставувало непослушност кон Божјата волја. Нејзината лукавост се состоела во тоа што, набљудувајќи ги луѓето и гледајќи дека тие се хранат со плодови, почнала да ги имитира. Тоа го забележал сатаната, кој, користејќи ја својата ангелска сила, влијаел врз змијата и ја насочил да се најде токму на дрвото на познавањето на доброто и злото, каде што планирал преку неа да ги воведе луѓето во грев и непослушност кон Бог. Тука се појавува и едно важно прашање: зошто токму змијата, а не некое друго животно, го насочила своето внимание кон плодовите на дрвјата и почнала да го имитира човекот? Денес, кога ги гледаме змиите, ги гледаме како ползат по земјата долу, под нозете, и обично не покажуваат интерес за она што се случува на дрвјата, иако понекогаш знаат да се искачат на нив. Но не треба да заборавиме дека тие станале вакви, што лазат по земјата, дури по Божјото проклетство:

„На змијата, пак, и рече Господ Бог: ‘Затоа што си го направила тоа, проклета да си меѓу сите животни и сите полски ѕверови; помешечки ќе се влечеш и прав ќе јадеш сè до крајот на својот живот’“ (Создавање 3:14).

Од сето ова не е тешко да се заклучи дека пред Божјото проклетство змијата не ползела по земјата, туку или одела, или летала. Што од тоа е точно, можеме подобро да разбереме со помош на Писмото, каде што во книгата на пророкот Исаија се спомнуваат летечки змии.

„… од каде што излегуваат лавови и лавици, змии и змејови што летаат…“ (Исаија 30:6).

„Таму ќе се гнезди змија, ќе снесува јајца, ќе лежи на нив, ќе ги извади во твојата сенка; таму ќе слетуваат јастребите еден по друг“ (Исаија 34:15).

„… зашто од змискиот корен ќе излезе отровница и плодот нејзин ќе биде змеј што лета“ (Исаија 14:29).

Во пророчката книга Откровение, кога се зборува за ѓаволот, се користи симболиката на змијата, а тој е наречен и голем змев:

„И беше исфрлен големиот змев старата змија, наречена ѓавол и сатана, која ја мами целата вселена, беше соборена на земјата, и заедно со неа и ангелите нејзини беа исфрлени“ (Откровение 12:9).

Од ова можеме да заклучиме дека Писмото никаде не навестува дека змијата можела да оди, но постојат индикации дека можела да лета. Интересно е што речиси сите народи во светот имаат епови, преданија и легенди во кои се спомнува летечка змија или змев. Затоа, од двете можни претпоставки за нејзиното движење пред проклетството, поверојатно е дека таа летала. Тоа би значело дека змијата имала крилја и, летајќи, можела да слета на кое било дрво и одблиску да ги набљудува луѓето додека се хранат со неговите плодови:

„Змијата во тоа време била едно од најмудрите и најубавите созданија на земјата. Имала крилја, и додека летала низ воздухот, изгледала засенувачки сјајна, бидејќи имала бои кои на сонцето се прелевале како измазнето злато. Се одмарала во богато начичканите гранки на забранетото дрво и се насладувала со неговите вкусни плодови; тоа била сцена што го плени вниманието и го восхитува погледот на посматрачот“

(Патријарси и пророци, 53).

Значи, лукавството на змијата како животно се состоело во тоа што одлучила да јаде храна што не ѝ припаѓала, туку била наменета за човекот, кој имал повисок статус од неа. Во тоа таа не се разликувала многу од сатаната. Како што знаеме, сите животни биле создадени како симболи или претстави на разумните суштества во вселената, додека мажот и жената биле создадени според Божјиот образ и подобие. И змијата посакала нешто што според статус не ѝ припаѓало, туку било дадено на луѓето. На сличен начин, сатаната посакал нешто што по право не му припаѓало нему, туку му припаѓало на Бог и Неговиот Син – тој копнеел по возвишена положба во вселената. Во тоа се состоело неговото лукавство на небото: во желбата да присвои нешто што не му припаѓа. Затоа, кога зборуваме за змијата и нејзиното лукавство, не мислиме само на лукавството на животното, туку и на она на ѓаволот, бидејќи во својот дух тие се слични. Рековме дека тие, на некој начин, се „договориле“ – и тоа не е изненадувачки, затоа што оној што не го слуша Бог се изедначува со животно кое има само телесни желби, но нема во себе божествена природа, односно моралност и совест. Така, сатаната, откако се побунил против Бог, од највозвишено создание се сведол на животинско ниво – и токму затоа во животното нашол сојузник.

