Гласник на реформацијата · 2024
Порака за последните денови
Молитвена седмица · Читајте, размислувајте и проучувајте


Да се молиме за сила
Околу нас има толку многу информации! Многу од нив се неточни; некои од нив се вистинити. Меѓутоа, дури и од она што е вистинито, што всушност го заслужува нашето најодлучно внимание? За што треба да размислуваме? Нашиот Создател ни даде јасна порака што треба да ја разбереме и да ја споделиме со другите во овие последни денови – и оваа годишна Молитвена седмица ни дава совршена можност да се фокусираме заедно на оваа задача. Господ беше толку добар кон нас во изминатата година! Сѐ уште сме живи и имаме драгоцена можност да бидеме учесници во овој настан.
„Скапоцени бисери на вистината лежат под површината, и секој час посветен на нивното пребарување целосно ќе ни се исплати. Наполнете го својот ум со начелата на Христовото евангелие; со макотрпни напори барајте го скриеното богатство на Божјата реч. Сето небо набљудува што ќе направи човекот со Јеховините прописи и ветувања.“ – The Review and Herald, 3 декември, 1889.
„Во Божјата Реч има многу драгоцени вистини, но ‘сегашната вистина’ е она што му е најпотребно на Божјото стадо денес.“ – Рани списи, 63.
Додека го читаме четивото за оваа тема, Порака за последните денови, со цел навистина да ја разбереме оваа порака и да живееме според неа, нашата вера ќе биде богато наградена. Споделете ги прекрасните благослови од ова четиво со оние кои можеби се изолирани или врзани за своите домови, и сетете се на следните датуми:
Молитва и пост: Сабота, 14. декември.
Дарови за мисии: Недела, 15. декември.
Нека Бог милостиво одговори на искрената желба на сите оние кои искрено се стремат да живеат според оваа порака и да го примат Неговиот Свет Дух во силата на позниот дожд во текот на оваа Молитвена седмица!
Вовед
Замислете ја оваа сцена: Светиот Дух е излеан врз раната црква со обилната сила на раниот дожд. Петар и Јован се наоѓаат на вратата на храмот, каде што, во името на Исус Христос Назареецот, Петар му заповеда на човек кој е хром од раѓање да стане и да оди. Тој го фаќа за рака, и човекот почнува да оди, да скока и да го слави Бога. Секако, овој чудесен настан предизвикува вознемиреност меѓу народот, бидејќи луѓето знаат дека тоа е човекот кој седеше и просеше милостиња. Сега Петар му ја предава сета слава на Богот на Авраам, Исак и Јаков – и им зборува за Светиот, за Кнезот на животот. Тој им открива дека во името на Исус и со вера во Него, хромиот човек ја доби својата сила. Потоа Петар смело ја изнесува вистината дека тие Го отфрлија Господ пред римската власт и избраа убиец (Варава) наместо Господовиот Помазаник. Потоа им кажува дека од незнаење ја навлекле оваа вина врз себе, но понатаму објаснува дека Христовото страдање било исполнување на пророштвото:
„Покајте се, пак, и обратете се, за да се очистите од гревовите ваши, за да дојдат од Господ времиња за освежување и Тој да ви Го прати вам претскажаниот Исус Христос, Кого небото треба да Го прими до она време, кога ќе се воспостави сè што беше рекол Бог преку устата на сите Свои пророци од создавањето на светот.“ (Дела 3:19– 21).
Зошто ова е порака за последните денови?
- Покајте се – сега
- Обратете се – сега
- За да може вашите гревови (а не вашите имиња) да бидат избришани
- Кога? Во времето на истражниот суд пред второто Христово доаѓање, кога ќе дојдат времињата на освежување – кога Светиот Дух во силата на позниот дожд ќе биде излеан без мера.
- Потоа небото ќе го испрати Исус Христос. Зошто не порано? Исус ќе остане во небесните дворови додека секој принцип на Неговиот морален закон не се обнови во човечкото срце – во сите кои Му се предаваат со цело срце.
„При своето преобразување, Христос бил прославен од страна на својот Татко. Да слушнеме што кажува Тој за тоа: ‘Сега се прослави Човечкиот Син и Бог се прослави во Него”. Со тоа, Тој бил закрепнат и зајакнат за страшните страдања што го очекувале за време на предавството и распнувањето. Кога припадниците на Христовата црква ќе се приближат кон периодот на својот последен судир – времето на „Јакововите маки,’ тие ќе достигнат раст на совршенство во Христос и ќе ја примат полнината на Неговиот Дух. Кога пораката на Третиот ангел ќе прерасне во гласен повик и кога завршетокот на делото ќе биде пратен со голема сила и слава, припадниците на верниот Божји народ ќе учествуваат во таа слава. Тие ќе поминат низ времето на неволјата освежени и закрепнати со позниот дожд. Нивните лица ќе бидат осветлени со онаа слава што го следи третиот ангел.“ – 1. Сведоштво, 353.
Дали е време Исус да дојде? Да, навистина е! Како можеме да бидеме подготвени? Чекорите спомнати во Дела 3:19–21 се јасни. Да ја прифатиме оваа порака за последните денови со целото срце за време на оваа Молитвена седмица и ревносно да ја примениме на нашите срца!

Особена порака од Бога
ПОДГОТОВКА ЗА ВТОРОТО ХРИСТОВО ДОАЃАЊЕ
„Драги браќа и сестри, дали со целото срце верувате дека Христос наскоро ќе дојде и дека ние сега ја имаме последната вест на милост која треба да биде објавена на грешниот свет? Дали нашиот пример е онаков каков што треба да биде? Дали со своите разговори и со светиот живот им докажуваме на оние кои се околу нас дека ја очекуваме величествената појава на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, кој ова наше суетно тело ќе го преобрази и ќе го направи слично на Своето величествено тело? Се плашам дека ние во тоа не веруваме и не го разбираме онака како што треба. Животот и постапките на оние што веруваат во значајната вистина која ние ја исповедаме, треба да бидат ускладени со таа вера. Премногу се тежнее кон уживање, разонода и привлекување внимание кон овој свет, претерано се мисли на облекување, а јазикот честопати се занимава со лекомислени и потполно безначајни разговори, со што се побива она што го исповедаме, затоа што не говориме за небото, од каде што го очекуваме Спасителот.
„Ангелите бдеат над нас и нѐ чуваат; меѓутоа, оддавајќи се на несериозни разговори, шеги, вицеви и спуштајќи се на тој начин во состојба на непретпазливост и духовно мртвило, ние тие ангели често ги жалостиме. Иако можеби понекогаш ќе вложиме некој напор и ќе извојуваме победа но ако во тоа не истраеме, туку повторно се спуштаме во истата состојба на непретпазливост и рамнодушност, неспособни да ги поднесуваме искушенијата и да се спротивставиме на непријателот, ние не му одолеваме на искушението на нашата вера, која е многу повредна од злато. Не страдаме заради Христа и не Го славиме во страдањата.
Голем недостаток се чувствува во христијанската истрајност и во служењето на Бога според начелата. Не треба да се стремиме да се истакнуваме и на некој начин да се задоволиме себеси, туку да му оддаваме чест и да го прославиме Бога, и во сѐ што правиме или говориме да ја имаме во вид само Неговата слава. Кога овие познати зборови: ‘Тој беше ранет за нашите престапи, изнаранет заради нашите беззаконија; казната беше врз него заради нашиот мир, и преку неговите рани ние се исцеливме;’ (Исаија 53:5); ‘И за секој празен збор кој ќе го кажат луѓето, ќе дадат одговор во денот на страшниот суд;’ (Матеј 12:36) ‘Ти Боже ме гледаш,’ (Создавање 16:13) би биле во нашето срце и кога секогаш би ги имале на ум, не би паѓале толку лесно во искушение, нашите зборови би биле помалку и би биле добро одбрани.
„Да се мисли за вакви значајни зборови, да се присетуваме на страдањата кои Исус ги поднел со цел ние кутрите грешници да добиеме простување и да бидеме откупени со Неговата скапоцена крв, не е можно, а при тоа да не почувствуваме потреба за свето воздржување и сесрдна молитва да страдаме за Него, кога Тој толку страдал и поднел заради нас. Ако размислуваме за ова, нашето драго „јас” со своето достоинство, ќе се понизи и ќе отстапи место на детската едноставност којашто може да поднесе укор, а при тоа да не се навреди. Духот на самоволието тогаш нема да владее со душата.“ – Рани списи, 111,112.
ДА ГИ ЦЕНИМЕ НАШИТЕ ПРИЛИКИ
„Кога себеси живо ќе си предочам што сѐ е направено заради нас за да би се одржале непорочни, принудена сум да извикам: О, колкава љубов, колку чудесна љубов имал Божјиот Син кон нас сиротите грешници! Треба ли да бидеме толку бесчувствителни и безгрижни кога сѐ е направено за да се овозможи нашето спасение? Целото небо е заинтересирано за нас. Да се разбудиме и да живееме во оддавање на фалба, слава и заслужено почитување на големиот и возвишен Творец. Нашето срце треба да биде преполно со благодарност и љубов кон Оној кој претходно ни укажал толкава љубов и сочувство. Со своите постапки во секојдневниот живот треба Нему чест да му оддаваме, а со своите чисти и свети разговори треба да покажеме дека сме водени одозгора, дека овој свет не е наше престојувалиште, туку дека сме тука само патници и странци кои патуваат кон подобра земја.
Многумина кои го исповедаат Христовото име и тврдат дека го очекуваат Неговото скоро доаѓање, не знаат што значи тоа да се страда заради Христа. Нивните срца не се потчинети преку благодатта ниту нивното ‘јас’ умрело во нив, кое на разни начини се манифестира. Во исто време тие зборуваат како имаат искушенија. Меѓутоа, основен причинител на тие искушенија е нивното непотчинето срце и како резултат на тоа, сопственото ‘јас’ станува толку чувствително што честопати е погодено. Кога таквите би сфатиле што значи да се биде понизен Христов следбеник и вистински христијанин, тие би почнале доста срдечно да работат и би се поправиле. Најпрво би умреле за себеси, би биле постојани во молитва и би ја умртвиле секоја страст на своето срце. Браќа отфрлете ја својата самоувереност и самодоверба, и следете го примерот на кроткиот Спасител. Нека вашите мисли секогаш бидат насочени кон Исуса за да можете да се угледате на Него и да одите по Неговите стапки. Гледајте кон Христа, зачетникот и свршителот на нашата вера, кој поради радоста што беше пред Него, го претрпе крстот, и го презре срамот. Тој го претрпе спротивставувањето на грешниците против Себеси. Заради нашите гревови Тој беше кротко Јагне Божје, заклано, рането, тепано, удирано и изнамачено.“ – Рани списи, 113.
ЖИВОТ НЕДОСТОЕН ЗА НАШИТЕ ПРЕДНОСТИ
„Далеку сме од тоа да бидеме народ каков што Бог сака да бидеме, бидејќи не ја издигнуваме душата и не го усовршуваме карактерот во согласност со прекрасното откровение на Божјата вистина и Неговите намери. ‘Правдата народ подига, а беззаконието срамоти народи’ (Изреки 14:34). Гревот носи неред. Каде и да се негува – во срцето на поединецот, во домот, во црквата – таму има неред, судири, несогласувања, непријателства, завист и љубомора, бидејќи непријателот на Бога и на човекот има контрола над умот. Но, кога вистината се љуби и се внесува во животот и се застапува, тој маж или жена ќе го мразат гревот и ќе бидат живи претставници на Исус Христос пред светот.
Луѓето кои тврдат дека веруваат во вистината нема да бидат осудени затоа што немале светлина, туку затоа што имале голема светлина, а не ги усогласиле своите срца со барањата на Божјиот голем морален стандард на праведноста. Луѓето кои тврдат дека веруваат во вистината мораат да се издигнат спроведувајќи ја таа вистина во својот живот. Вистинската библиска религија треба да го проникне животот, да го издигне и облагороди карактерот, правејќи го сѐ повеќе сличен на божествениот пример. Тогаш домот ќе биде исполнет со молитва, со благодарност и пофалби кон Бога. Ангелите ќе служат во домот и ќе ги придружуваат верниците до домот на молитва.
Нека црквите што тврдат дека веруваат во вистината и го застапуваат Божјиот закон, го држат тој закон и се одвојат од секоја неправда. Нека секој член на црквата им се спротивстави на искушенијата да прави зло и да му попушта на гревот. Нека црквата започне со делото на чистење пред Бога преку покајание, понизност и длабоко преиспитување на срцето, бидејќи се наоѓаме во несимболичниот ден на помирување – сериозно време што носи вечни последици.
Нека тие што ја поучуваат вистината ја изнесат онаква каква што е во Исус. Под потчинувачкото, посветувачкото и пречистувачкото влијание на Божјата вистина, тие се како чисти садови. Нека бидат исполнети со библиската вера, и какво влијание би имале врз светот! Нека поединечните членови на црквата бидат чисти, постојани, непоколебливи, секогаш изобилни во Исусовата љубов, и тогаш ќе бидат светлина за светот. Нека луѓето што се во улогата на стражари и пастири на стадото ја објавуваат возвишената вистина и го шират звукот на предупредување до сите народи, нации и јазици. Нека бидат живи претставници на вистината што ја застапуваат и нека му оддадат чест на Божјиот закон преку строго и свето усогласување со Неговите барања, одејќи пред Господ со чистота и светост, и силата ќе ја придружува објавата на вистината што ќе ја одразува светлината насекаде.
ЖАЛОСТЕЊЕ НА БОЖЈИОТ ДУХ
„Бог никогаш не го напушта народот или поединецот додека тие не Го напуштат Него. Надворешното спротивставување нема да предизвика ослабување на верата на Божјиот народ кој ги држи Неговите заповеди. Занемарувањето на внесување чистота и вистина во секојдневниот живот е она што го жалости Божјиот Дух и ги ослабува, бидејќи Бог не е меѓу нив за да ги благослови. Внатрешната расипаност ќе го донесе Божјиот гнев врз овој народ, како што беше случајот со Ерусалим. О, нека се слушнат гласовите на молитва, нека се слушне ревносна молитва, за оние што поучуваат други и самите да не бидат отфрлени. Браќа мои, не знаеме што се наоѓа пред нас, и нашата единствена сигурност лежи во следењето на Светлината на светот. Бог ќе работи со нас и за нас ако гревовите што го предизвикаа Неговиот гнев против стариот свет, против Содом и Гомор и против древниот Ерусалим, не станат наши гревови.
Дури и најмалиот престап на Божјиот закон го прави престапникот виновен, и без сериозно покајание и напуштање на гревот, тој сигурно ќе стане отпадник… Како народ, треба, колку што е можно, да го исчистиме нашиот логор од морална нечистотија и тешки гревови. Кога гревот ќе здобие победа над народот кој тврди дека ги издига моралните стандарди на праведност, како можеме да очекуваме дека Господ ќе ја употреби Својата сила во наша корист и ќе нѐ спаси како народ што ја врши правдата?… Ако како народ не се одржуваме во верата и не ги застапуваме не само со перо и збор Божјите заповеди, туку ја држиме секоја заповед и не прекршуваме ниеден пропис свесно, тогаш слабоста и пропаста ќе нѐ надвладеат. Тоа е делото со кое треба да се позанимаваме во секоја наша црква. Секој човек мора да биде христијанин.
ОСТАВАЊЕ НА ГРЕВОТ
Оставете го гревот на гордоста, совладајте ја секоја раскош во облекувањето, покајте се пред Бога за дрската кражба кон Него, со која задржувате пари наменети за ризницата за да го подржат Божјото дело во мисионерските полиња. Поставете пред народот дело на реформација, вистинско обраќање, и поттикнете го на тоа. Нека нашите дела и нашето однесување бидат во согласност со делото за ова време, за да можеме да кажеме: ’Следете ме како што јас го следам Христос.‘ Понизете ги своите души пред Бога со смирение, пост и молитва, покајание за гревот и негово отфрлање.
Гласот на вистинскиот стражар сега треба да се чуе долж целата линија: ‘Наближува утрото, но и ноќта‘ (Исаија 21:12). Трубата мора да дава јасен звук, бидејќи се наоѓаме во големиот ден на подготовка за Господа… Во нашиот свет постојат многу доктрини. Постојат многу религии што бројат илјадници и десетици илјади следбеници, но постои само една што го носи Божјиот потпис и печат. Постојат човечки религии, а постои и Божја религија. Нашите души мора да бидат прицврстени на вечната Карпа. Сѐ во Божјиот свет, вклучувајќи ги луѓето, доктрината и самата природа, ја исполнува Божјата сигурна пророчка реч и го исполнува Неговото големо и последно дело во историјата на овој свет.
Треба да бидеме подготвени и да ги очекуваме Божјите наредби. Народите ќе бидат потресени до самата срж, и поддршката ќе биде одземена од оние кои го поддржуваат единствениот Божји стандард на праведност – единствениот вистински тест за карактерот. Сите кои ќе одбијат да се покорат на декретите на националните совети и да ги почитуваат националните закони што ја издигнуваат саботата воспоставена од ‘човекот на гревот’, наспроти Божјиот свет ден, ќе ја почувствуваат не само угнетувачката сила на папството, туку и на протестантскиот свет, бистата (ликот) на ѕверот.
