Посветен живот
Даниел во лавовската јама
Кога Дариј го зазел престолот на Вавилон, тој веднаш презел мерки да ја реорганизира власта. „Поставил над царството сто и дваесет управители… а над нив тројца кнезови, од кои првиот беше Даниел“ (Даниел 6:1,2). А „Даниел ги надминуваше другите кнезови и управители, бидејќи во него имаше сјаен и извонреден дух; и царот науми да го постави над сето свое царство“ (стих 3). Почестите укажани на Даниел предизвикале завист кај водечките луѓе во царството, па кнезовите и управителите се стремеле да пронајдат згодна прилика за обвинение против него. „Но никако не можеа да најдат повод, ниту пак грешка, бидејќи тој беше верен и немаше никаква погрешка ниту пак вина во него” (стих 4). {ПЖ 42.1}
Каква поука се изнесува тука за сите христијани! Острите очи на зависта биле вперени во него од ден на ден; нивната будност била изострена од омразата; но сепак ниту еден збор ниту постапка во неговиот живот не оддавале ни трошка зло — напротив, тој живеел живот на потполна верност и посветување. {ПЖ 42.2}
Колку побеспрекорно живеел Даниел, толку повеќе растела омразата на овие луѓе кон него. Тие биле исполнети со бес затоа што не можеле да пронајдат ништо во неговиот морален карактер за што би можеле да го обвинат. „Но тие луѓе рекоа: ‘Нема да најдеме причина против Даниел, ако не најдеме против него нешто во Законот на неговиот Бог’“ (стих 5). Даниел трипати на ден Му се молел на небесниот Бог — тоа било единственото обвинение што можеле да го изнесат против него. {ПЖ 43.1}
Тогаш бил смислен лукав план како да го упропастат. Неговите непријатели се собрале во дворецот, молејќи го царот да издаде наредба, односно декрет, со кој ниту една личност во целото царство да не смее да се моли на ниту еден Бог или човек, освен на царот Дариј, во рок од триесет дена, и дека секое прекршување на овој декрет треба да се казни со фрлање на престапникот во лавовска јама. Царот немал поим за омразата на овие луѓе кон Даниел и не се сомневал дека оваа заповед на кој било начин ќе влијае врз него. Со својата снисходливост тие го навеле царот да поверува дека тоа ќе му служи на чест, па тој го потпишал декретот. Со сатанска насмевка на лицето, тие заминале од кај царот, радувајќи се на стапицата што ја поставиле пред Божјиот слуга. {ПЖ 43.2}
Пример на смелост и верност
Царскиот декрет бил објавен. Даниел бил запознаен со намерата на неговите непријатели да го уништат. Меѓутоа, тој не го изменил ни најмалку своето однесување. Смирено ги извршувал своите вообичаени државни должности, а во определениот час одел во своето скришно место за молитва, чии прозорци биле отворени и свртени кон Ерусалим, каде што ги принесувал своите молитви кон небесниот Бог. Со својот начин на постапување тој без страв покажувал дека никаква земска сила нема право да се поставува меѓу него и неговиот Бог, кажувајќи му на кого треба или на кого не треба да се моли. Каков благороден човек со принципи! Тој и денес стои како пример достоен за пофалба на христијанско херојство и верност. Тој Му се обратил на Бога со целото свое срце, иако знаел дека казната за неговата верност ќе биде смрт. {ПЖ 43.3}
Неговите противници цел ден го набљудувале. Трипати Даниел заминувал во својата соба за молитва и трипати се слушал неговиот глас. Следното утро било поднесено обвинение кај царот дека Даниел — еден од робовите на Јуда — ја престапува царската заповед. Кога монархот ги слушнал тие зборови, неговите очи веднаш се отвориле да ја увиди стапицата што била поставена за Даниел. Царот бил ожалостен и незадоволен од самиот себе, затоа што го издал тој декрет, и се трудел сѐ до заоѓањето на сонцето да смисли план со кој би можел да го ослободи Даниел. Меѓутоа, непријателите на пророкот побрзале и излегле пред царот со следните зборови: „Царе, знај дека според законот на Мидјаните и Персијците ниедно решение или заповед, потврдено од царот, не може да се измени!” {Даниел 6:15). {ПЖ 44.1}
„Тогаш царот заповеда, и го доведоа Даниел, па го фрлија во лавовска јама; тогаш царот му рече на Даниел: „Твојот Бог, Кому без престан Му служиш, Он нека те избави!” (стих 16). Па донесоа камен, го ставија врз отворот на јамата, и царот го запечати со својот прстен и со прстените на своите великодостојници, за да не се измени нешто во врска со Даниел. „Потоа царот си отиде во својот двор, и ја помина ноќта без храна не дозволувајќи да му донесат храна, и не можеше да заспие” (стих 18). {ПЖ 44.2}
„Мојот Бог го испрати Својот ангел”
Рано изутрината монархот побрзал до лавовската јама, довикувајќи: „Даниел, слуго на живиот Бог! Твојот Бог, Кому без престан Му служиш, можеше ли да те избави од лавовите?“ (стих 20). Гласот на пророкот се слушнал со одговорот: „Царе, жив да си довека! Мојот Бог го испрати Својот ангел и им ја затвори устата на лавовите, така што тие не ме повредија, оти јас се најдов чист пред Него, па и пред тебе, царе, не сум извршил никакво зло“ (стих 22). {ПЖ 45.1}
Тогаш царот многу се зарадувал за Даниел и заповедал да го извадат од јамата; го извадија Даниел од јамата, и никаква повреда не се забележувала на него, оти тој верувал во својот Бог (стих 23). Така слугата Господов бил избавен. А стапицата што непријателите на Даниел ја поставиле за негово уништување послужила за нивна сопствена пропаст: по царска заповед тие биле фрлени во јамата и веднаш биле проголтани од дивите ѕверови. {ПЖ 45.2}