Интересен е уште еден многу важен духовен момент, кој станува видлив при читањето на Писмото на јазикот на оригиналот, односно на хебрејски, светиот јазик. Зборот „лукав“, arum, има две значења, исто како и зборот за змија, nachash. И тоа не е за чудење, бидејќи овде се зборува за две личности, за змијата и за сатаната. Така, зборот arum, покрај значењето „итар“ или „лукав“, има и друго значење, „гол, обнажен“. А тоа, пак, укажува на две нешта:

  1. Голотијата може да се смета за симбол на едноставност и природност. Кога човекот е едноставен, тој се облекува едноставно, а голотијата претставува врв на едноставност и природност, без никаква сложеност или преправање, сè е отворено и природно. Нудистите, на пример, им велат на оние што не го разбираат нивното однесување: „Бидете поедноставни како нас, не се оптоварувајте со комплекси!“
  2. Во Библијата, облеката е симбол на праведност. Затоа, без облека, односно голи, се претставени грешниците и безбожниците.

„И и се даде да се облече во чист и светол висон. А висонот е праведноста на светиите“ (Откровение 19:8).

„Само, да се најдеме облечени, а не голи“ (2 Коринтјаните 5:3).

Голотијата навистина може да се сфати како симбол на едноставност и природност, но Писмото учи дека облеката е симбол на праведноста, а без облека се најдоа грешниците и безбожниците. Привидната едноставност често е опасна маска на лукавството. Луѓето кои се сметаат себеси за „едноставни“ неретко ја оправдуваат својата недозволена или некултурна постапка со тврдењето дека правилата се непотребни формалности. Змијата, кога ја измамила жената, се претставила како „едноставна“ и невина, но токму во таа лажна едноставност се криела опасноста и бунтот против Божјите заповеди.

Втората страна на поимот „голотија“ во Писмото е духовната голотија, да се биде без облеката на Божјата праведност значи да се биде во грев. Сатаната, откако згрешил и останал духовно „гол“, се сокрил зад обликот на змијата за да зборува со луѓето, додека Божјите ангели комуницирале лице в лице, без прикривање. Верните на Бога немаат потреба да кријат ништо, ниту со лукавство, ниту со итрина.

„Но змијата беше полукава од сите ѕверови полски, што ги создаде Господ Бог“ (Создавање 3:1).

Во последните зборови од овој текст што го истражуваме може да се добие впечаток дека Бог не создал само змија, туку змија која била лукава. Но, дали навистина е така? Веќе во овие зборови има навестување дека Бог нема никаква врска со тоа.

Прочитајте го текстот внимателно и поставете си го прашањето, бидејќи одговорот се крие токму во него: Дали Бог ја создал змијата лукава? Во текстот стои дека змијата била полукава од кого? Одговорот гласи: „од сите ѕверови полски, што ги создаде Господ Бог.“ Тоа значи дека уште во самиот текст се прави разлика меѓу Божјите дела, создавањето на сите полски животни, и оваа лукава змија, која, наместо да биде на полето, се нашла во градината, на едно дрво. Да се потсетиме и на тоа дека Бог ѝ определил на змијата храна, соодветна на нејзината положба:

„А на сите земни ѕверови, и на сите небески птици, и на сè што се движи (и лази) по земјата, во кое има жива душа, им ги дадов сите тревни растенија за храна. Така и стана“ (Создавање 1:30).

А таа, користејќи ги своите способности за летање што ѝ биле дадени од Бог, самоволно решила да си одреди поинакво мени за исхрана. Токму во тоа се открива нејзината лукавост, за која Писмото вели: „змијата беше полукава од сите ѕверови полски.“ Колку само сето ова потсетува на падот на сатаната на небото, кому Бог при создавањето му дал посебни предности, како убавина и мудрост – но што направил тој со нив?