Сатаната, преку своите чуда, ќе работи за да ги измами луѓето; ќе ја постави својата моќ како врховна. Може да изгледа дека црквата е на прагот да падне, но таа нема да падне. Таа ќе остане, додека грешниците во Сион ќе бидат просеани – плевата ќе биде одделена од скапоцената пченица. Ова е страшно искушение, но сепак мора да се случи. Никој освен оние кои победувале преку крвта на Јагнето и со зборот на своето сведоштво нема да остане верен и постојан, без дамка или грев, без измама во своите усти. Мораме да се ослободиме од нашата самоправедност и да се облечеме со Христовата праведност.“ – Selected Messages 2, 377– 380.
„Доколку припадниците на Божјиот народ не вложуваат никакви напори од своја страна, туку очекуваат освежувањето (позниот дожд) да ги отстрани нивните недостатоци и заблуди за тогаш да бидат очистени од секоја нечистотија на телото и на духот и да бидат подготвени за гласниот вик на Третиот ангел, покажано ми е дека ќе бидат затечени како неверни. Тоа освежување или Божја сила ќе ја примат само оние што ќе се подготват за тоа извршувајќи ја задачата што Бог им ја одредил, т.е. чистејќи се од секоја нечистотија на телото и духот, и усовршувајќи светост во Божји страв.“ – 1 Сведоштво, 619.
ОБЛЕЧЕНИ ВО ХРИСТОВАТА ПРАВЕДНОСТ
„Остатокот што ги чисти своите души со послушност кон вистината стекнува сила од процесот на искушенија, покажувајќи ја убавината на светоста среде отпадот што ги опкружува. За сите нив, Бог вели: ‘Ете, те врезав во Своите дланки’ (Исаија 49:16). Тие остануваат во вечно, непоминливо сеќавање. Сега ни е потребна вера, жива вера. Ние сакаме да имаме живо сведоштво кое ќе допре до срцето на грешникот. Премногу се проповеда, а премалку се служи. Ни треба свето помазание. Ни треба духот и жарот на вистината. Многу од проповедниците се полупарализирани од своите сопствени карактерни недостатоци. Потребна им е Божјата преобразувачка сила.
Бог од Адам пред неговото паѓање бараше совршена послушност на Неговиот закон. И денес Бог го бара истото што го бараше од Адам – совршена послушност, праведност без маана, без недостаток во Неговите очи. Бог нека ни помогне да Му го дадеме сето она што Неговиот закон го бара. Тоа не можеме да го направиме без вера која ја внесува Христовата праведност во секојдневниот живот.
Драги браќа, Господ доаѓа. Подигнете ги своите мисли и глави и радувајте се. О, би помислиле дека оние што ќе ја слушнат радосната вест, кои тврдат дека го сакаат Исус, ќе бидат исполнети со неискажлива радост и полни со слава. Ова е добра, радосна вест која треба да ја поттикне секоја душа, која треба да ја повторуваме во нашите домови и да ја кажуваме на оние што ги среќаваме на улица. Нема порадосна вест од оваа. Препирањето и расправиите со верници или неверници не е делото што Бог ни го дал да го вршиме.
Ако Христос е мој Спасител, моја жртва, мој откуп, тогаш никогаш нема да загинам. Верувајќи во Него, имам вечен живот. О, кога сите кои веруваат во вистината би поверувале во Исус како свој личен Спасител! Не мислам на евтина вера без дела, туку на таа сериозна, жива, постојана, секогаш присутна вера, која го јаде телото и ја пие крвта на Божјиот Син. Сакам не само да бидам помилуван за прекршувањето на Божјиот свет закон, туку сакам да бидам издигнат во светлината на Божјото лице. Сакам не само да бидам примен на небото, туку да имам славен влез.
СПАСЕНИЕТО Е СОЈУЗ СО ХРИСТОС
„Дали сме толку нечувствителни како особен народ, свет народ, кон неизмерната љубов што Бог ни ја покажа? Спасението не е само да се крстиме, да ги имаме нашите имиња во црковните книги, ниту само да ја проповедаме вистината. Спасението е жив сојуз со Исус Христос, обновување на срцето, правејќи ги Христовите дела во вера и труд на љубов, во трпеливост, кротост и надеж. Секој кој е обединет со Христос ќе биде жив мисионер за сите околу него. Тој ќе работи за оние што се блиску и за оние што се далеку. Нема да има склоност кон посебна група, ниту интерес само за една гранка на делото и да ја заврши својата ревност тука. Сите ќе работат со интерес да ја зајакнат секоја гранка. Нема да има себичност или личен интерес. Делото е едно, вистината е една голема целина.
Добро е да се запрашаме со сериозно и загрижено срце: ’Дали негувам завист, дали дозволувам љубомора да најде место во моето срце?’ Ако е така, тогаш Христос не е таму. ’Дали го љубам Божјиот закон, дали љубовта на Исус Христос е во моето срце?’ Ако се сакаме еден со друг како што Христос нè сакаше, тогаш се подготвуваме за блажениот рај на мирот и спокојот. Таму нема да се бориме за да бидеме први, за превласт; сите ќе го сакаат својот ближен како себеси. О, да го отвори Бог нашиот разум и да им зборува на срцата во нашите цркви, будејќи ги поединечните членови.
Тие што се наоѓаат во мир во Сион треба да бидат разбудени. Голема е нивната одговорност кои ја носат вистината, а сепак не чувствуваат тежина или товар за душите. О, кога мажите и жените кои ја исповедаат вистината би се разбудиле, да го носат Христовото бреме! Потребни се луѓе кои нема да имаат само номинален интерес, туку Христов интерес, несебичен – со силен жар кој нема да згасне поради тешкотии или да олади поради преовладување на беззаконието.
Ние стоиме на самите граници на вечниот свет. Христијани кои се христијани само кога им оди добро, нема да бидат потребни за ова дело. Сега не ни е потребна сентиментална и декоративна религија. Во нашата вера и во објавувањето на вистината мора да има жар. Ви велам, сатанските орудија добиваат нова сила за да работат со моќ што досега не сме ја сретнале. Зарем нема нова сила одозгора да го исполни Божјиот народ? Вистината, со своето посветувачко влијание, мора да им се претстави на луѓето. Мораме сериозно да го молиме Бога, со голема ревност, за нашите надежи како народ да не бидат засновани на претпоставки, туку на вечни реалности. Мораме да знаеме за себе, со доказите од Божјото Слово, дали сме во верата, дали одиме кон небото или не. Моралниот стандард на карактерот е Божјиот закон. Ги исполнуваме ли неговите барања? Дали Господовите луѓе ги вложуваат своите средства, своето време, своите таленти и сето свое влијание во делото за ова време? Да се разбудиме. ‘И така, ако сте воскреснале заедно со Христос, барајте го она што е горе, каде што Христос седи оддесно на Бога’ (Колосјаните 3:1).“ – Selected Messages 2, 380– 382.

Бидете ревни и покајте се
ПРИРОДАТА НА ВИСТИНСКОТО ПОКАЈАНИЕ
Првото прашање што треба да се реши е: што е вистинско покајание? Второ, за што може да се покае народ кој веќе ги држи Божјите заповеди, вклучувајќи ја и саботата, и живее беспрекорен живот во однос на моралното однесување?
Верата во Бога и нејзиниот плод, покајанието за гревовите, се природна и автоматска последица на заедништвото со Бога. Откровението на Божјата добрина и праведност, која ја добиваме само преку активна поврзаност со Него, е она што ги води луѓето кон покајание (Римјаните 2:4). Надвор од ова заедништво, нема вистинско покајание. Колку повеќе душата разговара со Бога, толку повеќе го запознава, уверувањето за гревот станува посилно, а покајанието подлабоко и поинтензивно.
„Колку повеќе се приближуваме до Христа и колку повеќе ја сфаќаме чистотата на неговиот карактер, сè појасно ќе ја забележуваме огромната тежина и одвратноста на гревот и помалку ќе бидеме наклонети кон извишување на самите себеси. Душата мора постојано да се стреми кон Бога, за гревот мораме да жалиме и искрено да го признаеме, а срцето да се понизи пред Бога. На секој чекор од нашиот христијански живот нашето каење мора да станува сè подлабоко.“ – Делата на апостолите, 561.
За Енох се вели дека „колку поинтимна била неговата поврзаност со Бога, сѐ подлабоко ја чувствувал сопствената слабост и несовршенство.“ – Патријарси и пророци, 85.
Покајанието не може вештачки да се создаде. Тоа не се случува механички; не може да се произведе на ист начин како другите човечки емоции. Тоа е едноставно делување на Светиот Дух кој ги допира жиците на човечкото срце, омекнувајќи го и потчинувајќи го со Неговата сила која нè осведочува. Тогаш доаѓа до вистинско покајание.
Жалењето за гревот и покајанието се природен и автоматски одговор на човекот на делувањето на Духот, кој постојано го импресионира умот со убавината на Божјиот карактер во Исус Христос. Кога верникот постојано гледа кон Исуса и го отвора своето срце кон Него како кон пријател во света заедница, секоја самоправедност и замислена добрина се разоткриваат, и голотијата на душата е разголена. Тогаш неговата душа природно се поклонува во скрушеност, понизност и покајание.
„Само еден зрак на Божјата слава, една искра на Христовата чистота, кога ќе проникне во душата, со болна јасност ја открива секоја грозна дамка и ја обелоденува деформираноста и недостатоците на човечкиот карактер. Тој зрак, таа искра, ги прави видливи непосветените желби, неверноста на срцето и нечистотијата на усните. На грешникот неговите вероломни обиди Божјиот закон да го прогласи за неважен му се покажуваат во вистинска светлина и неговиот дух е погоден и потиштен под проникливото делување на Божјиот Дух. Тој се гнаси самиот од себе гледајќи го чистиот, неизвалкан Христов карактер.“ – Патот кон Христа, 29.
ПОКАЈАНИЕТО НА ИСАИЈА – МОДЕЛ ЗА БОЖЈАТА ЦРКВА ВО ПОСЛЕДНОТО ВРЕМЕ
Кога пророкот Исаија ја здогледал Божјата слава во храмот, бил погоден и преплавен со чувство на својата морална слабост и несовршеност на карактерот. Неговиот очајнички поглед бил:
„Тешко мене, зашто сум човек со нечиста уста и живеам среде народ исто така со нечиста уста, – а очите мои Го видоа Царот, Господ Саваот!” (Исаија 6:5).
Пред да ја доживее оваа лична средба со Бога во светилиштето, која го менува животот, Исаија бил поттикнат да ги укорува гревовите на другите. Со силни зборови ги посочувал гревовите на луѓето:
„Тешко нему, зашто врз него ќе паднат делата на рацете негови” (Исаија 3:11).
„Тешко им на оние, кои злото го нарекуваат добро, а доброто – зло; темнината ја сметаат за светлина, светлината – за темнина, горчливото – за слатко, а слаткото – за горчливо! Тешко им на оние, кои се мудри во своите очи и разумни пред самите себеси! Тешко им на оние, кои се храбри вино да пијат и силни да приготвуваат жесток пијалак” (Исаија 5:20– 22).
Иако пророкот бил поттикнат да ја осуди распространетата неправда околу него во својата ревност за Бога, тој не бил нужно осведочен за својата сопствена грешност во оваа фаза од својот духовен пат. Дури по таа судбинска средба со Бога во храмот, пророкот сфатил нешто за својата сопствена грешност во остра спротивност со Божјата слава, што толку силно се врежала во неговиот ум и срце. Како резултат на тоа незаборавно искуство, „Тешко вам“ се претворило во „Тешко мене…“
„Исаија ги осудувал гревовите на другите, но сега се гледа себеси изложен на истата осуда што ја изрекувал за нив. Тој претходно бил задоволен со ладната и безживотна церемонија која самиот ја почитувал во славењето на Бога, но не бил свесен за тоа сè додека не му била дадена визија за Господа. Колку сега му се чинела малечка неговата мудрост и таленти додека гледал на светоста и величието на светилиштето! Колку бил недостоен! Колку бил неподготвен за свето служење! Неговиот поглед на себе можел да се изрази во зборовите на апостол Павле: ‘Колку несреќен човек сум јас! Кој ќе ме избави од ова тело на смртта?’“ – Коментари на библиските текстови, 311.
Денешната црква, иако предмет на Божјото најголемо внимание, е исто толку слепа за својата вистинска духовна состојба како што бил пророкот Исаија пред својата лична средба со Бога во храмот. Нејзиниот возвишен статус како чувар на светите вистини и нејзиното безгрешно однесување, за жал, создадоа несакан ефект во кој таа мисли дека е во подобра позиција отколку што навистина е. Нејзиното разбирање за својата духовна состојба драстично се разликува од оценката на Верниот и Вистинскиот Сведок, Кој вели:
„А не знаеш дека си беден и проколнат, сиромав, слеп и гол” (Откровение 3:17).
Несвесна за својата вистинска состојба, таа самоуверено изјавува:
„Богат сум и се збогатив, и ништо не ми треба” (Откровение 3:17).
Сè додека Божјиот народ се задоволува со ова триумфалистичко, самопофално однесување, измамен од величината на својата претпоставена добрина, Светиот Дух не може да го осведочи за гревот. Не може да има вистинско, скрушено покајание и исповед на гревот, ниту вистинско заедништво со Бога, освен ако ова штетна состојба на умот не се отфрли и не се напушти решително.
Книжниците и фарисеите во времето на Исус се гордееле со својата самопроизведена самоправедност. Повикот на Јован Крстител „Покајте се, зашто се приближи царството небесно” (Матеј 3:2) не направил никаков впечаток врз нив. Повикот за покајание им бил одбоен. Заслепени од чувството на духовна супериорност поради нивната врска со Авраам и нивните многубројни дела на реформизам, нивниот строг формализам, не почувствувале потреба за Спасител, потреба да се понижат и да ги признаат своите гревови, а уште помалку за покајание. Исус ги опишал овие самозаведени верници во Неговото време како „варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија” (Матеј 23:27).
Фарисеите и книжниците во времето на Исус ја замениле вистинската праведност што доаѓа од чисто срце со формално исполнување на правила и прописи. Тие не знаеле за кротоста и понизноста на срцето што се стекнува само преку постојана заедница со Христос.
Повикот содржан во пораката до црквата во Лаодикија:
„Биди искрен и покај се” (Откровение 3:19) , иако непопуларен, е повик кој секој член на црквата денес мора да го сфати многу сериозно. Живееме во периодот на Лаодикија, и затоа овој повик за покајание е наша сегашна должност. Игнорирањето на овој повик ќе доведе до категорично отфрлање од устата на Христос. Само оние кои преку вера ќе ја искусат средбата со Бога во светилиштето, како што ја доживеал Исаија, ќе имаат привилегија да разберат нешто од Божјата добрина која ги води кон покајание (Римјаните 2:4).
„Визијата дадена на Исаија ја претставува состојбата на Божјиот народ во овие последни денови. Преку вера тие имаат привилегија да го видат делото што се одвива во небесното светилиште. ‘Тогаш на небото се отвори храмот на Бога, и се јави ковчегот на заветот во Неговиот храм.’ Додека со вера гледаат во Светињата над светињите и го согледуваат делото кое Христос го врши во небесното светилиште, тие сфаќаат дека се народ со нечисти усни – народ чии усни често зборувале празни зборови, и чии таленти не биле посветени и употребени за слава на Бога. Тие со страв и понизност гледаат на својата слабост и недостојност наспроти чистотата и убавината на Христовата слава. Но, ако тие, како Исаија, го прифатат впечатокот што Господ сака да го остави врз нивното срце и ја понизат својата душа пред Бога, тогаш има надеж за нив. Над Божјиот престол стои виножитото на ветувањето, и она што беше направено за Исаија, ќе биде сторено и за нив. Бог ќе ја слушне секоја молитва која доаѓа од скрушено и смерно срце.” – Коментари на библиските текстови, 311, 312.
ДЕНОТ НА ПОМИРУВАЊЕ – ПРИКАЗ НА ПОКАЈАНИЕТО
Визијата на Исаија за Бога во храмот е приказ за искуството на Божјиот народ во последните денови. Преку вера, тие ќе имаат привилегија да го следат Исус во Светињата над светињите. Додека се во заедница со Него и размислуваат за Неговото завршно дело во светилиштето, тие ќе бидат водени да разберат нешто од Неговата голема љубов во бришењето на нивните гревови засекогаш од меморијата и од записите во книгите; ќе ја согледаат појасно својата нечистотија и деформитетот на нивниот карактер во остра спротивност со Христовата чистота. Како резултат, нивното покајание длабоко ќе се продлабочи. Тие ќе воздивнуваат, ќе плачат и ќе ридаат помеѓу тремот и олтарот; ќе ги измачуваат своите души и ќе молат искрено за чистота на срцето.
