4. РАЗМИСЛУВАЊЕТО ПОМАГА ВО ПРОМЕНАТА
Среда, 19 август 2026
а. Каков ќе биде резултатот ако нашите мисли се задржуваат на Исус наместо на самите себе?
„Гледајќи постојано на Исуса со окото на верата ние стануваме посилни. Бог ќе му даде најдрагоцени откровенија на Својот гладен и жеден народ. Таквиот ќе увиди дека Христос е личен Спасител. Кога се хранат со Неговата Реч, луѓето увидуваат дека таа е дух и живот. Речта ја уништува вродената земна природа и дава нов живот во Исуса Христа. Светиот Дух Доаѓа како Утешител на душата. Со помош на Неговата благодат што преобразува, во ученикот се репродуцира Божјиот лик и тој станува ново создание. Љубовта Доаѓа на местото на омразата, а срцето станува слично на Бога.“
Извор: Копнежот на вековите, стр. 391.
„Кога сме преокупирани со себе, нашиот ум се одвраќа од Христос, Изворот на силата и животот. Затоа сатаната постојано се труди да го одвлече нашето внимание од Спасителот, за да ја спречи врската на душата со Христос и нејзиното единство со Него. Задоволствата на светот, животните грижи, несигурноста, жалостите, маните на другите, како и нашите сопствени мани и недостатоци — сето тоа се работи кон кои тој сака да ги насочи нашите мисли. Тој ќе се обиде да нè задржи на една од нив, или на сите заедно. Затоа не дозволувајте да ве измамат неговите лукавства. Мнозина што се искрени, будни и сакаат да живеат за Бога, сатаната често ги наведува да се занимаваат со своите мани и слабости. Така, одвојувајќи ги од Христос, се надева дека ќе извојува победа над нив. Не смееме самите себеси да станеме центар на нашите мисли, па постојано да се грижиме и да се плашиме дали ќе бидеме спасени. Сето тоа нè оддалечува од Изворот на нашата сила. Препуштете Му ја на Бога грижата за себе и имајте доверба во Него. Разговарајте за Исус и мислете на Исус. Нека вашето ’јас’ се изгуби во Него.“
Извор: Патот кон Христа, стр. 71.
б. Што можеме да научиме од промената што се случила кај учениците откако биле со Христа во секојдневната мисионска работа?
„Гледајќи го секогаш Него ’ние се преобразуваме во истиот лик од слава во слава, како што го прави тоа Господовиот Дух’ (2 Коринтјаните 3:18). Токму на тој начин првите ученици му станале слични на својот сакан Спасител. Кога тие ученици ги чуле Исусовите зборови, почувствувале потреба за Него. Тие Го барале, Го нашле и Го следеле. Биле со Него дома, крај трпеза, в клет, в поле. Биле со Него како ученици со Учителот, секој ден примајќи од Неговите усни поуки за светата вистина. Гледале во Него како слуги во својот господар, да ја дознаат својата должност. Тие ученици биле луѓе ’подложни на слабости како и ние’ (Јаков 5:17). И тие морале да водат иста борба со гревот. Им била неопходна истата благодат за да живеат свет живот.“
Извор: Патот кон Христа, стр. 72, 73.