„… вака вели Господ Бог: ти си печат на совршенство, полнота на мудроста и венец на убавината. Ти беше во Едем, во Божјата градина; твоите облеки беа украсени со секакви скапоцени камења: рубин, топаз, дијамант, берил, оникс, јаспис, сафир, тиркиз, смарагд и злато, сите вешто исткаени и нанижани на тебе, приготвени во денот кога беше создаден. Ти беше помазан херувим – заштитник, и Јас те поставив за тоа; ти беше на светата Божја гора, одеше среде огнени камења. Ти беше совршен во патиштата свои, од денот кога беше создаден, сè додека не се најде во тебе беззаконие… Од твојата обилна трговија се исполни со неправда и ти згреши; и Јас те соборив како нечист од Божјата гора, те истерав тебе, херувиме – заштитник, среде огнени камења. Од убавината твоја се возгордеа срцето твое, поради богатството твое си ја загуби мудроста своја…“ (Езекиел 28:12-17).

И злоупотребувајќи ги даровите што Бог му ги дал при создавањето, тој посакал нешто што не му било дадено и што, според неговата положба како создадено суштество, не му припаѓало:

„А во срцето свое си велеше: ‘Ќе се искачам на небото, ќе го издигнам престолот свој погоре од Божјите ѕвезди… ќе се искачам до висините на облаците, ќе бидам рамен на Севишниот’“ (Исаија 14:13,14).

Од овие стихови гледаме дека Бог не го создал сатаната. Тој го создал најсовршениот ангел, Луцифер, кој, откако се побунил против Бог и Неговиот Син, станал сатана, односно Божји противник. Затоа, кога паѓаме и грешиме, не треба за тоа да го обвинуваме Бог, бидејќи тоа е невистина. Гревот е резултат на нашиот сопствен избор, нашите одлуки и постапки. Ако не си ги признаеме искрено гревовите и продолжиме да го обвинуваме Бог, обидувајќи се на тој начин да се оправдаме, тогаш тргнуваме по патот на сатаната, патот што води во пропаст. Но, дали е потребно да го правиме тоа, кога пред нас постои патот кон вечна среќа, живот во вечноста со Бог и Неговиот Син?

Да се потсетиме накратко на она што го научивме денес:

  1. Мојсеј, од сите хебрејски зборови што го пренесуваат значењето „змија“, го употребил токму оној кој се однесува не само на змија како животно, туку и на волшебништво, магии и спиритизам. Со тоа сакал да покаже дека змијата била само посредник, медиум меѓу жената и сатаната.
  2. Сатаната, кога ги искушува луѓето, секогаш го крие своето вистинско лице. Понекогаш се претставува како ангел на светлината, а понекогаш зборува преку луѓе. Затоа, за да не паднеме во неговите измами, мора добро да ги знаеме принципите врз кои ги гради своите измами. Суштината на неговите искушенија секогаш се сведува на непослушност кон Божјата волја и на кршење на Неговиот закон. Ако го разбираме тоа, секогаш ќе можеме да го препознаеме непријателот, без оглед под каков лик ќе се појави за да нè искушува.
  3. На крајот на времето, сатаната ќе го измами речиси целиот свет, појавувајќи се во облик на Христос. Сите кои не го истражувале длабоко Писмото ќе бидат заведени од него.
  4. Лукавството на змијата и на сатаната се состои во тоа да посакаат и да земат она што по право не им припаѓа. Сатаната се „здружил“ со змијата затоа што сличното секогаш го привлекува сличното. Отстапувајќи од Бог, тој духовно се деградирал до ниво кое го изедначува со животно.
  5. Привидната едноставност со која сатаната ги започнува искушенијата е многу опасна. Не треба да ѝ подлегнуваме, туку да останеме „сложени“ за него, односно цврсто непоколебливи во вистината.
  6. По својот пад, сатаната станал „гол“, односно останал без Божјата праведност. Затоа денес не се појавува таков каков што е всушност, туку се крие зад различни ликови кои му станале „облека“.
  7. Бог не го создал сатаната. Тој создал ангел кој бил совршен и непаднат. Но, ангелот самиот избрал да згреши и да се побуни, а неговиот пад бил последица на неговата сопствена одлука и на одбивањето да се покае и да се промени.

 

Сподели го ова:

Поврзани статии