„Сите треба да стекнат подлабоко знаење за делото на откупување кое се одвива во небесното светилиште. Кога ќе се види и ќе се сфати оваа голема вистина, дури тогаш ќе бидат во состојба да работат во хармонија со Христа на подготвување на народот за да може да опстои во големиот Божји ден и дури тогаш нивните напори ќе бидат наградени со успех. Со учење, со размислување и со молитва Божјиот народ ќе се издигне над обичните земни мисли и чувства и ќе биде во хармонија со Христа и со Неговото големо дело на чистење на светилиштето од гревовите на народот. Неговата вера ќе го одведе во светилиштето и верниците на земјата внимателно ќе ги испитуваат своите животи и ќе го споредат својот карактер со големиот стандард на праведност. Тие ќе ги видат своите недостатоци.” – 5 Сведоштво, 575.
ПОЛНАТА МЕРА НА ЧОВЕЧКАТА ГРЕШНОСТ ТРЕБА ДА БИДЕ ОТКРИЕНА И ПОКАЈАНА
Покајниот верник навистина нема претстава за тоа колку е грешен неговиот живот. Тој не може умствено да ја согледа големината на вината за своите престапи и гревови. Затоа, во ниту еден момент неговото покајание никогаш не е доволно длабоко. Тој не знае за што сѐ треба да се кае! Тој не разбира дека е многу поголем долгот кон Божјиот закон отколку што мисли и повеќе од она што го исповеда и признава секој ден. Записите во книгите во светилиштето содржат многу повеќе гревови отколку што ние се каеме и признаваме секој ден.
„Секое човечко дело ќе биде подложено на испитување пред Бога и ќе биде забележано како верност или неверност. Покрај сечие име во небесните книги со стравотна точност ќе биде запишан секој лош збор, секоја себична постапка, секоја неисполнета должност, секој таен грев, како и секое вешто прикривање. Занемарените опомени и укори дадени од Бога, напразно потрошеното време, неискористените прилики, нашето влијание на добро или зло, со своите далекосежни последици – сето тоа верно го запишал ангелот записничар” – Големата борба, 482.
Дури и гревовите кои сѐ уште не се направени, се запишани во небесните книги, сведочејќи против човекот во судот.
„Божјиот закон ги опфаќа чувствата и мотивите, како и надворешните дела. Тој ги открива тајните на срцето, осветлувајќи нешта што претходно биле затрупани во темнината. Бог ја знае секоја мисла, секоја намера, секој план, секоја побуда на срцето. Во небесните книги се запишани дури и гревовите кои би биле направени доколку постоеше можност. Бог ќе изнесе секое дело на суд и секоја тајна.” – The Signs of the Times, July 31, 1901.
Во идеален случај, колку повеќе се открива и разоткрива грешноста на еден човек, толку подлабоко ќе биде покајанието. За жал, разбирањето на човековата грешност може да биде сериозно искривено, па дури и замаглено, како резултат на конструктивните реформи воведени во животот при обраќањето. Воведувањето на позитивни промени во исхраната, облекувањето, однесувањето и начинот на живеење често наведува многумина (погрешно) да мислат дека станале сè поправедни, а со тоа и помалку грешни. Ова е самозалажување во својата најдобра форма; тоа е суштината на Лаодикијската замка која вели: „Богат сум и се збогатив, и ништо не ми треба.”
Не е потребно да се каже дека е многу полесно да се падне во оваа замка отколку што многумина можат да замислат. Всушност, ова е состојбата на многу луѓе во црквата, иако тоа не се забележува и не се признава. Затоа Исус за Лаодикија изјавува: „А не знаеш…” Сѐ на сѐ, овој став е жален и значително влијае на степенот на покајание што го чувствуваме.
ДЕЛО НА ДЛАБОКО ПОКАЈАНИЕ КАКО ПОДГОТОВКА ЗА КОНЕЧНОТО ПОМИРУВАЊЕ И ЧИСТЕЊЕ
Бог во последните денови ќе има народ кој ќе биде тесно поврзан со Неговиот Син во контекст на Неговата завршна служба во Светињата над светињите. Овој народ ќе биде воден за да го сфати целосниот обем на грешноста во нивните животи, дури до точка на очај. Тој ќе ја препознае јасно оваа грешност во контраст со непроценливата убавина на Христос. Тогаш, преку водството на Светиот Дух, ќе го отфрлат Лаодикијскиот начин на размислување, толку распространет во денешните цркви, и ќе помине низ духовно прочистување обележано со длабоко испитување на душата и длабоко покајание. Ова искуство ќе биде слично на она низ кое помина Исаија, но многу поинтензивно и поодржливо. Ова искуство, наречено „измачување на душата“ (Левит 16:29; 23:27– 32), е она што го подготвува остатокот на црквата за конечното помирување и чистење.
„Визијата на Захарија за Исус и Ангелот има посебна важност за искуството на Божјиот народ во завршните сцени на големиот ден на помирување… Како што Исус се молел пред Ангелот, така и остатокот од црквата, со скршено срце и непоколеблива вера, ќе моли за простување и избавување преку Исус, нивниот Застапник. Тие целосно се свесни за грешноста на своите животи, ги гледаат своите слабости и недостојност и се подготвени да паднат во очај.” – Пророци и цареви, 587,588.
Во овие денови ни е потребно дело на длабоко самоиспитување и покајание (Јоил 2:13). Ова не може да се постигне со вообичаеното придржување до студени, безживотни обреди и церемонии. Ниту пак, вообичаеното проповедање на теориски, безживотни проповеди, ниту изнесувањето на механички, слаби молитви во црквата и во домот нема да го донесат ова искуство. Само практична религија, обележана со постојано барање на Бога преку секојдневно, секојчасовно заедништво и приближување кон Него, ќе има успех.
Бидејќи сега живееме во симболичниот ден на помирување, црквата не може да продолжи со стариот начин на работа. Измачувањето на душата е Христовата наредба за остатокот од црквата. Исус наскоро ќе го заврши своето конечно дело на помирување; наскоро ќе се слушне наредбата:
„Соблечете ја од него извалканата облека… и те облекувам во свечена облека” (Захарија 3:1– 5).
Наскоро, во согласност со Неговата завршна служба во небесното светилиште како Првосвештеник, Исус ќе го очисти Својот народ од секое беззаконие и грев, подарувајќи им ја Својата совршена праведност. Оние кои се навикнати да се жалат за својот духовен пад и да тагуваат поради сиромаштвото на својата душа, ќе ја примат оваа праведност, додека оние кои биле невнимателни и рамнодушни ќе бидат отстранети од Неговиот народ.
Дали ќе бидеш еден од оние благословени кои ќе ја добијат придобивката од Неговото последно помирување и ќе бидеш дел од 144,000? Дали твоето име ќе остане запишано во Книгата на животот на Јагнето? Дали ќе бидеш целосно и трајно очистен од сета неправедност и подготвен да живееш во присуството на безгрешните ангели? Господ да ги удостои сите. Затоа бидете ревносни и покајте се.
„Кога Божјиот народ со скрушен дух ќе се понизи пред Него молејќи за очистување на срцата, ќе ја слушне заповедта: ‘Соблечете ги од него тие валкани облеки’, а потоа зборови на целосно охрабрување: ‘Еве, ја симнувам од тебе вината твоја и те облекувам во скапоцена облека’. (Захарија 3:4). Искушаните и верни деца добиваат чисти облеки на Христовата праведност. Презрениот Остаток ќе биде облечен во прекрасна облека која расипаноста на светот нема да може никогаш да ја извалка. Нивните имиња остануваат во книгата на животот на Јагнето, покрај имињата на верните во сите векови. Тие одолеале на лукавството на измамникот; рикот на змејот не успеал да ги совлада за да се одречат од својата верност. Сега тие засекогаш се безбедни од нападите на сатанските орудија. На главата на секој од нив е ставена ‘чиста капа’ – Пророци и цареви, 591.

Обраќање
МЕТАМОРФОЗА
Во природата се наоѓаат прекрасни илустрации кои нè учат за Божјата сила, како и за Неговото дело на искупување во нашите срца. Животниот циклус на пеперутката се состои од четири фази: јајце, ларва, кукла и возрасна единка. Овој процес е краток и трае околу еден месец. Пеперутките ги положуваат своите јајца на долната страна од листовите на растенијата со кои нивните ларви ќе се хранат. Кога ќе се изведе од јајцето, малата гасеница излегува од својата обвивка. Од друга страна, гасениците се многу лакоми; тие јадат многу и брзо растат. Кога гасеницата ќе го заврши периодот на созревање, таа формира кукла, која инаку се нарекува и крисалис. Кога еднаш ќе се најде во крисалисот, гасеницата ќе помине низ преобразба, позната како метаморфоза, и по неколку дена од куклата ќе излезе прекрасна пеперутка.
Гасеницата доживува целосна преобразба. Таа станува сосема различно суштество со сосема нова, различна природа. Токму тоа е Божјата намера за нашиот духовен живот во Христос:
„И така, кој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, и ете, се создаде новото“ (2 Коринтјаните 5:17).
Божјиот план е да го трансформира нашиот живот, да го обнови својот лик во нас, да го промени нашето срце.
„Ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ви дадам; ќе го земам од вашето тело каменото срце и ќе ви дадам срце од месо. Ќе го внесам во вас Мојот дух и ќе направам да одите по заповедите Мои и да ги пазите и да ги исполнувате наредбите Мои“ (Езекил 36:26,27).
Зборот „обраќање“ значи да се преобрази, да се направи поинакво, целосно да се промени во нешто различно од тоа што било претходно. Примери за тоа наоѓаме во Јован 16:20:
„Но жалоста ваша ќе се претвори во радост“ или во Откровение 11:6:
„и ќе имаат власт над водите да ги претвораат во крв“.
Значи, кога зборуваме за обраќање, зборуваме за Божјото дело на трансформација за човекот и во човекот, дело што на човекот му донесува прошка и преобразба, возвишено дело што го оправдува и го посветува верникот. Тоа е дело преку кое стариот човек се распнува и погребува, а новиот човек оживува.
КАКО ФУНКЦИОНИРА ОБРАЌАЊЕТО
Обраќањето е Божјо дело во човекот преку силата на Неговата љубов и Неговиот Свет Дух. Постојат радикални обраќања, како она на Савле, впечатливо обраќање кога човекот од Тарс имал лична средба со Христос на патот кон Дамаск. Христовата слава имала огромно влијание врз животот на Савле. Таа средба моментално го променила неговиот живот во толкава мера што, заслепен и легнат на земјата, изјавил:
„Господи! Што сакаш да направам?“ (Дела 9:6).
Тој кој тргнал кон Дамаск со мрачни намери против Христовата црква, го повратил видот откако поминал три дена во пост и молитва, по што бил крстен. Потоа веднаш започнал со делото на изградба на црквата која до пред само неколку дена страствено ја прогонувал.
Сега Савле со жар го проповедал Христос, кој станал центар на неговиот живот и на неговата порака:
„И веднаш почна да проповеда во синагогите за Исус дека е Тој Син Божји” (Дела 9:20).
Обраќањето на Савле, кој бил прозван и Павле (што значи „мал”), било дело на Божјата милост и преобразувачката љубов на Исус Христос. Тоа направило огорчениот противник и самиот да биде прогонет заради Христа, проповедајќи ја Неговата порака без страв, соочувајќи се со разни тешкотии, па дури и со смрт. Постојат и други типови на обраќање, како обраќањето на Никодим. На Никодим му биле потребни три години по неговиот разговор со Исус (види Јован 3) за јавно да ја исповеда својата вера во Исус и целосно да му се предаде на распнатиот Спасител.
СЀ МУ ДОЛЖИМЕ НА БОГА
„Ветрот се слуша меѓу гранките од дрвјата и како шушка во лисјата и цветовите, а Сепак е невидлив и никој не знае од каде доаѓа и каде оди. Така, Светиот Дух делува на срцето. Тоа делување не може подобро да се објасни отколку со невидливото движење на ветрот. Човекот можеби не е во состојба точно да го одреди времето и местото или да се сети на сите околности во процесот на обратување, но тоа не значи дека не се обратил. Христос постојано работи врз срцето со сила што исто така е невидлива како ветрот. Малку по малку, можеби несвесно за оној што ги прима, настануваат впечатоци што ја привлекуваат душата кај Христа. Тие можат да се примат преку размислување за Него, преку читање на Светото писмо, преку слушање на Речта од жив проповедник. Одненадеж, кога Духот непосредно апелира, душата радосно се предава на Исуса. Многумина тоа го нарекуваат ненадејно обратување, но тоа е последица на долгото додворување на Божјиот Дух последица на трпелив, долготраен процес” – Копнежот на вековите, 172.
НЕ СЕ СПРОТИВСТАВУВАЈТЕ
„Како тогаш ќе се спасиме?…
Светлината што свети од крстот ја открива Божјата љубов. Неговата љубов не привлекува кон Него. Ако не се спротивставуваме на оваа привлечна сила, ќе бидеме доведени пред крстот и ќе се покаеме за гревовите, кои го распнале Спасителот. Тогаш Божјиот Дух преку вера буди нов живот во душата. Мислите и желбите се доведуваат во потчинетост на Христовата волја. Срцето и умот се обновуваат според ликот на Оној што дејствува во нас, да си покори сѐ на Себеси. Тогаш Божјиот закон е запишан во мислите и срцето, па можеме да кажеме со Христа: ‘Наоѓам задоволство да ја творам Твојата волја, О Боже мој’ (Псалм 40:8).” – Копнежот на вековите, 175.
ОБРАЌАЊЕ ПРЕКУ СВЕТИОТ ДУХ
„Иако сам по себе е невидлив, ветрот предизвикува ефекти што се гледаат и чувствуваат. Така и влијанието на Духот врз душата се открива во секоја постапка на оној што ја чувствува неговата спасоносна моќ. Кога Божјиот Дух презема контрола врз срцето, животот се преобразува. Грешните мисли се отфрлаат, злите дела се оставаат; љубовта, понизноста и мирот доаѓаат на местото на гневот, зависта и кавгата. Радоста го зазема местото на тагата, а на лицето се одразува небесна светлина. Никој не ја гледа раката, која го зема товарот, ниту ја забележува светлината, која доаѓа од небесните дворови. Благословот Доаѓа, кога душата преку вера и се предава на Бога. Тогаш таа сила што ниту едно човечко око не може да ја види, создава ново суштество според Божјиот лик.” – Копнежот на вековите, 173.
ВИСТИНСКО ПОКАЈАНИЕ
„Покајте се, пак, и обратете се, за да се очистите од гревовите ваши, за да дојдат од Господ времиња за освежување” (Дела 3:19,20).
„Без вистинско покајание, не може да дојде до вистинско обраќање. Во ова многумина се измамуваат, и често целокупното нивно искуство се покажува како заблуда. Токму затоа многумина што се приклучуваат на црквата никогаш не биле обединети со Христос.” – The Spirit of Prophecy 4, 298.
„Покајте се и оттргнете се од вашите престапи, та вашето нечестие да не ви биде вам сопка” (Езекиел 18:30).
„Во покајанието е вклучена жалост поради гревот и одвојување од него. Ние нема да го отфрлиме гревот ако не ја увидиме неговата расипаност; сè додека нашето срце не се откаже од него, нема да има никаква вистинска промена во нашиот живот.” – Патот кон Христа, 23.
Сепак, за да го искусиме ваквото покајание, мораме да разбереме како доаѓа до него.
„Кога грешникот ќе биде осведочен за гревот, тој исто така ќе биде привлечен од Христовата љубов и светост; Исус го привлекува кон Себе. Никој не може да произведе покајание што е неопходно за спасение на душата. Тој не може сам себе да се доведе до покајание, исто како што не може сам себе да се доведе до обраќање. Покајанието се раѓа во срцето преку посматрање на Христовата љубов, кој го даде својот живот за да го спаси грешникот. Божјата љубов го омекнува и најтврдото срце.” – The Review and Herald, 3 септември, 1901.
ПЛОДОВИТЕ НА ОБРАЌАЊЕТО
Делото на обраќањето носи и прекрасни плодови; нов живот, чисто и обновено срце, праведен дух и други плодови претставуваат славни докази за обраќање.
„И така, кој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, и ете, се создаде новото“ (2. Коринтјаните 5:17).
• Жената Самарјанка, при своето обраќање кон Исус, се откажа од прељубничкиот живот и отиде во градот за да го проповеда Исус Христос како Спасител, Месија (Јован 4:28,29).
• Опседнатиот човек, кој бил гол, кога демоните го напуштиле, сега е облечен и при здрава памет; неговата нагост исчезнала по обраќањето (Лука 8:35).
• Петар, неписмениот рибар, по своето обраќање станал верен пастир на евангелието, учен човек и гласник на царството на светлината (Матеј 4:19).
• Закхеј, цариникот, обвинет дека е предавник и непријател на народот, по своето обраќање дал половина од својот имот на сиромашните и решил да им врати на сите што ги оштетил со измама (Лука 19:8,9).
