4. СОГЛЕДУВАЊЕ НА БОЖЈИТЕ МЕТОДИ
Среда, 4 ноември 2026
а. Опишете го искуството што е претставено со крштевањето. Лука 3:16; Колосјаните 2:11-13.
„Крштавањето е најсвечено одрекување од светот. Оние кои се крстени во тројното име на Таткото, Синот и Светиот Дух јавно изјавуваат на самото влегување во својот христијански живот дека се откажале од службата на сатаната и дека станале членови на царското семејство, деца на небесниот Цар. Тие се покориле на заповедта: ’Излезете од нивната средина и одделете се… и не допирајте се до нечисто’. На нив се исполнило ветувањето: ’Јас ќе ве примам и ќе ви бидам Татко, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки, вели Господ Седржителот’ (2. Коринтјаните 6:17,18).“
Извор: 6. Сведоштво, 91.
„Господ го подготвува Својот народ за небото. Карактерните недостатоци, упорноста во наметнувањето на својата волја, себичноста која претставува вистинско идолопоклонство, пронаоѓањето на туѓи грешки, омразата и кавгата кои го предизвикуваат Божјиот гнев, мораат да се искоренат од народот кој ги држи Неговите заповеди… Бог ќе им упатува на припадниците на Својот народ зборови на укор и опомена сè додека живеат на овој свет.“
Извор: 4. Сведоштво, 180.
б. Што треба да разбереме за уредбите што биле приковани на крстот? Колосјаните 2:14,15.
„Кога Светилиштето било завршено, Бог со Мојсеја разговарал од облакот над престолот на милоста и му давал одредени упатства во врска со принесувањето на жртвите и церемониите што требало да се извршуваат за време на богослужението. Така на Мојсеја му бил даден церемонијален закон кој го запишал во книга. Но десетте заповеди, објавени на Синај, ги напишал лично Бог на камени плочи кои неповредливо се чувани во ковчегот на заветот. Има многу луѓе кои се обидуваат да ги мешаат тие два система. Тие наведуваат стихови што зборуваат за церемонијалниот закон за да докажат дека моралниот закон е укинат. Но тоа е погрешно толкување на Светото писмо. Разликата меѓу овие два система е голема и јасна. Церемонијалниот систем се состоел од симболи кои укажувале на Христос, на неговата жртва и на неговата служба како свештеник. Тој ритуален закон со своите жртви и прописи, Евреите требало да го применуваат сè додека симболите не се исполниле во смртта на Исус Христос – Божјото јагне – кое ’ги зема гревовите на светот’. Тоа е оној закон што го зел Христос ’од средината и го прикова на крстот’ (Колосјаните 2:14). Но, во врска со законот од десет заповеди псалмистот кажува: ’Твоето слово засекогаш е утврдено на небото’ (Псалм 119:89).“
Извор: Патријарси и пророци, 364, 365.
