5. ТАЈНАТА ШТО ДЕЛУВА
Четврток, 29 октомври 2026
а. На кој единствен начин христијаните можат да бидат жив пример на Евангелието што треба да го споделуваме? Колосјаните 1:27-29.
„Благодарение единствено на Христовата сила, мажите и жените ги искинале синџирите на грешните навики и се откажале од себичноста и од своето „јас”. Непосветениот станал побожен, пијаницата трезвен, разузданиот чист. Душите што на себе носеле жиг на сатаната, се преобразиле и се здобиле со Божји лик. Таа промена сама по себе претставува чудо над чудата. Оваа промена, предизвикана со Божјата реч, е една од најдлабоките тајни на Речта. Ние тоа не можеме да го сфатиме; можеме само да веруваме; тоа е она што Светото писмо го нарекува ’Христос во вас, надежта на славата.’“
Извор: Делата на апостолите, 476.
„Потребни се посветени, самопожртвувани луѓе кои нема да се повлекуваат пред неволјите и одговорностите; луѓе кои се храбри и искрени, во чиешто срце Христос навистина е „надеж на славата”, и кои ќе ја „проповедаат речта” со уста допрена од свет оган. Затоа што нема такви работници, Божјото дело заостанува, а судбоносни заблуди, слично на смртоносен отров, го поткопуваат моралот и ги уништуваат надежите на голем дел од човечкото семејство.“
Извор: Делата на апостолите, 507.
„Ако Христос е во вас ’надеж на славата’, вие нема да имате склоност да демнете над другите за да ги обелодените нивните погрешки. Наместо желбата да осудувате и обвинувате, ваша цел ќе биде да помогнете, да благословувате и спасувате. Во постапките со оние кои грешат ќе внимавате на налогот: Пазете ’и вие да не бидете искушани’ (Галатјаните 6:1). Сетете се колку пати и вие сте заталкале и колку било тешко да се најде вистинскиот пат кога веќе еднаш сте го напуштиле. Нема да го туркате својот брат во уште поголема темнина, туку со срце полно со сожалување ќе му зборувате за опасностите кои му се закануваат. Кој често го насочува својот поглед кон крстот на Голгота, имајќи на ум дека неговите гревови го одвеле таму Спасителот, никогаш нема да се обидува да го преценува степенот на својата вина во споредба со вината на другите. Тој нема да се качува на судскиот стол обвинувајќи ги другите. Кај оние што одат во сенката на крстот на Голгота, нема да има критичарски дух или самовозвишување.“
Извор: Мисли од Гората на блаженствата, 128.