• Марија, која поради нејзиниот развратен живот ја запоседнале седум демони, по своето избавување и обраќање му донела на Исус скапоцен дар за да ја изрази својата љубов и благодарност (Марко 14:3).
Обраќањето ќе направи Христовите доблести да процветаат во нашиот живот; тоа ќе доведе до мисионерски дух, покорност на Божјата волја, верност и света радост. Сè што е благородно и прекрасно ќе биде изобилно во животот на оној кој се обратил кон Господ.
„Христовиот дух е мисионерски дух. Првиот стремеж на обновеното срце е да ги привлече другите кај Спасителот.“ – Големата борба, 70.
„Секој вистински ученик се раѓа за Божјото царство како мисионер. Оној што пие од живата вода, станува извор на животот. Примателот станува давател“ – Копнежот на вековите, 195.
ЛАЖНО ОБРАЌАЊЕ
Денес е популарно да се исповеда религија. Не сите што тврдат дека се религиозни се вистински христијани; многумина кои се нарекуваат христијани не ги почитуваат начелата на Божјиот закон, туку живеат живот како стариот човек кој се храни со задоволување на телото. Тие се измамуваат себеси верувајќи дека се обратени, а всушност не се. Мнозина изјавуваат:
„Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе; разбојници, несправедливи, прељубници, или како овој цариник. Постам двапати во седмицата, давам десеток од сè што ќе стекнам“ (Лука 18:11,12).
Исповедањето на верата нема да има никаква вредност ако срцето не доживее промена.
Причината за лажните обраќања не е недостатокот на знаење или можности, туку недостаток на целосно предавање, пропуштање да го отвориме нашето срце целосно за Исус и да му дозволиме Неговата преобразувачка милост да влијае на нашата душа.
Највпечатливиот пример за ова е добро познатиот пример на Јуда Искариот.
„Јуда не дошол до точка целосно да му се предаде на Христа. Не се откажал од своите световни амбиции и од љубовта кон парите. Ја прифатил положбата на Христов служител, но не дозволувал да го преобрази божествената сила.“ – Копнежот на вековите, 716.
Кога си подготвен целосно да се оттргнеш од сите свои грешни патишта, ќе бидеш едно со Исус, а да бидеш едно со Исус значи да влезеш на патот на животот и во областа на мирот.
Бидејќи сме во Молитвена седмица, нека ова биде можност да ги испитаме нашите срца и да видиме дали одиме по некој пат на нечистота – дали чувствата ни се поделени, дали некој идол седи на престолот на срцето. Потребно е да се увериме дека имаме искуство дека Исус е Царот, единствениот Цар кој владее со нашето срце (Исаија 33:22).
„Врати нè кон Себе, Господи, и ние ќе се вратиме; обнови ги деновите наши како во старо време“ (Плачот на Еремија 5:21).
ВРЕМЕ Е..
Време е и ние, како и Јаков, да ги отстраниме идолите од нашето срце и засекогаш да ги погребаме (Создавање 35:2– 4). Време е повторно да се родиме со Божјата реч и со силата на Неговиот дух (1. Петрово 1:23). Време е да бидеме слободни со слободата со која Христос нè ослободи. Време е да го оставиме поделеното срце и со Божјата чудесна милост да бидеме преобразени во луѓе, жени и млади според Неговото срце (Дела 13:22). Време е да му кажеме „да“ на Исус. Ако денес се предадеш на Исус, Тој ќе направи чудо што можеби недостасува во твојот живот.
„И ќе им дадам едно срце, ќе вложам во нив нов дух, ќе го земам од телото нивно каменото срце и ќе им дадам меснато срце, за да одат по Моите заповеди, да ги пазат Моите наредби и да ги извршуваат; и ќе бидат Мој народ, и Јас ќе бидам пак нивни Бог“ (Езекиел 11:19,20).
ВИСТИНСКО, НЕ ПОВРШНО ОБРАЌАЊЕ
Обраќањето мора да биде вистинско, не површно. Внатрешното срце мора да биде променето, не само надворешниот живот; суштината на верата мора да оди подлабоко од ритуалите или церемониите. Во времето на Спасителот, Евреите и верските водачи се разметале со побожност, но Исус изјавил дека нивниот живот е празен и неморален (Матеј 23:27,28). Потребно е повеќе од надворешни промени; тие имаат свое место, но „духовното срце“ – односно, умот – мора да биде обновено и тоа ќе резултира со нов живот.
Еврејскиот народ во Христовото време се потпирал на жртвите и обредите наместо на Оној кон кого тие укажувале. Како тоа да не било доволно, тие го замениле изгубеното Божјо присуство со многу човечки правила – дури оделе толку далеку што го мереле степенот на својата светост со мноштво церемонии, додека нивното срце останало непроменето, полно со гордост и лицемерие.
Надворешните промени и подобрувања не се тоа што ни е потребно, туку целосна преобразба на животот. Крзното на поларната лисица е кафеаво, но за време на зимата станува бело како снег. Тогаш изгледа како лисицата да станало друго суштество, но таа всушност само го променила своето крзно, што е обична камуфлажа за зимскиот период. Иако нејзиниот надворешен изглед привремено се менува, нејзината природа останува иста, таа сè уште e истата лисица која без страв демне и убива.
„Изворот во срцето мора да биде очистен, за да може и потокот да биде чист. Оној што мисли со своите дела и со држење на Законот да го стекне Небото се обидува да направи нешто што е невозможно. Нема безбедност за оној, кој поседува само надворешна вера, облик на побожност. Христијанскиот живот не е преобликување или подобрување на стариот, туку преобразување на природата. Своето ‘јас’ и гревот умираат, и потоа настапува целосно нов живот. Таа промена може да се постигне само со делотворното делување на Светиот Дух“ – Копнежот на вековите, 172.
„СЕКОЈ ДЕН УМИРАМ“
Ние мораме секојдневно да одиме со Бога; секој ден ни е потребна Неговата обновувачка милост во срцето за нашата стара грешна природа – „стариот човек“ – целосно да исчезне. Се вели дека, иако стариот човек се погребува во водата при крштевање, сепак тој е добар пливач. Затоа Павле одлучно изјавува:
„Секој ден умирам“ (1. Коринтјаните 15:31).
„Потребна е постојана будност, секојдневно обраќање, за карактерните особини на секој од нас да бидат целосно посветени на Бога. Сите наши сили треба да бидат исчистени од нечистотијата на гревот и оспособени за служба.“ – This Day With God, 307.
„Посветеноста на Павле претставувала постојана борба со неговото ‘јас’. Тој вели: ‘Секој ден умирам.’ Секој ден неговата волја и неговите желби доаѓаа во судир со барањата на должноста и Божјата волја. Наместо да се поведе по своите склоности, тој ја вршел Божјата волја, колку и да е непријатна и разочарувачка за неговата природа. Ако сакаме да трчаме кон целта на горното призвание во Исус Христос, мора да докажеме дека во нас не живее нашето ‘јас’ и дека сме го смениле со златното масло на милоста.“ – The Youth’s Instructor, 24 август, 1899.
ТАЈНАТА Е ОТКРИЕНА
Даниел во Вавилон е опишан како човек без мана:
„Тогаш кнезовите и гувернерите се договорија да го обвинат Даниел во управувањето со царството, но никако не можеа да најдат повод, ниту пак грешка, бидејќи тој беше верен и немаше никаква грешка ни вина“ (Даниел 6:4).
Каде лежи тајната на таков верен живот? Царот Дариј ни ја открива тајната на Даниел; двапати препознава дека тајната на Даниел била во неговата постојана заедница со Бога. Даниел одржувал живот на вера и секојдневна молитва, уживајќи секој ден во блиското заедништво со Бога. Во Светото писмо стои:
„Даниеле, слуго на живиот Бог! Твојот Бог, Кому без прекин Му служиш, можеше ли да те избави од лавовите?“ „Тогаш царот многу се зарадува за Даниел и заповеда да го извадат од јамата; го извадија Даниел од јамата, и никаква повреда не се забележа на него, зашто тој веруваше во својот Бог“ (Даниел 6:20,23).
„Вистинското обраќање нè доведува секој ден во блиска заедница со Бога. Ќе се соочиме со искушенија, а силна струја ќе нè одвлекува од Бога, враќајќи нè во нашата претходна состојба на рамнодушност и грешно заборавање на Бога.“ – This Day With God, 277.
„Јас сум лозата, а вие прачките; и кој е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу плод; зашто без Мене не можете да направите ништо“ (Јован 15:5).
ЛИЧНО ОБРАЌАЊЕ
Секој од нас треба да се грижи за своето лично посветување, лично обраќање. На сите ни е потребно ова оживувачко искуство; Христос мора да биде владетел на срцето, Неговиот Дух треба да ги контролира нашите чувства. Родителите – како и децата – преку лично искуство со Христос треба да ја доживеат Божјата искупителна милост. Сите мора да останат накалемени на вистинската лоза за да донесат плод со кој ќе го прослават небесниот Отец.
„Со тоа ќе се прослави Мојот Отец: да носите многу плод и да бидете Мои ученици“ (Јован 15:8).
„Бог работи со нас преку провидение. Тој нè избрал од вечноста да бидеме Негови послушни деца. Го дал Својот Син за нас, за да можеме да бидеме посветени на послушноста кон вистината, исчистени од сета безначајност на нашето ‘јас’. Сега од секој од нас бара дело на целосно предавање.“ – The Youth’s Instructor, 24 август, 1899.
„Во Божјиот град нема да влезе ништо нечисто. Оние кои сакаат да се населат во него уште овде треба да бидат со чисто срце. Кај оној кој учи од Исуса, сè повеќе ќе се јавува одбивност кон непромислените постапки, непристојните зборови и нечистите мисли. Кога Христос престојува во срцето, мислите и однесувањето секогаш ќе бидат чисти и благородни.“ – Мисли од гората на блаженствата, 24.
ЗАКЛУЧОК
Енох одел со Бога 300 години откако му се родил синот Матусал, и повеќе од 300 години Енох секој ден го повикувал Бога да оди со него, додека еден ден Бог всушност не рекол: „Еноше, ти ме повикуваше да одам со тебе сите овие 300 години, а денес те повикувам ти да одиш со Мене“, и го одвел во небото.
„И Енох, живеејќи според волјата Божја, исчезна, бидејќи Бог го зеде“ (Создавање 5:24).
Енох не само што се молел, туку и верно ги извршувал своите должности кон Бога и своите ближни; тој го сакал она што Бог го сакал и го мразел она што Бог го мразел; тој со вера живеел живот на послушност, и сè што правел му било угодно на Бога.
„Преку вера Енох беше преселен за да не види смрт; и не се најде, бидејќи Бог го пресели. Зашто пред преселувањето тој доби сведоштво дека Му угодил на Бога“ (Евреите 11:5).
„Но и уште сега вели Господ: вратете се кај Мене од сè срце со пост, плач и ридание“ (Јоил 2:12).
Одвојте денес доволно време да размислите за своите патишта и видете дали сте во вистинска врска со Исус.
• Дали би сакал/а денес да му го предадеш срцето на Исус за да бидеш променет/а?
• А ти кој/а претходно му се предаде на Исус, дали би сакал/а да го обновиш предавањето на Исус за твоето срце да биде уште поубаво, налик на Христовото?
• Би сакал/а ли да се помолиме сега веднаш и да Му го предадеш срцето на Исус?
Да се помолиме заедно.

Бришење на гревовите
„А Јас, Јас Сам ги бришам твоите престапи заради Самиот Себе и гревовите твои нема да ги спомнам“ (Исаија 43:25).
Бришење значи целосно отстранување без трага, избришување, отстранување од постоење или од сеќавање.
Божјото ветување дадено преку Исаија значи дека на оние „кои искрено се покајале за своите гревови и со вера ја прифатиле Христовата крв како жртва за очистување, во небесните книги им е запишано проштевање. Кога ќе станат учесници во Христовата праведност и нивниот карактер ќе се усогласи со Божјиот закон, нивните гревови ќе бидат избришани и тие ќе бидат оценети како достојни за вечен живот.“ – Мараната, 93.
НЕПОСЛУШНОСТА И ДАМКАТА НА ГРЕВОТ
По престапот на Божјиот закон од страна на човекот во Едем, „круната на славата што Бог му ја дал на светиот Адам за да го покрива наместо облека, исчезнала по неговиот престап. Светлината на Божјата слава не можела да ја покрие непослушноста и гревот. Наместо здравје и изобилство на благослови, сиромаштија, болест и секакви страдања станале судбина на потомците на Адам.“ – Избрани пораки 1, 257.
Трагично, човекот ги изгубил возвишените привилегии и наместо нив добил дамка од грев.
„Сатаната го навел човекот на грев и оттогаш се труди да го избрише Божјиот лик во човекот и да го вреже својот лик во срцето на човекот.“ – God’s Amazing Grace, p. 161.
„Пред да се појави гревот, Адам уживал во лична комуникација со својот Творец, но откако човекот преку престапот се одделил од Бога, човечката раса е лишена од оваа голема привилегија. Меѓутоа, со планот на спасението отворен е пат, преку кој жителите на оваа земја можат и понатаму да одржуваат врска со небото.“ – Големата борба, 5.
БОЖЈАТА ЧУДЕСНА ЉУБОВ КОН ЧОВЕЧКИОТ РОД
Смртта на Адам и Ева поради непослушноста била неизбежна. Да не бил планот за спасение, тие би умреле веднаш по вкусувањето на забранетиот плод.
„Но Бог ја докажа љубовта Своја кон нас, со тоа што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни“ (Римјаните 5:8).
Длабочината на Божјата љубов, изразена во зборовите „Зашто Бог толку го возљуби светот“ (Јован 3:16) , можеме подобро да ја разбереме преку прекрасното откровение дека Јагнето Божје било „заклано, од создавањето на светот“ (Откровение 13:8).
Поттикнат од љубовта што постоела уште пред да нè создаде, Бог ветил дека ќе воспостави непријателство кон нечестивиот (види Создавање 3:15).
„Иако (ова ветување) предвидувало судир помеѓу човекот и сатаната, навестувало дека силата на големиот непријател на крајот ќе биде скршена.“ – The Faith I Live By, p. 75.
„Никој, освен Христос, не можел да ги искупи луѓето од „законската клетва” и повторно да ги доведе во хармонија со небото.“ – Патријарси и пророци, 63.
Божјата чудесна љубов е откриена во планот за спасение, со кој се обновува Неговиот совршен план за човечкиот род. Господ го воспоставил жртвениот систем за да го прикаже Својот план за спасение.
СИМБОЛИ И СПОМЕНИЦИ НА ХРИСТОВОТО ОТКУПУВАЊЕ
Откупување е Божјо помирување со својот народ преку смртта на Христос како жртва. Кога му го откри на Адам и Ева планот за спасение, Бог ги замени исчезнатите облеки од светлина и листови од смоква со облеки од кожа, кои го претставуваа облекувањето во Христовата праведност, облеки на спасение. За овие облеки да бидат направени, мораше да биде принесена жртва, зашто „без пролевање крв нема проштевање“ (Евреите 9:22),
што го означуваше Христовото жртвување на крстот.
Од олтарот што го изгради Аврам во земјата Морија за да го принесе Исак како жртва, до храмот што го изгради Соломон на ридот Морија за Божјото присуство, преку жртвите на животните што се извршуваа низ вековите, видливи се симболите и потсетниците на делотворноста на Христовата жртва во бришење на човечките гревови (Создавање 22:2; 2. Летописи 3:1).
„Основата на нашата вера е правилно разбирање на службата во небесното светилиште.“ – Evangelism, p. 221.
СВЕТИЛИШТЕ
Терминот „светилиште“, онака како што е употребен во Библијата, се однесува првенствено на шаторот што го изгради Мојсеј како модел на небесните нешта; исто така, тој се однесува и на „вистинската скинија“ на небото на која укажуваше земното светилиште.“ – The Faith I Live By, p. 202.
Додека патуваа кон Ханан, Бог преку Мојсеј им заповеда на Израелците да Му направат светилиште за да може да престојува меѓу нив (Излез 25:8).
„Бог на Мојсеја му го покажал небесното Светилиште и му наредил да направи сè точно според образецот што му бил покажан.“ – Патријарси и пророци, 343.
Земното светилиште – шаторот за состанок – бил составен од трем (дворот на скинијата), првото одделение – Свето Место и второто одделение – Светиња над светињите, кои на пророчки начин го прикажуваат Христовото дело од Неговото раѓање до бришењето на гревовите.
