2. ВО СИЛАТА НА ДУХОТ
Понеделник, 23 ноември 2026
а. За да може вистината да се шири, што треба сите да научиме и од апостолите и од обратените верници во Солун? 1. Солунјаните 1:5–8.
„Покажете поголема желба да Го примите Светиот Дух како Учител.“
Извор: Medical Ministry, p. 307.
„Улога на Светиот Дух е да го просветли замраченото разбирање, да го омекне срцето скаменето од себичност, да го потчини непокорниот престапник и да го спаси од изопачувачкото влијание на овој свет. Во молитвата за Своите ученици, Христос нагласува: „Освети ги со Својата вистина, Твојата реч е вистина. Божјата реч, како духовен меч, го прободува срцето на грешникот и го крши. Кога теоријата на вистината ја изнесува говорник кој притоа сам не го почувствувал нејзиното свето влијание во својата душа, тоа на слушателите нема никакво делување; вистината изнесена на таков начин тие ја отфрлаат како заблуда, а одговорноста за загуба на душата паѓа на говорникот. Ние би морале да бидеме сигурни дека нашите проповедници се потполно обратени луѓе, понизни и кротки во срцето.“
Извор: 4. Сведоштво, 441.
„Бог им ја дал на Своите проповедници веста на вистината која треба да ја објавуваат. Црквите мораат да ја примат таа вест и да ја шират на сите можни начини, фаќајќи ги првите зраци на светлина и распростирајќи ги.“
Извор: 6. Сведоштво, 425.
б. На кој начин преобразбата на новите верници претставувала сведоштво за светот – и пример што треба да се повтори и денес? 1. Солунјаните 5:9, 10; Исаија 56:6, 7.
„Жива сила мора да ја придружува веста за Второто Христово доаѓање. Не смееме да се задоволиме сè додека не видиме дека многу души се обратиле кон блажената надеж во Господовото доаѓање. Пораката што ја носеле учениците во времето на апостолите извршила големо дело и ги одвраќала душите од идолите кон служба на живиот Бог. Делото што треба да го извршиме денес не е ништо помалку реално, а вистината не е ништо помалку вистина; единствено што треба да ја објавуваме пораката со многу поголема сериозност, бидејќи Господовото доаѓање се приближува. Веста за ова време е сигурна, едноставна и од најдлабоко значење. Да постапуваме како мажи и жени што веруваат во неа. Нашата задача е да чекаме, да бдееме, да работиме, да се молиме и да го предупредуваме светот…
„Целото небо е во движење, подготвувајќи се за денот на Божјата одмазда, за денот на ослободувањето на Сион. Времето на исчекување речиси истече. Патниците и придојдените, кои толку долго копнееја по подобра земја, речиси се дома.“
Извор: Evangelism, p. 219