1. Дворот на скинијата (Излез 27:9– 18), просторот што го опкружувал шаторот за состанок, каде што се принесувале сите жртви, ја претставувал оваа земја на која Исус, големата антитипска (несимболична) жртва, умрел за нашите гревови (Јован 12:32,33). Еден влез во дворот, каде што грешникот ја носел својата жртва за грев, нѐ потсетува дека верата во Христос е нашиот единствен пат до заветен однос со Бога (Јован 10:7,9). Олтарот за жртви сепаленици (Излез 27:1– 8), на кој била пролевана крвта и покрај кој се истурал пепелот на жртвата (Левитска 6:10; Второзаконие 12:27), бил преслика на пролевањето на драгоцената крв на Исус, кој ќе го отстрани проклетството на гревот од оваа земја и ќе го подготви патот за нејзиното чистење со оган (Малахија 4:1,3). Крвта на жртвата исто така го поучувала народот дека само преку Исусовата крв можат слободно да пристапат до Бога во светилиштето (Евреите 10:19,20). Мијалникот (Излез 30:17– 21) меѓу влезот во тремот и шаторот, во кој свештениците ги миеја рацете и нозете пред да влезат во светилиштето, е соодветен симбол на вистината која Никодим ја примил во врска со чистењето, што е потребно за влез во Божјото присуство; крштевањето е исто така негов симбол (Јован 3:5).
2. Шаторот бил поделен на „Свето Место“ и Светиња над светињите (Евреите 9:1,2).
А. Светото Место ги содржело следниве симболи и елементи: стол со поставени лебови (Излез 25:23– 30), кои своето остварување го нашле во Исус, лебот на животот (Јован 6:48,33,51); светилник (Излез 25:31– 40), кој ја претставувал црквата (Откровение 1:12,20) која треба високо да ја подигне светлината на речта (Псалм 119:105), додека маслото во секоја гранка на светилникот го претставувало делото на Светиот Дух на земјата (Захарија 4:1– 6,10, спореди со Откровение 5:6); жртвеникот за кадење (Излез 30:1– 7), ја претставувал Исусовата постојана, мирисна посредничка служба помешана со нашите молитви (Евреите 7:25; Откровение 8:3,4).
Б. Светиња над светињите (Евреите 9:3– 5) ги содржела следни симболи и елементи: Ковчегот на заветот (Излез 25:10– 22), симбол на Божјата присутност. Внатре во ковчегот се наоѓале две камени плочи со Десетте заповеди, напишани со Божјиот прст (Второзаконие 10:4,5). Тие биле, и сè уште се, израз на Божјиот непроменлив карактер. Престол на милоста (Излез 25:17– 21), кој го покривал прекршениот закон, бил место на кое се покажувала видливата Божја присутност (Излез 25:32; 30:6). Тоа го претставувало единството на милоста и правдата во планот на искупување и било прикладен симбол на престолот на возвишениот Бог, кој го објавува своето име како „човекољубив и милостив, долготрпелив, многумилостив и верен” (Излез 34:5– 7).
Златниот сад со мана (Евреите 9:4) бил потсетник на Божјата грижа во Неговото провидение, кога Тој на својот народ во пустината му пуштил леб од небото и така им го спасил животот (Излез 16:32,33). Така и денес, во својата грижа за нас, Бог нè осветлува со драгоцените зраци на светлината во врска со исхраната, кои ќе донесат благослов за сите што ќе ги примат. Додека ја делиме оваа светлина со другите, ќе ни се отворат вратите за проповедање на евангелието. На тој начин, здравствената порака треба да биде десната рака на третата ангелска вест. Расцутениот жезол на Арон (Евреите 9:4), го потсетуваше народот да го почитува системот на ред и Божјото водство што Бог го воспоставил во својата црква.
Земното светилиште и неговите симболични служби привремено ги воспоставил Бог и тие требало да ги поучат Израелците и нас за жртвениот систем, совршениот и целосниот план за спасение и Христовата служба во небесното светилиште. Христовата смрт на крстот ја укина жртвената служба во земното светилиште, па затоа тие денес не се значајни (Колосјаните 2:14; Евреите 9:8– 14).
СВЕШТЕНСТВО
Постојат значајни разлики помеѓу свештенството на Исус Христос и земното свештенство.
Бог ги избрал припадниците на Левиевото племе да служат како свештеници во земното светилиште (Броеви 1:50; Излез 28:1; Левитска 21:17– 23). Но, Исус не можел да биде првосвештеник на земјата, „зашто е познато дека Господ наш произлезе од Јуда, а за свештенството од ова колено Мојсеј ништо не рекол” (Евреите 7:14).
Првосвештеникот бил избран од народот (Евреите 5:1). За да стане Исус првосвештеник на човечкиот род во небото, Тој „не дојде да им помогне на ангелите, туку на Авраамовите потомци” (Евреите 2:16).
За разлика од левитското свештенство, Христовото свештенство по редот на Мелхиседек нема ни почеток ни крај (Евреите 7:3).
Два настани го означиле преминот од земно на небесно свештенство. Кога Христос беше распнат на крстот, „раскинувањето на завесата на храмот покажа дека еврејските жртви и уредби повеќе нема да бидат примани” – Рани списи, 259.
„Кинејќи ја својата облека, тој самиот се лишува од она што му дава карактер на претставник. Бог веќе не го прима како свештеник” – Копнежот на вековите, 709.
СЕКОЈДНЕВНИ ЖРТВИ
Секојдневната жртвена служба се извршувала во дворот и во првиот дел од светилиштето, и укажувала на жртвата на Месијата на крстот. Од грешникот се барало да донесе младо животно без мана (јагне) како жртва за грев. Јагнето (Излез 12:21) го претставувало Исуса, Божјото Јагне кое ги зема врз себе гревовите на светот (Јован 1:29; 1. Коринтјаните 5:7). Грешникот ги полагал своите раце на главата на животното додека ги исповедал своите гревови, а потоа го колел тоа животно. Свештеникот ја земал неговата крв, прскал со неа на роговите на жртвеникот, а остатокот го истурал во подножјето на жртвеникот или прскал со неа на завесата зад кадилниот жртвеник во светилиштето, или, пак, јадел дел од жртвата пред да влезе во светилиштето. Целата оваа служба го претставувала пренесувањето на гревот од грешникот на светилиштето (Евреите 9:6; Левитска 4:3,7,22,23; 6:10; 10:17,18).
„Кога свештениците наутро и навечер влегувале во светињата да палат темјан и да кадат, секојдневната жртва веќе стоела приготвена чекајќи да биде принесена на олтарот што се наоѓал во предворјето… Со лицето свртени кон светињата (оние кои чекале на богослужението) тие се соединувале во тивка молитва. Така нивните молитви се издигале кон небото заедно со облакот од миризливиот темјан додека со вера се повикувале на заслугите на ветениот Спасител, симболично претставен со самата жртва… Бидејќи гревовите на Израелците на тој начин биле пренесени во светињата, таа станувала нечиста и било неопходно да се изврши едно посебно дело и од неа да се отстранат гревовите. Бог наредил да се изврши помирување за секое одделение, како и за олтарот, за да се очисти и освети од нечистотиите на синовите Израелови.’” – Патријарси и пророци, 353,354.
ДЕН НА ПОМИРУВАЊЕ
Денот на помирување (Јом Кипур), десетти ден од седмиот месец Тишри (помеѓу септември и октомври), и понатаму е најсвет ден во еврејскиот календар (Левитска 23:27).
„Еднаш годишно, на големиот ден на помирување, свештеникот влегувал во Светињата над светињите да ја очисти. Со службата што ја вршел тука го надополнувал богослужението што се вршело во текот на целата година (Евреите 9:7).” – Патријарси и пророци, 355.
„Додека се вршело делото на помирување, секој требало да се кае и да ја мачи својата душа. Сите работи морале да бидат запрени, а целиот израелски народ морал овој ден да го поминува во молитва, во пост и длабоко испитување на срцето и во свечена понизност пред Бога… Така била вршена службата која била ‘сенката на небесните работи’ (Евреите 8:5).” – Патријарси и пророци, 355.
ХРИСТОВАТА СЛУЖБА ВО СВЕТИЛИШТЕТО
По неговото вознесување на небо, Христос започнал со својата служба како наш Првосвештеник.
„Осумнаесет векови е вршена оваа служба во првото одделение на Светилиштето. Христовата крв ги застапувала покајаните грешници, осигурувајќи им проштевање и прифаќање кај Отецот, но сепак нивните гревови сè уште останале запишани во небесните книги.” – Големата борба, 421.
ИСТРАЖЕН СУД
„Како што во земното Светилиште е извршено отстранување на гревовите што го сквернавеле него; сега на ист начин мора да биде извршено и вистинско чистење на небесното Светилиште, да се отстранат или да се избришат гревовите што се запишани таму. Но, пред да може да се изврши тоа, мора да се испитаат книгите за да се утврди кој стекнал право со покајание и со вера во Христа да се користи со благодатта на Неговото помирување. Затоа чистењето на Светилиштето содржи извесно дело на истражување, дело на истражниот суд. Ова дело мора да биде извршено пред Христос да дојде да го избави Својот народ.” – Големата борба, 421.
„Така и во големиот ден на конечното чистење и на истражниот суд ќе се земат во обѕир само случаите на оние што изјавуваат дека му припаѓаат на Божјиот народ (1. Петрово 4:17). Судот над безбожниците е посебно и одвоено дело што ќе се изврши подоцна.” – Големата борба, 480.
„Во времето одредено за суд – на крајот од пророчките 2300 дни – почна истражното дело и бришењето на гревовите. Сите што кога и да е го признале Христовото име, ќе бидат предмет на истрагата. На живите и мртвите ќе им биде судено ‘според запишаното во книгите, според делата нивни’ (Откровение 20:12).” – Големата борба, 486.
„Записите во небесните книги, во кои се забележени имињата и делата на луѓето, ќе бидат од пресудно значење за донесување одлуки на овој суд…
Книгата на животот ги содржи имињата на сите што кога и да е биле во Божја служба…” (Лука 10:20; Филипјаните 4:3; Даниел 12:1; Откровение 21:27).
‘Спомен книгата’ е напишана пред Господа и во неа се забележани добрите дела на оние ‘кои се плашат од Бога и го почитуваат името Негово’ (Малахија 3:16; Неемија 13:14)… Во оваа книга за спомен е овековечено секое праведно дело…
„Таму се води извештај и за човечките гревови.” – Големата борба, 480, 481.
Ќе ни биде судено за секое зло дело и за секој празен збор (Проповедник 12:14; Матеј 12:36,37; 1. Коринтјаните 4:5; Исаија 65:6,7).
„Гревовите за кои не сме се покајале и кои не сме ги напуштиле, нема да бидат простени и избришани од книгата, туку на денот на Божјиот суд ќе сведочат против грешникот… Гревот може да се негира, да се скрие, пред таткото, пред мајката, пред жената, пред децата и пред пријателите. Можеби никој, освен грешникот, нема поим за вината, но пред небесните суштества ќе биде сè откриено… Бог има точен извештај за секоја неправда и за секое нечесно дело.” – Големата борба, 486.
„Секое човечко дело ќе биде подложено на испитување пред Бога и ќе биде забележано како верност или неверност. Покрај сечие име во небесните книги со стравотна точност ќе биде запишан секој лош збор, секоја себична постапка, секоја неисполнета должност, секој таен грев, како и секое вешто прикривање.” – Големата борба, 482.
„Каква свечена помисла! Ден по ден се губат во вечноста и небесните книги… Нашите дела, нашите зборови, дури и нашите најскриени побуди… Иако ние ги забораваме, тие сепак ќе сведочат за нашето оправдување или осуда.” – Големата борба, 486.
ХРИСТОС КАКО НАШ ЗАСТАПНИК ВО СВЕТИЊАТА НАД СВЕТИЊИТЕ
„И ако некој згреши, кај Отецот имаме Застапник, Исус Христос, Праведникот” (1. Јованово 2:1).
Видете и Евреите 9:24.
„Кога ќе се отворат судските книги, пред Бога ќе се испита животот на секој што верувал во Исуса. Нашиот Застапник ќе почне прво со оние што живееле на земјата на почетокот, потоа ќе оди понатаму од поколение на поколение, и најпосле ќе заврши со живите. Ќе биде споменато сечие име, ќе биде точно испитан случајот на секој поединец. Некои имиња ќе бидат примени а некои отфрлени. Ако во книгите се најдат нечии гревови кои не се ниту признати ниту простени, нивните имиња ќе бидат избришани од книгата на животот, а извештајот на нивните добри дела ќе се избрише од ‘спомен книгата’…
„Покрај имињата на оние кои вистински се покајале за своите гревови и кои со вера ја признале Исусовата крв како своја жртва на исчистување, во небесните книги ќе биде забележано „простување”. Бидејќи станале учесници во Христовата правда и се утврдило дека нивниот карактер е во хармонија со Божјиот закон, нивните гревови ќе бидат избришани, а тие прогласени достојни за вечен живот (Исаија 43:25; Откровение 3:5; Матеј 10:32,33).” – Големата борба, 483.
НАША СВЕЧЕНА ОДГОВОРНОСТ
Нашето правилно разбирање на делото на истражниот суд бара од нас да преземеме решителни чекори во однос на спасението.
„Сите што сакаат нивните имиња да останат во книгата на животот треба сега, во овие преостанати дни од времето на милоста што им е дадено, да ја мачат својата душа пред Бога жалејќи поради гревот со искрено покајание. Тие мораат длабоко и свесно да ги преиспитаат своите срца. Мораат да го отфрлат лекомислениот и суетниот дух на кого му се предале многу христијани.” – Големата борба, 489.
Мораме да го градиме своето спасение со страв и трепет (Филипјаните 2:12).
„А кога ќе заврши истражниот суд, тогаш судбината на сите ќе биде запечатена за живот или за смрт. Времето на милоста ќе заврши кратко пред доаѓањето на Спасителот на небесните облаци… Христос… вели: ‘Кој чини неправда, нека чини неправда уште; и кој е осквернет, нека се осквернува уште; и кој е праведен, нека чини правда уште; и кој е свет, нека се осветува уште. И еве, ќе дојдам скоро, и платата Моја е со Мене, за да му дадам на секого според делата негови’ (Откровение 22:11,12).” – Големата борба, 490.
ЗАКЛУЧОК
„Тогаш праведниците и грешниците уште ќе живеат на земјата во својата смртна состојба – ќе сеат и ќе градат, ќе јадат и ќе пијат, несвесни дека горе во Светилиштето е изговорена последната и неотповиклива одлука… Тивко и незабележано, како крадец ноќе, ќе дојде судбоносниот час што ќе ја реши судбината на секој човек и засекогаш на грешните луѓе ќе им ја одземе понудената милост.
„’Бидете будни… па да не дојде ненадејно и да ве затече како спиете’ (Марко 13:35,36). Опасна е состојбата на оние што се умориле бдеејќи и ги прифатиле привлечностите на светот. Додека деловниот човек целосно е опфатен со својата трка за добивка, додека љубителот на забави бара уживања и додека ќерката на модата го става на себе својот накит – Судијата на светот ќе ја изрече пресудата: ‘Измерен си на кантар и се најде многу лесен’ (Даниел 5:27).” – Големата борба, 491.
Само кога Бог ќе го уништи зачетникот на гревот, Божјиот народ може да се смета ослободен од товарот на гревот. Сега е време да ги мачиме своите души, длабоко да го преиспитаме своето срце и срдечно да се молиме за бришење на нашите гревови, а не на нашите имиња од книгата на животот.
Амин!

Времиња на освежување
Светите писма јасно нѐ учат дека „сè има време, и секоја работа под небото има свое време” (Проповедник 3:1).
Така, постои време кога ќе дојде до „освежување”.
Зборот „освежување” се користел на Блискиот Исток за да го опише дождот кој паѓал пред последната жетва на житни култури. Овој дожд бил познат и како „доцен дожд”.
„На Исток, раниот дожд паѓа во време на сеидба. Тоа е неопходно за семето да може да никне. Под влијание на плодоносните дождови, нежниот ртулец почнува да расте. Доцниот дожд кој паѓа во време на зреење помага за полнење и зреење на зрното, подготвувајќи го за жетва. Господ ја користи оваа слика од природата за да го прикаже делото на Светиот Дух.” – Сведоштва за проповедниците, 463.
Пророкот Захарија во Стариот завет го прикажува не само раниот дожд, туку и потребата на Божјиот народ да се моли за неговото излевање во соодветно време:
„Молете Го Господа за дожд во време пролетно; Господ ќе светне со молскавица и ќе ви даде обилен дожд – зеленило во поле” (Захарија 10:1).
И апостолот Петар во Новиот завет ја истакнува важноста на „освежувањето” во својата проповед на денот на Педесетница. Во тоа време тие биле дарувани со голема сила од небото. Светиот Дух бил обилно излеан на нив. Нивното искуство се нарекува „ран дожд”.
„Како што ‘раниот дожд’ бил даден при излевањето на Светиот Дух во почетокот на ширењето на евангелската вест, и предизвикал ’ртење на драгоценото семе, така и ‘позниот дожд’ ќе се излее при нејзиниот крај за жетвата да дозрее.” – Големата борба, 611.
Кога апостолот Петар зборуваше за „времиња за освежување”, тој јасно нагласи дека е потребно е да се направат многу важни чекори пред неговото исполнување, како што е нагласено во оваа Молитвена седмица, во фокусот на стихот:
„Покајте се, пак, и обратете се, за да се очистите од гревовите ваши, за да дојдат од Господ времиња за освежување и Тој да ви Го прати вам претскажаниот Исус Христос“ (Дела 3:19,20).
Тука наоѓаме пет важни точки:
а) Покајание б) Обратување в) Бришење на гревовите г) Времиња на освежување д) Исусовото доаѓање
ПОКАЈАНИЕ
Искреното покајание ќе го наведе човекот да го признае и исповеда својот грев.
„Примерите на вистинско покајание и понизност, запишани во Божјото слово, ни откриваат подготвеност за признавање без изговор за гревот или обид за самооправдување. Павле не се обидел да се оправда; тој го слика својот грев во најтемни бои, не обидувајќи се да ја намали својата вина.” – Патот кон Христа, 41.
Апостол Јован пишува:
„Ако кажеме дека немаме грев, се лажеме сами себе, и вистината не е во нас. Ако ги исповедаме гревовите свои, Тој е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секаква неправда.” (1. Јованово 1:8,9).
Тоа е прекрасно ветување: ако ги признаеме нашите гревови, ќе ни биде простено и ќе бидеме очистени.
ОБРАТУВАЊЕ
Откако ќе се покаеме и ќе ги исповедаме нашите гревови, повикани сме да се обратиме. Обратување е целосен пресврт во нашиот живот, движење во спротивна насока. Господ нè повикува да се свртиме од светот кон Него, доброволно, не принудно:
„Но и уште сега вели Господ: вратете се кај Мене од сè срце со пост, плач и ридание. Раскинете ги срцата свои, а не облеката и вратете се кај Господ вашиот Бог: зашто Тој е благ и милосрден, долготрпелив и многумилостив и сожалува кога казнува.” (Јоил 2:12,13).
„Ќе се види промена во карактерот, навиките и стремежите.” – Патот на Христа, 74.
Тоа не е само мало подобрување на нашиот духовен живот, туку целосна промена.
„Нема никаков доказ дека покајанието е искрено ако не донесе реформа. Ако грешникот го обнови заветот, го врати она што го одзел, ги признае своите гревови, и почне да го сака Бога и своите ближни, може да биде сигурен дека преминал од смрт во живот.” – Патот на Христа, 59.
БРИШЕЊЕ НА ГРЕВОВИТЕ
Како што веќе видовме во текот на оваа Молитвена седмица, избришани или поништени во книгата на животот можат да бидат само гревови кои се признати и оставени. Поништувањето на гревот мора да се случи пред да примиме „освежување” – „позен дожд”.
„Големото дело на евангелието нема да се заврши со помала манифестација на Божјата сила од онаа што го одбележала неговиот почеток. Пророштвата што се исполниле со излевањето на раниот дожд во почетокот на евангелието пак ќе се исполнат со доцниот дожд и при неговото завршување. Тоа е време на „освежување“ што апостол Петар однапред го најавил велејќи:
‘Покајте се, пак, и обратете се, за да се очистите од гревовите ваши, за да дојдат од Господ времиња за освежување и Тој да ви Го прати вам претскажаниот Исус Христос’ (Дела 3:19,20).’” – Големата борба, 611.
ПОДГОТОВКА ЗА ДОЦНИОТ ДОЖД
Кога раниот дожд се излеал на денот на Педесетница, многу ученици биле собрани на едно место, во горната соба. Што правеле таму за време на тие десет дена? Библијата ни вели:
„Тие сите еднодушно беа постојано во молитва и молење заедно со некои жени и со Марија, мајката на Исус, и со браќата Негови.” (Дела 1:14).
„Тие денови на подготовка биле денови преполни со длабоко истражување и преиспитување на срцето. Учениците го чувствувале својот духовен недостиг и пекале пред Господа во молитва за свето помазание кое ќе ги оспособи за делото на спасување на душите. Не барале благослов само за себе. Ги притискал товарот за спасување на душите.“ – Делата на апостолите, 37.
Ова е исполнето во Дела 2:1– 4.
„Ветувањето за дарот – за Светиот Дух – не е ограничено ниту на една епоха, ниту на еден народ. Христос рекол дека божествената сила на Светиот Дух ќе почива врз неговите следбеници сè до крајот. Од денот Педесетница, па сè до денеска, Утешителот им е упатуван на сите кои исцело му се посветиле на Господа и на Неговата служба.“ – Делата на апостолите, 49.
Иако Светиот Дух ни се дава и денес во одредена мера, за да нѐ научи и да нѐ води во целата вистина, за завршување на Божјото дело ни е потребен и ветуваниот доцен дожд, за да стави печат на објавувањето на вечното Евангелие. И ова ветување ќе биде исполнето:
„И, ете, потоа ќе излеам од Мојот Дух врз секое тело, и синовите ваши и ќерките ваши ќе пророкуваат; старците ваши ќе сонуваат соништа и младите ваши ќе гледаат виденија. А и врз слугите и слугинките во оние денови ќе излеам од Мојот Дух.“ (Јоил 2:28,29).
Кога ќе го прочитаме зборот „потоа“ во книгата на пророкот Јоил, ќе разбереме дека во последните времиња мора да се заврши едно дело пред да ни биде даден Светиот Дух во најголема мера. Во претходните стихови во Јоил 2, пророкот објаснува кое е тоа дело што треба да се изврши пред доцниот дожд:
„Соберете го народот, свикајте собир, поканете ги и старешините, соберете ги децата и доенчињата; нека излезе младоженецот од свадбената соба и невестата од својата одаја. Меѓу тремот и жртвеникот нека плачат свештениците, служителите на Господ и нека молат: ‘Смилувај се, Господи, над народот Свој, не предавај го наследството Свое на срам, та да не се подигруваат со него народите! Зошто меѓу нив да се зборува – каде е нивниот Бог?’ Тогаш Господ стана љубоморен за земјата Своја, па му се смилува и на народот Свој” (Јоил 2:16–18).
Никој нема да прими „освежување” или „доцен дожд” ако неговите гревови не се избришани или поништени. Сепак, жалосно е да се каже, многумина очекуваат да го примат овој голем благослов во својата грешна состојба, без покајание и обраќање, надевајќи се дека во времето на доцниот дожд ќе доживеат реформација. Тоа се безнадежни случаи, како што читаме во следниве пасуси:
„Видов дека мнозина ја занемаруваат толку потребната подготовка очекувајќи дека „освежувањето” или „доцниот дожд” ќе ги оспособи да опстанат во Господовиот ден и да живеат во Негово присуство. О, колку ли само сум видела од нив во времето на неволјите без Божја заштита! Тие ја занемаруваат потребната подготовка, па затоа нема да можат да го примат „освежувањето” кое сите мораат да го примат за да можат да живеат во присуството на Светиот Бог… Видов дека во ‘освежувањето’ ќе учествуваат само оние кои што ќе победат и ќе го оттргнат секој вкоренет грев: гордост, себичност, љубов кон светот и секој лош збор и постапка.” – Рани списи, 71.
„Оние кои ја одложуваат својата подготовка за Господовиот ден, нема да бидат во можност тоа да го постигнат во времето на неволјата ниту во кое и да е подоцнежно време. Нивниот случај е безнадежен.” – Големата борба, 620.
„Од ден на ден треба да бараме просветлување од Божјиот Дух, за да може Тој да го изврши Своето дело во душата и карактерот. О, колку многу време беше потрошено на бесмислени работи! Покајте се и обратете се, за да можат вашите гревови да бидат избришани кога од Господ ќе дојдат времењата на освежување.” – „Денес треба да ги очистите своите садови, за да бидат подготвени за небесната роса, подготвени за врнежи на раниот дожд; зашто позниот дожд ќе дојде и Божјиот благослов ќе ги исполни сите души кои се очистени од секоја нечистотија. Нашето дело денес е да ги предадеме своите души на Христос, за да станеме пригодни за времињата на освежување кои ќе дојдат од Господ – погодни за крштевање со Светиот Дух.” – The Review and Herald, March 22, 1892.
ДОЦНИОТ ДОЖД ЌЕ БИДЕ ИЗЛЕАН
„Пред Бог да ги излее своите судови на светот, меѓу Неговиот народ ќе се јави такво оживување на вистинска побожност, какво што не се видело од времето на апостолите. Врз Божјите деца ќе се излее Неговиот Дух и Неговата сила.” – Големата борба, 464.
„Кога членовите на Христовата црква ќе се приближат до периодот на својата последна борба, ’времето на маките Јаковлеви’, ќе го достигнат највисокото ниво на зрелост во Христа и ќе ја примат полнотата на Неговиот Дух. Кога пораката на третиот ангел ќе прерасне во гласен вик, и кога голема сила и слава ќе го пратат завршувањето на делото, верните припадници на Божјиот народ ќе учествуваат во таа слава. Тоа ќе биде доцен дожд кој ќе ги освежи и зајакне да издржат во времето на неволјата и душевната тескоба. Нивните лица ќе бидат осветлени со славата на таа светлина која го следи делото на третиот ангел.” – The Review and Herald, May 27, 1862.
„И ете во последните дни, рече Бог, ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат синовите ваши и ќерките ваши, и младичите ваши ќе имаат виденија и старците ваши ќе сонуваат соништа. И во тие дни, врз слугите Мои и слугинките Мои ќе излеам од Мојот Дух, и тие ќе пророкуваат.” (Дела 2:17,18).
„И на почетокот на времето на неволјите ние ќе бидеме исполнети со Светиот Дух за да можеме во уште поголема мерка да ја објавиме саботата.” – Рани списи, 33.
„’Почетокот на времето на неволјите,’ кое тука се споменува, не се однесува на времето кога седумте зла ќе почнат да се излеваат, туку на краткиот период непосредно пред тоа, додека Христос сѐ уште се наоѓа во светињата. Во тоа време, кога делото на спасување ќе се приближи кон крајот, неволјите ќе наидат на земјата и народите ќе се разгневат, но ќе бидат задржани за да не го попречат делото на Третиот ангел. Во тоа време ќе дојде „доцниот дожд” или освежувањето од Господовото лице, за да даде сила на гласниот вик на Третиот ангел и да ги подготви светиите да се одржат во периодот на излевање на седумте последни зла.” – Рани списи, 85.
„Божјиот народ го завршил своето дело. Тој го примил ‘доцниот дожд’, ‘од Господ времиња за освежување’, и подготвен е за часот на искушението што е пред него. Ангелите брзаат насекаде на небото. Еден ангел, враќајќи се од земјата, објавува дека неговата работа е завршена. Светот е проверен и со последното искушение и сите оние што се покажале верни кон Божјите прописи го примиле печатот на живиот Бог’. Тогаш Исус престанува со Својата посредничка служба во небесното Светилиште.” – Големата борба, 613.
КОЛЕКТИВНО ИСКУСТВО
Кога го проучуваме Божјото слово кое содржи прекрасни Божји ветувања дека ќе го излее Божјиот Дух на нас во полност, треба да разбереме дека во времето на раниот дожд, силата на Светиот Дух им била колективно дадена на оние кои „беа заедно и на исто место”. Во времето на позниот дожд, искуството на Божјиот народ треба да биде слично на ова. Библискиот стих во Захарија вели:
„Молете Го Господа за дожд во време пролетно; Господ ќе светне со молскавица и ќе ви даде обилен дожд – зеленило во поле.” (Захарија 10:1).
Многу пати сме го прочитале овој стих и силно нагласувале зборовите: „Молете Го Господа за дожд во време пролетно”, но го заборавивме последниот дел од стихот кој вели дека Господ ќе даде дожд „зеленило во поле”. Овие последни зборови покажуваат дека секој што ќе се најде на поле (црква), која во тоа време мора да биде очистена, ќе прими позен дожд. Оние кои ја занемариле подготовката за благословот на позниот дожд, нема да бидат меѓу нив. Тие ќе бидат отстранети од Божјиот народ на остатокот со силно решетање. Перото на вдахновението е многу јасно:
„Бог го решета Својот народ. Тој сака да има чиста и света црква. Ние не можеме да ги чистиме срцата на другите луѓе, но Господ предвидел средства и начини Својата црква да ја одржи чиста.” – 1. Сведоштво, 99.
„Некои беа изрешетани и оставени покрај патот. Безгрижните и рамнодушните, кои не се приклучија на оние кои ја вреднуваа победата и спасението за истрајно да се молат и агонизираа за неа, не успеваа да извојуваат победа и остануваа во темнина, а нивните места беа веднаш исполнети со други кои што ја прифаќаат вистината и стапуваат во редовите.” – Рани списи, 271.
ИСУСОВОТО ДОАЃАЊЕ
„Бидејќи се јави Божјата благодат, спасителна за сите луѓе. Таа нè учи да ги отфрлиме нечесноста и похотите од овој свет, чесно, праведно и побожно да поживееме во овој век, да чекаме да се исполни блажената надеж и да се јави славата на великиот Бог и Спасител, нашиот Исус Христос.” (Тит 2:11– 13).
„Кога Христовиот карактер ќе се одрази совршено во припадниците на Неговиот народ, тогаш Тој ќе дојде и ќе ги повика своите. Привилегија е секој христијанин не само да го очекува доаѓањето на Господ, туку и да го забрза.” – Мараната, 112.
„И тогаш ќе се појави знак на Синот човечки на небото; и тогаш ќе заплачат сите племена на земјата; и ќе го видат Синот човечки како доаѓа на облаците небесни со сила и голема слава. И ќе ги испрати Своите ангели со голем глас на труба; и ќе ги собере Неговите избрани од четирите ветрови, од крај до крај на небесата.” (Матеј 24:30,31).
„А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се соберат пред Него сите народи, па ќе ги оддели едни од други, како што ги одделува овците од козите; и ќе ги постави овците од Својата десна страна, а козите од левата. Тогаш Царот ќе им каже на оние што Му се од десната страна: ‘Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот.’” (Матеј 25:31– 34).
ЗАКЛУЧОК
Додека ги читаме искуствата на првите ученици на почетокот на христијанското движење, кога го примиле раниот дожд, можеме да видиме дека тие кои се наоѓале во горната соба колективно го примиле крштевањето со Светиот Дух. Другите членови на црквата го примиле тоа крштевање подоцна, поединечно.
Дали слична работа може да се случи и во нашето време? Се зборува за позниот дожд, често се молиме за него и го сметаме за настан кој ќе се случи во иднината. Кога ќе се исполни тоа? Дали Господ носи вина што доцниме со примањето на овој возвишен благослов? Библијата ни вели:
„Па така, значи, ако вие, кои сте лоши, умеете да им давате добри дарови на чедата свои, колку повеќе небесниот Отец ќе им даде Дух Свети на оние што Му бараат?” (Лука 11:13).
За неколку седмици, претставниците на Божјата црква на остатокот ќе се соберат во заедништво. Ќе се излее ли Светиот Дух на делегатите на Генералната конференција во 2025 година? Можеме ли тогаш да го примиме прекрасното ветување за позниот дожд? Драги браќа, подгответе се за тој возвишен благослов. Господ ќе им помогне на сите кои сакаат да бидат крстени со Светиот Дух. Духот на пророштвото нè советува:
„Божјите ангели го следат развивањето на карактерот и ја оценуваат моралната вредност. Времето на милост се ближи кон крајот, а вие сè уште не сте подготвени. О, да може зборот на предупредување да гори како оган во вашите души! Подгответе се! Подгответе се!” – 2. Сведоштво, 401.
Како еден од вашите браќа и слуги, сакам да испратам апел до секој кој ќе биде делегат на Генералната конференција 2025 година: Ве молам, дојдете на конференцијата празни, слободни од сите претходно создадени идеи, темелно подготвени, помирени со Бога и со луѓето, нека вашата совест биде чиста, и бидете подготвени за крштевање со Светиот Дух. Кој знае дали долгочекуваното ветување ќе се исполни? А сите ние, браќа, кои не сме делегати, треба да го преиспитаме својот живот, да ги признаеме своите гревови и недостатоци на Бога и еден на друг, да молиме за прошка, за да бидат избришани нашите гревови, и искрено да се молиме за успехот на конференцијата, за Господ да ги посети Своите слуги со обилни дождови на благослови. Духот на пророштвото нè советува:
„Христијаните треба да ги отфрлат своите меѓусебни несогласувања и во потполност да се предадат на Бога за спасување на изгубените. Нека со вера го бараат благословот и тој ќе дојде. Излевањето на Светиот Дух во деновите на апостолите бил ‘ран дожд’, а резултатите биле величествени. Но, ‘позниот дожд’ ќе биде поизобилен (Јоил 2:23).” – Копнежот на вековите, 827.
„Денес треба да се предадете на Бога за да можете да се ослободите од себичноста, зависта, љубомората, злите сомневања, конфликти, сè што може да го посрамоти Бога. Денес треба да го очистите вашиот сад за да биде подготвен да ја прими небесната роса, да биде подготвен за дождовите на позниот дожд; позниот дожд ќе биде излеан и Божјиот благослов ќе ја исполни секоја душа која се ослободила од секоја нечистотија. Наша задача е денес да ја потчиниме нашата душа на Христос за да бидеме подготвени за време на освежување од лицето Господово – подготвени за крштевање со Светиот Дух.” – God’s Amazing Grace, 25.
Амин!

Доаѓањето на Исус Христос
„Да чекаме да се исполни блажената надеж и да се јави славата на великиот Бог и Спасител, нашиот Исус Христос” (Тит 2:13).
„Една од најсвечените и најславни вистини откриени во Библијата е вистината за второто Христово доаѓање кој ќе дојде да го доврши големото дело на откупувањето. Ветувањето за доаѓањето на Оној кој е „воскресение и живот”, Кој „заточените пак ќе ги врати дома”, на Божјиот патнички народ, кој мора толку долго да патува низ „долината на смртната сенка”, му дава славна и блажена надеж. Учењето за второто Христово доаѓање е главна наука на Светото писмо.” – Големата борба, 299.
Бев дете од единаесет години кога првпат со моето семејство присуствував на црковен состанок. Тогаш за првпат ја слушнав прекрасната вест дека Исус Христос повторно доаѓа на земјата, а значајните настани откриени во пророштвата кои се исполниле точно во времето кога биле предвидени се доказ дека наскоро ќе имаме прилика да бидеме сведоци на тој настан.
НЕГОВОТО ВЕТУВАЊЕ
Не долго по последното заминување на Исус во Гетсиманија за да се моли, Тој своите ученици ги известил дека ќе ги напушти, бидејќи се приближувал крајот на Неговата земна мисија и дека ќе се врати таму каде што тие, барем засега, нема да можат да Го следат. Гледајќи ја природната реакција на учениците, нивната тага и чувство на напуштеност, Исус им рече:
„Да не се плаши срцето ваше” (Јован 14:1).
Тие зборови им дадоа утеха, а Исус, како што го направи со нив, исто така сака и на секој верник да му подари сигурност во сознанието дека Тој ги разбира сите животни околности и дека во Него душата која сака мир може да најде сè што ѝ е потребно. Потоа им рече:
„Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење. А да немаше, зарем Јас ќе ви кажев: ‘Одам да ви приготвам место’“ (Јован 14:2).
Тие станови претставуваат дом; а домот е место каде што сите ние најчесто наоѓаме сигурност, мир и среќа. Тоа ветување треба да биде големо вдахновение за сите нас; ќе стигнеме во дом каде што „волк и јагне ќе пасат заедно, а лавот ќе јаде слама како вол” (Исаија 65:25).
Тој дом ќе биде далеку од сè што денес ни носи тага и несигурност, каде што „Бог ќе ја избрише секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе” (Откровение 21:4).
Но, и следното ветување е подеднакво прекрасно како и претходното:
„Кога ќе отидам и ќе ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам вас кај Себе за да бидете и вие каде што сум Јас” (Јован 14:3).
„Пак ќе дојдам”
– тоа беше мелем кој им беше потребен на учениците во овој момент. Тие сè уште не беа свесни какви искушенија ги очекуваат, но од тој момент па понатаму, ова ветување беше фокус на нивното внимание и мотивација да одат и да Го проповедаат Неговото повторно доаѓање, да се стремат да го објават Исус Христос на секое колено, племе, јазик и народ.
НЕГОВОТО ВОЗНЕСУВАЊЕ И ВРАЌАЊЕ
Четириесет дена по своето воскресение, Исус ги водеше учениците на Маслинската гора, близу до Витанија, пред градот Ерусалим каде што беше отфрлен и осуден на смрт. Тоа беше момент на разделба и прилика да ги подели последните упатства со оваа група луѓе кои претставуваа изгубена овца која беше најдена. Исусовите зборови не беа опомени за нивните грешки и пропусти; тоа беа зборови на најдлабока нежност и сочувство.
„Раширувајќи ги Своите раце за да ги благослови и како да им ветува Своја заштита, Тој полека се издигнувал од нив, привлечен кон небото со сила посилна од која било земна привлечна сила. Додека Тој се издигнувал кон небото, вчудовидените ученици ги напрегале своите очи за да го фатат и последниот поглед на нивниот Господ, Кој се вознесувал. Облак од слава Го сокрил од нивните погледи и додека Го прифаќала ангелска копа слична на облак, до нив допирале зборовите: ‘Еве, Јас сум со вас во сите дни до свршетокот на светот.’“ – Копнежот на вековите, 830.
Во тој момент, два моќни ангели во човечка форма, со љубов и сочувство кон учениците кои гледаа кон небото, пристапија и ги прашаа:
„Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак на истиот начин како што Го видовте да оди на небото” (Дела 1:11).
Тоа беше истата вест на надеж која Исус одамна ја кажа:
„А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја” (Матеј 25:31).
Тоа беше истото откровение што Јован го доби на островот Патмос:
„Ете, иде со облаци, и ќе го види секое око, и оние што Го прободоа; и ќе се расплачат пред Него сите племиња на земјата. Да. Амин” (Откровение 1:7).
Ангелите ги уверија дека тој истиот Исус, кого го видоа како се вознесе во небо, ќе дојде повторно така како што се вознесе. Навистина, ќе дојде на облаците и секое око ќе Го види.
ЗНАЦИ НА НЕГОВОТО ДОАЃАЊЕ
Подлабокото разбирање на последните времиња беше тоа што го привлекло вниманието на учениците – и тоа истото треба да го привлече и нашето внимание. Тие насамо дојдоа кај Исус и го прашаа:
„Кажи ни, кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање и за крајот на светот?” (Матеј 24:3).
Во местата каде технологијата напредувала и каде се патува со современи превозни средства, обрнуваме посебно внимание на сигналите што ни ги даваат сателитските навигатори или ГПС уредите за преостанатиот пат до дестинацијата или за можни промени во избраната рута. Знаците покрај патот ни помагаат исто така. Библиските пророштва се слични на ГПС кој ни кажува во кое време се наоѓаме, за да можеме да се подготвиме и безбедно да стигнеме до одредиштето.
ИЗМАМА
„А Исус им одговори и рече: ‘Пазете се, да не ве излаже некој; зашто многумина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: Јас сум Христос! и ќе прелажат мнозина’“ (Матеј 24:4,5).
Зошто Христос го кажа ова како прв знак на последните времиња? Одговорот ни го дава апостол Петар:
„Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта” (1. Петрово 5:8).
Драги браќа и сестри, и ѓаволот е запознаен со библиските пророштва и знае дека Христовиот доаѓање ќе стави крај на неговото владеење. Затоа, со големо лукавство и со префинети сплетки – како лав што го набљудува својот плен пред да го нападне – изнесува лажни доктрини, измешани со делови од вистината, за да ги намами верниците да паднат во неговата замка.
Ширење на исламот, будизмот, агностицизмот и други филозофски правци во светот ја искривиле човечката претстава за карактерот на единствениот вистински Бог, Творецот на небото и земјата, и го оддалечиле човекот од единствениот вистински извор на знаење, Библијата.
Нашата единствена сигурност се наоѓа во проучувањето на Светото писмо, со многу молитва и посветеност. Тоа е единственото што може да нѐ заштити од заблуди. Ако така постапуваме, ќе можеме со сигурност да потврдиме:
„Допрашајте се до законот и откровението! Ако некои речат дека не е така, тогаш за нив нема светлина” (Исаија 8:20).
Со нивно често проучување, ќе можеме да го втиснеме во нашиот ум единственото богатство кое ќе ни помогне да потврдиме: „Напишано е.”
Меѓутоа, имаме и предупредување: со напредокот на технологијата, сè повеќе се појавуваат верници кои веќе не читаат традиционална, печатена Библија. Од една страна, ни е олеснето да носиме цели библиотеки, лекции, песнарки и слично на нашите електронски уреди. Но, од друга страна, на најмал знак дека сме примиле порака или при некоја кратка пречка, престануваме со проучување и нашиот ум се врти кон други работи кои често не се поврзани со она што малку пред тоа сме го правеле. На овој начин, ѓаволот многу лесно успева да ги одвои верниците од проучувањето на вистината.
ВОЈНИ, ЧУМИ, ГЛАД, ЗЕМЈОТРЕСИ
Исус ги предупреди своите ученици:
„Ќе слушате за војни и повици на војни. Гледајте да не се уплашите, зашто сето тоа треба да биде; но тоа уште не е крајот. Зашто ќе се крене народ против народ, и царство против царство, и на разни места ќе има глад, помор и потреси” (Матеј 24:6,7).
Во последниве години можевме да бидеме сведоци на турбуленции меѓу народите. Додека во моментов сите се стремат кон мир, сепак, во светот се водат големи војни во кои загинуваат илјадници луѓе. Раселувањето на илјадници бегалци, предизвикано од војни и политичка нестабилност во многу земји, ги одведе во различни правци, што доведе до хуманитарни кризи во кои преовладуваат болка и глад.
Спротивно на овие стравотии, големите сили издвојуваат милиони средства за набавка на оружје и муниција за да продолжат да водат војни. Од друга страна, додека некои земји изобилуваат со храна, а многу луѓе заболуваат поради тоа што јадат лоша, брза храна, каде секој ден илјадници тони храна завршуваат во ѓубрето, на други места илјадници умираат од глад. Тешко е да се прифати дека во 21. век, со сите напредоци на технологијата и брзина и леснотија на транспорт, има места каде што луѓето умираат од болести предизвикани од недостаток на вода за пиење или од слабост, бидејќи немаат што да јадат. Природните катастрофи кои се случија во претходните децении исто така се дел од знаците за кои зборуваше Исус.
Додека сушите го уништуваат животот во одредени региони на планетата, на други места поплави предизвикани од обилни дождови, торнада и урагани оставаат пустош и илјадници жртви зад себе. Во последните години се јавуваат силни земјотреси во различни места, а тие стануваат не само подеструктивни во сила, туку однесуваат сè повеќе човечки животи.
„Колку често слушаме за земјотреси и урагани, за пожари и поплави кои нанесуваат големи загуби во имотите и животите! Наизглед тие несреќи се наивни испади на несреќни сили во природата, потполно надвор од човечка власт; но во сето тоа се наѕира Божјата намера. Тие спаѓаат во средства со помош на кои Бог настојува во луѓето да разбуди свест за лична опасност.” – Пророци и цареви, 277.
Научниците и филозофите кои бараат објаснување за овие настани заклучија дека сето тоа е резултат на климатските промени и дека природата реагира поради тоа. И повторно, човечките теории ги одвраќаат ушите на народот од вистинската причина за овие настани. Вистината е дека природата страда и е променета од злите дела на човечкиот род, но не смееме да го занемариме фактот дека овие се исто така знаци за кои зборуваше Исус.
Исто така, не треба да заборавиме ниту на последицата што ги сносат оние кои ја уништиле земјата:
„Народите збеснаа, но дојде Твојот гнев и времето да им се суди на мртвите и да дадеш награда за слугите Твои – на пророците, на светиите и на оние кои имаат страхопочит кон името Твое, мали и големи, и да ги погубиш оние што ја уништуваа земјата” (Откровение 11:18).
Големото дело на создавање се уништува, а тие кои се одговорни за неговата пропаст ќе бидат казнети.
Дали овие настани се знаци кои Исус ги најави на своите ученици и кои ќе служат како водич за препознавање на времето? Да, секако. Учениците го прашаа, кога ќе биде крајот на времето? Ние не можеме да поставиме датум, можеме само да ги толкуваме знаците и да разбереме дека нема многу време останато за нашиот свет и неговите жители.
„А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, туку само Мојот Отец“ (Матеј 24:36).
ИСТОРИЈАТА СЕ ПОВТОРУВА
Исус нагласи дека времето на крајот ќе биде слично на времето непосредно пред потопот.
„Но, како што беше во деновите на Ное, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки; зашто, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден кога Ное влезе во ковчегот, и не сфатија додека не дојде потопот и истреби сè – така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки” (Матеј 24:37– 39).
Јадењето, пиењето и венчавањето не се незаконски работи. Она што ги направи одвратни пред Бога беа крајностите во кои луѓето оделе. За најчести болести на денешницата голема одговорност носат лошите навики во јадењето и пиењето, неактивниот начин на живот, како и злоупотребата на штетни супстанции. Долготрајната изложеност на токсични материи, како што се оние кои ги вдишуваме во големите градови или употребата на тутун и различни дроги, се причина не само за многу заболувања, туку и за генетски мутации кои доведуваат до дегенеративни и автоимуни болести. Историјата за она што се случи со Содом и Гомор, како и искуството на Израел во Ситим, на прагот на Ветената земја, се предупредувања запишани за да нè научат дека сензуалноста и неконтролираните страсти можат да наведат луѓе да прават најстрашни, најодвратни дела пред Бога.
„Во сите столетија на сите страни се забележувале такви карактерни црти како остатоци на брод парчосан на карпата на грешните страсти. Денеска, кога се приближуваме кон крајот на времето и кога Божјиот народ стои на границата на небесниот Ханан, сатаната, како и во минатото, двојно ќе ги зголеми своите напори за да ги спречи да влезат во ветената земја. Тој поставува свои стапици пред секоја душа. Оттаму, сите мора да бидат претпазливи, а не само неуките и необразованите. Тој ќе смисли искушенија дури и за оние што се наоѓаат на највисоки положби и на најсвети должности; ако му појде од рака да ја извалка нивната душа, тогаш ќе може да уништи и многу други. И денеска тој се служи со исти средства како и пред три илјади години. Со помош на пријателство со светот, со помош на шармот на убавината, со желбата за задоволства, со веселбите, со различни свечености и со чаша вино, тој наведува на престап на седмата заповед.” – Патријарси и пророци, 457, 458.
ЗАБРЗУВАЊЕ НА НЕГОВОТО ДОАЃАЊЕ
„Предност на секој христијанин е не само да го очекува, туку и да го забрза доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос (2. Петрово 3:12). Ако сите што го исповедаат Неговото име би носеле и плод на Негова слава, колку бргу целиот свет би бил посеан со семето на евангелието! Бргу ќе созрееше последната голема жетва и Христос би дошол да го собере скапоценото жито.” – Христовите очигледни поуки, 69.
Наша предност е да говориме за блажената надеж – за повторното доаѓање на Исус Христос. Исто така, наша предност е да го извршиме истото дело на реформа кое Јован Крстител го извршил во подготовка на патот за првото Господово доаѓање.
„Големото прашање за значењето на реформата треба да го поттикне и пробуди јавното мислење. Умереноста во сè треба да се поврзе со пораката за наше време за да може Божјиот народ да се сврти од своето идолопоклонство – од незаситното попуштање на апетитот и претерувањето во облекувањето и во други области.” – 3. Сведоштво, 62.
Сега е време за промени во нашиот живот, за со нашата послушност на Божјите заповеди да откриеме дека навистина Го сакаме. Немаме време за губење. Мораме одлучно да ги затвориме вратата за сè што не претставува карактер на луѓе кои се подготвуваат да бидат пренесени во небесните станови. Нашите дела треба да покажат дека „нашето жителство е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спасителот, нашиот Господ Исус Христос” (Филипјаните 3:20).
НАША ПОДГОТОВКА
„Господ нема да задоцни со Своето ветување, како што некои мислат за бавењето; но долго време трпи, бидејќи не сака да загине некој, туку сите да се покаат” (2. Петрово 3:9).
Единствената цел на времето на милоста кое ни се дава денес е да се посветиме и подготвиме за големиот ден на Христовото доаѓање. Секој ден кој поминува е еден ден помалку во одбројувањето до крајот. Ако Исус уште не се вратил, тоа е само затоа што ни дава уште време длабоко и искрено да се покаеме и во нашиот живот да искусиме длабоко, вистинско обраќање. Нашето искупување е овозможено со драгоцената крв на Исус, невиното и чисто Јагне (1. Петрово 1:18,19), за да стигнеме до оние дворови кои „око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло, тоа Бог го приготвил за оние кои Го љубат” (1. Коринтјаните 2:9).
Нека привлечностите кои ни ги нуди овој свет, неговите гозби и традиции, непотребното украсување и мода, нездравата храна и пијалаци или љубовта кон парите и земните блага, не нѐ одвојат од драгоцената порака за Господовото доаѓање и фактот дека сега е време за подготовка!
ЗАКЛУЧОК
Само Божјата милост може да ни помогне да се подготвиме за Неговото доаѓање. Само делувањето на Светиот Дух може да нè осведочи за повикот на покајание и обраќање. Нека нашата секојдневна молитва биде:
„Да дојде царството Твое.”
Нека блажената надеж биде како факел кој ќе го осветли нашиот пат низ овој мрачен свет исполнет со зло и страдање. Нека нашата намера биде да напредуваме кон целта, кон наградата на горното призвание (Филипјаните 3:14), да го прикажеме Христос секој ден и во секое дело. Нека чистата и неоскверната вера (Јаков 1:27) биде резултат на Христовиот живот во нас.
„Кога Неговиот карактер совршено ќе се репродуцира во Неговиот народ, тогаш Тој ќе дојде да ги земе како свои.” – Христовите очигледни поуки, 69.
Мараната, Господ доаѓа! Тој говори:
„Да, ќе дојдам скоро!”
– Амин!
„Да, дојди, Господи Исусе” (Откровение 22:20).
Амин!

Царството на славата
Додека ја привршуваме оваа молитвена седмица, имаме чувство како да завршуваме едно патување полно со тајни и откритија. Водејќи нè од едно откровение до друго, Библијата ни служи како компас. Градејќи на основата на стиховите од Дела 3:19,20, ги истражувавме значајните теми како покајание, обраќање, бришење на гревовите, времиња на освежување и доаѓањето на Исус. Сега, за време на ова последно собирање, ќе навлеземе во „Царството на славата”.
Ова царство не е обично царство, ограничено со земни граници или човечко сфаќање за времето; тоа е вечна реалност, широка и импресивна како самиот универзум, закотвена во непоколебливата праведност на нашиот Господ Исус Христос. Како светилник кој пркоси на времето и бурата, ова царство е опишано во Даниел 2:44:
„И во деновите на тие царства небесниот Бог ќе подигне царство кое нема да се разруши никогаш, а тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно.”
Затоа, ве повикувам заедно да ги истражиме вечните ветувања на ова славно царство.
ЦАРСТВО НА МИЛОСТА И ЦАРСТВО НА СЛАВАТА
Светото писмо нагласува дека царството Божјо ќе се открие во две различни фази:
(1) Царство на милоста (2) Царство на славата.
Славата не може да постои без претходното манифестирање на милоста; затоа, неопходно е прво да учествуваме во царството на милоста за да влеземе во царството на славата.
Кога Исус ја започна својата служба во Галилеја, Тој го најави доаѓањето на Божјото царство со овие зборови:
„Времето се исполни и царството Божјо наближи; покајте се и верувајте во Евангелието” (Марко 1:15).
„Кога Исус патувал низ Галилеја учејќи и исцелувајќи, околу Него се собирало мноштво народ… Никогаш во светот не постоело такво нешто. Небото се спуштило на Земјата. Гладните и жедни души, кои толку долго чекале на избавувањето на Израел, сега се насладувале во благодатта на милостивиот Спасител.” – Копнежот на вековите, 232.
Царството на милоста, кое го најави Исус, го достигна својот врв на крстот на Голгота, каде Тој го зазеде нашето место и умре како наша замена за да нè искупи од осудата на гревот. Со Неговата милост човештвото добива прошка за гревовите, помирување со Бога и целосно спасение. Како што е напишано во Ефесјаните 2:8:
„Зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – туку дар Божји.”
Исус исто така поучуваше и за идното доаѓање на Божјото царство при Неговото второ доаѓање. Меѓу Неговите разновидни поуки, го подвлекуваме тоа што Матеј 25:31– 34 го вели во овој контекст:
„А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се соберат пред Него сите народи, па ќе ги оддели едни од други, како што ги одделува овците од козите; и ќе ги постави овците од Својата десна страна, а козите од левата. Тогаш Царот ќе им каже на оние што Му се од десната страна:,Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот.”
„Како што веста за првото Христово доаѓање го најавувала царството на Неговата милост, така веста за Неговото второ доаѓање го најавува царството на Неговата слава. А втората вест, исто како и првата, е заснована на пророштвата.” – Копнежот на вековите, 234.
Зборот „царство” во текстот од Матеј, кога се однесува на царството на славата, Исус го користи за да го опише тоа што ќе се случи на крајот на времето, кога Тој ќе го воспостави универзалното Божјо царство. Иако ова ќе се случи во иднина, ветувањето за Господовото доаѓање е реалност. Тој самиот вели:
„Да не се плаши срцето ваше; верувајте во Бога и во Мене верувајте. Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење. А да немаше, зарем Јас ќе ви кажев:,Одам да ви приготвам место‘? Кога ќе отидам и ќе ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам вас кај Себе за да бидете и вие каде што сум Јас” (Јован 14:1– 3).
Врз основа на овие драгоцени откровенија, христијанинот живее уверен во откупението не само во сегашноста, туку и во надеж за конечното откупување во царството на славата.
ПРОСЛАВУВАЊЕТО ГИ ОСПОСОБУВА ПОДАНИЦИТЕ ЗА ЖИВОТ ВО ЦАРСТВОТО НА СЛАВАТА
Прославувањето е божествен допир кој го преобразува човекот, ослободувајќи нѐ од последиците на гревот и правејќи нѐ бесмртни. Да го разгледаме записот од 1. Коринтјаните 15:51,52:
„Еве, тајна ви кажувам; сите нема да се упокоиме, туку сите ќе се измениме, одеднаш, за еден миг на око, на последната труба: зашто ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливо, а ние ќе се измениме.”
Постоечкото тело на Христовите верници не е подготвено за живот на небото, бидејќи е смртно, понижено и кревко. Иако верниците ја уживаат полнотата на Духот во својот живот, нивното тело сè уште го носи печатот на гревот. Затоа, кога ќе затруби последната труба, при второто Христово доаѓање, Тој ќе им подари ново тело.
Ова ново тело ќе биде непропадливо, славно и ослободено од грев, бесмртно и подготвено за вечен живот. Природното тело на христијаните ќе биде преобразено во духовно тело, способно да ја издржи Божјата слава и подготвено за вознесение. Бог чудесно ќе го преобрази секој поединец, и воскреснатите свети и верните кои не вкусиле смрт. Книгата „Големата борба“ прекрасно ја опишува оваа мисла:
„Тој ќе го преобрази нашето понижено тело и ќе го направи слично на Своето прославено тело. Смртното, распадливо тело, лишено од убавината, некогаш опогането со грев, станува совршено, убаво и бесмртно.“ – Големата борба, 645.
Сите ќе бидат направени совршени! Оваа промена ќе влијае на структурата на човечкото тело, но идентитетот на секој поединец ќе биде зачуван, овозможувајќи им на искупените да се препознаат еден со друг.
„При воскресението секој поединец ќе го задржи својот личен карактер… Последните траги на гревот ќе бидат отстранети, а Христовите верни ќе се појават во убавината на Господ, нашиот Бог; тие во умот, душата и телото ќе го одразуваат совршениот лик на својот Господ.“ – The Faith I Live By, 185.
КАРАКТЕРИСТИКИ НА ЦАРСТВОТО НА СЛАВАТА
Кога зборуваме за царството на славата, ние размислуваме за Божјиот рај, новата земја и новото небо. Меѓутоа, многу е важно да признаеме дека нашиот човечки јазик не може да ја опише славата на небото. Ниту еден лингвистички извор не може адекватно да го прикаже Божјиот рај. На 674 – та страница од оригиналот, „Големата борба“ го нагласува ова:
„Човечкиот јазик не може соодветно да ја опише наградата на праведните. Тоа ќе го разберат само оние кои ќе ја видат. Ниту еден ограничен ум не може да ја сфати славата на Божјиот рај.“
И покрај ограничувањата на човечкиот јазик, можеме да црпиме инспирација од зборовите на пророците и да ја пуштиме имагинацијата да нè води кон божествениот рај. Во визиите од Откровението, апостол Јован беше благословен со делумен увид во небесната слава на Божјото вечно царство. Тој тоа го истакнува во овие зборови од Откровение 21:1– 5, каде стои запишано:
„И видов ново небо и нова земја, зашто поранешната земја помина, и морето го немаше веќе. Тогаш јас, Јован, го видов светиот град Ерусалим, нов, како слегува од Бога, од небото, стокмен како невеста променета за својот маж. И чув висок глас од небото како зборува: ‘Ете го светиот шатор, светилиштето на Бога меѓу луѓето, и Тој ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив – нивниот Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина.’ И Седнатиот на престолот рече: ‘Ете, сè ново создавам.’ И ми рече: ’Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни.’“
На темелот на Јовановите пророчки визии, можеме да истакнеме некои карактеристики на царството на славата:
ОБНОВЕНАТА ЗЕМЈА И НОВИОТ ЈЕРУСАЛИМ
Изразот „нова земја” упатува на ново создавање. Планетата која е толку длабоко погодена од гревот ќе биде уништена, ќе ја проголта пламенот на божјите судови. Сатаната, неговите ангели и сите безбожници ќе бидат целосно уништени. Малахија 4:1 ни вели:
„Зашто, ете, доаѓа ден, вжарен како печка; тогаш сите горди и оние, кои постапуваат нечесно, ќе бидат како слама, и ќе ги изгори денот што иде, вели Господ Саваот; и така, нема да остане од нив ни корен, ниту гранчиња.”
Со уништувањето на зачетникот на гревот (сатаната) и чистењето на оваа планета, славата на Едем ќе биде повторно воспоставена. Созданијата ќе бидат во склад со својот Создател, а Новиот Ерусалим ќе биде престолнина на новата земја.
СЛАВАТА НА НОВИОТ ЕРУСАЛИМ
Описот на Новиот Ерусалим нè восхитува со својата убавина и величественост. Тој ќе блеска со Божјата слава, сјаејќи како драгоцен камен јаспис, со сјај на кристал. (Види Откровение 21:10,11).
БОЖЈАТА СВЕТИЊА МЕЃУ ЛУЃЕТО
Господ ќе биде присутен меѓу Својот народ. Бог сака да живее со оние што ги искупил, кои сега се Негови вечни деца. Тие ќе уживаат засекогаш во Неговото драгоцено присуство и во Неговата светлина. Христос, кој ги искупил, ќе стои покрај нив. Спасените ќе ја имаат привилегијата да го слават Бога лице в лице низ целата вечност. Божјото светилиште ќе биде меѓу нив, воспоставувајќи близок однос полн со љубов помеѓу Јехова и искупените.
„Божјиот народ ја има таа привилегија да биде во непосредна заедница со Отецот и со Синот. ‘Сега гледам како низ огледало, нејасно’ (1. Коринтјаните 13:12). Ние сега го гледаме Божјиот лик како во некое огледало: во делата на природата и во Неговите постапки со луѓето; но тогаш ќе Го гледаме лице в лице, без темен превез меѓу нас. Ќе стоиме во Негово присуство и ќе ја гледаме славата на Неговото лице“ – Големата борба, 676.
НЕМА ПОВЕЌЕ СТРАДАЊА НИТУ СОЛЗИ
Јован, пророкот од Патмос, ја опишал состојбата на вечната радост и среќата во Божјиот рај:
„И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:4).
На новата земја, царството на славата ќе биде вечниот дом на искупените, каде што нема да има повеќе солзи, зашто сè што предизвикува тага и жалост ќе биде минато.
„Ќе се вратат избавените од Господ, ќе дојдат на Сион со радосни извици; и вечна радост ќе биде над нивната глава; тие ќе најдат радост и веселба, а жалоста и воздишката ќе си заминат“ (Исаија 35:10).
НЕМА ПОВЕЌЕ БОЛЕСТИ
На оваа нова земја нема да има повеќе болести. Нема да има потреба од болници, лекари и лекување. Сите последици на гревот ќе бидат отстранети, и никој нема да каже „болен сум.”
„И ниеден од жителите нема да каже: „Болен сум”; а на народот што живее таму, ќе му бидат простени гревовите“ (Исаија 33:24).
„Тогаш ќе им се отворат очите на слепите, ушите на глувите ќе се одзатнат; 6 тогаш куциот ќе скока како елен, и јазикот на немиот ќе пее; зашто води ќе бликнат во пустината, и потоци – во степите.“ (Исаија 35:5,6).
НЕМА ПОВЕЌЕ СМРТ НИТУ ПОГРЕБНИ ПОВОРКИ
Во овој земен живот, смртта ги завршува многуте среќни приказни. На новата земја нема да има смрт, погребни поворки ниту гробови.
„Смртта ќе биде проголтана засекогаш, ќе ги избрише Господ Бог солзите од сите лица, и ќе го симне срамот од Својот народ во целата земја, зашто така вели Господ“ (Исаија 25:8).
А оние што ја искусиле смртта и се воскреснати ќе извикнат:
„Победата ја проголта смртта“ (1. Коринтјаните 15:54).
РАСТЕЊЕ ВО ЦАРСТВОТО НА СЛАВАТА
На новата земја, искупените ќе ги истражуваат чудата на Божјата љубов и ќе продолжат неуморно да проучуваат за да ја разберат уште попотполно Божјата создавачка сила.
„Сите богатства на универзумот ќе им бидат достапни за проучување на откупените. Ослободени од смртта, тие ќе се вивнат со неуморен лет во далечните светови – светови кои, гледајќи ги човечките јадови, биле обземени од болка, а со песна ја прославувале радосната вест за некоја спасена душа. Со задоволство кое не се опишува, земните деца ќе се запознаат со радостите и со знаењето на оние суштества кои никогаш не паднале. Тие ќе земат учество во богатството на науката и знаењето што го стекнале овие суштества во текот на вековите проучувајќи ги Божјите дела. Слободно ќе ја набљудуваат славата на создавањето – Сонцето, ѕвездите и нивните системи, како сите по одреден ред кружат околу Божјиот престол. На сите созданија, од најмало до најголемо, е напишано името на Творецот и кај сите се гледа богатството на Неговата моќ.
Како што годините на вечноста ќе поминуваат, ќе носат сè побогати и почудесни откритија за Бога и Христа. Со зголемувањето на знаењето ќе расте и нивната љубов, стравопочит и среќа. Колку повеќе луѓето ќе знаат за Бога, толку ќе биде поголемо нивното восхитување на Неговиот карактер. И додека Христос пред нив ќе ги отвора ризниците на новите сознанија, за делото на откупувањето и неверојатните достигнувања од големата борба со сатаната, така ќе се зголемува храброста и посветеноста на нивните срца. Со восхит и радост ќе ги земаат своите златни харфи и десет илјади по десет илјади и илјада илјади гласови ќе се слеат во силен хор на благодарност.” – Големата борба, 677,678.
Растежот во царството на славата никогаш нема да биде загрозен од враќање на гревот; таму нема да има искушувачи нити било каква опасност од зло. Исто така, ниту дрвото на познавањето на доброто и злото нема да биде причина за искушување. Вселената сведочела на бунтот на сатаната и ги видела неговите последици. Утврдена е божествената правда, и целокупното Божјо создавање ќе извика:
„Праведни и вистинити се Твоите патишта, Царе на народите“ (Откровение 15:3).
Навистина, ќе остане само спомен за борбата меѓу доброто и злото. Иако заврши земното страдање, болка и искушение, Божјиот народ секогаш ќе има јасно разбирање за цената платена за нивното спасение. Христос ќе ги носи знаците на искупувањето на своето тело. Преку бескрајните векови на вечноста, овие знаци ќе сведочат за Божјата неискажлива љубов и за Исусовата несекојдневна жртва на искупување.
„Сознанието дека Оној кој ги создал сите светови и кој е Судија на сите луѓе, ја напуштил Својата слава и се понизил од љубов кон човекот, секогаш ќе предизвикува чудење и восхит во вселената. Кога спасените ќе го видат својот Избавител и кога ќе ја забележат на Неговото лице вечната слава на Отецот; кога ќе го видат Неговиот престол кој е поставен од вечноста и кога ќе помислат дека Неговото царство нема да има крај, тие воодушевено ќе ја запеат песната: ‘Достојно, достојно е Јагнето што е заклано и нè помири со Бога со Својата драгоцена крв!’” – Големата борба, 651.
ЗАКЛУЧОК
По разгледувањето на царството на славата и неговите неспоредливи чуда, се поставуваат сериозни прашања: Кој ќе има привилегија да ужива во убавините на небото? Кој тоа ќе го наследи?
Во светлината на божествените откровенија, ги наоѓаме одговорите: Тие што го прифаќаат царството на милоста и живеат во него, ќе станат поданици на царството на славата. Тоа се оние кои ги победиле непријателствата на светот, телото и нечестивиот.
„Кој победува, ќе наследи сè, и ќе му бидам Бог, а тој ќе Ми биде син“ (Откровение 21:7).
Тие беа во лична заедница со Исус Христос, Спасителот и Господ на нивниот живот. Тие беа преобразени со Неговата милост во времето на спасението.
Драги браќа и пријатели, ние живееме во последните мигови од историјата на овој свет. Наскоро, многу наскоро, ќе сведочиме за доаѓањето на царството на славата и ќе имаме привилегија да уживаме во неговите вечни убавини.
„Ние мораме на најдобар начин да ги искористиме можностите што сега ни се нудат. Нема да ни биде дадено некое ново време на милост за да се подготвиме за Небото. Ова е нашата единствена и последна можност да изградиме карактер достоен за идниот дом што Господ ќе им го понуди на сите кои ги слушаат Неговите заповеди.“ – Настани на последното време, 236.
Мојата искрена желба е да стоиме заедно како победници. Не можеме да ризикуваме да го изгубиме своето спасение. Нека Бог ни помогне и нека нѐ благослови за да бидеме и вие и јас учесници во царството на славата во небесниот рај. Амин!

